Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици 

Изреки

1. Авва Исаиј рекол: “Jac се гледам некогаш сличен на коњ, кој талка без свој господар, кој го јава секој што ќе наиде на него. И когa еден ќе слегне од него и ќе го остави, друг го фаќа и се качува на него”.

2. Тој рекол: “Јac сум сличен на човек, кого го фатиле неговите непријатели, го врзале и го фрлиле во каллива јама; а ако почне да вика кон својот Господ, тие го тепаат и го покриваат со рани, за да замолчи”.

3. Тој рекол: “Јас сум сличен на птица, која ја врзало за нога детенце. Кога ја попушти врвката, таа се обидува веднаш да полета нагоре, мислејќи дека е веќе одврзана. Но кога детето ја потегне за ногата, таа се спушта на земјата. Ете, така се гледам и јас себе си. А еве што сакам да кажам со ова: Никој не смее да биде безгрижен сѐ до последниот здив”.

4. Тој рекол: “Кога ќе те обвини некој за нешто, што си го направил или не си го направил, ако молчиш, тоа ќе го направиш според примерот на Господа Исуса Христа, а ако кажеш што и да било - било да си го направил или не тоа за што те обвинуваат, - тоа нема да биде по примерот на Господа Исуса, а ако противречиш, - се разбира, тоа ќе биде против Него”.

5. Тој рекол: “Ако му дадеш на некого нешто на заем, и му го простиш она што си му го дал, ќе Го следиш Исуса, а ако го бараш она што си го дал, ќе го направиш она што ѝ е својствено на Адамовата природа, а ако му земеш и лихва, тоа ќе биде дури и нешто што е подолно од Адама”.

6. Ако го извршуваш твоето молитвено правило со смиреност, како недостоен, тогаш твоите молитви ќе Му бидат пријатни на Бога. Но, ако помислиш дека тогаш другите спијат или се мрзливи да се молат, попусто ќе биде твојот молитвен труд.

7. За смирението тој рекол: “Смирението нема јазици да каже за некого дека е мрзлив или дека има некој друг недостаток. Тоа нема ни очи, за да може да ги гледа недостатоците на другите. Нема ни уши, за да го слуша она што не е корисно за душата. Тоа се интересира само за своите гревови. Тоа има мир со сите, според Божјите заповеди, а не поради пријателски односи. Ако некој пости и по шест дена и си наложува и други големи подвизи, а не оди по овој пат, напразни се сите негови трудови".

8. Ако некој добие нешто што тогаш не му е потребно, а кога My е потребно, не може да го најде, попусто му е тоа што го имал пред тоа. Таков е оној што говори дека се бои од Бога, а кога се наоѓа во состојба, кога му е потребен стравот Божји, кога, на пример, треба да говори со некого, кога има потреба да не се гневи или да се воздржува, кога го викаат да учи други тогаш кога и самиот уште не е научен, кога сака да им угодува на луѓето, кога сака да биде славен меѓу луѓето или да ги пројави другите свои страсти, ете, токму тогаш не може да го најде во себе си стравот Божји. Тогаш му се попусто сите негови трудови и подвизи.

9. Ако нашиот Господ Исус Христос не би ги лекувал најнапред сите болести на човекот, поради кого дошол на земјата, Он можеби не би дошол ни до Својот крст. Пред да дојде Господ во тело, човекот бил и слеп, и нем, и фатен, и глув, и лепрозен, и хром, и исполнет со сите неприродни слабости. А кога покажал милост и дошол при нас, Он го воскреснал мртвиот и направил хромиот да прооди, слепиот да прогледа, немиот да проговори, глувиот - да слуша; издигнал нов човек - слободен од секаква немоќ. И тогаш се издигнал на Својот крст. Со Него распнале и двајца разбојници. Оној што бил од Неговата десна страна Го прославил и Му се молел, велејќи: “Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!” (Лука 23, 42), а оној што бил од Неговата лева страна - Го хулел и Го навредувал. - Еве што значи ова . Пред да се ослободи од незагриженоста, умот во сѐ бива согласен со демонските сили. А кога нашиот Господ Исус Христос го издигне од таквата паднатост, кога му даде да прогледа и да види јасно сѐ, и тој, на тој начин, веќе може да се издигне на својот крст, тогаш демонската сила почнува да го напаѓа со тешки зборови, очекувајќи, дека можеби нашиот ум, ослабнат од тоа, ќе отстапи од своите трудови и одново ќе се врати кон својата претходна незагриженост. Такво е значењето на двајцата разбојници, кои нашиот Господ Исус Христос ги одделил да другаруваат еден со друг, па така - еден од нив Го хулел и Го навредувaл, очекувајќи можеби дека ќе Го отргне од неговата надеж, а другиот не престанувал да Му се моли и не ги слушнал Неговите зборови: “Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!” (Лука 23,43). Тој се удостоил да влезе во рајот и сега да ги јаде плодовите од дрвото на животот.

