Преподобен Авва Исаиј (pdf)

Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици  

За совршенството

1. Некој од оците рекол, дека ако човек не придобие вера во Бога, непрестоен копнеж по Бога, невраќање зло за зло, страдање, смиреност, човекољубивост, откажување од сѐ, кротост, долготрпеливост, постојана молитва со страдање на срцето, вистинска љубов, одлучност да се оди по Бога и не свртување наназад, не гледање на она што ќе го најдеме, негледање на своите добродетели, редовно молитвено правило; барање Божја помош против сѐ што ни пречи во неговото исправно извршување, против пречките што секојдневно се испречуваат пред него, ако сето ова му недостасува тој не може да се спаси.

2. Човеку, твоите непријатели не дремат. Затоа, не биди невнимателен, не смееш да не се гржиш да својата совест. Никогаш немај доверба спрема себе си, не верувај дека си постигнал нешто што е достојно за Бога, гледај се секогаш како да си уште на страната на твоите непријатели. - Телесните твои подвизи и напори, преземани со разумност, ќе го надополнат она што си го пропуштил со твојата мрзливост; твојата совршена љубов спрема Бога и извршувањето на Неговата волја - се противставуваат против нападите на невидливите демонски сили, скриената чистота која ги победува лошите невидливи сили - те приготвува за мирот со Синот Божји, а видливата чистота ги запазува добродетелите.

3. Ако знаењето е родител на сѐ што рековме, тоа е и пазител на сето тоа. Благодарноста во срцето во време на искушенијата ги одбива нападите на искушенијата. Неувереноста дека Му е угоден на Бога твојот труд - ти ја приготвува Божјата помош, која те запазува. Оној што го предава своето срце во барањето на Бога според вистината, не може да има мисли за тоа дека Му угодил на Бога со својот труд. Зашто сѐ додека совеста го изобличува на нешто што е спротивно на првоначалната природност, сѐ дотогаш тој ѝ е туѓ на слободата. Зашто сѐ додека го изобличува совеста, сѐ дотогаш тој е осуден, а додека ја чувствува вината, тој сѐ уште не е слободен. Најпосле, ако за време на молитвата увидиш, дека никакво направено зло не те изобличува, тогаш можеш да знаеш дека си вистински слободен, дека си влегол во Неговиот свет спокој и дека си по Неговата волја.

4. Ако видиш дека добриот плод се вкоренил во тебе и дека плевелите на непријателот уште не го задушуваат; ако искушувачите, додека ти тоа уште не си го почувствувал - тие отстапиле сами од себе, престанале да те напаѓаат; ако облакот ја осенил твојата скинија, па сонцето не те пече веќе дење, ниту месечината те осветлува ноќе (сп. Псал. 120, 6), ако ти се направени сите подготовки во твојата скинија, за да ги поставиш, според волјата Божја, тогаш знај дека Бог победил во тебе и дека отсега Он ќе ја осенува твојата скинија, зашто таа е негова; Он ќе оди пред неа и ќе кажува и наредува каде треба да биде нејзиниот покој. Зашто, ако Он не застане таму, каде што сака, според она што е речено во Светото писмо, ни таа не може да застанува и да се одмара (4. Мој. 9, 16-23).

5. Постои голема опасност сѐ додека човекот не се познава себе си и дали во него нема нешто од непријателот, нешто што има за цел да го растрои неговиот монашки живот, учејќи го на нешто што не е согласно на неговата вистинска природа. Затоа имаме потреба да имаме повеќе страв Божји, отколку повеќе да се надеваме на Неговата добрина; мислата за смртта треба постојано да ја имаме присутна во нас и светата смиреност да владее над нашето срце секој миг, според Божјата милост. Имаме потреба сето ова да го имаме на ум и да се трудиме сите овие свети чувства и расположби да бидат во нас во нашето срце и во нашиот ум и да ги имаш нив сѐ до крајот на твојот живот и постојано да ги гледаш твоите гревови; во ништо да немаш доверба во себе си - сѐ додека се наоѓаш во ова лошо ропство.

6. Кога некој го осудува и понижува својот ближен во своето срце, го навредува секогаш кога за тоа наоѓа можност, го поучува со гнев и лутина, го клевети пред секого; тоа го прави туѓ на милоста, што ја добиваа светиите украсени со добродетелен живот. Тоа ги уништува трудовите што ги презема човекот - неговите добри плодови. Оној што говори: “Јас ги оплакувам своите гревови”, а не прави ништо од тоа, што го вели, тој е безумен, а оној што говори: “Јас плачам за моите гревови”, а продолжува да ги прави, тој се мами себе си.

7. Оној што го бара молчењето (безмолвието), а не се грижи истовремено да ги отфрли своите страсти, тој е слеп во делото на изградбата на своите добродетели. Оној што ги оставил своите гревови во невнимание, а се грижи да ги поправи другите, тој и е туѓ на срдечната молитва и на разумната прозба од Бога. Еве, што е вистинската храброст, кога човек се бори со изминатите гревови, кога се моли за тоа одново да не падне во нив, ни во своето срце, ни на дело, ни со чувство.

