Преподобен Авва Исаиј (pdf)

Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици  

За радоста на душата што посакала да му служи на Бога

1. Пред сѐ, те поздравувам во стравот Божји и те молам: биди совршен, зашто тоа Му е угодно на Бога твојот труд да не биде бесплоден и целиот да биде примен од Бога со радост. Трговецот се радува кога печали; но за ништо го смета својот труд, сознавајќи од каква духовна штета бил тој. Тој зема за жена таква, која ќе се грижи за него и што ќе го пази. Ѝ се радува на таквата жена со сето свое срце и во неа има доверба за сѐ. А оној што стапил во војна служба и, откако немал страв ни од смртта заради славата и успехот на царот, најпосле ќе биде одликуван со висок орден. Тој многу се радува на таквиот свој успех. Еве, такви се работите во овој свет кој загинува, и оние што ги добиваат световните пофалби и награди се радуваат. А што мислиш: Колку ли е голема радоста на душата на оној, кој, откако почнал да Му служи на Господа, успешно ја заврши својата работа? - При неговото излегување од овој свет на него ќе му биде направено нешто, на што ќе му се радуваат ангелите, особено затоа - што таквиот се ослободил од власта на темнината. Зашто кога излезе душата од телото, неа ја придружуваат ангели. Неа ја пречекуваат и сите сили на темнината, сакајќи да ја уловат и да проверат нема ли нешто нивно во неа. Тогаш нема ангелите на темнината да се борат за неа, зашто делата што ги направила таа душа; тие ќе ја штитат и ќе ја бранат од нив, за да не се допрат до неа. Кога делата на таа душа ќе ги победат демоните, тогаш ангелите ќе одат пред неа и ќе пеат сѐ додека не дојде до Бога и не застане пред Него со радост. Во тој миг таа потполно заборава за сите свои трудови и за сите маки што ги имала во овој земен живот.

2. Да ги вложиме сите наши сили и добро да се трудиме во текот на нашиот краток земен живот. Да го запазиме нашето дело чисто од секое зло, за да можеме да се спасиме од рацете на мрачните кнезови, кои ќе не пресретнат во воздухот, зашто тие се лоши и немилостиви. Блажен е оној во кого тие нема да најдат ништо свое; на неговата радост и веселба нема да има крај. Сѐ во овој свет е непостојано, и трговијата и брачниот живот и се друго, за што говорев пред малку. Брате мој возљубен, да плачеме пред Бога од длабочината на нашата душа. Можеби Божјата добрина и ќе ни испрти сила, за да направиме добрини и со нив да ги победиме началниците на злобата, кои ќе не дочекаат во воздушните пространства по излегувањето на нашата душа од телото.

3. Да се погрижиме и да поработиме со силно срце, без да се жалиме, да се исполниме со силна желба да Му служиме на Господа. Он ќе не спаси од рацете на пакосните мрачни сили, кога ќе излезат пред нас. - Да ги сакаме сиромасите; тоа да не спаси од среброљубието и неговите духови - кога тие ќе излезат пред нас. Да посакаме да имаме мир со сите, со мали и големи, зашто тие ќе не запазат од духовите и омразата - кога тие ќе се појават да не иследуваат. Да ги засакаме сите како наши браќа без да имаме нешто против никого во нашето срце, зло за зло на никого да не му враќаме; Ова ќе не избави од зависникот што ќе ни излезе во пресрет. Да ја замислиме смиреносга во се, да ги претрпуваме навредите од ближниот, тоа ќе не запази од гордоста, која ќе не пречека по излегувањето од телото. - Да ја браниме честа на ближниот. Да го браниме кога го напаѓаат другите, да не дозволуваме да го навредуваат, кој и да е тој. Тоа ќе нѐ запази од обвинување кога ќе бидеме пречекани во воздушните пространства. - Да ги намразиме удобствата на светот и честа, за да се избавиме од зависта на оние што ќе не пречекаат на митарствата. - Да го научиме јазикот свој на Божјите поуки на вистината и на молитвата, за да бидеме запазени од лагата, која ќе нѐ пречека на митарствата. - Да ги исчистиме и телото и срцето од страсните похоти, за да се избавиме од нечистотијата која ќе нѐ пречека по излегувањето од телото. Сето тоа ќе се обиде да ја улови нашата душа кога ќе излезе од телото; само добродетелите ќе ѝ помагаат, ако ги придобила во овој живот.

