Преподобен Авва Исаиј

Преподобен Авва Исаиј

1. На умот му е својствен природниот гнев спрема страстите. Во човекот треба да има гнев против сѐ што внесува нечистота во него и да се гневи против сѐ она што сејат во него неговите духовни непријатели. Сакајќи да дојде до овој гнев, кој му е природен и својствен на умот, тој ги отстранува сите свои желби сѐ додека не дојде во состојба, која му е својствена на умот, во состојба, во која и душата и телото потполно му се потчинети на духот.

2. Кога борејќи се против непријателот, видиш дека неговите сили ослабнуваат и почнуваат да бегаат од тебе, нека не се радува твоето срце поради тоа, зашто тие направиле стапица за тебе. Тие ти подготвуваат напад пострашен од првиот. Отстапувајќи пред тебе тие оставиле зад твојот град во заседа голем дел од своите сили кои се притаиле и не се движат. И кога си ги нападнал, тие избегале пред тебе, како да се немоќни. Но, ако твоето срце се погордее и помислиш дека ти си ги прогнал, тогаш и тие што се во заседа, зад тебе, ќе станат против тебе; ќе се свртат против тебе и тие што пред малку бегале, па ќе те заобиколат од сите страни, така што не ќе имаш каде да се засолниш. Овој град е молитвата; борбата против непријателите е борба против лошите помисли, со помошта на Господа Исуса Христа, борбата против нив е светиот и природниот гнев.

3. Да стоиме, возљубени браќа, во стравот Божји, да ги пазиме добродетелите; да не ѝ ставиме препка на нашата совест, туку да внимаваме на себе си со страв Божји, сѐ додека и таа не се ослободи заедно со нас, така што меѓу нас и неа да има единство, и најпосле да стане наша пазителка и да ни укажува на сѐ од што можеме да се препнеме. Но, ако почнеме да не ја слушаме, таа ќе отстапи од нас и ќе не напушти. Тогаш ќе паднеме во рацете на нашите непријатели, кои веќе нема да не ослободат, туку, како што ни говори нашиот Господ: “Измири се со противникот твој на време, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата - на слугата и да бидеш затворен; вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму, се дури не го дадеш и последнот кодрант” (Матеј 5-25). Се вели дека противникот е нашата совест, зашто таа му се противставува на човекот кој сака да ја извршува волјата на своето тело. Ако тој не ја послуша својат совест, таа го предава на неговите непријатели.

4. Кога Бог гледа дека умот Му се покорува со сета своја сила и не очекува помош од никаде, туку само од Него, тогаш го закрепнува и му говори: “Кој те создал Јакове, и Кој те образувал, Израиле: не плаши се, зашто Јас те откупив, те нареков според името твое; ти си Мој. Преку води ли ќе минуваш, Јас сум со тебе; преку реки ли - тие нема да те потонат; ако тргнеш преку оган, нема да се изгориш, и пламенот нема да те обгори. Зашто Јас сум Г оспод, Бог твој, Светецот Израилев, твојот Спасител; откуп за тебе го дадов Египет; Етиопија и Савеја ги дадов за тебе” (Иса. 43, 1-3).

5. Kora умот ќе го слушне ваквото воодушевување, тогаш смело се обраќа кон непријателите и им говори: “Koj сака да се бори со мене: “Нека излезе против мене! Кој сака да се суди со мене: Нека ми се приближи! Еве, Господ е мој помошник, кој може да ме победи? Сите вие ќе остареете и ќе оветвите како облека изедена од молци”.

6. Ако срцето твое потполно го намрази гревот, ако почне да се бори против него, ако се ослободи од сѐ што го раѓа, ако ги претстави пред твоите духовни очи вечните пеколни маки, тогаш знај дека помошникот твој живее внатре во тебе, дека со ништо не си Го навредил, туку плачејќи пред Него говориш во своето срце: “Господи, Твојата милост да ме избави; јас самиот не можам да се избавам од рацете на моите непријатели без Твојата помош!” И Он ќе те запази од секое зло.

7. Монахот треба да ги затвори сите врати на својата душа, односно сите чувства - за да не падне преку нив. А кога, на тој начин умот што никој не го напаѓа, за да го надвладее, тогаш почнува да се бори за својата бесмртност, собирајќи ги сите свои чувства во едно, и прави да бидат едно тело. (Оваа мисла за тоа, дека умот, кога не е расејуван од чувствата, се усредсредува во себе си и се преселува во другиот живот - ја среќаваме и кај свети Василиј Велики).

