15. Декември  (2. Декември)

СПОМЕН НА СВЕТИ ПРОРОК АВАКУМ

Свети пророк Авакум бил син на Асафат, од племето на Симеон, како што раскажува за него свети Епифаниј Кипарски во книгата „За животот на Пророците“. Според преданието запишано од светите Отци, родина на Авакум било малото село Бетзохар, викано Витзахир.

Самото име Авакум, кое му е дадено при раѓањето, предназначувало дека од него ќе излезе подвижник со силен дух. Кога станал полнолетен, заради славата на Божјото име, тој започнал да ги изобличува беззаконијата на својот народ. Самиот тој, горејќи со духот во Господа, строго ги почитувал Божјите заповеди, цврсто стоел на патот на добродетелите и бил удостоен од Господа на пророчки дар.

Свети Авакум пророкувал и живеел по царувањето на благочестивиот Јудејски цар Езекиј, кога на престолот царувале нечестивите цареви Манасија, син на Езекиј, потоа Амон, синот на Манасија. Според сведоштвото на Светото Писмо, за време на Манасија среде јудејскиот народ имало непрестајни раздори и злосторства: силниот го угнетувал слабиот и никаде не можело да се најде праведен суд. Самиот цар бил прв гонител на невините. Тој пролеал многу невина крв и го наполнил со неа Ерусалим од едниот до другиот крај. Според преданието, во тоа време во бројот на невините пострадал и свети пророк Исаија, како и многу други изобличувачи на неправдите и злобата на царот и народот.

Потоа царот Манасија, казнет од Бога и земен во ропство од Асирците, се покајал и се обратил кон вистинскиот Бог. Но злото, посеано од него, веќе пуштило длабоки корени среде еврејскиот народ. Манасија бил наследен од нечестивиот цар Амон, оддаден, исто како татка си, на грубо идолопоклонство.

Пророкот Авакум многу тагувал поради развратноста на своите современици. Не наоѓајќи правда никаде, тој ја излевал својата тага, викајќи кон Господа:

- До кога, Господи, ќе викам и Ти нема да ме чуеш дека викам кон Тебе за насилството, и Ти не ќе нѐ избавиш? Зошто ми даваш да ги гледам злоделата и да гледам несреќи? Грабеж и насилства се пред мене, и настанува непријателство и се крева раздор. Од тоа законот ја изгуби силата и нема праведен суд. Бидејќи нечестивиот го победува праведникот, та и судот станува опак.

Така викал пророкот кон Господа, гледајќи ги човечките беззаконија и очекувал праведен суд од самиот Бог. Како одговор на тоа, Господ го известил Својот избраник дека наскоро треба да дојде казната за сета нечесност. На заповед Божја, пророкот Авакум им го претскажал на евреите толку страшниот настан, за кој што во тоа време било тешко да се поверува, го прорекол опустошувањето на Ерусалим и Вавилонското ропство. Пророкот јасно посочил дека за орудие на таа казна Господ ги избрал халдејците, народ свиреп и незауздан, кој брзо преминува по земните пространства, за да ги завладее туѓите населби.

Во трепетното очекување на страшната несреќа, пророкот Авакум не можел да сфати: зарем праведниот Господ ќе допушти гордите и нечестиви халдејци целосно да го истребат Неговиот избран народ. Со надеж дека таа казна ќе биде временска, тој очекувал ново откровение од Господа и во своето молитвено очекување бил сличен на стражар кој постојано гледа во далечината од градската кула, за да извести за приближувањето на непријателот.

Тој го молел Господа веднаш да го спаси еврејскиот народ од вавилонското ропство, како што некогаш го спасил од египетското и чекал што ќе му каже Господ.

Тогаш Господ му открил на Својот пророк дека целото спасение на избраниот народ среде тие несреќи е во верата а гордите и незауздани халдејци и самите ќе треба да ја искусат истата несреќа, која што се подготвува за победениот народ. Потоа пророкот Авакум, за да не ги фрли сонародниците во очајание од претстојното искушение од Бога, искажал парабола за загинувањето на халдејците, известил за петкратната гибел на угнетувачите.

Во таа приказна тој ја покажал целата ништовност на идолите и немоќта на халдејците пред величието на вистинскиот Бог, Кој се грижи за спасението на својот народ. Пророкот, во озарување од висините, предвестувал дека Бог ќе дојде за спасени на Својот народ од планината покриена со сенчести гори (Фаран) за спасение на Својот помазаник, И ќе настапи такво време, кога целата земја ќе се исполни со славата на познанието на Господа, како што водите го исполнуваат морето.

Кога царот вавилонски Навуходоносор наближувал кон Ерусалим, тогаш, како што сведочи преданието, пророкот Авакум го напуштил градот. Знаејќи дека несреќата нема да се спречи и спротивставувањето на толку силен завојувач ќе биде бесполезно, пророкот со болка и тага ја напуштил својата родина, за да не го гледа нејзиното разрушување и да ја одбегне жестокоста на победникот. Со Божјо укажување тој се засолнил во исмаилќанската земја, во градот Остракина, и живеел тука како доброволно прогонет до самото оддалечување на непријателите од неговата татковина.

Потоа пак се вратил во Јудеја, ги оплакал нејзините несреќи и заедно со преживеаните од народот започнал да се занимава со земјоделие. Во молитвите кон Бога за својот народ, тој го очекувал враќањето на заробените во Вавилон. Еднаш за време на жетва, пророкот подготвил јадење, зел леб и отишол на нивата, за да им однесе ручек на жетварите. Но, одеднаш пред него застанал Ангел Господов и му рекол:

- Јадењето што го имаш однеси го во Вавилон на Даниил, кој е во лавовската јама.

Навистина, во тоа време пророк Даниил, кој живеел при дворот на вавилонскиот цар, поради омразата на нечестивите вавилонци, бил фрлен во јама со лавови.

