Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици 

За бесстрасноста

1. По патот на добродетелите има паѓања, зашто има непријатели, има промени, има изобилство, има оскудност, има жалост, има радост, има страдање на срцето, има успеси, има принуда, зашто тоа е патување, за да се постигне успокојување.

2. Бесстрастието е далеку од сето тоа и нема потреба од ништо, зашто тоа е во Бога и Бог е во него. Тоа нема непријатели, нема паѓања, ни неверување, ни труд околу запазување, ни страв од страстите, ни копнеш по некаква работа, ниту вознемирување околу нешто демонско.

3. Големи и неизмерливо славни се неговите достоинства. Додека во некого има страв од некоја страст, сѐ дотогаш тој е далеку од бесстрастието; сѐ додека од срцето на некого излегува осудување, сѐ дотогаш тој е далеку од бесстрастието.

4. Тоа е телото што го примил нашиот Господ Исус Христос. Тоа е љубовта, која треба да ја пројавуваме во дела, а на која ги научил Он своите последователи.

5. Многумина неискусни помислиле, дека добиле бестрасност, додека страстите уште живееле во нивната душа, па и телото нивно уште не било исчистено од нив и се отклониле од доброто и неопходното. Простете ми, браќа заради Бога. 

Преподобен Авва Исаиј