10. Вака рекол за светото причастие, кое го нарекува соединување со Бога: “Ако биваме победувани од страстите - од гневот, од зависта, од угодувањето на луѓето, од славољубието, од омразата или од некоја друга страст, тогаш ние сме далеку од Бога. Тогаш како можеме да се соединиме со Бога?

11. Кога го извршуваме нашето молитвено правило и кога, откако го завршиме, во нашето срце се појави некоја од овие страсти, тогаш сите наши трудови, се напразни: Бог нема да ги прими.

12. Некој од старците го прашал авва Исаиј: “Зошто бива тоа така со нас?” Авва Исаиј им одговорил: “Кога паѓа дожд на посеаната нива, тогаш таа дава изобилен плод, а кога не е посеана, каков плод може да се очекува. Ако некој се потрудил да ги исфрли од своето срце неприродните страсти, тие не се движат веќе во него. Бог сака човекот да биде во сѐ сличен на Него. Затоа Он дошол на Земјата и затоа пострадал: за да ја измени нашата падната природа, да ги отстрани нашите желби, кои завладеале со нашата душа. Неразумните животни ја запазиле својата природа, а човекот ја изменил својата природа. Сега, како што му се покорува животното на човекот, така треба и секој човек да му се покорува на својот ближен заради Бога, зашто заради тоа дошол Господ. Гледај колку е животното над тебе, кое е раководено само од својата природа! Затоа, ако јас посакам да се вратам во својата сопствена природа, тогаш како животното, кое нема ни своја слободна волја, ни знаење, така сум должен и јас да му правам добро не само на оној што е со мене, туку и спрема оној , што е против мене, зашто таква е Божјата волја”.

Оној што сака да влезе во мирот на ќелијата и не сака да биле ограбен од демоните, тој се отстранува од луѓето во cѐ, за да не напаѓа никого, да не фали никого, никого да не оправдува, на никого да не му угодува”, на никого да не му ја признава вистината, никого да не ожалостува, да не ги забележува човечките недостатоци, да нема никаква злоба и пакост против некого, да не им го предава своето знаење на неразумните, ни својата волја, - на непокорните. Само тогаш ќе се познаеш себе си и ќе сфатиш што ти е потребно. Оној што се надева на својата праведност и што сака да биде сѐ според неговата волја, не може да ги одбегне ѓаволските искушенија, не може да има мир, ниту може да согледа што му недостасува. И кога ќе излезе од своето тело, тешко ќе му биле да најде милост. Најважно од сѐ е: да мислиме за Бога, да се доближуваме до Него и да се грижиме за тоа - на него да Му угодуваме - со сето наше срце и со сета наша волја; да имаме милост кон сите, да плачеме и да Му се молиме на Бога да ни помага и да биде милостив спрема нас.

