Преподобен Авва Исаиј (pdf)

Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици  

За помислите при откажувањето од светот и за подвижништвото

1. Првиот подвиг, што е над сите подвизи, е подвигот на подвижништвото, особено кога ќе ги оставиме нашите роднини и блиски, и кога ќе се оддалечиме од светот, и сме вооружени со совршена вера и надеж и со цврста решеност да се бориме против сите наши грешни желби. Тогаш од сите страни ќе те заобиколат многу демони и ќе почнат да те застрашуваат со искушенија: со крајна сиромаштија и болести, внушувајќи ти, дека, ако паднеш во нив, нема кој да ти помогне; дека никој нема да знае за тебе и не ќе има кој да ти помогне. Знај дека преку ова Божјата добрина те испитува, за да се открие твојата ревност и твојата љубов спрема Бога.

2. Најпосле, ако одлучно продолжиш да живееш во твојата ќелија тогаш демоните ќе почнат да те застрашуваат со уште пострашни помисли и да ти говорат: “Не го спасува човека само ваквото подвижништво, туку го спасува извршувањето на заповедите. Тогаш ќе те натераат да си спомнеш за некои твои блиски телесни роднини и ќе ти речат: “Ете, нели се и тие слуги Божји?” Потоа ќе ти внушат помисла во твоето срце, дека воздухот на тоа место не е здрав и дека ќе биде штетен за твоето тело. И ова ќе го прават сѐ додека твоето срце не изнемогне од малодушност. Но, ако во твоето срце останат нераздвојни љубовта и надежта, тогаш пакоста на овие внушувања нема да ти наштети. Така ќе се открие твојата ревност пред Бога и тоа дека Го сакаш Бога повеќе отколку спокојот на своето тело.

3. Оние што ги претрпуваат тешкотиите од ваквиот живот, тие маки ги доведуваат до надеж и надежта ги запазува од тие искушенија и телесни тешкотии. Зашто ти не си отишол на тоа место за да бидеш спокоен, туку за да се бориш со демоните и да се научиш како да го одбиваш секого од нив во свое време, сѐ дури не го добиеш спокојот на бестрасноста и да се ослободиш од нив, откако го победиш во борба секого од нив во свое време.

4. Мислам дека е нешто големо и чесно да се победи славољубието и да се успее во богопознанието. Оној што ќе биде победен од оваа срамна и лукава страст, тој бива лишен од секаков мир и станува жесток спрема светиите и завршува со тоа што паѓа во страшна гордост, почнува да лаже со зборови и особено со лицемерство. Ти пак, верни слуго, скривај ги твоите трудови. Особено зауздувај го твојот јазик и настојувај твојот јазик да не ти ги украде твоите трудови и да им ги предаде на твоите непријатели. Оној што е слуга Божји и кој ги отфрлил телесните страсти, па се ослободил од своите гревови преку покајание, тој ја украсува својата душа пред Бога, ја приготвува за него, како чиста непорочна жртва пред Бога да стане храм негов. А оној што ја сака човечката слава, тој не може да се ослободи од страстите; во него живеат пакоста и зависта. Таквиот ја предал својата душа на многу искушенија и срцето негово бива измачувано од демоните затоа што не наоѓа често можност да ги задоволи своите желби. Неговиот крај е вечното загинување.

5. Оној што придобил смирение се удостојува Бог да му ги открие неговите гревови, за да ги признае и да се покае за нив. Ако му се подари и плач и останат во него и признавањето на своите гревови и искреното покајание за нив, тој ќе ги изгони демоните од својата душа и ќе ја исполни со свети добродетели. Таквиот не се плаши од навредувањата на луѓето. Си спомнува непрестајно за своите гревови. Тоа е за него силно оружје, кое го запазува од гневот и од одмаздата. Тој трпеливо поднесува сѐ што го снаоѓа. Какви навреди можат да го допрат неговото срце, кога се чувствува толку посрамен пред Бога, имајќи ги на ум непрестајно своите гревови пред Бога.

6. Ако не можеш да ги претрпиш зборовите на твојот ближен и му се одмаздиш, ќе се подигне борба во твоето срце: ќе страда твоето срце од тоа што ќе го слуша и ќе жалиш поради тоа што си го рекол ти самиот. И ќе почне да те измачува оваа страст. И ќе почне твоето срце да ги смета за блажени оние што живеат осамени, ќе ги осудуваш твоите ближни и ќе велиш дека немаат љубов. Прифати го подвигот на долготрпеливоста. Тој ќе го победи гневот, а љубовта ќе ја исцели навредата. А молитвата ќе ги запази во тебе овие добродетели. Љубовта и долготрпеливоста го уништуваат гневот. Ако тие се задржат во тебе, тогаш, место да се гневиш на твојот ближен, ќе почнеш да се гневиш на демоните, а спрема ближниот ќе бидеш мирен, затоа што ќе ги имаш во себе си плачот и смирението.

