Авва Евагриј

Добротољубие (том 1)

Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј

8. Мисли во врска со натписот за осумте помисли

1. Има пет дела со чија помош се добива Божјата наклоност. Првото е чистата молитва; второто - пеењето на псалмите; третото - на Светото писмо; четвртото - спомнување на скрушеност за своите гревови, за смртта и за Страшниот суд; петтото - рачната работа.

2. Ако сакаш во тело да Му служиш на Бога, слично на бестeлесните духови, труди се да имаш во срцето твое непрестајна молитва. Зашто на овој начин твојата душа уште пред смртта ќе се приближи кон сличноста со светите ангели.

3. Како што ова наше тело по оддалечувањето на душата од него станува мртво и смрдливо, така и душата, во која не дејствува молитвата, бива мртва и смрдлива. Но, дека лишувањето од молитвата треба да го сметаме за поголемо зло и од телесната смрт, за ова јасно не учи светиот пророк Даниил, кој бил готов попрво да умре, отколку да се лиши од молитвата во некој одреден час на денот. За Бога треба да си спомнуваме почесто отколку што вдишуваме и издишуваме.

4. Кон секое твое вдишување имај свесно и трезвено повикување на Исусовото име и помисла за смртта со смирение. Обете овие работи ѝ носат голема корист на душата.

5. Ако сакаш да бидеш познат од Бога, тогаш прави сѐ за да им бидеш што помалку познат на луѓето. Ако секогаш имаш на ум: дека Бог секогаш гледа сѐ што правиш, со душата или со телото, тогаш нема да погрешиш во ништо и Бог секогаш ќе живее со тебе.

6. Човекот со ништо толку не се уподобува на Бога како со правењето добро на другите. Но, правејќи им добро на другите, треба особено да се пазиш да не мислиш за тоа што си направил.

7. Најпосле, Бог ќе те направи да бидеш достоен за Него, ако ти не направиш нешто што е недостојно за Бога.

8. Бога ќе Го прославиш достојно тогаш, кога во твојата душа преку добродетелите ќе го отпечатиш Неговото подобие.

9. Луѓето стануваат подобри кога се приближуваат до Бога.

10. Мудриот човек, кој Му оддава на Бога чест и поклонение - бива познат од Него. Затоа не вознемирувај се, ако тоа што го правиш останува непознато за сите луѓе. Дело на вистинската разумност е: оној дел од душата, во кој се наоѓа гневот поттикнат за водењето на внатрешната борба. Дело на мудроста е: да го поттикнуваме нашиот ум кон внимателна будност. Делото на правдата е во тоа: оној дел од душата, каде што е похотата да го насочуваме само кон добродетели, само заради Бога. Најпосле, делото на храброста е во тоа да раководиме со петте чувства и да не дозволуваме, преку нив, да биде осквернет нашиот внатрешен човек, односно духот, или надворешниот - телото.

11. Душата е жива суштина која е едноставна, нетелесна и невидлива за нашиот телесен вид, а исто така, и бесмртна и надарена со ум и разум. Она што е окото за нашето тело, тоа е умот за нашата душа.

12. Од разумните созданија што се под небото - едни се борат, други заштитуваат, а трети напаѓаат. Се борат луѓето, заштитуваат Божјите ангели, а нечистите сили напаѓаат. Но, сето тоа не е поради малцинството на тие што заштитуваат и не поради многубројноста на оние што напаѓаат, туку поради безгрижноста на нас, кои се бориме - во нас не се вселува познавањето на божествените работи и на Самиот Бог.

13. Самото зло не е суштина; тоа е лишување од доброто, како што мракот не е ништо друго, освен отсуство на светлината.

14. Простотата е малку внимателна и предострожна; и оној што е слободен и осигурен од злото - тој не го насетува злото.

15. Човекот тешко може да измисли нешто со што би можел развратните луѓе да ги поттикне да се вразумат.

16. Чистите и облагодатените души многу се будни и веднаш го забележуваат ѓаволот и го одгонуваат, иако е тој многу итар и иако е крајно лукав кога напаѓа.

17. Со ништо друго не можеме да Го умилостивиме Бога како со нашите телесни самоограничувања.

18. Некој од светите оци рекол: ”Ако некој не може да живее строг и тежок монашки живот, тој може да добие спасение на друг начин: ако има доверба во монасите, ако се грижи за нив - ако им го дава она што им е потребно“. Ете, овие дела можат луѓето да ги водат кон спасение.“

19. Минувај ги ноќите во молитвен труд; душата твоја тогаш набргу ќе добие утеха.

20. Кога иташ духот твој нека ти биде спокоен, така што умот твој да биде непрестајно издигнуван кон соѕерцанието на чудните Божји дела - ќе биде помаган во своето издигнување како со рака на некого, која се пружа кон него.

21. Спиењето дење укажува на некоја телесна болест или на душевно униние. Или, пак, на безгрижноста на нашата душа и на нејзината неопитност.

22. Секоја душа, со помошта на благодатта на Светиот Дух, со својот сопствен труд и со своите грижи, може да ги соедини и да ги сврзе во себе си следниве особености: словото со умот (красноречивоста со образованието на умот), дејствувањето со соѕерцанието, добродетелта со науката, верата со познавањето, слободно од секое заборавање. И тоа така што при тоа ниедно од нив да не биде ни поголемо, ни помало од другите. Зашто тогаш тоа бива со вистинскиот, благиот Бог, и само со Него.

23. Ако се осум помислите, од кои се раѓа секој грев, тогаш кај оние што живеат отшелнички монашки живот, се јавуваат помислите: униние, славољубие, гордост, скржавост, жалост, а кај оние што живеат под управување од други (во заеднички манастирски живот) се пројавуваат: чревоугодието, гневот и блудот.

Авва Евагриј