Авва Евагриј

Добротољубие (том 1)

Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј

12. За соништата

4. Вредно е да испитаме како демоните во мечтаењата на соништата создаваат разновидни слики во нашиот ум, кој има раководна и управна улога. Нешто слично бива со нашиот ум и кога сме во будна состојба, кога тој или гледа со очи или слуша со ушите и преку некој друг од нашите сетилни органи го восприема она што е надвор од нас и го задржува тоа во паметењето, а паметењето го става во движење она што го примило преку телото и ги внесува тие слики во умот што владее. Затоа, мислам дека демоните за време на сонувањето внесуваат во нашиот ум слики и на тој начин нѐ потсетуваат на настани и доживувања од нашето минато, зашто во тоа време нашитe сетилни органи не дејствуваат. Ho, сепак се прашуваме: како наметувањето ги доведува во движење? Дали го прави ова преку страстите? Да, ако се во прашање страсни соништа, а ова е несомнено затоа што чистите и бестрасните не претрпуваат ништо слично. Но, има и обични бестрасни движења на спомнувањето, кои потекнуваат од нас или од светите сили. Но, треба да внимаваме на следново: како ги прима овие слики душата кога е без тело или со тело, односно дали ова примање е страсно или бестрасно. Ова истото се случува и тогаш кога телото спие, кога се одмора. Зашто и како што за водата можеме да си спомнеме и кога сме и кога не сме жедни, така и за златото можеме да помислиме и со среброљубива желба и без неа. Ова бива и во врска и со другите наши помисли и пожелувања, како во будна состојба, така и во сон. А тоа што умот наоѓа и сознава во себе си во текот на сонувањето едни или други мечтаења, во оваа и ваква разлика ја разоткрива итрината и лукавосга на демоните, чија крајна цел е нашата пропаст. Притоа, уште треба да знаеме, дека демоните се служат и со надворешните работи, за да предизвикаат извесни мечтаења кај нас, како на пример, шумот од водата кога пливаме.

5. На демоните им е особено корисна и нашата раздразнителност, која бива во таквите случаи несогласена со нејзината природа. Затоа тие настојуваат постојано и дење и ноќе да ја возбудуваат. И кога ќе видат дека таа е врзана со кротоста, тие се трудат и понатаму да ја одделат од кротоста и да ја доведат до напнатост и изостреност, така што да ја направат погодна за возбудување преку дејството на нивните ѕверски помисли. Затоа, не треба да си дозволуваме никакво возбудување, било поради праведни или неправедни дела, за на тој начин да не им го дадеме опасниот меч во рацете на оние што ни го советуват она што за нас не е добро. Јас познавам многумина, кои се возбудуваат и вжештуваат поради сосем мали поводи многу повеќе отколку што им прилега. Кажи ми што е тоа што те возбудува, што ја бранува твојата душа, дали се возбудуваш кога помислуваш за јадење, или за пари или за слава? Зошто чуваш куче, кога си ветил дека нема да имаш ништо? Ако твоето куче лае и ги напаѓа луѓето, тоа покажува дека имаш нешто и дека сакаш да го запазиш. Jac сум уверен дека таквиот е далеку од чистата молитва и знам дека гневот е непријател на таквата молитва. Освен тоа, се прашувам, како можел да ги заборави советите на псалмопеачот Давид, кој извикува: ”Престани да се гневиш и остави ја јароста, не жести се толку многу - самиот да не правиш зло“ (Псал. 36, 8). И проповедникот заповеда: “Гони ја скрбта од срцето свое и отстранувај го злото од телото свое, зашто детството и младоста се суета!” (Проп. 11, 10). И свети апостол Павле ни заповеда: да ги креваме нашите раце без гнев и сомневање (сп. 1. Тим. 2, 10). Па и на што нѐ учи древниот обичај, според кој ги изгонуваме кучињата од нашиот дом пред да ја почнеме нашата молитва. Овој наш обичај нѐ поучува дека оној што се моли не треба да биде заедно со гневот. Некој од незнабожечките мудреци говорел дека боговите не јадат жолчка и (бедро) бут. Мислам дека и тој самиот не ја разбирал длабоката смисла на тоа што го говорел, зашто, според моето мислење, жолчката е симбол на гневот, а бутот на животинската телесна желба (ова е дополнето од светиот преподобен Нил).

