Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици  

За оние што се подвизувале и што својот подвиг добро го извршиле

1. Еве кои знаци ги направил Господ Исус Христос пред да се издигне на крстот. Во светото Евангелие читаме “Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието: и блажен е оној, кој не ќе се соблази поради Мене” (Лука 7, 22-23).“)

2. Многу се, знаците што ги направил нашиот Господ Исус Христос. Но ние треба да знаеме дека секој од овие знаци, освен своето буквално значење, има и друго преносно значење. Тоа што слепите ќе прегледаат, значи: слеп е оној што ја полага својата надеж на овој Свет; а ако, напуштајќи го, својот поглед го впери во надежта што ја очекува, тогаш тој навистина го презрел овој свет и прогледал. Исто така, зборовите: “хроми проодуваат” значат, дека оној што Го љуби Бога, а во исто време ги љуби и телесните мудрувања на срцето, тој е хром; но ако ги остави телесните мудрувања и Го возљуби Бога со сето свое срце, тој престанува да биде хром и оди право. Зборовите, пак, “глуви прослушуваат” значат; оној што е во состојба на расејаност тој е глув, поради тоа што е заробен од надворешните работи и што е должен да не го заборава она што е потребно; па ако се ослободи од тоа ропство, тој ќе почне да слуша. А зборовите “лепрозните се очистуваат” значат дека не треба, според она што е запишано во старозаветниот Закон, да влезе нечист во Господовиот дом, односно оној што го мрази својот ближен, што му завидува или што го осудува и оној што ќе се ослободи од тие гревови, тој ќе стане чист.

3. Па така, кога ќе прогледа слепиот, кога хромиот ќе почне да оди, кога ќе прослуша глувиот, кога ќе се очисти лепрозниот, тогаш оној човек што бил мртов и со недостатоци додека бил далеку од својот Спасител, се обновува и се преродува, тогаш почнува да благовестува со она што станало со него - што прогледал, што проодил, што прослушал и што се очистил. Ти си должен сето ова, што станало со тебе, да му го кажеш, да му го исповедиш на оној што те крстил.

4. Еве што е крштавањето: тоа е тешкото страдање на телото и молчењето. За Јована пишува дека облеката му била од камилски влакна и дека се опашувал со кожен појас и дека живеел во пустината (сп. Матеј 3, 4). Тоа е белегот на страдањата. Тоа најнапред го чисти човекот. И кога ќе го придобие, тогаш се отвора патот за да се издигне на својот крст. Крстот е белегот на идната бесмртност. На крстот се издигнува откако претходно ја затворил устата на фарисеите и садукеите (садукеите се слка на неверувањето, а фарисеите - на лукавството, лицемерието и славољубието, како што е напишано; “И од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша” (Матеј 22, 46).

5. Најпосле, Господ ги испратил апостолите Петар и Јован да ја приготват пасхата. Тоа е слика на следново: кога умот ќе види дека е од сѐ слободен, почнува да се приготвува за бесмртност, ги соединува сите чувства, хранејќи ги преку причестувањето со Господа.

6. И тоа што Господ Исус Христос се молел, велејќи: “Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша” (Матеј 26, 39) и овие зборови се однесуваат на нас. Зашто, кога умот посака да се издигне на крстот, тој тогаш има потреба од многу молитви и од многу солзи, како и од тоа - потполно да Му се предаде на Бога, молејќи се на неговата добрина: да го укрепува и да го запазува додека не го издигне, не го обнови и не го освети, зашто има голема опасност за умот додека се наоѓа на крстот. И додека се моли, тој има потреба со него да бидат Петар, Јован и Jаков, кои ги означуваат: силната вера, храбрата надеж на срцето и љубовта спрема Бога.

