30. Ноември   (17. Ноември)

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ ЧУДОТВОРЕЦ

Свети Григориј е роден во славниот и голем град Неокесарија, од родители незнабожци, но познати и богати. Во млади години тој ги изгуби родителите. Кога се оддаде да ја изучува елинската мудрост, започна да ја изучува и најсовршената мудрост, која се состои во познание на едниот вистински Бог: од тварите тој се учеше на познавање на Творецот, и се трудеше да Му угоди со незлобивоста и целомудрениот живот. Кога се запозна со учењето на Светото Евангелие, тој веднаш стана Негов ученик, и откако прими крштение се трудеше да живее според заповедите Христови, во чистота и нестекнување. Се одрече од секоја суета на овој свет, богатствата, гордоста, славата и временските наслади. Го отфрли далеку од себе угодувањето на телото и живееше во големо воздржание и умртвување на себе, и ја чуваше девственоста толку строго, така што во текот на целиот свој живот не позна телесен грев и целосно се сочува од сквернавење, за да Му угоди на единствениот, чист и безгрешен, од Пречиста Дева родениот Христос Бог. Предаден Нему уште од младоста, тој со Негова помош напредуваше во доблестите и го минуваше животниот пат беспрекорно. Поради тоа беше сакан од Бога и од добрите луге, а лошите го мразеа.

За време на школувањето во Александрија, младиот Григориј ја изучуваше философијата и лекарската наука со многу момчиња, кои од сите земји доаѓаа таму на школување. Григориј беше намразен од своите врсници поради целомудреноста и непорочниот живот. Како невоздржливи и заробени од страстите, тие живееја нечисто, одеа во куќите на блудниците, како што беше обичај кај незнабожечките момчиња.

Меѓутоа, тој како христијанско момче, се странеше од таквиот погубен пат, ја одбегнуваше нечистотијата и го мразеше беззаконието. Беше како крин среде трње со својата чистота среде нечистите. На многумина им беше познато неговото чисто и беспрекорно живеење, и затоа многу угледни философи и граѓани многу го почитуваа и славеа. А пак неговите врсници од омраза решија да пуштат лош глас за него, дека божем живее нечисто како и останатите, за да му ја засенат славата. За таа цел наговорија една блудница да го наклевети. И еднаш, додека тој стоеше на јавно место и разговараше со почитувани философи и најугледни учители, блудницата му пристапи и бесрамно ја бараше од него должната плата за божемно извршениот грев со неа. На тоа сите присутни се зачудија. Едни се соблазнија а други сметаа дека тоа е вистина. Имаше и такви, кои не им поверуваа на зборовите знаејќи дека тој е чист, и ја бркаа бесрамничката. Но, таа силно викаше и му досадуваше на момчето да ѝ плати за извршениот блуд. Свети Григориј го обзеде голем срам и поцрвене во лицето како чиста девојка. Како незлобив и кроток не ѝ рече ништо, ниту се разгневи, ниту се правдаше, ниту ја повикуваше за сведок својата невиност, туку кротко му рече на еден свој пријател:

„Брзо дај ѝ колку бара, за повеќе да не ни досадува“.

Пријателот ѝ даде, откупувајќи го невиниот Григориј од срамот. Но Бог, верниот сведок на небото, ја обелодени таа неправда. Допушти да влезе во блудницата нечист дух, и кога ги прими парите бесот ја нападна и започна да ја мачи пред сите. Таа падна на земјата, бараше помош со страшен глас, цела трепереше, чкрташе со забите, исфрлаше пена и се вкочануваше, та сите присутни многу се исплашија. И бесот не престана да ја мачи, сѐ додека свети Григориј не се помоли за неа на Бога и го избрка. Таков беше почетокот на чудесата на младиот Григориј, на чија што светост се восхитуваа и старците.

Тој имаше благоразумен и добродушен пријател, на име Фирмијан, родум од Кападокија. Нему му ја откри желбата на своето срце, дека сака да остави сѐ и да Му служи на единствениот Бог. Но, виде дека и Фирмијан ја има истата мисла и желба, па се договорија да ја остават световната философија и отидоа да се учат на христијанската мудрост и тајните на Светото Писмо. Во тоа време меѓу христијаните и христијанските учители се славеше познатиот Ориген. Кога дојде кај него заедно со Фирмијан, свети Григориј започна да учи кај него и остана долго време, па се врати во Неокесарија. Граѓаните ја видоа неговата голема мудрост и сакаа тој да заземе угледно место, да им биде судија и градоначалник. Но, Григориј бегаше од гордоста и празната слава човечка, и затоа го напушти својот роден град и се насели во пустината, каде што живееше осамено во Бога, а со какви подвизи и трудови, знае само Оној Кој ги створил нашите срца и ги знае сите наши дела (Пс. 32, 15).

Додека живееше во пустината во богоразмислување, за него дозна блажениот Федим, епископ на кападокискиот град Амасија, и посака да го извади од пустината за да служи во Црквата Христова и да го постави за епископ и учител. Тој ја гледаше во него благодатта Божја, дека ќе биде голем столб на Црквата и тврдина на верата. Но, и свети Григориј имаше дар на проѕорливост, и кога дозна дека епископот сака да го поведе, се сокри сметајќи се за недостоен на таквиот чин и одеше од место во место низ пустината, за да не го пронајдат. Блажениот Федим прилично го бараше и со молба го повикуваше. Но, бидејќи не можеа пустинољубецот да го разделат од пустината и да го доведат во Амасија за хиротонија, епископот направи чудна и необична работа. Движен со Духот Свети и ревносен за светата Црква, не го поколеба тоа што Григориј не дојде кај него и што растојанието меѓу нив е големо, дури три дена одење од Амасија до пустината, и без да обрне внимание на растојанието, го посвети Григориј за епископ на Неокесариската црква. Тој погледна кон Бога и рече:

- Сезнаен и семоќен Боже, погледни сега на мене и на Григориј, и изврши посветување со благодатта Своја.

И така блажениот Федим го хиротониса Григориј, иако не беше дојден таму. За тоа сведочи свети Григориј Ниски, опишувајќи го житието на овој светител. Тоа го потврдува и Канонот во Минејот, каде во петтата песна се зборува за тоа вака:

„Божјиот претставник Федим од ревност те помаза отсутен, оче, надевајќи се побожно во Бога, Кој ги знае сите и сѐ, и надевајќи се во твоето чесно живеење, богоглаголиви Григориј“.

Така блажениот Федим го изврши необичното посветување на Григориј, и тој против своја волја, послуша и ја прими црковната управа. А како би можел да се противи на волјата Господова? Пред сѐ, тој прибегна кон молитвата, просејќи помош од небото за таквото дело.

Во тоа време започна да се шири ереста на Савелиј Самосатски и Павле Самосатски. Таа ерес предизвика недоумица кај свети Григориј и тој срдечно се молеше на Бога и Божјата Мајка да му ја откријат вистинската вера. И една ноќ, кога тој со особена срдечност се молеше за тоа, му се јави Пречистата Дева Марија, блескајќи како сонце, со свети Јован Богослов, облечен во архијерејска облека. Покажувајќи со својата рака кон Григориј, Пречистата му нареди на Јован Богослов да го научи на тајните на Света Троица. И со наредба на Божјата Мајка, свети Григориј за кратко време беше научен од свети Јован Богослов на големите Божји тајни, и нацрпе Божествено знаење од неисцрпната длабочина на премудроста. Зборовите на откривање, речени од Јован Богослов беа овие:

„Еден е Бог, Отец на Логосот Живиот, премудроста Ипостасна, Силите и Обличјата на Вечниот, Совршен Родител на Совршениот, Отец на Синот Единороден. Еден е Господ, Единствен од Единствениот, Бог од Бога, Изобразување и Слика на Божеството, Логос дејствувачки, Премудрост која го опфаќа составот на сѐ што постои, и Творечка Сила на најразличните твари, Вистински Син на Вистинскиот Отец: Невидлив од Невидливиот, Негнилежен од Негнилежниот, Бесмртен од Бесмртниот, Вечен од Вечниот. Еден е Духот Свети, Кој има суштество од Отецот и Кој им е јавен на луѓето преку Синот, Совршена Слика на Совршениот Син, Живот, Причина на сѐ живо, Свет Извор, Светиња која дава осветување; во Него се обелоденува Себе Бог Отецот Кој е над сите и во сѐ и Бог Синот Кој е низ сѐ. Троица Совршена, Која со славата, вечноста и Царството не се разделува, нити отуѓува. Значи, во Троица нити е нешто створено или робовско, нити придодадено како порано да не постоело туку подоцна придошло: зашто нити некогаш Синот му недостигаше на Отецот, нити Синот на Духот, нити порасна Единица во Двајца, и Двајца во Троица, туку е непроменлива и неизменлива вечно иста Троица.

По ова видение свети Григориј со своја рака ги запиша зборовите што му ги рече свети Јован Богослов, и тој негов ракопис бил чуван многу години во Неокесариската црква.

Потоа свети Григориј отиде во Неокесарија, која се наоѓаше во темнината на идолопоклонството и во градот имаше многу идоли и идолски храмови. Секојдневно им се принесуваа многу жртви на идолите, та воздухот беше полн со смрдеа од колењето и спалувањето на животните. И во толку големиот град имаше вкупно седумнаесет христијани. Додека патуваше кон Неокесарија, светителот попат минуваше покрај еден идолски храм. Веќе беше паднала ноќта, а се спремаше силен дожд, и светителот со своите сопатници беше принуден да преноќева во тој храм. Во него имаше многу идоли, во кои живееја демони, кои отворено им се јавуваа на своите жреци и разговараа со нив. Свети Григориј започна да ги врши своите полноќни и утрински молитви и песнопеења, и го прекрстуваше воздухот, осквернет од демонските жртви. Демоните се исплашија од светите молитви и крстниот знак и побегнаа. Кога самна, тие си го продолжија патот. Идолскиот жрец по својот обичај влезе да им принесе жртви на идолите во храмот, но не ги најде демоните. Не му се јавуваа и кога започна да им принесува жртви како вообичаено. Тој се зачуди зошто неговите богови го напуштиле храмот и многу ги молеше да се вратат а тие оддалеку викаа:

- Не можеме да влеземе онаму каде што минатата ноќ имаше туѓинец, кој одеше од пустината за Неокесарија.

Жрецот веднаш побрза по свети Григориј, го стигна, го застана и започна налутено да вика по него што како христијанин се дрзнал да влезе во храмот на неговите богови, па тие заминале. Му се закануваше тој и со царскиот суд, со намера веднаш да го одведе кај мачителите. А свети Григориј со кротки и мудри зборови го смири и најпосле рече:

- Таков е мојот Бог. Он и на демоните им наредува и мене ми дава сила над нив, та тие без да сакаат ме слушаат.

Жрецот се смири и го молеше светителот да им нареди на боговите да се вратат во храмот. Светителот извади мал лист хартија и напиша:

„Григориј му вели на Сатаната: влези повторно во храмот!“

И му го даде на жрецот, со наредба да го стави на олтарот на своите погани богови. И веднаш демоните се вратија во храмот, и разговараа со жрецот како порано. Поразен од тоа, жрецот се восхитуваше на таквата Божја сила на свети Григориј, со која тој со збор им наредува на демоните и тие го слушаат. Жрецот повторно потрча по него и го праша од каде има таква сила, та незнабожечките богови се плашат и ги слушаат неговите наредби. Светителот виде дека е приемчив за верата и започна да му зборува за единствениот вистински Бог, Кој со збор створил сѐ и му ги кажуваше тајните на верата. Додека тие така разговараа одејќи по патот, жрецот започна да го моли да му ја потврди вистинитоста на својата вера со некое чудо. Притоа видоа еден огромен камен, кој никаква видлива сила не би можела да го помести. На тој камен свети Григориј со името на Исуса Христа му нареди да се помести од местото. И каменот се помести и отиде каде што сакаше жрецот. Од ова преславно чудо го обзеде страв и тој исповедаше:

- Еден е вистинскиот и семоќен Бог, Богот Кој го проповеда Григориј, и нема друг бог освен Него.

И веднаш поверува во Него. Многу брзо разгласи тој насекаде за овој настан, та народот во Неокесарија дозна за чудесниот Григориј и за неговата власт над демоните, пред тој да стигне таму. А за неговото доаѓање дозна целиот град и многу народ излезе да го пречека и види, зашто слушнаа дека со збор преместил огромен камен е дека на нивните богови им заповеда и тие го слушаат.

