Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици  

Делата на плачот

1. Тешко, тешко ми мене, што уште не сум се ослободил од пеколот! Оние што ме влечат кон него уште раѓаат плодови во мене и сите дела пеколни уште се во моето срце. Тие што ме фрлаат во огнот уште дејствуваат во моето тело и сакаат да ги раѓам плодовите на пеколот. Уште не знам каде ќе појдам оттука, уште не е приготвен патот пред мене. Уште не сум ослободен од нивното влијание, од влијанието на темните воздушни сили, кои ќе ми го препречуваат патот затоа што во мене има лоши дела. Уште не сум го видел Избавителот, Кој дошол во светов за да ме ослободи од нив затоа што нивната пакост уште раѓа плодови лоши во мене. Уште не сум го видел смелото застапништво меѓу мене и Судијата; уште нема сведоштво за мене дека не сум достоен за смртта; уште не сум се оддалечил од моите злосторници.

2. Не се радува злочинецот што е затворен во темнца; не може да прави што сака оној што е врзан со вериги железни; не ги поучува другите тој што се наоѓа во пранги; не знае за мир измачуваниот од трудови тешки, врзаниот за вратот не јаде со сласт. Не смислува злосторства нови оној што ги направил сите гревови; тој жално ги оплакува сите свои лоши дела и сите свои маки, што се приготвени за него, велејќи си сам на себе си: “Да, јас сум достоен за сите тие маки!”

3. Тој постојано мисли за крајот свој, за маките соодветно на неговите гревови; никого не осудува за своите маки: постојано повторува: “Тешко, тешко ми мене!” Така се осудува тој; никого не поучува, никому не вели да не очајува; и на ум не му паѓа што ќе јаде што ќе пие. Ја прима храната од оние што имаат милост спрема него, но тоа што го јаде е без вкус од маките негови. На навредите не одговара со гнев: трпеливо ги поднесува маките свои, велејќи: - Јас нив ги заслужувам. Насмевката ја нема на неговото лице (Мудр Сир. 19, 27). Офка и помислува за престолот на судијата, пред кој треба да застане. Кога му говорат, тој не слуша; не знае дали се добри или лоши - слухот негов не ги прифаќа. Очите негови се извор на солзи од болките што го мачат. Ако е син на благородни родители, се измачува пострашно; се исполнува со срам пред нив што ќе го видат осуден на смрт. Зафатен со мисли за судот што му претстои, не се прашува дали другите луѓе се добри или лоши. Ако има и други како него - лишени од слобода и врзани во вериги, ни за нив не помислува, не мисли што треба да прават, секој својот товар го носи, секој чекори кон својата смрт. Лицето негово е помрачено. Плашејќи се од маки, да го заштитува никој не се осмелува, самиот тој искрено признава сѐ што направил и дека е достоен за најтешка пресуда.

4. До кога ќе бидам пијан без вино? До кога ќе бидам безгрижен, гледајќи се ваков? Ожесточеноста на срцето мое коските ми ги исушило, а пијанството на безбројните суетни грижи - главата моја ја избезумило. Потребите телесни душата моја ја врзале, очајанието ме тера да го напуштам патот на животот. Не придобив јас пријател, кој ќе се застапува за мене, а немам ни дар да им го испратам на кнезовите. Никој не ме сака поради моите лоши дела. И да ги молам, нема да ме слушаат, гледаат дека не отстапувам од своите гревови. Не можам да ги молам искрено и со отворено срце.

5. Бодилото на моите гревови не престанува да го прободува срцето мое; уште не се покајувам за злото што сум го направил. Товарот на моите гревови уште не ме притиска; не ја чувствувам нивната тежина. Уште не сум ја познал сета сила на огнот; да ја знам неа, би бегал да не бидам опфатен од неа. Глас слушам во ушите мои - дека кон мене одат и се приближуваат затоа што срцето мое уште не сум го исчистил. Раните на телото мое се подлутиле, но уште не црвјосале; затоа и лекарство не барам. Ги скривам раните мои од стрелите; не можам да истрпам некој да ги лекува. Лекарот облози ми препорачува за раните мои, но немоќно е срцето мое да ги истрпи таквите болки. Лекарот е добар, не бара да му платам, но мрзата ми пречи кај него да појдам. Тој самиот при мене доаѓа и ме наоѓа да јадам храна што ги подлутува раните мои. Ми забранува да јадам таква храна, но нејзиниот пријатен вкус го измамува моето срце. Кога ќе се нахранам, се кае срцето мое, но каењето мое не е искрено. Лекарот мој добро јадење ми праќа и ме советува него да го јадам, за да оздравеам. Но, мојата лоша навика не ми го дозволува ова. Навистина, јас не знам што треба да правам.

6. Заплачете за мене, сите браќа мои, вие што ме познавате; молете - се помош поголема од мојата да добијам и да ме надвладее, зa да станам и јас ученик достоен на Мојот Господ. Зашто силата Негова е во сите векови и во целата вечност. Амин.

Преподобен Авва Исаиј