Авакум одговорил:

- Господи! Јас никогаш не сум го видел Вавилон и не знам каде е таа јама.

Тогаш Ангелот Господов, со силата на својот дух, го грабнал и моментално го пренесол во Вавилон, на огромна далечина, над јамата лавовска, во која Даниил беше фрлен од царот Кир како казна, бидејќи не им се поклони на идолите.

И викнал Авакум:

- Данииле! Данииле! Земи го ручекот што ти го испрати Бог!

Даниил Му благодарел на Бога и рекол:

- Ти спомни си за мене, Боже, и не оставај ги оние што Те сакаат.

И Даниил стана, го зеде ручекот и јадеше. Потоа ангелот Божји повторно го зеде Авакум и го пренесе во Јудеја, на нивата негова (Дан. 14, 33-36).

По чудесната посета на Даниил, пророкот се вратил кај своите жетвари за време на ручекот, и на никого не кажал за тоа што се случило. Тој предвидел дека јудејскиот народ Господ ќе го врати од Вавилон во Ерусалим. Пророкувал и за времето Христово, подобно на неговото чудесно пренесување во Вавилон и назад. Но, тоа ис“ кушение за Божјиот народ продолжило 70 години и светиот пророк не доживеал до враќањето на евреите од ропството. Се упокоил во длабока старост. Бил погребан во местото Кела, Моштите му се откриени во времето на Теодосиј Велики.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА МИРОПИЈА

Светата девојка Миропија се родила во градот Ефес. По смртта на татка си била препородена со светото крштение. Воспитувана во стравот Божји од својата мајка, таа со љубов и усрдност одеше на гробот на светата маченица Ермионија, една од ќерките на свети апостол Филип. (Д.А. 21, 8-9). Земаше целебно миро, кое истекуваше од гробот на света Ермионија, го даваше на болните и ги исцелуваше. Од таа причина таа и беше наречена Миропија.

Во тоа време царуваше Декиј. Кога се крена гонењето против христијаните нејзината мајка се пресели со неа на островот Хиос, каде што имаше имот наследен од родителите. Тука таа живееше повлечено со својата ќерка во својот дом и се молеше на Бога. Еднаш дојде на тој остров кнезот Нумеријан. Со негова наредба за исповедањето на верата во Христа беше фатен блажениот Исидор, војник, човек во години, побожен и прекрасен. Бидејќи не сакаше да се одрече од Христа, кнезот прво го ставаше на најразлични мачења. Потоа му ја отсече светата глава и неговото чесно тело го фрли во јама на птиците и зверовите, а на извесно растојание постави стража за христијаните да не го украдат.

Тогаш света Миропија ревносно дојде со своите слугинки ноќе, тајно го зеде телото и чесно изврши погребни молитви и го погреба на специјално подготвено место.

Кога дозна дека телото е украдено, кнезот ги окова стражарите во синџири и започна да ги води по целиот град, за да го пронајдат украденото тело. Најпосле им рече дека ако во одреден рок не го најдат, ќе им бидат отсечени главите.

Меѓутоа, света Миропија кога ги виде маките на окованите стражари и слушна дека главите ќе им бидат отсечени, душата ја заболе и си рече:

- Ако овие стражари трпат толкави маки и бидат погубени заради мене, тогаш тешко мене на страшниот Суд Божји. Душата ќе ми се мачи како виновна за погубувањето на толку многу луѓе. И неочекувано викна кон војниците:

- Пријатели, телото што го барате јас го зедов додека вие спиевте. Војниците веднаш ја фатија и пред кнезот Нумеријан ја одведоа, говорејќи:

- Господару наш, еве ја онаа што го украла телото на мртвиот злосреќен старец. Кнезот ја праша дали е вистина тоа, а таа потврдно одговори.

- Проклета жено - викна кнезот, - како си смеела да го сториш тоа?

Миропија одговори:

- Смеев, затоа што ја презирам и плукам на твојата ништовност и безбожност. Овие зборови многу го разјарија гордиот кнез и тој нареди негилосрдно да ја тепаат со стапови. Ја тепаа долго. Потоа ја фатија за косата и ја влечеа по целиот остров, па одвај жива ја фрлија во темница. На полноќ, додека се молеше, силна светлина ја осветли целата темница и влезе хор од Ангели, кои ја пееја Трисветата песна. Во средината на Ангелите беше свети Исидор. Тој погледна во неа и рече:

- Мир на тебе, Миропија. Твоите молитви стигнаа до Бога и сега ти ќе појдеш со нас, да го примиш венецот што ти е подготвен.

И при тие зборови на светителот светителката го предаде својот дух на Бога. Целата темница се исполни со неискажлив благомирис, така што и самите стражари го почувствуваа и се запрепастија, па се најдоа речеси надвор од себе. А еден од нив, кој сето тоа со свои очи го виде и со свои уши го слушна, побрза кај свештеникот, му раскажа се и прими свето крштение. Потоа и самиот, откако ја исповедаше својата вера во Христос, се удостои на маченичкиот венец. А пак телото на света Миропија го зедоа христијаните и чесно го погребаа, славејќи Го Бога.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НАШ ЈОАНИКИЈ,

Девичкиот чудотворец

Преподобниот и богоносен отец Јоаникиј, големиот чудотворец Божји, се родил во пределите на Диоклетијан од побожни и имотни родители, кои тој потоа ги надмина со побожноста и духовното богатство. Се родил во втората половина на 14 век и живеел на залезот на српското царство и слободната држава, пред страшното многувековно турско ропство. Сигурно е дека промислата Божја сакала преку Јоаникиј да му наговести и да му покаже на народот и на сите православни христијани на Балканот дека е главна и битна духовната слобода, каква што стекнал преподобниот со својот живот пред Бога и во Бога, и дека сите ние православните христијани треба најпрвин да се бориме за духовната Христова слобода, без која секоја друга не е вистинска и потполна.