Тој се изненади на пречекот и одеше меѓу народот како низ пустина и гледаше само на себе и на патот пред себе, без да се обрати на некого околу себе. Таквото негово однесување за народот беше ново чудо. Луѓе од сите страни се туркаа кај него, како целиот град веќе да го смета за светител. А тој, слободен од суетата, не ни обрнуваше внимание на тоа. Сепак, во градот немаше куќа, ни црковна ни приватна, каде би можел да се одмори. Неговите сопатници се вознемирија каде да најдат кров за себе. Богомудриот истовремено ги смируваше и прекоруваше за малодушноста, велејќи:

- Што ви е? Како да се наоѓате надвор од закрилата Божја, сте се вознемириле каде ќе ги одморите своите тела! Зар е Бог мал дом за вас, иако во Него ние и живееме и се движиме и постоиме? Или ви е тесен небесниот кров, та покрај него барате ново живеалиште?

Имајте само една грижа, грижата за вашиот единствен дом, кој е сопственост на секој, а кој се гради со доблестите и тоа во висините, За него единствено треба да се грижите. Тоа живеалиште да не остане неизградено и неуредено.

Додека свети Григориј така ги поучуваше своите сопатници, еден многу угледен и имотен граѓанин, на име Мусониј, гледајќи дека многумина сакаат да го примат овој голем маж, ги испревари сите и му се обрати на светителот со молба да го удостои неговиот дом и да отседне кај него. При тоа и други започнаа да го молат да отседне кај нив, но светителот отиде кај Мусониј. Во градот затекна само седумнаесет христијани и започна да Го моли Бога да погледне на созданието Свое и мноштвото заблудени луѓе, кои гинат, да ги просвети и обрати кон спасението. Додека престојуваше во домот на Мусониј, свети Григориј започна да ги учи незнабошците на познание на вистинскиот Бог. И Бог му помагаше така што не минуваше ниту ден а да не се придобијат човечки души за Црквата Христова. Многу луѓе со жените и децата доаѓаа да го слушаат неговото учење и да ги видат чудесните исцеленија од него. Тој истеруваше зли духови, исцелуваше најразлични болести и од ден на ден бројот на верните се зголемуваше. За кратко време од средствата на луѓето кои поверуваа во Господа, свети Григориј изгради прекрасна црква. Тие сѐ што имаа му даваа за градбата, ги отвораа своите ризници и му ги ставаа на располагање, да зема колку е потребно за црквата, за прехрана на сирачињата и за служење на болните. Така во Неокесарија се ширеше Светата Вера, се рушеше идолопоклоничкото многубожие, идолските храмови се опустошија, идолите се уништуваа, а името на едниот семоќен Бог и Господ наш Исус Христос се величаше и прославуваше среде градот, и со силата Божја преку свети Григориј се случуваа прекрасни и страшни чуда. Но следното чудесно видение, според сведоштвото на свети Григориј Ниски, особено потпомогнало во утврдувањето на Црквата Христова во Неокесарија и умножувањето на тамошниот број на верните.

Во градот, според стариот обичај, се славеше некој сенароден празник во чест на едно од многуте божества. На тој празник се собираше речиси целата област, бидејќи селските жители празнуваа заедно со градот. За време на празникот театарот бивал преполн со народ. Сите се туркале да бидат поблиску до подиумот, за подобро да видат и чујат. Од тоа се стварала силна врева и неред, по што сите викале кон празнуваниот бог да им обезбеди место.

- Зевсе!, - викале незнабошците, - дај ни место!

Кога ги слушна овие неразумни молитви, свети Григориј испрати еден свој службеник да им каже дека наскоро ќе им биде даден поголем простор отколку што бараат. Овие негови зборови се покажаа како тажна пресуда. Веднаш се појави и рашири убиствена чума, плачот ги замени веселите песни, веселбата се претвори во жалост и несреќа, трубите и ракоплескањето му отстапија место на непрекинатиот лелек. Појавената болест се рашири побрзо од очекуваното. Таа ги пустошеше домовите како пожар, та храмовите се наполнија со заразени, кои бараа надеж за исцеление. Околу изворите, кладенците и бунарите се туркаа беспомошните болни, измачувани од жедта. Но, ни водата не беше во состојба да ја згасне температурата од болеста. Многумина сами одеа на гробиштата, бидејќи немаше доволно живи, кои би ги погребале мртвите. Оваа несреќа ги поразуваше луѓето неочекувано. На почетокот таа како привидение се прикрала во домот каде што требало да се појави заразата, па потоа следела гибелта. Од сето тоа на сите им стана јасно дека пакосниот демон ја исполни нивната молба, и преку болеста им го даде злосреќниот простор. Затоа сите му се обратија на свети Григориј, со молба да го запре ширењето на заразата, со силата на Богот Кој го проповеда, Кој сега тие го повикуваат како единствен вистински Бог, Бог Кој владее над сите. И штом заканувачката чума, оној привид, ќе се појавел пред некој дом, домаќинот немал друг избор освен во неговиот дом да влезе свети Григориј и со својата молитва да ја спречи болеста. Кога гласот за тоа брзо се пронесе од оние кои на тој начин први се спасија, тогаш сите оставија сѐ: и пророкувалишта, и очистувалишта, и живеење во идолски храмови и секој се трудеше големиот светител да го внесе во својот дом, за да го спаси своето семејство од поморот. А негова награда за тоа беше спасението на нивните души, бидејќи тие на тој начин очигледно се увериле во силата на светителовата вера, и пристапуваа кон Господа Христа и примаа крштевање. Кога на таков начин беше обелоденета заблудата на идолопоклонството, сите се обратија кон Христа. Едни, приведени со спасувањето од болеста, а други прибегнувајќи кон верата во Христа како претпазителен лек против чумата.

Потоа угледот на свети Григориј уште повеќе се зголеми и сите многу го почитуваа со богобојазлив трепет. Жителите на градот и целата околина, поразени од неговите апостолски чудеса, веруваа дека сѐ што тој зборува и прави, го зборува и прави со Божествената сила. Затоа и во спорните животни прашања тој за нив претставуваше највисок суд. Секој спор и сите тешки и заплеткани работи тие ги решаваа според неговите совети. Така, со неговото благодатно влијание зацарува во градот правичниот мир и никакво зло не ја нарушуваше меѓусебната слога.

Двајца браќа по смртта на својот татко наследија голем имот и мирно го поделија меѓу себе. Но, имаа едно големо езеро, околу кое многу се препираа, зашто и едниот и другиот сакал да го има цело. За судија на нивниот спор го избраа чудотворецот Григориј. Тој дојде кај нив на езерото и вложи многу напор да ги помири, но не успеа. И двајцата беа упорни и ниту еден не сакаше да му го отстапи на другиот својот дел од езерото. По многуте расправии и кавги одлучија физички да се пресметаат, зашто и двајцата имааа свои приврзаници, па светителот ги посоветува да не се испотепаат. Веќе се стемни, па сите се разотидоа и ја одложија пресметката за следниот ден. Светителот остана сам кај езерото, ја помина ноќта во молитва и со Името Господово му нареди на езерото да се исуши и да не остане ниту една капка вода ниту кал, туку земјата да биде погодна за орање и сеење. И се случи така. Водата ненадејно се сокри незнајно каде, и земјата стана сува. Утредента дојдоа двајцата браќа со мноштво вооружени луѓе кај езерото, за преку битка да одлучат на кого ќе припадне. Меѓутоа, тие не најдоа ниту капка вода на местото каде што беше езерото. Земјата беше толку сува и покриена со билки, како таму никогаш да немало вода. Запрепастени од таквото чудо, браќата без да сакаат се помирија и сите Го прославуваа Бога. Таков праведен суд изврши Чудотворецот. Онаму каде што не можеше да има мир меѓу браќата туку претстоеше војна, таму тој го отстрани самиот повод за војната. Го пресуши езерото, за да не пресуши братската љубов.

Во тој крај течеше река наречена Ликос. За време на пролетта таа излегуваше од своето корито, широко се разлеваше и ги поплавуваше околните села, полиња и бавчи, уништувајќи ги посевите и нанесувајќи му огромни штети на населението. Луѓето кои живееја крај неа слушнаа дека свети Григориј има власт над водите (зашто тој му нареди на езерото та тоа пресуши), па се собраа сите, и млади и стари, отидоа кај него, паднаа пред неговите нозе и го молеа да се смилува и да ја скроти реката. Светителот им рече:

- Самиот Бог им поставил граници на реките, и тие не можат поинаку да течат, туку само онака како што Бог им наредил.

А тие уште посрдечно започнаа да го молат. Тогаш светителот стана и појде со нив. Кога дојде на бреговите на нејзино корито, по кое таа течеше кога не поплавува, го забоде таму својот жезол, говорејќи:

- Реко, мојот Христос ти наредува да не ги преминуваш своите граници и да не ги разлеваш своите води надвор од нив, туку мирно да течеш во своето корито меѓу бреговите.

Тогаш жезолот што го забоде веднаш израсна во голем даб, а водите се собраа во своето корито меѓу бреговите. Реката повеќе никогаш не се излевала и не го поплавувала човечкиот труд.

Еднаш светиот Чудотворец намисли да изгради црква на едно прекрасно место близу планината. Кога ги полагаше темелите се виде дека местото е тесно, и беше невозможно да се прошири поради планината, Тогаш светителот застана на молитва. Откако се помоли ѝ нареди на планината, во името на Исуса Христа, да се помести од местото. И веднаш таа се затресе и се помести, та направи место колку што беше потребно за проширување на црквата.

Таква беше верата на овој угодник Божји, та тој и планини преместуваше. И многу незнабошци од ова чудо се обраќаа кон Господа и примаа крштевање од светителот. Славата за него се ширеше на сите страни, заради големите чудеса што се случува од него со силата Божја, со која што беше преполн.

Еднаш од соседниот град Коман дојдоа кај свети Григориј пратеници со молба да ја утврди кај нив Црквата и да им постави достоен епископ. Светителот им ја исполни молбата и остана кај нив неколку дена, утрвдувајќи ги во верата и побожноста. А кога требаше да се избере епископ, на изненадување на сите, светителот им го препорача како достоен на тој висок чин ќумурџијата Александар, кој беше потаен јуродив заради Христа. И навистина, со својот свет и богоугоден живот Александар како епископ стана украс на Црквата Христова.

На враќање некои пакосни евреи сакаа да го исмеат и да покажат дека тој во себе го нема Духот Божји. На патот по кој требаше да помине светителот, тие положија меѓу себе еден гол, како да е мртов, и започнаа да плачат над него. Кога светиот Чудотворец наиде започнаа да го молат да се сожали на умрениот и да му го покрие телото со наметката. Светителот им ја даде наметката и си го продолжи патот. Тогаш евреите започнаа весело да му се потсмеваат, говорејќи:

- Кога во себе би го имал Духот Божји, тој би знаел дека лежи жив, а не мртов човек.

И започнаа да го викаат својот другар да стане. Меѓутоа Бог им се одмазди, така што нивниот другар навистина го усмрти. Мислејќи дека заспал, тие го влечеа да го разбудат и силно викаа, но одговор немаше. Беше мртов. Тогаш започнаа вистински да лелекаат, така што нивната смеа се претвори во плач. Мртвите го погребаа својот мртовец.

Патувајќи низ својата епархија, свети Григориј го проповедаше Евангелието под отворено небо, на собирот на верни во едно место. Сите се восхитуваа на неговите богомудри поуки. При тоа едно мало дете одеднаш започна силно да вика дека светителот не зборува од себе туку дека некој друг стои покрај него и ги изговара зборовите. Но, кога по проповедта го донесоа малиот кај него, тој им рече на присутните дека е опседнат од зол дух, па веднаш го соблече од себе омофорот, дувна во него и го стави врз него. Тогаш тоа започна да се удира, да вика, да се фрла на земјата, како што се случува тоа со бесомачните. Светителот ја стави својата рака врз него и нападите престанаа. Злиот дух го остави, и тоа си дојде на себе и повеќе не зборуваше дека покрај свети Григориј гледа како зборува некој.

