Авва Евагриј
Добротољубие (том 1)
Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј
3. Претставување на монашкиот живот за тоа како монасите треба да се подвизуваат и безмолствуваат
1. Кај светиот пророк Јеремија е речено: “И би слово Господово до мене: Немој да се жениш, ниту да имаш синови ни ќерки на ова место. Оти вака вели Господ за синовите и ќерките, што ќе се родат во ова место, и за мајките нивни, што ќе ги родат и за татковците нивни, што ќе ги добијат во оваа земја” (Јерем. 16, 1-3). И светиот апостол Павле вели: “Женетиот се грижи за световни работи - како да и угоди на жената... а омажената се грижи за световни работи - како да му угоди на својот маж” (Кор. 7, 33-34). Ако сфатиме дека кај пророкот не се говори за тие синови и ќерки, кои произлегуваат од брачниот живот, дека треба со смрт страшна да загинат, туку за синовите и ќерките кои се раѓаат во срцето, односно за телесните помисли и пожелби, бидејќи и тие умираат по страдално, немоќно и раслабено мудрување на овој свет, не стигнуваат до небесниот и вечен живот, како што вели светиот апостол Павле: “Неженетиот се грижи за Господовите работи” (1. Кор. 7, 32), раѓајќи ги секогаш свежите и бесмртни плодови на небесниот живот.
2. Таков е монахот и таков треба да биде, односно тој треба да се оддалечува од жена, да нема синови и ќерки. И не само тоа, туку да биде и Христов војник, да не ги сака светските работи, да биде слободен од грижи, туѓ на помислите и делата на возбрануваниот свет како што говори свети апостол Павле: “Ниеден војник не се заплетува во светски работи, за да му угоди на својот началник” (2. Тим. 2, 4). Монахот да живее и да напредува најмногу во овие работи, да ги остави сите работи од овој свет и да се стреми кон прекрасните и добри победни трофеи на безмолвието, кој е навистина прекрасен и добар подвиг! Нашиот Господ Исус Христос вели: “Јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно” (Матеј 11-30). Духовниот живот е сладок и духовното дејство е сакано.
3. Сакаш ли, возљубен да го започнеш осамениот живот како што треба и да се устремиш кон трофеите на безмолвието? Напушти ги светските грижи, заедно со нивните началници и власти, односно биди како да не си земно суштество, туѓ на секоја страсност и на секоја похота, па така, бидејќи ослободен од врските со нив и од сѐ што обеспокојува, да можеш добро да безмолствуваш. Зашто, ако некој не се ослободи од сето ова, тој не ќе може да го живее ваквиот живот. Одреди за себе едноставна храна, која може лесно да се најде и не бара големи грижи околу приготвувањето. Таа да не биде разновидна и да не те води кон развеселување. Ако ти падне на ум помисла за некакви скапоцени јадења, со кои би сакал да ги угостиш своите гости, отфрли ја и не посветувај ѝ никакво внимание. Зашто преку тоа те искушува непријателот, за да те одврати од безмолвието. Го имам Господа Исуса Христа, Кој ја прекорил Марија, односно душата која се грижи за тоа, велејќи: “Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи” (Лука 10, 41), да го слуша словото Божјо, а останатото ќе дојде без труд само по себе. Затоа Он веднаш додал: “Марија го избра добриот дел кој нема да ѝ се одземе (Лука 10,42). За ова имаш пример и со сарептската вдовица, со што таа го угостила пророкот (сп. 3 Цар. 17, 10). Кога би имал само леб и вода, и со нив можеш да го извршиш делото на гостоприемството како што треба и да се удостоиш со награда за тоа. Ho, ако ги немаш и тие работи, прими го патникот само со твоите добри желби и кажи му добри зборови. И со ова можеш да ја добиеш наградата на гостопримството. Зашто е речено: “Росата нели ја освежува жегата? Поскапоцен е зборот од самото дело” (Мудр. Сир. 18, 16).
4. Ти треба да размислуваш така и за милостињата. Не посакувај да имаш големо богатство за да им го разделуваш на сиромасите. Зашто тоа е измама на лукавиот, кој често доаѓа во вид на славољубие и го фрла нашиот ум во дела на големи грижи. Во Евангелието Самиот Господ Исус Христос ја пофалил вдовицата која со своите две лепти го надминала големиот дар на богатите. Он рекол: “Сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа пушта сѐ што имаше за својот живот” (Лука 21, 4).