8. Кога спомнувањето за гревовите нема непрестајно да господари над неговото срце, кога нема да се одделува од сѐ што е во светот, за да не биде победен од сето тоа, тој не може да престане да не греши, а се задоволува само со грижата за нив, тој не може да биде ослободен од Божјиот суд. Блажен е оној што ќе успее да ја победи желбата за грешење, што ќе се бори против неа искрено и без лукавство. Впрочем, тоа е дело на оние што имаат вистински план и што не го осудуваат својот ближен. Зашто, ако си загрижен за своите гревови, тоа нема да ти дозволи да се грижиш за гревовите на ближниот.

9. Оној што враќа зло за зло - тој е далеку од плачот. Приврзувањето за нешто светско од славољубие, и тоа е далеку од плачот, далеку е дури и од самата помисла за него. Да тажиш за тоа што не го прифатиле твоето мислење за нешто, далеку е од плачот. Да ја извршуваш својата волја - тоа е далеку од него. Да кажеш за некого дека е добар или лош, а во исто време знаеш дека си полош од него, тоа е срамотно. Да сакаш да дознаеш за неговите работи и тоа е срамно, и тоа не ти дозволува да ги видиш своите гревови.

10. Ако некој те навреди, а ти се натажиш, и тука нема место за плач. Ако имаш некакви светски работи и претрпиш некаква штета, па почнеш да тажиш, покажуваш дека немаш страв Божји. Ако кажат нешто за тебе лошо, за што дури и самиот не знаеш, а ти се натажиш, и овде нема страв Божји. Ако некој те прославува, а ти го прифатиш тоа, и тогаш покажуваш дека нема страв Божји во тебе. Ако некој те искара, а ти страдаш поради тоа, ти со тоа покажуваш дека страв Божји нема во тебе. Ако трчаш по славите од овој свет и сакаш да бидеш со нив, и тогаш нема страв Божји во тебе. Ако некој, разговарајќи со тебе, посака да спори за нешто, а ти настојуваш да ги прифати твоите зборови, и тогаш нема страв Божји во тебе. Ако ги презрат твоите зборови, а ти се натажиш поради тоа, покажуваш дека страв Божји нема во тебе. Сето ова го открива стариот човек и покажува дека е тој уште жив, дека ја пројавува својата власт, покажува дека нема внатрешна власт што се бори против него, покажува и докажува дека таму нема страв Божји и вистински плач.

11. Оној што сака да живее според волјата Божја треба да има умствени очи за да види и да познае дека е непријател Божји, кога сака да се изврши она што е според неговата волја. Ако ти, бидејќи исполнител на Божјите заповеди, секоја своја работа ја извршуваш свесно заради Бога, помислуваш дека не можеш да Му угодиш на Бога соодветно со Неговата слава, а пред своите очи ги имаш своите гревови, лукавиот дух ќе се противстави против тебе на тој начин - што ќе те нагони да мислиш за својата праведност. Со тоа тој сака да го урне домот твој што си го изградил со плачот. Тогаш ќе сфатиш дека си се познал, дека знаеш во каква состојба се наоѓаш, па нема да му поверуваш на своето срце, нема да поверуваш дека конечно си победил.

Зашто, додека човекот не биде изведен на суд, и не чуе зошто го обвинуваат, сѐ дотогаш не може да верува во тоа, бидејќи во него живее непрестајниот страв за тоа дали Му угодил на Бога. Плачот поради нашите гревови пред Бога, кој го измачува нашето срце може да ги ослабнува нашите чувства, а противставувањето на помислите ги запазува и чувствата и умот. Но човекот не задоволен од ова, не може да верува на себе си; затоа постојано треба да се подвизува и да се труди додека се наоѓа во телото.

12. Блажени се оние што не се надеваат целосно на своите дела, кои мислат дека се тие угодни на Господа, кои се срамуваат да застанат пред Бога, поради таквата надеж на своите дела, кои ја разбрале славата Негова и кои се трудат да ја извршуваат Неговата волја, кои ја познале својата немоќ и постојано жалат и се оплакуваат и не се грижат за другите созданија Божји на кои Самиот Бог ќе им суди. Победата на оние што Му служат на Бога ќе се открие тогаш кога тој потполно ќе се соедини со Него и ќе ја прифати Неговата волја. Тогаш тој ќе биде запишан во книгата на живите, - кога ангелите небесни ќе посведочат дека тој преминал низ воздушните митарства. Оттогаш тој ќе се спомнува заедно со небесните жители. Но додека уште продолжува борбата, човекот е опфатен од страв и трепет, зашто ако денес е победен, утре може пак да победи; ако денес победил, утре може да биде победен.