8. Кога умот ќе стане слободен од секаква надеж во нешто во овој видлив свет, тоа е знак дека гревот умрел во тебе.

9. Кога умот ќе се ослободи од страстите, тогаш преградата, која постоела меѓу него и Бога - бива уривана.

10. Кога умот ќе се ослободи од сите свои непријатели и почнува да празнува, тогаш е веќе во некој друг свет; тој тогаш го созерцава новото и вечното, како што читаме во Светото писмо: “Каде што е трупот, таму се собираат и орлите” (Матеј 24, 28).

11. Понекогаш демоните лукаво се преправаат и демнат нема ли човекот да му даде слобода на своето срце, мислејќи дека веќе можат да си починат од духовните борби. И тогаш тие одеднаш скокнуваат и ја напаѓаат таа безумна душа и ја фаќаат како беспомошна птичка. И ако се покажат посилни од неа, и ја победат, тогаш ја унижуваат со секаков грев, пострашен од поранешните, чие простување таа пред тоа го измолила. Непрестајно да стоиме во страв Божји и строго да внимаваме на своето срце, постојано да ги извршуваме нашите монашки подвизи, да ги пазиме своите добродетели таа умствена и чувствителна одбрана против духовните непријатели.

12. Нашиот Учител Господ Исус Христос, знаејќи ја преголемата жестокост на нашите духовни непријатели и жалејќи го човечкиот род, ни заповедал како строго да го држиме нашето срце; велејќи: “Бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ. Знајте го и тоа, дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би стоел буден и не би позволил да му ја поткопаат куќата. Затоа бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки” (Матеј 24, 42-44). И уште: “Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно" (Лука 21, 34). Затоа, стражари над твоето срце и внимавај на твоите чувства. И ако спомнувањето на Бога се соедини со тебе, тогаш лесно ќе ги откриваш и ќе ги ловиш непријателите, кои ти се приближуваат да те поткрадат. Зашто оној што строго внимава на своите помисли веднаш ќе ги открие оние што сакаат да влезат во него, за да го осквернат. Тие го вознемируваат нашиот ум, го расејуваат и го прават да биде неподвижен за дејствување. Но, оние што го знаат сето ова нивно лукавство, се пазат прибрани и будни, молејќи Му се на Господа.

13. Ако човекот не намрази сѐ што се прави во овој свет, тој не може да Му служи и да Му се поклонува на Бога, како што треба. Зашто служењето на Бога што е - ако не тоа: да немаме во нашиот ум ништо туѓо кога Му се молиме; ни сласт чувствителна - кога Го прославуваме, ни гнев, кога Му пееме, ни омраза кога Го величиме, ниту пакост и завист - кога Му се поклонуваме и кога мислиме на Него. Зашто сето тоа е како мрачен ѕид што ја заобиколува душата, пa зaтoa, имајќи го тоа во себе, таа не може чисто да Му служи на Бога. Зашто тоа ја задржува во воздухот и не ѝ дозволува да Го сретне Господа, умствено да застане пред Него, насамо да Го прославува и да Му се моли со сладост во своето срце. Умот секогаш се помрачува и не може да преуспева да живее според Божјата волја затоа што не се грижи разумно сите овие работи да ги отстранува од себе си.

14. Kora нашиот ум ревнува да ги избави душевните чувства од Телесните желби и да преведе како во кораб кон бесстрасност, a и самата душа да ја оддели од телесните желби, тогаш, ако бесрамните страсти се устремат на душата, за да завладеат со нејзините чувства и да ја повлечат во грев, а умот почне тајно и непрестајно да вика кон бога, тогаш Бог, Koj го гледа сето ова, ќе ја испрати Својата помош, и во еден миг ќе ги прогони демонските сили.

15. Те молам, додека си во своето тело, не му давај слобода на Твоето срце. Зашто како што земјоделецот не може да се надева на некаков род, кога ја обработува својата земја, зашто не знае што ќе биде со семето што го сее, пред да го собере плодот од него во своите амбари. Така и човекот не може да биде безгрижен сѐ додека е жив - сѐ додека е во своето тело, сѐ додека е неговиот дух во неговите ноздри (сп. Joв 27, 3). Не знае тој каква страст може да го нанадне до крајот на неговиот живот. Затоа не треба да го пушти Ha слобода своето срце сѐ додека души, туку секогаш треба да вика кон Бога за помош, и Бог ќе се смилува на него и ќе му помогне.

