Авва Евагриј

Добротољубие (том 1)

Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј

13. За духот на жалоста

11. Сите демони ја учат душата да ги сака сластите и уживањата; само демонот на жалоста не го прави тоа: тој им ги растројува помислите на оние што живеат во пустината лишувајќи го од секое душевно задоволство и искушувајќи ги со духот на жалоста, како што е речено во Светото писмо: ”Веселото срце е како лек благотворно, а паднатиот дух коски суши“ (Изрек. 17, 22). Но, ако овој дух напаѓа умерено, тој го прави отшелникот искусен, зашто го предрасположува да ги презира благата на овој свет и да се отстранува од секое задоволство. Но, кога долго и силно измачува, тогаш ги разорува помислите кои му советуваат на отшелникот да си ја одземе душата или да ја тера да бега далеку од местото каде што живее, како што некогаш помислил Јов, кој пострадал тешко, измачуван и искушуван од овој дух (за страдањата на праведниот Јов, прочитај во Библијата - Книга за Јов). Змијата е симбол на овој лош дух, чиј отров, ако се дава во мала количина ги уништува другите отрови, a оној што го прима во големо количество, го убива со него своето живо суштество. На овој дух му го предал свети апостол Павле коринтскиот беззаконик. Затоа набргу потоа пак им пишувал, велејќи; ”Ве молам кон него да покажете љубов... да го утешите, за да не пропадне од преголема жалост“ (2. Kop. 2, 8, 7). Ha тој начин, овој дух што ги измачува луѓето, станува причина и за спасоносното покајание. Затоа и свети Јован Крстител, оние што биле прекорени од него и кои прибегнувале кон Бога, ги нарекол ”породи змиини“, велејќи им: ”Кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Направете плод достоен за каење. И немојте да говорите во себе: ”Наш татко е Авраам, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да Му издигне чеда на Авраама“ (Матеј 3, 7-9). Впрочем, секој кој, угледувајќи се на Авраама, излегол од својата земја и од својот род (сп. 1. Мој. 12, 1), станал преку тоа посилен од овој дух.

12. Koj го победил гневот, тој ги победил бесовите, а кој бил заробен од него, тој е туѓ на монашкиот живот и е далеку од патиштата на нашиот Спасител зашто, како што е речено, Господ ги учи кротките на Своите патишта (Псал. 24, 9). Затоа и духот на отшелниците не може да биде уловен, ако прибегнува во долината на кротките. Зашто ни од една добродетел демоните не се плашат толку многу, колку што се плашат од кротоста. Неа ја придобил и великиот Мојсеј, кој бил наречен покроток од сите луѓе (сп. 1. Мој. 12, 3) И светиот пророк Давид кон кротоста се однесува, како кон достојна за Божјото спомнување, кога рекол: “Сети се, Господи, на Давида и на сета негова смиреност" (Псал. 131, 1). Но, Самиот Спасител ни наредил да се угледаме на Неговата кротост, велејќи: “Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир на душите ваши” (Матеј 11, 29). Hо, ако некој се воздржува од јадења и пиење, а гневот го раздразнува со лоши помисли во себе си, тој е сличен на кораб кој плови по морето, а чиј кормилар е демон. Затоа, колку што нѐ држи сила, треба да гледаме да го набљудуваме овој наш пес и да го учиме, тој да ги гони и да ги измачува само волците и да не ги каса овците, покажувајќи секаква кротост кон сите луѓе (сп. Тит. 3, 2).

Авва Евагриј