Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици

За заедничкиот пат на оние што живеат во ќелии и за совеста

1. Кога патувате, а некој од вас е немоќен, пуштете го него да оди напред, па ако сака да се одмори, да може да седне.

2. Вие кои сте почетнци во монашкиот живот, направете си распоред и ред и во мијалницата и во трпезаријата, така што кога ќе дојде време за тоа, да не се туркате; оној што еднаш бил прв, следниот пат нека биде втор.

3. Koгa прашуваш старец за некоја помисла, откри ја пред него потполно, ако знаеш дека е верен и дека ќе ги запази твоите зборови.

4. Кога ќе чуеш за гревот на твојот брат, не говори му на никого за тоа, зашто тоа е смрт за тебе.

5. Кога некои говорат за помислите, кои тебе те напаѓаат, не слушај ги, за да не ти биде тоа повод за духовна борба.

6. Приморувај се да правиш многу молитви, зашто молитвата е светлина за твојата душа.

7. Секој ден размислувај што си погрешил, ако се помолиш да ти биде простено, Бог ќе ти прости.

8. Ако твојот брат почне да го озборува пред тебе другиот твој брат, не срамувај се да му кажеш да престане да го прави тоа и не верувај му, за да не згрешиш пред Бога. Речи му со смиреност: “Прости ми, брате, јас сум грешник; тоа што го говориш се однесува и на мене. Престани, не можам да го поднесувам тоа“.

9. Ако твојот брат ти направи некакво зло и ако некој почне да говори лошо за него пред тебе, варди го твоето срце, за да не се обнови твојата злоба против него. Спомни си за твоите гревови пред Бога, и ако сакаш Бог да ти ги прости, прости му и ти на твојот ближен.

10. Ако појдеш некаде со браќа, кои не ги познаваш, па се покаже дека тие се понесовршени од тебе, подај им чест и дај им првенство. Ако се случи да појдеш кај друг брат, ставај го секогаш пред себе и во мијалницата и на трпезата, и не помислувај дека тие се таму заради тебе, но и на нив оддавај им чест и говори дека и ти си примен заради нив.

11. Ако одиш по пат со некој свој брат и се оттргнеш кај некој свој пријател за да го посетиш, па му кажеш на тој свој брат да те почека, а кога братот кај кого си отишол да го посетиш те покани да јадеш леб со него, не ставај залак во својата уста пред да го повикаш братот што те чека, та и тој да се утеши заедно со тебе.

12. Кога одиш по пат со многу браќа, па сакаш да се одбиеш кај некој брат, а се срамуваш да ги земеш сите со себе затоа што се многумина, гледај да не ги презреш и да ги оставиш и ти сам да јадеш леб кај твојот брат, туку посоветувај се со нив како треба да постапиш, па што ќе ти кажат, послушај ги со смиреност. Кога одиш по патот со нив, не давај си важност и не одбегнувај од своето послушание.

13. Ако појдеш некаде, па посакаш да посетиш некој брат, а тој не сака да те прими, кога ќе го видиш другпат да патува или да дојде во твојата ќелија, прими го со најпријателско расположение.

14. Ако чуеш дека некој кажал за тебе лош збор, кога ќе го сретнеш некаде или кога тој ќе дојде кај тебе, прими го радосно и расположено според твоите сили, и не спомнувај му ништо за неговиот лош збор. Не прашувај го зошто го рекол тоа за тебе. Во книгата Мудри Соломонови изреки се вели: “Глупавиот веднаш ќе го покаже гневот свој , а благоразумниот го покрива срамот” (Изрек. 12, 16).

15. Браќа, ако појдете кај некој сиромав брат, не натажувајте го со барања; кога посетувате таков брат купете се што ви е потребнo зa xpaнa, а она што ќе ви остане оставете му го нему; бидете задоволни со покривот над главата што ви го дал.

16. Ако појдеш кај некои старци што ги познаваш, заедно со други старци што им се непознати на твоите пријатели, не покажувај се пред нив важен, туку овозможи им на старците со кои си дошол да говорат за своите помисли.

17. Кога со тебе живеат браќа, грижи се за нив со строгост, ако сакаат да те слушаат, знаејќи дека за нив ќе дадеш одговор пред Бога.

