Авва Евагриј

Добротољубие (том 1)

Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј

1. Глави за дејателниот - подвижнички живот до Анатолиј

Возљубен брате Анатолиј, ти ми испрати одамна писмо до Светата гора (веројатно се мисли на Нитријската) во Скит и ме молеше да ти го објаснам симболичното значење на монашката египетска схимна, секако претпоставувајќи сосем разумно и не без основа дека оваа облека има некое посебно значење, по што се одликува од сите други форми на човечката облека. Со готовност ќе ти кажам што сум слушал за ова од светите оци.

Кукулијата е симбол на благодатта на нашиот Бог и Спасител, Кој го осенува умот на монасите и ги заштитува со својот покров во нивното духовно детство од оние, од кои непрестајно биваат напаѓани, од оние, кои се обидуваат да им нанесуват удари и да им задаваат рани. Оние што ја носат кукулијата (монашката ќулавка) на својата глава и што пеат со својата силна и девствена вера: “Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата” (Псал. 126, 1), со ваквите извикувања тие го внедруваат во себе си смирението и ја искоренуваат гордоста - тоа древно зло, кое го урнало Луцифер на земјата, а бил првиот Божји ангел.

Тоа, пак, што им се разголени рацете, ја покажува нелицемерноста на нивниот живот, зашто гордоста знае да се прикрива и да покажува вид на добродетел, барајќи секогаш да добие слава кај луѓето и да ја одгонува верата, како што вели нашиот Господ Исус Христос: “Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате?” (Јован 5, 44). Доброто, што го правиме, не треба да биде за никого, туку за Него - за нашиот  Бог и Господ. А, ако тоа не биде допуштено, тогаш ќе биде јасно дека она што нѐ поттикнува да правиме добро е повредно за нас и од самото добро, а тоа би била ужасна грдост и грозотија да претпоставиме и да говориме дека има нешто повозвишено од Бога.

Апалавот (нашиот параман), со кој крстообразно ги преплетуваме напште плеќи - е симбол на нашата вера во Христа, Кој ги прима кротките, им ги отстранува сите пречки и му овозможува успешност на подвижништвото.

Појасот со кој ја завиваме нашата половина, ја отфрла секоја нечистотија и ни објавува: “Добро е за човек да не се допира до жена” (1. Кор. 7, 1).

А милотот (наметката) ја носат, како оние, што во телото свое ја носат смртта на Господа Исуса (сп. 2. Кор. 4, 10); како оние што ги задушуваат сите неразумни телесни страсти и душевното зло го пресекуваат со присоединувањето кон доброто и како оние што, љубејќи ја сиромаштијата, бегаат од големото богатство како од идолослужење.

Жезлото е дрво на животот. Оние што го земаат в раце и се потпираат на него - се обврзуваат дека ќе се утврдуваат на Христа.

Ете, накусо, на какви сѐ работи е симбол схимната. Кога светите ги облекуваат во неа своите духовни деца, им велат: “Чеда, верата ја одржува цврста стравот Божји, а него - воздржувањето, тоа го прават цврсто трпеливоста и надежта, од кои се раѓа бесстрасноста; а рожба на бестрасноста е љубовта, а љубовта е врата на природното познавање, кое го прима богословието и врвното блаженство.

Ова за светата схимна и за поуката на старците за сега е доста. А сега ќе говориме за дејателниот (подвижничкиот) и за знанствениот живот, не сето она што сме го виделе кај старците и што сме го слушнале од нив и она од другите што сме слушале, на кои тие им дале заповед да кажуваат што слушале од нив и сето ова што се однесува на дејателниот (подвижничкиот) живот во сто глави, а што се однесува на знаењето - на 650, а нешто и скривме и покривме да не им ја дадеме Светињата на кучињата, ниту бисерите да ги фрлиме пред свињите (сп. Матеј 7, 6), а тоа сепак им е јасно на оние што одат зад нив по истиот пат.

1. Христијанството е закон (догма - грчки) на нашиот Спасител Исус Христос, кој содржи сѐ што се однесува на животот, познавањето на работите и на богопознавањето.

2. Царството небесно е бестрасноста на душата со вистинското познавање на Оној Кој е.

3. Царството Божјо е знаење на Пресвета Tроица, кое се дава сообразно со состојбата на умот и го исполнува со бескрајниот блажен живот.