4. Кој од мудрите не ќе посака да ја предаде својата душа на смрт, за да се избави од сето ова? Па така, да направиме сѐ што можеме според своите сили, а силата на нашиот Господ Исус Христос е голема, за да ѝ помогне на нашата смиреност. Знае Он дека човекот е немоќен и ќе му даде покајание додека е уште во телото пред да ја испушти својата душа. Да имаш само една мисла: да мислиш дека само Господ може да те запази. Не го свртувај своето внимание кон светот и не мисли дека на него треба да се надеваш и дека тој треба да те спаси. сѐ што е од овој свет - ќе го оставиш и ќе си појдеш, а она што ќе го направиш за Бога, во тоа ќе ја најдеш добрата надеж во часот кога ќе ти биде најпотребна.

5. Намрази ги зборовите на овој свет, па срцето твое да Го види Бога. Сакај често да се молиш за да се просвети твоето срце. - He сакај ја мрзливоста за да не зажалиш кога ќе го видиш воскресението на праведниците. - Пази го твојот јазик, за да се просветли твоето срце. - Не биди мрзлив, и стравот Божји ќе се всели во тебе. Дели милостиња на сиромасите, за да не се посрамиш пред светиите, кои се богати со добри дела. - Намрази ги вкусните јадења, та злобниот Амалик да не ти го препречи патот. - Не брзај што побргу да го завршиш своето молитвено правило, за да не бидеш растргнат од духовните зверови. - Не се опивај со вино, за да не бидеш лишен од радоста Божја. - Возљуби ги верните, та преку нив да добиеш милост.  -Возљуби ги светиите, и исполни се со ревност да се угледаш на нив.

6. Спомнувај си за царството небесно и желбата за него да те опфати сецело. Помислувај за пеколот за да ги намразиш неговите дела. - Разбудувајќи се наутро секој ден, мисли за тоа дека ќе одговараш пред Бога за секое свое дело, па нема да погрешиш пред Него, и стравот Негов ќе се насели во тебе. - Подготвувај се да го пречекаш; тогаш ќе ја извршуваш неговата волја. - Размислувај секој ден за тоа што ти недостасува, па нема да ти биде тешко во смртниот час. - Да ги видат браќата твоите добри дела и да го следат твојот пример. Испитувај се секој ден, за да видиш која страст си ја победил, но сепак, не мисли високо за себе, зашто сето тоа е плод на Божјата милост и сила. - Не сметај дека си верен сѐ до последниот здив. Не мисли високо за себе, не мисли дека си добар, зашто не треба да им веруваш на твоите духовни непријатели. - Не надевај се на себе си, сѐ дури си во овој живот и сѐ додека не ги поминеш митарствата на злобните сили.

7. Види бодар, брате, против духот кој го ожалостува човекот; тој знае многу начини како да ја улови твојата душа, и да ти ја одземе силата. Милоста во Бога донесува радост - кога ќе видиш дека живееш според Божјата волја. Кога ќе ти речат: “Каде ќе избегаш? Нема за тебе покајание; Ти си многу грешен.” Таквиот е слуга на ѓаволот. Тој говори од негово име, за да ја ослабе твојата желба за воздржлив и покаен живот. А немоќта пред Бога не му става тежина на човекот, туку му вели: “Не плаши се, врати се пак при Бога; знае Бог дека човекот е немоќен и пак му дава сила да се ослободи од гревот”.

8. Види разумен кога те нападнат грешни помисли и тие ќе исчезнат. А кој се бои од нив, тие му ја одземаат и онаа сила што ја има. Оној што се бои од демоните покажува дека нема вера во Бога.

9. Смирениот човек не смета дека е мудар; тој се бори против своите страсти за да ја исполнува Божјата волја. А оној што сака да говори пред големо мноштво, покажува дека страв Божји нема во него. Стравот Божји е стражар, и помошник за душата”, тој е господар на умот, тој ги победува демонските сили.