13. Борбата го стеснува срцето, а бестрастието е непобедливо. Тоа веќе го добило својот венец и не се вознемирува за судбата на своите три делови - душата, духот и телото - кога тие одново ќе се примират едно со друго во Бога. Светиот апостол Павле пишува: “Целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Г оспод Исус Христос!” (1. Сол. 5, 23). Па така, кога овие три дела се соединат во едно со дејството на Светиот Дух, тие веќе не можат да се одделат едно од друго. Така и Христос, Кој умрел и воскреснал, како што вели апстолот: “Откако воскресна од мртвите, нема веќе да умира: смртта веќе нема власт над Него” (Рим. 6, 9). Смртта Негова била спасение за нас, зашто со Својата смрт Он го умртвил гревот и со Своето воскресение ни подарил живот на нас, што имаме силна вера во Него. Со Својата смрт и со Своето воскресение Он ги исцелил нашите страсти, за да живееме во Бога и да раѓаме плодови на правдата.

14. He сметај дека си умрен за гревот сѐ додека си подложен на демонските удари, било во будна состојба или во сон, зашто сѐ додека се наоѓа човек во борба, сѐ дотогаш е изложен на животна опасност, сѐ дотогаш тој нема доверба во своите дела. Само неразумниот, иако паѓа секој ден, мисли дека е непобедлив, затоа што привремено престанала борбата на бојното поле.

15. Затоа Господ Исус Христос им рекол на Своите ученици испраќајќи ги на проповед: “Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте! И во која куќа влезете, прво кажете: “Мир на таа куќа!” (Лука 10, 4-5). И таму ќе почива вашиот мир. И Елисеј му рекол на Гиезиј испраќајќи го: “Опаши се преку половината и земи го стапот мој во раката и врви; ако сретнеш некого, не го поздравувај; а ако некој те поздрави, не му одговарај; и стави го стапот врз лицето на детето!” (4. Цар. 4, 29). Зашто видел дека тој не може да го воскресне детето, дека нема сили да го дигне. А кога влегол Божјиот човек, тој, откако го видел детето да лежи на постела, ја затворил вратата зад себе, и со сето свое чувство и со сиот свој подвиг се искачил на постелата од детето и слегувал од неа, одејќи низ собата до седумпати. Кога се загреало телото на мртвото дете, соред волјата на Духот Божји му се отвориле очите на детето.

16. А што имаме да кажеме ние несреќните, кои ја сакаме славата на овој свет, кои не знаеме како да се бориме и кои брзаме да се одмориме, кои не ја познаваме Божјата трпеливост, дека Он ќе ги остави плевелите да растат заедно со пченицата, сѐ додека не дојде време за жетва и не ги испрати Своите слуги да ја ожнеат зрелата пченица и не ги изгорат одвоените плевели. И Гиезиј го изминал патот и дошол до мртвото дете, но не успеал да го воскресне, затоа што ја сакал славата човечка повеќе од Божјата слава.

17. Блажени се очите, кои со право се срамуваат да погледнат кон Господа и кои се грижат своите рани да ги исцелат со разумот свој, сознавајќи ги своите гревови и молејќи се да им бидат простени. Тешко им на оние што си го губат времето, мислејќи дека се безгрешни, не ја слушаат својата совест, не сакајќи да ја послушаат и да се покајат за своите гревови и не сакајќи да признаат дека се помали од сите.

18. Како што земјоделецот, кој ја посеал својата нива, која, и покрај неговиот труд, не родила и не го дала чеканиот род, жали за семето што го пооеал и за трудот што го вложил. Тој ги имал сите потребни знаења, правел сѐ што знаел и што можел, се измачувал, сепак, нивата негова не го дала својот плод. Така бива и со оние, кои се надеваат само на своето знаење и на своите трудови, заборавајќи дека се опколени со опасни непријатели. Тие забораваат на ова, сѐ додека не ги чујат зборовите на апостолот: “љубовта сѐ извинува, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ претрпува” (1. Кор. 13, 7).

19. Ox, колку е тежок Божјиот пат, како што рекол Самот наш Господ Исус Христос, велејќи: “Тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат” (Матеј 7, 14). A ние мрзливите и страстољубивите се успокојуваме со мислата дека не можеме да го носиме јаремот, за кој Он рекол: “Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно” (Матеј 11, 29-30). А оној што не е во бројот на мудрите по Бога и кој има страв Божји, кој не се подвизувал со сета своја сила да ги прифати маките во секој труд и во оддалечувањето од светот, во тихување (безмолвие) - тој не се грижи со сите свои сили за спасението на својата душа. Тој не се смета достоен да го изговори името Божјо. Поради нашите страсти, што дејствуваат во нас, при нас дошол нашито Господ и Спасител Исус Христос “за оние, кои живеат не по телото, а по духот” (Рим. 8, 1), да умре за нив, покажувајќи ни ја сета Своја волја. Он говорел: “Кога исполните сѐ, што ви е заповедано, речете: “Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме” (Лука 17, 10). Ова им го велел на оние што почнале да се трудат и продолжувале да се подвизуваат, бидејќи знаеле оти има крадци, кои се готови да го украдат нивниот труд. Секој кога види нешто отровно, тој бега од него - било да е тоа змија отровница или скропија или нешто друго што има во себе смртоносен отров. А нашата безумна и бесрамна душа прима во себе сѐ што ја умртвува; не бега и не отстапува од тоа, туку се насладува со тоа и го прифаќа со срце; попусто го живее своето време, па останува неродна и бесплодна.

Преподобен Авва Исаиј