01. Септември  (19. Август)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНДРЕЈ СТРАТИЛАТ

Нечестивиот Максимијан, управувајќи со источниот дел на Римското Царство, насекаде крена гонење против христијаните. Во тоа време во Сирија имаше елен војвода Антиох, човек со зла нарав и најревносен служител на идолите. Нему му беше дадена власт од царот над цела Сирија и му беше наредено да ги мачи и убива христијаните. За таа цел му беа ставени на располагање многу трибуни заедно со римската војска. Меѓу нив, како цвет од благомирисен крин меѓу трње, беше под власта на Антиох и Христовиот следбеник Андреј, кој на почетокот беше таен христијанин, а потоа јавно пред сите го исповедаше името Христово. Иако се уште ме беше крстен, тој со цврста вера и топла љубов кон Христа, Му служеше и ден и ноќ во пост и молитва, одбегнувајќи го секое дело кое што Му е неугодно на Бога. За таквата побожност Бог му дари необично јунаштво и храброст во битките, та немаше сличен на него во римската војска. Ги победуваше непријателите и беше славен и почитуван, повеќе од останатите војсководци.

Во една прилика голема персиска воена сила тргна во војна против Антиох и ненадејно ја нападна Сирија. Антиох многу се вознемири од неочекуваниот напад, но се сети на храбриот трибун Андреј, итно го повика и му даде врховно заповедништво над војската. Во таа прилика го произведе Андркј за стратилат, односно за врховен командант над војсководците и му нареди со војската да тргна против непријателот и да го запре. Притоа му рече:

- Твоето Јунаштво и храброст во војните ни се познати на сите, па и на самиот цар. Поради тоа и ти го дадов овој висок чин. Ти го доверувам водството на оваа ненадејна војна. Потруди се да ја зголемиш славата што ја имаш.

Со ваквата задача Христовиот војник свети Андреј, сакајќи храбро да истапи против непријателот, не за своја лична слава, туку за слава на името Христово, од многуте римски војници ги избра само најдобрите, добро свесен за зборовите на царот Давид, дека „Господ не гледа на коњската сила, туку Му се мили оние што се бојат од Него“ (Пе.146, 10, 11). Свети Андреј ги одбра војниците кои му ги покажа благодатта Божја и тргна против непријателот. Кога ја виде огромната непријателска војска, која како скакулци беше наишла во сириските предели, тој ги храбреше своите војници и како идолопоклоници им предложи да Го познаат единствениот семоќен и во битките страшен Бог, Кој многу им помага на Своите слуги, и им рече:

- Браќа, сега можете на дело да се уверите дека незнабожечките богови се демони и се немоќни. Но, постои единствен вистински Бог, на Кого јас Му служам, и Кој ги створи небото и земјата. Тој е семоќен и на сите кои Го повикуваат брзо им притекнува на помош и ги прави силни во битките. Ете, пред нас е помногуброен непријател, далеку посилен од нас. Но, ако вие им свртете грб на своите ништовни богови и Го повикате единствениот вистински Бог, веднаш ќе видите како непријателот исчезнува пред вас како чад.

Војниците му поверуваа, Го повикаа на помош Христа Бога и јурнаа кон непријателот. Во страотната битка однесоа победа и персиските војници се здадоа во бегство. Римската војска, предводена од свети Андреј, ги косеше како срп. Така со силата Христова се случи славна победа на римјаните над персијците. Војниците на свети Андреј по таквата победа поверуваа во Господ Христос и тој ги утврдуваше во верата и патот кој води кон спасението, па триумфално се вратија и овенчани со слава стигнаа во градот Антиохија.

Но, еден од военоначалници му завидуваше на свети Андреј за храброста и славата и го обвини кај Антиох дека Го почитува распнатиот Бог. Тој многу се разгневи и испрати некои високи функционери, лично да го прашаат дали е вистина тоа што се зборува за него, Кога доби потврден одговор, Антиох повторно испрати да го посоветуваат, претејќи му и потсетувајќи го на својата нетрпеливост спрема христијаните. Нареди да му го речат и следново:

„Добро ти е познато со какви маки го усмртив Евтимиј, синот на Полиевкт, и со него многу други следбеници на христијанската вера. Не сум поштедил ниту еден од нив. Што мислиш и во што се надеваш кога како Бог славиш човек Кој бил распнат на крст“.