Својата слобода во Господа, која се состои во верното одење и живеење пред Бога во правда и вистина и неотстапно исполнување на секоја заповед Божја, свети Јоаникиј ја стекнал преку своите многубројни подвизи, кои само на единствениот Бог Му се познати. Од рана младост му се посвети на Бога, поради што и го напушти светот, и во една зафрлена клисура на Црна Река (на Ибар), молитвено самуваше и тихуваше во една тамошна тесна пештера, која набрзо ја претвори во светол храм Божји, зашто во својата душа изгради неракотворен храм Божји во Духот а потоа и самата пештера ја претвори во храм на Светите Архангели Божји.

Кога славата за неговите подвизи се пронесе насекаде и многу народ започна да доаѓа кај него, тој го напушти тоа место и отиде во непроодните Дренички краеви, каде се сокри во шумата викана Девич, по што подоцна беше наречен Девички. Таму се сокри во долината на еден шумски поток и живееше во шуплината на една бука. Овдешните негови големи подвизи му се познати единствено на Севидливиот Бог. Преку своите многубројни напорни подвизи, преку најразличните искушенија од демоните, светителот беше победник, што се гледа од тоа што Бог му дал чудотворна моќ и власт над нечистите духови.

На ова место наскоро подигна црква посветена на Воведението на Пресвета Богородица и така стана првиот ктитор на новиот манастир Девич, кој и до денес постои. Подоцна втор ктитор станал и деспотот Ѓураг Бранкович (1427-1456 г.), во знак на благодарност за чудесното исцеление на неговата ќерка Мара. Подоцна манастирот Девич стекнал големо братство, па манастирските браќа ги доградувале манастирот и црквата. По преставувањето на преподобниот Јоаникиј, на 2 декември 1430 година, е подигната мала црква над неговиот гроб, која и до денес стои неоштетена, додека останатите манастирски градби многу пати биле рушени и повторно обновувани, со благодатната помош на свети Јоаникиј и трудот на благочестивите жители на манастирот Девич и околните верници.

Веднаш по неговото преставување започнала да се пројавува неговата богодадена чудотворна и целебна моќ. Поради тоа побожниот народ од секаде доаѓал кај чесните мошти да проси исцеленија за своите души и тела. Чудотворецот Девички ги исцелуваше сите кои со вера доаѓаа. Но, исто така понекогаш и казнуваше, и тоа оние што не Го почитуваа Бога и го напаѓаа манастирот.

За време на Првата светска војна и австриската окупација, дојде во манастирот Девич еден унгарски офицер, со одред војска, и го прашувал игуменот Дамаскин што има во гробницата под кивотот на свети Јоаникиј, под камената плоча. Игуменот му одговори дека има светиња а тој се насмеа, велејќи дека има сокриено некои работи таму, и веднаш им наредил на војниците да ја скршат плочата. Додека се вршеше тоа нему му се слоши, легна на постела и приквечер во истиот ден умре. Исплашените војници побегнаа од манастирот. Така свети Јоаникиј беше страшен за непријателите на светињите Божји и голем поборник за православните.

Слично чудесно дело направи Светителот и за време на Втората светска војна, кога неговиот манастир го нападнаа муслиманските насилници и ги напаѓаа православните. Тие го нападнаа манастирот и ги разорија речиси сите негови градби. Но, кога сакаа да ја срушат црквата над гробот на светителот рацете им се вкочанија, останаа неподвижни и речиси со скаменети раце и прсти. По многуте молби и молитви кон светителот, тој им се смилува и ги ослободи. Така и овде се покажа неговата чудотворна сила.

Прекрасни и многубројни се чудесата на свети Јоаникиј, извршени од неговото преселување на небото, па се до денес. Ќе спомнеме неколку.

Во одреден период од турското ропство манастирот беше запустен и во него не се славословеше Бога. Тогаш некој православен христијанин, на име Милош, од Херцеговина, се подготвуваше да оди во Ерусалим на поклонение на тамошните светињи. И токму кога мислел да тргне на пат, му се јавил свети Јоаникиј на сон и му рекол да не оди во Ерусалим. Потоа му објаснил дека е подобро за него да појде во Девич, таму да ја исчисти неговата црква и да ја уреди. Милош го послуша, отиде, ја исчисти црквата и направи, та таму повторно Му се пееше на Бога. Тука тој се замонаши и остана до крајот на својот живот, служејќи Му на Бога и неговиот светител Јоаникиј.

Чудотворноста на светиот привлекла во манастирот Девич уште една душа, која потоа се предала на богоугодувањето. Станува збор за преподобната подвижница Ефимија, монахиња позната меѓу народот под името блажена Стојна. Таа живеела во минатиот век. Родена е во селото Лопижим кај Сјеница, во куќата на Зариќи, сега сосем раселени поради зулумите на турците. Стојна од детството пасела овци. Еднаш таа удрила една немирна овца, но ја удрила така што тој удар ѝ нанел повеќе болка на совеста и срцето отколку на телото на овцата. Ударот не бил смртоносен за овцата, но Стојна многу плачела. Приквечер го дотерала стадото во татковиот дом, но утредента повеќе не ги истерала на паша, бидејќи таа ноќ се разболела. Во својата болест ги замолила браќата да ја одведат кај свети Јоаникиј во Девич. Кога ја одвеле до храмот на овој Божји Чудотворец, Стојна го стави своето лице на неговиот ковчег и не можеше да се раздели од него од многуте солзи. По неколку дена во Девич потполно и се врати здравјето и таа остана во манастирот, каде потоа се замонаши и остана под името монахиња Ефимија.

