Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици 

Слова предавани од авва Петар, ученикот на авва Исаиј, кои ги слушал од него

1. Мојот духовен отец рече: “Биди храбар да го направиш она, што треба да биде направено. Чистотата Му се моли на Бога. - Стравот Божји и самоограничувањето во сѐ ги напуштаат гревовите. Ако човек има злоба и желба за одмазда во своето срце, попуста е неговата молитва. Немај желба да бараш совети за работи од овој свет, а и ти самиот не им давај вакви совети на оние што ти ги бараат. Твоите уши постојано да бидат невнимателни кон оние, кои говорат за тебе, и моли Му се на Бога да ти даде дар да дознаваш, кои од нивните зборови да ги слушаш. - Настојувај и труди се да не говориш едно со твојата уста, а друго да имаш во твоето срце”.

2. Toj го рекол и ова: “Поврзувањето на себе си со Бога, со разумот и смиреното покорување на заповедите - раѓа љубов, а љубовта - бестрасност”.

3. Toj рекол: “Безмолвникот треба да се самоиспитува секој час: дали ги победил оние што ќе го задржуваат на воздушните митарства, и дали се ослободил од нив додека живее уште овде на земјава. Зашто сѐ додека им робува тој , сѐ дотогаш не се ослободил од нив. Нему му претстои уште труд се додека не се удостои со Божјата милост.

4. И ова го кажал авва Исаиј: “Оној човек што има осудување во своето срце, уште е далеку од Божјата милост”. А кога го прашав што значи ова, тој ми рече: “Ако сакаш да одиш по Господа Исуса Христа, запази ги овие зборови; ако сакаш да го распнеш својот стар човек со Него, ти си должен да се одвоиш од оние, кои сакаат да се оддалечиш од крстот, да се подготвиш да ги поднесуваш навредите и да им го успокојуваш срцето на оние што те вознемируваат, да се смируваш, да владееш над своите желби, да си наложуваш молчење на твојата уста и никого да не го осудуваш во твоето срце.

5. Toj рече: '“Оној што се наоѓа во безмолвие треба да има страв од Бога, зашто сѐ додека срцето бива влечено кон гревот, Божјата милост уште е далеку од него”.

6. Тој рече: “Еве што е жално; бесстрастисто го имаме во устата, а безаконието и злото ги имаме во срцето”.

7. Тој рече: “Ако човекот не се смирува дури до смрт и да го направи своето тело такво, какво што било телото на Исуса, тој нема да Го пречека со радост и уште не е ослободен од тешкото ропство”.

8. Тој често говореше: “Помилуј, помилуј, помилуј ме, Господи! До каде дојде мојата душа! Таа е создадена во голема чистота, а во каква состојба се наоѓа сега - во суетност е врзана!”

9. Тој рече: “Додека си во твоето тело, те молам, не прави му отстапки на твоето срце, бидејќи човек кој не знае и не може да верува во тоа дека ги има плодовите на своите ниви сѐ дури не ги собере и не ги стави во своите амбари; не знае што може со нив да се случи. Така не може човек да му даде слобода и на своето срце се додека има дишење во него (сп. Јов 27, 3): не знае тој каква страст може да го нападне сѐ до неговото излегување од тело, туку треба постојано да вика кон Господа Бога и да бара од Него помош и милост”.

10. Еднаш го прашував: “Оче, што е смиреномудрие и од што се раѓа?” Тој ми одговори вака: “Послушноста, откажувањето од својата волја во смирение без труд, чистотата, поднесување на навредите, поднесувањето на лошите зборови од нашиот ближен без тешкотија, - ете, тоа е смиреномудрие”.

11. Тој еднаш рече: “Блажен е оној што го придобил новиот човек - пред да се сретне со Христа. Ова го кажал и апостолот велејќи: “Телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо” (1. Кор. 15, 50) и: “штом помеѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?” (1. Кор. 3,3 ).

12. Другпат рече: “Ние се наоѓаме во вакви тешки гревови затоа што не сме ги познале добро нашите гревови и не сме имале разумен плач поради нив, зашто, кога би имале ваков плач, тој би ни ги открил пред нас. А кога ни е дадено да ги видиме вистински нашите гревови, тогаш дури би се засрамиле и да ги погледнеме в лице оние што се пред нас, затоа што тие се почисти од нас. Луѓето грешат со таква бесрамност затоа што не Го знаат Бога. Ние се согласуваме со гревовите, нашите срца не им се противставуваат, иако мислиме дека сме Му верни на Бога".

