Преподобен Авва Исаиј (pdf)

Преподобен Авва Исаиј

1. Авва Исаиј рекол: “Бидејќи исти работи ги постигнуваат и грешните и праведните, не треба да мислиме дека несреќите сите ги постигнуваат поради некакви направени гревови”.

2. Тој го рекол и ова: “Оние што прават сѐ само заради себе си, тие му служат на самољубието, кое е најголемо од сите зла. Од него се раѓаат: обезличувањето, затвореноста, недружељубивоста, неправдата и нечесноста. Човекот не е создаден така, за да живее саможиво, туку затоа да живее заедно со другите луѓе, со сличните на себе си и особено со Бога - својот Создател и Промислител. Затоа, човекот треба да живее со другите луѓе во љубов, та да биде сакан и од Бога”.

3. Авва Исаиј рекол: “Лагата се раѓа од љубов кон човечката слава. Оној што ја отфрла лагата со смирение, во неговото срце се зголемува стравот Божји. Не сакај ја славата на овој свет, за славата Божја да не се оддалечи од тебе”.

4. Тој го рекол и ова: “Кога го извршуваш твоето молитвено правило и го извршуваш со смирение, како недостоен, тоа Му е пријатно на Бога. А, ако во твоето срце навлезе горда помисла, а ти ја прифатиш, па си помислиш за некој брат што спие и не се моли и го осудиш, знај дека е празен целиот твој молитвен подвиг”.

5. Авва Исаиј рекол: “Кога и како човекот станува смирен?” Тогаш кога нема јазик некому да му рече дека е мрзлив или да му одговори со навреда на оној што го навредува; тој што нема очи да ги види гревовите на другиот; тој што нема уши да го слушне она што е некорисно за неговата душа, тој што нема раце да се одбрани од некого и тој што не ја фрла вината на никого, а за сите свои гревови се обвинува себе си”.

6. Тој рекол: “Човекот треба пред сѐ да придобие вера во Бога и постојана љубов спрема него; да не биде злобен, да не враќа зло за зло, да го сака тешкиот живот, смиреноста, чистотата, и човекољубието - љубовта кон сите и послушноста”.

7. Тој рекол: “Намрази сѐ што е во светот, намрази го и спокојот на телото, зашто тие те направиле непријател на Бога, но како што оној човек, кој има непријател, води борба против него, така и ние треба да се бориме со нашето тело и да не му даваме спокој.

8. Некој брат го прашал шго значат зборовите од молитвата Господова: “Да се свети Твоето име?” Старецот одговорил: “Овие зборови се однесуваат само на совршените, зашто не може името Божјо да светлее во нас сѐ додека со нас владеат страстите".

9. Пак рекол: “Сакај повеќе да молчиш, отколку да зборуваш, зашто молчењето собира, а многугласието растура”.

10. Во една друга прилика рекол: “Голема работа e да го победиш славољубието. Оној што паднал во оваа лукава страст, ја загубил милоста и кон сите е жесток и без срце. Најпосле паѓа во гордост и почнува да мисли високо за себе си. Ова е најголемото зло и мајка на пропаста. Пази го во тајно она што станува во тебе и труди се поради човекољубие да не ја загубиш наградата за твојата воздржливост. Зашто оној што прави нешто за да се покаже пред луѓето тој се лишува од вистинската награда, како што рекол Господ”.

11. Светиот старец рекол: “Koj бара слава од луѓето, тој не може да биде слободен од зависта, а завидливиот не може да добие смирение. Таквиот им ја предал душата на своите непријатели, а тие го вовлекуваат во многу гревови и го погубуваат. Бегај од човечката слава и ќе се удостоиш со слава од Бога во идниот живот”.

12. Тој говорел: “Ако ти дојде помисла да го осудиш ближниот за некаков грев, помисли дека си погрешил повеќе од него, а за доброто што го правиш, не верувај дека му е тоа пријатно на Бога, па нема да го осудиш твојот ближен. Самопонижувањето е местото на внатрешниот спокој”.

13. Авва Исаиј кога видел еднаш некој брат што прави смртен грев, не го изобличил, туку рекол: “Ако Бог Кој го создал, гледајќи го ова не го изгорува, кој сум јас да го изобличувам?”.