Многубројни и непрекинати се чудесата на свети Јоаникиј до денес, правени од Бога преку него на многу луѓе, и тоа не само православни туку и иноверни и муслимани. Така светителот го направил и следното прекрасно чудо. Во потокот под манастирот Девич има света вода агиазма. На таа вода ги носат болните и ги мијат за исцелување, зашто тука во близина се подвизувал светителот и со своите подвизи ја осветил и природата на водата. Крај таа вода имало една бакарна чинија, на која благодарните луѓе оставале пари. Некој арнаутин ја украде таа чинија и ја однесе дома. Но, поради тоа полуде и роднините го донесоа под кивотот на светителот. И слугата Божји милостиво го исцели и му го врати разумот.

За време на последната обнова на манастирот Девич (по Втората светска војна), некои родители ја доведоа во манастирот својата ќерка, која слегнала со умот и бараа исцеление за неа. И навистина по молитвите во манастирот, по благодатта на светиот, девојчето беше потполно исцелено. Потоа пораснала и се омажила, и со своите здрави дечиња редовно доаѓала во манастирот Девич на поклониение и благодарност на светителот Божји свети Јоаникиј Чудотворец.

Така е прекрасен Бог во Светиите Свои, и во овој свети Јоаникиј, новиот Чудотворец. По неговите свети молитви нека Семилостивиот Господ нѐ помилува и сите нас. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИ УРОШ 5ти,

царот Српски

Свети Урош бил син на прочуениот српски владетел Стефан Душан, кој царувал во тешкото време на распаѓањето на Српското царство. Кога ја примил царската титула во 1346 година, Стефан Душан се овенчал заедно со својата сопруга со царската круна, а синот Урош, кој тогаш имал само десет години, го овенчал се кнежевска круна. Така од рано детство Урош станал „младиот крал“, прекар кој му останал засекогаш.

По смртта на својот татко, која настапила во 1355 година, Урош ја добил царската круна во своите осумнаесет години и требало да го земе под своето управување целото српско царство. Тоа дело било мошне тешко. Самиот Душан за да управува со многубројните области со разнородно население (српско, македонско, бугарско, албанско, грчко), ги давал под власт на велможите, кои по грчки обичај добивале од царот разни титули, како кесар, деспот и други. Тие уживале речиси целосна самостојност и можеле да му се спротивстават и на царот и била неопходна цврстата рака на Душан, за да ги држи во потчинетост.

Неговиот млад приемник по природа се одликувал со телесна убавина, душевна кротост и простота на умот. Бил побожен и благ и не сакал со сила да ги потчинува горделивите големци. Затоа да управува со големата држава му било мошне тешко. Според примерот на татка си, тој требало да управува преку посредството на велможите, но тој немал цврст карактер и вештина, за да ги држи под контрола. Управниците на различни области започнале да раководат по своја волја а не според указите на царот. Особена сила во државата добиле велможите Марјанович, браќата Волкашин, Углеш и Гојко. Волкашин на почетокот ја добил од царот титулата кесар а потоа и српски крал, така што од свое име пишувал и кралски грамоти, Урош немал вистинска власт, се задоволувал само со титулата цар. Требало да поднесе многу неволји, неопходности и понижувања, но тој се кротко поднесувал.

Сепак, тоа не им било доволно на славољубивите велможи, та сакале целосно да го отстранат. Кон тоа најмногу се стремел кралот Волкашин, подржуван од своите браќа. Лишен од власта, Урош живеел последователно во различни градови и области. Некое време живеел кај кнезот Лазар, кој управувал исто како Волкашин, со посебна област, Подунавската, но добро се однесувал со Урош.

Надворешно и Волкашин се претставувал како наклонет кон него и се трудел да ја успокои неговата мајка Елена, која се грижела за судбината на својот син Урош. За да го посведочи своето расположение кон него, Волкашин еднаш го поканил заедно со него на лов во планинската страна близу Косово поле. За време на тој лов начекал можност предавнички да го убие. Преку ноќта телото му било положено тајно во новата гробница при храмот „Успение на Пресвета Богородица“, близу до замокот Петрич, кој српските владетели често го користеле за живеење.

Волкашин изјавил дека Урош се задржал некаде за време на ловот, и дека не знае каде се наоѓа. Поразени од тага, мајка му Елена и сопругата Ана ги превзеле сите мерки за барање на изгубениот цар, но напразно. Но, нема тајна која нема да се открие. Се рашириле гласини за ноќното погребение на некого во црквата „Успение Богородично“, близу до Петрич.

Кога ја тргнале плочата од гробницата, го виделе телото на невино загинатиот страдалник, царот Урош. Мајка му, сопругата, и сите кои биле таму, горко го оплакале и торжествено, според царските прописи, го извршиле обредот на погребението во истата црква. Стефан Урош бил последниот српски цар и последниот владетел од родот на Неманиќи.

Маченички пострадал на 2 декември 1367 година, во својата 31 година. Од луѓето убиен, тој бил од Бога прославен.

Светите чудотворни мошти на царот Урош долго почивале во тој храм, но подоцна поради претпазливост од муслиманите биле пренесени на Фрушка Гора, во манастирот Јасак. За време на Втората светска војна, во 1942 година се пренесени во Белград и се положени во соборниот храм, покрај телото на кнезот Лазар и деспотот Стефан Штил новиот.

Црковната служба го воспева како светец кој од младоста бил оддаден на Господа, татковски ги успокојувал вдовиците и сирачињата, ги смирувал непријателствата и го зацврстувал мирот, ги милувал бедните, ги заштитувал обесправените и понижените.

