Авва Евагриј
Добротољубие (том 1)
Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј
2. Сто глави за дејателниот (подвижничкиот) живот
29. Нашиот свет и извонредно искусен учител говореше вака: “Монахот треба да создаде таква расположба во себе си и да мисли така како во утрешниот ден да треба да умре, а сепак така да се однесува спрема своето тело - како да треба да живее уште многу години. Зашто првото ги пресекува во него помислите на унинието и го прави монахот многу ревносен, а другото го пази здраво телото и го тера секогаш да ја запазува рамнотежата.
31. Дознав демонот на славословието гонет речиси од сите демони стои бесрамно против толпите што го гонат, а на монахот му ја покажува големината на неговата добродетел.
43. Треба да ја распознаваме разликата меѓу демоните и да го забележуваме времето на нивното дејствување. Од помислите сознаваме, а од помислите и заклучуваме за делата, кои демони се ретки, но тешки, а кои се постојани, а лесни, а кои нѐ напаѓаат ненадејно и го заробуваат умот, го приморуваат да богохули. Исто така, неопходно е да се набљудува: кога помислите ќе почнат да ги менуваат своите предмети, пред да излеземе од нашата обична состојба, да кажеме нешто против нив и да го забележиме оној што е присутен во нив. Зашто на овој начин и ние самите напредуваме со Божја помош, а и нив ке ги натераме со жал да се оддалечат од нас.
44. Кога борејќи се со монасите, демоните ќе се изморат, тогаш тие за извесно време се оддалечуваат и гледаат во текот на тоа време која добродетел монахот ќе ја занемари и тогаш сосем ненадејно демонот напаѓа токму од таа страна и ја ограбуваат неговата душа.
45. Понекогаш лошите демони повикуваат на помош други уште полоши демони и прават заеднички план да војуваат едни против други, останувајќи само во едно согласни меѓу себе - да ја погубат човечката душа.
46. Да не дозволиме да нѐ збунува демонот и да ја прекинува нашата добра намера, да го поттикне нашиот ум на богохулство и на срамни вообразби, за да престанеме и да не смееме да ги продолжиме нашите молитви. Бог кој го знае нашето срце, знае дека ни кога се наоѓавме во светот, не го правевме тоа безумство. Треба да ја знаеме целта на тој демон, која се состои во тоа да нѐ натера да ја прекинеме нашата молитва и да стоиме пред нашиот Господ Бог без да смееме да ги подигнеме нашите раце кон Него затоа што сме си дозволиле да имаме такви мисли против Него.
47. Белег на страстите што дејствуваат во нас, во нашата душа, биваат или некои од зборовите што ги изговараме, или некое од движењата на нашето тело, по кои непријателите дознаваат: дали ги имаме нивните мисли во себе си и дали боледуваме од нив или пак сме ги отфрлиле и се грижиме за нашето спасение. Само Бог, Кој нѐ создал, знае сѐ што е во нас и нема потреба од некакви надворешни белези, пo кои ќе распознава што се крие во нас.
48. Со мирјаните демоните водат борба повеќе преку самите предмети, а со монасите се борат главно преку помислите, затоа што тие во пустината ги немаат тие предмети. Но, побргу и полесно може човек да згреши со мисла, отколку со дело, na затоа и борбата со мислите е многу потешка од онаа што ја водиме со видливите работи. Умот е нешто што се движи извонредно брзо и што не можеме да го задржиме и тој многу лесно паѓа во гревовна вообразба.
49. Нам ни е дадена заповед: непрестајно да работиме, да бидеме будни и што помалку да спиеме, да постиме и што помалку да јадеме и постојано да се молиме. Зашто овие подвизи, кои го имаат за цел лекувањето на похотниот дел на душата - имаат потреба од телото, за да можат и тие успешно да дејствуваат, а телото не може без поткрепување да биде во постојанен труд и лишувања. А молитвата го очистува умот и го прави силен за борба; умот е создаден така за да може да се моли и без телото и да војува против демоните за заштита на сите сили на душата.