14. Тој често говорел: “Да си спомнуваме за Оној Кој немал каде глава да потслони. Човече, сфати го ова и не мудрувај. Кој е Он и што станал заради тебе? Оној што е господар над сѐ станал туѓинец без свој дом и без ништо. Господи, колку е голема Твојата љубов спрема луѓето! Како можеше толку да се смириш Себе Си заради мене? И ако Оној Кој создал сѐ со силата на Својот збор немал каде глава да потсклони, зошто ти - несреќниот човек - толку многу мислиш за непотребните работи, зошто си заслепен од ненаситност?"

15. Уште рекол: “Оној што спечалил смиреност вината на својот брат ја зема врз себе и вели дека тој погрешил, а не неговиот брат. Оној што се смета за мудар го презира и го прекорува својот брат, а смирениот - никогаш не го прекорува својот ближен.

16. Авва Исаиј рекол: “Не е мудроста во зборовите, туку во тоа да знаеме кога треба да говориме; со разум молчи, со разум и зборувај. Пред да почнеш да зборуваш, помисли за тоа што треба да кажеш и каков одговор треба да дадеш. Не фали се со твојот разум. Повеќе од сите знае оној што вели дека ништо не знае. Венец на мудроста е - да се самопрекоруваме и да се сметаме подолни од сите”.

17. Авва Исаиј рекол: “Блудната страст се засилува од пет причини: од празнословието, од славољубието, од долгото спиење, од поубавото облекување и од прејадувањето. Ако сакаш да ја победиш блудната страст, не потчинувај им се на овие страсти, туку место празнословие вооружи се со пеење на псалми, место славољубие - возљуби го Христовото смирение, место долгото спиење огради се со бдеење, место раскошни облеки, облекувај се скромно, и место прејадување вооружи се со воздржливост и пост, зашто страстите се слични на алки во железната верига, тие се поврзани една со друга.

18. Овој свет старец рекол: “Богаташот ги скрива своите сокровишта во својот дом, зашто сокровиште што се гледа возбудува завист и предизвикува копнеж кај кнезот. И добродетелниот монах е смирен и ги крие своите добродетели, како и богатиот своите сокровишта. Ваквиот монах не ги извршува своите желби, туку се преморува секој час; тој се поучува со тајната пука, според зборовите на Светото писмо: “Кажи ми го, Господи, мојот крај и колкав е бројот на моите дни, за да знам колку сум ништожен” (Псал. 38, 4). Каков е овој оган? Слушајте што ни говори Светото писмо: “Нашиот Бог е оган, што изгорува” (Евр. 12, 29). Како што восокот се топи од огнот и како шт се исушува тнњата на нечистотиите, така од тајната поука се исушуваат нечистите помисли, свенуваат душевните страсти, се просветува умот, се пројаснува мислата и срцето се исполнува со радост. Тајното поучување им нанесува рани на бесовите, ги одгонува лошите помисли, зашто тоа го просветува внатрешниот човек. Кој се вооружува со тајното поучение, него и Бог го закрепнува, и од ангелите сила прима, а и луѓето го прославуваат. Тајното поучение и читањето на боговдахновените списи се дом на душата, во кој не може да се навлезе, зашто тој е кула непробојна, тивко пристаниште во кое се спасува човечката душа. Бесовите се измамуваат и вознемируваат кога монахот се вооружува со тајното поучение - со молитвата: “Господи, Исусе Христе, Сине Божји, смилувај се на мене грешниот!”, како и со читањето на Светото писмо. Оваа внатрешна поука е огледало на умот и светилник на совеста. Тајното поучение го исушува блудот, ја скротува лутината, го одгонува гневот, ја уништува гордоста, го омекнува срцето и го одгонува очајанието. Тајното поучение го просветува владеењето на умот, ја одгонува мрзливоста, ја раѓа духовната радост, го вселува во нас стравот Божји и подарува солзи. Тајното поучение му дава на монахот вистинско смирение, лесно и умилно бдеење и непречена молитва. Тоа е сокровиште молитвено, кое ги одгонува несоодветните помисли, породите бесовски, и го очистува телото. Тајното поучение поучува на долготрпеливост, воздржување и говори за пеколот. Тајното поучение го пази умот од грешни мечтаења и го настројува да помислува само за смртта. Тајното поучение е исполнето со секое добро дело и украсено со секаква добродетел; тоа е оддалечено од секое нечисто дело. Тоа нѐ оддалечува од секој грев и од секоја страст.

 

Преподобен Авва Исаиј