Кога му беше соопштена пораката, тој одговори:

„Зборовите на Антиох повеќе ми влеваат храброст отколку страв. Оние, на кои што тој ме потсетува, предадени од него на страшни маки, го победија и со маченички венци застанаа пред Христа Бога. Зошто тогаш и Јас да не бидам верен слуга на мојот Господ Исус Христос, за заедно со нив да пострадам за Него и да се удостојам на Царството Негово?“

На овој одговор, Антиох страшно се разбесни и нареди да го доведат врзан, па го натера пред сите јасно да изјави дали ќе се покори на царската наредба или ќе Му служи на својот Бог. Светителот со силен глас бестрашно изјави дека Христос е вистинскиот Бог и дека Тој е Негов слуга.

Тогаш мачителот нареди да се донесе железен кревет, многу да се вжешти и врз него да го печат војникот Христов. Антиох му се потсмеваше а светителот самиот се расоблече, се качи врз вжештениот кревет како во постела и јуначки трпеше. Додека Му се молеше на Христа Бога, навистина огнот со наредба Божја ја изгуби својата сила и не можеше да му наштети.

За тоа време Антиох нареди, та некои од Андреевите војници крстолико ги приковаа на дрвени направи, и со потсмев ги прашуваше дали им е пријатно. Тие одговараа дека таквото страдање за Христа им е многу пријатно.

Мачителот повторно му се обрати на свети Андреј и го праша дали е доволно казнет и дали ќе се одрече од Христа, но тој му одговори дека ќе трпи до крај, зашто крајот е круна на секое започнато дело. Од Христа Бога добива награда не оној што добро го започнал подвигот, туку оној што добро го завршил.

Потоа Антиох нареди сите да ги затворат во темница, божем давајќи им време за размислување, но всушност за да го извести царот за нив, зашто не смеел без царевата согласност да погуби толку храбар и знаменит маж со неговите другари. Кога го прочита извештајот, царот Максимијан заклучи дека не е добро јавно да се погуби таквиот знаменит војник, за да не настане тревога во војската и да избие нова војна. Како одговор му напиша на Антиох писмо со наредба да го ослободи Андреј со неговата дружина, но во исто време му издаде тајна наредба, кратко време по ослободувањето да му измисли и подметне друга вина и да го казни со смрт, ако упорно остане во христијанската вера. Со таквата добиена наредба, Антиох веднаш ги ослободи свети Андреј и неговите другари и им нареди да останат во своите чинови.

Христовиот војник свети Андреј со откровение дозна за подлата намера на безбожникот и тајно од Антиох со сите војници кои поверуваа во Христа (околу 2 593) отиде во киликискиот град Тарс, кај епископот Петар, за свето крштение, бидејќи ниту еден од неговите војници не беше крстен, па ни самиот тој. По извесно време Антиох дозна за заминувањето на свети Андреј и неговата дружина и многу се разбесни, па му испрати писмо на киликискиот намесник Селевк:

„Знам дека си слушал за Андреј, кој беше трибун во царската војска. Сега не само што самиот се избезумил, туку и многу војници завел во истото безумие, и како што слушам, со своите истомисленици побегнал во Киликиската област. Затоа нареди да го фатат со оние со него, па врзани испрати ги кај нас. Ако се спротивстават, нареди да ги убијат“.