4. Она што го сака човекот, кон тоа и копнее. А, се разбира, кон што не копнее - не се ни труди да го придобие. На секоја наслада ѝ претходи желба и копнеж, а тие се раѓаат од чувството. Она што не се соединува со чувството, тоа е ослободно и од страста.

5. Со отшелниците стапуваат сами лично во борба, а против оние што се подвизуваат и живеат добродетелен живот во киновии или манастирски братства - тие ги вооружуваат мрзливите браќа. Но, оваа борба е многу полесна од првата, затоа што на земјата нема луѓе кои би биле полоши од демоните и кои би можеле да бидат пакосни и подмолни како нив.

6. Расејаниот ум го собираат читањето, бдеењето и молитвата. Пламената похот ја гаснат -  гладот, трудот и отшелништвото. Разбрануваниот гнев го смируваат пеењето на псалмите, великодушноста и милосрдието. Сето ова го покажува своето дејство кога бива употребувано навреме и во соодветна мера. Сѐ што е ненавреме и без мера не е долговремено, а она што не е долговремено повеќе е штетно отколку што е корисно.

7. Кога душата посакува разни јадења, тогаш треба да ѝ ги ограничиме и лебот и водата, така што да биде благодарна и со тенка сеченка леб. Зашто ситоста бара разновидни јадења, а гладот и наситувањето го смета блаженство.

8. На моралната чистота на телото многу ѝ помага и ограничувањето на пиењето вода. Во ова нека те убеди и случајот со оние триста Израилци, кои заедно со Гедеон ги победиле Медијамците.

9. Како што е неможно истовремено да се случи кај некого, така е можно кај некого да има вистинска љубов и љубов спрема пари. Љубовта не ги жртвува само парите; таа го принесува на жртва и нашиот привремен живот.

10. Оној што ги одбегнува задоволствата на овој свет е утврдена кула, недостапна за демонот на жалоста. Зашто жалоста е лишување од тие задоволства, од сегашните и од очекуваните. Не можеме да го совладаме овој непријател сѐ додека сме приврзани за нешто земно. Тој ќе ја постави својата мрежа за поттикнување на жалоста, каде што ќе види дека сме кон нешто земно приврзани.

11. Гневот и омразата ја засилуваат раздразнетоста на срцето, а кротоста ја изгаснува.

12. Сонцето да не нѐ зајде во нашиот гнев, така што демоните, кога ќе нѐ нападнат во текот на ноќта, да не ја исплашат нашата душа и да не го направат нашиот ум поплашлив во борбата што му претстои наредниот ден. Страшните соништа ги сонуваме обично по гневното вознемирување, а ништо друго не го вознемирува нашиот ум толку многу и не го вади од борбените редови, не го тера да бега и да се крие како гневот на вознемиреноста.

13. Кога раздразнителниот дел на душата, поради некоја причина, ќе дојде во вознемиреност, тогаш демоните ни предлагаат да се повлечеме во отшелништво, како нешто добро: да се оддалечиме од причините на збунетоста.” А кога се разгорува нашата похотливост, тогаш тие се трудат да не направат човекољубиви (да не задржат меѓу луѓето), нарекувајќи нѐ груби и диви за тоа што се оддалечуваме, за да нѐ остави, тогаш кога имаме похот кон телата, да среќаваме тела - да останеме во заедница со луѓето. Не треба да им веруваме на демоните, туку напротив, треба да го правиме она што е спротивно на нивните совети.

14. Не предавај ѝ се на гневната помисла, водејќи на тој начин борба со оној што те разгневил. Не предавај ѝ се ни на блудната помисла во твоето вообразување. Тоа ќе ја помрачи твојата душа, а тоа ќе придонесе за засилување на страста и ќе ти го помрачи и умот и душата; тогаш, за време на твојата молитва, ќе ја исполнуваш твојата вообразба со страсни образи како со идоли, и не ќе можеш поради тоа да Му принесуваш на Бога чиста молитва, зашто веднаш ќе те нападне демонот на очајанието, кој обично нѐ напаѓа кога се наоѓаме во таква духовна состојба, и како куче, ја грабнува нашата душа како некој безживотен труп.

