Преподобен Авва Исаиј
Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици
За заповедите на верните. Совети на оние што сакаат да живеат во мир еден до друг
1. Кога одите заедно на пат, водете грижа за оној што е најслаб меѓу вас: дали има потреба да се одмори малку или да се нахрани малку пред време.
2. Кога ќе излезете заедно на некаква работа, секој од вас треба да внимава на себе и на братот свој, ниту да го учи, ниту да му заповеда што треба да прави.
3. Кога правите нешто во ќелија или кога градите нешто, на пример, огниште или нешто друго, оставајте го оној што ја работи својата работа, да ја работи како што сака. Но, ако тој рече: “Направете ми љубов, поучете ме како да го направам ова, зашто не знам како треба да биде направено, а меѓу вас има некој што знае тоа да го направи, тој не треба да се прикрива и да рече: “Ни јас не знам како треба да се направи". Ваквото смирение не Му е угодно на Бога.
4. Ако твојот брат прави нешто како што не треба, а ти го гледаш тоа, не вели му дека не работи добро и дека ја расипал работата. Но, ако тој ти рече: “Покажи љубов спрема мене, научи ме како треба да работам”. А ти не го научиш и премолчиш, тогаш ќе покажеш дека во тебе нема Божја љубов, затоа што пазиш лукавство во твоето срце.
5. Ако твојот брат зготви нешто и тоа не биде добро, не вели му: “Лошо си го зготвил ова јадење”. Знај дека во тоа е твојата смрт. Но подобро е да помислиш како би ти било тешко некој тебе така да ти каже, и ќе се успокоиш.
6. Кога пеете заедно, а некој од вас погреши некој збор, не кажувајте му го тоа и не вознемирувајте го; ако и изостави некој збор, нека биде изоставен. Но, ако тој ви рече: “Имајте љубов спрема мене и кажувајте ми кога ќе погрешам некој збор или ќе пропуштам нешто”. Тогаш тоа треба да го правите со љубов.
7. Ако јадете нешто на заедничка трпеза, а некој од вас не го сака тоа јадење, нека не вели: '“Јас не можам ова да го јадам, но, заради Бога, или да јаде насила или да премолчи. И Бог ќе го успокои.
8. Кога работите заедно некаква работа и некој од вас од малодушност престане да работи, не прекорувајте го, туку бидете благи спрема него и имајте разбирање за неговата немоќ.
9. Кога ќе дојдат кај вас некои од браќата поради нешто, никако не распрашувајте ги за што и да е, што може да ви причини некаква штета, за да не ви остане нешто во вашата ќелија: некаков немир во вашето срце или некаква збрканост. Но, ако некој од тие, не можејќи да се владее себе си, му рече на некого од вас нешто што може да ве навреди, тогаш тоа, што ќе го чуете, не прераскажувајте им го на другите браќа, но премолчете го, така што таа соблазна како што дошла така и да се загуби; да не го исполни срцето на некого од вас со смртоносен отров.
10. Кога ќе појдеш некаде по работа, не прашувај никого за ништо што не ти прилега, за да можеш неповреден да се вратиш во својата ќелија. Ако и без да сакаш, чуеш нешто, што не е добро кога се вратиш не прикажувај им на твоите браќа за тоа.
11. Кога ќе бидете некаде на друго место, не позволувајте си слобода; каде и да влезете, настојувајте да бидете такви, така што оние што ве гледаат да имаат полза од вас и од вашето однесување. Особено настојувајте да бидете молчаливи. Зашто сите страсти, особено слободата во однесувањето оставаат лоши последици на немоќните браќа, поради тоа што тој не ги гледа своите гревови. Знајте дека Божјата помош, надежта, благоста, совесноста, откажувањето од својата волја и самопринудувањето на сѐ што е добро а имаат место во смиреномудрото срце; а гордоста, надуеноста, мислењето дека знаеме повеќе од нашиот брат, противставувањето на совеста, невниманието спрема тоа што твојот брат страда од твојата незаинтересираност за него, сето ова има место во нечувствителното срце.
12. Кога седиш во твојата ќелија и твојот брат влезе во неа, никако не помислувај кој сработил повеќе ти или твојот брат.
13. Ако работиш заедно со некој твој немоќен брат, не настојувај да изработиш повеќе од него.
14. Ако твојот брат работи некоја работа и ја расипе, не говори му дека ја расипал сѐ додека не те замоли да имаш љубов спрема него и да го поучиш како треба да работи. А ти, ако знаеш како се работи тоа и не му покажеш, знај дека во тоа е твојата смрт.