Селевк веднаш распрати извидници низ Киликија. Кога дозна дека свети Андреј се наоѓа во Тарс, лично се упати таму. Во тоа време свети Андреј провиде со духот дека тргнале по него, па го замоли епископот Петар и епископот на градот Верија, Нона, кој се затекна таму, без одлагање да ги крстат сите. Епископите веднаш ги крстија. Потоа со своите соподвижници отиде во местото Таксанит, не од страв од смртта, туку по наредба на својот Господ, Кој вели: „Кога ве бркаат од еден град, бегајте во друг“ (Матеј 10, 23). Селевк пак, дојде во Тарс со вооружени војници како за војна и штом не го најде Андреј се смути, се промени во лицето од гнев и јаросно се вдаде во потера по стадото Христово. Но, сите христоупци заминаа оттаму во ерменските краеви, во гората викана Таврос. Селевк брзаше по нив, со намера да ги убие каде што ќе ги стигне. А светите војници, минувајќи низ таа гора се најдоа во едно место, опкружено од сите страни со стрмнини, во кое можело да се влезе само низ еден влез, како низ капија. Тука застанаа и ги чекаа своите убијци, зашто тоа место на свети Андреј му беше посочено од Бога како место каде треба да пострадаат. Свети Андреј им се обрати на своите:

- Пријатели, соподвижници и деца мои. Сега е најдобро време, сега е ден за спасение. Еднодушно да останеме во љубовта Божја, еднодушно и јуначки, како што ни наредува Господ, да ги кренеме рацете за благодарност кон Бога, што го доживеавме овој час, во кој ќе добиеме удел со сите светии кои пострадале за Него. Затоа да Му се молиме како што се молел светиот првомаченик Стефан кога евреите го засипуваа со камења: „Господи Исусе Христе прими ги душте на Твоите слуги, кои ги предаваме во рацете Твои“.

Потоа застана меѓу нив, ги крена рацете и очите кон небото и започна да се моли:

- Господи, Господи! Голем и семоќен, услиши го молењето на Твојот грешен и недостоен слуга и на сите што се со мене, кои беспрекорно ја сочуваа светата вера во Тебе. Прими ги во мир нашите души, покриј ги со Твоето милосрдие и удостој не на рајските населби. Ја молиме Твојата добрина, Владетелу, за оние што ќе го почитуваат нашиот спомен: исполнувај ги сите нивни молби, кои што им се за спасение и во сите неволји биди им помошник, по молитвите наши. А на ова место, каде ќе биде пролиена нашата смирена крв за Тебе, нека бликне извор, кој ќе дава исцеленија и ќе истерува нечисти духови. Сите кои што ќе доаѓаат тука чувај ги од секое зло и давај им душевно и телесно здравје, за на ова место да се прославува пресветото име Твое, Отецот и Синот и Светиот Дух.

Додека свети Андреј со своите соподвижници така Му се молеше на Бога, стигна Селевк со војската. Тие ги извадија мечевите и, чкртајќи со забите како ѕверови се втурнаа врз стадото Христово. А светите војници Христови, како храбри и искусни во битките, можеа и во овој теснец да се заштитат од рацете на убијците, но сепак, и тие како својот Господ, како безазлени јагниња им се предадоа на убијците. Ги преклонија колената и ги подадоа своите вратови, та војниците ги обезглавија сите. И се проли крвта на Светите, која како поток течеше од тоа место а нивните души со слава влегоа во радоста на својот Господ.

Овие свети маченици пострадаа на 19 август, во недела во 8 часот, и на местото каде што се пролеа нивната маченичка крв веднаш бликна извор на слатка и целебна вода.

Масакрот на Светите го гледаа гореспоменатите епископи Петар и Нона со своите клирици, скриени на еден брег. Кога Селевк тргна назад, тие плачеа над телата, ги подготвија за погреб и чесно ги погребаа на тоа место. Од изворот што потече по молитвите на светите маченици, тие се напија вода и дознаа за нејзината целебност, зашто еден од присутните клирици, кој долго време страдал од нечист дух, кога се напи од тој извор веднаш се ослободи. По погребот на светите епископот Петар не се врати во Тарс, бидејќи Селевк го бараше да го убие, туку со оние со него отиде во Исаврија. Околните жители дознаа за целебниот извор и започнаа да ги носат своите болни таму. Од таа вода тие се исцелуваа од секоја болест, по молитвите на светиот страдалник Андреј и настраданите со него, и со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ 2593 МАЧЕНИЦИ

кои пострадаа со свети Андреј Стратилат

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТИМОТЕЈ, АГАПИЈ и ТЕКЛА

Христовиот славен маченик Тимотеј беше родум од палестинскиот град Газа. Како совршен по живот и речитост беше поставен за учител на Христовата вера и поради тоа беше фатен и изведен пред управникот на градот Газа, Урбан. Прашан од него, тој изјави дека е христијанин и го изложи сиот домострој за спасението на човечкиот род, извршен со воплотувањето на Бог Христос. Затоа страотно беше тепан и ставан на најразлични маки, но остана непоколеблив во верата. Го предаде својот дух на Бога фрлен во оган и го прими бесмртниот венец на мачеништвото.

