6. Август (24. Јули)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ХРИСТИНА

Еден благороден маж на име Урбан, царски намесник во градот Тир, имаше ќерка која уште како мало девојче Го запозна Бога, Творецот свој, и душата своја ја положи за Него, јуначки претрпувајќи многу страшни маки. Родителите ѝ го дадоа името Христина, по Божја промисла, кое како по некое пророштво претскажуваше дека таа ќе биде христијанка, Христова слугинка, невеста и маченица.

Кога имаше единаесет години таа меѓу девојчињата отскокнуваше со својата исклучителна убавина, па нејзиниот татко, сакајќи да ја сокрие од светот, одреди таа да живее на највисокиот кат од една висока кула. И ги даде најдобрите робинки, намести во нејзините одаи сребрени и златни идоли и ѝ нареди секојдневно да им принесува жртви. Многумина пак од благородните и богати луѓе сакаа да ја земат за невеста на своите синови. И кога го молеа нејзиниот татко за неа, тој им одговараше:

- За никого нема да ја омажам својата ќерка, туку ќе ја посветам на моите богови, зашто тие многу ја засакаа. Заради нив нека остане девствена и нека им служи.

Растејќи со годините и разумот, Христина започна да ја спознава вистината, зашто Бог со Својата благодат ѝ го просветуваше умот. Гледајќи ги низ прозорецот сонцето и сите убавини на овој свет, а ноќе пак чудесното јато блескави звезди, таа преку тварите дојде до познание на Творецот, се увери дека идолите се бесчувствени и не сакаше да им принесува жртви и да им се клања. Гледајќи на исток во небото, таа воздивнуваше и плачеше, велејќи си во себе:

- До кога човечките срца ќе останат со помрачен ум и нема да погледнат кон Господа Бога, Кој ги створил небото и земјата и ги украсил со таква впечатлива убавина?

Расудувајќи така во себе, Христина започна да Му се поклонува на вистинскиот Бог, Кој живее на небото и со солзи Му се молеше да ѝ се открие. По доста поминати денови во молитви и пост, таа се удостои на посета на милоста Божја. И се јави Ангел Господов, ја осени со крсниот знак, ја нарече невеста Христова, ја упати во Богопознание и ја извести дека за единствениот во Троица Бог ќе биде мачена од тројца мачители. Потоа ја поткрепи на подвигот, и ѝ даде чист леб оти беше гладна од постот. По ова јавување на Ангелот, девицата се радуваше во Бога, благодарејќи Му што ја посети испраќајќи ѝ свет Ангел. Таа започна уште потопло да Му се моли и да се насладува на љубовта Негова. Од ревност за Бога, таа започна да ги крши златните и сребрени идоли и ги исфрли низ прозорецот на улицата, а утредента минувачите ги собраа парчињата злато и сребро.

Еден ден игемонот Урбан реши да ја посети и да им се поклони на своите богови. Штом не ги забележа идолите, тој ја праша Христина:

- Каде се боговите?

А таа молчеше. Тогаш ги распрашуваше робинките и тие му кажаа што стори Христина со нив. Многу разгневен, тој започна да ја удира по образите, прашувајќи:

- Каде си ги однела боговите?

Таа не сакаше да му одговори. По долго молчење ја отвори својата света уста и Го исповедаше единствениот вистински Бог и Творец на сè, а таканарачените богови, златни и сребрени, ги нарече бесови и бесчувствени идоли. Притоа раскажа како со свои раце ги разбила.

Урбан побесне, ги обезглави сите робинки а ќерка си започна да ја мачи со разни маки. Најпрвин беспоштедно ја тепаа со стапови, па потоа окована ја фрли во темница. Штом дозна нејзината мајка, веднаш дотрча плачејќи и ридајќи, па ја советуваше да се одрече од Христа. Маченицата Христова не само што не сакаше да ја слуша, туку и самата се одрече од неа, говорејќи:

- Немој да ме нарекуваш своја ќерка! Зарем не знаеш дека јас го имам Христовото име, со кое не се удостои никој во нашиот род? Според името и делата јас веќе сум од Христовиот род, зашто се ородив со небесниот Цар - Христос. Негова сум слугинка и ќерка, и Тој ми е и татко и мајка и Господ.

Мајката на тоа долго плачеше и си замина многу нажалена. Утредента Урбан, поттикнат од демонот, заборави на природната убов спрема ќерка си, и седна на судиштето со желба да ја мачи како туѓинка и голема злосторничка. Кога ја водеа од темницата кон судиштето, многу жени додека ја гледаа си зборуваа:

- Боже на слугинката Твоја Христина, помогни ѝ, зашто прибегна кај Тебе.