15. Гневот по својата природа има намена да војува со демоните и да се бори со секое гревовно насладување. Затоа ангелите, возбудувајќи ја во нас духовната сласт и овозможувајќи ни да го вкусиме нејзиното блаженство, нѐ уверуваат дека нашиот гнев треба да го насочуваме против демоните, а тие привлекувајќи нѐ кон похотите на овој свет, нѐ тераат со нашиот гнев да војуваме против луѓето, што е спротивно на нашата природа, за нашиот ум, откако ќе се помрачи и обезуми, да им стане предавник на добродетелите.

16. Внимавај на себе си, за да не се случи откако се разгневиш да одгониш некој од твоите браќа. За тој твој грев нема да избегаш од демонот на жалоста во текот на целиот твој живот, тој секогаш кога ќе се молиш ќе ти го изнесува спомнувањето за тоа како препка.

17. Паметењето на злобата ги изгаснува даровите. Нека те увери во точноста на ова и старозаветниот праведник Јаков, кој го скротил со дарови својот брат Исава, кој излегол да го пречека со четири стотини мажи (сп. 1. Мој. 32, 6; 33, 1). A ние бедните оваа неопходност можеме да ја исполниме, заменувајќи ги даровите - со трпезата.

18. Кога ќе бидеш изложен на напад од бесот на очајанието, тогаш, разделувајќи ја твојата душа на две, па, откако едната половина ќе ја направиш утешителка, а другата утешувана, да почнеш да се закрепнуваш со добри надежи, воспевајќи ги следниве стихови Давидови: “Се возбуди душата моја во мене, поради тоа ќе си спомнувам на Тебе од земјата Јорданска, од Ермон и од гората мала” (Псал. 41, 6).

19. Кога си нападнат од искушенијата не треба да ја напушташ твојата ќелија, измислувајќи некакви оправдани причини за тоа, туку треба да седиш во неа и да трпиш, поднесувајќи ги храбро сите демонска напади, особено кога тие доаѓаат од демонот на унинието (очајанието), кој е, навистина, пострашен од сите, но затоа, пак, ја прави душата и поопитна. Ако бегаш од нападите и се криеш од нив, тогаш твојот ум ќе остане неопитен, плашлив и често ќе биде во положба да бега пред духовниот непријател.

20. Тешко е да се избега од помислата на славољубието, бидејќи што и да преземеш за да го прогониш, тоа самото ќе стане повод за нови свои напади. Впрочем, демоните не ѝ се противставуваат на секоја наша добра помисла, но лошите духови дури и ни помагаат во некои од нив, со надеж дека ќе можат да нѐ измамат.

21. Откако ќе го познаеме вистинското знаење и откако ќе вкусиме од неговата сладост, никогаш веќе да немаме доверба спрема демонот на славољубието, макар тој да ни ги ветува сите сладости на мирот; зашто би можел да ни вети нешто што е поголемо од духовното соѕерцание. Но, сѐ додека не вкусиме од знаењето, треба усрдно да го минуваме подвижничкиот живот, искажувајќи ја нашата цел пред Бога - дека сѐ што правиме го правиме заради Неговото знаење.

22. Спомнувај си за твојот изминат живот и за твоите стари гревови, како и за тоа, дека, бидејќи страстен, ти си преминал во нов начин на живеење, кога треба да се бориш против страстите, и дека, откако си излегол од светот, во многу работи си станал посмирен. Но, помислувај и на Оној, Кој те запазува во пустината и ги одгонува демоните од тебе, кои продолжуваат да те мразат и да крцкаат со заби против тебе. - Ваквите помисли го населуваат смирението во тебе и не му дозволуваат на демонот на гордоста да се доближи до тебе.

23. Она за што имаме страсно сеќавање, тоа сме го прифаќале некогаш со страст, како што и она што сега го прифаќаме со страст, и за тоа ќе имаме страсно сеќавање. За оној што го победиле тој што ги поттикнува демонските страсти, нештата немаат веќе никаква вредност преку кои тој ги разгорува страстите. Невидливиот напаѓач е полош и пострашен од видливиот.

24. Душевните страсти повод за своето раздвижување земаат од луѓето, а телесните од телото. Движењето на телесните страсти го препречува воздржувањето, а на душевните духовната љубов.