Во истото време, и во тој исти град, свети Агапиј и Текла беа страотно мачени за Христовата вера, па бидејќи потоа уште повеќе зајакнаа во Светата Вера, беа фрлени на зверови, кои што ги растргнаа. Така ги примија венците на мачеништвото.

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОФАН НОВИ ЧУДОТВОРЕЦОТ

Преподобниот отец Теофан се роди во градот Јанина и од мал ги засака чистотата и непорочноста на душата и телото. Сиот свој живот ги чуваше и ги сочува. Кога стана полнолетен, тој од љубов кон Бога го остави родниот крај, роднините и пријателите и се оддалечи на Света Гора. Таму стапи во братството на Дохиарскиот манастир, и набрзо го прими монашкиот лик и започна ангелски да се подвизува. Неговиот пост, молитвата, бдеењето, негрижата за минливите земни богатства, грижата за чистотата на сите сетила, умртвувањето на телото, грижата за чистотата на душата, за чувањето на умот од нечистите помисли, одбивањето на нападите на нечистите духови, кои се трудеа да ги поколебаат неговите свети стремежи кон ангелско совршенство, навистина беа прекрасни. Поради таквото совршенство во доблестите еднодушно беше избран за игумен на обителта. Како водач и пастир на словесните овци Христови, тој уште повеќе ги зголеми своите подвизи: на постот му додаде пост, на воздржанието - воздржание, на бдението - бдение, на молитвата - молитви, на лишувањето - лишување. Накратко, тој водеше на земјата неземен живот во тело, како бестелесен, односно живееше како во туѓо тело.

Така подвизувајќи се и свето управувајќи со доверената му од Бога духовна паства, божествениот Теофан, според неиспитаните судови и планови Божји, доживеа едно искушение. Тој имаше внук. Нечестивите агарјани го зедоа како роб овој негов внук, го одведоа во Цариград и таму го потурчија. Таа несреќа беше многу тешка за светата Теофанова душа. Тој без размислување се упати кон Цариград и со Божја помош успеа да ја извлече од рацете на нечестивците несреќната жртва на нивниот фанатизам. Среќен се врати во својот манастир заедно со својот внук, кого наскоро потоа го удостои на монашкиот лик и го вброи во своето братство. Но, манастирските отци се плашеа да не се разгласи за тоа, па да ги снајде некоја напаст од лутите варвари, и затоа започнаа да негодуваат против својот пастир и неговиот внук. Кога го виде немирот кој земаше замав во манастирот, свети Теофан му отстапи место на неправедниот гнев и заедно со својот внук го напушти не само Дохиар туку и Света Гора, и отиде во Верија. Таму во скитот на Преттечата изгради црква во чест на Пресветата Богомајка, собра доволен број монаси, им пропиша правила за живот, им утврди старешинство и кај нив заведе прекрасен поредок.

Потоа го остави тука својот внук а самиот се оддалечи во Наус, каде најде погодно место и изгради прекрасен храм во име и чест на Светите Архангели. Откако изгради манастир собра доволен број на монаси, им стана пастир и отец и мудро ги раководеше по тешките патеки на подвижништвото кон небесната татковина. По доста време се врати во својата прва обител во Верија, бидејќи и двата манастира го сметаа за свој заеднички отец. Во длабока старост, и преподобниот Теофан како и сите смртни мораше да и го плати на природата неопходниот данок. Со откровение Божјо однапред дозна за своето заминување и ги повика сите свои монаси, ги извести за тоа и ги тешеше, ветувајќи им дека никогаш нема да се раздели од нив со духот, па мирно и спокојно го предаде својот дух во рацете Божји.