54. Кога демоните, кои војуваат против похотниот дел на душата, во мечтаењата на соништата ни покажуваат среќавања со наши познати, гоштавки заедно со нашите роднини, женски хорови и други слични работи, со кои обично се храни похотата, и ние се занесуваме пo сето тоа. Тоа покажува дека тој наш дел е болен и дека таа страст во нас е силна. Но, кога владеат со раздразнителниот дел на нашата душа, тогаш во нашите вообразби нѐ тераат да одиме пo страшни стрмни места и да бидеме напаѓани од вооружени луѓе, отровни змии и диви крвожедни зверови. Ако се исплашиме во сонот од таквите места, од лошите луѓе и од дивите зверови - ние почнуваме ужасно да се плашиме и да бегаме, - тогаш е потребно да се погрижиме за радразнителниот дел на нашата душа, да викаме кон нашиот Господ Исус Христос за време на нашите бдеења и да се користиме со посочените лекарства.
55. Природните телесни движења во сонот, без срамни мечтаења, покажуваат дека душата до извесна мера е здрава; ако има и мечтаења, се јасен белег дека е болна. Притоа, треба да знаеш дека вообразбата за некои непознати личности укажува на некои остатоци на одамнешни страсти, а вообразбата на познати личности укажува на нови рани на срцето.
56. Знаците на бестрасноста дење ќе ги одредуваме преку нашите помисли, а ноќе преку нашите соништа. Бесстрасноста ја нарекуваме здравје на душата, а знаењето нејзина храна, бидејќи само тоа обично нѐ соединува со светите сили, зашто соединувањето со бестелесните е можно само кога имаме ваква расположба.
57. Има две помирни состојби на душата: едната е последица на оскудноста и на исушеноста на природните сокови, а втората е поради отстапувањето на демоните. Заедно со првата одат смиреноста заедно со скрушеноста на срцето, со солзите и бескрајната желба за добивање на божественото; а по втората следат суетата со гордоста, кои ги совладуваат монасите по оддалечувањето на демоните. Кој ги запазува границите на првата состојба, тој набргу ќе ги доживее демонските напади и искушенија.
58. Демонот на суетата е спротивен на демонот на блудот, така што, не е можно тие заедно да ја нападнат душата, бидејќи суетата ветува почести, а блудот нѐ води кон посрамување и бесчестие. Затоа, кога еден од нив ќе ти се приближи и ќе почне да те вознемирува, ти почни самиот во себе си да произведуваш помисли својствени на спротивниот демон. А, ако можеш, како што се вели, клин со клин да избиеш, тогаш знај дека си близу до пределите на бестрастието, зашто во тој случај твојот ум се покажал силен и со човечки средства си ги победил бесовските напади. Но, се разбира, да ги победиш суетните помисли со својата смиреност, блудната помисла со силата на твоето целомудрие, тоа би било знак на најдлабока бестрасност. Обиди се вака да постапуваш и спрема сите демони кои се спротивни еден со друг. Истовремено, освен тоа, ќе дознаеш со која страст си особено исполнет. Впрочем, со сите свои сили моли Му се на Бога да те научи и да ти помогне на каков начин да се бориш со демоните и како да ги прогонуваш.
59. Колку повеќе напредува твојата душа, толку повеќе и посилно бива напаѓана од демоните. Мислам дека и твојата душа не секогаш е напаѓана од едни и исти демони. Ова го знаат најдобро оние кои внимателно ги набљудуваат искушенијата што ги напаѓаат, забележувајќи дека нивната обична бестрасност бива посилно колебана од новите бесови, отколу што била колебана од оние што ги напаѓале пред нив, од оние што ги презеле од првите.
60. Совршената бестрасност се појавува во душата по победата над сите демони кои му се противставуваат на дејателниот живот. Несовршена бестрасност се нарекува таквата состојба на душата, кога таа неотстапно продолжува да се бори против демоните, кои продолжуваат постојано да напаѓаат.
61. Ако умот не ја поправи својата внатрешност, тој нема да може успешно да го измине страшното патување низ митарствата и да навлезе во пределите на бестелесните сили. Тоа внатрешно безредие неизоставно ќе го одведе кон оние, од кои тоа и настанало.
62. И добродетелите и пороците го заслепуваат умот. Кога е душата доброделна, умот не ги гледа пороците, а кога е порочна не ги гледа добродетелите.
Изреки на светите старци
91. Неопходно е потребно да се распрашуваме и за патиштата по кои оделе право старците од минатото, за и ние по тие исти патишта да чекориме. Може да се најде многу нешто убаво што го рекле и што го направиле тие. Така, некој од нив рекол дека постојаното суво јадење со љубов, набргу го воведува монахот во пристаништето на бестрасноста. Истиот старец, некој брат, кого го вознемирувале демонски мечтаења, го избавил од нив со тоа што му дал заповед да им служи на болните и да пости, тој рекол дека страстите со ништо повеќе не се гаснат како со милосрдноста.