А што се однесува до облеката, не посакувај да имаш излишна; имај само такви, кои ќе бидат доволни за потребите на твоето тело. Псалмопеачот Давид говори: “Ти, Боже, ќе ги фрлиш во погибелна јама крвниците и лукавите луѓе да не поживеат ни половина од деновите свои. Јас, пак, Господи, на Тебе ќе се надевам!” (Псал. 54, 23), и Он ќе промислува за тебе. Светиот апостол Петар пишува: “Сите ваши грижи оставете Му ги Нему, зашто Он се грижи за вас” (1. Петр. 5, 7). Ако имаш потреба од храна или облека, не срамувај се да ги примиш од оние што ти ги даваат, зашто тоа е своeвидна гордост. А, ако ти самиот имаш повеќе отколку што треба, давај им на оние што немаат. Бог сака неговите чеда да водат ваква економија. Затоа и светиот апостол Павле им пишува на Коринтјаните, велејќи: “Сегашниот ваш одвишок да го дополни нивниот недостиг, та и нивниот одвишок да послужи за вашиот недостиг, па да има еднаквост, како што е напишано: “Koj собрал многу, немал одвишок, и кој собрал малку немал недостиг” (2. Кор. 8, 14-15). Ha така, имајќи што ти е потребно за сегашното време, не грижи се за иднина, за утрешниот ден или за по една недела, за пo еден месец или по една година. Кога ќе настане тоа време, кога ќе дојде утрешниот ден, тој ден и тоа време ќе ни го дадат тоа што ни е потребно, ако го бараш пред сѐ царството небесно и правдата Божја. Зашто Господ говори: “Барајте го најнапред царството на Бога, и неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде” (Матеј 6, 33).
5. Не примај слуга за да не предизвикаш соблазна и да не почнеш да се грижиш за подготвување на скапоцени јадења. Тогаш нема да можеш да се грижиш само за својата душа. Дури и да дојде таа помисла, да имаш слуга за твоето телесно успокојување, барај го она што е подобро, духовниот спокој; зашто духовниот спокој е многу подобар од телесниот. Кога твојата помисла ќе ти вели дека треба примиш слуга заради негова полза, не верувај ѝ, зашто тоа не е наша работа, тоа е работа на светите оци кои живеат во манастирите. А ти грижи се само за твојата духовна корист, пазејќи ги само, како што треба, правилата на безмолвниот живот. Не сакај да живееш со луѓе кои сакаат многу работи и кои многу се грижат. Ти живеј или сам или со едномислени браќа. Ако живееш со луѓе кои сакаат многу работи и многу се грижат, се разбира и ти самиот ќе бидеш таков, ќе почнеш да се грижиш за многу работи и да им робуваш на човечките обичаи, да зборуваш празни зборови и да грешиш, да се гневиш, да се жалостиш, да му робуваш на богатството, на стравот и на немирот. Не дозволувај си да се занимаваш со грижите на родителите, со роднинско другарување. Откажи се од лични видувања со нив, за тие да не ти го одземат твоето ќелијно безмолвие и да не те натераат да пропаднеш во непотребни грижи. Нашиот Господ Исус Христос говори: “Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци” (Матеј 8, 22). Па дури и ако твојата ќелија во која живееш биде многу бучна, избегај од неа и не жали ја, за да не го загубиш твојот мир од љубов спрема неа. Така постапувај во сѐ, за да добиеш вистинско безмолвие, па да се грижиш за едно: како да живееш според Божјата волја и успешно да се бориш со невидливите сили.