16. Оној што не добива помош во време на борбите, тој не може да верува ни во мирот.

17. Кога некој се оддели од левата страна, од страната на демоните, дури тогаш може да ги согледа и да ги познае сите свои гревови, кои ги направил пред Господа Бога, зашто инаку тој не ги гледа своите гревови; не може да ги види сѐ додека не се оддалечи од нив - додека не се смири и не зажали поради нив во своето срце. Оние што го постигнале тоа, тие плачат, ги умножуваат своите молитви, се покриваат со срам, пред Бога, спомнувајќи си за својата срамна дружба со страстите. Браќа, да се подвизуваме според нашите сили, а Бог ќе ни помогне по Својата голема милост. Ако не го пазиме и ако не го запазиме нашето срце, како што го правеле тоа нашите духовни оци, ако не се трудиме да ги запазиме свети нашите тела. Како што го бара ова Бог од нас. Веруваме дека за време на овој глад, што нѐ постигна, дека ќе ни помогне нашиот Бог и ќе покаже милост и спрема нас, како што им ја покажал на Своите светии во минатото.

18. Оној што почнал да Го бара Бога со сето свое срце во вистинската побожност, не може веднаш да помисли дека неговиот труд Му е угоден на Бога. Зашто сѐ додека неговата совест го изобличува за нешто што не Му е пријатно на Бога, сѐ дотогаш тој е далеку од слободата. Зашто кога има некој што изобличува, тогаш има и   некој кој е достоен за тоа изобличување, а каде има изобличување осудување - таму нема слобода. Па кога се молиш и видиш дека ништо не те изобличува за некое зло, тогаш да кажеш, дека си слободен и дека си влегол во светиот Божји мир, според Неговата света волја. Кога видиш дека добриот плод зајакнал и дека не го задушуваат демонските плeвели, дека твоите непријатели, кои се надевале на своето лукавство и на своите итрини, отстапиле, иако не сами од себе, за да не се борат вeќe против твоите чувства, тогаш облакот ќе засени над твојата скинија; тогаш веќе сонцето нема да те пече дење, ниту месечината ќе те осветлува ноќе и дека ти е веќе сѐ приготвено за скинијата, за да ја уредиш и да ја чуваш според волјата Божја. Тогаш знај си одржал победа со Божјата сила. Тогаш, најпосле, и Oн ќе ја осени твојата скинија, зашто таа е НеговаСѐ додека трае борбата, човекот се наоѓа во страв и трепет, се прашува: ќе победи ли или ќе биде победен. Подвигот е тежок за неговото срце, а бестрасноста е слободна од борба, бидејќи веќе го добила она за што се борела и престанала да се грижи околу соединувањето на трите разединети делови на човекот - затоа што тие го постигнале взаемното измирување во Бога. Овие три дела се: душата, телото и духот. А кога тие станат едно преку дејството на Светиот Дух, тогаш веќе не можат да се разделат. Не мисли дека си умрен за гревот сѐ додека биваш напаѓан од непријателите во време кога си буден или кога спиеш. Зашто додека е некој уште на бојното поле, - тој сѐ уште не може да биде потполно спокоен.

19. Ако умот се охрабри и одлучи да ја следи љубовта, која ги угаснува телесните страсти, и со својата сила нема да попушта пред ништо што е неприродно пред страстите и пред гревот, кои настојуваат да владеат над срцето, тогаш тој, противставувајќи му се на сѐ што е неприродно во човекот најпосле успева да го ослободи од неприродното во него.

20. Испитувај се, брате, секој ден, вникнувај во своето срце, пред лицето на Бога, и сѐ што е страсно во него - исфрлај го надвор од него, за да не те постигне страшната казна пред да се очистиш од твоите гревови и од сѐ неприродно.

21. Внимавај, брате, на твоето срце, внимателно следи ги твоите непријатели, зашто тие се многу итри и лукави во својата злоба. Поверувај со целиот свој ум и со своето срце во оваа вистина: “дека не може да прави добро оној што го љуби злото“. Отфрлај го злото од твоето срце, за да не те постигне страшната казна.

Внимавај, брате, на твоето срце; свесно следи ги своите непријатели; тие се страшни во својата злоба. Злото и доброто не се заедно во дружбата своја. Затоа Спасителот нѐ учи да бдееме и да бидеме бодри, велејќи: “Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат” (Матеј 7, 13-14).