А за тоа, дека не треба да се грижиме за облеката и за јадењето, мислам дека е непотребно да пишувам, зашто и Самиот наш Спасител Господ Исус Христос во Своето Евангелие ни забранува, велејќи: “Немојте да се грижите за душата - што ќе јадете и што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се Облечете” (Матеј 6, 25). Зашто на незнабошците, како на неверници, тоа можело и да им одговара, како на такви што не ја признавале Божјата промисла и не го признавале постоењето на Создателот, но на христијаните ова треба да им биде сосем туѓо, откако поверувале дека Бог и за врапчињата промислува, дека светите ангели се грижат и за нив. Меѓутоа, демоните имаат обичај, по нечистите помисли, да не искушуваат и со помисли на голема загриженост, за да се оддалечиме од Христа Исуса, нашиот Господ и Спасител, така што: “Грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род” (Матеј 13, 22). Hо, ние да ги одложиме сите грижи и сета наша жалост и мака да ги оставиме на Господа (сп. Псал. 54, 23), да се задоволуваме со она што го имаме (сп. Евр. 13, 5), така што употребувајќи оскудна храна и облекувајќи се во сиромашна облека, од ден на ден сѐ повеќе да се ослободуваме од овие причинители на славољубието. А оној што ќе помисли дека е срамно да носи сиромашна облека, нека си спомне за светиот апостол Павле, како тој живеел ”во труд и мака, во често неспиење во глад и жед, во многу постење, во студ и голотија“ (2. Кор. 11, 27), одушевувајќи се воодушевеното Несомнено очекување да го добие ”венецот на правдата“ (2. Тим. 4, 8). Но, бидејќи светиот апостол Павле го нарекол овој свет тркалиште за натпреварување и театарска сцена (сп. 1. Кор. 9, 24), тогаш, да видиме дали може оној, кој се облекол во помисли на големи грижи да трча ”кон целта - кон наградата на горното признание од Бога - во Исуса Христа“ (Фил. 3, 14), да се бори ”против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12). И јас, поучен од она што се случува на спортските терени и на театарските сцени, на учесниците во натпреварите им пречи облеката, како на нашиот ум што му пречат прекумерните грижи и ако тој не престојува во своето сокровиште. ”Зашто, каде е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Матеј 6, 21).

6. Од помислите едни сечат, а другите биваат посекувани; и тоа лошите ги сечат добрите, исто така, и добрите ги сечат и уништуваат лошите. Светиот Дух внимава на првородената помисла која има првенство и превласт, и според него или нѐ прима или нѐ осудува. Што говорам? И што сакам да кажам? На пример, ми доаѓа помислата за гостопримството, и јас го прифаќам заради Господа, но оваа помисла, кога наидува искушувачот, бива покосувана од него со тоа што ми нашепнува да бидам гостопримлив од него со тоа што ми нашепнува да бидам гостопримлив заради слава пред луѓето. И потоа, пак имам помисла за гостопримство, за да се покажам пред луѓето, но и таа помисла, која е лоша, бива посекувана од добрата помисла - да бидам гостопримлив заради Господа; таа, како добродетелна, нѐ тера да ја правиме не заради луѓето, туку само заради самото добро и заради Господа. Затоа, ако и во самите наши дела при нашите први помисли, иако сме биле искушувани и од втори - лоши помисли, награда ќе добиеме само според првородените, затоа што, како луѓе, кои се наоѓаме во борба со демоните, не секогаш имаме сила да ја задржиме натполно чиста првата наша помисла, но, исто така, и лошата помисла не може да остане во нас без обид да ѝ се противставиме и да ја победиме, затоа што во нас се наоѓа семето на добродетелите. Впрочем, ако нашата добра помисла, која треба да ја нападне и да ја победи лошата помисла и да го заземе нејзиното место и на тој начин потполно да ја истисне лошата помисла. И тогаш човекот, најпосле почнува да дејствува движен - веќе со оваа добра и богоугодна помисла.