25. Демоните, заштитниците на душевните страсти, сѐ до самата наша смрт - упорно стојат против нас, ја напаѓаат и ја вознемируваат нашата душа; а закрилниците на телесните страсти побргу нѐ напуштаат. Притоа други демони, слични на сонце што изгрева или заоѓа, се допираат до некој дел од душата, а пладневното сонце обично ја грее целата душа и го потонува целиот ум. Затоа, отшелништвото е слатко откако ќе бидат победени страстите, зашто тогаш од нив остануваат само голи спомени, и што се однесува до духовната борба, тогаш го имаме не самиот подвиг на борбата, колку неговото соѕерцание.

26. Достојно за нашето внимание е прашањето: дали помислата ги става во движење страстите или страстите - помислите? Едни мислат дека првото е точно, а другите го прифаќаат второто мислење. Обично страстите се раздвижуваат од чувствата, но кога некој има љубов и воздржливост, тие не се раздвижуваат. Се раздвижуваат само кога немаме љубов и воздржливост. Гневот има потреба од посилни лакарства отколку похотта. А љубовта токму затоа и се нарекува голема, бидејќи таа е узда за гневот. Затоа и светиот пророк Мојсеј ја нарекол љубовта офиомах, односно таа што се бори со змиите - тогаш кога набројувал што треба и што не треба да се јаде (сп. 3. Moj. 1, 22).

27. Поради непрестајната демонска злоба која е позната и која никогаш не престанува, душата се разгорува против помислите кои биваат посејувани од него веднаш откако ќе го забележат нивното приближување и се заштитуваат од нив со тоа што ја примаат страсната особеност на оние што ја напаѓаат - гневот.

28. Не е секогаш можно да се исполнуваат обичните правила, туку е потребно да се обрнува внимание на дадените околности и да се трудиме да го исполниме во нив она што ни е можно според нашите сили. Овој закон на своевременоста, односно на соодветните околности, не им е непознат и на самите демони. Затоа и секогаш се однесуваат непријателски против нас: ни пречат да го правиме она што е можно, а кон неможното нѐ принудуваат. Така, на пример, тој им пречи на болните да Му благодарат на Бога за страдањата и маките, што им ги испратил, и великодушно да ги претрпуваат. Оние, пак, кои имаат слабо здравје ги поттикнува кон најстрого воздржување, и оние кои се оптоварени со својата старост и со своите тегоби, да ги пеат псалмите стоејќи.

29. Кога ќе бидеме приморани кратко време да престојуваме во некој град или во некое село, тогаш во односите со мирјаните треба да бидеме највоздржани, за нашиот ум лишен од нашиот обичен начин на живеење, да не направи нешто несовесно и да не се даде во бегство -  гонет од демоните.

30. Тогаш, кога си искушуван, не пристапувај на молитва пред да кажеш неколку гневни зборови против искушувачот. Зашто кога е душата исполнета со нечисти помисли, тогаш и молитвата не може да биде чиста. Но, ако кажеш нешто против нив со гнев, тогаш ќе внесеш извесна збрканост меѓу нив и ќе ги уништиш нивните искушувачки напади. Гневот обично има слично дејство и врз добрите помисли.

31. Којшто сака да ги испитува злобните демони и да добие навика да ги распознава нивните стапици, нека ги набљудува своите помисли и нека забележува што настојуваат да постигнат и во што попуштаат, во какви околности го прават тоа, во кое време особено дејствуваат, што следува и кој со кого дејствува, како и што треба да бара од Господа Исуса Христа, за да се реши тоа како што треба. Демоните многу им се лутат на оние кои свесно ги извршуваат добродетелите и кои ги гледаат јасно сите работи, сакајќи ”од мрак да стрелаат на чистите по срце“ (Псал. 10, 2).

32. При овие надгледувања ќе најдеш два демона кои се извонредно брзи и подвижни, кои го надминуваат движењето на нашиот ум; тоа се демонот на блудот и демонот што нѐ води кон богохулство. Но, овој последниот не е долговремен, а првиот, ако не ги раздвижува страсните помисли, не ни пречи да преуспеваме во познавањето на Бога.

33. Телото може да го оддели од душата само Оној, Кој ги соединил, а душата од телото може оној што се стреми кон добродетелите во отшелништвото. Зашто отшелништво нашите оци ги нарекуваат мислата за смртта и бекството од телото, односно да не го прават она што му е угодно на телото.