10. Тој што ја бара честа од Бога, се труди да ја одгони нечистотијата од себе. - Разумната грижа за себе ги победува страстите зашто е напишано: “Подобро човек да сретне мечка, чии мечиња се грабнати, отколку безумен во неговото безумство” (Изрек. 17, 12). Кога се разболиме тогаш ја знаеме цената на здравјето. Оној што добил орден за храброст, тој ги победил непријателите на царот. Има страсти, а има и добродетели. - Ho ако сме мрзливи и очајни тогаш е јасно дека сме како предавници. Храброста на срцето е помош за душата, а очајанието е помошник на злото. - Силата на оние што сакаат да придобијат добродетели е во следново: кога ќе паднат, да не очајуваат, туку да станат и да продолжат да се грижат за своето спасение. Средствата за придобивање добродетели се телесните напори заедно со разумот. Страстите се раѓаат од мрзливосга. - Неосудувањето на ближниот е ограда за оние што се борат разумно; осудувањето ја урнува таа ограда во својата неразумност. Грижи се за својот јазик, незауздениот јазик покажува дека немаме добродетели во себе си. Милостињата извршувана со разум, раѓа презир спрема богатството и води кон љубов, а немилосрдноста покажува дека нема добродетели во човекот. Грижата за јазикот е својство на добродетелниот човек; а незауздениот јазик говори дека оној што го има е сиромав од добродетели. Добрината раѓа чистота, а задоволствта се мајка на страстите. - Немилосрдното срце раѓа гнев. - Омразата спрема уживањата е плод на душевниот подвиг. - Љубовта спрема животните радости е паднатост на душата, а молчењето со разум е нејзиното издигнување. - Долгото спиење е будење на страстите во телото, а умереното бдеење е спасение на срцето. Долгото спиење го згојува срцето, а умереното бдеење го разнежнува. Подобро е да се спие во размуно молчење, отколку да се бдее во празни разговори. Плачот ги прогонува сите безумности. Мирната совест раѓа смиреност. Човечката слава постепено раѓа гордост. Љубовта кон безгрижната слобода го поганува вистинското знаење, а воздржувањето на стомакот ги смирува страстите. Убавите јадења лесно ги распалуваат страстите. - Украсувањето на телото е уништување на душата, а стравот Божји е грижа за неа.

11. Вдлабочувањето во Божјата промисла раѓа страв во душата, а успивањето на совеста ги искористува добродетелите од срцето. - Љубовта спрема Бога ја прогонува мрзливоста, а отсуството на стравот божји ја поттикнува. - Убаво е воздржувањето на јазикот, тоа го воздигнува умот кон Бога, ако молчиме разумно, а прекумерното говорење раѓа очајание и избезуменост. Предавање на својата волја во рацете на другите означува желба на умот да богатее во добродетели, а самоволието спрема ближните е израз на незнаењето. Поучувањето во стравот Божји ја запазува душата од страсти; а светскиот говор ја помрачува и ги оддалечува добродетелите од неа. - Љубовта спрема предметите ги помрачува и умот и душата, а откажувањето од нив ја просветлува и обновува. Ако молчиш за да не ги покажеш твоите помисли, покажува дека ја бараш честа на овој свет и неговата срамна слава, а смелоста во искажувањето на своите мисли пред духовните оци - ги одгонува нив од себе.

12. Она што е куќа без врати и прозорци, во која може слободно да влезе секој што ќе посака, тоа е човекот што се труди и не ги пази плодовите на својот труд. - Како што “ 'рѓата го јаде железото, така човечката чест го нагризува срцето, ако ѝ се радува на неа. Како бршленот што се заплеткува во лозата и го уништува нејзиниот плод, така славољубието го уништува плодот на монахот, ако се гордее со него. Смирението е пред сите добродетели, а гревоугодието е пред сите страсти. Љубовта е крај на сите добродетели, а самооправдувањето, крај на страстите. Како црвот што го разјадува дрвото и го уништува, така и злобата во срцето ја помрачува душата.

13. Предавањето на Божјата волја раѓа спокојно поднесување на навредите, а нејзините солзи ја пазат од човечката злоба. - Ако не се прекоруваме за злото што го правиме, не можеме гневот свој да го скротиме. Разговорот со светските луѓе го вознемируваат срцето на монахот и ја слабеат неговата молитва. Љубовта према светските успеси ја помрачуваат душата, а презирот спрема нив ѝ принесува знаење. - Љубовта спрема трудот е омраза спрема страстите, а мрзливоста ги раѓа без труд.

14. Не зближувај се со жителите на градовите, и мислата твоја спокојна ќе биде во тебе. - Не надевај се на твоите сили, и помошта Божја ќе те поткрепува. Немај омраза спрема луѓето, зашто молитвата твоја нема да Му биде пријатна на Бога. Пази ги твоите очи, и срцето твое зло нема да вили. Кој гледа со грешна желба тој веќе направил прељуба во своето срце. Не сакај да слушаш за оние што те озборувале, за да не посакаш да им вратиш зло за зло. Пази го твојот слух, за да не ти предизвика духовна борба. Биди вреден во твојата рачна работа, за сиромавиот да најде леб кај тебе, а мрзливоста е смрт за душата и нејзино паѓање.

