Свети Макариј Велики
Поуки од свети Макариј Велики
3. Господ устроител на спасението
a) За паднатите има само едно спасение - Господ. Се смилувал Господ и се овоплотил за нашето спасение. Со Својата крв Он ги измил нашите гревови; со благодатта на Светиот Дух ја обновил нашата застарена природа и на тој начин не направил погодни за Своето небесно царство.
49. Светот се споредува со богат човек, кој има прекрасни и големи куќи, многу сребро и злато, многу имот и многу слуги, кој одеднаш се разболува и изнемогнува. Сите роднини се собрани околу и, иако има толку големо богатство, не се во состојба да му помогнат и да го избават од неговата болест. Исто така, никакви грижи, никакво богатство и ништо друго не може да ја избави душата, која е потоната во гревови; само овоплотениот Христос може да ги очисти душата и телото (45, 3).
50. Човечкиот род во беззаконија е зачнат и во гревови е роден, станал отуѓен уште од мајчината утроба, уште оттогаш живеел во заблуда - откако од Адама почнал да царува гревот, но на него се смилувало Јагнето Божјо, за да ги земе врз Себе гревовите на светот, со Својата сила го врзало силниот и потоа ги ослободиле сите што ги заграбил силниот, како што е речено: “Ти се возвиси високо - плени плен” (Псал. 67, 18) (Посл. стр. 433).
51. Сатаната и неговите кнезови, по престапувањето на заповедта, се населиле во срцето, во умот и во телото на Адама - како во свој престол. Затоа најпосле дошол Господ и примил тело од Дева; ако дојдеше со непокриено божество, кој ќе можеше да го издржи тоа? Ова Му помогнало да им говори на луѓето. И најпосле, Господ ги турнал лукавите духови од овој престол, од човековото тело, со кое раководеле, ја очистил совеста и ги направил Свој престол умот, помислите и телото (6, 5).
52. Бог му заповедал на Мојсеја да направи бакарна змија и да ја издигне и закачи на едно дрво, па сите што биле каснати од змии, погледнувајќи на бакарната змија, добивале исцеление. Безживотната змија ги победувала живите змии, затоа што таа била слика на Господовото тело. Зашто Господ, телото кое го примил од Марија, го издигнал на крстот, го сложил врз него и го приковал со клинци. И мртвото тело ја умртвила змијата, која живеела и се движела во срцето. Ова е големо чудо (11, 8, 9).
53. Душата, која во почетокот била нараната со неисцеллива рана од страстите, никој не можел да ја излекува: не можеле да ја излекуваат ни праведниците, ни оците, ни пророците, ниту патријарсите. Дошол Мојсеј, но не можел да даде потполно исцеление. Имало свештеници, дарови, десетоци, саботнини, новомесечнини, измивања, жртви, сепаленици и секоја правда, која се извршувала по Законот, но душата не можела да се очисти и да се исцели од нечистото течење на лошите помисли, ниту сета човечка правда не била во состојба да го исцели човекот сѐ додека не дошол Спасителот, вистинскиот Лекар, Кој лекува бесплатно и Кој се дава Себе Си како искупителна цена за човечкиот род. Он единствениот го направил големото и спасоносно искупување и ја исцелил душата: ја ослободил од ропството и ја извел од темнината (20, 5, 6).
54. Лекарствата што биле земени само од земјата, односно само од делата на правдата, не можеле да ја исцелат душата од таа и таква рана; таа рана можела да биде исцелена само со силата на небесната и божествена природа - со даровите на Светиот Дух. Само од ова лекарство можел човекот да добие исцеление и живот, само по очистувањето на срцето од Светиот Дух. (20, 7).
55. Како што земјоделецот, кога оди да ја обработува земјата, треба соодветно да се облече и да земе со себе си соодветни алатки, така и Христос, Небесниот Цар и Трудбеник, кога дошол кај запустеното од пороци човештво, откако се облекол во човечко тело и, место алатка, го зел крстот, ја обработил запустената човечка душа, ја исчистил од трња и лоши треви, ги искорнал гревовите и со оган изгорел сѐ што искорнал. Потоа насадил во неа прекрасна духовна градина, која Му давала на Бога разновидни слатки и сакани плодови - како на свој Господар (28, 3).