13. Еве што рекол за тоа дали треба да го учиме Ближниот на Божјите заповеди: “По што знам дека ме примил Бог и дека можам да му кажам на мојот ближен да прави нешто, кога и јас самиот сум уште покајник за моите гревови? - Зашто оној човек што некогаш грешил - - се наоѓа во покајание. И не можеш да имаш потполна увереност во себе си и за својата состојба сѐ дури не познаеш, дека ти се простени твоите гревови. А како знак за тоа ќе ти биде: ако ништо од она во што си грешел не се движи во твоето срце, или, кога ќе ти говори некој за тоа, а ти дури и нема да си спомнеш дека имало нешто такво. Тоа се знаци за тоа, дека над тебе се пројавила Божјата милост. Но, ако тие работи уште живеат во тебе, бори се против нив и плачи, зашто е голем страв и трепет ако си безгрижен за тоа сѐ додека не застанеш пред Божјиот престол. Ако некој те замоли да го поучиш, а ти, предавајќи ја својата душа на смрт, му кажеш и го поучиш како може да се ослободи од злото што го измачува, а тој пак дојде при тебе и ти каже дека не успеал во ништо, од она што си му кажал, тогаш треба да ти биде јасно дека тој не постапил така како што си му рекол. Отстапи од него, зашто тој ја умртвува твојата душа. Тоа е големо за човекот; што се откажува од својата вистина, за која мисли дека не е од Бога, и ги запазува зборовите на оној што го учи за Бога. Ете, и човекот Божји, авва Нистерој, кој ја видел Божјата слава, со кого живееле синовите на неговата сестра на никого од нив не им давал наредби, туку секого од нив го оставал да живее според својата волја, не се грижел за нив - дали се добри или лоши. Така говореле и за Каина и Авела, велејќи: кој ги научил нив да прават едно или друго, кога тогаш немало уште ни Закон ни Свето писмо? Се разбира, Бог ги учел - Зашто, ако Бог не го научи човек, попусто се труди тој”.

14. Кога некој почне да говори недозволени зборови, не слушај го, за да не ја погуби твојата душа. Немај срам од него, плашејќи се да не го навредиш и да не го ожалостиш; не слушај ги неговите зборови и не вели во себе си дека ќе го истрпиш и нема да имаш штета од тоа. Не, не говори така. Ти не си поголем од првосоздадениот, кого Бог го создал со Својата рака; и на него лошиот збор не му бил на корист. Бегај и не слушај лоши зборови. Отстрани го твоето тело и потруди се да не мислиш за она што си го слушнал. Макар и да си слушнал нешто малку, демоните ќе го искористат она што било речено и што си го слушнал, и ќе се потрудат со тоа да ја убијат твојата душа. Бегај, секогаш бегај од лошите зборови.

15. Она од што има човекот корист, чест и спокој, тоа го води човекот кон духовната смрт.

16. Да го учиш другиот е паѓање на душата од таму каде што е; зашто ако сакаш со гордост да го доведеш во добра состојба, тоа е големо разурнување на душата. Затоа, секогаш, кога го поучуваш твојот ближен, поучувај го, но мисли и на тоа: дека си зел чекан да го уриваш својот дом, сакајќи да му изградиш дом на другиот.

17. Тешко ѝ на онаа душа што греши по крштевањето! Таквиот човек не може да биде безгрижен за себе си, кога се кае: било да паднал во некој телесен грев, или да украл или да направил некој друг грев, ако се препнал или со своето око погледнал страсно на телото на другиот, или тајно јадел, пазејќи се да не биде виден од некого, или ако некој ставил нешто во својата торба, а ти сакаш да знаеш што е тоа. Секој што го прави ова Го навредува Исуса.

18. Тогаш некој го прашал: “Па зар е тоа така важна работа, оче? А тој му одговорил: “Како оној што прокопал ѕид и украл пари е измамен од ѓаволот, така и тој е измамен од него. Зашто оној што го победил и измамил првиот, го победил и го измамил и вториот, а оној што бива победуван во малите работи, често бива победуван и во големите”.

19. Еднаш авва Исаиј рекол: “Ако човек направи големи работи, ако исцели болни, ако има големи знаења, па ако воскреснува и мртви, но штом падне во грев, не може веќе да биде во безопасност; тој веќе треба да се кае. Исто така, како покајник тој може да презема големи трудови, но, ако види некого да греши или да живее во безгрижност и го осуди, попусто е сето негово покајание, зашто отфрлил еден Христов член, го осудил, а не Му го оставил судот на Судијата - на Бога”.

20. Во една друга прилика рекол: “Сите ние се наоѓаме како во болница: еден го болат очите, друг - раката, трет - има некоја рана или некоја друга немоќ. Се случува некои од раните да бидат речиси залечени, но ако во нив е нешто нечисто, тие пак се отвораат. Така бива и со оние што се во состојба на покајание: штом осуди или презре некого, тој го разорува своето покаение. Од оние што лежат во болница поради разни болести, ако еден вика од болка, а другиот ќе му рече ли, зошто викаш? Зар секој од нив не си мисли на својата болест. Па така, и јас, ако ја имам болката од моите гревови постојано пред моите очи, дали би се занимавал со гревовите на другите грешници. Така бива и со оние со болните во болниците: секој се пази да не изеде нешто што може да ја подлути неговата рана.