15. Кога се трудите околу вашата рачна работа, каква и да е таа, не сакај да знаеш колку изработил во изминатата седмица твојот брат и колку си изработил ти. Еве, што бара Бог од секој човек: сѐ што работи, да работи тајно, зашто тоа е знак за необученост.
16. Кога ќе појдеш некаде на работа заедно со твоите браќа, не сакај да им покажеш дека си изработил повеќе од нив. Бог сака сѐ што работиме да го правиме тајно.
17. Ако братот твој од малодушност ти одговори нељубезно, претрпи со радост. Зашто, ако размислиме правилно и нелицемерно, така како што Му е угодно на Бога, ќе видиме дека сме погрешиле ние, а не нашиот брат.
18. Ако живееш заедно со браќа и ако помислиш да ја ограничиш храната повеќе отколку што е вообичаено, кажи и на твојата помисла: “Мојот немоќен брат кој живее заедно со мене е мој господар. Ако веќе одлучно си решил да ја зголемиш твојата воздржливост, тогаш насели се во помала и засебна ќелија, а твојот немоќен брат не збунувај го.
19. Ако кај вас дојде некој брат, за кого веќе сте чуле оти сака да се покажува подобар отколку што е, да вели дека многу знае, дека е голем подвижник и сѐ друго, вие не прашувајте го за тоа сѐ додека тој не го пројави овој свој недостаток. Но и потоа, кога ќе ги покаже своите слабости, пазете се со нешто да не го навредите.
20. Ако сакаш да земеш нешто, од што имаш потреба, не мрмори против твојот брат, велејќи: “Зошто не се сети да ми го даде тоа што ми е потребно?” Многу е подобро едноставно и отворено да му речеш: “Ти се молам, имај љубов спрема мене, и дај ми го тоа. Зашто ми е многу потребно”. Ете, тоа е света чистота и срдечна едноставност. Ако не му се обратиш така, а ќе мрмориш против твојот брат и ќе го укоруваш во своето срце, знај дека грешиш.
21. Ако кај вас се поведе разговор за некои зборови од Светото писмо, оној што го знае нивното значење, нека не спори со својот брат. На тој начин ќе го успокои својот брат и ќе го зарадува. Она што е најважно и што треба да го бараме повеќе од сѐ е: да се смируваме пред нашиот брат.
22. Оној што постојано помислува на Страшниот Суд, пред кој треба да застане, тој секако настојува да има што да одговори и да каже нешто за свое оправдание.
23. Не распрашувајте се за тоа што стапува во светот, за да не станете слични на оние места, каде луѓето се ослободуваат од својот измет и каде затоа има страшна смрдеа. Но бидете чист Божји жртвеник создавајќи од себе си свештеник, кој наутро и навечер постојано ќе принесува темјан на овој жртвеник. Не оставајте никогаш овој жртвеник да биде без темјан; принудувајте се непрестајно да се вознесувате пред лицето на Господа со секаква молитва, та Он да ви подари детска и едноставна невиност и да го одземе од вас сѐ што е спротивно на ова: секаквото лукавство, демонската мудрост, љубопитноста, која талка насекаде - за да види и да слушне нешто, самољубието и озборувањето, зошто сите овие работи ги обезвреднуваат трудовите на оние што ги вршат. Ако човек има разумен страв од Бога и со послушност го слуша гласот на својата совест заради Бога, тогаш на сето речено овде, самиот скришно ќе се научи. А кога таму, внатре во душата, нема да го има овој домаќин, стравот Божји тогаш внатрешниот дом на ваквиот несреќен човек бива отворен и слободен, та секој ќе може да говори во него што ќе посака, зато што неговото срце не е под негова власт, туку под власта на демоните.
24. Ако треба да излезеш од ќелијата по некаква работа, не оставај го твојот брат и не изпегувај сам, оставајќи го таму твојот брат да се измачува со својата совест, туку покани го најискрено и со љубов и тој да излезе со тебе. А, ако видиш дека твојот брат тогаш не е спокоен духовно или дека е телесно немоќен, не настојувај и тој да појде со тебе. Да имаме секогаш братско сочувство. Пазете се секогаш од сѐ што му е неугодно на вашиот брат, за да не го навредите.
25. Ако некој живее со својот отец или брат и не се советува за ништо со другите, туку само со оној што живее со него, во ова е мирот и послушноста.