7. Еве го значењето и на тоа што станало заради нас со Самиот Господ - со нашиот возљубен Господ Исус Христос, Кој бил за нас пример и слика за сѐ, како што вели апостолот: “За да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со неговата, та некако да го постигнам воскресението на мртвите” (Фил. 3, 10-11). Жолчката, која ја вкусил заради нас, значи: дека сме должни да ја победиме секоја лоша похот и да ја затвориме нашата уста и да не ѝ дозволуваме на ниедна од нив да излезе преку неа, ниту да ја извршуваме на дело. Оцетот, што го вкусил за нас, означува: дека сме должни да го гаснеме секое наше самоволие и да се бориме против секоја суета. Плукањето, на кое бил изложен заради нас, означува дека сме должни да се бориме против секакво угодување на луѓето и против секакво светско славољубие. Трновиот венец, што го исплеле и што Му го ставиле на Неговата глава, означува дека сме должни со трпение да ги издржиме сите навредувања и понижувања. Трската, со која Го удирале по Неговата глава, означува дека сме должни секогаш да го имаме шлемот на смирението врз нашата глава и да ја одбиваме секоја ѓаволска гордост; Камшикувањата на Господа пред распнувањето означува; да не го свртуваме нашето внимание на понижувањата и навредите од луѓето. Разделувањето на Неговата облека со жреб, тогаш кога Он бил сосем спокоен, означува, дека сме должни да го презираме сѐ што е од овој свет пред да се издигнеме на крстот, според зборовите на апостолот; “Со радост позволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот” (Евр. 10, 34).

8. Сето ова човекот е должен да го направи пред да се издигне на крстот. И ако не го направиш тоа што го направил Он, според твоите сили, како човек, нема да можеш да се издигнеш на крстот. Она што било во третиот час, кога луѓето со жестоко срце Го распнале Господа заради нашето спасение, тоа е за нас поука, дека треба да се вооружиме против секое очајание и против малодушноста, cѐ додека не умре гревот, спроед она што е напишано, дека Он го уништил непријателството со Својот крст. А тоа што во деветтиот час кога Господ Исус Христос го подигнал Својот глас и извикал: “Боже Мој, Боже Мој, зошто си ме оставил?” (Матеј 27, 46) - тоа е пример за нас: по трпеливото поднесување на тешките подвизи против страстите, сѐ додека не изгаснат, најпосле, смелост со смиреност да викаме кон Бога. А тоа што Он по стемнувањето на сонцето го предал Својот Дух, - е укажување за нас дека, ако нашиот ум се ослободи од секаква надеж во овој видлив свет, тоа означува дека гревот умрел во нас. - Црковната завеса се расцепила на две од горниот крај до долниот, - тоа е слика и уверување дека и умот ќе се ослободи од страстите и дека ќе биде разрушена преградата меѓу него и Бога. А тоа што се распаднале камењата и што се отвориле гробовите, тоа е слика и уверување, дека тогаш гревот умре во нас, тогаш ќе се раскине секоја тежина и секое слепило и ќе се уништи сѐ што ѝ е спротивно на душата, и чувствата, кои умреле и кои ѝ принесувале плодови на смртта - почнуваат да заздравуваат и да стануваат непобедливи. А тоа што бил обвиен со чисто платно и со мириси, тоа е слика за тоа дека по смртта на гревот, душата со светост бива обвиена и негниежливоста ја успокојува. А тоа што Го ставиле во нов гроб, кого пред тоа никого не погребале и што навалиле голем камен на вратата од гробот, тоа е слика и уверување дека и умот ќе се ослободи од сѐ и дека преминува во другиот свет, дека се исполнува со нова мудрост и дека внимава на она, во што нема ништо гниежливо и дека почнува да мисли за она што не гние и не пропаѓа. Врпочем, “каде што е телото, таму ќе се соберат и орлите” (Лука 17, 37). - А тоа што воскреснал во славата на својот Отец, што се вознесол на небото и што седнал “од десната страна на престолот на величието на висините” (Евр. 1, 3), тоа ни е за пример на нас и за уверување, според зборовите на апостолот: “И така, ако сме воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога; мислете за небесното, а не за земното, зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога (Кол. 3, 1-3).

9. A Неговото име е чесно, кое прави милост, кое е слика за светиите во сѐ, силно да се застапува за нашата немоќ, и, поради нашата сиромаштија, ќе ни ги прости нашите гревови, та и ниe да добиеме милост заедно со сите што се достојни за неа. Амин.

Преподобен Авва Исаиј