Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици 

За Синаповото зрно

Има една тајна во параболата Господова за синаповото зрно. Така велат оците и нѐ поттикнуваат да ја истражуваме тајната што е скриена во зборовите на нашиот Господ Исус Христос: “Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зема и посеа на нивата своја; тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво така што птиците небесни долетуваат и застануваат на неговите гранки” (Матеј 13, 3132). Такво е синаповото зрно и такви се неговите својства. И Господ, кога ги истакнува, сака да се угледаме на него во сѐ, што ни кажал за него. Велејќи ни, дека тоа е “најмало од сите семиња”, Он ни советува да бидеме смирени - да се сметаме за подолни од секој човек. А со тоа што ни вели дека , кога израсне тоа станува поголемо од сите други растенија, ни говори за кротоста и за долготрпеливоста. Тоа што ова растение има огнен цвет, - со тоа ни напомнува дека треба да бидеме чисти, да немаме никаква телесна нечистотија; со тоа што неговата внатрешност е горчлива ни напомнува да имаме омраза спрема страстите, зашто тешко им и горко на оние што го сакаат светот; а тоа што неговиот пријатен вкус не се пројавува се додека не биде соџвакано и иситнето, тоа говори за ползата од телесните страдања; кога го триеме, тоа ги просолзува нашите очи, ова ни напомнува за тешкотијата на трудовите. Го употребуваат за мачкање на умртвените делови на телото, за да не загнојат и да не се исполнат со црви. Тоа е смислата на овоплотувањето. Треба да си Го замислуваме Господа Исуса Христа во себе си и да се грижиме за тоа; да се насочуваме кон Него и за Него -слично на синаповото зрно дали сме и ние од тоа зрно или не: дали имаме и ние такво устројство и такво смирено срце, дали има и во нас од неговиот прав и од неговата горчевина и од неговиот вкус. Божјата милост сака да не исполни со сила, за да можеме да го извршуваме она што Му е угодно Нему. Нему нека Му е слава - на Отецот, и на Синот и на Светиот Дух во сите векови. Амин.

Преподобен Авва Исаиј