26. Ако живееш со својот отец или брат, гледај да немаш поголема дружба со едниот отколку со другиот или скришно да му пишуваш писмо на некого, сакајќи да не знаат за тоа оние што живеат со тебе. Со тоа се загубуваш и ти самиот, а ги загубуваш и нив.
27. Ако живееш со некого кој е поголем од тебе, гледај да не правиш никакво добротворно дело, без да го прашаш него. Не прави го тоа тајно.
28. Кога прашуваш за помислите, не прашувај откако веќе ќе ги имаш, но говори за она што те напаѓа во сегашниот миг. Било за промена на местото на живеење, или за учење на некоја рачна работа, или за промена на рачната работа, или за заедничко живеење со некој брат, - прашувај слободно за сѐ, но прашувај навреме - пред да си направил нешто од тоа. Прашувај и за твоите телесни слабости и душевните страсти; прашувај уште кога помислите те тераат да правиш нешто и не прашувај за она што уште не си го направил во врска со некакви помисли, односно не прашувај за рана што уште не си ја придобил, не барај лекарство за рана што ја немаш.
29. Кога прашуваш за твоите помисли, не биди лицемерен и не говори едно, место друго или дека некој друг постапил така и така, туку кажи ја вистната, кажи така како што било и биди готов да постапиш така како што ќе ти кажат. Ако постапиш поинаку, сам со себе си ќе се подбиеш, а не со духовните старци, кои си ги прашал за совет.
30. Koгa ги прашуваш духовните старци за борбата што е во тебе, не слушај ги оние што ти говорат внатре во тебе повеќе од она што ти го говорат старците, туку, пред сѐ, помоли Му се на Бога, велејќи: “Боже, направи со мене што Ти е угодно и внуши им на духовните старци да ми го кажат тоа што ми е вистински потребно”. А потоа, што и да ти кажат оците, направи го со вера сето тоа, и Бог ќе те успокои.
31. Кога живееш со твоите браќа и не си спокоен поради некаква причина: или поради твојата рачна работа, или поради животните тешкотии, или поради вознемирувањата, или поради тоа што не можеш да го носиш товарот на послушноста, или поради тоа што немаш добри можности за работа, или поради тоа што немаш сѐ што ти е потребно, или затоа што сакаш да се подложиш на поголеми ограничувања, или затоа што си немоќен и не си во состојба да ги извршуваш преземените трудови или поради каква и да е друга причина, кои го тераат твоето срце да се ослободи од нив, - не отфрлај го товарот што го носиш и не ожалостувај се; не бегај од нив и не нажалувај ги твоите браќа. И тогаш кога тие ќе те прекорат за нешто, кога ќе те навредат, тука побарај го твојот мир, смири го твоето срце. Што и да ти направат, не осудувај ги за ништо твоите браќа, со кои живееш. Не слушај ги твоите духовни непријатели, ако ти нашепнуват доброто што ти го правеле да го сметаш за зло со цел да го избегнеш заслужениот прекор и да ги прекориш другите, па со тоа да ја прикриеш твојата вина. И затоа ќе бидеш победен од твоите духовни непријатели таму, каде што ќе се населиш.
32. Кога ќе дојдеш во некое ново место на живеење, не избирај ќелија пред да дознаеш каков е тамошниот ред на живеење; дали нема да имаш некакви пречки било поради големите грижи околу работата, или што ќе видиш некои работи што нема да ти бидат од полза, или поради славата, која може да ти се даде тебе или на тоа место, било поради мирот и спокојниот живот или поради пречките од страна на твоите тамошни браќа. Ако бидеш мудар, само во текот на неколку дена ќе разбереш дали таму за тебе ќе има смрт или живот.
33. Ако му ја дадеш на братот ќелијата, за да живее во неа неколку дена не однесувај се спрема него така, како да е тој под твоја власт.
34. Ако ја земеш ќелијата на некој брат за да поживееш во неа неколку дена, не преправај ништо во неа се дури не го прашаш братот што ти ја дал: дали ќе ти го дозволи тоа или не. Без негова согласност, не преправај ништо во неговата ќелија.
35. Кога живееш со некого или привремено престојуваш кај него и тој ти заповеди нешто, внимавај, исполни ја неговата заповед. Гледај да не ја нарушиш ни јавно ни тајно.