34. Не е добро телото да се храни изобилно; грижата за телото ја заситува похотата. Затоа и апостолот советува: “Грижата за телото не претворајте ја во похоти” (Рим. 13, 14). Затоа треба да се обвинуваме себе си, а не телото. Оние што дошле до душевна бестрасност, тоа го постигнале преку тоа исто тело, и дошле до соѕерцание на Оној Кој е - исповедаат, дека Создателот им ја дал таа благодат и преку телото.

35. Кога умот ќе почне да се моли неразделно, тогаш сета деноноќна борба се сведува на раздразнителниот дел на душата.

36. Белег на бестрастието е кога умот ќе почне да ја гледа својата сопствена светлина; тогаш почнува да бива спокоен на светите виденија во сон и полесно и правилно да ги сфаќа работите.

37. Кога умот за време на молитвата не вообразува ништо светско, тоа покажува дека закрепнал.

38. Умот, кој, со Божја помош ја завршил борбата на дејателниот (подвижнички) живот и достигнал до соѕерцание, малку ги чувствува или воопшто не ги чувствува движењата на неразумниот дел на душата, зашто тогаш знаењето (соѕерцанието) го издигнува горе и го одделува од она што е чувствително.

39. Бестрасност има не онаа душа која бива заробувана од предметите, туку онаа која и при спомнувањето за нив, останува спокојна.

40. Обично не се говори за совршен човек; таквиот човек се воздржува, а бесстрасниот - трпи; трпи затоа што трпи оној што страда, а се воздржува оној кого го влечат желбите.

41. Голема работа е да се молиме нерасеано, но да можеме да пееме нерасеано, е уште поголема работа.

42. Оној кој ги утврдил во себе си добродетелите и кој владее со нив совршено, тој веќе не си спомнува за законот или за заповедите или за казните, ами сето тоа што тие го заповедаат го говори и го прави како нешто природно, како што го вдахновува неговата нововостановена прекрасна природа.

43. Демонските песни ја доведуват во движење нашата похота и уфрлаат во нашата душа срамни мечтаења, а псалмите и духовните песни секогаш го привлекуваат умот да си спомнува за добродетелите, гаснејќи го при тоа гревовниот жар и оладувајќи ја изгаснатата похота.

44. Ако оние што влегуваат во борби задаваат удари, тие, исто така, и ги примаат. И демоните нѐ напаѓаат и ни задаваат удари, но се разбира, и тие самите ги примаат од нас. Во псалмите Давидови читаме: “Зашто Ти ме препаша со сила за борба и ги покори пред мене оние што станаа против мене” (Псал. 17, 39) И уште: “Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели, за да го изедат телото мое, ослабнаа, се сопнаа, и паднаа” (Псал. 26, 2).

45. Мудроста се пројавува во заедништво со спокојот, а благоразумноста во трудот. Мудроста не може да се придобие без борба, а борбата без благоразумноста не може успешно да биде завршена. Нему му е поставена задача да му се противставува на гневот, кој бива поттикнуван од демоните и да ги приморува силите на душата да дејствуваат така, како што им е својствено според нивната природа, и на тој начин, да си го пробива патот кон мудроста.

46. Искушението на монахот е помислата, која, откако ќе навлезе преку страсниот дел на душата, го помрачува умот.

47. Гревот на монахот е согласувањето на неговата помисла со забранетата гревовна страст.

48. Ангелите се радуваат кога се намалува гревовното зло, а демоните се радуваат кога се намалува добродетелта, бидејќи ангелите се служители на милоста и на љубовта, а демоните се робови на гневот и на омразата. Ангелите, приближувајќи ни се, нѐ исполнуваат со духовно соѕерцание, а демоните, кога ни се приближуваат, ја фрлаат душата на срамни вообразби.

49. Добродетелите не ги оневозможуваат устремите на демоните врз нас, но тие нѐ запазуваат неповредени од нив.

50. Дејателниот живот (практикувањето на добродетелите) е духовен метод за тоа како треба да го очистуваме страсниот дел на душата.

51. За потполното излекување на душевните сили не е доволно само благотворното дејство на заповедите, ако умот при тоа не ги одржува соодветните соѕерцанија.

52. Како што можеме да им се противставуваме на добрите помисли кои ни биваат предлагани од ангелите, така можеме да ги одбиваме и лошите помисли, кои ни биваат испраќани од демоните. По првите помисли следи мирна состојба на душата, а по вторите - вознемиреност и збрканост.