СПОМЕН НА СВЕТАТА И ПРАВЕДНА ЕЛИСАВЕТА -ЕВГЕНИЈА

српската царица Елена

Беше света мајка на светиот цар српски Урош 5ти и сопруга на царот Душан. Како побожна, православна, христољубива и човекољубива, се преставила во мир како монахиња Елисавета, во својата оставнина, манастирот Матејче кај Куманово, откако пред смртта го примила големиот монашки лик со името Евгенија. Уште за време на животот од страна на светогорците била сметана за светителка. На нејзиниот гроб во манастирот Матејче доаѓале жени неротки, оние што не можат да ги доносат децата и оние кои немале мајчино млеко и ѝ се молеле и палеле свеќи. Во старите типици и записи се нарекува блажена и света. Во 1643 година, на 16 октомври, српскиот патријарх испратил дел од нејзините свети мошти како подарок на Рускиот цар. Нејзината света десна рака денес се чува во манастирот Савина во Бока Которска (и тоа од 1759 г.), а нејзиното свето име е внесено во стихирите на Српските светители и просветители.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ КИРИЛ ФИЛЕОТ

Преподобниот Кирил по потекло бил од Тракија, од селото Филеа, кое ѝ припаѓало на Дерконската епархија. Роден е од побожни родители и на светото крштение го добил името Киријак. Уште како дете ги изучи светите книги. Со бистрината на умот и разумот ги надминуваше своите врсници, зашто беше од Бога просветен.

Кога потпорасна, блажениот Киријак го прими чинот чтец од месниот епископ. И од тогаш ѝ се посвети на Црквата Божја. Читаше свети книги, пееше псалми, се молеше на Бога, правеше многу метанија, со своето молитвено тихување го поправаше немирот кој душата го добива од дружењето со другите. На светата Литургија стоел со длабока побожност. Облаци од света тага често ја покривале неговата христочезнива душа и ја исполнувале со смирение и покајание.

Поради сето тоа доблесните луѓе го почитувале и нарекувале млад старец, а лошите го осудувале и ја мразеле неговата побожна ревност. Но, младиот Киријак, сметајќи се себе си за понизок од другите, сето тоа го поднесувал со смирено трпение и се молел на Господа да му даде спасоносна радост во страдањата за Него. При тоа повикувал кон Господа: „Не давај, Господи, срцето мое да застрани во лоши помисли“ (Пс. 140, 4). Блажениот често ја изговараше и оваа поука:

- Добро е да му се пружи рака за помош на оној што паѓа во провалија, но при тоа треба да се внимава самиот да не паднеш во неа заедно со него. Но, ако човекот, кога сострадајќи со другиоте во опасност самиот да падне, подобро е да се воздржи од таквата помош на ближниот и својата корист да ја стави пред користа за ближниот, зашто никој друг не ни е толку близок нам, колку што сме си самите на себе. Оној пак, што може да ги исправа и другите, нека се дружи со лошите и нека ги поправа. А оној што е слаб како мене, нека бега од лошите, за да не се зарази со нивната лошотија и расипаност. Зашто ниту мирисот на добродетелта ниту смрдеата на лошотијата не можат да се сокријат.

Преподобниот Киријак изгради во својот дом една мала ќелија, колку во неа да може да прави метанија и да се моли. И помина во неа многу години молитвено тихувајќи, постејќи, пеејќи псалми и непрекинато молејќи се. При тоа, за да не падне во духовен немир, тој се занимаваше со ракоделие. Ги крпеше и поправаше мрежите на своите соседи, не за пари туку од братска љубов. Си велеше на себе:

- Ништавко, кога твоите раце работат и твојот јазик нека пее, и умот твој нека се моли, зашто Бог бара од нас постојано да Го имаме во нашиот ум и сеќавање. И ако сакаш делата на твоите раце да бидат божествени а не земни, врши ги заради сиромашните.

Преподобниот носеше тешки синџири на своето тело. Целото тело му беше изнарането од нив, и од раните му излегуваше смрдеа. Но, сето тоа тој го поднесуваше со радост и говореше:

- Сето тоа е лесно за оние што сакаат вистински да се покајат, зашто светиот Апостол ја благовести Божествената вистина: „Страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата која ќе ни се јави“ (Рм. 8,18). За христољубивите страдања Господ го обдари Својот слуга со дарот на солзите. Со претераниот пост, силниот плач, постојаното сеќавање на Бога и непрестајното молитвено тихување, преподобниот се вознесуваше во Божествени созерцанија, полни и преполни со неминливи радости и благовести.

Оставајќи ги често духовните созерцанија, преподобниот си велеше на себе:

- Ти нечист, остави го тоа што е на небото, зашто е нечист пред Бога секој беззаконик и горделивец. Подобро ти е почесто да слегуваш со умот во адот и да ги видиш таму сличните на себе и лутите мачења на оние кај кои наскоро ќе се приклучиш, беднику. Види, веќе пред вратата ти е испратен ангел од Бога. Што седиш? Ти си пред заминувањето од кое никој не се враќа. О, како ќе го поднесеш незаспивливиот црв? Како ќе го поднесеш незгасливиот оган? Та тебе Бог ќе те оддели од праведниците и ќе те насели со демоните, чии што дела си ги вршел. Ти од Бога не си се плашел, од луѓето не си се срамел, на себе не си се смилувал. Тогаш, кој ќе се смилува на тебе?

Пред да стане монах, преподобниот Киријак во голема мера ги поседувал самопрекорувањето, кротоста, пренесувањето на сите грижи на Господа и љубовта спрема луѓето. Така, кога еднаш отиде да го види своето лозје и работниците во него, тој ги затекна како не работат туку лежат. Но, за да не ги посрами, тој легна на земјата и се сокри. Лежеше така полни три часа, додека тие не станаа и започнаа да работат.