18. Ако појдеш некаде, како непознат и како патник заради Бога , не посакувај да се здружуваш со тие луѓе и не врзувај се со нив со зборови, зашто во таков случај покорисно е за тебе да бидеш и со твоите роднини пo тело.

19. Ако појдеш во планина да живееш таму со манастирските браќа, таму каде што ќе појдеш првпат, таму и остани; не оди кај друг брат додека не го прашаш оној кај кого си. Ако е тој незадоволен, не ожалостувај го; остани со него сѐ дури си таму.

20. Ако се наоѓаш на туѓо место и земеш некоја ќелија, за да живееш во неа, не пуштај кај себе многу другари; доста ти е само еден, за да ти се најде во немоќ и да не ја загубиш силата на твоето осамување.

21. Кога му направиш некое добро на твојот брат, не повикувај го да ти помага во твојата работа, за да не ја загубиш наградата за доброто што си му го направил.

22. Ако појдеш во манастир, што не го знаеш, живеј таму каде што ќе ти одредат. Во друга ќелија не влегувај , ако братот твој не те повика.

23. Ако тихуваш во твојата ќелија, а братот твој побара нешто од тебе, тоа што го бара од тебе не оставај го за себе, зашто со тоа ќе ја нарушиш заповедта кон твојот брат. Но, ако е нешто што ти е потребно тебе, тогаш не давај го она што ти е потребно.

24. Ако си се оддалечил од твоите роднини пo тело, за да се оддалечиш од светот заради Бога, тогаш не дозволувај му на тоа чувство на пријатност да биде во тебе, и во твојата ќелија. Седејќи во твојата ќелија не тревожи се поради жалоста на твојот татко и твојата мајка, не спомнувај си за братот или сестрата, не жали за децата ниту со желба во срцето пo твојата жена, што си ги оставил, туку помислувај за својот смртен час. Зашто во тој час никој од нив не ќе може да ти помогне. Па зарем не затоа си ги оставил сите нив за да ги добиеш добродетелите?

25. Кога молчиш во твојата ќелија и си спомнеш за некого што ти направил зло, стани и помоли му се на Бога со сето твое срце за да му прости, и помислата за одмазда ќе исчезне.

26. Кога појдеш да се причестиш со светите тајни, пази се особено од своите помисли, за да не се причестиш за суд и осудување.

27. Ако бидеш искушуван со срамни помисли во текот на ноќта, пази го твоето срце да не мислиш на нив и во текот на денот, за да не се оскверниш со грешна сласт, и да не се изложиш на Божјиот гнев. Паѓај пред Бога со сето свое срце. Он ќе ти помогне. Он е милосрден кон сите човечки слабости.

28. Ако држиш строго подвижништво, твоето срце нека не се надева само на него; помислувај дека тоа само те запазува. Кажи ѝ на твојата помисла дека Бог те слуша заради Својата милост.

29. Ако те навредува некој, не противречи му сѐ дури не престане, а потоа откако добро се испиташ и размислиш, па го најдеш во себе си она што го говорел твојот брат за тебе, покај се за своите гревови и Божјата благодат пак ќе те прими.

30. Кога патуваш со твоите браќа и меѓу нив се наоѓа некој спрема кого имаш особена љубов, заради Бога, не покажувај особена близина спрема него пред очите на другите, за да не се најде некој немоќен брат и да не падне во грев. Ти ќе го носиш тој грев затоа што си му дал повод да згреши.

31. Кога појдеш кај некои, не очекувај и не мисли дека тие ќе ти се израдуваат многу, за кога ќе те примат добро, да му благодариш на Бога.

32. Ако те обземе некаква немоќ додека се подвизуваш во својата ќелија, не биди малодушен, но благодари Му на Бога. Ако видиш дека твојата душа се измачува од тоа, речи ѝ: “Зарем не е подобро за тебе да ја имаш оваа немоќ, отколку да бидеш во пеколот? И твојата душа тогаш ќе се успокои.

33. Ако дојдеш кај некои браќа и еден од нив ти рече: “Не наоѓам мир овде, но сакам да живеам со тебе, не примај го кај себе, за да не им бидеш соблазна на другите, ако, пак, ти рече: умира мојата душa заради една скришна работа, пружи му начин за да може да избега, но не дозволувај му да живее со тебе.