Кога излезе пред татка си како пред мачител и крвожеден ввер, тој почна умилно да и зборува:

-Те сожалувам, чедо мое, и те молам, пристапи им на нашите големи богови и заедно со мене принеси им жртва за да се смилуваат на тебе и да ти го простат гревот кон нив. Ако одбиеш повеќе нема да се нарекуваш моја ќерка, и нема да се смилувам на тебе.

Светителката одговори:

- Многу ќе ме израдуваш ако престанеш да ме нарекуваш своја ќерка, зашто си слуга на сатаната, а јас сум слугинка Христова. Повеќе не сум твоја ќерка, бидејќи мојот Творец ми е татко.

Многу разјарен, Урбан нареди гола да ја обесат на мачилиштето и со остри шилци да и го стругаат девственото тело. Толку ја мачеа што и се гледаа голите коски. Кога ја одврзаа, таа здогледа по земјата парчиња од своето тело, ги собра, му ги фрли на татка си в лице и му рече:

- Јади го месото на својата ќерка!

Тоа уште повеќе го разјари Урбан, па тој ја растегна на железно тркало и нареди под неа да се запали оган и со врело масло да се полива нејзиното тело. Така телото на света Христина, вртено со тркало на огнот, се печеше како риба или месо на ражен. Беше невозможно за човечко суштество, особено за женско, да остане живо во таквите маки, но Бог ја одржуваше во живот својата слугинка и ја крепеше за прославување на светото име Свое а на посрамување на незнабошците. Така мачена, света Христина Го славеше Бога и Му се молеше, а свети Ангели невидливо стоеја покрај неа и ѝ ги олеснуваа страдањата. Потоа, по Божја наредба, се крена огромен пламен од огнот, полета кон присутните незнабошци и изгоре околу илјада од нив.

Не знаејќи што да прави со маченицата, Урбан нареди да ја фрлат во темница, каде што и се јави Ангел Господов, и ги исцели раните, ѝ даде храна, та таа се поткрепи и Го славеше Бога. Потоа таткото нареди да ја фрлат во морето. Слугите ја зедоа слугинката Христова, ја ставија во еден чамец, ја однесоа далеку од брегот, и врзаа огромен камен за вратот и ја фрлија во морската длабочина. Но, Ангел Божји ја прими, ѝ го одврза каменот и држана од него, одеше по водата како по суво. Така морето и стана купел на светото крштение, кое толку многу го посакуваше. Ја осени светол облак и ѝ дојде глас одозгора, кој над неа го изговараше името на Пресвета Троица, како што тоа го бара чинот на светото крштение. И света Христина го виде Господа, Кој ѝ се јави и изговори зборови кои со радост ја исполнија. Штом дојде на копното, светата маченица отиде кај својот родител и го преплаши, зашто тој се чудеше и ужасуваше кога ја виде жива. Но и во таквото чудо тој не ја виде Божјата сила, туку тоа го сметаше за маѓепсничко дело. И нареди повторно да ја фрлаат во темница, со намера наредниот ден да ја посече со меч. Меѓутоа таа ноќ самиот неочекувано беше посечен со косата на смртта и загина за навек, 4 светителката во темницата Го славеше и Му благодареше на Бога. По неочекуваната смрт на Урбан, на негово место царот испрати друг игемон на име Дион, кој беше известен за света Христина. Тој ја изведе на суд и најпрвин се обидуваше со ласкање да ја намами, но кога виде дека е непоколеблива во Светата Вера ја подложи на многу маки, тепајќи ја, стругајќи ја со железни нокти и печејќи ја на оган. Тој нареди да се вжешти огромна тава, па да ја стават маченицата во неа, да ја полеваат со врело масло и смола и да ја присилуваат да се поклони на Аполоновиот идол, кој се наоѓал во близина. Меѓутоа маченицата остана цврста како дијамант во исповедањето на пресветото име Христово. Аполоновиот идол таа со молитвата го разби. А кога тој се претвори во прав, игемонот Дион падна на земјата и издивна, зашто бесот кој живееше во идолот ја дофати душата на својот ревносен служител и ја однесе во пеколот, да живее таму со него. Светата маченица повторно ги прими оковите и темницата.