Кога за време на незнабожниот Декиј отпочна гонењето на христијаните и излезе царска наредба ширум Римското царство христијаните насекаде да се присилувааат на поклонување на идолите а противниците да се мачат и убиваат, тогаш свети Григориј вака ги посоветува верните:

- Секој што нема сила и дар Божји да ги претрпи лутите маки нека се сокрие, за некој да не се исплаши од маките, па да отпадне од Бога. Подобро е да се сокриете на некое време и да чекате повик од Бога и помош за маченичкиот подвиг.

Откако им даде таков совет на верните, свети Григориј со еден свој ѓакон отиде во пустината и таму се криеше од незнабошците. А кога во градот Неокесарија стигнаа мачителите испратени од царот, тие најпрвин него го побараа, како глава на сите христијани во таа област, за да го подложат на мачење. Некој од незнабошците дознал дека се крие во една планина, ги извести војниците и ги одведе таму. Тие како диви ѕверови побрзаа, а кога светителот виде дека наближуваат и не може да се сокрие, ги крена рацете предавајќи се на Божјата заштита. При тоа на својот ѓакон му нареди да го стори истото. И двајцата стоеја со кренати раце кон небото и се молеа. А војниците по целата планина внимателно ги бараа, но не ги најдоа. Не можеа да ги видат дури и кога поминуваа покрај нив и тоа неколку пати. Кога се вратија му рекоа на оној што ги доведе:

- Никого не најдовме во планината, само видовме две дрва, кои стоеја на кратко растојание едно од друго.

Тој се досети дека овде станува збор за чудо, и лично отрча во планината. Ги најде светителот и ѓаконот како стојат на молитва, падна пред неговите нозе и изрази желба и тој да биде христијанин. Беше удостоен на тоа, та така од гонител стана слуга Христов, и се криеше со останатите христијани.

Еднаш, додека ги извршуваше своите вообичаени молитви кон Бога, свети Григориј многу се вознемири, го спопадна ужас и долго време стоеше неподвижен молчејќи, како да набљудува некоја потресна глетка. По долго време лицето му заблеска, и тој полн со радост започна со силен глас да Му благодари на Бога и да пее победничка песна, воскликнувајќи: „Благословен е Господ Кој нас не нѐ даде во забите нивни да нѐ растргнат“ (Пс. 123, 6). Ѓаконот го праша:

- Која е причината, оче, за таквата промена кај тебе, та час си вознемирен час радосен?

Светителот одговори:

- Видов, чедо, прекрасна глетка. Мало момче се бореше со голем ѓавол, и откако го совлада го собори на земјата и го победи.

Но, ѓаконот не можеше да ги сфати овие зборови. Тогаш светителот повторно му рече:

- Сега едно христијанско момче, на име Троадиј, беше изведено на суд пред мачителот и по многуте тешки маки за Христа беше убиено, и победоносно се искачува на небото. Јас на почетокот бев вознемирен, зашто се плашев маките да не го совладаат, па да се одрече од Христа. Но, сега, кога видов дека го заврши животот со подвигот на мачеништвото и оди на небото, многу се радувам.

Ѓаконот се восхитуваше што светителот одблизу го гледа тоа што се случува многу далеку и започна да го моли својот богоносен учител да му дозволи да појде и со свои очи да го види и дознае тоа што се случило, и да не му забрани да остане извесно време на местото каде што се одиграл тој чудесен настан.

А кога светителот го предупреди дека е опасно да оди меѓу убијците, ѓаконот со вера одговори дека тој и покрај тоа е подготвен да појде, со надеж во неговите молитви.

- Довери ме на Бога - му рече тој - и никаков страв од непријателот нема да ме допре.

И кога свети Григориј со својата молитва го водеше ѓаконот, со помошта Божја, како некој сопатник, тој го заврши патувањето без да се крие од оние што ги среќаваше. Приквечер стигна во градот и онака уморен реши да се искапе во бањата. Но, во таа бања живееше демон, чија погубна сила дејствуваше врз оние кои во ноќната темнина ќе се доближеле таму и усмртувал многумина. Поради тоа по зајдисонце никој не одел таму. Ѓаконот го замоли чуварот да му отвори и да му дозволи да се искапе, но чуварот го уверуваше дека секој што влегол во тоа време не излегол неповреден. Напротив, демонот на сите такви им наштетил. Многумина западнале во неизлечиви болести. Но, ѓаконот уште поупорно настојуваше и чуварот му го даде клучот и се оддалечи. Кога се соблече и влезе во бањата, демонот започна да употребува против него разни заплашувања и привиденија, но тој се заштити со крсниот знак и призивајќи го името Христово, го помина првиот дел од бањата без никакви повреди. А кога влезе во внатрешниот дел, го опкружија уште поужасни привиденија. Но, тој со истото оружје ги отфрли и тие вистински и привидни страшила. Најпосле, кога веќе излегуваше, демонот се обиде да го задржи насилно и му ја заклучи вратата. Но, со помошта на крстниот знак вратата беше отворена. Тогаш демонот повика кон ѓаконот со човечки глас, да не ја смета за своја силата што го избави од смртта, зашто го сочувал неповреден гласот на оној, кој го довери на заштитата Божја.

Откако така се спаси, ѓаконот ги вчудоневиди службениците на оваа бања, и им раскажа сѐ што му се случи внатре. А од нив дозна за сјајните подвизи на маченикот, кои се случиле во градот токму онака како што за тоа однапред раскажа светиот Чудотворец. И се врати ѓаконот кај својот наставник, откако им остави на луѓето и за во иднина општо заштитно средство, кое се состои во тоа, секој преку свештениците да се доверува себеси на Бога.

Кога престана гонењето, свети Григориј се врати на својот престол, ги собра верните и започна да го воспоставува нарушениот поредок. Пред сѐ воспостави празнување на споменот на светите Маченици, кои пострадале за време на гонењето. И славата Христова се ширеше, а демонското многубоштво пропаѓаше со ревноста на свети Григориј, кој не престануваше да се труди во проповедањето на Евангелието Христово, сѐ до самиот свој крај, со учењето и чудотворењето приведувајќи ги кон Бога жителите на Неокесарија и нејзината околина. Ги приведе кон вистинската вера, ги исчисти од идолските жртви, а ги освети со бескрвната жртва. Најпосле, во длабока старост се доближи до својот крај. Пред своето заминување од овој живот, тој ги праша присутните:

- Уште колку незнабошци има во Неокесарија?

Му одговорија:

- Има само седумнаесет незнабошци, инаку целиот град верува во Христа.

Светителот рече:

- Му благодарам на Бога! Кога дојдов во Неокесарија за епископ, токму толку христијани затекнав, само седумнаесет, а сиот град беше демонски. Сега пак, кога заминувам кај Бога, останаа онолку незнабошци колку што затекнав христијани, а целиот град е Христов.

Откако го рече тоа ја предаде својата душа во рацете Божји. Така свети Григориј, Чудотворецот Неокесариски, богоугодно поживеа и побожно се упокои. По неговите свети молитви нека Господ и нам ни подари добар крај. Амин.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИКОН РАДОНЕЖСКИ

Преподобниот Никон е роден во градот Јурјев, недалеку од обителта на преподобниот Сергиј Радонежски. Неговите родители беа побожни, и тој од мал беше воспитуван во законот Божји. Уште во детството слушал за ангелскиот живот на преподобниот Сергиј, кој со браќата се подвизувал во манастирот близу градот Радонеж. Славата за неговите подвизи се ширела надалеку, и стварала умиление во душата на Никон. Срцето му горело од желба да го види овој свет маж и да го поддржува неговиот живот. Со скрушено срце и ронејќи обилни солзи, Никон огнено Го молеше Господа Бога:

„Боже и Господи, Царе вечен и милосрден, удостој ме да го видам овој свет маж и да го следам целиот живот, да се спасам и јас заради него и да бидам достоен на Твоите вечни богатства, ветени на оние што Те љубат“.

И наскоро Никон го остави домот и родителите и поита во обителта на преподобниот Сергиј. Падна пред неговите нозе и започна срдечно да го моли да го замонаши. Кога ја виде благоразумноста и душевната чистота на момчето, преподобниот веднаш многу го засака. Го провиде во него идниот светилник на Божествената светлина, и не го остави без проба туку постапи со него како некогаш свети Евтимиј Велики со свети Сава Осветен, кога тој како момче дојде кај него. Тој не го прими Сава во својот манастир туку го испрати во далечен манастир кај својот соиспосник, преподобниот Теоктист. Така и преподобниот Сергиј го испрати момчето Никон кај својот ученик Атанасиј Висоцки, оснивачот на Серпуховскиот манастир, маж познат по доблесниот живот и искусен во монашките подвизи.

- Оди без никакво предомислување, - му рече тој на момчето, и ако Му е угодно на Бога, ти таму ќе се замонашиш.

Никон со смиреност ја прими ваквата наредба, и горејќи од љубов кон Бога, веднаш тргна кај блажениот Атанасиј. Кога стигна во неговата обител, пристојно пријде до вратата од неговата ќелија и тивко затропа. Преподобниот го отвори прозорчето и го праша:

- Што сакаш и кого бараш? Старецот го сакаше молитвеното тихување и не излегувал често од својата ќелија. Момчето му се поклони до земја и одговори:

- Голем аво, блажениот Сергиј ме испрати кај тебе, ти да ме облечеш во монашкиот чин.

А старецот, без да го погледне, строго му рече:

- Ти не можеш да бидеш монах! Монаштвото е голема работа. Ти си млад а правилата на старците се сурови!

Момчето одговори:

- Оче, не се сите луѓе еднакви. Ти само прими ме, а времето ќе покаже дали јас можам да ги поднесам тешкотиите на монашкиот живот.

Старецот продолжи:

- Многумина доаѓале овде, но стануваа мрзливи и не можеа да ги издржат тешкотиите на испосништвото и воздржанието, и бегаа одовде. Еве, и тебе ти велам дека не ќе можеш да живееш овде. Оди на друго место и предај му се на постот.

Додека ги слушаше овие зборови, полно со Божествен оган во душата, момчето со солзи му вети на старецот дека трпеливо ќе ги поднесува сите неволји. Старецот ги виде неговите солзи и огнена желба за монаштвото, го внесе во својата ќелија и му се обрати со поука:

- Чедо, нека не те навредува тоа што ти го реков. Монашкиот подвиг е голема работа. Монасите се нарекуваат доброволни маченици, и нивното мачење е двократно. Многу маченици откако страдаа кратко време, го примија својот крај. А монасите во текот на целиот свој живот трпат страдања, и макар што не добиваат рани од мачителите, сепак, виткани од телото и војувајќи со мислените непријатели, страдаат до последниот здив. Затоа, сине мој, ако сакаш да Му служиш на Господа, подготви ја својата душа, за да можеш со трпение да ги поднесуваш сите искушенија и страдања, причинувани од ѓаволот.

Тогаш момчето падна пред неговите нозе и одвај изговори:

- Смилува се на мене!

Старецот го подигна и рече:

- Стани, чедо! Господ ќе те упати на патот на заповедите Негови. Ти го реков сето тоа затоа што сум грешен човек, иако сум зел на себе раководства на делото Божјо. Сега твојата желба ќе биде исполнета.

Откако го рече тоа старецот се помоли и го облече Никон во монашкиот лик.

Преподобниот потоа го обучуваше младиот монах во добродетелите и го поучуваше да ги поднесува сите страдања кои водат кон Бога, трудејќи се душата да му ја исполни со храброст и крепост и служејќи му во сѐ како пример. А Никон, занимавајќи се со молитвата под негово раководство, напредуваше во доблестите, во подвизите на постот, во недремливото стражарење над себе. Тој ги чуваше чистотата, смиреноста, кротоста и срдечно го изучуваше Светото Писмо. Кога ја виде таквата внимателност кај момчето монах, преподобниот Атанасиј татковски се грижеше за него. Го поттикнуваше на понатамошните подвизи и со тоа му припомагаше во неговото постепено монашко усовршување.

Како зрел човек, Никон по желба на преподобниот и сите браќа беше одликуван со свештеничкиот чин, како достоен да биде претставник пред Бога. А сјајниот Никон, удостоен на двократна благодат со примањето на свештеничкиот чин, започна да пројавува уште поголема ревност за подвизите на побожноста.