7. Разликата меѓу ангелските, демонските и човечките помисли, што имаме разбрано по долги набљудувања, се состои во следново: ангелските помисли бараат да ја дознаат природата на работите и да го испитаат нивното духовно значење, такво какво што е. На пример: зошто е создадено златото и зошто е тоа расеано по земјата во вид на песок или некаде во длабините на земјата и се копа и откопува со големи усилби и со тежок труд? Кога пронајденото злато биде премиено со вода и претопено во оган, тогаш, така причестено, му се дава во рацете на уметникот, а тој му го предава пак на огнот и од него прави за скинијата: светилник, кадилница, чашки и чаши за пиење (сп. 2. Hap. 4, 21), од кои, по благодатта на Спасителот, веќе не пие вавилонскиот цар (сп. Дан. 5, 21). А Клеопа од светото Евангелие го принесува своето горливо срце од сознанието и разоткривањето на овие тајни. Демонската помисла не го знае и не го разбира ова, туку бесрамно ни нашепнува само за тоа дека треба да го собираме и натрупуваме земното злато и им претскажува на оние што го имаат дека од него ќе имаат наслади и слава. А човечката помисла не бара печалење и натрупување на злато, но во оваа своја мисла ја има само претставата за златото, без страсна приврзаност кон него и без златољубиви чувства. Слично размислување може да се искаже и во врска со други предмети, ако почне некој да го вежба својот ум согласно со овој образец.

8. Има помисла, која со право можеме да ја наречеме скитник (талкач).Таа најчесто ги посетува монасите наутро. Таа ги води од град во град, од земја во земја, од еден дом во друг. При тоа од почетокот тој води најобични разговори самиот со себе си, а потоа, почнува многу долги разговори, со некои од своите познати, се разбира, пак во себе си, во своите мисли, спомнувајќи за оние со кои се среќавал во својот мирски живот, го троши попусто својот имот, се занимава со особеностите на оние, со кои се среќава во своите мисли, а така, малку по малку, се оддалечува од сознанието за Бога и за добродетелите, заборава и за тоа дека е монах и за своите монашки завети. Затоа, монахот треба да бдее за ваквата опасност од ваквиот демон, да набљудува откаде доаѓа и каде застанува, зашто не напразно и не случајно прави толку големо заобиколување, туку го прави тоа со единствена намера да му ја растури добрата душевна состојба на монахот - отшелник, така што неговиот ум, откако ќе се распали од сето тоа, опиен од долгиот разговор, веднаш да му се потчини на демонот на блудот или на демонот на гневот или жалоста, кои повеќе од сите други ја помрачуваат светлината на неговата душевна состојба. Но, ние, ако сакаме јасно да ја дознаеме скриената намера на тој демон, нема веднаш да му се противставиме и нема веднаш да им го кажеме тоа што ќе го откриеме - на духовните оци, нема да им говориме дека нашите помисли таинствено водат разговор со него и дека постепено тој го натерува нашиот ум во областа на смртта, затоа што тој ќе се исплаши од тоа и веднаш ќе избега, не сакајќи и не можејќи да поднесе да видиме дека тој го прави сето тоа, а и ние на тој наши не дознаваме ништо од она што сме посакале да дознаеме. Многу е подобро, ако му попуштиме вториот или третиот ден, за да може својата драма да ја доведе до нејзиниот крај, та да бидеме во состојба точно да ги дознаеме сите негови лукави приоди кон нас и, најпосле, да го изобличиме и да го натераме да избега од нас. Но, бидејќи за време на искушението се случува демонот да биде возмутен и да не може точно да види што станува во нас, откако ќе се оддалечи тој од нас, еве, што треба да направиме. Треба да седнеш и да се припомниш сѐ што станувало со тебе; да си спомнеш каде и со што си почнал, каде сѐ си одел, на кое место те нападнал духот на блудот, или на жалоста и на гневот, и како потоа се случувало сѐ што се случило. Научи го сето тоа и добро запомни го, така што, кога ќе се врати пак да те искушува, да знаеш како да го раскриваш и да го изобличуваш. Научи го точно и местото каде што се крие, но не оди никогаш по него дотаму. А потоа, ако сакаш да го доведеш до беснило, изобличувај го веднаш штом ќе ти пристапи, и со зборови кажи му го првото место каде што си бил подложен на неговото искушение, па потоа второто и третото, бицејќи тој силно се разбеснува на тоа, затоа што на тој начин бива многу посрамен. Како доказ за тоа дека е потребно вака да се однесуваш со него и вака да му говориш, нека ти биде тоа што неговата помисла ќе одбегнува од тебе; тој не ќе може да го претрпува твоето јавно изобличување. По победата над овој демон обично следи тежок сон, затворање на очите, оладување на телото, прекумерно прозевање, отежнување на плеќите, но сето тоа ќе го отстрани Светиот Дух по нашата срдечна молитва.

