Авва Евагриј (pdf)

Авва Евагриј

Добротољубие (том 1)

За свети Евагриј Понтјанин, скитски монах и авва, се знае дека бил роден во IV век, во градот Ивор, близу Понт Евксински, недалеку од манастирот на свети Василиј. Потеклото и неговите способности го свртеле врз него вниманието на големите светители од тоа време: Василиј Велики, Григориј Ниски и Григориј Богослов. Под нивно раководство растел и се развивал духовно и во познавањето на верата и животот во нашиот Господ Исус Христос. Свети Василиј Велики го произвел за чтец, а свети Григориј Ниски за ѓакон и го оставил во Цариград, кога бил таму за време на Одржувањето на Вториот вселенски собор. Една опасност која ѝ се заканувала на неговата чистота, го натерала да се оддалечи од Цариград. И тогаш, откако се задржал извесно време во Ерусалим, заминал за Египет, каде во почетокот се подвизувал во Нитрија. Потоа продолжил да се подвизува во ќелиите и, најпосле, во скит, под раководство и живеење во дружба со тогашните големи духовни учители - авви.

Паладиј, неговиот ученик, според црковниот историчар Сократ, за него пишува во книгата Лавсаик: “Наоѓајќи дека е несправедливо да ги премолчам делата на Евагриј, прославениот Христов ѓакон, човек со апостолски живот, најдов дека е потребно да пишувам за него, за поука на читателите и за прославување на благодатта на нашиот Спасител. Најнапред ќе говорам за тоа како станал монах и како се подвизувал достојно на својот завет и се упокоил во Господа, оддалечен во пустината во 54-та година од својот живот, според зборовите на Светото писмо: ”Угодна Му беше на Господа душата негова“.

Се родил во Понт, во градот Ивор. Бил син на свештеник. Свети Василиј Велики, архиепископот Кесариски, го произвел и поставил во црквата во градот Аргос. По смртта на свети Василиј Велики, неговиот брат свети Григориј Ниски кој се здобил со апостолска слава, како премудар, бестрастен и многу прославен со својата ученост, го свртел своето внимание на Евагриј и на неговите ретки способности и го ракоположил за ѓакон. Откако потоа заедно со него дошол да учествува на Вториот вселенски собор во Цариград, свети Григориј го оставил таму кај блажениот епископ Нектариј, како многу искусен познавач во борбата против сите ереси. И почнале сите луѓе во големиот град да го прославуваат за тоа што храбро и успешно со своите богомудри зборови ги победувал сите еретички учења.

Се случило, овој млад човек кого сите во градот го почитувале поради неговиот чесен и чист живот, да биде уловен со љубовна страст кон некоја жена, како што тој самиот ни раскажуваше подоцна, откако се беше веќе ослободил од тоа искушение. И, таа жена го засакала, а таа била од угледно семејство. Евагриј, пак, бидејќи се плашел од Бога и се срамувал од својата совест, усрдно Му се молел на Бога. Жената која била страсно распалена, настојувала да го вовлече во грев. Тој сакал да се оддалечи од неа, но не можел, врзан со врските на оддолжувањето.

Кусо време по молитвата со која го спречил гревот, пред него се појавил во видение ангел во облека на војник, го фатил, го повел на суд и го фрлил в затвор, врзувајќи му синџир околу вратот и врзувајќи му ги рацете со вериги. Оние што му приоѓале не му говореле за причината на неговото затворање, но тој самиот, измачуван од својата совест, мислел дека сето ова го стигнало поради таа жена и дека нејзиниот маж презел судско дело против него. Му се причинувало дека и други луѓе судат за слични престапи. Од сето тоа го опфатил ужасен страв и избезуменост. Тогаш ангелот му се покажал во вид на еден од неговите искрени пријатели, кој дошол да го посети. Влегол при него, како да е вчудоневиден и ожалостен од тоа што го гледа својот пријател да страда толку многу, врзан во вериги и затворен меѓу четириесет престапници и му се обратил со зборовите: “Оче ѓаконе, зошто вака бездушно те држат меѓу овие престапници?” А тој му одговорил: “Навистина, и јас не знам дека епархот опфатен од страшна љубомора, ме обвинил и ме предал на градоначалникот и дека сум затоа подложен на ваква страшна казна”. А ангелот, кој стоел пред него претставен во ликот на неговиот пријател, му рекол: “Ако сакаш да ме послушаш мене, својот добар пријател, ти советувам да се оддалечиш од овој град зашто, како што гледам, не е корисно за тебе да живееш во него”. -  Евагриј му рекол: “Ако Бог ме ослободи од оваа несреќа, а ти и потоа ме видиш во Цариград, тогаш нека ми наложат уште поголема казна”. Тогаш неговиот пријател му рекол: “Ако навистина си решил така, јас ќе го донесам светото Евангелие и ќе се заколнеш на него дека ќе се оддалечиш од овој град и дека ќе се замонашиш, јас ќе те спасам од оваа несреќа. Евагриј му одговорил: “ќе се заколнам така како што ми велиш; само помогни ми и избави ме од овие страшни маки”. Потоа ангелот го држел Евангелието и побарал од Евагрија да се заколне. Евагриј се заколнал пред Евангелието дека нема да се задржи во градот повеќе од еден ден, и тоа само затоа, за да си ги донесе своите работи до бродот. Со тоа завршило неговото видение. Тој станал, избезумен, и размислувал, дека иако се заколнал во таква состојба, сепак се заколнал. Затоа веднаш, не задржувајќи се ни најмалку, ги однел своите работи на бродот и отпловил за Ерусалим. Таму облекол монашка раса и бил примен од блажената Меланија Римјанка.

