Преподобен Авва Исаиј (pdf)

Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици

За состојбата  на почетниците и ќелијците

1. Пред сѐ, ние имаме потреба од смирение, така што при секој збор што ќе го чуеме, или при секое дело, да бидеме готови да кажеме: “Прости!” Зашто смирението ги уништува сите ѓаволски искушенија.

2. Не воздигај се со никакво добро дело, за да бидеш спокоен во твоите помисли.

3. Koгa си сам, на твоето лице имај секогаш печат на тага и скрушеност, а кога си со луѓе покажувај се секогаш весел, за да се всели во тебе стравот Божји.

4. Кога појдеш некаде на пат со браќата, одделувај се малку од нив и труди се да молчиш, а одејќи, не врти се и не гледај на сите страни, туку поучувај се во своите мисли или моли Му се на Бога во своето срце. Ако некаде застанете да се одморите, не бивај многу опуштен, туку во сѐ биди и скромен и срамежлив. Ако ти биде подадено нешто за јадење, не пружај ја твојата рака бргу, туку така полека - како да не ти се јаде, како кога некој те принудува да јадеш. А бидејќи најмлад во групата, не се осмелувај да ја пружиш својата рака и да му ставаш залак во устата на другиот. Кога се наоѓаш во туѓ дом и треба таму да ја поминеш ноќта, не покривај се со иста покривка со друг човек, а пред да легнеш направи многу молитви во твоето срце. Ако си се уморил многу од одењето и сакаш малку да се протриеш со масло, протрлај ги само твоите нозе, притоа имај срам да ги откриеш пред другите. А своето тело не соблекупај го пред други луѓе за да го истриеш со масло, освен во крајна нужда или поради болест.

5. Ако, кога седиш во твојата ќелија, дојде кај тебе непознат брат, истрлај му ги нозете со масло и речи му: “Направи ми љубов, земи малку елеј и намажи го твоето тело. Ако тој не сака да го направи тоа, не настојувај многу да го направи тоа. А, ако е тоа старец, тогаш настојувај и ти самиот истри му го телото со масло.

6. Кога седиш на трпеза со своите браќа, од кои си помлад, не јади неумерено, но речи на себе си: “Јади, но помислувај на своите гревови, за да не јадеш со наслада”. Раката твоја пружај ја само кон она што е пред тебе, а кон она што е пред другите - не пружај ја твојата рака. Облеката твоја нека ги покрива твоите нозе и колената твои тесно допрени едно со друго. Ако има питачи меѓу оние што се на трпезата, подај им го потребното со весел поглед. А кога ќе престанат да јадат, тогаш речи им двапати или трипати: “Направете ми љубов, јадете уште малку!” - Кога јадеш, не свртувај го твоето лице кон оној што е до тебе. Не гледај на една и на друга страна. Не говори празни зборови. Не пружај ја твојата рака кон она што го сакаш, без да кажеш: “Благослови!”, а кога пиеш вода, не дозволувај му на твоето грло да издава гласови, како што го прават тоа простите мирски лица.

7. Ако кога седиш со браќата имаш плунки во устата, не плукнувај пред сите, туку стани, исфрли ја плуканката понастрана. Не стегнувај се пред другите. Ако те тера на прозевање, не отворај ја твојата уста, и тоа ќе одмине од тебе. Не отворај ја никако твојата уста кога се смееш, зашто тоа е знак за немање страв.

8. Кога ќе видиш нешто што му припаѓа на твојот брат, не пожелувај да го имаш: било тоа да е облека, било појас, било ќулавка и не исполнувај ја твојата желба да си направиш нешто слично.

9. Ако добиеш некоја книга, не украсувај ја, зашто и тоа е страст.

10. Ако погрешиш нешто, не лажи, не срамувајќи се да ја признаеш твојата грешка, туку само поклони се и речи: “Прости! Прости ми!” И гревот твој ќе биде простен.

11. Ако некој ти рече лош збор, не лути му се, туку побрзај да му направиш поклон, пред да се јави чувство на навреда во твоето срце, зашто по него бргу се појавува гнев.

12. Ако бидеш од некого прекорен за нешто, не вооружувај се против него, туку направи му поклон, и речи му “Прости ми, нема веќе да го правам тоа”. Ова значи успех за почетникот.