15. Добрата молитва ослободува од ропство, а негрижата за неа, макар и најмала, мајка е на заборавањето. - Оној што ја очекува блиската смрт - тој не греши многу, а кој ја чека по многу години - тој многу греши. Кој се приготвува да Му даде одговор на Бога за сите свои дела, за него Бог се грижи да го очисти од сите негови гревови; а оној што вели: кога и да е, - јас ќе стигнам таму, тој е мрзлив и пријател на лукавите духови. Пред да направиш што и да било, спомнувај си секој ден - каде си и каде одиш, каде ќе појде твојата душа по излезот од телото; да нема ден кога не ќе се грижиш за твојата душа. Помислувај за честа што ја добиле светиите, и желбата да се угледаш на нив ќе ја распали твојата ревност; помислувај и за срамот што го доживеале грешниците, и тоа ќе те запазува од злото.

16. Секогаш следи ги советите на своите духовни оци, пa времето на твојот живот ќе го поминеш спокојно. Внимавај на себе си, но ако твојата помисла те вознемирува затоа што братот твој има нешто против тебе, појди кај него и поклони му се со молбен глас и не се одделувај од него сѐ додека не се измирите. Гледај да не бидеш Груб спрема твојот брат, не заборавај дека ѓаволот прави насилство над нас. Кога живееш со браќа, не заповедај им никогаш што треба да прават, но работи заедно со нив, за да не ја загубиш твојата награда Кога ќе почнат демоните да те вознемируваат по однос на храната, облеката или со поголема сиромаштија, внушувајќи ти, дека за тоа те навредуваат тебе, не одговарај им ништо, туку предај Му се на Господа со целото твое срце; Он ќе те успокои. - Биди редовен во твоето секојдневно молитвено правило, зашто тоа и дава просветување на твојата душа.

17. Ако си направил некое добро, не фали се со него. А ако си направил и многу гревови, не жали прекумерно поради тоа и да не се очајува твоето срце; но пази се од гордост, ако си мудар. Ако си нападнат од блудни помисли, држи го постојано твоето тело во ограничување и биди смирен пред Бога; не му дозволувај на твоето срце да поверува дека ти се простени гревовите и ќе се успокоиш. Ако почне да те напаѓа зависта, спомнувај си дека сите ние сме членови Христови и дека честа и срамот на нашиот ближен се наша чест и наш срам, и ќе се успокоиш. Ако чревоугодието се дигнало против тебе и почнало да те напаѓа со желба за вкусни јадења, спомни си на смрдеата од нив, и ќе се успокоиш. Ако се вознемируваш со желбата да го осудуваш твојот брат, помисли на тоа дека тој ќе се ожалости, ако слушне за тоа и дека ќе се срамуваш кога ќе го видиш, и ќе се успокоиш. Ако почне да те напаѓа гордоста, помисли на тоа дека таа ти го обезвреднува целиот твој труд и дека нема покајание за оној што ќе се согласи со неа, и ќе се успокоиш. Ако твоето срце се исполнува со желба да го понижиш твојот брат, помисли дека Бог за тоа ќе те предаде во рацете на твоите непријатели, и ќе се успокоиш. Ако телесната убавина го привлекува твоето срце, спомни си и за нејзината смрдеа, и ќе се успокоиш. Ако сласта на жената е најголема сласт за тебе, спомни си за жените што се веќе умрени, помисли и каде се нивните тела и во што се претворени, и ќе се yспокоиш.

18. Ако сето ова вака го собираш и расудуваш за него, ваквото расудување ќе ги олесни твоите духовни борби. - Не мисли дека ќе го разбереш она што е неможно за тебе, ако во почетокот не употребиш молчење, ако не се оддалечиш од светската врева. Молчењето го раѓа подвижништвото; подвижништвото го раѓа плачот; плачот го раѓа стравот Божји; стравот Божји ја раѓа смиреноста; смиреноста го раѓа прозрението; прозрението ја раѓа љубовта; љубовта ја прави душата здрава и бестрасна. Тогаш човекот ќе сфати колку е тој далеку од Бога.

19. По сето ова, оној што сака да ги има сите овие добродетели, да нема грижа ни за еден човек, па да биде во состојба да се приготвува за смртта. И на секоја своја молитва ќе почне тој да сфаќа што е тоа што го одделува од Бога и ќе почне да се бори против него; ќе го замрази животот што го оддалечува од Бога. Тогаш Божјата добрина ќе му ги дарува тие добредетели.