7. Оној што може да го поднесе грубиот и остар збор на неразумниот човек заради Бога и заради мирот на своите помисли, тој ќе се нарече син на мирот. Тој е секогаш во состојба да го запазува мирот на душата, телото и на духот. Во кого овие три сили дејствуваат согласно, во кого ќе престанат помислите да се борат против законот на умот и се ослободи од телесните желби, тој ќе се нарече син на мирот и во него ќе се насели Светиот Дух и нема да отстапи од него.

8. Блажени се оние, чии трудови се разумни, зашто тие на тој начин се ослободиле од секоја тешкотија и се ослободиле од лукавството на демоните, особено од демоните на застрашувањето, кои му ставаат пречки на човекот пред секое добро дело, кое сака да го направи, воведувајќи го неговиот ум во мрзливост тогаш кога сака да го впери своето внимание кон Господа, за да го одврати од патот на овие негови подвизи. Но мислам, ако во нас има љубов, трпение и воздржување, ни демоните нема да успеат во тоа, особено, ако нашиот ум сфати колку е штетна мрзливоста и ако ја презре.

9. Ако напуштиш сѐ што е видливо, пази се од демонот на жалоста затоа што си изложен на многу лишувања да не те лиши од можноста да напредуваш во големите добродетели, какви што се: неспоредувањето со другите, претрпувањето на навредите и немање желба за истакнување во светските работи. Ако се потрудиш да ги придобиеш овие расположби, тие ќе ѝ приготват венци на твојата душа. Не се сиромаси само оние што се откажале од cѐ, кои осиромашиле во она што е видливо, но и оние кои осиромашиле од секое зло и секогаш се гладни за да размислуваат за Бога. И не стануваат бестрасни оние што немаат видливи маки, но оние што се грижат за внатрешниот човек и се откажуваат од своите желби. Овие ќе ги примат венците на добродетелите.

10. Стражари над твоето срце. Внимавај какви чувства има во него. И ако мирот владее во тебе, лесно ќе ги чуеш крадците, кои сакаат да влезат во домот на твојата душа. Оној што будно внимава на своите помисли, лесно ги открива оние што се обидуваат да влезат во него и да го осквернат.

11. Ако се грижиш за заповедите со ревносно срце, лесно ќе сфатиш кои од нив прават безредие во тебе и внесувајќи во тебе малодушност те тераат да избереш друго место за живеење. Тие го вознемируваат твојот ум, го тераат да талка на сите страни и да останува празен. Оние што ја знаат демонската злоба, тие остануваат спокојни, Му благодарат на Господа за местото каде што се, кое им го дал во него да ги живеат своите денови во трпеливост. Зашто трпеливоста, храброста и љубовта Му благодарат на Господа за маките и трудовите, а мрзливоста, малодушноста и љубовта спрема телесниот спокој бараат удобно место, на кое ќе можат да се прослават. И се случува со нив тоа, што поради славољубието, да станат немоќни со своите чувства, па така биваат плен на своите страсти и измачувани од нив, па така ја загубуваат и можноста да бидат таинствено поучувани поради расејаноста на својот ум и желбата да имаат секакво задоволство.

12. Ако умот посака, пред да се успокојат чувствата од немоќите и болестите на страстите, да се издигне на крстот, тогаш Божјиот гнев доаѓа врз него затоа што почнал нешто што е над неговите сили, односно што најнапред не ги излекувал своите чувства.

13. Ако твоето срце е неспокојно, а ти не знаеш како да го скротиш знај, дека сакал или не сакал, ти си должен да го скротуваш. Ова е неприродната Адамова состојба.

14. Ако твоето срце со сета своја суштина го намразило гревот, и напуштило сѐ што го раѓа гревот, и ти, имајќи ги во твојот ум вечните пеколни маки, си се оддалечил од сѐ што влече кон гревот, молејќи Му се на својот Создател да живее заедно со тебе и со ништо не Го ожалостуваш, туку плачеш пред Него и говориш: “Моето избавување е дело на Твојата милост; без Твоја помош јас немам сили сам да се избавам од рацете на моите непријатели”, а притоа внимаваш да не го жалостиш и оној што те поучува на Божјата волја, ете, тоа е според Исусовата природа, зашто ако човекот и сѐ изврши, а не придобие смирение и трпение, тогаш ќе застрани во она што е неприродно. Но предај го сето твое срце во послушност спрема Бога, моли Му се вистински на Него и говори: “Господи, јас сум пред Тебе, удостој ме да ја познаам Твојата волја, зашто самиот јас не знам што е корисно за мене; победи ги Ти моите непријатели, зашто јас не можам да ги согледам сите нивни стапици”. И ако го правиш она што е според Исусовата природа, Он нема да дозволи да се заблудиш во нешто. Но, ако почнеш во нешто да се надеваш на себе и не се предадеш послушно сецело на Него, тогаш ни најмалку нема да се грижи за тебе.

