Преподобен Авва Исаиј
Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици
За оние што сакаат да имаат добар внатрешен духовен живот во молчење:да внимаваат на себе си, за да ги одбиваат духовните крадци кои ги поткрадуваат и да не живеат како во плен и ропство, предавајќи ги своите срца на неприлични дела и заборавајќи за своите гревови
1. Љубовта спрема истражувањето на Светото писмо раѓа расправии и непријателство, а плачот за своите гревови - придонесува мир. Грев прави оној монах што седи во својата ќелија заборавајќи ги своите гревови, и се предава на истражување на Светото писмо. Оној што го предава своето срце на вакви истражувања со цел да разбере зошто во Светото писмо нешто е кажано токму така, пред да се здобие самиот себе си да има внимание спрема она што станува во него, да владее со себе си и да се ослободи од своите страсти, неговото срце е немоќно и заробено. А оној што бдее и внимава да не биде заробен од нешто грешно, тој сака да паѓа ничкум пред Бога.
2. Оној што бара да го спореди Бога со нешто, тој хули на Бога; а оној што бара како да покаже посовршена љубов спрема Него, тој ја сака чистотата на стравот Божји.
3. Оној што ги извршува Божјите зборови, тој Го познал Бога (сп. 1. Јов. 2,3), таквиот живее според нив како должник што го чувствува својот долг.
4. Не барај високи Божји дарови додека Му се молиш за помош, додека Му се молиш да дојде при тебе и да те спаси од твоите гревови. Она што е од Бога ќе дојде само од себе - кога за него ќе имa во тебе приготвено чисто и неосквернето место.
5. Оној што се утврдува во својот сопствен разум и сака да ја извршува својата волја, тој привлекува кон себе толпа демони, не може да биде од Божјиот Дух, кој му донесува на срцето жалост и скрушеност.
6. Оној кој, читајќи ги зборовите на Светото писмо, ги толкува со својот разум, и се утврдува на себе си на тоа и мисли дека така треба да ги разбира тие зборови, таквиот не ја знае Божјата слава, и не ја почувствувал Божјата благодат. А оној кој ги чита зборовите во Светото писмо и вели: “Јас сум човек и не можам да ги знам Божјите тајни”, таквиот Го прославува Бога и во него обитава богатството Божјо во неговата сила и во неговите помисли.
7. Не биди брз да им ја откриваш твојата мисла на сите, туку само на духовните оци за да не се исполни со жалост твоето срце.
8. Пази ја твојата уста, за да биде чиста пред тебе твојот ближен; почитувањето спрема ближниот да ја запазува твојата уста од осудување.
9. Научи го твојот јазик да ги разбира Божјите зборови, и лагата ќе избега од тебе.
10. Љубовта спрема човечката слава раѓа лага - а самопонижувањето, и смиреноста го воведува стравот Божји во твоето срце.
11. Не посакувај да им бидеш пријател на славните од овој свет, да не се случи славата нивна да те осрамоти пред Бога.
12.Ако некој каже лоши работи за својот брат пред тебе, за да го понижи и да ја покаже својата злоба, не согласувај се со него, за да не те стигне она што не го сакаш.
13. Едноставноста и смиреноста го чистат срцето од лукавство. Кој се однесува лукаво спрема својот брат, него нема да го одмине жалоста во срцето. Оној што зборува едно, а во срцето свое има друго, сето служење (- молитви) на таквиот е попусто. Не доближувај им се на таквите, за да не се оскверниш со нечистотијата на неговиот отров. Оди со оние што не се злобни за да бидеш учесник во нивната слава и чистота.
14. Немај злоба ни спрема еден човек, за да не ги направиш бесплодни твоите трудови. Постапувај искрено со сите луѓе, за да го видиш мирот Божји во себе. Како оној што е каснат од шкорпија за кусо време неговото тело бива исполнето со нејзиниот отров, така отровна сила има и злобата во срцето против ближниот, отровот ја наранува неговата душа и таа умира од него. Па така, кој сака да не пропаднат неговите трудови попусто, нека ја исфрли од себе си оваа шкорпија, односно лукавството и злобата.
Преподобен Авва Исаиј