9. Омразата спрема демоните многу ни помага во делото на нашето спасение, во нашиот добродетелен живот. Треба да ја развиваме во себе како некоја добра рожба, иако не сме секогаш во состојба тоа да го правиме, затоа што неа ја сеат во нашата душа духовите на сластољубието, кои ја повикуваат одново на заеднички живот со нив и свикнување на нив. Но, лекарот на душите ја лекува оваа желба како некоја тешко излечива гангрена со тоа што ни помага и дење и ноќе да поднесуваме од нив страшни маки. Како последица на тоа душата пак се издигнува кон првобитната нормална омраза спрема нив, поучувана да му говори на Господа со зборовите на светиот пророк Давид: ”Со полна омраза ги замразив; тие ми станаа непријатели“ (Псал. 138, 22). Зашто тој со совршена омраза ќе ги намрази своите непријатели, тој кој не греши ни со дело ни со мисла, што е белег на највозвишеното и првобитно бестрастие, такво, какво што имал Адам.

10. Треба ли да кажеме нешто за демонот што ја прави душата бесчувствена? Јас, сепак, се плашам да пишувам за него. Како душата излегува од својата сопствена устроеност тогаш кога тој наидува, кога стравот Божји и секаква побожност биваат одложувани кога гревот не се смета за грев и беззаконието - како беззаконие, не може да си спомнува за страшниот суд, и ако си спомнува, тоа се за неа празни зборови, се подбива со огнените маки, иако Го исповеда Бога, за Неговите повелби не сака да знае. Се удараш в гради, кога таа се движи кон гревот, и таа тоа тогаш не го чувствува, ѝ говориш зборови од Светото писмо, и како ослепена таа не гледа, и како глува - не слуша. Ѝ говориш за навредите од луѓето, но таа не обрнува внимание на тоа, нема ни срам, ни чувство, слична е на подивена свиња која ги затвора своите очи и ја крши оградата со која е затворена. Овој демон го водат славољубивите помисли, ако ги оставиме подолго време да се задржат во нас. Од него настануваат страшни маки за душата, како што е напишано во Светото Евнгелие: ”Тогаш ќе биде мака, каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде. И ако не се скратат оние дни никој не ќе се спаси“ (Матеј 24, 21-22). Он е од оние лоши духови кои ретко ги напаѓаат браќата во манастирските општи житија. Причината за ова е очигледна, зашто штом ќе се види страдањето на другите кога некој боледува или бива покосуван од смртта, тој веднаш бега, бидејќи душата исполнета со тоа сочувство, се освестува и се скрушува, заслепеноста, која ѝ ги затворила очите, прогледнува. Ние отшелниците (монасите кои живеат одделно и оддалечени од другите) сме лишени од ова, затоа што сме населени во пустините и не сме сведоци на човечките слабости и страдања. Давајќи ни средство за прогонување на ваквиот демон, Господ во Своето Свето Евангелие ни заповедал да ги посетуваме болните и затворениците, велејќи: ”Болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Матеј 25, 36). При ова треба да знаеме дека, ако некој од нас отшелниците, откако ќе биде нападнат од овој демон, не ги прифати блудните помисли и не ја напушти својата ќелија, опфатен од духот на очајанието, тоа значи дека му биле испратени од небото трпеливоста и целомудрието. Блажен е оној што се удостоил со вакво бестрастие! Оние пак, кои откако дале завет дека ќе живеат подвижнички во побожност Му угодуваат на Бога, и почнуваат да мислат дека е подобро да се населат меѓу мирјаните, тие тогаш треба особено да се пазат од овој демон. Јас не сакам да продолжам понатаму, не сакам ни да говорам, ни да пишувам за сето ова, затоа што се срамувам и од луѓето.

Авва Евагриј