34. Кога се подвизуваш во твојата ќелија, наложи си го ова правило по однос на храната: давај му на телото толку, колку што му e потребно да те носи и да ги извршуваш твоите молитви. Не јади со сласт за задоволство на својот вкус. Не давај му на телото доволно за да не стане твој предавник.

35. Ако демоните почнат да го настројуваат твоето срце на подвизи, кои се над твоите сили, не слушај ги, зашто тие обично го тераат човекот на нешто, за што тој нема сили за да им падне во нивните раце и да се израдуваат над него. Јади еднаш на ден и давај му на телото колку што му е потребно, а престанувај кога најмногу ти се јаде. Бдеј колку што можеш и не лишувај го телото од она што му е потребно. Моли се разумно со мерка, за да не се помрачи твојата душа и да не избега од бојното поле од премногу бдение. Половина од ноќта ти е достапна за твоите молитви, а другата половина нека биде за твоето тело. Пред да си легнеш да спиеш помини во молитва и пеење псалми, а потоа легни да си починеш. А кога ќе станеш наутро, моли се пак со усрдност. Ако забележиш мрзливост во своето тело, кажи му: “Дали сакаш да бидеш спокојно во овој краток живот, а таму во другиот живот да бидеш фрлено во крајната темнина?” И ако вака се ободруваш често, најпосле ќе ги добиеш потребните сили.

36. Не другарувај со луѓе кои твојата совест се плаши да ги види поинакви отколку што изгледаат или какви би сакал да ги видиш, па преку нив да се запознаеш со други, па да не им станеш соблазна на другите.

37. Ако си во манастир, а имаш роб, кого го држиш кај себе, со тоа го срамиш твоето монаштво. Ако, пак, му го подариш на својот брат, со тоа ќе погрешиш пред Бога. Или пушти го да си отиде или ослободи го. Ако посака и тој да биде монах, остави го тој самиот слободно да одлучи и да направи како што сака. Но ти не задржувај го кај себе, зашто тоа е сосем некорисно за твојата душа.

38. Ако живееш во град и го измачуваш твоето тело заради Бога, а жителите на тој град почнат да те понижуваат за тоа, напушти го тој град и оди во друг, за да не биде напразен твојот труд. Ho, ако си го победил славољубието, не им обрнувај внимание на луѓето, знаејќи дека Бог ги благословува и другите со она што го правиш ти.

39. Ако си се откажал од светот, тогаш ништо не задржувај кај тебе. А, ако имаш желба да се разодуваш, подобро ти е да се занимаваш со рачна работа, за да тихуваш во твојата ќелија и во мир да го јадеш твојот леб.

40. Ако појдеш во град за да ја продадеш твојата рачна работа, не пазари се околу цената, како што го прават тоа мирјаните, но продај ги твоите работи толку, колку што ќе ти дадат, за да не ја загубиш силата на твојата ќелија и нејзиното значење.

41. Кога купуваш нешто што ти е потребно, не ценкај се и не вели дека нема да платиш колку што ти бараат, ако сакаш да ја купиш таа работа, плати колку што ти бараат. А, ако немаш толку пари, остави ја таа работа молчејќи. А кога потоа ќе почнат да те измачуваат твоите помисли за тоа каде ќе го најдеш тоа што ти е потребно, ти треба да им кажеш дека Бог така ги искушувал сите свети луѓе со сиромаштија сѐ додека не видел дека нивните желби се вистински. Тогаш им давал сѐ изобилно.

42. Ако твојот брат оставил нешто кај тебе, а по извесно време ти имаш потреба за тоа, не допирај се до него, ако претходно не си му кажал ништо во врска со тоа.

43. Ако твојот брат сака да отпатува некаде и ти понуди да купиш нешто од него, ако можеш, купи ја таа работа од него. Но, ако живееш заедно со други браќа, не прави го тоа сѐ додека не им кажеш и не видиш што мислат тие, во спротивно ќе ги навредиш твоите браќа што живеат со тебе.