Преподобниот Киријак имаше помлад брат на име Михаил, кој беше неписмен, но многу богопросветен, трудољубив, милостив, братољубив, повлечен, богољубив, целомудрен, со чиста душа. Во близина на неговото село имаше една црква на нивните претци, посветена на Спасителот Христос, запуштена и запоставена. Кога стана монах со името Матеј, братот на преподобниот ја обнови таа црква, ја претвори во манастир и собра братство во него. Преподобниот Киријак, и самиот строг подвижник, често доаѓаше во манастирот и ги поучуваше браќата, па се враќаше во својот дом, каде што молитвено тихуваше. Најпосле остана во манастирот, се замонаши со името Кирил и живееше со својот брат и монасите во манастирот.

Со Божјо укажување Кирил изгради ќелија за себе на место каде порано имаше трње и се насели во неа. На почетокот одеше на заедничка молитва со браќата, како и во трпезаријата, каде што обично ги читал Житијата на Светиите. По три години започна да оди во црквата само во сабота, недела и на празниците. Останатото време го минуваше во молитвено тихување, бидејќи осаменоста е мајка на тишината, а тишината пак мајка на Божествените мисли и созерцанија, со помош на кои човечкиот ум се соединува со Бога.

Така молитвено тихувајќи околу три години, преподобниот Кирил не престанувал да се прекорува себеси и да зборува:

- Сега на кого можеш да му послужиш? На кого нозете да му ги измиеш? Пред кого да се понижиш? На кого да му укажеш милосрдие? Како да се вежбаш во трпението, бидејќи нема никој кој би се противел на твојата волја... и слични прекори, така смирувајќи се и осудувајќи се себе си пред општиот Суд. Така размислувајќи, преподобниот живееше во ќелијата, тагувајќи и плачејќи и ден и ноќ. Неговото ракоделие беше плетење на панакамилавки, од кои некои продаваше, некои подаруваше, а некои даваше на манастирските браќа, за да не им биде на товар. Често работел, за да ги избрка од себе немарноста и чмаењето, зашто како што велеше, одморањето и неработењето се погубни за душата и можат да и наштетат повеќе од демоните.

Преподобниот ги советуваше браќата на манастирот и ги упатуваше на гостопримство, поучувајќи ги заради својата тишина да не станат нарушувачи на законот на љубовта, туку да ги примаат дојденците и да им послужат, сеќавајќи се на зборовите на Спасителот: „Ако им го сторите тоа на еден од моите најмали браќа, Мене сте ми го сториле“ (Мт. 25, 40).

По своето доаѓање во манастирот, преподобниот ревносно се трудеше да го научи Псалтирот напамет. Но, кога го научи до половина, тој му го поклони Псалтирот на некој сиромав, кој беше во неволја. Наредната ноќ, откако го исчита половина Псалтир што го знаеше напамет и направи 500 метанија, како што правеше секоја вечер, легна на својата рогозина да спие. Но, беше многу нажален што не го заврши целиот Псалтир. Таа ноќ му се јави во видение некој во бела облека и два пати го отпеа со него целиот Псалтир. И од тогаш преподобниот го знаеше напамет целиот Псалтир. А понекогаш им толкуваше на браќата некои псалми.

Во тоа време Скитите завладеаја со Тракија и многумина се засолнија. Преподобниот Кирил се повлече во еден манастир на Црното Море, каде браќата, а особено игуменот, кој беше доблесен човек, го примија со радост. Игуменот му одреди на преподобниот една ќелија во која тој молитвено тихуваше. Неговиот доблесен живот набрзо се прочу и кај него заради духовна корист започнаа да доаѓаат многу луѓе од околните села, па и од самиот Цариград. Тоа, под влијание на ѓаволот, предизвика завист кај игуменот. И тој, не можејќи да ја победни зависта, отиде кај преподобниот и го изобличи, божем по Бога, поради начинот на неговиот живот, како сето тоа да е ѓаволска прелест и горда своеглавост. Кога го слушна тоа, преподобниот се фрли пред нозете на игуменот и со смирение рече:

- Му благодарам на Бога и на твојата светост, зашто не само што си ја видел нечистотијата на мојата душа, туку и татковски ме изобличи и како што е потребно ме поучи, и јас твоите зборови ги сослушав како зборови Божји а на како човечки.

Кога го слушна тоа игуменот и виде дека преподобниот искрено се самопрекорува и со вистинско смирение паѓа пред него и покајнички го моли, за да дојде до познание на вистината, се восхити и ни збор не проговори. Но, во себе Му се заблагодари на Бога за богодаруваното смирение на Кирил, и се врати во својата ќелија, осудувајќи се што лицемерно го изобличи невиниот слуга Божји. А и преподобниот се осудуваше себеси и се молеше на Бога да не го напушти. Подоцна, кога варварските Скити се повлекоа, преподобниот Кирил со метаниско покајание измоли од отецот игумен благослов и се врати во својата поранешна ќелија. Молитвено тихуваше во неа и се подвизуваше во светите добродетели.

Блажениот Кирил говореше:

- Откако станав монах не се сеќавам да сум поминал ден без пеење на псалми, молитви, ракоделие и солзи, кои се дар Божји.

Имаше дар на солзи повеќе од осумнаесет години, и можеше да плаче кога ќе сакаше. Некогаш, имајќи ги во предвид своите гревови, некогаш страдањата Господови, а често и неволјите на бессловесните животни. При тоа говореше:

- И тие имаат душа неразумна, и според тоа страдаат и патат.

Тој правел разлика помеѓу солзите и говорел дека едно се ропските и благодарствените солзи, тие биваат од страв од ќотек и мачење а друго се солзите од љубов. Трето пак се солзите од демонските влијанија и нив ги нарекувам ропски а не и благодарствени, нив нека Господ ги уништи.

Блажениот уште говореше:

- Оној што го сака Бога никогаш не оскудева во солзи, зашто кога ќе се покрене во него чувството за Бога, веднаш се покренува и срцето негово на љубов спрема Бога, и очите негови обилно леат солзи. Овие солзи раѓаат молитвено тихување по Бога, молитва, пост, трпење, додека солзите не нѐ обелат повеќе од снег.