15. Како нивата што не му се противставува на земјоделецот кога ја чисти од плевели и кога сее на неа добро семе, таков биди и ти спрема Бога. И како што не можат природните и неприродните семиња да растат заедно, бидејќи на тој начин добрите семиња биваат задушувани од лошите, зашто плевелите се посилни и побујни од добрите семиња, па така и ти, ако не се очистиш од телесните желби, ти не ќе можеш да се запазиш од гревот.

16. Не можеш да се запазиш од гревот, ако пред тоа не се запазиш од она што го раѓа него. А, еве, што значи ова. Малодушноста е мајка на гревот; очајанието го раѓа самоволието, а самоволието - желбата за голема слобода. Оној што не поднесува ограниченост и притеснетост, тој сака да се ослободи од нив и има презир кои сѐ што го ограничува и сака да прави сѐ што сака. А таквото срце, кое сака широчина, раѓа љубов спрема световни разговори, го раѓа она што не е корисно и подобно за тебе. Тој сака да го слуша братот што озборува; сака да наслушнува што говорат другите и да говори за тоа; почнува да ги посакува световните работи; сака да говори и да советува кога не го прашуваат; сака да боцка и да прекорува и уште многу други работи раѓа таквото срце. И така, кој успеал или сака да успее разумно да се пази од сето ова, што ги раѓа гревовите, - тогаш и гревовите негови ќе ослабеат сами од себе.

17. Оној што настојува да ги согледа своите гревови и нивната горчевина, а не се грижи за своето спасение, тој си приготвува пекол за себе си. Оној што се плаши дека неговото тело ќе изнеможе од неговите подвизи, тој нема да дојде до вистинската природна состојба. Но, ако во секој свој труд Му се предава на Бога, Бог е силен да го успокои. Ако Самсон не ги уништил водоносците (сп. Суд. 7, 19), не би ја видел светлината од светилниците. Така и човекот што не го презира своето тело, тој нема да ја види Божјата светлина. Така и Јaил, жената на Хавер Кинеев, не би го извадила колот од шаторот и не би го убила Сисара (сп. Судии 4, 21).

18. Kora умот ќе земе сила и се подготви да ја следи љубовта, која ги изгаснува сите страсти на плотта и на телото (бидејќи таа е долготрпелива “полна со добрина, ги мрази зависта и гордоста, не мисли во своето срце ништо што е пониско од природното, не сака да завладее со умот ништо неприродно”), тогаш тој со таквата нејзина сила се бори против неприродното сѐ додека потполно не го оттргне од она што е природно. Кога на овој начин умот добие превласт, тогаш станува тој глава на душата и ја научува да не прима ништо што не е според она што е природно и ѝ раскажува за сите несправедливости, кои ѝ ги причинило тоа сѐ додека било примешано со природното.

19. Нашиот Господ Исус Христос, кога им ја дал милоста на Своите светии, извршувајќи го промислителното спасение, Он на Својот крст - ги разделил разбојниците. Он бил распнат меѓу двајца распнати разбојници. Оној што бил распнат од Неговата лева страна се лутел, гледајќи дека на тој начин му ја расипува нечистата дружба со оној што бил распнат од десната страна. А оној од десната страна се обратил кон Исуса и смирен, со страв Му рекол: “Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!” (Лука 23, 42).

20. Од ова се гледа, дека тие не биле веќе другари. И оној од левата страна веќе не можел да го придобие оној од десната страна. И оние што уште не стигнале до овој дел од патот - паѓаат или стануваат, сѐ додека не дојде на нив Божјата милост; тие и не можат да се спасат, ако на нив не се излие Божјата милост. Па така, да се грижиме како што треба и со страв и смирение да дојдеме до сознание - онакво како што добил разбојникот распнат од десната страна. Смирената мудрост дава сила да ги поднесуваме понижувањата.

21. Кога некој се одвои од оној што е од левата страна, тогаш ги познава точно сите свои гревови, што ги направил пред Бога, зашто тој не ги гледа сѐ додека не се оддели од нив и не почувствува вистинско чувство на жалење. А оние што стигнале до таму, тие добиле плач и молитва, како и срам пред Бога, спомнувајќи си за својата лукава дружба со страстите. Бог е силен да ги поткрепи оние што се трудат тајно во смирение. Нему нека Му е чест и слава во сите векови. Амин.

Преподобен Авва Исаиј