44. Ако имаш некогаш потреба да престојуваш извесно време во местото свое по некаква работа, не дозволувај си слобода во однесувањето со твоите роднини по тело и не мешај се во нивните разговори.

45. Ако земеш нешто на заем од твојот брат, потруди се побргу да му го вратиш. Ако е тоа некој алат, врати му го веднаш штом ја свршиш работата. А ако го скршиш, поправи го или нов алат купи му. Направи го тоа веднаш.

46. Ако му дадеш нешто на твојот сиромашен брат кога е во нужда, па видиш дека тој не може да ти го врати, не притеснувај го и не биди му здодевен. Што и да е тоа, пари или облека, дај му ги и не барај ги веќе.

47. Кога појдеш во некое место, најдеш ќелија и ја уредиш со сѐ што e потребно и потрошиш доста за тоа, а по извесно време ја оставиш и во неа се насели некој брат. Ако по некое време пак се вратиш на истото место, не изгонувај го од твојата ќелија братот што се населил во неа; побарај друга ќелија, за да не згрешиш пред Бога. Но, ако тој по своја волја ја напушти ќелијата, ти можеш да се населиш во неа и нема да бидеш виновен пред Бога. Ако си оставил некои работи во ќелијата, а он ги расипал, не барај ги од него.

48. Кога ја напушташ својата ќелија и одиш на друго место, не земај ги со себе потребните работи од неа, туку остави ги во неа за твојот сиромашен брат; Бог ќе се погрижи за тебе таму каде што ќе отидеш.

49. Не срамувај се да му ја кажеш на својот старец помислата што те напаѓа; Бог ќе те олесни од неа. Лошите духови наоѓаат најдобро место во оние, кои ги скриваат своите помисли, добри или лоши.

50. Пази се, кога се причестуваш да немаш нешто против својот брат, зашто во тој случај самиот себе си се измачуваш.

51. Ако ти се открие во зборовите на Светото писмо некаква преносна (алегориска) смисла, толкувај ги преносно, но внимавај и на основното значење на тие зборови, за да не пројавиш дека повеќе му веруваш на својот разум, отколку на Светото писмо, зашто тоа е јасен белег на гордост.

52. Ако твојот брат биде измамен од зборовите на верниците, па се отклони од вистинската вера во еретичко кривоверие, а потоа пак се врати во вистинската вера, не презирај го, зашто тоа што го направил било дело на неговото незнаење.

53. Пази се да разговарш со еретици, сакајќи да ја браниш вистинската вера, за да не бидеш осквернет од нивните зборови, та и ти самиот да не претрпиш духовна повреда.

54. Ако до твоите раце дојде книга со еретичка содржина, не читај ја, за да не се исполни твоето срце со смртоносен отров. Запази го она што си го научил, не додавај ништо кон него и не одземај ништо од него.

55. Пази се од лажливиот разум, кој му се противставува на здравото учење, како што рекол апостолот (сп. 1. Тим. 6, 20). (1, 11)

56. Ако си млад и уште не си го совладал твоето тело кога ќе слушнеш за возвишените добродетели на оците, не устремувај се кон нив, не мисли дека ќе можеш да ги постигнеш и да му се предаваш на спокојот; нема да ги придобиеш, ако напорно не ги обработуваш, а ако се трудиш, тие ќе дојдат сами по себе.

57. Пази се од очајание (унижение), зашто тоа го уништува плодот на монахот.

58. Кога се бориш со некоја своја страст не биди малодушен, туку предај Му се потполно на Бога, обраќајќи Му се со сето свое срце: “Боже, јас не можам ништо против оваа страст; помогни ми, Ти се молам, - и ќе се успокоиш.

59. Ако срамот се насели во твоето срце тогаш кога седиш во твојата ќелија, внимавај, противстави ѝ се на твојата душа, за да не бидеш совладан. Побрзај да си спомнеш за Бога и за тоа дека Он внимателно те гледа и дека знае сѐ што помислуваш во своето срце, дека сето тоа е откриено пред неговото лице. Тогаш речи ѝ на твојата душа: “Ако се плашиш сличните на тебе грешници да не ги видат твоите гревови, толку повеќе треба да се плашиш од Бога, кој највнимателно ги гледа сите твои гревови?” Од оваа помисла ќе се појави стравот Божји во твојата душа. И ако останеш упорен во твојата борба против таа страст, и со тебе ќе биде како што е напишано: “Кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион; кој живее во Ерусалим, нема да се поколеба, ќе живее вечно” (Псал. 124, 1).

