Свети Макариј Велики

Поуки од свети Макариј Велики

 1. Првобитната светла состојба

а) Последната цел и врвното добро на човекот е во неговото општење со Бoга. Бог посакал да живее во него и човекот не наоѓа никаде мир, освен во Бога. Човекот се наоѓа во вакво сродство со Бога поради наговото првобитно назначение во создавањето.

1. Не постои таква близина и таков взаемен однос, каков што има душата со Бога и Бог со душата. Бог создал разни творенија: небото и земјата, сонцето, месечината, водата, дрвјата и сите разновидни животни. Ho, Господ не почива ни во едно од Своите творенија. Cѐ е во Негова власт, но сепак Он не го утврдил Својот престол во нив, не востановил општење со нив; а посакал да општи само со човекот и да почива само во него. Ја гледаш ли во ова сродноста на Бога со човекот и на човекот со Бога? (45, 5).

2. Како што ги создал Бог небото и земјата за живеалиште на човекот, така ги создал телото и душата на човекот за Свое живеалиште, за да се вселува и да живее во неговото тело, како во Свој дом, имајќи ја како Своја прекрасна невеста човековата душа, која ја создал по Својот образ. Затоа и вели апостолот: “Негов дар сме ние” (Евр. 3, 6). (49, 5).

3. Високо е достоинството на човекот. Погледни какви се небото и земјата, сонцето и месечината, и не посакал Господ во нив да живее, а само во човекот. Затоа е човекот поскапоцен од сите созданија, дури ќе се осмелам да речам, не само од видливите, туку и од невидливите - од духовните ангелски сили. Зашто Бог не рекол за архангелите Михаил и Гаврил: “Да ги направиме според Нашиот образ и според нашето подобие” (1. Мој . 1, 20); ова го рекол за духовната суштина на човекот - за неговата бесмртна душа. Напишано е: “Ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува” (Псал. 33, 7). (15, 20, 41).

4. Затоа умната и благоразумна душа, откако ги обиколи сите сознанија, никаде не наоѓа спокој за себе си, освен во Единиот Гocпод. И Господ ништо не сака повеќе од човекот. (45, 5)

5. Како што некоја богата девојка, која има свршеник не бива задоволна со никаков подарок од својот татко, сѐ дури не биде венчана со својот свршеник, така и човечката душа не се задоволува со ништо, сѐ додека не доживее потполно општење со Господа. Исто така, и детето сѐ додека е гладно, не обрнува внимание на ништо, ни на скапоцени камења, ни на скапа облека; сето негово внимание е свртено кон градите на својата мајка со желба да вкуси од нејзиното млеко. Така размислувај и за душата: и таа е задоволна само тогаш кога ќе се успокои во Бога.

б) Имајќи вакво назначение, човекот бил приспособен за него во самото создавање. Со ваква цел бил и создаден.

6. Душата е нешто големо и чудно. При нејзиното создавање Бог ја создал така, што во неа не бил вложен никаков недостаток. Напротив ја создал според образот на духот, ги вложил во неа законите на добродетелите, разумноста, знаењето, мудроста, верата, љубовта и другите добродетели, според образот на Духот. (46, 5).

7. Он вложил во неа разбирање, волја, ум што владее; вложил во неа и една друга голема особеност: ја создал лесноподвижна, леснокрила, неизморлива, ѝ дарувал способност да може лесно да дојде и да отиде во еден миг, со мисла да му служи на Бога, кога тоа го сака Духот. Со еден збор, ја создал таква, за да направи од неа Своја невеста и сожителка, за да се соединува со неа и така, таа да биде со Него во еден дух, како што вели апостолот: “Koj се соединува со Господа, еден дух е со Него” (1. Кор. 6, 17) (46, 6).

8. Како што човекот грижливо собира имот во својот дом, така и Господ во Својот дом во душата и телото на човекот го собира и сложува небесното богатство на Духот (49, 4).

в) Поради ова првосоздадените луѓе биле во Бога и имале големи дарби и богатства.

9. До прекршувањето на заповедта тие биле облечени во Божја слава... Адам, додека ги држел заповедите, бил пријател Божји, и живеел во рајот со Бога. (12, 8).

10. Во Адама живеело Словото; го имал во себе си Божјиот дух (12, 6).

11. Умот од почетокот бил чист, живеел според своето назначение, го созерцавал својот Господ; Адам, додека живеел во чистота,ц арувал, над своите помисли и бил блажен, опсипан со божествена лава (45, 1;23, 12, 6).

12. Самото Слово, Кое живеело во него, за него било сѐ: и знаење, и божествен усет, и наслада и учење. И од надвор првосоздадените биле во слава, така што не ја гледале својата голотија. (12, 7, 10).

13. Човекот бил во чест и чистота, бил господар на сѐ, почнувајќи од небото, па сѐ до земјата. Знаел да ги разликува страстите, им бил туѓ на демоните, чист од гревот и од пороците, бил подобен на Бога. (26, 1).

г) Но сето ова изобилство на благодатта немало во себе си ништо насилствено. Човекот имал слобода да остане со Бога и со благодатта и да отпадне од нив. Тој се одделил и паднал, како што паднале и духовите.

14. Сите разумни суштества - ангелите, душите и демоните, создателот ги создал чисти и сосем едноставни. А тоа што некои од нив се свртеле кон злото, тоа станало по нивна слободна волја; отстапиле од Бога и се оддалечиле од Неговата волја, затоа што тоа го посакале. (16, 1).

15. Видливите сознанија се врзани со некаква неподвижна природа; тие не можат да излезат од својата состојба во која се создадени: тие немаат своја волја. А ти си создаден по образ и подобие Божјо. Како што е Бог слободен и прави што сака, така си слободен и Ти. По својата природа ти си таков - да можеш лесно да се менуваш. (15, 20, 21).

16. Нашата природа лесно се менува и за добро и за зло, и за Божјата благодат, и за спротивните сили. Таа не може да биде присилена. (15, 23).

17. Така и Адам по својата сопствена слободна волја ја прекршил заповедта и го послушал лукавиот. (12, 8) 18. Нему му било подготвено големо богатство и наследство. Но, тој брзо се исполнил со лоши помисли и мисли и загинал за живеење со Бога. (12, 1).

Свети Макариј Велики