Кога наполни деведесет години, блажениот се разболе. Но, иако исцрпен од староста и преморен од болеста, тој не ги оставаше своите поранешни подвизи. Трпеше како да е од дијамант, како некој друг да страдал во него, како да е бестелесен. И достигна до крајно бестрастие, поминувајќи во молитвено тихување околу 60 години, хранејќи се само со по малку леб, билки и вода. Еднаш им рекол на своите ученици:

- Од кога станав монах, јас до заситување не се напив вода. А кога јазикот ми се прилепуваше за грлото, земав по голтка две вода, за да можам да проголтам залак или два леб.

Царот, кој и до тогаш за духовни поуки го посетувал преподобниот, кога слушна за неговата болест, отиде со целото свое семејство да го посети. Во таа пригода царицата кога го виде изнемоштен и измачен, со свои раце го хранеше со храната што ја беше донела и го напои со малку вино. Во разговорот преподобниот му изрече пророштво на царот дека ќе ги победи агарјаните што подоцна и се исполни. Откако царот зеде благослов излезе од ќелијата. Кога ја виде манастирската црква напукната, нареди да се сруши и да се изгради нова, и тоа беше сторено.

Преподобниот имаше триесет години кога  отпочнс својот подвиг и се подвизуваше во добра борба околу шеесет години. За тоа време не боледувал од никаква болеот, Од деведесетата до девесет и третата започна по малку да боледува. Во својата деведесет и трета година престана да станува,многу измачен од староста и долгогодишниот подвиг. А во деведесет и шестата година целосно западна и кога го насети крајот на својот живот, не замоли нас, вели писателот на неговото житие, да не го погребуваив во храмот Господов, сметајќи се за недостоен, туку во гробон на неговиот брат, и неговата глава да ја покриеме со камен а тело со земја. Откако помина многу денови без храна, се исповедаше и се причести со Светите Тајни, и неговото лице стана како оган. Преподобниот ја предаде својата блажена душа во рацете Божји, а неговото свето тело браќата чесно го погребаа на 2 декември 1111 година.

По единаесет години од погребението на преподобниот, јас, вели животописецот, од голема почит кон него и желба да ги видам и целивам неговите свети мошти, се осмелив да го отворам гробот и го најдов неговиот свет череп полн со божествен мирис, го ставив во кивот и го поставив во манастирскиот храм, пред очите на сите, за исцеление на душите и телата на оние што со вера ја бакнуваат, во слава на нашиот Господ Исус Христос, Кому Му доликува секоја слава, чест и богопоклонување, со беспочетниот Отец Негов и Животворниот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

 

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АТАНАСИЈ,

затвореникот Печерски

Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе оживее“ (Јн. 11, 25). Овие зборови, речени по повод воскресението на Лазар Четвородневниот, ги исполни Спасителот и врз преподобниот наш отец Атанасиј, затвореникот Печерски, сакајќи и ние да ги исполниме зборовите на богаташот, речени по повод бедниот Лазар: „Ако некој од мртвите отиде кај нив, тогаш ќе се покајат“ (Лк. 16, 30).

Преподобниот Атанасиј беше монах во светиот Печерски манастир, и водеше свет и богоугоден живот. По долгата болест тој умре. Браќата го избришаа неговото тело и го завиткаа, како што му доликува на починатиот монах. Покојникот лежеше два дена непогребан, поради некој застој. Ноќе на игуменот му беше јавено, и тој чу глас кој говореше:

„Човекот Божји Атанасиј два дена лежи непогребан, а ти не се грижиш за тоа“.

Штом осамна третиот ден, игуменот дојде со браќата кај покојникот да го погребаат. Но, ете, тие го најдоа кај седи и плаче. Сите се запрепастија кога го видоа жив и започнаа да го распрашуваат како оживеал и што видел и чул. А тој не им одговараше ништо освен:

„Спасувајте се!“

Но, тие уште поупорно настојуваа да им каже нешто корисно за душата. Тогаш рече:

- И да ви кажам, вие нема да ми поверувате и нема да ме посушате.

Тогаш браќата му се заколнаа дека ќе исполнат сѐ што ќе им рече.

Воскреснатиот започна:

- Имајте послушност во се спрема игуменот. Кајте се секој час, и молете се на Господа Исуса Христа и Неговата Пречиста Мајка, и преподобните отци Антониј и Теодосиј, за овде во овој манастир да го завршите животот и да се удостоите да бидете погребани со светите отци во пештерите. Овие три доблести се над сите други. И кој ќе успее сето тоа да го изврши според прописот, ќе биде блажен, само ако не се возгордее. За останатото немојте да ме прашувате, туку ве молам, простете ми.

Откако го рече тоа отиде во пештерата, ја затвори вратата зад себе и помина таму дванаесет години, без да излезе. За тоа време никогаш не го виде сонцето. А плачеше ден и ноќ непрестајно. Земаше по малку леб и вода и тоа секој втори ден. Во текот на сите тие години со никого ни збор не проговори. А кога дојде време да се престави, ги повика сите браќа и им го зборуваше истото од порано, за послушноста и покајанието, па со мир се упокои во Господа. Чесно беше положен во пештерата во која се подвизуваше.

Се упокои околу 1176 година. Неговите мошти почиваат во Антониевата пештера.

По преставувањето преподобниот Атанасиј со чудотворење ги извести браќата за своето блаженство. Еден од браќата, на име Вавил, болен многу години со ногата беше донесен кај моштите на блажениот Атанасиј и штом се допре до нив, веднаш се исцели. Од тогаш па се до својата смрт никогаш повеќе не боледувал ни од ногата ни од некоја друга болест. За ова јавување на својот свет исцелител, Вавил им раскажа на браќата, меѓу кои беше и самиот писател на ова житие свети Симон:

- Кога јас лежев и лелекав од болки, ненадејно влезе кај мене блажениот Атанасиј и ми рече: дојди кај мене и јас ќе те исцелам.