6. Ако ти е неможно да безмолствуваш како што треба во твојата земја, одлучи се тоа да го постигнеш во туѓа земја и кон тоа насочи ја целата твоја мисла. Биди како искусен трговец, испитувај ги сите можни начини да си го овозможнш вистинското безмолвие; согласи се на сѐ што е неопходно и корисно за тоа. Ти говорам да го засакаш туѓинството, зашто тоа избавува од неудопствата кои се неизбежни во својата земја и само тогаш може да го вкусиш тоа добро на безмолвниот живот. Избегнувај да престојуваш во градот и трпеливо седи во пустината. Токму за ова говори светиот пророк Давид, велејќи: “Се надевав на Оној Кој ме спасува од малодушноста и од бурата” (Псал. 54, 8). Ако ти е тоа можно, добро е и воопшто да не одиш в град, зашто таму нема да видиш ништо што ти е вистински потребно и корисно, ништо што би можело да ти користи за начинот на живеење што си го избрал. Пак говори пророкот: “Дење и ноќе обиколуваат покрај ѕидовите негови; и во него беззаконие, мака и неправда има” (Псал. 54, 10). Затоа барај осамотени и мирни места и не плаши се да се населиш во нив. Ако видиш таму и бесовски привиди, не плаши се и не бегај од тоа за тебе спасоносно бојно поле. Претрпи и не плаши се: “А Мојсеј му рече на народот: “Не плашете се, застанете и ќе видите како Господ ќе ве спаси денес. Египтјаните, какви што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека” (2. Мој. 14,13), а ќе го видиш засолништето, покровот и секој друг доказ за твоето спасение. Блажениот маж говори: “Потопи ги, Господи, и раздели ги нивните јазици, зашто видов насилство и расправии во градот” (Псал. 54, 9). Нека твојата слободна одлука не биде победена од желбите да живееш слободно и да правиш посети. Зашто таквото талкање со похотата и ”извршувањето на лошото го помрачува доброто, а страсното бранување го развратува незлобивиот ум“ (Мудр. Сол. 4, 12). Од тоа настануваат многу искушенија. Плаши се од гревовните паѓања и биди постојанен во седењето во твојата ќелија.
7. Ако имаш пријатели, избегнувај ги почестите видувања со нив. Ако се гледаш со нив по подолги прекини, тоа ќе биде покорисно и за тебе и за нив. А, ако почувствуваш дека од нив имаш некаква штета, воопшто не приближувај им се. Треба да имаш такви пријатели, кои ќе ти бидат корисни и кои ќе му помагаат на твојот богоугоден живот. Избегнувај да се среќаваш со лукави и немирни луѓе и со никого од нив не живеј заедно. Не прифаќај ги нивните лоши предлози, зашто тие не Му служат на Бога и не живеат заради Него. Твои пријатели да бидат мажи мирољубиви, браќа духовни и оци свети. Зашто таквите така ги нарекол Господ, велејќи: ’“Koj ja исполнува волјата на Мојот небески Отец, тој Ми е и брат и сестра и мајка” (Матеј 12, 50; Марко 3, 35). Не поведувај се по оние што многу се грижат и по суетните. Не оди кај нив на трпеза, за тие да не те повлечат во своите измами и да не те оддалечат од науката и опитот на безмолвничкиот живот, зашто тие имаат таква страст да ги привлекуваат луѓето. Не приклонувај го твоето уво кон нивните зборови и не прифаќај ги замислите на нивното срце. Зашто, навистина, тие се штетни. Кон верните нека биде расположена твојата душа и твоето срце да се угледа на нивниот плач по примерот на Давида, кој вели: “Очите ми се управени кон верниците на земјата, за да седат со мене; кој одеше по патот непорочен, тој ми служеше” (Псал. 100, 6). Ако некој од оние што одат на патот на Божјата мудрост дојде при тебе и те повика да јадеш кај него леб и сол, а ти сакаш да појдеш, појди, но гледај што побргу да се вратиш во својата ќелија. Ако е тоа воопшто можно, настојувај никогаш да не ноќеваш надвор од својата ќелија, така што со тебе секогаш да живее благодатта на безмолвието и да можеш без пречки да го извршуваш своето утврдено ќелијно молитвено правило.