36. Ако живееш сам во својата ќелија и имаш одреден час кога да се храниш или да не јадеш ништо варено или нешто друго, и кога ќе појдеш некаде на друго место, и ќе седнеш на туѓа трпеза, пази се да не кажеш: “Простете, но јас не јадам вакво јадење”. Знај дека со тоа попусто ќе го предадеш целиот твој труд во рацете на демоните. Твојот Господ и Спасител рекол: да работиш тајно, за твојот Отец да те награди јавно. Тој што ги сака своите трудови, ги пази и не дозволува попусто да ги загуби.
37. Кога живееш заедно со некого, тогаш каква работа и да работите заедно, во вашата ќелија или надвор од неа, настојувај никогаш да не му речеш: “Имај трпение, почекај малку, дозволи ми да ја завршам уште оваа маленкост и веднаш ќе дојдам”. Настојувај без одлагање да го послушаш.
38. Кога работиш нешто со некој друг брат, па, ако бидејќи мудар, забележиш некоја грешка што ја прават браќата, не мисли за неа, за да не ти се случи да ја кажеш пред браќата што живеат со вас. Знај, дека во тоа се наоѓа твојата духовна смрт.
39. Ако со тебе живеат браќа и ако се случи некогаш тие да работат цел ден, без да се одморат, утеши ги - дај им храна пред определеното време. И ова направи го не само затоа што ти така мислиш, но спомнувај си и за Божјиот суд. Во секоја работа, што и да работиш, имај Го Бога пред твоите духовни очи.
40. Ако појдеш на некое место, за да живееш таму, кај еден или повеќемина браќа, кои живееле таму пред тебе и видиш дека тие ќе бидат штетни по твојата душа или по твојот монашки живот, не ја отворај твојата уста и не изобличувај ги, туку, ако видиш дека тоа место нема да биде добро за твојата душа, појди на друго место, но јазикот твој запази го и не изобличувај ги, зашто во тоа е твојата смрт.
41. Ако сградаш од некои страсти, пази се и не позволувај му никому да ти ги открива своите страсни помисли, како на верен човек. Ваквата работа е погубна за твојата душа.
42. Ако некој од вас каже нешто смешно, пази се и не дозволувај му на твојот глас да се подигне толку, за да го чујат другите, зашто тоа е знак на духовно незнаење и немање страв Божји. Тоа би покажало дека немаш своја внатрешна стража.
43. Бидејќи во наши дни Божјиот гнев ја зафатил целата вселена, не треба да се вознемирувате, ако нешто чуете, но помислувајте во своите срца: што се овие маки во споредба со оние, на кои ќе бидеме подложени за нашите гревови.
44. Покажете љубов спрема мене заради Бога прочитувајте ги овие редови почесто, за да го извршувате она што е напишано. Верниот треба да го смета ова за многу важно. - Ако ги извршувате, овие работи со разбирање и едноставно ќе појдете во спокојот и радоста на Божјиот Син. Ако не ги извршувате, ќе имате маки и овде на земјава, и по излегувањето од телото спроед Светото писмо, ќе бидете одведени во пеколот. Нашот Господ Исус Христос затоа дошол на земјава: да им каже на луѓето дека ќе добијат мир оние што ќе ги исполнуваат Неговите заповеди, но нашите тврди срца нѐ заслепуваат со своите грешни желби; затоа што ги сакаме нив повеќе од Бога, и што не Го сакаме Бога толку, колку што ги сакаме нашите страсти.
45. Ете, токму затоа се потрудив да ви го напишам ова, бидејќи она што ви го пишував понапред не ви беше доволно. Покажете љубов спрема мене, па од сега почнете да се подвизувате. Не останувајте со необрезано срце и помогнете си, трудејќи се за вашето спасение, во малкуте денови што ви остануваат. Ако го запазите сето ова, односно, ако бидете смирени, трпеливи, спокојни, ако се откажувате од својата волја и ако имате љубов, во добро ќе го поминете својот живот. А, ако не ги запазите овие работи, ако во нас има завист, пакост, гордост, надуеност, мрморење и непослушност, лошо ќе живеете и овде на земјата, а по смртта, по излегувањето од вашето тело, душата ваша ќе биде одведена во пеколот. Браќата ваши сакајте ги со света љубов и воздржувајте го вашито јазик, за да не изговорите лош збор, кој може да го повреди вашиот брат. Нашиот Бог и Господ е силен да ни даде моќ да ги извршуваме овие работи. По Неговата благодат да добиеме милост заедно со сите што Му угодиле. Нему нека Му биде слава, чест и поклонение, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Преподобен Авва Исаиј