53. Љубовта е рожба на бестрасноста; бестрастието е цвет на дејателниот живот, а дејателниот живот се состои во исполнувањето на заповедите. Чувар на исполнувањето на заповедите е стравот Божји, кој е плод на вистинската вера, а верата е внатрешното богатство на душата, кое го има обично и кај оние што уште не поверувале во Бога.

54. Како што душата, кога дејствува преку телото, сеќава кои делови на телото се слаби, така и умот, кога дејствува низ својата дејност, ги познава своите сили и забележува која од нив не е исправна и му пречи, па бара која заповед може да ја излекува.

55. Умот, кој уште води страсна војна, не ги согледува плановите на противникот, зашто тој тогаш се бори со оној што го напаѓа ноќе во темнина. Но, откако ќе добие бестрасност, тој тогаш лесно ги распознава неговите злобни замисли.

56. Последната граница на дејателниот живот е љубовта, а крајот на знаењето е богословието. А почетокот на обете се верата и соѕерцанието на работите. Оние демони кои го напаѓаат страсниот дел на душата се нарекуваат противници на дејателниот живот, а оние кои ја напаѓаат самата мисловна сила се нарекуват непријатели на секоја сила и противници на соѕерцанието.

57. Ништо од она што го прочистува телото не останува откако ќе се прочисти душата, но добродетелите, откако ќе ја прочистат душата, живеат во неа и откако станала прочистена.

58. Разумната душа дејствува сообразно со својата природа: кога нејзиниот дел што пожелува се стреми кон некоја добродетел, тогаш неа ја помага раздразнителниот дел а мисловниот се труди да го соѕерцава она што е.

59. Оној што напредува во дејателниот живот ги ослабнува страстите, а оној, пак, кој преуспева во соѕерцанието, го намалува незнаењето. Што се однесува за страстите, се вели дека некогаш тие ќе бидат уништени, а за незнаењето се вели дека тоа делумно ќе има и делумно нема да има крај.

60. И доброто и лошото што ги среќаваме во животот, можат да им потпомагаат и на добродетелите и на пороците. Дело на разумноста е да се користиме со нив за успех во првите и победување на вторите.

61. Според зборовите на нашиот мудар учител, нашата душа има три дела. Кога добродетелта е во мисловниот дел, се нарекува претпазливост, снаодливост и мудрост; кога е по пожелниот дел - тогаш се нарекува целомудрие, љубов и воздржување; кога е во раздразнителниот дел, се нарекува храброст и трепеливост: а кога е во целата душа - тогаш тоа е праведност. Работата на претпазливоста е да војува со спротивните сили, да ги заштитува добродетелите, да ги прогонува пороците, да раководи со средните (неважните) работи сообразно спрема времето. Работата на снаодливоста се состои во тоа да им помага на нашите цели да ги постигнува како што треба; а работата на мудроста се состои во тоа да ги соѕерцава телесните и бестелесните твари во сите нивни односи. Работата на целомудрието е: бестрасно да гледа на сите работи, кои обично предизвикуваат во нас неразумни мечтаења и желби. Работата на љубовта е да биде секогаш една и иста спрема секоја човечка личност, која носи образ Божји, каква што е спрема Својот прв образ, иако демоните се обидуваат некого многу да го унижат пред нас. Работата на воздржливоста е со радост да го отфрламе насладувањето со храна. Работата на трпеливоста и на храброста е да не се плашиме од непријателите и со готовност да ги поднесуваме сите непријатности. Работата, пак, на праведноста се состои во следново: да ги одржува сите делови на душата во меѓусебна согласност и хармонија.

62. Плодот на сеидбата е жетвата, а плодот на добродетелите е знаењето. Како што веењето на житото предизвикува солзи, така по жетвата следи радост (сп. Псал. 125, 6).