8. Не задоволувај ја похотата за добри јадења и не повлекувај се по мамката од задоволствата што ги пружа раскошот, зашто е напишано: “Онаа што живее распуштено, таа уште при животот умрела” (1. Тим. 5, 6). Не наситувај го твојот стомак со туѓи јадења, за да не се приврзеш страсно за нив и да не си создадеш навика да посетуваш трпеза надвор од твојата ќелија. Зашто е речено: “Не помислувај зло, безбожниче, против живеалиштето на праведниот, не опустошувај го местото на спокојството негово” (Изрек. 24,15). Ако увидиш дека многу често те викаат да се оддалечуваш од твојата ќелија, откажувај и не согласувај се, зашто често твојот престој надвор од ќелијата е штетен по твојот духовен живот. Тоа ти ја одзема благодатта, ги попречува твоите мисли и ја оладува твојата топла желба за заедничко безмолвно живеење со Бога. Гледај што станува со виното: ако подолго остане неподвижно на едно место, тоа станува многу добро, светло и бистро и со извонредно пријатен вкус. А, ако често го преместуваат од едно место на друго, тогаш тоа станува матно, мрачно и невкусно, затоа што се разматува неговиот талог од грождинките и другите остатоци од лушпи и семки. Споредувајќи се со него, настојувај да бидеш како него, да бидеш таков што е тоа во првиот случај. Прекини ги твоите односи со многумина, така што помислите на твојот ум да не бидат расеани и да не биде вознемируван редот на твојот безмолвен живот. Среди ја твојата рачна работа и, ако е можно, биди зафатен со неа дење и ноќе, така што, не само да не му бидеш никому товар, туку да имаш можност да им помагаш и да им даваш на другите, како што ни заповеда свети апостол Павле, велејќи: “Заповедаме и молиме во нашиот Господ Исус Христос да работат мирно и да го јадат својот леб... Подобро е да се труди, правејќи добро со рацете свои, за да има што да му даде на оној, којшто има потреба” (2. Con. 3, 12; Ефес. 4, 28). Со тоа ќе ги победуваш и демоните на унинието и ќе ги одбиваш сите други непријателски искушенија. Зашто духот на унинието обично ги напаѓа оние што седат без работа, за коишто говори и премудриот Соломон, дека таквите се наоѓаат во похоти (Изрек. 13, 4). Од давањето и од примањето нема да го одбегнеш гревот. Затоа, што било да продаваш или да купуваш, биди приготвен да претрпиш извесна загуба во споредба со вистинската цена, та да не бидеш победен од користољубието и да не почнеш да вршиш дела погубни за твојата душа, во прекршување на заклетва, погазување на твоите зборови и со тоа да го посрамиш големото достоинство на твојот монашки завет. Мислејќи за сето ова, биди внимателен кога даваш и кога земаш. Ако сакаш да го одбереш она што е подобро, а тоа можеш да го направиш, предај му ја грижата за оваа работа на некој друг верен човек; на тој начин ќе се ослободиш од грижи кои ќе те изморуваат и ќе имаш мир и спокој , па потоа ќе поживееш мирно и ќе бидеш преисполнет со добри надежи.
9. Кон ваквите добри дела те обврзува твојот монашки завет на безмолвието. ќе ти предложам сега уште нешто и за други некои работи, кои неопходно треба да ги пазиш. Слушај ме и извршувај го ова што ти го заповедам. Кога седиш во твојата ќелија, спомнувај си за денот на твојата смрт, замислувај какво ќе биде тогаш твоето мртво тело, но особено помислувај за тоа во каква состојба ќе биде твојата душа и погрижи се навреме за неа. Со ова ќе го засилиш во себе си презирот спрема суетата на овој свет, која го бранува овој свет, ќе ја подгрееш љубовта спрема твојата цврста одлука при изборот за давање на твојот завет за безмолвието и ќе станеш уште поревносен и понатаму да бидеш постојано во твоето безмолвие. Спомнувај си за сегашната состојба на душите што се во пеколот. Помисли како им е таму, во какво ужасно мачење се наоѓаат, како и страшните офкања. Мисли и за тоа каков е нивниот страв од очекувањето на Страшниот суд, какви се нивните душевни маки и колку многу стрпливи солзи пролеваат. Спомнувај си и за денот на воскресението на мртвите и за нивното застанување пред Бога. Замислувај го тој ужасен суд и помисли што ги очекува грешниците на него: срам пред лицето на Бога и Неговиот Син, нашиот Господ Исус Христос, пред ангелите, архангелите, властите и пред сите луѓе. Замислувај ги и сите измачувања, црвот што не мирува, пеколот, темнината, а освен тоа, и крцкањето на забите на демоните, стравот и сите други страшни измачувања и страдања. Исто така, помислувај и на добрата и радостите што ги очекуваат праведниците, нивното смело однесување со Бога-Отецот, со Неговиот Син нашиот Господ Исус Христос и Светиот Дух, со ангелите, архангелите, властите и сите светии, во царството Божјо, со сите негови сокровишта; за нивната бескрајна радост и за сите нивни небесни наслади. Спомнувај си ги и едните и другите работи. Помислувај за тешката судба на грешниците, за нивниот плач, облечени во облека на жалење. Плаши се од тоа и ти самиот да не бидеш меѓу нив, а радувај се и весели се кога ќе помислуваш дека и ти ќе бидеш учесник во благата и радостите, кои се за приготвениците. Труди се да ги прицобиеш тие блага и да ги одбегнеш тие страдања. Гледај и настојувај никогаш да не ги заборавиш овие важни работи, и тогаш кога се наоѓаш во твојата ќелија и тогаш кога си надвор од неа. Мисли постојано за нив и не дозволувај тие да се оддалечат од твојот ум, за преку тоа да ги одбегнуваш нечистите и погубни помисли.