60. Ако кога си во подвиг и се противставуваш на непријателската сила, да видиш дека таа се повлекла пред тебе во изнемоштеност и бега назад, твоето срце да не се радува на тоа, зашто зад тоа се крие лош план против тебе; тие тогаш подготвуваат нов напад против тебе - поопасен од првиот. Тие оставаат заседа зад тебе, на која ѝ наредиле да демне. Кога ти, пак, се устремиш против нив, тие бегаат од тебе како да се победени. Но, кога ќе се развесели твоето срце од тоа што си го прогонил, па го оставиш утврдениот град на твојата душа, тогаш ќе бидеш истовремено нападнат и однапред и од оние зад тебе, ставајќи ја твојата кутра душа меѓу себе, така што да нема каде да избега. Твое прибежиште и твој град е Бог. Падни пред Него со сето твое срце; Он те спасува од сите демонски напади.

61. Ако Му се молиш на Бога кога си во духовна борба, за да ја отстрани од тебе, а Он не те послушува и борбата продолжува, не биди малодушен; зашто Он подобро знае што е корисно за тебе. И кога Му се молиш на Бога за нешто кога си во духовна борба, тогаш не говори: “Боже, оддалечи го од Мене тоа и тоа, а подај ми го ова!”. Туку моли се вака: “Господи Исусе Христе, помогни ми и не дозволи ми да згрешам пред Тебе, зашто се заблудив; не дозволи ми да ја следам мојата волја, не дозволи ми да загинам во моите гревови. Биди милостив спрема Твоето создание. Не презирај ме, зашто сум немоќен. Не оставај ме, зашто при тебе доаѓам. Исцели ја мојата душа, зашто згрешив пред Тебе. Пред мене се сите оние што ме напаѓаат; освен Тебе, Господи, друго прибежиште немам. Господи, спаси ме заради Твојата милост; нека се засрамат сите што стануваат против мене; истреби ги оние што ја бараат мојата душа, зашто Господи, Ти си силен во сѐ и преку Тебе е славата на Бога и Оца и на Светиот Дух, во векови, Амин”. Тогаш твојата совест тајно ќе му каже на твоето срце заради што Бог не ја послушал твојата молитва. Тогаш твој долг е да ја слушаш твојата совест и да го извршуваш она што ќе ти каже. Не може Бог да не го послуша човекот, ако Му е тој послушен Нему. Он не е далеку од човекот, но нашите желби Му пречат да го слушне нашиот глас. Не дозволувај никој да те измамува, дека земјата, може да даде плод сама од себе, без сеење и без небеска роса, така ни човекот не може да даде добри плодови без страдања, без борба против себе си и без смирение.

62. Возљубени, да имаме страв Божји, пазејќи ги и извршувајќи ги добредетелите, не правејќи и трепнувања на нашата совест, но да внимаваме на себе си во страв Божји додека и таа не се ослободи заедно со нас, за да бидеме во единство. Тогаш таа ќе биде за нас стражар и ќе ни покажува секогаш кога не треба да се согласуваме со нашата волја. А, ако продолжиме да ја слушаме нашата волја, тогаш таа ќе отстапи од неа и ќе нѐ остави, а ние ќе паднеме во рацете на нашите непријатели, кои нема да имаат никаква милост спрема нас, како што нѐ учи нашиот Господ, велејќи: “Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата - на слугата и да бидеш затворен; вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, се дури не го дадеш и последниот кодрант” (Матеј 25-26). Велат дека совеста му е противник на човекот кога тој сака да ја исполни волјата на своето тело, а ако човекот не ја послуша својата совест, таа го предава на неговите непријатели. Затоа пророк Осија, оплакувајќи го Ефрема, велел: “Ете Ефрем е угнетен, поразен е преку суд, оти посака да оди по суетни работи” (Осија 5, 11) : го барал Египет, а насила бил одведен од Асирците. Египет значи дека срцето ги барало желбите на телото, а зборовите “насила бил одведен од Асирците” значат, дека сакал или не - ќе им служи на непријателите.

