Авва Евагриј

Добротољубие (том 1)

Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј

7. За осумте помисли - до Анатолиј

1. Има осум главни помисли, од кои произлегуваат сите други помисли. Првата помисла е чревоугодието; по неа е блудната помисла; третата е среброљубието; четврта - жалоста, петтата - гневот; шестата - унинието; седмата - суетата; осмата - гордоста. Дали овие помисли ќе ја вознемируваат или нема да ја вознемируваат нашата душа, тоа не зависи од нас, но тоа дали ќе се задржат во нас подолго или нема да се задржат, да ги раздвижуваат страстите во нас или не, ова зависи од нас.

2. Помислата на чревоугодието му предлага на монахот што побргу да отстапи од подвижништвото, изобразувајќи му ги болестите на стомакот, на дробот, на слезинката, водената или некоја друга телесна болест, недостигот на лекарските средства и отсуството на лекарите. Притоа напомнува за некои браќа кои паднале во тие болести. Понекогаш демонот им внушува на некои браќа да отидат кај големите испосници да им раскажуваат што се случило со нив, објаснувајќи го нивното заболување со некоја од тие болести здобиена со многу строгото воздржување, со прекумерниот пост.

3. Демонот на блудот ја возбудува телесната похот. Тој ги напаѓа најсилно оние што се воздржуваат, за да го прекинат воздржувањето, помислувајки дека од него немаат никаква полза. Осквернувајќи ја душата, тој ја принудува да врши и такви дела, и ги врши тие дела, така што ѝ се чини дека говори и слуша некои од тие зборови, како да им е самото дело пред нивните очи.

4. Среброљубието нѐ тера да замислуваме дека ќе имаме длабока старост, дека не ќе имаме сили за вршење на нашата рачна работа, дека е можно да гладуваме и да боледуваме, да бидеме во крајна немаштија, напомнувајќи ни дека е тешко да примаме помош и милостиња за задоволување на нашите телесни потреби.

5. Жалоста понекогаш нѐ напаѓа поради лишувањето од она што сме го сакале, а таа понекогаш бива придружувана и од гневот. Поради оваа причина, поради жалењето по она што го сакаме, ни доаѓаат помисли за она што сме го имале: за нашиот дом, за роднините, за начинот на нашето некогашно живеење. Кога ќе видат дека душата не им противречи, дека се согласува со нив и духовно учествува во тие задоволства, тогаш демоните на жалоста ја загрозуваат нашата душа и ја фрлаат во жалење и поради тоа што веќе ги нема оние предмети и поради тоа што веќе не може да ги има во новиот начин на живеење. И така, таа кутра душа, колку повеќе се занесува со овие и вакви помисли, толку повеќе жали и се гневи, толку повеќе се измачува себе си.

6. Гневот е најбрзата страст. Тој се раздвижува и разгорува против оние кои ни направиле неправда или ни се чини дека ни ја прават. Тој сѐ повеќе ја ожесточува душата; особено за време на молитвата, тој го заробува нашиот ум, претставувајќи ни го живо лицето на оној што нѐ навредил и ожалостил. Понекогаш гневот се задржува подолго во нашата душа и се претвора во непријателство, нѐ вознемирува и измачува во текот на ноќта - го измачува нашето тело, нѐ плаши со привидот на смртта, со напаѓањето на крвожедните ѕверови и гадинки. Овие четири појави, кои настануваат по започнувањето на непријателството, биваат придружувани од многу страшни помисли. Ова може да го знае секој кој се самонабљудува.

7. Бесот на унинието, кој се нарекува пладневен, пострашен е и понеподнослив од сите други бесови. Тој им пристапува на монасите околу четири часот (по нашето денешно време - околу десет часот) и ги заобиколува до осум, односно до два часот попладне. Најнапред ги тера со незадоволство да видат како сонцето се движи полека или како воопшто да не се движи и дека денот се продолжил многу повеќе. Потоа ги тера почесто да погледнуваат низ прозорот, па дури и да излегуваат од ќелијата, за да го погледнуваат сонцето и да видат уште колку време има до деветтиот час, при што не изоставува да им внуши да погледнат наоколу нема ли да видат некого од браќата. Овде демонот на унинието кај монахот предизвикува незадоволство и здодевност со местото каде се наоѓа, и со самиот начин на живеење. Го тера да се одвратува и од својата рачна работа; а монахот мисли дека престанала и самата љубов меѓу браќата и дека нема ниеден кој би можел да го утеши и да го охрабри. Ако некој во текот на тие денови го навредил тој монах, и тоа му го напомнува демонот за да му ја зголеми здодевноста. Потоа, го тера да посака да се пресели во некое друго место, во кое ќе може полесно да го набавува она што мy е неопходно за задоволување на неговите животни потреби; да започне некоја друга рачна работа, која нема да биде толку тешка и која ќе му овозможува поголем приход. Овде уште додава дека неговото спасение не зависи од местото каде што се наоѓа и дека на Бога може да Му се поклонува и да Му угодува насекаде. Откако ги поврзе овие помисли со спомените за неговите домашни и од задоволствата што ги имал пред да дојде во пустината. Демонот му прорекува дека ќе живее долго и дека ќе се измачува со своите подвижнички трудови. И така, употребувајќи ги овие и разни други лукавства, тој понекогаш успева монасите да ги наведе да ја остават својата ќелија и да го напуштат духовното борбено поле. По овој демон подоцна настапува некој друг демон. Но, кај секого кој се бори и победува, по овој тежок подвиг настанува една мирна душевна состојба: неговата душа се исполнува со неискажлива радост.

8. Суетната помисла е најнезабележлива и најпрефинета. Таа ги напаѓа оние што живеат исправно. При тоа монасите почнуваат со тоа што ги објавуваат своите подвизи и собираат данок на пофалби за нив од луѓето, говорејќи дека бесовите со страшни извикувања бегаат од нив, како лекуваат болни жени и како се собира мноштво народ само за тоа да се допре до нивната облека. Демонот на суетата на ваквите монаси им претскажува дека најпосле ќе добијат свештенички чин. И монахот во демонско видение гледа како доаѓаат до вратата на неговата ќелија, го молат да се согласи и како, кога тој не се согласува и откажува тие, и против неговата волја, го водат врзан. Откако на ваков начин предизвикал кај него вакви суетни надежи, демонот на суетата го остава, препуштајќи им го потоа да го искушуваат демонот на гордоста и демонот на жалоста, кои веднаш му даваат сосем спротивни помисли од неговите дотогашни надежи. Често се случува таквиот монах потоа да му биде предаден и на демонот на блудот. Таков постанува оној, кој само до пред малку се сметал достоен за свештеничкиот чин.

9. Демонот на гордоста станува причина за страшното паѓање на душата. Тој на монахот му вели дека Бог не му помага; својата праведност си ја припишува на себе си, се вознесува и се гордее пред браќата, како пред простаци и непросветени затоа што тие не го знаат сето она што го знаел тој. По гордоста следат гневот и жалоста, како и последното зло - ѓаволската прелест (измамата) и беснилото, како и видувањето на големо мноштво демони во воздухот.

Авва Евагриј