10. Твојот пост да биде според твоите сили и пред Божјото лице... Тој ќе ги очисти твоите гревови и безаконија, душата твоја ќе ја направи воздржлива и издигната, ќе ти го освети умот и ќе ги одгонува бесовите од тебе и ќе те приближи до Бога. Јади еднаш на ден, а вторпат и не посакувај да јадеш, за да не трошиш многу, и да не го заматуваш твојот ум. Ползата од постот значи, е и во тоа што секогаш ќе ти останува нешто за правење на добри дела и што ќе можеш да ги умртвуваш телесните страсти. Но, ако има кај тебе некои од браќата, и ќе има потреба да јадеш и втор и третпат, не помрачувај го твоето лице и не измачувај се, туку радувај се што ти се дала можност да им послужиш на тие твои браќа. И кога тогаш ќе јадеш по втор и третпат, благодари Му на Бога затоа што си го исполнил законот на љубовта, и затоа што Самиот Бог ќе се грижи за тебе и за твојот живот. Понекогаш доаѓа и болест и телесната болест и непоштедност ќе бараат од тебе да јадеш двапати и трипати, па дури и повеќе пати на ден. Тогаш нека не те вознемируваат твоите помисли. Зашто не е неопходно строго да ги држиме нашите телесни подвизи и за време на болеста. Тогаш се разрешуваме по одобрение на нашиот духовен отец од сите строги телесни подвизи за да можеме брзо да закрепнеме телесно и да ги продолжиме пак сите наши подвижнички подвизи. А по однос на тоа од кои јадења треба да се воздржуваме, словото Божје не ни забранува ништо да јадеме. Тоа вели: “Cѐ што се продава на пазар, јадете без какво и да било испитување поради совеста” (1. K0p.10, 25). И во Стариот завет: “Сѐ што се движи и живее, ќе ви биде храна; сето тоа ви го дадов, како што ви го дадов зеленото растение” (1. Мој. 9, 3). И уште: “Она што влегува во уста не го осквернува човекот, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот” (Матеј 15, 11). Затоа, воздржувањето од некои јадења да биде секогаш дело на нашиот слободен избор и самоволен подвиг на нашата душа.
11. Спиењето на гола земја, бдеењето и другите подвизи и трудови издржувај ги доброволно, имајќи ја предвид славата што треба да ти се открие и што треба да ја имаш заедно со сите светии. Апостолот пишува: “Страдањата во сегашно време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас” (Рим. 8, 18). Кога ќе почувствуваш дека паѓаш со духот, тогаш, моли се, како што е напишано: “Ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека Го фали Господа” (Јак. 5, 13), но моли се со страв и трепет, со скрушено срце, трезно и бодро. Ете, така теба да се молиме, особено поради нападите на злобните и невидливите наши непријатели, кои секогаш се обидуваат да ни пречат во нашето духовно дело. Кога ќе нѐ видат да стоиме на молитва, тогаш тие ни пристапуваат брзо и итро и ни ставаат во умот мисли кои не треба да ги имаме за време на молитвата, со цел да го заробат нашиот ум, да го направат бесплоден, а нашите молитви да бидат попусти и некорисни. Зашто, навистина, нашите молитви, моленија и прозби се попусти и некорисни, ако, како што рековме, не ги правиме со страв и трепет, со трезвеност и бодрост. Ако, кога пристапуваме кон царот, кој е човек, секој од нас ја изложува својата прозба со страв и со трепет, со најголемо внимaние, не треба ли уште повеќе да бидеме такви кога излегуваме пред Бога, Кој е Господ на сите, и пред Христа, Царот на царевите и Господарот на господарите? Не треба ли и пред Него така да стоиме и на таков начин и пред Него да ги искажуваме нашите молитви и моленија? На нашиот Бог нека Му е слава во вековната и во целата вечност. Амин.
Авва Евагриј