По некое време во него пламна несовладлива желба повторно да го види големиот старец и подвижник свети Сергиј, за да добие од него благослов и богомудро поучување. Тој со огнена молба му се обрати на преподобниот Атанасиј, откако ќе се помоли на Бога, да го отпушти со мир од обителта. Преподобниот не го задржување. Се помоли за него и го отпушти од себе.

Кога дојде во лаврата на преподобниот Сергиј и го здогледа богоносниот отец, Никон со врели солзи падна пред неговите нозе и бараше благослов од него. Тој не само што го прими со радост како посетител туку и го задржа кај себе.

Потоа му нареди со голема внимателност да им служи на браќата во обителта. Никон со сето срце ги извршуваше наложените послушанија, неуморно занимавајќи се со молитвата и бдеењето. За таквите подвизи и побожно живеење преподобниот Сергиј му укажа исклучителна љубов и доверба. Го одреди да живее во иста ќелија со него. Тука, во разговорите со богомудриот наставник, преподобниот Никон најде за себе највисока школа на духовната философија, и во блискиот пример на светителот нов поттик за подвизи во доблестите. Во светителовото проѕорливо раководство и силната молитва Никон наоѓаше сила за отстранување на искушенијата, закрепнување од немоќите и рајска утеха во оваа заедничка молитва. Со срце преполно со љубов, преподобниот Сергиј беше за Никон отворен извор, од кој се излевале врз него благодатна светлина и мир. Но и верното срце на Никон кон преподобниот Сергиј беше целосно отворено: тој на својот духовен отец му ги откриваше сите свои помисли и намери, за никаков сомнеж или смутеност да не ја помрачи чистотата на неговата совест. И така Никон, како дрво засадено крај поток, примајќи ги со вера учителовите совети и поучувања, покажа во своите дела обилни плодови на доблестите.

Мудриот наставник со внатрешните очи ја предвидуваше пресветата благодат која требало да заблеска во Никон и намисли да го постави за настојател на обителта на своето место. Затоа прво му пренесе дел од своите грижи за браќата, поставувајќи го како прв по настојателот. Ова ново служење Никон го извршуваше со сето внимание и будност, неприканато трудејќи се за доверените браќа, и кон секого се однесуваше со љубов и татковска грижа. Кога во Никон најде таков раководител за браќата, блажениот Сергиј многу се радуваше. Најпосле, шест месеци пред своето претставување, тој го повика, и пред сите, како на искусен водач му ја довери грижата за манастирот и браќата.

Иако Никон не сакаше да ја прими таа тешка должност, сепак не се осмели на непослушност кон својот духовен наставник, ја прими како послушен син и со смиреност се покори на неговата наредба.

Наскоро потоа преподобниот Сергиј отиде кај Господа. Огромна тага го исполни срцето на верниот ученик. Тагуваше и многу солзи лиеше, и обраќајќи му се на својот свет учител како на жив, тој говореше:

„Ти замина, преподобен оче, ти, кој беше сета моја надеж! Во кого јас, после Бога, ќе најдам прибежиште и утеха?“

И ги прегрнуваше неговите свети мошти на одарот и попрво сакаше да биде погребан со него отколку да се раздели од него.

Со голем плач и ридање браќата го погребаа светото тело на својот учител и преподобниот Никон го прими старешинството над лаврата. Тој одлучи точно да исполнува сѐ што вовел и заповедал големиот оснивач на обителта свети Сергиј. Работејќи со браќата, како настојател на обителта тој се грижеше и трудеше за секого. Тие што напредуваа во служењето на Господа ги поттикнуваше да не ослабат во своите подвизи. А пак негрижливите и мрзеливите со тага ги поучуваше да не забораваат дека се одрекле од светот и додека се грижат за своето спасение не треба да се подаваат на световните грижи, за да не ја изгубат вечната награда. Имаше обичај да ги посетува сите места каде што работеа монасите, поттикнувајќи ги и советувајќи ги со трпение да работат, и при тоа самиот им беше пример со тоа што работеше заедно со нив. Со својата кроткост, со својата татковска грижа за браќата, мудроста во управувањето и советите, преподобниот Никон не само што ја стекна почитта и љубовта од нив, туку славата за него се пронесе надалеку, и името Никон како „некое осветување“ се славаше насекаде, по градовите и селата. Кај него одеа многу побожни и угледни луѓе за душекорисни поуки. Тој сите ги примаше со татковско благорасположение, јавувајќи се како голем духовен лекар.

Меѓутоа преподобниот, кој над сѐ го сакаше испосничкото тихување и молитвата во осаменост, не дозволуваше да биде заведен од човечката слава, која ја чувствуваше како огромен товар. Уверен дека оној што сака да ја твори волјата Божја мора пред сѐ да ги презира и мрази сите соблазни на овој свет, тој започна да се повлекува од управата на својата паства, и најпосле се затвори во осаменичка ќелија. Браќата многу тагуваа поради тоа, не сакаа да ги напушти и со солзи го молеа да не ги остава. Но, беше непоколеблив, и само ги молеше да не му го кинат срцето со своите молби. Браќата престанаа да го задржуваат, знаејќи дека тој не се повлече заради одмор туку од желба за поголеми подвизи и богочезниво осаменичко молитвено тихување. Тие си избраа еден од учениците на име Сава, блескав во доблестите, и со благословот на блажениот го назначија за свој игумен.

Шест години живееше преподобниот Никон во осаменичко молитвено тихување, додека со паствата ревносно управуваше преподобниот Сава, помаган со молитвите на блажениот Сергиј. Но, по шест години и преподобниот Сава го остави старешинството. Тогаш браќата отидоа кај преподобниот Никон и со солзи го молеа повторно да го превземе раководството над нив. Тие му говореа:

„Не ти доликува, оче, да бараш корист само за себе, како единка. Погрижи се и за спасението на ближните“.

Оваа неотстапна молба на монасите и нивната љубов го натераа да се раздели од омилената осаменост, и прифати, но под услов да му дозволат секој ден извесно време да поминува во осаменичките подвизи на молитвата.

Тивко и богоугодно течеше животот во светата обител. Блажениот Никон неуморно живееше во молитвено бдеење, поучувајќи се од зборовите Божји во светоотечките книги. Но, започнаа да се шират гласини за наезди врз руската земја од дивите орди на свирепиот Едигејг. Наближувањето на татарските орди ја доведувало до ужас и трепет цела Русија. Преподобниот Никон огнено се молеше за избавување од лошиот непријател, повикувајќи го во молитвите големиот оснивач на обителта свети Сергиј, тој да ја простре својата молитва пред престолот на Владетелот над сите Христос, светата обител да не ја предаде во рацете на нечестивите агарјани да ја опустошат. И една ноќ, кога седна да се одмори по молитвените трудови и беше во полудремка, или лесен сон, одеднаш видел како кај него влегле светите Петар и Алексиј, во придружба на преподобниот Сергиј, кој му се обратил:

„Таква е волјата Божја, да се случи оваа наезда на иноплемениците и да го зафати ова место. Но, ти, чедо, не тагувај, биди храбар. Искушението ќе биде краткотрајно и манастирот нема да се запусти туку уште повеќе ќе се прошири“.

Потоа го благословиле и станале невидливи. Кога си дојде на себе, Никон брзо стана и отиде до вратата, но таа беше заклучена. Отклучи и излезе, и ги виде светителите како се оддалечуваат од ќелијата кон црквата. Тогаш му стана јасно дека ова не е сон туку вистинско видение.

Со покорност на волјата Божја, преподобниот го очекуваше исполнувањето на претскажаното. Наскоро варварите ја поплавија со своите орди руската земја, стигнаа и до обителта на преподобниот Сергиј, и сѐ во неа срушија и запалија. Преподобниот и браќата, предупредени од небото, благовремено заминаа понесувајќи со себе некои светињи и келиски работи. Така беа сочувани некои книги и работи на преподобниот Сергиј, кои се чуваат и до денес.

Кога опасноста мина, преподобниот и браќата се вратија назад. Манастирот беше запален до темел и светото место осквернето од неверниците. Но, тој не беше тажен и не попушти во подвизите. Спокојно започна да работи на изградбата на манастирот. Како добар пастир најпрвин ги собра расеаните браќа и со нив ги градеше манастирските градби, кои беа готови за три години, неопходни за монашкото општожитие. За заедничките молитви најпрвин се собирале веројатно во трпезаријата. Истовремено преподобниот брзаше со градбата на дрвениот храм, во име на Животворната Троица, кој беше осветен на 25 септември 1411 година, на денот на претставувањето на преподобниот Сергиј.

Кога гласот за нивното враќање и за обновата на манастирот се разнесе по околните места, кај него отсекаде започнаа да се собираат многу монаси и мирјани. Преподобниот сите ги примаше со татковско расположение, и како добар пастир за секого посебно се грижеше, на секој му даваше корисни поуки. Манастирот по својот препород сѐ повеќе се ширеше. Завршниот градежен подвиг на ревносниот игумен Никон беше тоа што подигна и камена црква, во име на Животворната Троица, над гробот на својот учител свети Сергиј.

На самиот почеток на градбата, при копањето на темелите за црквата, се случи наоѓањето и прославувањето на негнилежните мошти на преподобниот Сергиј. Ова пронаоѓање на моштите на големиот учител, преподобниот Никон го прими како радосен венец и скапоцена награда за својот труд и трпение. При општото ликување, светите мошти беа положени во нов кивот и привремено поставени во дрвената црква, додека не им биде подготвено место во камената црква. Како место за покој на моштите на преподобниот Сергиј, новата црква се градела и украсувала со побожна љубов и сесрдни молитви. За нејзината градба преподобниот собра мудри неимари и искусни каменари, кои со Божја помош брзо ја завршија. Новата црква беше осветена, и при нејзиното осветување беа пренесени и сместени во неа светите мошти на преподобниот Сергиј. Како дело на светителите и почивалиште на преподобниот Сергиј, оваа прекрасна црква постои низ вековите, осветувајќи ги и сега сите кои се молат во неа, и рацете на нечестивите непријатели не се допреле до неа.

Блажениот Никон се трудеше и за внатрешното украсување на црквата и фрескописот по ѕидовите, За таа цел тој повика двајца монаси испосници, познати по доблесниот живот, Данил и Андреј, кои беа искусни иконописци. Со нивниот труд и под нивно раководство црквата беше восхитувачки украсена со иконопис. За тоа преподобниот Му принесе благодарност на Бога и говореше:

„Ти благодарам, Господи, и го славам пресветото име Твое, што не си ги презрел молбите мои, туку мене, недостојниот, си ме удостоил да го видам ова со своите очи“.

Во тоа време беше навлегол во длабока старост, но ревноста и бодроста на духот не го напуштаа, и телесната немоќ не ја ослабуваше строгоста на неговите подвизи. Достигна совршенство во подвизите, ги поседуваше сите видови на богатства со кои човек се богати во Бога. Тој како да гореше со незадржливо тежнеење кон животот по Бога. Храна му беше воздржанието, богатство му беше сиромаштвото, а неговото старечко тело беше покриено само со една власеница.

Најпосле наближи неговиот овоземен крај. И од староста, и од големите испоснички подвизи и најразлични болести, се истроши неговото тело и многу западна. Однапред дозна за близината на своето заминување кај Господа, и нареди да се соберат браќата. Кога го опкружија неговиот одар, стоејќи со солзи, преподобниот се подигна малку и им искажа последно поучување. Тој им остави завет да го држат востановениот поредок во манастирот на дневните и ноќните молитви; да не излегуваат често од манастирот; да имаат трпение во искушенијата; да ги слушаат старешините во манастирот; да го мразат неработењето, како гнездо на пороците, а да го сакаат трудољубието, соединувајќи го со пеење на свети псалми; со радост да го негуваат молитвеното тихување, зашто тоа е мајка на сите доблести и води кон совршенство. Спојувајќи со тоа и поука за човекољубието, тој ги завети браќата: „Ако е возможно, никого не отпуштајте од себе со празни раце, за незабележливо да не покажете презир кон самиот Христос, Кој ви се јавил како обичен просјак. Стражарете и непрестајно молете се, Господ и вас да ве сочува неповредени од непријателот, и вие да го сочувате заветот на целомудрието и послушноста, согласно со моите совети“.