63. Човек не може да ги отстрани страсните спомени, ако не се потруди да ги излекува пожелниот и раздразнителниот дел на својата душа; првиот дел да го ослабнува со пост, бдеење и спиење на гола земја, а вториот да го скротува со долготрпеливост, незлобивост и милостиња. Од овие две страсти се составени речиси сите демонски помисли, кои го фрлаат умот во севозможни маки и во пропаст. Но, никој не може да се избави од страстите, ако потполно не ги презре јадењето и пиењето, имотот и славата, па дури самото свое тело, поради кои често бива напаѓан и победуван од бесовите. Затоа треба потполно да се угледаме на оние кои се наоѓаат во морска бура, кои се приморани, поради силните ветрови и бесните бранови, кои се издигаат високо и им се закануваат да ги потонат заедно со нивниот кораб, - да го исфрлат целиот товар во водите на морето. Но, при сето тоа, исфрлајќи ги на сличен начин сите работи од себеси, треба особено да внимаваме, сето тоа да не го правиме така - за да нѐ видат луѓето. Зашто со тоа ќе ја загубиме својата награда, а се изложуваме на уште поголема несреќа од бродоломот - тогаш ќе нѐ нападне со својот ужасен налет демонот на славољубието. Затоа и нашиот Господ Исус Христос, поучувајќи го умот, нашиот водач, говори: “Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец небесен” (Матеј 6, 1). И уште: ”кога ќе се молиш, не биди како лицемерите, што сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам дека тие веќе си ја добиле наградата” (Матеј 6, 5). Во истата глава од истото Евангелие читаме: “Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда“ (Матеј 6, 16). Но, внимавајте овде како Лекарот на душите - со милостиња ја лекува раздразнителноста, со молитва - го очистува умот, а со пост ја умртвува похотата од кои е составен новиот човек и за тоа како тој се обновува, според зборовите на светиот апостол: “Го соблековте стариот човек со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател, каде што нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос” (Кол. 3, 11), по кој поради бесстрасноста: “Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса” (Г ал. 3, 28).

64. Нечистите помисли, кои се задржуват во нас поради нашите страсти, го уриваат умот во крајна пропаст. Затоа, како што помислата за лебот, се задржува кај гладниот поради гладот и помислата за водата во душата кај жедниот, поради жедта, така и помислата за парите и придобивање на други предмети, се задржува во нас, поради среброљубието. Така и срамните страсти остануваат во нас поради нашите страсни помисли. На овој начин се објаснува и нашата приврзаност кон славољубивите и другите грешни помисли. Неможно е, потонати во такви помисли да застанеме пред Бога и да бидеме украсени со венецот на правдата. Од вакви помисли бил ограбен оној ум, кој, според евангелската парабола се откажал од вечерата на богопознанието. И тој несреќник на кого му ги врзале рацете и нозете и го фрлиле во крајната темнина, имал облека исткаена од тие помисли, која Оној Кој знае сѐ, ја сметал како недостојна за таква свадбена вечера. Свадбената облека е бесстрасноста на разумната душа која се откажала од светските похоти. А која е и каква е причината за тоа што помислите за чувствените работи, кои се задржуват во нас, го расипуваат знаењето, за тоа ќе се говори во главите за молитвата.

65. На демонската помисла ѝ се противставуваат три мисли, кои ја отсекуваат, кога таа се задржи во умот. Тоа се: ангелската, нашата, која произлегува од нашата слободна волја кога се устремува кон ова што е подобро, и онаа наша друга помисла, која произлегува од нашата човечка природа, со која, поттикнувани од неа, на пример, и незнабошците си ги сакаат своите деца и ги почитуваат своите родители. На добрата помисла ѝ се противставуваат само две помисли: демонската и нашата, која произлегува од нашата слободна волја, која се отклонила кон злото. Зашто од самата природа не произлегува никаква лоша помисла, бидејќи од почетокот не сме биле лоши - затоа што Господ посеал добро семе на Својата нива. Имало време кога немало зло и ќе има пак време кога ќе нема зло. Семињата на добродетелите се неуништиви. Во ова ме уверува оној евангелиски богаташ, кој и тогаш кога бил осуден во пеколот, покажувал милосрдност спрема своите браќа, а милосрдноста е најубавото семе на добродетелта.

66. Некои од нечистите духови секогаш седат покрај оние што читаат и на сите можни начини се трудат да им го отстранат нивниот ум на друга страна. Честопати, откако за тоа земаат некој повод и од самото Свето и божествено писмо, ги наведуваат на лоши помисли. Ги тераат да се прозеваат, ги исполнуваат со поспаност која е многу поинаква од обичната. Ова сум го испитал јас самиот на себе си, но не сум ги разбирал добро причините за тоа и сум бил победуван. Од свети Макариј сум слушал дека и ненавременото прозевање и таквиот сон се од демоните. Како доказ за тоа тој го наведува обичајот, спрема древното предание, при ваквото прозевање да ја ознаменуваме нашата уста со крсен знак. Затоа, кога при читањето немаме трезвено внимание и кога не го запаметуваме она што го читаме - кога ги читаме зборовите на живиот Бог, треба да знаеме дека сето тоа од нив го трпиме.