Но, ѓаволот пак го помрачил неговото срце, и пак го поколебал толку, што одново ја фрлил расата; неговиот ум почнал да лудува по ораторското славољубие. Но, Бог, Кој сите нѐ запазува од пропаст, и овде Евагрија, за да го спаси, го ставил на нови маки. Испратил тешка болест во текот на три месеци, која сосем го истоштила неговото тело, кое му пречело да го продолжи патот по кој започнал да оди. Кога и лекарите, не наоѓајќи начин да го излечат, го напуштиле, блажената Меланија му рекла: “Синко мој, чинам дека твојата болест не е обична; кажи дали имаш некаква тежина во твојата душа?” - Тој тогаш ѝ признал сѐ што доживеал во Цариград и како Господ го спасил, а Меланија му се обратила со следниве зборови: “Вети ми пред Бога дека ќе се решиш да живееш монашки, а и јас, иако сум грешница, ќе Му се помолам на Бога, да ти го продолжи животот, за да се покаеш и да го исчистиш твоето срце”. Кога Евагриј дал вакво ветување, блажена Меланија се помолила за него и тој оздравел по неколку дена. По неговото оздравување, таа му дала монашко расо и тој, откако го облекол, заминал за Египет, каде првите две години престојувал во Нитриската Гора, а третата веќе се повлекол да живее во пустината.

Таму, во таканаречените ќелии живеел четиринаесет години, хранејќи се само со леб и вода, а само понекогаш земал и сосем мали количества елеј, не дозволувајќи си при тоа никакво насладување. Не јадел ни зеленчук, ни овошје, ни грозје; не пиел вино и никогаш не го миел своето тело. Ете, вака се самоизмачувал човекот, кој некогаш живеел во изобилство и самозадоволство; но искушенијата и овде не го оставале. Понекогаш силно го напаѓал демонот на блудот, како што тој самиот кажувал и тогаш седел гол цела ноќ надвор од ќелијата, во текот на зимата, и целиот се тресел од студ. Понекогаш го вознемирувал духот на хулењето. Тогаш, тој цели четириесет дена и ноќи не влегувал под покривот на својата ќелија и на тој начин се накажувал и самоизмачувал. И воопшто тој претрпел толку многу искушенија од различни бесови, што е тешко да бидат преброени. Дури имало и случаи кога демоните го тепале.

Но, измачувајќи го своето тело вака и претрпувајќи ги сите тие маки, блажениот Евагриј бил оживотворуван од Светиот Дух, па откако го очистил својот ум, се удостоил со добивање дар на знаење и правење разлика меѓу духовите.

Овој храбар Христов подвижник пред својата смрт ни говореше вака: “Еве, веќе три години не ме вознемирува телесната похота”. Ако по толку строгиот живот, по таквите негови неуморни подвижнички трудови и постојаната бодра молитва, толку страшно бил напаѓан овој праведник од демонот, кој го мрази доброто и сака да ги погуби нашите души, тогаш колку ли многу трпат безгрижните и од овој нечист демон и од сопствената мрзливост!

Светиот авва Евагриј составил сто молитви, напишал три книги; (иера- грчки) или поточно (стихира  - грчки) кратки изреки во вид на стихови или приказни; (монахикос – грчки) - Монах или дејателни уроци и (антиритикос - грчки) Борба со противниците - за борбата со демоните и со страстите.

