Преподобен Авва Исаиј (pdf)

Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици

За добродетелите

1. Има три добродетели, кои секогаш промислително го пазат умот и од кои тој има потреба. Тоа се: стремежот кој е природна особеност на умот, храброста и работливоста.

2. Има три добродетели, кои, ако умот ги види во себе си и верува дека добил бесмртност, односно обновување или совршенство на небесните жители. Тоа се: расудувањето, кое точно разликува едно од друго, предвидување на сѐ пред време, немање желба за ништо што им припаѓа на другите.

3. Има три добродетели, кои му даваат секогаш светлина на умот: да не гледаме лукавство ни во еден човек; да им правиме добро на оние што ни прават зло, и спокојно поднесување на сѐ што ќе ни се случи. Овие три добродетели раѓаат други три, кои се поголеми од нив: негледањето на лукавство во другите луѓе раѓа љубов; правењето добро на оние што ни прават зло, ни донесува мир, а трпеливото поднесување на страдањата дава кротост.

4. Има четири добродетели, кои ја прават душата чиста. Тоа се: молчењето, извршувањето на заповедите, самоограничувањето и смирената мудрост.

5. Од следните четири добродетели умот има секогаш потреба. Да Му се молиме на Бога, - да паѓаме секогаш ничкум пред Него, - да не се вознемируваме за сметка на некој човек - што е тој и каков е и да не го осудуваме, - да бидеме глуви за она што ни говорат нашите страсти.

6. Овие четири добродетели како бедем ја оградуваат човековата душа и ѝ даваат сила спокојно да ги поднесува страдањата кои ѝ ги причинуваат нејзините непријатели. Тоа се: милоста, негневливоста, долготрпеливоста и исфрлување на секое гревовно семе што се наоѓа во неа; а сите нив ги запазува заборавањето.

7. Четири добродетели ѝ помагат на младоста, на почетниците во духовниот живот. Тоа се: постојано поучување, немрзливост, бдеење и отсуство на споредување со другите.

8. Четири работи ја осквернуваат душата: талкање по градот без запазување на погледот, другарување со жени, другарување со славни светски луѓе и сакање разговори со телесните роднини.

9. Со овие четири работи се засилува блудната страст во телото: со многу спиење, со јадење до наситување, со празни и смешни разговори и со украсување на телото.

10. Душата се помрачува од овие четири работи: со омразата против ближниот, со неговото понижување, со зависта и мрморењето против него.

11. Од овие четири се запустува душата: со минувањето од место на место, со љубовта спрема разонодите, со љубовта спрема различните предмети и со скржавоста.

12. Со овие четири работи се умножува гневот: со давање и примање, со приврзаноста на својата волја, со желбата да им бидеме учители на другите и со желбата да се сметаме и да нѐ сметаат разумни.

13. Има три работи, кои човек тешко може да ги придобие и со нив да ги запазува сите добродетели: Тоа се: скрушеноста, плачот за своите гревови и постојаното имање на смртта пред своите очи.

14. Има три работи, кои пројавуваат голема власт над душата, сѐ додека таа не придобие голема сила. Тие им овозможуваат на добродетелите да живеат заедно со умот. Тоа се: пристрасноста кон сѐ што Му е спротивно на Бога, мрзливоста и заборавањето. Заборавањето војува против човекот до неговиот последен здив и го доведува до бесплодност. Тоа е посилно од сите помисли и е родителка на cѐ што е лошо, тоа го разорува сето она што човекот постојано го изградува во себе си.

15. Еве ги делата на новиот и на стариот човек! Оној што ја сака својата душа и што не сака да ја загуби ги извршува делата на новиот човек, а оној што го сака телесниот спокој во овој кратковремен живот, тој ги извршува делата на стариот човек и ја загубува својата душа. И нашито Господ Исус Христос, објавувајќи го новиот човек во Своето тело, говорел: “Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби” (Јован 12, 25); “Кој ќе ја загуби душата своја заради мене, ќе ја зачува” (Матеј 10, 39). Он е господарот на светот. Он ја разрушил преградата на непријателството (сп. Ефес. 2, 14). И уште Он говори: “Не дојдов да донесам мир, туку меч” (Матеј 10, 34.); “Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел” (Лука 12, 49). Односно, во оние, кои живееле според Неговото учење во светиите, да биде присутен огнот на Неговото божество. Како последица од тоа тие го имале духовниот меч во себе си, со кој ги отсекувале сите желби на своето тело. И Господ им дал радост, говорејќи: “Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам” (Јован 14, 29).

16. Еве, како оние што се грижеле за својата душа во овој свет станале свети овци за Негова жртва. И кога ќе се појави во славата на Своето божество, Он ќе ги повика да застанат од Неговата десна страна, велејќи им: “Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене...” (Матеј 25, 34-36). Еве како оние што ја загубуваат својата душа во овој краткотраен живот, тие ќе ја добијат тогаш кога ќе им биде потребна, добивајќи како награда многу повеќе, отколку што очекувале да добијат. А оние што ја вршат својата волја, тие ја запазуваат својата душа во овој краткотраен живот, па, мамејќи се со суетата на земното богатство, не ги извршуваат Божјите заповеди, очекувајќи да живеат бескрајно во овој живот, во судниот ден ќе се покаже срамот на нивното слепило, па ќе се покажат како проколнати кози и ќе ја слушнат страшната пресуда на Судијата: “Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен бев и во затвор и не Ме посетивте...” (Матеј 25, 41-44). Нивната уста ќе се затвори и не ќе најдат што да одговорат, спомнувајќи си за својата немилостивост и духовна сиромаштија. Вистина, тие ќе речат тогаш: “Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор и не Ти послуживме?” (Матеј 25, 44). Но, Он ќе им ја затвори устата, велејќи: “Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле” (Матеј 25, 45).                   