67. Кај демоните има предавање и приемство, кое бива тогаш кога некој од нив ќе се измори во борбата и кога не ќе успее оној што го искушува да го приведе кон својата сакана страст. Откако направив личен опит, се уверив во следново: кога извесни страсни помисли долго време не нѐ напаѓаат, а потоа одеднаш сосем неочекувано нѐ напаѓаат и нѐ изгоруваат, иако не сме дале никаков повод од наша страна, тогаш знајте дека со нас се зафатил некој демон полош од претходниот, го зазел неговото место и нѐ исполнил со своето зло. Умот, кога ќе го види ова, нека прибегнува кон Господа, пa откако ќе го стави на себе си шлемот на спасението, да го извлече мечот духовен, да го земе штитот на верата (сп. Ефес. 6, 14-17), па откако ќе погледне со солзи кон небото да рече: Господи Исусе Христе, “не предавај ме, Господи, на грешникот против мојата желба; не давај да постигнат што намислија за да не се возгордеат” (Псал. 139, 8). “Зашто Ти си крепост моја и прибежиште мое, заради името Твое поведи ме и управувај со мене” (Псал. 30, 3).

Тогаш нека светне вашиот духовен меч особено со построг пост и со бдеења. Потоа, ако уште извесно време потрпиш, напаѓан и опсипуван со распалените стрели на лукавиот, сепак, најпосле тој демон малку по малку ќе ослабне и ќе стане како и претходниот и ќе се смири кога ќе дојде пак некој уште полош од него за да го замени.

68. Нечистите помисли често се рашируваат на многу работи, препливуваат преку големи мориња, не се откажуваат од долги патувања - движени со страста што ги распалува. Но, откако донекаде ќе бидат очистени, тогаш стануваат многу постеснети и не можат многу да се рашируваат на многу предмети, поради тоа што ослабнала страста. Тогаш се движат најповеќе во кругот на природното и, според зборовите на премудриот Соломон: “Де на улицата, де по плоштадите и на секој агол поставува стапици” (Изрек. 7, 12), собирајќи слама за беззаконото правење на тули (сп. 2. Мој. 5, 12, 7), не допирајќи се до плевелот. Затоа, должни сме со големо внимание да го пазиме нашето срце, за да биде спасено.

“Спасувај се како срна од стапица и како птица од мрежа” (Изрек. 6, 5). Зашто е полесно да ја очистиме душата кога е нечиста, отколку кога била еднаш очистена и пак се покрила со рани - одново да ѝ го вратиме здравјето, поради засилените прегради од демонот на жалоста, кој секогаш скока во зениците на очите и за време на молитвата ни го става пред духовниот вид идолот на гревовната страст.

69. Разумната природа, умртвена од гревот, Христос Господ ја разбудува, за да се покае, преку соѕерцанието на сите векови на она што било, што е и што ќе биде, а Неговиот Отец оваа душа, која потоа умира со Христовата смрт, со смртта за гревот - воскреснува со богопознанието. Токму ова го означуваат и зборовите на апостолот: “Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме” (2. Тим. 2, 11).

70. Кога умот ќе го соблече од себе стариот човек и се облече во оној што е од благодатта; тогаш ќе ја види и својата состојба во молитвата, која е слична на сапфир или на небеското синило, кое се нарекува во Светото писмо место Божјо, како што виделе старците на Синај (сп. 2. Moj. 24, 10).

71. Умот нема да го види Божјото место во себе си, ако не се издигне над сите помисли за земното и создаденото; а нема да се издигне над нив, ако не ги соблече страстите, кои го врзуват со земните предмети и со помислите, кои го расположуваат кон нив. Од овие страсти ќе се ослободи преку добродетелите, а од простите помисли ќе се ослободи преку соѕерцанието. И од нив ќе се ослободи кога ќе му се јави онаа светлина која за време на молитвата го отпечатува Божјото место.

Авва Евагриј