Јас само што сакав да го прашам како и кога дојде ваму, тој стана невидлив. Му поверував на јавениот и замолив да ме однесат кај него и така се исцелив.

Од тогаш сите сфатија дека преподобниот затвореник Атанасиј Му угодил на Бога и се удостоил на блаженство. По неговите свети молитви да се удостоиме и ние, откако ќе воскреснеме од гревовната смрт, да поживееме богоугодно во покајание и потоа да добиеме живот вечен во Христа Исуса, нашиот Животодавец, Кому слава со Изворот на животот -Бога Отца, и Животворниот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ:

ЈОВАН, ИРАКЛЕМОН, АНДРЕЈ и ТЕОФИЛ

Овие преподобни отци беа родум од градот Оксирих , деца на христијански родители. Од својата младост се занимаваа со читање на свети книги. Потоа, поттикнати од желба за богоугодниот живот, тие го напуштија светот, и раководени од Бога отидоа во внатрешната пустина. Таму сретнаа еден свет човек, многу стар, и поживеаја кај него една година, раководени од него и духовно градејќи се себе си. Кога тој свет старец се упокои, тие останаа на тоа исто пустинско место шеесет години и живееја подвижнички, измачувајќи се со строги подвизи, пост и оскудевање. Нивна единствена храна беа диви плодови и вода што ја пиеја два пати неделно. Во обичните денови во текот на седмицата се разделуваа и живееја сами во блиските гори и пештери, молејќи се на Бога. А пак во сабота и недела се собираа и заедно Му принесуваа благодарност на Бога, примајќи Света Причест од свет Ангел Божји. Така со мир се упокоија.

Ова го раскажа големиот тиваидски пустиник Пафнутиј, кој лично ги видел овие мажи и го опишал нивниот живот.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ГАВРИЛ

Овој свети преподобномаченик беше од местото Алона, во епархијата Прикониска. Се замонаши во рана младост и живееше целомудрено во доблестите. По извесно време во него се јави неодолива желба маченички да пострада за Господа Христа. Затоа отиде во Цариград. Таму бдеел во патријаршискиот храм и со сета душа се молел на Господа Христа да го просвети и научи на кој начин да пострада за Него. Еден ден, кога се причести излезе на улицата. Еден злобен турчин го навреди. Тој му возврати и ја навреди неговата муслиманска вера. Поради тоа други турци скокнаа и започнаа немилосрдно да го тепаат, па го одведоа кај судијата. Еден турчин го обвини како хулител на нивната вера а останатите истапија како сведоци. Судијата нареди, та монахот Гаврил го одведоа во темница а тој напиша обвинение и потоа заедно со обвинението го упати кај кајмакамот.

Тој го прочита обвинението и го праша дали е вистина тоа а тој потврдно одговори. Тогаш започна да го советува да ја остави христијанската вера и да ја прими нивната. При тоа го потсети да ја види славата и царството што го поседува Мухамедовата вера. Маченикот му одговори:

- Да не даде Бог да ме зафати безумие и лудило, та да се одречам од мојот Господ Исус Христос, вистинскиот Син Божји и вистински Бог, совршениот Бог и совршениот Човек, а вашиот Мухамед да го наречам пророк. Јас мојот Исус го исповедам и верувам дека Он е вистински Бог а за вашиот Мухамед изјавувам дека не е пророк туку обичен човек и неписмен, при тоа лажливец и непријател на Спасителот наш Христос. Затоа Мухамед го презирам и ја отфрлам неговата вера.

На тоа кајмакамот му рече:

- Човеку, ти значи си пијан? Или си скренал со умот?

- Ниту сум пијан, ниту сум скренал со умот, туку со благодатта на мојот Христос имам и здрав ум и здрава душа.

Тогаш кајмакамот страотно се разјари, и во таквиот бес му нареди на претстојникот:

- Земи го овој и отсечи му ја главата!

Претстојникот го поведе маченикот и го предаде на џелатот. Тој го одведе на губилиштето. Таму светиот маченик клекна и радосно се помоли на Бога, па ја преклони под мечот својата блажена глава и џелатот го обезглави. Неговата пресветла душа отиде кај многупосакуваниот и премил наш Господ Исус Христос, да прими од Него трократен венец: венец на девственоста, венец на подвижништвото и венец на мачеништвото. Неговото чесно тело агарјаните го фрлија во морето.

Светиот преподобномаченик Гаврил пострада во Цариград во 1676 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АВИВ

Овој свети маченик живеел за време на Ликиниј (307-323 г) и бил ѓакон во селото Талс. Патувал по селата, читајќи им го на верните Светото Писмо и утврдувајќи ги во верата. Бил фатен во селото Талс заради исповедањето на Господа Христа и фрлен во оган, каде што маченички завршил. Христијаните ги зеле неговите свети мошти, ги помазале со мириси и ги положиле покрај моштите на светите маченици Гуриј и Самон, во местото наречено Вителакикл.

Поради тоа споменот на свети Авив се врши и заедно со Гуриј и Самон на 15 ноември.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ИСА,

епископот Циклански

Еден е од тринаесетте отци Сириски, ученик на свети Јован Зедазниски. Бил голем чудотворец. Реката од далечина ја свртел во близина на градот Циклан со својата молитва. Моштите му почиваат во црквата со неговото име во Циклан, во Сирија. Се упокоил кон крајот на шестиот век.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ МОЈСЕЈ ИСПОВЕДНИКОТ

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ СОЛОМОН,

архиепископот Ефески

Се упокоил во мир во својот Господ.