Преподобен Авва Исаиј (pdf)

Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици

Заповеди од авва Исаиј на браќата што живееле со него

1. Ако сакате да живеете со мене, бидете послушни заради Исуса.

2. Секој нека седи во својата ќелија во страв Господен. И не бидете невнимателни спрема вашата рачна работа - според Божјата заповед.

3. He бидете мрзливи за вашите поучувања и за нeпрестајната молитва. Пазете го вашето срце од туѓи помисли, за да не помислувате на некој човек, ниту за нешто од овој живот; секогаш испитувајте во што се препнувате и трудете се да се поправите, молејќи Му се на Бога со болка во срцето, со солзи и со измачување на телото. Бог да ви прости и да ве запазува од паѓања во истите гревови.

4. Имајте ја смртта пред очите секој ден и загрижено помислувајте за тоа дека треба да излезете од телото, дека треба да минувате низ владението на темнината, кое ќе нѐ пречека во воздухот и дека треба непречено да застанеме пред Бога. Свртувајте го својот поглед и кон страшниот ден на последниот Божји суд, кога на секого ќе му биде дадено според неговите дела, зборови и помисли. Зашто, “се е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме” (Евр. 4,13), на Кого треба да дадеме одговор за сѐ.

5. Без голема потреба не говорете ништо ни кога сте на трпеза, ни кога сте во црква и не поправајте го оној што пее, ако тој самиот не ве замоли да му кажете.

6. Само во недела служете во кујната со страв Божји, не губете го времето што ви е потребно за поучување.

7. Никој да не влегува во ќелијата на својот брат и не сакајте да се видите еден со друг пред време

8. Не гледајте во рачната работа на својот брат, за да видете кој колку сработил да видиш дали твојот брат сработил повеќе од тебе или ти од него.

9. Кога излегувате на работа, не водете празни разговори и не дозволувајте си своеволие, но секој во страв Божји да внимава на себе си и на својот дух, да внимава на поуката и на молитвата што е во неговото срце.

10. Кога ќе заврши црковното богослужење или кога ќе станете од јадење во трпезаријата, не седнувајте да разговарате еден со друг, па дури и за Божјите зборови, но секој од вас нека појде во својата ќелија и нека плаче таму за своите гревови.

11. Ако има потреба да проговориш со некого, говори колку што е потребно, што е можно помалку, со смирение и побожност, затоа што Бог секогаш внимателно ве следи.

12. Не спорете еден со друг за ништо и никого не озборувајте. Не судете го никого и не понижувајте го, ни со зборови, ни во своето срце и на никого и никогаш не лутете му се. Да не излезе лага од вашата уста и не сакајте да кажете или да слушнете нешто што не ви е корисно.

13. Не оставајте во вашето срце ни злоба, ни омраза, ни завист и да немате едно во устата, а друго во срцето, зашто “Бог не позволува да биде поруган” (Гал. 6,7), Он гледа сѐ што е тајно и јавно.

14. Секоја мисла и секоја тага, секоја ваша желба и секоја недоверба не скривајте ги во себе, туку слободно откривајте ги пред аввата. Она што ќе го чуете од него, настојувајте со вера, тоа да го правите.

15. Гледајте да не бидете невнимателни во пазењето на Божјите заповеди, зашто, простете ми, но во таков случај јас нема да ви дозволам да живеете со мене. А, ако ги пазите заповедите, јас ќе одговарам за вас пред Бога, ако, пак, не ги извршувате, Он ќе побара од вас одговор и за вашата мрзливост и за вашата бесплодност. Оној што ќе ги пази моите заповеди, и тајно и јавно, него Г оспод Бог ќе го запази од секое зло и ќе го заштити од секое идно искушение тајно или јавно.

16. Ве молам, браќа мои, спомнувајте си зошто сте излегле од светот. Грижете се за вашето спасение, за да не биде попусто вашето одречување од светот и да не се посрамите пред Бога и пред светиите, кои се откажале заради Него од светот и добро се подвизувале.

17. Неугодувањето на себе си, подвизите, лишувањата и измачувањата на телото, смиреноста и разумното одречување од својата волја во сѐ, неверувањето во својата праведност и секогаш да ги гледаш своите гревови пред себе сето ова ќе ти роди добродетели. Ова треба да го знае секој, дека спокојот на телото, широкиот пат, своеволието и славољубието го уништуват секој плод на монахот.

Преподобен Авва Исаиј