Авва Евагриј

Добротољубие (том 1)

Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј

4. Триесет и три глави аналогии и споредби

1. Жолтицата е лоша расположба на душата, во која таа неточно си Го претставува Бога, како и сѐ што е создадено од него.

2. Искрвеноста наназад е недостаток на разумната природа, поради кој таа не се приклонува ни пред добродетелта, ни пред знаењето за Бога.

3. Гангрената е еден вид воспаление и раздвижување на гневот, кој го напаѓа разумниот дел на душата.

  4. Слепилото е незнаење на умот, кој не се грижи ни за дејателните добродетели, ниту за познавање на вистината.

5. Парализата е неподвижност или тешка подвижност на разумната душа спрема дејателните добродетели.

6. Отокот (на жлебините) е раслабеност на разумната душа; во која таа обично ги отфрла зборовите на духовните поуки.

7. Ослепувањето е разболување на разумната душа, поради кое ги отфрла добродетелите, преку кои Христос се изобразува во нас.

8. Лепрата е неверување на разумната душа, во кое таа не се уверува дури и тогаш кога ги дофаќа зборовите на вистината.

9. Несвестицата е склоноста на човечката душа да се врати пак на злото, откако веќе покажала успех и богопознание.

10. Контузијата е лоша состојба на разумната душа, во која таа е приврзана кон добродетелите, но не заради самото добро.

11. Кивавицата е губење на добродетелите, со помошта на кои сме го чувствувале Христовото благоухание.

12. Глувоста е ожесточеност на човечката душа, со која се отфрла духовната поука.

13. Очното перде е испаѓање од состојбата на духовното соѕерцаниe или усвојување неправилно гледиште за стварноста.

14. Пелтечењето и икавицата е болест на разумната душа во која, соблазнувајќи се од случајности, не може за сѐ да Му благодари на Бога.

15. Куцавоста е немоќ на разумната душа да ги извршува вистинските добродетели.

16. Водната болест е неразумното отстапување на душата од Божјиот пат, кога, по заглушувањето на добродетелите, во неа господарат злото и незнаењето.

17. Мравката е како и оној човек, кој за време на овој живот си приготвува духовна храна за идниот.

18. Хироглините (вид свињи) се нечистите незнабошци, кои духовно се издигнале откако ги прифатиле заповедите на нашиот Спасител - Господ Исус Христос.

19. Скакулците се разумните души, кои не треперат од страв пред смртта; кои се хранат со семиња, не плашејќи се од смртта, насладувајќи се со земните богатства.

20. Аскалаватисот (вид гуштери, кои трчаат по ѕидовите и таваните) е нашиот практичен ум, кој, потпирајќи се врз добродетелите, трепери и се издига во знаењата на небесните сили.

21. Младиот лав и лавчето е бестрасниот човек, кој почнал да царува над зверовите, односно над страстите, кои пред тоа царувале со него.

22. Петелот е духовниот човек, кој e исполнет со спасоносно знаење, а и на другите души им благовестува за денот што настанал од изгревот на духовното сонце.

23. Еленот е дејателниот човек, кој ги исправува своите неисправни мисли.

24. Пијавицата е нечистата сила, која ја исцицува од поразумните души крвта на праведноста.

25. Пеколот е темнината на незнаењето, која ја покрива разумната душа по загубувањето на способноста да Го соѕерцава Бога.

26. Жената е безумноста, која ги фрла неразумните души во нечистотија.

27. Земјата е слика на лошата состојба, која се состои од нечистотии и беззаконија.

28. Огнот е слика на злото која ги уништува добродетелите во разумните созданија.

29. Водата го претставува лажното знаење, кое го изгаснува вистинското знаење.

30. Подбивното око е образ на нечистата сила, кое се подбива со богопознанието и со бескрајната Божја мудрост, одразена во Божјите созданија.

31. Чавките ги изобразуваат светите сили кои го уништуваат злото.

32. Бездните се слики на разумните души; изриени од незнанието и злото.

33. Орлињата се светите сили, на кои им е доверено да ги уништуваат нечистите сили.

Авва Евагриј