Потоа замолкна. И во видение, до разделувањето на душата од телото, нему му било покажано местото на идното упокоение, заедно со преподобниот Сергиј. Не откривајќи го тоа јасно на браќата, според својата смиреност, блажениот Никон на самото издивнување неочекувано рече:

„Однесете ме во светлата палата што ми е подготвена по молитвите на мојот отец. Не сакам повеќе да останам овде“.

Откако го рече тоа се причести со Пречистите Тајни на Телото и Крвта Христови. Потоа ги предупреди браќата за близината на својот крај и рече:

„Ете, браќа, јас се разрешувам од телото и заминувам кај Христа“.

Им даде последен благослов и си рече:

„Излези душо моја, таму каде што ти е подготвено да живееш. Оди со радост, Христос те вика“.

Се осени со крстниот знак и со молитвата ја предаде на Господа својата чесна и трудољубива душа. Тоа се случи на 17 ноември 1428 година.

Како настојател преподобниот Никон помина триесет и шест години, без да го наруши со нешто монашкиот подвиг, богоугодно раководејќи ги браќата и учејќи ги на високите подвизи на доблестите. Браќата многу тагуваа за него. Го испратија со пеење на псалми и надгробни песнопеење, и со почести, како што му доликува на почитуваниот отец, го предадоа неговото чесно тело на земјата. Го положија близу кивотот на преподобниот Сергиј, каде и до денес се врши спомен над нив, во слава на Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух.

За своите големи подвизи и светиот живот, преподобниот Никон беше удостоен од Господа за време на животот на дарот да предвидува, а по смртта на дарот на чудотворството. Од многуте негови чудеса ќе спомнеме само неколку.

Еднаш преподобниот имаше намера еден од своите монаси, на име Акакиј, да го испрати во едно село, кое ѝ припаѓало на обителта на свети Сергиј. Но, Акакиј не го послуша и рече:

- Јас не се одреков од светот, за да одам по градовите и селата!

Преподобниот долго го молеше, но тој никако не сакаше да ја изврши наредбата на својот игумен. Тогаш тој му претскажа:

- Внимавај, Акакиј, да не ти се случи и без да сакаш да мораш да живееш таму. Тогаш ќе добиеш казна за својата непослушност.

Наскоро потоа преподобниот се претстави а Акакиј беше заборавил на својата непослушност и претскажувањето на светиот отец, па отиде во селото каде што го испраќаше порано. И таму ненадејно го стигна Божјиот суд, претскажан од светителот. Тој скрена со умот, та браќата го вратија назад во манастирот. Тука му се јави свети Никон, и држејќи во рацете жезол, прекорувачки му рече:

- Акакиј! Зарем си се одрекол од светот за да одиш по градовите и селата?

Тогаш го обзеде голем страв, и започна бесно да вика. Се наоѓаше во така тешка состојба неколку дена, седејќи покрај кивотот на преподобните Сергиј и Никон и со плачење се молеше да му се отпушти гревот. И браќата се молеа за него. И со благодатта Христова, а по молитвите на светите, Акакиј доби отпуштање на својот грев и се исцели. За сето тоа самиот низ солзи им раскажуваше на оние што го прашуваа.

За време на својот живот на земјата преподобните Сергиј и Никон беа многу блиски. Таа меѓусебна блискост не ги напушти ни во вечниот живот, зашто љубовта на светите како љубов Божествена, не подлежи на законот на времето. Тие заедно многу пати се јавувале и заеднички чудотвореле.

Еден жител на Москва, на име Симеон, кој се беше родил со претскажување на светителот, се разболе толку страшно, што не можел ни да се помрдне, ни да заспие, ни да се храни. Едноставно, лежел во постелата како мртовец. Додека така се мачел, една ноќ започнал да го повикува на помош свети Сергиј:

- Помогни ми, преподобен Сергиј! Спаси ме од оваа болест! Уште додека беше на земјата ти си бил толку милослив спрема моите родители и си им го претскажал моето раѓање. Не заборавај ме и мене, кој се мачам во оваа тешка болест!

И веднаш пред него застанале двајца старци. Едниот од нив бил свети Никон. Болниот веднаш го препознал, зашто лично го познавал. Тогаш му беше јасно дека другиот е лично свети Сергиј. Прекрасниот старец го прекрсти болниот, после што му наложи на Никон да ја земе иконата која се наоѓа крај постелата. А таа икона некогаш му ја беше поклонил на Симеон самиот свети Никон. Потоа на болниот му се стори како целата кожа да му се раздели од телото. Светителите станале невидливи. Во тој момент Симеон почувствувал дека е потполно здрав. Се крена од постелата и повеќе никој не го придржуваше. Тогаш сфати дека не му паднала кожата туку болеста го оставила. Неговата радост беше голема. Кога стана започна огнено да им благодари на свети Сергиј и свети Никон, за своето неочекувано и толку прекрасно исцеление.

Особено многу чуда извршија свети Сергиј и Никон за време на опсадата на Троицкиот манастир од страна на Полјаците, под предводништвото на Лисовски и Сапјег, кога светата обител доживеа од непријателот многу несреќи. Светителите честопати заедно им се јавувале не само на опсадените, бодрејќи ги и крепејќи ги во надежта во помошта Божја, туку и непријателите ги заплашувале и им се заканувале со гневот Божји. Многу од опсадените и нивните военоначалници гледале како по манастирските бедеми одат двајца блескави старци, подобни на Сергиј и Никон. Едниот ги кадел бедемите а другиот ги попрскувал со света вода.

Еднаш, кога за време на таа опсада на манастирот се јавиле глад и други разни оскудици и болести, свети Никон му се јавил на сон на црковникот Иринарх и му рекол:

- Кажи им на сите болни дека оваа ноќ ќе падне снег, и сите кои сакаат да се исцелат од болестите нека се мијат со тој снег.

Иринарх со трепет се разбуди и утредента им раскажа на сите што му рече чудотворецот Никон. И навистина преку ноќта падна снег, и секој што со вера се миеше со него веднаш оздравување.

Еве и еден понов случај, од 1864 година. Во манастирската болница жестоко страдаше од нервна треска расофорниот послушник Гаврил. Неколку дена тој се наоѓаше во бессознание, та сите мислеа дека нема да преболи. Ноќта, во очи на празникот на преподобниот Никон, видел тој како душата да му се разделува од телото и брза во некаква бездна. Тој мислено започнал да ги моли преподобните Сергиј и Никон да го вратат во живот, за со покајание да се подготви за вечноста а пред очите на сите лежеше неподвижен во бессознание. Одеднаш гледа тој како да се отвора вратата и влегуваат двајца блескави мажи старци. Едниот со жезол, и во него го препознава свети Сергиј, а во другиот преподобниот Никон. Преподобниот Сергиј му посочува со жезолот на преподобниот Никон кон болниот и вели: „Помогни!“ Преподобниот Никон приоѓа, и со самото доближување го исполнува болниот со сила и радост. Тогаш болниот се раздвижи, се прекрсти, а преподобните Отци станаа невидливи. Гаврил се освести. Болеста исчезна, остана само истоштеноста.  

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛАЗАР ИКОНОПИСЕЦОТ

Преподобниот Лазар живееше во Цариград и од рана младост стана монах и им се посвети на монашките подвизи. Од младоста водеше суров живот, живеејќи во пост и молитва. Но, првенствено се занимаваше со делата на милосрдието, хранејќи ги гладните и облекувајќи ги голите. За својот подвижнички и побожен живот беше удостоен на свештеничкиот чин. Тоа беше за време на царувањето на византискиот цар Теофил. Во негово време преподобниот претрпе и маки за својата ревност кон иконопочитувањето. Посветен да Му служи на Бога, Лазар ја изучи иконописната уметност и ревносно се занимаваше со цртање на чесни икони во слава на Бога, Пречистата Мајка Негова и Светителите Негови. А пак царот Теофил беше иконоборец. Сите почитувачи на светите икони тој ги подложуваше на гонења, а иконописците ги присилуваше да плукаат на иконите и да ги газат. Преподобниот Лазар како иконописец беше фатен и подложен на испрашување за верата. Но, залудно се трудеа да го придобијат кон иконоборното зловерие, и со ласкави ветувања и со закани. Лазар остана непоколеблив. Потоа започнаа немилосрдно да го тепаат, па го фрлија во темница, каде светиот маж продолжи да изработува свети икони. Тогаш беззакониот мачител нареди да му ги пржат прстите со вжештени железни плочки, за целосно да го онеспособат за работа. При тоа му се закануваа со смрт. Неговиот живот беше спасен од тешките маки со застапувањето на царицата Теодора. Кога беше ослободен, преподобниот Лазар најде прибежиште во црквата на свети Јован Крстител, и таму изработи икона, која брзо стекна чудотворна слава. А кога Теофил умре, преподобниот започна непречено да изработува свети икони. При тоа ни најмалку не се сеќаваше на злото, туку дури и се молеше за својот мачител.

За време на царувањето на Михаил III, синот на Теодора и Теофил, тој беше член на делегацијата, испратена кај римскиот папа Бенедикт III, за прашањата на иконопочитувањето. Во Рим патувал по втор пат, со истиот повод и при враќањето од Рим се упокои. Неговите чесни остатоци беа пренесени во Цариград и погребани во црквата на свети Евандар.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ: ЗАХАРИЈ кожарот и ЈОВАН

Некој богат и познат човек, на име Јован, ги презре сите сласти на овој свет и водеше смирен и монашки живот, занимавајќи се со Божествените дела. Се трудеше да Му угоди единствено на Бога, постојано беше во молитва и молење, и непрестајно се трудеше за сѐ поголеми подвизи. А згора на сето тоа неговата најнеопходна работа беше по цела ноќ да бдее по храмовите Господови. Така една ноќ, тој во Цариград појде во големата црква Света Софија, но ги најде вратите на црквата затворени. Седна на една клупа во близина изморен, и седејќи ги читаше своите молитви со тивок глас. Одеднаш здогледа светлина која доаѓаше кон храмот. Добро се загледа и виде еден пристоен човек, кој ја следеше таа светлина. Израдуван од глетката, Јован се сокри, сакајќи што подобро да види што ќе прави човекот. А кога појавениот стигна пред затворените врати на храмот Света Софија, клекна на прагот и долго се молеше. Потоа ги испружи рацете и ги прекрсти вратите, и ете ти чудо! Вратите во тој момент сами се отворија и со светлината влезе и тој чудесен човек. Кога влезе, клекна пред иконата на Пресвета Богородица. Потоа стана, ја отвори втората врата, влезе во папертата кај прекрасните сребрени врати, па и таму долго се молеше. Потоа тие прекрасни врати ги отвори со крстниот знак, и така влезе во храмот, сиот блескајќи во светлина. Кога дојде до средината на храмот, ги крена рацете кон небото и се молеше на Бога. По молитвата се врати назад во притворот на храмот. И штом излезе од црквата, вратите со дејството на силата Божја сами се затворија.

Блажениот маж Јован стоеше и внимателно набљудуваше кај ќе појде тој божествен човек, и бидејќи тргна по истиот пат, тргна по него за да види каде се крие тој скапоцен бисер Божји. Скршнувајќи малку од патот кон скалилата на светиот маченик Јулијан, тој Божји човек пријде до една многу мала куќичка, тропна на вратата и со тивок глас рече: „Марија!“ Жената му ја отвори вртата и тој влезе. Тогаш и светлината што му го осветлуваше патот исчезна. А пак неговата жена ја запали ламбата од кандилото и му ја принесе на својот маж. А тој ниту прилегна на постелата ниту на некој друг начин му даде одмор на своето тело, туку веднаш седна на работа, бидејќи беше кожар и шиеше кожи. Тогаш блажениот Јован, кој го следеше, без колебање влезе во куќата на тој слуга Божји, падна пред неговите нозе, со солзи ги залеваше и говореше:

- Немој да криеш од мене кој си и какво е твоето возвишено живеење, та правиш извонредни чуда, кои со свои очи ги видов.

А смиреноумниот богоугодник рече:

- Прости ми, старче, заради Господа. Јас сум грешен човек и немам никакво добро дело. Кој сум јас простакот? Или, од каде јас простакот го изучив возвишениот начин на живеење, за кое ти зборуваш? Јас сум само сиромашен занаетчија на најбезначајниот занает. Си се прелагал човеку, се се прелагал. Ти си видел привидение а не вистинитост.