63. Да се погрижиме, возљубени, да не паднеме во рацете на волјата на нашето тело, а таа да не нѐ предаде против нашата волја на Асирците. Да ги ислушаме следниве горчливи зборови: “Дошол асирскиот цар во израелската земја и го преселил Ефрема и Израилот во Асирија. Ги населил таму покрај хузанските реки Елеја и Амореја. А тие се и досега таму. Тогаш царот асирски испратил некои од своите луѓе и им заповедал да живеат во Израилската земја. И секој од нив си направил идол и му се поклонувал. А тие се таму и до денес (4. Цар. 17, 6, 24, 25, 29). Тоа се случило со Ефрема затоа што “посакал да оди по она што е суетно”.

64. Дали разбравте, браќа каква била судбата на оние што ја следеле својата лоша волја и ѝ се противеле на својата совест? Да не се угледаме на нив, браќа, туку да ги следиме светиите, кои не грешеле дури до својата смрт, и биле послушни на својата совест и кои го наследиле небесното царство. Секој од нив го завршил својот живот во непорочност во својот род, но имињата нивни останале неизбришливи во сите родови. Да го земеме за пример возљубениот Јаков, кој им бил послушен во сѐ на своите родители заради Бога, кој, откако примил благослов од нив, посакал да отиде во Месопотамија, за таму да добие деца, зашто не сакал да има деца од хананејските ќерки, кои не им биле послушни на своите родители. Тогаш го зел својот стап и сад со елеј и дошол до местото Ветил, што значи “дом Божји”. И ноќевал таму. Ноќта видел во откровение скала, која се пружала од небото до земјата и Божјите ангели слегувале и се качувале по неа, а Господ се утврдувал на неа. Ова е знак за оној што оди да Му служи на Бога. Иако во почетокот му се откриваат добродетите, тој нема да ги придобие, ако самиот не се потруди заради нив и нема да дојде до Бога. Станал Jаков и Бог направил завет со него. Јаков ветил дека ќе биде негов слуга. И го укрепил Бог, велејќи му: “И еве, Јас сум со тебе, и ќе те пазам” (1. Мој. 28, 1-15). И така отишол во Месопотамија, за да си земе жена оттаму. Ја видел Рахил, ќерката од братот на својата мајка. Ја засакал и работел за неа седум години, но не му ја дале неа додека не ја зел постарата нејзина сестра Лија. И останала Рахил неплодна додека не работел и за неа уште седум години. Еве што значат овие зборови.