Во Црковната историја од Сократ (кн. IV, глава 23), освен ова, наоѓаме дека Евагриј им бил ученик и на Макариј Египетски и на Макариј Александриски, под чие раководство, тој, кој пред тоа бил философ само со зборови, ја придобил вистинската животна философија. А кога дошол во Египет, тој ги сретнал споменатите свети луѓе и почнал да се угледува на нивниот живот. Црковниот историчар Сократ говори и за овие две доживувања од животот на свети авва Евагриј. Од зборовите на овој голем подвижник, кои ги наведува Сократ, може да се види каков бил неговиот однос спрема свети Макариј Велики. Првиот случај се однесува на прашањето што му го поставил свети Макариј за тоа каква е разликата во дејствување врз душата спомнувањето на навредите што ни ги нанесуваат луѓето и оние што ни ги нанесуваат демоните. А вториот случај се однесува на тоа како Евагриј, кога еднаш дошол кај авва Макариј, уморен од долгото патување за време на страшна горештина, побарал вода и свети Макариј не сакал да му го исполни барањето. И едниот и другиот случај свети Евагриј ги наведува во своите дејателни глави, напишани за Анатолиј (во 93-та и 94-та глава). Историчарот Сократ спомнува, дека Евагриј во својата книга Гностик, пишува за себе си: “Од праведниот Григориј научив дека има четири добродетели и го познав умувањето или размислувањето за нив: благоразумноста, храброста, воздржувањето и справедливоста”. Кој бил овој Григориј? Според Паладиј, тоа бил свети Григориј Ниски, а според историчарот Сократ - свети Григориј Назијанзин, кој и го ракоположил за ѓакон во Цариград. Но, дали историчарот Сократ не ги помешал овие двајца големи свети оци? Паладиј секако можел подобро да ја знае вистината во врска со ова. На крајот, кај Сократа го наоѓаме и следново кажување: “Прекрасниот Амон кој бил во Рим заедно со свети Атанасиј Велики, не сакал таму да види ништо, освен црквите на светиот апостол Петар и на светиот апостол Павле, а потоа кога се вратили во Египет и кога Теофилакт Александриски му предложил да го хиротониса за владика, тој избегал од него и си го отсекол десното уво, така што со обезобразувањето на своето тело, да одбегне да биде произведен за епископ. По извесно време александрискиот архиепископ Теофил го повикал авва Евагриј за да го воведе во епископски чин, но тој и тогаш не се согласил и избегал, но со ништо не го нагрдил своето тело. А кога еднаш се сретнал со авва Амон, Евагриј му рекол со љубов: “Ти не направи добро што си го отсече увото; за тоа ќе одговараш пред Бога”. А авва Амон му рекол: “Евагриј, и ти ќе одговараш затоа што си го пресекол својот јазик, односно што не си се служел со дарбите што ти ги подарила Божјата благодат”.

За списите на авва Евагриј историчарот Сократ пишува: “Евагриј напишал многу убави книги. Првата од нив и книгата “Монах” или за подвизите, втората е “Гностик или кон еден човек кој се удостоил со знаење” и третата - “Противоречник - ’антиритикос” - или избор од Божествените писанија против демоните - искушувачи, која има осум делови, спрема осумте видови помисли. Освен овие книги, тој напишал 600 прашања во врска со идниот живот и уште две книги во стихови, во кои се говори - во едната за монасите кои живеат во киновитски или заеднички манастирски живот, а во другата - за една девственица - за девството. Колку се прекрасни овие книги, може да се увери само оној што ќе ги прочита.

Црковниот историчар Созомен (во VI книга, глава 30), откако напомнува дека свети Амон или Амониј бил еден од оние монаси, кои се издигнале со својата љубов спрема духовната мудрост, вели дека бил многу учен и дека ги прочитал сите дела на христијанскиот писател Ориген, прославениот учител во Александриското богословско училиште, делата на Дидим Слепиот и на многу други писатели за духовниот живот”. Созомен, меѓу другото вели: “Во блиска дружба со Амониј се наоѓал и мудриот Евагриј, кој бил еден од најучените подвижници, со силен ум и надарен за говорење и пишување. Тој бил особено надарен и способен да прави разлика меѓу помислите, кои водат кон добродетели и пороци и нѐ учи како да ги разбиваме и зајакнуваме првите и како да се запазуваме од вторите. Впрочем, каков бил тој во поглед на својата ученост, покажуваат делата што ги напшнал. Тој бил во сѐ умерен. Пројавувал толку малку славољубивост и гордост, така што пофалбите кои ги заслужувал не го терале да се вознесува, а и незаслужените прекорувања не го предизвикувале да се огорчува. Тој покажувал голем интерес за Светото писмо и првиот учител му бил свети Григориј Назијанзин, кој го одвел и во Цариград и го поставил за архиѓакон во цариградската соборна црква. Тој бил многу личен човек и сакал убаво да се облекува. Некој големец кога го забележал неговото блиско познанство со неговата жена, исполнет со силна љубомора, решил да го убие. Кога веќе бил приготвен својата одлука да ја спроведе во дело, Бог му испратил на Евагриј еден страшен, но истовремено и многу спасоносен сон”. Понатаму Созомен не дава некои други податоци за него.