Нејзиното страдање не беше бесплодно, зашто многу народ, гледајќи ги таквите чудеса Го славеше единствениот Бог Исус Христос и поверуваа во Него до три илјади души. Тие доаѓаа кај светителката и таа ги поучуваше додека во градот Тир не дојде друг игемон на име Јулијан. Тој исто така ја изведе на суд и ја подложи на разни маки. Најпрвин три дена вжештуваше огромна печка, па ја затвори во неа. Остана внатре светата девица пет дена недопрена од огнот, како некогаш Вавилонските Момчиња, и како да седи во палата, таа пееше и Го славеше Бога. Ангели Господови беа со неа, ѝ помагаа и пееја со неа, така што војниците ги слушаа нивните гласови. Кога по пет дена ја најдоа светителката жива и здрава, недопрена од огнот, христијанскиот Бог се величаше а незнабожечкото незнабожие се посрамуваше. Игемонот, пак, заслепен од демонот, не ја препозна во тоа Божјата сила, туку таквото чудо го нарекуваше маѓепсништво.

Сакајќи по секоја цена да ја победи непобедливата, игемонот повика маѓепсници и врачари, кои умееле да опседнуваат најразлични лазачи, и им нареди со своите маѓии да соберат многу змии, гуи и скорпии, и да ги пуштат кај маченицата, за да ја усмртат со својот отров. Но ниту еден од лазачите не ја повреди светителката, туку сите се нафрлија врз старешината на маѓепсниците, кој ги дразнеше со своето баење и со Божја наредба го усмртија. Светителката им се обрати на лазачите:

- Со името на Исус Христос ви наредувам да си одите без да повредите некого. Тие отползија на разни страни, а таа се сожали на умрениот маѓепсник, се помоли на Господа, го воскресна и тој стана христијанин. И не само тој, туку и многу други, гледајќи ги таквите славни чудеса, поверуваа во Господа. Бесен од тоа, игемонот нареди да и ги отсечат девствените гради. Од раната потече млеко наместо крв. Потоа и го отсекоа јазикот, со кој што Го славеше Христа Бога. Меѓутоа маченицата и понатаму зборуваше јасно. Таа го зеде својот отсечен јазик, му го фрли в лице на игемонот и му рече:

- Јади ги моите делови, безбожнику!

Игемонот ослепе од ударот на јазикот, а светителката уште повеќе Го благословуваше Бога и ги навредуваше идолите. Разбеснет и од своето ослепување, тој нареди да ја предадат на смрт. Избодена со остри копја од страна на војниците, беспрекорната девица и голема маченица Христова ја предаде својата чесна и света душа во рацете на својот Господ. Во света Христина Господ покажа таква сила, што три мачители не можеа да совладаат една девица. Еден нејзин роднина, кој беше поверувал во Господ Христос, го зеде нејзиното многустрадално тело и чесно го погреба.

Сето ова се случи за време на царувањето на незнабожниот Север, додека меѓу нас постојано владее нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПОЛИКАРП,

архимандритот Печерски

Блажениот и славен Поликарп, според името многуплоден, беше многуплоден и во доблестите, раѓајќи многу род, зашто Небесниот Делател рекол: „Ако пченичното зрно што паднало на земјата не умре, тогаш останува само, а ако умре ќе донесе голем плод“ (Јован 12, 24). „Кој е во Мене и Јас сум во него, тој ќе роди многу плод“ (Јован 15, 15). Овој блажен, сметајќи ги минливата слава и обличјето на овој свет за прашина, го прими светиот ангелски монашки лик во манастирот прославен со пештери. На сите можни начини со испосничките подвизи го умртвуваше своето тело, како зрно во изорана земја, и со духот постојано живееше во Бога. На тој начин тој роди многу плодови достојни за покајание, и ги покажа на себе сите плодови на Духот: нелицемерната њубов спрема Бога и браќата, радоста на беспрекорната совест, мирот после победата над сите страсти, долготрпеливоста во напастите и неволјите, благоста во покорноста спрема сите, жалостивата милосрдност спрема неволните, несомнената вера во извршувањето на заповедите, вистината во исполнувањето на заветите, кротоста во непознавањето на гревот, воздржувањето во јадењето и пиењето и сите телесни желби (сп. Галат. 5, 22-23).