65. Таа земја се нарекува Месопотамија затоа што се наоѓа меѓу двете реки - Тигар и Еуфрат. Првата тече кон Асирија, а втората има непријател (пречка), па се нарекува така затоа што тече по широчина. Тигар се толкува како расудување, а Еуфрат како смиреномудрие. Лија се зема како слика на телесните трудови, а Рахил како слика на вистинско созерцание. Ова се случува со човек кој е во Месопотамија, кој ги вршел телесните трудови со размислување и му се противставува на асирското непријателство, а преку смирението се издигнува кон вистинското созерцание. Но, Рахил не му раѓала деца на Јакова сѐ додека не ги изродила сите свои деца, а и тој не ги одработил другите седум години за Рахил. А, еве, што значи ова: ако човек не го изврши на дело она што е заповедано, вистинското созерцание не добива во него слобода, односно не се пројавува слободно. Иако двете жени биле негови, тој сепак, повеќе ја сакал Рахил отколку Лија, затоа нејзините очи биле болни, а Рахил имала многу убаво тело и убаво лице” (1. Мој. 27, 17). A болните очи значат дека додека човек живее во телесни трудови сѐ дотогаш не ја гледа славата на вистинското созерцание. Непријателот обично се меша во работите со угодување на луѓето, но човекот не треба да обрнува внимание на тоа. - Кога Лија престанала да раѓа, таа му ја дала на својот маж својата робинка Зелфа. Потоа, пак продолжила да раѓа и го нарекла роденото Асир, што значи богатство. Кога Лија престанала да раѓа, тогаш Бог си спомнал за Рахил (сп. 1. Мој. 30, 22). A тоа значи: кога телесните трудови ќе ги очистат чувствата, тогаш и тие се ослободуваат од страстите, тогаш вистинското созерцание му ја открива на умот својата слава - му се открива на умот во својата потполна слава. Иако синовите на Лија му помагале на Јакова, тој го сакал Јосифа повеќе од сите. Ова значи: иако телесните трудови го запазуваат човекот од непријателот, сепак со Бога го соединува вистинското созерцание. Штом го видел Јаков Јосифа веднаш посакал да се врати при своите родители (1. Moj. 30, 25), зашто тогаш увидел дека се родил царот над браќата. Понатаму, кога ги превел сите свои луѓе и целиот свој добиток преку потокот Јавок, а тој оcтанал сам на другата страна, тогаш ја примил радоста од Божјиот благослов. Тогаш Бог му рекол “Отсега името ќе ти биде не Јаков, а Израил” (1. Мој. 32, 28). Јаков бил наречен така, затоа што не го пуштал својот непријател додека не го удостоил со својот благослов и не ги спасил од плен своите чувства, кои биле во рацете на непријателот. Кога се ослободил од него, тогаш бил преименуван Израил, односно оној што Го гледа Бога со својот ум. Зашто кога умот ќе дојде до тоа да ја види Божјата слава, тогаш од него се плашат непријателските сили. Иако Исав излегол да го пречека со горчина, но смирението на Јакова ја изгасила неговата злоба. И не самиот Јаков го победил Исава, туку неговиот преклон пред Бога го направил тоа. Иако непријателот ќе му завидува на човекот, гледајќи ја славата негова што ја постигнал, но не може ништо да му направи, затоа што Бог му помага, како што е напишано: “И му рече Господ на Јакова: “Врати се во земјата на таткото свој и во родот свој; и Јас ќе бидам со тебе!” (1. Мој. 31, 3). Најпосле, тој стигнал во Сихем и таму купил нива. На неа изградил жртвеник на Господа, Кој го чул во денот на неговата милост (сп. 1. Мој. 33, 19-20). Зборот Сихем значи мир, односно кога човек ќе ја заврши борбата, во која го заштитува Бог, тогаш настанува мирна состојба. Го направил Јаков жртвеникот од дванаесет камења и врз него во ветената земја Му принесол жртва на Бога од своите трудови, што ги имал во Месопотамија.

66. Таков бил и возљубениот Мојсеј, кој, кога го извел израилскиот народ од Египет, кога го спасил од рацете на фараонот, го превел преку Црвеното Море и ја видел смртта на сите негови непријатели, го испратил Исуса Навина да го уништи Амалика, а сам останал стоејќи на ридот во молитва, а рацете му ги држеле Арон и Ор, за да не отстапат од знакот на крстот. А кога потоа Исус Навин го победил Амалика и се вратил со радост, тогаш Мојсеј изградил под ридот жртвеник од дванаесет камења и тоа место го нарекол “Господ прибежиште мое” (2. Мој. 17, 15), затоа што против Амалика војувал Бог со Својата невидлива рака. Името Амалик значи униние (очајание). Зашто, кога почне човек да бега од своите желби, а да ги остави своите гревови и да прибегнува при Бога, тогаш очајанието војува најнапред против него, настојувајќи пак да го врати кон неговите гревови. Унинието се прогонува со доближувањето до Бога, со воздржување и со телесни трудови. Тие трудови му помагаат и на новиот Израил да се спасува. Тогаш човекот Му благодари на Бога и вели: “Јас сум немоќен, но ти си мој Помошник од род во род”.