20. A знaj го и ова: дека секој човек, кој јаде и пие безразлично и кој сака нешто од овој свет, тој не може да ги придобие овие добродетли, туку се самоизмамува. А јас го молам секој човек, кој сака да Му принесе покајание на Бога, да се пази од гревови, зашто тие ги обновуваат страстите и го прогонуваат стравот Божји од душата. Напротив, труди се со сите свои сили и моли Му се на Бога да ти го испрати Својот страв, та тој страв, заедно со твојата силна желба да бидеш со Бога, да ги истреби сите страсти од тебе, кои се борат против твојата страдална душа и кои настојуваат твојата душа да ја одвојат од Бога и да ја направат свое наследство. Затоа и нашите духовни непријатели прават толку многу усилби и се борат против човекот.

21. И така, брате, не труди се да бидеш спокоен сѐ додека си во твоето тело. Немај доверба во себе кога ќе се видиш спокоен од страстите, зашто тие понекогаш се смируваат и лукаво и притаено чекаат, чекајќи човекот да го ослободи своето срце, помислувајки дека потполно се избавил од нив. И тогаш одеднаш се нафрлаат на неговата бедна душа и ја уловуват како птичка. И покажувајќи дека се посилни од неа, ја повредуваат без милост, фрлајќи ја во гревови, пострашни од поранешните, за чиешто простување се молела.

22. Да бидеме во страв Божји, да ги пазиме и да ги извршуваме нашите дела; да ги запазуваме добродетелите, кои ѝ пречат на демонската злоба. Подвизите и трудовите во овој наш краток земен живот нѐ запазуваат од секое зло, но тие ѝ приготвуваат и венци на душата уште пред нејзиното излегување од телото.

23. Нашиот свет Учител, Господ Исус Христос, знаејќи ја големата жестокост на нашите духовни непријатели и сожалувајќи го човечкиот род, говори: “Знајте го, тоа, дека, домаќинот на куќата кога би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би стоел буден и не би позволил да му ја поткопаат куќата. Затоа бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки” (Матеј 24, 43-44). И другпат кога ги поучувал Своите ученици, им велел: “Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и нијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно” (Лука 21, 34). Знаејќи, дека лукавите духови се многу посилни од нас, Он им рекол на Своите ученици дека тоа е Негова работа и дека тие нема од што да се плашат, велејќи им: “Јас ве праќам како овци меѓу волци” (Матеј 10, 16), но при тоа им заповедал да не земат ништо кога одат на пат (сп. Лука 9, 3), бидејќи немале ништо од она што им припаѓало на тие волци, тие не можеле да ги проголтаат. А кога се вратиле здрави, откако ја извршиле Неговата заповед, Он се зарадувал заедно со нив, Му благодарил на Бога и Отецот и, утврдувајќи го нивното срце, им рекол: “Го видов сатаната како падна од небото како молња! Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква непријателска сила: и ништо нема да ве повреди” (Лука 10, 18-19). Па така, ги испратил со страв и опасност, но откако ја извршиле Неговата заповед, Он им дал власт и сила.

24. Овие зборови не се однесуваат само на нив, туку и на сите што ги извршуваат Неговите заповеди. Откако ги возљубил со совршена љубов, им рекол: “Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството. Продајте си ги имотите ваши и давајте милостиња! Згответе си ќесиња, што нема да изветвеат, сокровиште на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде” (Лука 12, 32-33). A кога ги исполниле тие зборови, им рекол: “Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам” (Јован 14, 27). Уверувајќи ги во ова, Он вели: “Ако некој ме љуби, ќе го пази словото Мое, и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме” (Јован 14, 23). Велејќи им уверувајќи ги дека не треба да се плашат од светот, им рекол: “Bo светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот” (Јован 16, 33). Укрепувајќи ги да не паѓаат со духот кога страдаат, им рекол, влевајќи радост во нивните срца: “Вие сте, кои издржавте со Мене во Моите напасти, и јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство, за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена” (Лука 22, 28-30).