Тогаш старецот на солзите додаде нови и не престануваше да го заколнува во Бога смерниот кожар, да му ја открие својата преславна доблест. И говореше:

- Ако не е дело на Промислата Божја да се обелодени твоето живеење, тогаш јас, најмалиот, не би бил удостоен да видам такви тајни.

Чудесниот човек, притеснет од заклетвата, стана, направи метанија пред старецот, па започна да му зборува вака:

- Знај добро, брате мој, јас никаков подвиг не извршив на земјата. Напротив, се тркалам во гревови и се валкам, и главна грижа ми е грижата за телото. Но Бог, според Својата добрина, ми даде во умот страв од пеколот. Откако ја зедов оваа жена, која ја гледаш, не ја осквернивме чистотата на телото, туку ние двајца се договоривме и ја чуваме девственоста. И тоа го криеме, говорејќи дека мојата жена е неротка. А ние, од љубов кон Господа, а со помош Негова, до денес ја чуваме чистотата на душата и телото. А поради тешката заклетва, со која ме заколна, ќе го додадам и ова: сиот наш имот не изнесува повеќе од три ипол сребреника. Со тоа купувам кожи и го работам својот занает. Изработувам чевли и тоа што ќе го заработам го делам на два подеднакви дела: првиот и главен дел го посветувам на Христа, давајќи го на Христовите браќа - сиромасите, а вториот дел го трошам за нашите потреби. И така секојдневно живееме и го имам постојано пред очите Страшниот Судија, Кој ќе дојде, и се сеќавам на испрашувањата на кои ќе ме подложат ѓаволите на митарствата.

Кога го слушна ова кажување, Јован беше запрепастен од чистиот и блажен живот на блажениот Захариј (така се викаше овој богоугодник), и многу го пофали. Потоа се целиваа еден со друг и до земја се поклонија, па свети Јован си замина од домот на блажениот Захариј радосен и весел, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за големите чудеса што ги виде. А блажениот Захариј, вистински смирен, за да ја одбегне лажната слава човечка, ја остави својата куќа и замина, незнајно каде.

Блажениот Захариј и прекрасниот Јован стекнаа херувимски ум со бдението.

ПРЕПОДОБЕН СТАРЕЦ АРСЕНИЈ (МИНИН)

Старецот Арсениј ја возљубил Света Гора со сето свое срце. Таму нашол приватност и строг монашки статус, раководство од опитни во делото на спасението старци и богати библиотеки. Но, Господ одредил старецот поголемиот дел од животот да го проживее во Русија и да се упокои во Москва.

Во 1862 година отец Арсениј бил благословен от Атонските старци да тргне на пат за Русија, со цел собирање на средства за манастирот. Од тогаш па натаму старецот ќе живее во Русија, каде што подоцна ќе изгради во Москва параклис, во чест на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, ќе го основа и развие издаваштвото на книги „Света Гора“.

Во Москва, во храмот на Богојавленскиот манастир а потоа и во Светогорскиот параклис, старецот имал многу духовни чеда И уште повеќе такви за кои што се молел.

Мирниот и љубовен израз на лицето на старецот неволно влевало духовна топлина во срцето на страдалникот. Вообичаено молчалив, кога било потребно старец Арсениј излевал огромен поток од духовно слово. Словото му било силно, бидејќи било засновано и на духовниот опит на богомудрите отци на Црквата и на нивните поуки и поткрепено од сопствениот опит.

Старецот умеел веднаш да ја види духовната состојба на човекот, дојден кај него за духовна помош, а со тоа и да го даде на секого неопходниот лек.

За време на исповед целото негово битие некако се преобразувало - лицето му сјаело со неовоземна светост и умиление, а неговата вдахновена уста со небесна радост искажувала благодатно простување на гревовите.

Старецот како целиот да светел со небесна благодат и при неговата разрешителна молитва се чувствувала таква неискажлива радост, која не може да се опише со зборови.

Неговото смирение било неверојатно. Тој секогаш се сметал за најголем грешник. Се смутувал од тоа што среде најразличните занимања, далеку од Света Гора, не може целосно да го исполнува нејзиниот устав на монашкиот живот. И се трудел да го замени тоа нарушување на уставот со дела на христијанската љубов.

Огромните средства, кои што му биле давани од богатите почитувачи што го опкружувале, веднаш биле раздавани на оние што имаат потреба, среде бедните, среде оние што ги снашле несреќи. Ниту еден општествено полезен настан не минувал без активното учество на старец Арсениј. Неговите даренија биле испраќани за Русија, за Јапонија, за Алтај и за Кула.

Многу средства биле дадени од старецот и од браќата на светогорскиот параклис за нашите сонародници и истоверни низ годините на руско-турската војна, за ослободувањето на славјаните од туѓото ропство.

Старецот станал член на Друштвото на Црвениот крст, кое што се грижело за ранетите и болни војници и градел болници.

„Господ нема да се погрижи за нас - говорел старецот - пред самите ние да се погрижиме за другите“.

Откако светогорскиот параклис во Москва бил изграден и осветен, отец Арсениј ги замолил светогорските старци да го ослободат од послушанието на служење при параклисот и да му разрешат да се врати на Света Гора, за која што душата постојано му тагувала, дотолку повеќе што видот и нозете започнале да му слабеат. Но, Господ, Кој ги познава Своите, му одредил нешто друго. Светогорските старци не само што не го ослободиле од послушанието во параклисот, туку му дале и ново, потешко послушание - да најде на Кавказ место, каде што ќе може да изгради монашка обител, која ќе служи како метох на рускиот манастир „Свети Пантелејмон“.

И старецот, со вообичаениот за него жар и енергија, се зафатил со новото дело. Наскоро нашол во Абхазија, близу до Сухуми, погодно место за обител. Подоцна таму бил изграден новоатонскиот Симоно-Кананитски манастир. Старецот однапред бил одреден од светогорските старци за игумен на новата обител, но заради руско-турската војна започнатите работи биле стопирани.

Во почетокот на есента 1879 година, одејќи по улиците на Петербург, старецот ненадејно се сопнал, паднал и си ја удрил ногата. Толку ја повредил, што на совет од лекарот бил принуден да не излегува долго време од ќелијата а потоа да се лекува во Москва. Но, одвај поминала болката во ногата, кога се разболел од пневмонија и бил принуден да легне во постела. Тогаш сфатил дека Господ го вика кај Себе. Побрзал да ги извести светогорските старци за својата состојба и да побара од нив последна прошка и благослов. Се причестил неколку пати со Светите Христови Тајни. Жалел што Господ не му одредил да прими голема схима. На 17 ноември над старец Арсениј бил извршен молебен при разделувањето на душата од телото и околу два часот дента се упокоил во Господа.

Од духовните поуки на старец Арсениј

И писмено и усно старецот секогаш ги поттикнувал своите духовни чеда да го сакаат Бога со безгранична љубов, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите сили, а не половина срце да даваат на Бога а другата половина на светот, туку целосно да се предаваат на Господа и на Неговата света волја.

***

Учењето за благодатното смирение, трпение и благоразумното носење на својот крст, била омилената тема за разговор на старецот. Тој секогаш говорел:

„Благодарете му на Господа за неволјите многу повеќе отколку за радостите, зашто неволјите се венчален залог на душата со Господа - тоа е најскапоцениот дар на распнатиот за нас Спасител, оставен од Него како наследство и благослов на Своите омилени ученици, апостоли, маченици и на сите свети подвижници. Без неволји нема да влезеш во рајот“.

И сето тоа го кажувал со такво сочувство, со таква топлина на евангелска љубов кон страдалниците, што страдалниот посакувал да страда уште повеќе, само и само да биде удостоен на такви утехи.

***

Старецот говорел дека Ангелите пазители се оддалечуваат од оние што страсно играат.

***

Тагувате поради осаменоста во животот, поради ограничување на слободата, а кога ќе ве затворат во ковчегот, тогаш нема ли да бидете уште поограничени? - говорел старецот. Но, знајте дека сите, кои тука живеат весело и одат по широкиот пат, по преселувањето во вечноста ќе бидат во голема теснотија, во голема беда, и тоа е вистинската тага - и таа тага не ќе има крај. А лишените или оние што се лишуваат заради Бога од слобода овде, таму ќе бидат во широк простор, во голема и бескрајна радост. 

***

Човечкиот род - говорел старецот - до колкав степен преуспева во пронајдоците, откритијата и другите дела на овој свет, до толкав степен се помрачува во своите претстави за духовниот живот.

Човекот се заплеткал со најразличните каприци како со мрежа и не ќе се ослободи од нив до гробот.

***

За да зајакне во нас спасителниот страв Божји, треба да си зададеме задолжително правило, секојдневно, во одредено од нас време, да одделуваме по неколку минути за беседа со душата, така што постојано да се самонабљудуваме и да си го проверуваме животот.

***

„Земниот живот на Началникот на нашиот живот, на Пречистата Негова Мајка, на Неговите свети ученици и апостоли, на мачениците, преподобните и на сите кои Му угодиле на Бога, бил лишен од земните утехи. Од тоа станува очигледно дека не сме создадени за овој живот, за да му се насладуваме.

Како пример за тоа служи споменатиот во Светото Евангелие богаташ, кој секој ден си го поминувал весело (Лука 16, 19) и се нашол во адот. И друг евангелски богаташ, кој што ѝ рекол на својата душа: „Имаш многу богатства за многу години, почивај, јади, пиј, весели се“ (Лука 12, 19), уште истата ноќ бил поразен од смрт. Затоа и Господ рекол: Богатиот тешко ќе влезе во Царството Небесно. (Матеј 19, 23). Богатиот ќе биде спасен само во случај ако богато дава милостиња на неимотните, измачувани од глад и студ, какви што има многу и насекаде“.

***

Оној што вистински се грижи за својата душа, не може да задржи кај себе богатство. Тоа постојано ќе му ја вознемирува совеста, дека тој, имајќи можност да им укаже помош на мнозина бедни, не го прави тоа, а се ограничува само со незначителни, во споредба со големината на богатството даренија.

***

Желбата за богатство е ненаситна желба, зашто често гледаме дека колку побогати стануваат луѓето, толку поголеми скаперници се...

***

Богаташот со зголемувањето на богатството е сличен на човек кој има незгаслива жед. 

***

Наликуваме на луѓе кои стојат на брегот на морето и фрлаат во него злато, односно го трошиме скапоценото време што ни е дадено за спасение на душата. Ке мине време, ќе го побараме, но веќе нема да го најдеме.

***

Ако презреш сѐ световно, ќе бидеш поскапоцен од целиот свет.

***

Додека ја гледаме суетата на овој свет ни доаѓа на ум мислата колку големи грижи имаат луѓето за својот временски живот, колку неспокојства, напори, планови, каква непрекината дејност, неуморност во трудовите, долготрпение при постигнувањето на своите цели! И сето тоа се прави поради кратковремениот земен живот. Основните и главни движечки сили за сето тоа се: самољубието, среброљубието, честољубието. Тие три гиганти го крепат сиот гревовен свет.

***

Си помислил ли дека твоето грешно тело, кое така го негуваш и дотеруваш, и за чија што благосостојба ја вложуваш сета срдечност, ќе стане некогаш храна на црвите? И колку поухрането е тоа, за толку пообилно хранење ќе им послужи? Ти дошло ли некогаш на ум, дека сите, кои сега толку многу сакаат да ти бидат блиски, некогаш ќе бидат далеку од тебе? - смрдеата на твоето тело ќе ги избрка. Размисли за сето тоа и помалку грижи се за твоето гнилежно тело, а многу повеќе за својата бесмртна душа.

***

Нашиот Ангел пазител не се радува на ништо толку многу, како кога вршиме добри дела - дела на милосрдие и на љубов кон ближниот, зашто на Божјиот суд не можеме да бидеме оправдани со ништо друго освен со добрите дела. Таму во полна мера ќе видиме колку скапоцени и спасителни се добрите дела. Душата ќе ни се радува за секое добро, сторено за време на овој краткотраен живот.

***

Среброљубецот нема душевен спокој, ден и ноќ е зафатен со мислата за зголемување на богатството, се плаши да не го изгуби, и кога поради некои околности ќе изгуби малку, макар и најмал дел, неописливо страда и не наоѓа спокој, влечен од лошата страст, за која што свети Јован Златоуст ненапразно рекол: Сурова е маката на среброљубието. И на Божјиот суд среброљупците ќе бидат судени како идолопоклоници, зашто наместо на Бога му се поклонувале на златното теле.