13. При една друга прилика тој рече: Оние што претрпуваат навреди и се одречуваат од својата волја пред ближниот заради Бога, за да не му дозволат на непријателот да навлезе меѓу нив, се покажуваат како трудбеннци Божји. Зашто, ако сме умствено бодри и со разумот наш сме под нозете на Господа Исуса Христа, тогаш ќе почнеме да се грижиме да ја отсечеме нашата волја само затоа за да не бидеме одлачени од нашиот возљубен Господ. Оној што ја покажува својата волја во сѐ, тој не може да биде во мир дури со верните, бидејќи неговото срце бива тогаш исполнето со малодушност, гнев, и лутина, против братот. Тие насекаде го следат неговото срце. Оној што говори: “Мене ништо нема да ми наштети, ако позборувам или ако слушам, како што и слепиот што не гледа ништо ни кога го воведуваат, ниту кога го изведуваат; тој не ја гледа светлината”. Разберете, дека тоа е затоа што така бива и со сонцето и неговата светлина и топлина кои се намалуваат кога ќе го покрие и најмало облаче. Но во духовниот живот ова не е јасно за сите, туку само за оние што имаат видение”.

14. Тој рекол: “Кога човек ги гледа своите гревови, тој нема јазик да разговара со некој човек”.

15. Тој рекол: “Намрази сѐ што е во светот, намрази го и спокојот на твоето тело, зашто тие те прават да бидеш непријател на Бога. Како што човекот, кој има некој непријател, води борба со него, така и ние сме должни да се бориме со нашето тело и никогаш да не му даваме да има спокој”.

16. Тој рекол: “Подвижникот, кој Го љуби Бога, треба да внимава на секоја своја помисла, да се советува со секоја од нив и да ја проценува: дали е таа од неговото тело или не е. И доколку некоја од нив има неприродна сила во некој од неговите членови, до толку тој не треба да се смета девственик”.

17. Еднаш го прашав: “Што значат евангелските зборови: “Да се свети името Твое?” - Тој ми одговори: “Овие зборови се однесуваат на совршените, зашто е неможно името Божјо да се свети во нас, кои сме совладани од многу страсти”.

18. Toj го рекол и ова: “Древните оци рекле, дека оддалечувањето од светот - е оддалечување од телото, ограничувањето на телесните потреби и помислувањето за смртта".

19. А за мирот со ближните го рече ова: “Таму каде што нема мир, таму не живее ни Бог. Оној што ги гледа своите гревови, тој го гледа и мирот. Зашто не ги простува гревовите местото на живеењето, туку ги простува смирението. Давид вели дека, кога паднал во грев со жената на Уриј , не нашол ништо што би можел да Му принесе жртва на Бога, освен следниве зборови: “Тогаш ќе ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленци; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци” (Псал. 50, 19).

20. Го рекол и ова: “Малодушноста и прекорувањето на ближните го исполнуваат умот со немир и не му даваат да ја види Божјата светлина”.

21. Го рекол и ова: “Направи сѐ што можеш да ги одбегнуваш овие страсти, кои ја победуваат твојата душа: користољубието, честољубието и љубовта спрема спокојот, зашто тие ја победуваат душата и не ѝ даваат да напредува”.

22. Тој рекол: “Ако кога седиш во твојата ќелија ти дојде на ум да го осудиш твојот ближен, тогаш почни најнапред со твоите гревови и заврши со тоа - дека твоите гревови се многу повеќе од гревовите на твојот ближен. Исто така, ако помислиш дека ти правиш добри дела, тогаш претпоставувај дека тие не Му се угодни на Бога. Секој здрав и силен дел на телото му помага на оној што е болен и се грижи за него, велејќи: “Јас имам нешто што ми е заедничко со него"; и тој тогаш има сочувство спрема него и му помага сѐ додека не оздравее. Оној што има тврдо срце говори: “Јас никогаш не сум згрешил", а оној што има смиреномудрие, тоj се смета виновен за гревовите на својот ближен „ секогаш говори: “Јас погрешив, а не мојот ближен". А оној што го презира смирението, тој мисли во себе cи дека е мудар и дека никогаш никого не навредил; а оној што има страв Божји се грижи за добродетелите и се прашува: дали некоја од нив, макар една од нив не ја загубил.

23. И ова го рекол авва Исаиј: “Ако кога седнш во твојата ќелија и Му се молиш на Бога молчејќи, а твоето срце се преклони кон нешто, нешто што не е Божјо, а ти помислиш дека тоа не е грев, дека тоа се само помисли, а не е никаков грев, знај дека твојата молчалива молитва што ја извршуваш тогаш не е вистинска молитва. А, ако речеш: “Бог ќе ја прими мојата молитва, која сум Му ја упатил со молчење”, треба да знаеш дека и твоите скришни помисли кои се усогласени со злото во твоето молчење, се исто така, грев пред Бога”.