21. Тешко ѝ на онаа душа што не сака да бега од секој грев! Таа има големи маки од своите духовни непријатели, кои ѝ завидуват и кои ја напаѓаат. Затоа таа има потреба од голема трпеливост и од постојана благодарност за сѐ. Така и израилскиот народ додека бил во Египет имал во изобилство сѐ што му било потребно за јадење и пиење, но сепак сите тие работеле како робови за фараонот. Но кога Господ им ја испратил Својата помош, кога им го испратил Мојсеја за да ги ослободи од фараонот, тогаш тие биле подложени на тешки работи и страшни навредувања. А Мојсеј и покрај сите казни што Бог му ги испратил на фараонот, уште не се осмелувал да им говори дека ќе бидат ослободени од тоа страшно ропство, сѐ додека не дошло времето. Тогаш Бог му рекол на Мојсеја: “Уште една казна ќе му испратам на фараонот. А ти ќе му речеш: “Ослободи го мојот народ; ако не го ослободиш, ќе го убијам твојот првенец!” Дури потоа Мојсеј се осмелил да говори за ослободувањето на израилскиот народ од египетското ропство. Тогаш Бог му рекол: “Уште едно зло ќе пратам над Фараонот и над Египет, па тогаш ќе ве пушти оттука; и кога ќе ве пушти, просто ќе ве истера. А сега кажи му на народот тајно - секој човек нека побара од соседот свој и секоја жена од сосетката своја накит сребрен и накит златен, а и облека” (2. Мој.11,1-2).

Некои од овие работи потоа биле употребени за изградба на скинијата.

22. Потоа авва Исаија рекол: “Еве што говорат за ова духовните старци. Тие велат златните и сребрени садови и облеките се чувствата, кои му служат на духовниот непријател, дека, ако човек не ги грабне од непријателот, така што да придонесуваат плод за Бога, закрилата на Божјит спокој нема да биде над нив, а ако ги одземе од непријателот и со нив Му придонесе плод на Бога, тогаш Божјата закрила ќе дојде над него. И облакот не ја осенил скинијата сѐ додека имала недостаток од нешто, туку ја осенил тогаш кога била потполно завршена. Така било и со старозаветниот храм, кој бил изграден потоа: и тој не бил осенет сѐ дури не бил потполно завршен и не биле во него внесени крвта и мрсот од сепалениците, и го помирисал Бог, па дури тогаш облакот го осенил новоизградениот Божји дом. Односно сѐ додека човек не Го возљуби Бога со сета своја сила и со сета своја мисла, cѐ дури не се прилепи до Него со сето свое срце, сѐ дотогаш Божјиот мир нема да дојде на него”.

23. Авва Исаиј во една друга прилика рекол: “Ако човековиот ум, пред неговите чувства што ќе престанат да им робуваат на страстите, посака да се издигне на крстот, тогаш Божјиот гнев доаѓа на него затоа што презел нешто што е над неговите сили пред да ги излекува своите чувства”.

24. Ако срамните страсти дејствуваат во тебе, а ти им сочувствуваш, му помагаш на она што тие го раѓаат и не жалиш во своето срце поради тоа. Тоа што станува во тебе е полошо и од она што било во Адама.

25. Ако твоето срце го победило гревот, ако се згрозило од него, ако си ја победил адската мака и сакаш секогаш да Го имаш за свој помошник Бога, откако си одлучил да не Го навредуваш со ништо, туку ако плачеш пред Него и ако говориш: “Господи, Твојата милост ќе ме избави; јас самиот не можам да се спасам од мојот духовен непријател без Твојата помош“, а при тоа, внимаваш и на своето срце за да не го навредиш оној што те поучува за Бога, тоа ќе биде според желбата на нашиот Господ Исус Христос. И Он ќе те запази од секое зло. Амин.

Преподобен Авва Исаиј