13. Кога ќе ја работиш твојата рачна работа, не бивај невнимателен, туку работи ја со страв Божји, за да не погрешиш во твоето однесување.

14. Кога се учиш да правиш некоја рачна работа, не срамувај се често да го прашуваш оној што те учи и вели му: “Покажи љубов, погледни дали е добро ова што го правам или не е добро”.

15. Ако те повика твојот брат тогаш, кога ја работиш твојата рачна работа, побрзај и види што сака, најнапред направи го тоа што бара од тебе и остави ја твојата работа.

16. Откако завршиш со својот оброк, влези во твојата ќелија и направи ги твоите молитви; не седи и не разговарај со оние од кои не чекаш никаква помош. А, ако се тоа старци кои говорат за Божјото слово, тогаш обрати му се на својот авва со овие зборови: “Дали да седнам и да послушам или да си појдам во мојата ќелија?” И она што ќе ти раче тој, тоа направи го.

17. Ако твојот авва те испрати да свршиш некоја работа, треба да го прашаш: “Каде ми наредуваш да сопрам?” И тоа што ќе ти каже тој, тоа направи го; ни додавај, ниту одземај нешто.

18. Ако чуеш некои зборови надвор, не носи ги со себе си и кога ќе си дојдеш не раскажувај му ги на некој друг. Ако ги запазиш твоите уши, нема да погреши твојот јазик.

19. Ако ти сакаш нешто, а оној со кого живееш не го сака тоа, тогаш откажи се од твојата желба, за да не дојде до расправија и тој да не се ожалости.

20. Кога ќе влезеш да живееш во иста ќелија со твојот брат, како доселеник кај него, не заповедај му и не сакај да бидеш негов господар.

21. Ако живееш со други браќа, не посакувај и ти да се изедначуваш со нив во нивната слава. Ако ти наредат нешто да направиш што не го сакаш, тогаш наложи ѝ на твојата волја да го направиш тоа, за да не ги ожалостиш и да не ја нарушиш својата обврска да бидеш послушен и да имаш спокоен живот со нив.

22. Ако живееш со својот брат и тој рече: “Зготви ми нешто”. Тогаш ти треба да го прашаш: “Што сакаш да ти зготвам? Ако тој ти рече: “Зготви што сакаш“. Зготви му тогаш тоа што ти се нашло, но направи го тоа со страв Божји.

23. Ако живееш со други браќа и има да се сврши некоја работа, учествувај во неа и ти. Сите учествувајте во таа работа. Не штеди го твоето тело, заради совеста на сите.

24. Секое утро, штом станеш, пред да се зафатиш со рачна работа, поучи се на Божјите зборови. Ако имаш нешто да доведеш во ред: било твојата рогожа, било некој сад или нешто друго, направи го сето тоа без мрзливост, и што побргу.

25. Кога има некоја работа со плаќање, дозволи му и на твојот брат да учествува во неа. Не завидувај му. Ако е работата мала и еден му каже на другиот: “Оди и работи си ја твојата работа, брате, јас сам ќе ја свршам оваа работа”. Ако тебе ти бидат речени овие зборови, послушај ги. Голем е оној што е послушен.

26. Ако дојде при тебе брат патник, прими го со радосно лице, поздрави го со радосно лице и она што го носи земи го и ти самиот понеси го; ова истото направи го и кога тој ќе си појде од тебе. Твојот пречек спрема него да биде пристоен и со страв Божји, така што тој да не претрпи никаква штета. Не изостави да го прашаш нешто што ќе биде корисно за тебе, но замоли го и да се помоли за тебе. Кога ќе седне, прашај го како е и повеќе не го распрашувај. Потоа дај му книга, за да се поучува. Ако е многу уморен, измиј му ги нозете и дај му да се одмори. Ако почне да ти зборува непристојни работи, замоли го љубезно и речи му: “Прости ми. Јас сум слаб и не можам да поднесувам такво нешто”. - Ако е немоќен, а облеката му е извалкана, испери му ја. - Ако е прост и ако алиштата му се искинати, закрпи му ги. Ако е тој несериозен човек, а ти имаш кај тебе верници, не воведувај го кај нив, но покажи спрема него милост заради Бога. А, ако е тоа некој твој брат, кој дошол кај тебе заради Бога, не одвраќај го твоето лице од Него, туку прими го со радост заедно со сите верни, кои се кај тебе. Ако дојдениот кај тебе е сиромав, не испраќај го без ништо, туку дај му нешто од она со што те благословил Бог, знаејќи дека она што го имаш не е твое, туку дека ти е дадено од Бога.