24. Еднаш го прашав за верата во Божјата помош, а тој ми одговори: “Тој што не наоѓа помош во време на бура и духовна борба, тој не може да верува ни кога е во мир”.

25. А еднаш ми рече вака за учителството, дека нему му е својствен стравот: за да не погрешиш во она што поучуваш, потребно би било и самиот да си го искусил; никој не може да научи друг, ако во тоа нема личен опит.

26. А за Светото причестување го има речено ова: “Тешко! Тешко ми на мене! Ако имам општење со Божјите непријатели, какво ќе биде моето општење со Него? Па, спрема тоа јас се причестувам за суд и за осудување. Зашто, еве, што ми говорат зборовите од светата Литургија: “Светињата е за светите! ” Значи, оние што ќе ги примаат Светите Дарови - да бидат и самите свети. Но, ако во мене дејствуваат силите на гревот, јас не сум достоен за Светите Дарови”.

27. Еднаш го прашав: “Што е стравот Божји?” А тој ми одговори: “ Оној човек што копнее по нешто што не е Бог, тој нема страв Божји”.

28. Еднаш го прашав: “Што е слуга Божји?” А тој ми одговори: “Сѐ додека некој им служи на страстите, се дотогаш тој не може да се смета Божји слуга. Тој е слуга на оној, на кого му служи”.

29. Тој тогаш го рече и ова; “Тешко! Тешко ми мене! Teшкo ми што не сум се подвизувал да се очистам и да добијам милост! Тешко мене што не сум заедно со Христа, а им служам на Неговите непријатели и не се борам против нив за да царувам заедно со Христа; зашто како може оној што им робува на другите да Му се приближи на својот Цар? Тешко! Тешко ми мене! Јас го носам Твоето име, Господи, се нарекувам христјанин, а им служам на Твоите непријатели! Тешко! Тешко! Тешко ми мене, зашто јадам од храната, од која се гнаси мојот Бог! И токму затоа Он не ме исцелува од моите духовни болести”.

30. Го посетив еднаш кога беше болен и кога страдаше многу. Кога виде дека ми е многу жал што се измачува толку многу, тој ми рече: “Толку страдам и толку сум немоќен, што едвај можам да си помислувам за оној страшен час, а здравјето на телото им пречи на мислите за смртта. Телото бара да има силно здравје, за да може да се бори против Бога; а она дрво што бива залевано секој ден, тоа не се исушува, и не престанува да дава плодови според својот род”.

31. А еднаш ги изрече овие зборови; “Човек има потреба од храбро и големо срце, за да може да ги извршува Божјите заповеди”.

32. A другпат рече: “Тешко! Тешко ми мене! Јac ги имам пред себе си обвинителите, што ги познавам и кои ме познаваат, па не ќе можам да го порекнам она што ќе го кажат против мене! И како можам да се сретнам со Господа и со Неговите светии, кога моите непријатели не ми оставија ниеден мој здрав дел пред Неговото лице?!

33. Јас го прашав: “Што треба да прави оној што се подвизува во безмолвие?” А тој ми рече: “Безмолвникот треба да ги има овие три добродетели: постојанен страв, постојана молитва и постојано зауздување на своето срце.”

34. Потоа пак ми рече; “Безмолвникот треба да се пази да не чуе ниеден збор што му е некорисен, зашто тоа го упропастува неговиот труд.

35. Еднаш ми рече дека авва Серапион, кога бил запрашан од еден старец: “Ти се молам, имај љубов спрема мене и кажи ми како се гледаш себе си?” Тој му одговорил: “Јас сум сличен на човек, кој гледа надвор и им дава знак на оние што доаѓаат кон него - да не му се приближуваат”. А старецот што го прашал му рекол: “А јас, се гледам вака: Сум направил ограда насекаде околу себе и сум ја затворил со железни резиња, така што, кога некој затропа, јас не дознавам ни кој е тој, ниту од каде доаѓа; ни знам што сака, ниту знам каков е, и не му отворам сѐ додека не си отиде”.

36. А еднаш ги кажа овие зборови; “Koj Го сака Господа со натажено срце него Господ го слуша, ако Го бара со разум и ако Му се моли искрено и постојано, ако Му се моли со разум и со искреност, а не е врзан со ништо од овој свет, туку се грижи со страв за својата душа, за да излезе пред Божјиот суд ненатоваре со гревови и да биде помилуван”.

Преподобен Авва Исаиј