Сите овие плодови Бог ги одгаи во блажениот Поликарп, а ги посади свети Симон, епископот владимирски и суздалски, кој на Поликарп му беше роднина по тело. Имајќи го покрај себе како добар корен, тој се трудеше и фиданката негова да биде добра. Затоа, кога Симон беше земен од светиот Печерски манастир на престолот на Владимирската и Суздалска епископија, го поведе со себе и блажениот Поликарп и го поттикнуваше на доблесниот живот со душекорисни поуки што самиот ги читал и слушал од очевидците, за поранешните свети печерски црнорисци, како тие жестоко се труделе и толку Му угодиле на Бога, што дури и овде заблескаа со чудотворната нераспадливост на своите мошти, како знак дека на небото примиле нераспадлив венец. А блажениот Поликарп донесе стократен плод. Не само што самиот беше многуплоден во доблестите, туку сакаше и кај сите православни да ја вкорени таа иста плодност. Поради тоа се што слушна од блажениот епископ Симон за богоугодните подвизи на преподобните отци Печерски, тој го запиша за корист на другите кои се спасуваа. Живеејќи така покрај овој блажен ецископ, тој изложи прекрасни житија на многу светии во своето послание до блажениот Акиндин, архимандритот Печерски. Но блажениот Поликарп, иако потоа се раздели од својот наставник и се врати во својот Печерски манастир, сепак по своите доблести не беше далеку од него.

Добро вкоренувајќи ги во своето срце неговите поуки, тој усрдно се трудеше да ги чува и гаи. И свети Симеон од своја страна не престана да го поучува преку своите посланија полни со боговдахновени поуки и описи на доблесниот живот на многуте печерски светители.

Блажениот Поликарп сите зборови ги запишуваше во своето срце, и читајќи ги со умот ги исполнуваше на дело. Подвизувајќи се така строго, тој стигна до висок степен на доблестите, Кога блажениот Печерски архимандрит Акиндин беше во длабока старост и по многугодишните трудови се пресели кај Господа на вечен покој, тогаш сите браќа еднодушно го избраа блажениот Поликарп за предводник и наставник, како достоен и способен да управува со големата света лавра на Пресвета Богородица и нашите преподобни отци Антониј и Теодосиј Печерски. Тоа беше за време на големиот Киевски кнез Ростислав Мстиславич, а при митрополитот Јован, четвртиот митрополит со тоа име. Штом ја прими управата над светата голема Печерска лавра, блажениот Поликарп усрдно се трудеше да се почитуваат манастирските правила, предадени од преподобниот Теодосиј, не додавајќи им ништо туѓо. Се истакна како искусен раководител, каков што и бараше оваа чудотворна лавра и се гордееше со него. Насекаде се ширеше славата за прекрасниот поредок во неа под неговата управа. Многумина од благородните и моќни кнезови се ползуваа од неговите поуки и воодушевени од доблесниот живот, ги оставаа своите славни престоли од желба да живеат заедно со него, за што очигледен пример е незаборавниот киевски кнез Ростислав Мстиславич. Овој христољубец, според примерот на блажениот Поликарп, си воведе ваков обичај: за време на Великиот Пост секоја сабота и недела повикуваше кај себе на ручек дванаесет печерски монаси, а како тринаесетти блажениот архимандрит Поликарп, и откако ќе ги нахранеше ги испраќаше со полни раце. Самиот, пак, се причестуваше секоја недела со Божествените Тајни, лиејќи солзи со многу воздишки, така што, кој и да го видел во таквото умиление, не можел да ги задржи солзите. А на Лазарева Сабота ги повикуваше сите печерски блажени старци, кои заблескале со постот, срдечно ги гостеше сите, ги даруваше, и со чест ги испраќаше. Исто така тој ги повикуваше и гостеше и браќата од другите манастири, но особено печерските браќа, зашто многу го сакаше доблесниот живот на сите нив, првенствено на нивниот наставник Поликарп, кој на сите можни начини се угледуваше на првите печерски наставници Антониј и Теодосиј. Затоа кнезот често му зборуваше на блажениот Поликарп да го прими за монах во својот манастир, на што тој му одговараше:

- Благочестив кнезу! Вам Бог ви наредил да водите друг живот. Праведно да управувате, праведно да судите, и непоколебливо да стоите во целивањето на крстот.

Ростислав му велеше:

- Свети оче, кнезувањето во овој свет не може да биде без грев и веќе ми здодеа. Ме изморија и секојдневните грижи. Затоа би сакал барем малку, во својата старост, да Му послужам на Бога и да се угледам на царевите и кнезовите, кои по тесниот и мачен пат одеа и во Царството Небесно стигнаа.

Блажениот му рече:

- Христољубив кнезу! Ако од срце го сакаш тоа, тогаш нека биде волјата Божја.