27. Ако твојот брат остави нешто кај тебе, не отварај го без него, за да видиш што е тоа. Ако тоа што го остава е многу вредно, тогаш речи му: “Дај ми го тоа во моите раце”.

28. Кога ќе отидеш во домот на некого, а тој излезе и те остави сам, не разгледувај што имa во домот, не гледај какви работи имa околу тебе, не отворај и не откривај ништо - ни садови, ни книги, туку кога излегува домаќинот побарај од него да ти даде да му работиш нешто. А кога тој ќе ти ја даде работата, работи добро и не биди мрзлив.

29. Не го фали она што не си го видел, а за она што си слушнал, не говори како да си го видел.

30. Никого не презирај го поради неговата облека.

31. Кога стоиш за вода или кога стоиш заради некоја неопходна потреба, не бивај невнимателен, но секогаш помни дека Бог те гледа.

32. Кога во твојата ќелија станеш да му се помолиш на Бога, не биди невнимателен и мрзлив, та место да Му направиш чест на Бога, Го разгневиш. Стој пред Бога, не наслонувај се на ѕидот. Не раздвојувај ги твоите нозе, не стој на една нога и не подигнувај ја другата, како што прават неразумните. Бори се против твоето срце и не дозволувај му да те води по своите желби, ако сакаш Бог да ја прими твојата жртва.

33. Кога неколкумина пеете заедно, секој од вас нека ja кажува на ред својата молитва. Ако имате кај вас некој гостин, побарајте и од него да ја каже својата молитва. Помолете го двапати или три пати да го направи ова.

34. Тогаш, кога се принесува бескрвната жртва, бори се со лошите помисли, па откако ги зајакнеш своите чувства во стравот Божји, да се удостоиш достојно да се причестиш со светите Тајни и Господ ќе те исцели.

35. Гледај твоето тело да не го оставаш нечисто, за да не те зароби славољубието; почетникот никако да не се остава во нечистотија на своето тело. Чистотата на телото е од голема корист за него.

36. Почетникот никогаш да не носи нова облека сѐ додека не дојде до зрела духовна возраст. Тоа е еден вид лекарство за него. По однос на виното постави си го ова правило: најмногу до три чаши. А кога се смееш, никогаш не покажувај ги твоите заби. Лицето секогаш нека ти биде надолу и нека биде покриено со побожен срав. Koга легнуваш да спиеш појасот нека ти остане нераспашен и внимавај твоите раце да не ги ставаш под облеката, зашто има многу страсти со кои е согласно и срцето. Кога си во ќелијата биди бос; само кога излегуваш надвор, тогаш обувај си ги сандалите. Кога одиш надвор, твоите раце да бидат секогаш во појасот или држи ги на појасот, а не мафтај со нив, како што прават мирјаните.

37. Кога одиш со постари од себе, не излегувај пред нив. А кога постариот ќе застане да поразговара со некого, не биди нетрпелив и не седнувај; стој сѐ додека тој не ти даде знак да седнеш.

38. Кога патуваш во град или во село, гледај постојано пред себе си, за да немаш искушенија кога се враќаш во твојата ќелија.

39. Не останувај на спиење во туѓ дом, каде што твоето срце може да падне во грев.

40. Каде треба да се нахраниш, а дознаеш дека на истата ќе јаде и некоја жена, по никаков начин нема да седнеш на таа трпеза. Подобро е да го навредиш оној кој те поканил, отколку да направиш блуд во своето срце. Ако ти е тоа можно, не погледнувај дури ни на женска облека. Ако кога патуваш те сретне жена и те поздрави со зборовите “Мир ти!“ одговори и само во твоето срце, без да го подигнеш твоето лице.

41. Кога одиш по пат со старец, никако не дозволувај тој да гиноси своите торби. А, ако сте обајцата почетници во монашкиот живот, тогаш вашиот товар носете го еден по друг, но оној што носи нека оди напред.

Преподобен Авва Исаиј