Господ Бог, нашиот Творец и Промислител, вети дека ќе ги прославува оние кои Него Го прославуваат (1 Царс. 2, 30), па го прослави и богоносниот отец Теофан со многу знаменија и чудеса, како за време на животот, така и по смртта. Еве неколку од нив.

Кога светителот се враќаше со кораб од Цариград во Света Гора, се случи да снема вода за пиење, та сите беа многу жедни. Тогаш светителот со својата молитва кон Бога ја претвори солената морска вода во слатка и така сите ги спаси од сигурна смрт. За време на истата пловидба, тој со својата молитва го скроти разбеснетото море, кое се закануваше да го потопи коработ.

По смртта на светителот со силата на неговите молитви се случувале, а и сега се случуваат безбројни чудеса за сите кои со вера доаѓаат кај неговите мошти во Наус, и со љубов го повикуваат на помош. Еден бесомачен, кој се затекна на погребот на светителот, се избави штом со побожност и вера ги целиваше неговите чесни нозе. И потоа многу пати ѓаволите излегуваа од луѓето со самиот допир до моштите на овој светител. Особено е восхитувачко и тоа што светителот им укажуваше благодатна помош не само на верните туку и на неверните.

Еден муслиман страдал од губа уште од мал. Многу пари беше потрошил тој по лекари, но не му помогнале. Најпосле отишол во манастирот на свети Теофан, побарал вода од моштите на светителот и штом ја измил својата глава, губата паднала од него како крлушт.

Исто така еден човек од Битола, кој имал сува рака, го беше потрошил сиот свој имот на лекување, но, штом побожно се допрел до моштите на бесплатниот лекар отец Теофан, неговата рака веднаш станала здрава како и другата.

Градот Наус неколку пати се спасувал од чума, а еднаш и од суша, со молитвеното призивање на свети Теофан. Се избавуваа од чума и други населби, така што таму се носени неговите чесни мошти.

Една крвоточива жена, која многу години страдала од таа тешка болест и залудно го потрошила сиот свој имот по лекари, дојде во манастирот на свети Теофан и штом се напи малку вода од моштите на светителот, веднаш се ослободи од болеста.

Додека го гледаше мноштвото луѓе како доаѓаат кај моштите на свети Теофан, еден јеромонах од обителта на Светите Архангели се лутеше на тоа и намисли да ги сокрие моштите, но поради таа негова намера веднаш му се одзедоа и рацете и нозете. Кога виде дека тоа е очигледен знак дека светителот не сака да се сокријат од луѓето неговите чесни мошти, тој се покаја и се исцели.

Друг монах од истата обител сакаше од набожна побуда да извади еден заб од чесната глава на светителот и да го чува кај себе, но тоа не му беше по волја на светителот и тој монах беше казнет со слепило. Штом се откажа од својата желба, светителот го исцели.

Во 1451 година во тврдината на Верија еден христијанин ја прими муслиманската вера, поради што бедникот доби висок чин и власт и стана нескротлив ѕвер спрема децата на Христовата Црква. Многу маки поднесоа од него христијаните, а особено монасите. Насекаде сееше страв и трепет и никаде не наидуваше на препреки во своите злосторства, па започна да прети дека ќе го нападне и Наус, и првин ќе го сруши манастирот на преподобниот Теофан и ќе ги убие монасите. И навистина тој го опњачка манастирот и многу нешта сруши во него. Но, тука им дојде крај на неговите зверства. По молитвите на навредениот светител, овој злосторник ја исфрли својата отпадничка душа.

Безброј многу други славни чудеса се случувале а и денес се случуваат од светите мошти на овој преподобен отец, за сите кои со вера и побожност пристапуваат, во слава на Бога и доказ на богоугодниот живот на свети Теофан. Да се огледаме и ние според своите сили на рамноапостолниот живот на нашиот богоносен отец Тефан, и да се удостоиме да се населиме и веселиме во царството на неискажаната слава и вечно блаженство. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВТИХИЈАН и СТРАТИГИЈ

Свети Евтихијан беше војник. Овие свети маченици заедно пострадаа за Господа изгорени во оган.