Иако кнезот не успеа оваа своја намера да ја оствари на дело, сепак, од следното јасно се гледа дека тоа вистински го сакал, воодушевен од доблестите на свети Поликарп. Кога кнезот тешко се разболе во Смоленск и нареди да го однесат во Киев, неговата сестра Рогњеда, гледајќи го многу изнемоштен, го молеше:

- Остани во Смоленск и ќе те положиме тука во својата црква.

А тој и одговори:

- Никако! Иако сум многу слаб, нека ме однесат во Киев. Ако Бог ме земе попат, тогаш моето тело нека го положат во манастирот на свети Теодор, изграден од мојот татко. Ако пак оздравам, тогаш ветувам дека ќе се замонашам во светиот Печерски манастир кај блажениот Поликарп.

Но, кога болеста му се влоши и беше на умирање, тој на својот духовен отец, ерејот Симеон, му рече:

-Ти ќе одговараш пред Бога, што не ми дозволи да ме потстриже оној свет маж во Печерскиот манастир, зашто вистински го сакав тоа и Господ нека не ми го запише како грев, што не го исполнив ветувањето.

И така кнезот блажено се упокои.

Почетокот и поводот на таквиот доблесен живот на овој незаборавен кнез не ги даде ништо друго, туку примерот на подвижничкиот живот и боговдахновените беседи на преподобниот Поликарп, кој за време на неговото кнезување беше достоен старешина на светата чудотворна Печерска лавра. На примерот на неговиот доблесен живот се угледуваа не само браќата туку и благочестивите граѓани, кои тој ги упатуваше на патот на покајанието и спасението. Така мудро тој го пасеше стадото доверено од Бога. И поживеа долго и во длабока старост се престави кај Господа, на 24 јули 1182 година. Чесно го погребаа со светите отци.

По смртта на блажениот Поликарп браќата не можеа да си назначат игумен на манастирот. Иако многумина од тогашните блажени старци беа достојни за тој чин, сепак никој не сакаше да го прими поради смирението и безмолвието. И огромна тага ги обзеде браќата, па утредента удрија во клепалото, се собраа сите во црквата, и поради својата неволја започнаа да се молат на Пресвета Богородица и преподобните отци Антониј и Теодосиј, призивајќи го на помош блажениот Поликарп, и молејќи го да Го умоли Бога да им го посочи игуменот наместо себе, и со тоа да им јави дали Му угодил на Бога. Тогаш се случи чудо: како со една уста многумина рекоа:

- Да појдеме кај побожниот свештеник Василиј на Шчекавица, тој нека ни биде игумен и нека управува со монасите на Печерскиот манастир.

Отидоа сите, му се поклонија на презвитерот Василиј и рекоа:

- Сите ние, браќата на Печерскиот манастир, ти се поклонуваме и сакаме да ни бидеш отец и игумен.

Многу збунет, свештеникот Василиј самиот падна пред нив, им се поклони и рече:

- Свети отци! Јас само си помислував на монаштвото. Како јас бедникот можам да бидам игумен?

И долго одбиваше, додека најпосле не попушти на нивната упорна молба. Браќата го одведоа со себе во манастирот, и во петок, на постригот на овој од Бога избран Василиј, дојдоа преосветениот Киевски митрополит Никифор и богољубивите епископи Лаврентиј Туровски и Николај Полоцки и сите пречесни игумени. Преосветениот митрополит Никифор го пострижа со своја рака. Така тој стана наставник и пастир на добрите иноци на светиот Печерски манастир, по блажениот Поликарп. Угледувајќи се на неговиот живот и помаган од неговите молитви, тој на сите им беше образец на добродетелите, во слава и чест на небесниот Наставник и Началник на пастирите, Господ Бог и Спасител наш Исус Христос, Кому со беспочетниот Отец и со пресветиот и благ Животворен Дух од целокупните твари Му доликува непрекинато славословење и поклонување, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ТЕОФИЛ ЗАКИНТСКИ

Светиот Христов новомаченик Теофил беше родум од островот Закинт (во Јонското Море), убаво и храбро момче кое служеше на бродовите како морнар. Во една прилика тој се спречка со старешината на коработ, се симна на островот Хиос (во Егејското Море) и одби да плови. Тоа го забележа еден турчин и му понуди да биде морнар на неговиот кораб. Теофил никако не се согласуваше, зашто не ги сакаше муслиманите. Но турчинот го наклевети дека божем го видел како носи турски фес на главата, и сега мора да стане турчин. Тоа го потврдија и други турци и судијата побара од него да се потурчи. Го убедуваа со ласкање и закани да премине во исламската вера, но светителот упорно одбиваше, говорејќи:

- Јас никогаш нема да се одречам од мојот Христос, зашто во Него верувам и Него Го исповедам.

