Преподобен Авва Исаиј

1. Три добродетели се постојани чуварки на умот. Тоа се: природниот негов стремеж, храброста и сочувството.

2. Има три добродетели, кои, откако ги види умот во себе си, се уверува дека стигнал до бесмртноста. Тоа се: расудувањето, разликувањето на една страст од друга; предвидувањето на сѐ предвреме и несогласувањето со никакви туѓи помисли.

3. Има три добродетели, кои секогаш му даваат светлина на умот: да не се знае злобата на ниеден човек, поднесување на сѐ што станува и да им правиме добро на оние што ни прават зло. Овие три добродетели раѓаат други три, кои се над нив: човек што не знае злоба -  што раѓа љубов, претрпување без вознемирување на сѐ што се случува - што придонесува кротост и правење добро на оние што ни прават зло - што придонесува мир.

4. Има четири добродетели, кои ја очистуваат душата. Тоа се: молчењето, исполнувањето на заповедите на послушанието, самоограничувањето и смиреноста.

5. Авва Исаиј рекол: “Јас се гледам како некој коњ што талка, кој нема свој сопственик; секој што го види, го јавнува и го јава додека сака, а потоа го остава, а кога го остави тој - го фаќа некој друг и го јавнува и го јава сѐ додека сака и додека му е потребен.“

6. Пази се да не почнеш да се насладуваш со оние гревови што си ги правел во минатото, за да не бидат обновени во тебе истите гревови. Сакај го смирението; тоа ќе покрие многу твои гревови. Предај им го на твоите оци своето срце во послушност, и Божјата благодат ќе се всели во тебе. Не надевај се на твојата сопствена мудрост, за да не им паднеш во рацете на твоите непријатели. Научи го твојот јазик да бара простување, и врз тебе ќе слегне смирението. Кога седиш во твојата ќелија, грижи се за овие три работи: твојата рачна работа, богомислието и молитвата. Секојдневно мисли дека денес треба да се потрудиме во овој свет, и дека не знаеме што ќе биде утре; и нема да погрешиш пред Бога.

7. Не угодувај му на стомакот кога се храниш, за да не се обноват твоите некогашни гревови. Не очајувај во никаква работа, за да не бидеш нападнат од страна на непријателот. Принудувај се на тајно поучување, и набргу ќе најдеш успокојување во Бога. Принудувај се да се молиш долго и со плачење и можеби Бог ќе се смилува на тебе и ќе го соблече од тебе стариот и гревољубивиот човек.

8. Трудот, сиромаштијата, тешките страдања и молчењето раѓаат смирение, а за смирението се простуваат сите гревови.

9. Ако те напаѓа блудот, постојано преуморувај се со бдеење, со гладување и жед, а смирувај се пред сите; ако телесната убавина на некого го привлекува твоето срце или желба похотна по некоја жена, помисли на нејзината телесна смрдеа кога ќе биде во гробот, и ќе се успокоиш.

10. Брате, сѐ додека се наоѓаш во овој свет и во овој живот, не давај му спокој на твоето тело; а и не верувај му кога ти се чини дека е спокојно од страсти. Зашто често привремено се посмируваат, па ако човек не се грижи за своето спасение, тие ненадејно ја напаѓаат неговата кутра душа и ја уловуваат како немоќна птичка. А кога ја совладаат, без милост ја смируваат со секакви гревови. Да стоиме цврсто во стравот Божји и да се пазиме, продолжувајќи да се подвизуваме и да ги запазуваме сите добродетели, кои претставуваат пречка за злобата на лошите духови. Трудовите и подвизите во сегашниот живот не само што нѐ запазуваат од лошите духови, туку и приготвуваат венци на нашата душа уште пред нејзиниот исход од телото. Ние што го имаме печатот на светото крштавање да се трудиме да отстапиме од нашите гревови, за да бидеме помилувани во денот на Страшниот суд. Возљубени, да се подвизуваме, зашто времето е близу. Блажен е оној што ја има оваа грижа дење и ноќе.

11. Ако твоето срце е запленето од нешто, а ти, не знаеш како и на кој начин да го ослободиш, знај во прашање е некоја твоја желба, која владее со тебе и те тера да го правиш и она што не го сакаш. Ако Гедеон не заповедал да ги искршат садовите за вода, не би можела да биде светлината од свеќите (Суд. 9, 19 и понатаму). Исто така, ако човек не го презре своето тело, не може да ја види божествена светлина.

12. Ако во некој град, кој е ограден со ѕидови, само еден мал дел од градскиот ѕид биде разурнат, тогаш непријателите што го напаѓаат заобиколениот град, кои сакаат да навлезат во тој град, сето свое внимание го свртуваат кон разурнатиот дел од градскиот ѕид со цел низ него да влезат во непријателскиот град. Иако градските стражи и понатаму продолжат да ги чуваат градските порти, нема да можат да му попречат на непријателот да влезе во нивниот град, ако луѓето од градот не се потрудат да го изградат разурнатиот дел од градскиот ѕид. Исто така, ни монахот не може да им се противставува на своите духовни непријатели, ако навреме не победи некоја своја страст. Таквиот монах не може да постигне духовно совршенство.

Преподобен Авва Исаиј