67. Таков бил и големиот пророк Илија. Не можел да ги уништи сите нечисти пророци, кои биле против него, сѐ додека и тој не Му изградил жртвеник на Бога од дванаесет камења и ставил врз него влажни дрва и врз нив ја ставил својата жртва (сп. 3 Цар. 18, 40 и понатаму) и ја полил со вода. И Бог бил огинот, што ги изел и жртвата и камењата. Дури тогаш Илија ги победил своите непријатели. И кога ги уништил така што ниеден од нив не останал, тогаш Му благодарил на Бога, велејќи: “Боже, Ти си во сето ова!”. Ако умот стои внимателно над своите чувства, тогаш тој ќе добие бесмртност и ќе размислува за зборовите што ги открива Бог. А потоа, кога Илија му вели на слугата да отиде и да погледне кон морето и кога тој говори дека не гледа ништо, пророкот му вели да го направи тоа седумпати, а кога најпосле слугата вели дека гледа од морето да излегува едно мало облаче, Илија му заповеда да појде кај Ахава и да му каже веднаш да ја впрегне колесницата и да појде, за да не го фати дождот (сп. 3 Hap. 18, 43-44). Ова значи успокојување од Светиот Утешител. Бесмртноста значи постојанен труд и да не се враќаме на оние гревови, за чие простување се молиме. Зашто, кога Бог ги прими трудовите на човекот и она што го прави исправно тогаш ќе се запази од демонските сили. Тогаш не можат против него да устојат непријателските сили. Кога ќе видат дека во него ги нема нивните желби, тогаш самите бегаат, како што е напишано: “Тогаш повикајте го името на вашиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господа, мојот Бог. Оној бог, Кој ќе одговори преку оган, Он е Бог”. И сиот народ одговори и рече: “Добро, нека биде така!” И ете, го зедоа телето, што им беше дадено, го подготвија и го повикуваа името на Ваала од утрината до пладне, велејќи: “Ваале, почуј не!” Но немаше ни глас, ни одговор” (3. Цар. 18, 24, 26). Така бива и со сѐ што е во човекот од ѓаволските сили: демоните не можат да ја извршуваат својата волја во оној што не сака да ги послуша. Тие ја употребуваат сета своја сила да го свртат човекот на своја страна, но Божјиот човек не ги слуша, а сака да го извршува она што е по Божјата волја, како што е напишано: “Повикајте го името на вашиот Бог, а јас ќе го повикам името на Господа мојот Бог”. Ho, бидејќи нивната волја не била согласна со Божјата воја, Бог не ги послушал.

68. Така бива со сите што ја следат Божјата волја и што ги исполнуваат Божјите заповеди. За тогашните луѓе тоа биле преобрази. Тоа е напишано за поука на нас, кои сме се решиле да одиме по стапките на оние што се труделе да добијат бесмртност; тоа ги запазило од сите непријателски стрели. Тие се потслониле под Божјиот покров и се молеле да им помогне. Не се надевале на никаков свој труд. Затоа Божјата закрила била нивен утврден град. Тие верувале дека без Божјата помош ништо не можат. Во својата смиреност говореле заедно со псалмопеачот Давид: “Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата" (Псал. 126, 1). А Бог кога ќе види дека умот Му се покорил на Него со сета своја сила и дека нема никаква друга помош, освен таа во Него, Он го исполнува со сила и му вели: “Не се плаши, црву Јакове, малуброен Израиле, - Јас ти помагам, вели Господ, Јас твој Искупител, Светецот Израилев” (Иса. 41, 14). Он му говори уште: “А сега вака вели Господ, Кој те создал Јакове, и Кој те образувал, Израиле: не плаши се, зашто Јас те откупив, те нареков според името твое; ти си Мој. Зашто јас сум Господ, Бог твој, Светецот Израилев, твојот Спасител; откуп за тебе го дадов Египет; Етиопија и Савеја ги дадов за тебе” (Иса. 43, 1, 3). И кога умот ќе ги слушне овие охрабрувачки зборови, тој смело се устремува против демонските сили, велејќи: “Близу е Оној, Кој ме оправдува: кој сака да се натпреварува со Мене? Да застанеме заедно. Кој сака да се суди со Мене? Нека пристапи кон Мене. Ете, Господ Бог Ми помага: Кој ќе ме осуди? Ете, сите тие како облека ќе изветвеат; молец ќе ги изгризе” (Иса. 50, 8-9). Ho, Бог е силен да направи и ние да се најдеме во бројот на оние, кои имајќи смирение, биле запазени преку него, зашто тоа било за нив оклоп и ги запазило од сите демонски стрели, - со помошта на Божјата благодат, на Кого Му припаѓа сила, и слава и власт во вечни векови. Амин.

Преподобен Авва Исаиј