Тогаш турците насилно го врзаа и го обрезаа. Имаше само осумнаесет години. Светиот новомаченик горко ридаше и усрдно се молеше на Бога, па кога слушна дека се подготвуваат да го испратат во Цариград да му се поклони на султанот, начека згодна прилика, побегна и се сокри во непознато место. Потоа тајно отиде на островот Самос, но повторно се врати на Хиос, од каде што беше неговиот прв старешина на бродот, кого сега го замоли да го земе со себе . Тогаш го препознаа некои турци, го фатија и го одведоа кај судијата, кој побара од него да остане во муслиманската вера, која божем ја беше примил, но светиот новомаченик храбро изјавуваше:

- Христијанин сум, и како христијанин сакам да умрам!

Долго го мачеа Теофил и најпосле го фрлија во мрачна темница три дена и три ноќи. При сите повторни испрашувања и мачења блажениот Теофил остана непоколеблив и уште повеќе го изобличуваше муслиманското безбожие. Тогаш разгневениот судија го осуди на смрт со спалување, но тој храбро му рече:

- Јас не се плашам од привремената смрт, зашто таа ми дава вечен живот, според ветувањето на мојот Христос.

Најпосле турците го доведоа близу женскиот манастир на светиот великомаченик Георгиј на Хиос и го тераа самиот да носи дрва и да ги става врз огромниот оган. Потоа сам влезе во огнот, пеејќи Му песни и химни на Бога, и говорејќи:

- Во Твоите раце, Христе мој, ја предавам мојата душа.

Така отиде кај Господа и го доби венецот на мачеништвото, на 24 јули 1635-та година. Но, Бог го прослави Својот маченик: при спалувањето неговото свето тело оддаваше таков благопријатен мирис што сите христијани се радуваа а неверните муслимани се гневеа и срамеа. За да го прикријат прекрасниот мирис од светиот маченик, тие веднаш фрлија во огнот врзана свиња да изгори, но пак беа посрамени. Штом огнот го прегоре Јажето со кое беше врзана свињата, животното веднаш скокна од огнот и побегна. А благомирисот од телото на светиот новомаченик уште посилно започна да се шири. Кога згасна огнот христијаните ги откупија од турците преостанатите коски на свети Теофил и ги положија во храмот на светиот великомаченик Георгиј во Пикада на Хиос, каде делови од нив се наоѓаат и денес. По неговите свети молитви Господ нека ни ја подари Својата огромна милост на сите нас. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АТАНАСИЈ КИОСКИ

Oвој светител беше од селото Киос, близу Никеја во Витинија и имаше жена и деца. Беше богат и им припаѓаше на општинските старешини, но живееше чесен евангелски живот. Се случи на неговото село турците да му наметнат преголем царски данок на христијаните. Како најстар меѓу старешините на селото, Атанасиј реши да се застапи за христијаните, та покрена прашање и турците од тоа село да им помогнат на христијаните во плаќањето на царскиот данок, зашто не биле ни спахии ни јаничари, за да бидат ослободени. Турците се наплашија и решија да го спречат Атанасиј, па го фатија и го одведоа кај везирот во Цариград, клеветејќи го дека божем сакал да стане муслиман. Везирот го поттикнуваше да го стори тоа, но Атанасиј му одговори:

- Никогаш да не се случи, Христе, Царе мој, да се одречам од својата вера. Тогаш везирот го фрли во темница, во која беше мачен шеесет дена. Кога повторно го изведоа пред везирот, тој само повторуваше:

- Христијанин сум се родил, како христијанин ќе умрам. Тогаш џелатот го предаде на везирот и тој му jа отсече чесната глава на Пармак-капија во Цариград, на 24 јули 1670-та година. Така светиот новомаченик Атанасиј го доби венецот на мачеништвото од нашиот Господ Христос, Кому слава со Отецот и Светиот Дух во сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КАПИТОН

Со очите на душата постојано гледајќи Го Господ Христос, овој свет маченик пострада за Него посечен со меч.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ САЛОМТИН,

епископот Ерусалимски

Во Ерусалимската Канонарија на овој ден се спомнува како патријарх Ерусалимски.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕРМОГЕН

На овој свети маченик му беа извадени сите заби. Таки се упокои

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИМЕНЕЈ

Пострадал за Господа посечен со меч.