Амбицијата е исто така ненаситна страст. Колку повеќе човекот е почитуван, толку повеќе сака да ужива уште поголемо почитување. Штом ќе види во некого супериорност, тој се јаде од завист и се измачува како ранет. А по преминувањето од времениот живот кон вечниот ќе наследи бесконечни маки, како туѓ на Бога и на Неговото Свето Евангелие, како срдечен исполнувач на волјата на својот учител, гордиот ѓавол.

И останатите лоши страсти - прејадувањето, пијанството, сластољубието и други - ги даваат истите тешки последици.

Поради кратковремените задоволства човекот си подготвува доста тешка иднина, предвремена старост и рана смрт, а потоа вечна осуда.

И покрај тие гибелни последици, кои произлегуваат од страстите, денешните луѓе, за жал, станале нивни робови, така што секој си има свој мачител, од кого е невозможно да се спаси со ништо друго освен со срдечна молитва кон Господа, искрено покајание и потоа целосно откажување од гревовните навики.

***

Сластољубивото грло и ненаситниот стомак се ѕид меѓу Бога и човекот.

***

Во почетокот на секое добро дело се појавува пречка. Надминувај ја така што со љубов трпи го тоа што се случило, и имај желба да истрпиш уште повеќе од тоа.

***

Колку спокоен е човекот кој што живее благочестиво и колку е надградено сѐ кај него. А оние што го минуваат животот во страсти секогаш се смутени.

***

„Најнеопходно за оние што живеат во многусуетниот свет е да имаат страв Божји, кој ги гаси сите гревовни страсти, навики и желби. Стравот Божји се придобива преку срдечна молитва кон Бога, чести размислувања за разделувањето на душата од телото и за идната награда, неминовна за секој земјороден“.

***

„Често се случува да видиме некој инсект фатен во пајажина. Колку и да се мачи, кутриот, не може да се извлече. Токму така е и со душата на човекот, уловена од ѓаволот. Таа никако не може сама да се ослободи од гревовните мрежи, со сопствениот напор. Но, ако викне со сето срце кон Господа, Бог веднаш ќе ја спаси“.

***

„Новороденчето, кое одвај започнува да ползи, нема ниту сила ниту ум, дури не може ни да се послужи со ништо, а за сите потреби се обраќа кон своите родители и во сѐ се раководи од нивните желби, не им возвраќа и не им противречи, а брза да го исполни тоа што го знае. Таа е вистинската слика за човекот, кој ставил почеток за спасение на својата душа. Тој не може ниту да направи нешто, ниту правилно да расуди сам, смета, дека ако се потпира на својот разум, лесно ќе се заблуди по патот кон спасението. И затоа, гледајќи го своето бессилие, за сѐ ја бара Божјата помош и вразумување од висините, со простота на новороденче, покорност, кротост и незлобивост. Ако не се обратите и не станете како деца, нема да влезете во Царството Небесно (Мат. 18, 3), - рекол Господ“.

***

Без мене не можете да вршите ништо (Јован 15, 5) - рекол Господ. За секоја добра работа треба да ја измолуваме Божјата помош и Неговиот благослов, бидејќи без Божјата помош не можеме да правиме ништо, и затоа треба да го припишуваме на Бога секое добро што го вршиме и Бог во денот на Својот Суд ќе го припише сето тоа на нас. А ако припишеме некое добро сторено од нас на себе си и на сопствените трудови и напори, наместо награда ќе добиеме осудување, кое јасно е опишано во приказната за фарисејот - тој се пофалил со своите добродетели и со тоа ги изгубил. Треба да се сеќаваме на реченото во Евангелието: Кога ќе исполните сѐ што ви е заповедано, велете: ние сме слуги неподобни (Лука 17, 10).

***

Кога ќе се допре до нас некакво страдање и ќе си вообразиме дека носиме тежок крст, да се сетиме за страдањата на единородниот Син Божји, Кој не извршил ниту еден грев, на Неговото претсмртно страдање и мака во Гетсиманската градина, Неговото молење до крвавата пот и на крајот, по безбројните понижувања и исмевања и мачења, Неговото срамно распнување на крст. Длабоко да го почувствуваме сето тоа и ќе видиме колку ништожни всушност се сите наши страдања во споредба со страдањата на Богочовекот, претрпени заради нашето спасение. Но ние, неблагодарните и жестоки, не ја признаваме Христовата крв за ништо, а само ги гледаме сопствените страдања, кои се плодови на нашите гревови, и според нашата неразумност понекогаш дури и роптаме против Бога, додека истовремено тие страдања се спасителни за нас, бидејќи преку нив се очистуваме од нашите гревови.

***

Страдањата стојат повисоко од добродетелите, а болестите стојат повисоко од страдањата и ги трпиме потешко од страдањата. За страдањата и за болестите венците се посветли отколку за добродетелите.

***

Страдањата на овој свет се како удари со лозова прачка, нанесувани од раката на умна мајка.

***

Примајте го секое страдање со благодарност и радост, како скапоцен гостин, и страдањето ќе ви биде лесно. И дури ќе посакате да продолжи, штом ќе размислите за ползата од него.

***

Оној што доброволно ги поднесува страдањата се спасува од тешки неволни страдања. Првиот подвиг го надминува вториот, бидејќи произлегува од слободната волја.

***

Кога со молба одиш кај некој повисоко поставен од тебе, обмислуваш како да ја образложиш својата молба, за тој поблагонаклонето да ја прими. Кога пристапуваш со молитва пред царот над Царевите - Господ, сети се, кој си ти, а Кој е Оној пред Кого се подготвуваш да застанеш.

За време на молитвата за тебе не треба да постои ништо земно. А ако те нападнат суетни помисли, против твоја волја, нема да одговараш за тоа. Бркај ги со Исусовата молитва бесовските напади и ќе бидеш награден за борбата. 

***

Ако додека се молиш си во непријателство со некого, молитвата ти е напразна. Зарем не велиш секојдневно: „и прости ни ги долговите наши како што и ние им ги проштеваме на нашите должници?“ Како можеш да се надеваш на прошка, кога самиот не простуваш?

***

„Духот на смирение, покорност, предаденост на Божјата волја го привлекуваат Божјото благоволение кон оној што се моли: Ете на кого ќе погледнам; на смирениот и со скрушен дух и на оној што трепери пред Моето слово (Ис. 66,2)“.

***

„Не престанувај да се трудиш во молитвата дури и да не дојде до исполнување на твоите молби. Господ понекогаш задоцнува да ни ги исполни и нашите полезни молби, за да продолжиме со нашите просителни молитви, со што покажуваме поголема надеж во Неговото милосрдие, да го очистиме подобро своето срце од лошите пороци и на тој начин да станеме подостојни за Неговото милосрдие“.

***

„Ако грешникот се моли на Бога без покајание и желба да ги остави своите гревови, молитвата не ќе му биде слушната“.

***

„Еден монах бил нападнат од ѓаволот пред почетокот на своето молитвено правило. Ту треперел од студ, ту го облевала топла пот, добил силни болки во главата и веќе бил на умирање. И што сторил тој? „Е, - рекол - душо, дојде време да се умира. Ајде да се помолиме за последен пат и да поплачеме пред Господа“. Застанал на молитва и се принудувал себе си. Главата неподносливо го болела, но тој продолжувал со молитвата. Завршило правилото и болката престанала. Наредниот ден повторно се случило истото. Тогаш богољубивиот монах сфатил дека тоа е од ѓаволот, и повеќе никогаш не го пропуштал своето молитвено правило, колку и да бил оттргнуван од него“.

***

„Громобран. Ако некогаш се разгневиш на некого (што за жал често се случува), сети се, дека началник на секое зло е ѓаволот, тој сее раздори меѓу луѓето, и наместо да се гневиш на ближниот, насочи го својот гнев кон оној, кој е главната причина за сите зла. Човекот често станува слеп инструмент на духот на злобата и затоа заслужува снисходење и сожалување“.

***

„Да бидеш гневен и раздразлив не е ништо друго, освен да се казнуваш себеси за туѓите глупости“.

***

Нашите страсти се подобни на недобро згаснат јаглен - секогаш можат да се разгорат и дури да предизвикаат пожар.

***

Неопходно е секој ден да одвојуваме барем малку време за разговор со својата душа, да размислуваме за тоа дека Господ го сокрил од нас часот на излегувањето во идниот живот, за во секој час да бидеме подготвени да се јавиме пред Божјиот Суд. Да не го одложуваме нашето спасение за утре, зашто утре можеби веќе ќе биде доцна.

***

Поучно и спасително за душата е да ја анализираме мислено изминатата година, како сме ја поминале, какви промени се случиле во нашиот живот, дали сме станале подобри, сме преуспеале ли во делата на благочестието?.. Утешително е да видиме во себеси поправање на животот, зголемување на љубовта кон Бога и ближниот, преуспевање во смирението, воздржанието и во останатите добродетели. А ако сме влегле во новата година со истите недостатоци од порано, со истата студеност кон Бога и воопшто кон делото на нашето спасение, тогаш да жалиме и со душевна болка да започнеме посрдечно да Го молиме себлагиот Бог да нѐ поткрепи понатаму во сѐ што ќе Му биде благоугодно и е спасително за нас. Почесто да се присетуваме на Евангелските зборови: „Каква е ползата за човекот ако и целиот свет го придобие а на душата своја ѝ наштети?“

***

Времето на нашиот живот е многу кратко. Треба да го искористиме, да се трудиме да вршиме добри дела, зашто тие ќе се појават со нас на Божјиот Суд и ќе посредуваат за нашето оправдување. Постојано треба да се сеќаваме дека тука сме странци и дојденци, а нашата вистинска татковина е на небесата. Во таа насока треба да се стремиме мислено. Таму е приготвено неискажливо блаженство за оние кои Го љубат Господа и ја исполнуваат Неговата света волја. Животот ни е краток. Да го цениме секој ден, секој час, та да ги поминуваме душеполезно. Се наоѓаме како на пазар. Треба да успееме да си ги купиме небесните богатства. А кога пазарот ќе се затвори, тогаш кој што успеал да си купи со тоа и ќе остане. Тоа јасно е опишано во приказната за мудрите и неразумните девојки.

***

„Треба да се однесуваме со внимание и со почитување кон патиштата на Божјата промисла, преку која умот ни се просветува со светлината на вистината, според Господовите зборови: Јас сум патот, и вистината, и животот (Јован 14, 6). Во Светото Писмо не му е сѐ откриено на човекот, поради ограниченоста на неговиот разум. Човекот целосно ќе прогледа дури кога ќе премине во вечноста. Во идниот живот на човекот му е откриено само онолку колку што може да прими и колку што му е потребно, според Божја проценка, за овој живот, кој што го живее со вера. Тој стои врз верата како врз неразнишлив фундамент“.

***

„Сите добродетели Му се пријатни на Господа, но милоста стои над сѐ, зашто таа Го натерала Господа да слезе од небото на земјата, и само таа е толку силна, што може самата да се издигне од земјата на небото“.

***

„Блажен е оној што се грижи за бедните и сиромасите! Во лош ден Господ ќе го избави (Пс. 40, 2) - вели Божествениот Псалмопевец. Во лош ден, односно во денот на вселенскиот страшен Суд Божји, само милостивите ќе бидат удостоени на Божјата милост. Господ, Кој го прима врз Самиот Себе Си доброто сторено на ближниот, ќе им каже: Гладен бев и Ме нахранивте, жеден бев и Ме напоивте...наследете го царството, приготвено за вас од Создателот на мирот. Блажени се оние што ќе бидат удостоени да ги чујат тие преслатки зборови на Спасителот“.

***

„Што ќе посееме во овој живот, тоа и ќе жнееме во идниот. Таму потполно ќе сфатиме колку благотворни и скапоцени се добрите дела, зашто само тие можат да ни обезбедат вечно блаженство. Колку често гледаме во овој свет како некои имаат големо богатство но ни најмалку не се грижат да вршат добри дела и така го изживуваат животот само за свое задоволство. Таквите таму ќе слушнат: Чедо, сети се, дека ти веќе го доживеа доброто (Лука 16, 25). Заради времените наслади тие ќе се лишат од вечното блаженство. Господ ги нарекол милостивите блажени, наследници на Небесното Царство, зашто и Самиот е многумилостив. Милосрдниот го подржува Господа и ќе биде удостоен да пребива во неискажана радост заедно со Него и со сите кои Му угодиле.