17. Да се испитаме, возљубени, дали секој од нас ги исполнува Господовите заповеди, дали ги исполнуваме според нашите сили или не. Сите ние сме должни да ги исполнуваме, според нашите сили, малите според својата маленкосг, а големите според својата големина. Оние што ставале во храмовата сокровишница големи дарови биле многу богати, но Господ најмногу му се израдувал на малиот дар - на двете лепти од вдовицата - затоа што Бог гледа на нашата слободна волја. Да не биде очајно нашето срце затоа што не можеме многу да направиме и не можеме многу да дадеме, за да не нѐ одвои ова наше очајание од Бога, но да им служиме на нашите ближни според нашата сиромаштија. Зашто Господ што покажал милост спрема ќерката на старешината на синагогата, воскреснувајќи ја; како што ја помилувал крвоточивата жена, која го потрошила целото свое богатство за лекари, пред да разбере за Христа; како што го излекувал слугата на стотникот, затоа што тој верувал, - така ја помилувал и Хананејката, ја излекувал нејзината ќерка; како што го воскреснал и Лазара, кого што го сакал, така го воскреснал и синот единец на нанската вдовица, поради нејзините солзи; и како што не ја презрел Марија, која ги помазала со миро неговите нозе, така не ја отфрлил ни жената грешница, која ги облила неговите нозе со миро и со солзи; и како што ги повикал Петра и Јована од нивниот кораб и им рекол: “Појдете по Мене” (Матеј 4, 19), така го повикал и Матеја, кој седел во митницата; и како што им ги миел нозете на другите апостоли, така му ги измил нозете и на апостолот Јуда, не правејќи разлика; како што им Го испратил Светиот Дух, Утешителот, на Своите апостоли, така му го испратил и на Корнилиј, и како што го испратил Ананиј во Дамаск при Павла, велејќи му дека тој е Негов избран сад (сп. Дела 9, 15), така го испратил и Филипа во Самарија кај евнухот на царицата Кандакја. Зашто кај него нема лицемерие ни спрема малите, ниту спрема големите, ни спрема богатите ни спрема сиромасите; Он ја бара слободната волја и верата во Него, извршување на Неговите заповеди и љубов спрема сите луѓе. Еве што ќе и служи на душата, по што таа ќе се распознава, кога ќе излезе од телото, како што им заповедал на Своите ученици, велејќи: “По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе” (Јован 13, 35).

18. За кого зборува нашиот Господ и Спасител дека ќе “ве познаат” - ако не за силите духовни од десната и од левата страна? И кога противниците ќе ги видат белезите на верата како одат заедно со душата, тие ќе отстапат со страв од неа, а сите свети сили ќе се зарадуваат заедно со неа. Да се трудиме, возљубени, според нашите сили, да добиеме таков печат, за да не бидеме фатени од лошите сили од нашите духовни непријатели. Господ рекол: “Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина” (Матеј 5, 14). За каква гора говори Он, ако не за Своето свето слово? Да го употребиме, возљубени, целиот свој труд со усрдност и со разум, да го извршувамe неговото слово, кое говори: “Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое” (Јован 14, 28), тие трудови да бидат за нас сигурен и ограден град, кој нѐ запазува со словото на Господа од рацете на сите наши непријатели, додека не Го сретнеме и не застанеме пред Неговото лице. Зашто, ако ја добиеме оваа смелост, сите наши непријатели ќе се разбегаат од силата на Неговото слово, кое е онаа планина, од која се одвоил камен не фатен со рака и го искршил златниот лик, кој бил составен од злато, сребро, бронза, железо и глина, како што пишува апостолот: “Облечете се во сето оружје Божјо, за да одржите против ѓаволското лукавство; оти нашата борба не е против крвта и плота, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата” (Ефес. 6, 11-12). Образот, составен од овие четири елементи е непријателската сила. Него го уништиле светото Божјо слово, како што е напишано, тој камен, кој го искршил тој лик, се срушил од големата планина и ја исполнил целата земја (сп. Дан. 2, 34-35).

19. Да избегаме, браќа, под покривот на Господа, да биде Он наше засолниште и прибежиште и да нѐ спаси од овие четири злобни сили, та и ние да ја чуеме радоста, да се израдуваме на Неговото слово, заедно со сите Негови светии, кога ќе се соберат пред Неговото лице од четирите краишта на земјата и секој од нив ќе го чуе своето сопствено блаженство, кое му е одредено според неговите дела. Силно е Неговото свето име. Тоа да нѐ укрепува и да не му дозволи на нашето срце да биде измамено поради заборавањето што ни го наложуваат нашите духовни непријатели. Он да нѐ запазува и да ни подари сила да поднесеме сѐ што доаѓа на нас заради Неговото име, та да добиеме милост со сите и да се удостоиме со Неговите блаженства. Нему Му прилега слава, чест и поклонение, на Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин.

Преподобен Авва Исаиј