22. Внимавај на себе си и гледај нешто погубно да не те оддели од Божјата љубов. Крепи го твоето срце и не очајувај, велејќи: “Каде можам да го скријам моето срце - јас грешниот човек?” Зашто кога човекот ќе ги остави своите гревови и ќе се обрати кон Бога, тогаш неговото покајание го преродува и го прави потполно нов

23. Светото божествено писмо и Стариот и Новиот завет, насекаде зборува за пазењето на срцето. Монахот треба да ја сфати целта на Светото писмо - да знае на кого му говори и што му говори. Тој треба постојано да го има својот подвижнички труд, да ги следи нападите од непријателите, па слично на искусниот војник, да знае како да ги одбива нивните бранови, да се служи со Божјата благодат. Да биде постојано внимателен, да говори духовно со Бога и да не биде расеан со својот ум и со своите мисли.

24. Времето бара од нас молитви, како што кормилото на бродот бара ветрови - воздушни бранувања и бури. Човекот е способен да прима добри и лоши влијанија. Побожната и богољубивата мисла е господар над страстите. Ние безмолвниците треба трезвено и внимателно да ги разликуваме добродетелите од пороците; треба да знаеме кои добродетели да ги извршуваме во присуство на браќата и на оците, а кои ги правиме кога сме сами; да знаеме која од нив е прва, која е втора, и која е трета. Исто така, треба да ги разликуваме и страстите; да знаеме: која од нив е телесна и која е душевна; да знаеме, исто така, која добродетел е душевна и која е телесна. Треба да знаеме и ова: поради која добродетел гордоста го напаѓа умот, поради која се пројавува суетата; поради која нѐ напаѓа гневот; поради која - биваме напаѓани од желбата да му угодиме на стомакот. Зашто ние сме должни да го знаеме “секое превознесување, што се крева против познавањето на Бога" (2. Кор. 10, 5).

25. Првата добродетел е: безгрижноста за световното, односно слобода од секој човек и од секоја работа. Потоа, од неа се раѓа живиот и силен стремеж кон Бога, а овој го раѓа природниот гнев, кој востанува против сѐ што бива сеано од непријателите. Тогаш стравот Божји се настанува во човекот, а потоа, со дејството на стравот - се пројавува љубовта.

26. За време на нашата молитва ние сме должни непријателските помисли да ги одбиваме од нашето срце со побожно противставување, за да не се покажеме како: со устата на Бога да Му се молиме, а во срцето - да имаме нечисти и богопротивни помисли. Бог не ги прима таквите молитви од монахот - безмолвник; не ги сака молитвите - исполнети со расејани помисли и со невнимателност. И Светото писмо насекаде ни заповеда да ги запазуваме нашите душевни чувства. Ако волјата на монахот му се потчини на Божјиот закон, и умот негов почне според овој закон да управува со сѐ што презема, со сите душевни чувства, особено против гневот, гревот и похотта, зашто тие му се потчинети на умот. Тогаш сме ја извршиле добродетелта и сме ја исполниле правдата. Тогаш нашите желби се устремени кон Бога и кон Неговата волја, а гневот се устремува против ѓаволот и против гревот. Тогаш што е уште потребно? - Потребно е тајното поучување.

27. Ако некоја срамна помисла биде посеана во твоето срце, настојувај уште додека си во твојата ќелија да му се противставиш на тоа зло и да не му дозволиш да те совлада. Потруди се да си спомнеш за Бога. Знај дека Он знае што станува во тебе; пред Него е сѐ откриено: Он ги знае помислите на твоето срце. Речи ѝ тогаш на твојата душа: “Душо моја, ако се плашиш од сличните на тебе грешници - да не ги видат твоите гревови, не треба ли повеќе да се плашиш од Бога, Кој сѐ гледа и сѐ знае?” Од ова твое сознание ќе се насели стравот Божји во твоето срце. И ако го запазиш и тој остане во тебе, ниеден грев и ниедна страст не можат да те совладаат, како што е напишано: “Кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион; кој живее во Ерусалим, нема да се поколеба, ќе живее вечно” (Псал. 124, 1). И во секоја работа што ја работиш, имај на ум, дека Бог ја гледа секоја твоја мисла, и никогаш нема да згрешиш. На него нека Му е слава во сите векови. Амин.

Преподобен Авва Исаиј