Блажени се оние што внимаваат на Божјото слово и што се грижат за она што е најнеопходно од сѐ, односно за небесното, бидејќи сѐ земно е суетно, нетрајно, безнадежно. Неопходно е сѐ почесто и почесто да размислуваме за вечниот живот, неизбежен за секого од нас. Таму е вистинското богатство, за издигнувањето за кое што сме должни да се грижиме и дење и ноќе“. 

***

Најнеопходно за душите починати во Господа е спомнувањето. Напразно некои издигаат скапи споменици. Тоа не ќе им донесе ни најмала полза на починатите. А помените и милостињата се две крилја, со кои душата се издига кон Господа.

***

За ненадејно починатите, кои не биле удостоени да се причестат, треба да се засилат молитвите, и црковните и домашните, и по можност да се дава милостиња, со која што и ќе се потполнат нивните недостатоци, според безграничното Божјо милосрдие.

***

Според степенот на одрекувањето на човекот од земното, во душата ќе му зацаруваат мир и тишина.

***

Ако срцето на човекот се прилепи кон суетни нешта на овој свет, тогаш тој повеќе не е слуга Божји туку слуга на светот и ќе биде осуден заедно со него.

***

Луѓето на овој свет постојано трчаат по среќата, а таа не им се дава како некаков имот. Тие наликуваат на жедни кои пијат солена вода, зашто наместо своите суетни желби да ги прават поумерени, тие ги зголемуваат.

***

Не се превознесувај, не се истакнувај со нешто особено во своето мислење, туку биди како останатите, подложен на падови, грешки и различни немоќи, зашто поинаку ќе ти израснат рогови на сезнаење.

***

Основната работа на вистинското подвижништво се сосотои во понижувањето на своето „јас“. Послушанието стои повисоко од подвижништвото. Затоа е и речено: Упорниот во своето мислење, или оној што сака да земе предност во разговорот нека знае дека е болен од ѓаволска болест. Сличен на него е и оној што се смета за поразумен од останатите. Ако имаш разум, не го припишувај на себе си, инаку ќе ти биде одземен заради твојата неблагодарност.   

***

Барај повод насекаде да се самообвинуваш за сѐ. Немој да бидеш спокоен додека Господ не те успокои. Инаку ќе бидеш искраден.

***

Оние што го сакаат светот ги има милијарди на број, а оние што Го сакаат Бога се поединци и целиот свет не е достоен за нив.

***

Биди им роб и слуга на сите, угледувајќи се на Господ Исус Христос.

***

Сета твоја грижа да биде за тоа да му бидеш угоден на Оној што те возљубил. Претставувај си Го како Таков, Кој постојано те гледа и ги разгледува движењата на твојата душа. Оди пред лицето Негово. Труди се да пројавуваш воздржание, смирение и секоја добродетел, та да бидеш удостоен на Неговата љубов.

***

Послушанието е духовно мачеништво. Отсекувањето на волјата е еднакво на отсекување на делови од телото. Со тоа се објаснува постојаното бесовско ловење, кое се труди да го сопне послушникот. Оној што до крајот на својот живот го сочувал послушанието кон духовните отци, несомнено ќе застане од десно на Распнатиот. Послушанието ќе ги покрие неговите немоќи.

***

Треба ладнокрвно да гледаме на сѐ житејско, земно, и да се прашуваме: „Според Бога ли е тоа?“

***

Ако си го прилепил своето срце кон нешто земно, ти си уловен. Ловецот само околу тоа и се труди, да ти ги одвлече умот и срцето од Бога.

***

Најнеопходни за нас се непрестајната молитва и постојаното сеќавање на смртниот час и додека јадеме и за време на пиењето на чај.

***

Внатрешното занимање е глава на сѐ. Бог те чува на секој чекор, а ти...?

Пат кон просветување на гревовната темнина:

Без Мене не можете да вршите ништо...

Одрекување од својата волја, разум и срце.

Целосно предавање на себе си на Божјата волја.

Устата на духовникот е уста Божја.

Послушание кон братот, љубов, снисходливост, неосудување на никого.

Пост и молитва. Трпение со благодарност на сѐ што ни се случува - досада, тага, болести

***

Размислување: Плачам и ридам...

1. Каде и како ќе го доживеам крајот на своите дни и колку всушност ќе живеам?...

2. Какви ќе бидат моите старечки и претсмртни болести или од што, чувај Боже, ќе настапи мојата блиска смрт?...

3. Кој ќе биде до мене при мојот крај, кој ќе изврши Маслосвет и ќе го прочита Молебниот канон за разделување на душата од телото?...

4. Што ќе видам при напуштањето на овој свет? Какво ќе биде излегувањето на душата од телото? Каква ќе биде смртната чаша?...

5. Долго ли ќе остане мојата душа близу до телото?...

6. Во ковчег (или во мантија по светогорски) ќе ме погребаат и каде?...

7. Кој ќе ме отпее, кои ќе бидат певци?...

8. Како Бог ќе ми помогне да поминам низ страшните митарства?...

9. Што ќе се случи потоа? Кој ќе ме спомнува?...

***

Секое утро, откако ќе се помолиш на Бога, размисли за преживеаното од тебе, за твојот крај, за тоа што ти претстои преку денот, и основното - за неизвесноста на последниот час. Одделувај по половина час за сето тоа.

Додека јадеш, пиеш чај, благодари Му на Бога, зашто мнозина се лишени од тоа и страдаат. Откако ќе ручаш, кажи ја благодарствената молитва, и направи си анализа на изминатиот половина ден. Откако ќе се напиеш чај благодари и направи си анализа и понатаму и за четврт час. Пред да легнеш да спиеш направи си анализа на целиот ден. Постелата е ковчег, подрасникот е погребален саван, облеката е капак на ковчегот. 

***

Духовниот живот бара: осаменост, тишина, сострадание, молчание, самонабљудување, самоодрекување, откажување од житејските суети и утехи.

Тоа не ни е дадено на сите. Кој може да разбере нека разбере. Оној што може да врши добро а не врши, има грев.

***

Додека живееш во светот е невозможно сосем да не се грижиш за потребното за живот. Но, тие грижи треба да бидат во втор план, без да го прилепуваш срцето кон нив и со целосно предавање на Божјата волја. Свети Јован Касиан непотребните грижи за житејското ги нарекува смртоносни.

Се опколуваш со житејски удобности, си ја осигуруваш иднината, а не знаеш и не помислуваш дека смртниот час можеби ненадејно ќе те свари точно во разгорувањето на твојата суетна дејност. Не се сеќаваш на реченото: „Во што ќе те затекнам за тоа и ќе ти судам“.

Ако те повикаат на веселба и ти кажат дека по завршувањето ќе ти ги врзат рацете и нозете и ќе те предадат на суд, дали ќе отидеш на веселбата и покрај неговата сладост? Не е ли опишано истото и во приказната за богаташот, кој што живеел во раскош и затоа бил фрлен во вечниот оган? За кратковремени задоволства на телото...

***

Гледај на парите и на сѐ земно како на дување на ветер и како на ѓаволски мрежи (последното е уште повистинито).

***

Кога се лутиш, ѝ угодуваш на својата волја, или незаконски чувствуваш задоволство од нешто, бесот, откако ќе те фати во својата мрежа, потскокнува радосно околу тебе, а Ангелот пазител се оддалечува со наведната глава.

***

Што те интересира за еди кој си? Сети се на жената блудница! Ако помислата те тера да осудиш некого, обвини се себе си за тоа и искушувачот самиот ќе се улови во својата мрежа. 

***

Самиот не можеш да поднесеш ниту еден збор, а другите ги натажуваш дрско, без да се виновни и без да си испитал која е всушност вистината. Леле колку си смирен!...

***

Колку построго и понепристрасно суди некој за сопствените дела, толку попрецизен, но истовремено и поточен е неговиот суд за делата на другите.

***

Почеток на воздржанието е отсекувањето на помислите и предвремено востановениот ред и внатрешната молитва уште за време на трпезата или на чајот. Таа нема да дозволи вишок. Почесто треба да ја повикуваш на помош Небесната Царица. Знај и сеќавај се, дека ти си јагненце излезено во борба со чудовиште -ламја, или дека ти претстои искачување во испотувачка горештина по скали со тегови, кои ти тежат на рацете и нозете. Што можеш да сториш со сопствените сили?...

***

Се прејадуваш, се опиваш, а колку илјади мали умираат во тоа време од глад, немајќи ни парче стар леб. Се облекуваш непотребно, седиш во богато наместена соба, ти прислужуваат, а колку луѓе има кои немаат каде глава да засолнат и умираат од студ, глад и болести.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГОБРОН (МИХАИЛ) и со него 133 војници

Светиот маченик Гоброн (Михаил) и со него сто триесет и тројца војници пострадаа за Господа Христа во Кахетија од арапскиот емир Абдул Касим. Бидејќи не сакаа да ја примат муслиманската вера, сите беа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕНАДИЈ, патријархот Цариградски

Бил презвитер на Цариградската црква и познат по побожноста, кога по смртта на патријархот Анатолиј бил повикан да го прими патријаршискиот престол во 458 година. Строго се држел до отечките преданија, бил образец на апостолскиот пастир. Се покажал како многу строг против оние што сакале за пари да добијат црковни чинови. Кога слушал дека многу архијереји земаат пари за ракополагање, свикал собор на епископи, на кој било составено познатото Писмо упатено до сите, во кое строго се осудува овој лош обичај. Според Неофит Затвореникот, крајот на неговиот земен живот бил многу трогнувачки тажен. Не сакал да умре во град во кој царувал еретик и затоа поднел оставка на престолот, се искрал ноќе од градот, облечен како сиромав, заедно со верниот монах Нил и тргнал за Ерусалим. Откако се поклонил на Светите Места, отпатувал на Кипар и се искачил на гората, барајќи го местото каде што се подвизувал големиот подвижник Иларион. Монахот Нил го оставил во Паф. Бидејќи местото му било непознато, го изгубил патот и заталкал. Така го затекнала ноќта и талкајќи по силниот студ стигнал до местото наречено Кисопетра (предградие на Паф), каде следното утро бил најден мртов пред куката на една вдовица. Непознатиот монах лежел мртов на патот. Кога од неговите мошти се случило некое чудо, многумина се насобрале околу неговото тело. Дошол и монахот Нил и открил дека тоа е патријархот Генадиј. Епископот на Паф со свештенството и народот чесно го погребаа телото на патријархот на истото место. Подоцна тука бил изграден и храм во негова чест.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ МАКСИМ, патријархот Цариградски

Се претпоставува дека овој свети Максим, викан и Максимијан, бил светителот кој управувал со Цариградската црква од 431 до 434 година. Тој дошол од Рим во Цариград и заради доблесниот живот и ученост Цариградскиот патријарх Сисиниј го ракоположил за презвитер, а по расчинувањето на Несториј бил избран за патријарх. Добро го чувал стадото Христово, го штител од соблазни и мирно се упокоил.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈУСТИН

Преподобниот Јустин бил чудо меѓу испосниците. Неговото испосничко око било недремливо во бдението.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН ДЕРМОКАИТ

Овој преподобен не го наведуваат сите Синаксари. За него се вели дека се подвизувал на Олимп Витиниски. Познатиот по светоста на животот монах Јован Дермокалит живеел за време на царот Роман Лекапин (919-944 г). Нему царот Роман, после својот пад, му испратил запечатено писмо, мачен од грижа на совеста, во кое ги исповедал своите гревови.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛОНГИН

Преподобниот Лонгин бил голем испосник. Се подвизувал во Египет. Се упокоил во четвртиот век

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕНАДИЈ ВАТОПЕДСКИ

Бил монах во манастирот Ватопед. Се подвизувал на должноста дохијар - економ. Кај него на чудесен начин се наполнило со зејтин испразнетото буре. Тоа чудо Ѝ е припишано на Пресвета Богородица, на Која е посветен манастирот, а посебно на Нејзината икона, која стоела таму. Се упокоил во мир.