Не можеме да не забележиме дека црковните историчари Сократ и Созомен не се согласни со податоците што ги дава Паладиј за авва Евагрија во врска со прашањето кој бил тој Григориј, кој му бил закрилник на Евагриј и кој му помагал во неговото образование. Паладиј пишува дека тоа бил свети Григориј Ниски, а тие обајцата тврдат дека тоа бил свети Григориј Назијанзин. Овие разлики во нивните искажувања можат да бидат усогласени на следниов начин: за ѓакон бил ракоположен од свети Григориј Ниски, но му бил познат и на свети Григориј Назијанзин и од него бил поучуван. Кога свети Григориј - Богослов бил повикан во Цариград за цариградски патријарх, тогаш на Вториот вселенски собор, кој се одржал во негово време, дошол и свети Григориј заедно со Евагриј, односно придружуван од него. Овде Евагриј секако му станал архиѓакон на свети Григориј Богослов и, по одржувањето на соборот, по совет и на свети Григориј Ниски и на свети Григориј Назијанзин - Богослов, останал во Цариград. Сократ и Созомен пишуваат дека Евагриј бил во Цариград и за неговиот престој таму, а Паладиј како негов ученик, пишувал за подоцнежниот негов живот. Затоа повеќе доверба треба да имаме спрема она што го пишува Паладиј за својот учител; тој секако го пишувал токму она што самиот Евагриј му раскажувал за себе си.

Според податоците што ги дава за него PatrologiaGraeca, Migne, (том 40-ти, стр. 1215), свети Евагриј се упокоил во 399 година. Таму се говори и за неговите списи. Меѓу другите, и блажени Ероним пишувал (Epist. 135 ad Ctesiph), дека книгите на свети Евагриј не ги читаат само Грците на Исток, туку дека ги читаат и на Запад во превод на неговиот ученик Руфим”.

Во Patrologia-Migne - е поместено сѐ што е запазено од списите на Евагриј. На прво место се ставени главите за дејателниот-подвижничкиот живот до Анатолиј. Тоа се, како што можеме со право да претпоставиме, сите запазени делови од неговата книга “Монах”, за која говорат во своите црковни истории и Сократ и Созомен. Кон овие глави е поместено најнапред писмото на свети Евагриј до Анатолиј и тоа ни служи како вовед во овој текст. Потоа следат 71 глава - поуки за дејателниот -подвижнички живот. По овој спис се дава текстот од (логос практикос – грчки) во 100 глави. Но, бидејќи поголемиот број од овие глави се наоѓаат и во бројот на 71-та глава, овде се предадени само тие глави што ги нема таму, па така, вака дадени, нивниот број изнесува вкупно 100 глави. Ние затоа им даваме заеднички наслов “Сто глави за дејателниот -  подвижничкиот живот до Анатолиј”.

Понатаму во Patrologia следи написот кој кај нас во “Добротољубието” има појасен наслов: “Образ на монаштвото - поуки како треба да се подвизуваат и да безмолствуваат (тихуваат)”. Ваков е насловот и во грчката “Филокалија”. А насловот во ”Patrologia“ тешко е да биде предаден дури кога е и парафразиран. Затоа ќе го задржиме нашиот наслов.

Потоа следат 33 глави (Kатаколуниан – грчки), (а можеби и: Kaтаналогиан - грчки). Нивната содржина е: одраз на духовното на видливото; 25 глави - по редот на буквите во азбуката; тоа се афористични изреки за духовните работи. Кон нив се присоединети и други 26 изреки, но тие не се предадени по азбучен ред.

По овие следи дел од неговата книга ’(антиритикос – грчки) - За осумте порочни помисли.

На крајот се дадени кратки правила за монаси и монахињи.

Сите овие текстови се поместени и во нашето “Добротољубие”.

Авва Евагриј