25. А ова не им го кажал на сите, туку само на оние кои трпеле во Неговите искушенија. Но, кои се тие што трпеле во Христовите искушенија, ако не оние кои се борат против неприродните страсти сѐ додека не ги победат? Тоа им го рекол кога одел кон Своите маки на крстот. Затоа, кој сака да јаде и да пие на Неговата трпеза, да оди заедно со него на овој крст; зашто Исусовиот крст е зауздување на секоја страст - сѐ додека не бидат потполно отсечени. Ете, и возљубениот апостол, откако ги отсекол во себе си рекол: “Се распнав со Христа; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене” (Гал. 2,1920). Па така, Христос живее во оние, кои ги победиле страстите. И затоа, учејќи ги своите чеда, овој апостол рекол: “Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите” (Г ал. 524). А на Тимотеја, на своето чедо, пишувајќи му вели “Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме. Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас” (2. Тим. 2, 11-12).

26. А кои се тие што се одречуваат од Него, ако не оние кои ја вршат својата телесна волја и со тоа го срамотат светото крштевање? Во Неговото име ни се дава простување на гревовите, но нашиот духовен непријател од завист пак нѐ заробува преку гревот. Затоа нашиот Господ Исус Христос, познавајќи ја уште од почетокот Неговата злоба, знаејќи дека таа е голема, ни одредил покајание сѐ до последниот здив. Кога не би имало покајание, едвај некој би можел да се спаси. И апостолот, знаејќи дека има и такви што грешат по крштавањето - рекол: “Koj крадел, да не краде веќе” (Ефес. 4, 28).

27. Па така, имајќи го врз нас печатот на Светото крштение, да се потрудиме да ги оставиме своите гревови, за да добиеме милост во оној ден. Зашто тој ден се приближи и Господ иде, седејќи на престолот од Својата слава и ќе се соберат пред него сите племиња. И тогаш секој ќе се покаже таков каков што е, според својот сопствен светилник, што го држи во својата рака. Оној што нема елеј, неговиот светилник ќе изгасне и ќе биде фрлен, а оној, чиј светилник ќе биде светол, тој ќе влезе во царството заедно со Господа.

28. Да се потрудиме, возљубени, нашите садови да ги наполниме со елеј, додека сме уште во тело, за да свети нашиот светилник и ние да влеземе во царството на Господа. Тој сад е покајанието: елејот што се наоѓа во него, тоа се делата на сите добродетели. Светилникот што светлее е светата душа. Па така, онаа душа што ќе биде светла од своите дела, таа ќе влезе во царството заедно со Господа, а онаа душа, која е помрачена со својата сопствена злоба, таа ќе појде во темнината.

29. Подвизувајте се, браќа, зашто близу е нашето време. Блажен е оној што се грижи за ова! Плодот е зрел, веќе почнува времето на жетвата! Блажен е оној што го запазил плодот на својот елеј, затоа што ангелите ќе го соберат во вечната житница. Тешко им на оние што се лоши треви и кокал! Тие ќе го наследат огнот.

30. Наследството на овој свет се: среброто и златото, куќите и облеките. Тие само нѐ водат во гревови; кога си одиме оттука ги оставаме. А Божјото наследство е неизмерливо: тоа е она што очи не виделе, ни уво за него слушнало, ниту во срцето на човекот влегло. Тоа им го подарил Господ на оние што Му се послушни во ова кратко време, а го добиле за леб, вода и облека, кои им ги даваат на оние што имаат потреба Од нив - за нивната љубов спрема луѓето и за чистотата на телото, зашто не им прават лошо на своите ближни, за нивното незлобно срце и за тоа што ги извршуват другите заповеди.

31. Оние што го извршуваат сето ова, тие и во овој живот имаат спокој и биваат почитувани од луѓето, а кога излезат од своето тело, тие добиваат вечна радост. А оние што ги извршуваат своите грешни желби и не се кајат, туку живеат во сластољубиви, веселби и самоизмами, тие ги задоволуват своите лоши жлеби, говорат многу, спорат и се караат, немаат милост спрема своите страдални браќа и прават многу гревови, без да се плашат од Божјиот суд. Нивните лица ќе бидат покриени со срам и во овој живот, ќе бидат презирани од луѓето, а кога ќе излезат од своите тела - срамот ќе ги придружува и во пеколот.

32. Бог е силен да ни помогне да преуспеваме во Неговите дела, да се запазуваме од секое дело на лукавиот, да можеме да се спасиме од ѓаволските искушенија, кои треба да дојдат во овој свет. Нема да закасни Господ Исус Христос, ќе дојде; на секого ќе му даде според неговите дела; на праведниците ќе им го даде Своето небесно царство, а грешниците ќе ги испрати во вечниот оган. Ќе влезат праведниците заедно со Него во царството Негово - вечно ќе се радуваат. Амин.

Преподобен Авва Исаиј