92. Кај праведниот Антониј пристапил еден од тогашните мудреци и го прашал: “Оче, како можеш да поднесуваш ваков живот и да се лишуваш од книги и од користа од нив?” Тој му одговорил: “Господине филозофе, мојата книга е книгата на оваа создадена природа. Таа е секогаш со мене. Кога и да посакам, јас можам да ги читам зборовите Божји во неа”.
93. Свети Макариј, египетскиот духовен старец, овој редок избран Божји сад, ме праша еднаш: “‘Koja е причината што ние, паметејќи го злото што ни го направиле луѓето, ја растројуваме силата на нашата душа што памети, а кога си спомнуваме за злото што ни го направиле бесовите, не претрпуваме никаква штета?” Кога јас, не можејќи да одговорам на неговото прашање и го замолив тој самиот да ми го објасни тоа, тој рече: “Првото е спротивно на нашите раздразнителни сили, а второто е сообразно со нив”.
94. Еднаш во најголемата пладневна горештина пристигнав кај светиот отец Макариј , па измачуван од страшна жед, побарав да ми даде вода да се напијам. Тој ми рече: “Задоволи се со сенката; многумина се оние што патуваат и што пловат по ваква жештина, а се лишени од вода”. Потоа, кога во врска со ова, почнав да говорам за воздржливоста, тој ми рече: “Верувај ми, синко мој, дека цели дваесет години јас никогаш не сум се наситил со леб, со вода и со сон. Лебот свој го јадев со измерување, водата ја пиев со мерка, а потпирајќи се на видот, уривав мал дел од сонот.
95. На некој монах му стигнала вест, за смртта на неговиот татко, но тој му рекол на оној што го известил за тоа: “Престани да богохулствуваш, зашто мојот Отец е бесмртен”.
96. Некој брат прашал некој старец дали да јаде заедно со својата мајка и со сестрите. Тој му рекол: “Cо жена да не јадеш“.
97. Некој брат имал само Евангелие, а потоа го продал и парите им ги разделил на гладните. Потоа ги кажал овие незаборавни зборови: “Јас ја продадов книгата која ми заповеда: “Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото” (Матеј 19, 21).
98. Близу до Александрија, на самиот северен дел од заливот кој се нарекува Марииним, има еден остров, на кој живеел некој монах, кој бил многу опитен во знаењето на духовните работи. Тој велел: “Сѐ што прават монасите, го прават од пет причини: заради Бога, заради барањето на природата, според обичајот, по нужда и поради својата рачна работа”. Тој исто така, велел: “Добродетелта по суштина е една, но добива различни видови во душевните сили, слично на сончевата светлина, која нема облик, туку го прима својот облик соодветно со отворот низ кој минува”.
99. Еден друг монах вели: “Јас се лишувам од задоволства, затоа што сакам да ги пресечам поводите за мојот гнев, бидејќи знам дека тој секогаш поведува војна заради задоволствата, поматувајќи го мојот ум и одгонувајќи го знаењето”. А друг некој старец велел: “љубовта не знае да запазува заштеди од леб или пари”. Тој ист старец го кажал и ова: “Јас не си спомнувам демоните да ме измамиле двапати во една и иста работа”.
100. Не е можно да ги сакаме сите браќа подеднакво, но можно е со сите да се однесувам бестрасно и да бидеме слободни од паметењето на злото што ни го направиле и од омразата. По Бога, најмногу треба да ги сакаме свештениците кои нѐ очистуваат со светите тајни и се молат за нас, а нашите духовни старци должни сме да ги почитуваме како ангели”.
Возљубен брате Анатолиј, ете, толку ти кажувам сега, колку што најдов и набрав на прачките од зрелата лоза со благодатта на Светиот Дух. Ако постојано нѐ грее сонцето на правдата и грозјето потполно узрее, тогаш ќе пиеме од него добро вино, “кое го весели срцето на човекот” (Псал. 103, 15), пo молитвите и моленијата на праведниот Григориј, кој ме насади духовно, по молитвите на тукашните преподобни оци, кои ме поливаат и со силата на Господа Исуса Христа, кој ми дава да растам, на Кого нека Му биде слава и власт во вечни векови. Амин.
Авва Евагриј