Свети Макариј Велики

Најблискиот продолжувач на учителската дарба на свети Антониј бил свети Макариј Велики -Египетски. Раскажувањата ни сведочат само за две посети што му ги направил свети Макариј на свети Антониј, но треба да претпоставиме дека тие не биле единствени. Веројатно е дека свети Макариј често доаѓал да ги слуша долгите проповеди на свети Антониј, кој, оставајќи го светото осамено живеење, понекогаш им говорел на насобраните браќа кои го чекале во манастирот, како што нѐ уверува Крониј (Лавсаик, гл. 23). Оттаму во беседите на свети Макариј понекогаш можеме да слушнеме цели оддели, збор по збор, од поуките на свети Антониј. Оној што ги чита поуките на едниот и на другиот, може веднаш да го забележи ова. И не е можно да не се забележи дека ова светило - свети Макариј - е запалено од тоа поголемо светило - од свети Антониј.

Расказите за животот на свети Макариј не дошле до нас во целост. Сѐ што што можело да се дознае за него, собрано е во неговото житие, кое се наоѓа во изданието на неговите беседи. Особено е забележителна една клевета, која ја доживеал уште пред да се оддалечи во пустината.

Какво смирение! Какво самоодречување! Каква предност на Божјата волја! Овие особености и потоа се карактеристични за целиот натамошен негов живот. И самиот сатана најпосле гласно признал дека е победен од смирението на свети Макариј. Тоа било скала и кон овие возвишени скалила на духовното совршенство и благодатните дарови, со кои се удостоил најпосле свети Макариј.

Од списите на свети Макариј се запазени 50 беседи и едно послание. Ние овде ќе направиме од нив избор, кој претставува извесен поредок на неговите поуки. Тие претставуваат целина и значајни се по тоа што подробно го објаснуваат она што е главно во христијанството: осветувањето на паднатата душа преку дејството на благодатта на Светиот Дух. Ова е главното, кон што се упатени речиси сите негови поуки. Ова го наоѓаме и во грчкото Добротољубие - во Филокалијата. Таму не се поместени неговите беседи, туку извод од нив во 150 поглавја, направен од Симеон Матафраст. И она што го направил тој, го правиме и ние.

Свети Макариј не говори за одделните работи во подвижништвото. Оние кон кои се обраќал во своите беседи, биле веќе усрдни подвижници. Тој се грижи главно да им го даде на тие трудови потребниот правец, посочувајќи ја нивната последна цел, кон која треба да се стремат, преземајќи ги сите тие трудови и напори. Тоа е, како што веќе рековме, осветувањето на душата со благодатта на Светиот Дух. Одуховувањето е душа на душата. Без него нема живот. Тоа е залог и на идната светла положба.

Свети Макариј се занимава со паднатата душа и ја учи: како од таа состојба на темнина, разнебитеност и умртвеност - да излезе на светлина, како да биде излекувана и да оживее. Затоа неговите поуки се важни не само за монасите - за оние што се откажале од светот, туку и за сите христијани, зашто христијанството се состои токму во тоа: да станеме кога ќе паднеме. Затоа и дошол Господ Исус Христос; и сѐ што востановил во Својата Света Црква има ваква цел. Иако насекаде тој го условува успехот во ова со откажувањето од светот, но своевидно откажување од светот е задолжително и за мирјаните - за оние што живеат во светот. Бидејќи луѓето од овој свет се Божји непријатели. И можно ли е тогаш спасението?

Во изборот на поуките ќе го запазиме оној поредок, кој се изградува самиот по себе си кога ги читаме беседите на свети Макариј . Тој често ги издигнува нашите мисли кон самиот наш почеток и ни опишува во каква света положба се наоѓал првиот човек. Ова го прави со цел: мрачната состојба во која се наоѓа паднатиот човек преку тоа да ја видиме уште помрачна и понепривлечна. Ова и сѐ друго го прави, за да ни ја прикаже што поочигледно Божјата безгранична милост, пројавена во нашето спасение преку овоплатувањето на Единородниот Божји Син и благодатта на Светиот Дух. Овие три работи ги изнесува со цел да предизвика кај нас желба за спасение и да нѐ охрабри трпеливо да ги поднесуваме маките што ги имаме на овој пат. Овој пат почнува со одлучна решеност да Го следиме Господа и пo цена на нашиот живот, преку трудови во подвизи, да се самопринудуваме и да се противставуваме на себе си. Но кога преку ова ќе дојдеме до тоа да го чувствуваме дејството на благодатта или како што вели тој, благодатта на Светиот Дух да се пoкаже во нашето срце, во сета своја сила и во сето свое дејствување, - ќе не доведе до можното совршенство на земјата во Исуса Христа нашиот Господ и се завршува со двојна состојба на душите во идниот живот.

На тој начин ние ќе ги изложиме сите мисли на свети Макариј Велики под следните наслови:

1. Светлата состојба на првиот човек.

2. Мрачната состојба на паднатиот човек.

3. Нашето единствено спасение е Господ Исус Христос.

4. Создавање на тврда решеност да одиме пo Господа.

5. Состојба на подвижништвото.

6. Состојбата на оние што ја почувствувале примената благодат.

7. Можно христијанско совршенство на земјата.

8. Идната состојба пo смртта и воскресението.

Секаде го даваме текстот на свети Макариј збор пo збор. Составувачот од себе ги дава само насловите. Во цитирањето првиот број ја означува беседата, а вториот поглавјето или параграфот на беседата. Треба да забележиме дека има праграфи, во кои се наоѓаат повеќе мисли; затоа тие биваат цитирани повеќепати.

Свети Макариј Велики