56. Господ Исус Христос го обновил Новиот завет, со Својот крст и со смртта ја скршил вратата на пеколот и го уништил гревот, пa ги ослободил верните души, исполнувајќи ги со Утешителот - ги вовел во Своето царство (38, 3).
57. Во старозаветниот Закон било пропишано свештеникот да земе два гулаба: едниот да го заколе, а оној живиот да го попрска со неговата крв и да го пушти да лета на слобода. Ова било слика и сенка на вистината. Зашто Христос бил заклан и Неговата крв, откако не попрскала, нѐ окрилила - ни ги дала крилјата на Светиот Дух, за да летаме слободно во Божјиот воздух (47, 2).
58. Нашиот Господ Исус Христос затоа и дошол во светот, за да ја измени, преобрази и обнови нашата природа и нашата душа, која била падната од страстите - одново да ја издигне и да ја исполни со Светиот Дух. Он дошол оние што ќе поверуваат во Него да ги направи нови со нов ум, нова душа, нови очи, нов слух, нов духовен јазик. Со еден збор, дошол да создаде нови луѓе. (44, 1).
59. Како духовниот непријател, откако го презел и го поттчинил човекот, го направил, го преправил спрема себе си, го исполнил со штетни страсти, помазувајќи го со духот на гревот, налеал во него вино на беззаконието, така и Господ, откако го избавил човекот од гревот, го напрвил нов, помазувајќи го со Светиот Дух (44, 2).
60. Како што во видливиот свет никој не може да го преплива морето, ако нема кајак или поголем брод, кој е направен така да може лесно да се плови во него, зашто инаку има опасност да потоне во морските води, така и човечката душа не може сама да го преплива и да го премине горчливото море на гревот, да ја премине бездната на лукавите сили и мрачните страсти, ако не Го прими во себе си лесниот и леснокрилен Дух Свети, Кој го победува и преминува секое лукавство (44, 6).
6) Откако го устроил спасението, Господ сака да се спасат сите што сакаат да се спасат, но никого насила не го спасува.
61. Нашиот Господ Исус Христос, откако ја презел врз себе си грижата за спасението на човекот, извршил сѐ што било предвидено со Неговата промисла и се грижел уште од самиот почеток преку оците, патријарсите, преку Законот и пророците и, најпосле, дошол и Он Самиот и ги претрпел крсните маки и смртта. И целиот Негов труд и сите Негови грижи биле затоа: да ги роди Своите духовни чеда со Својот Дух од себе си. од Својата природа, посакал тие да се раѓаат одозгора - од Неговото Божество. И како што се жалосни земните татковци, ако немаат деца, така и Господ, откако го засакал човечкиот род, како Свој образ, посакал да ги роди од Своето божествено семе. Ако некои не сакаат да примат такво раѓање, да бидат родени од утробата на Божјиот Дух, тоа е голема жалост за Господа Исуса Христа, Кој пострадал и претрпел големи маки за нивното спасение (30, 2).
62. Господ сака сите луѓе да се спасат и да се удостојат со ова раѓање, зашто Он умрел за сите и сите ги повикал во живот. А животот е раѓање одозгора од Бога. Зашто без ова раѓање душата не може да живее, како што вели Господ: “Ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо” (Jован. 3,3). И затоа, сите оние што поверувале во Христа Господа, и, откако пристапиле при Него, тие се удостоиле со ова раѓање, им причинуваат голема радост на родителите што ги родиле. Сите ангели и сите свети сили и се радуваат на родената душа, на душата родена од Духот и која станала дух. (30, 3).
63. Земјоделецот насекаде го расфрла семето и сака тоа секаде да донесе плод. Потоа доаѓа со срп в рака и многу жали, ако не најде плод. Така и Господ сака Неговите зборови да бидат посеани во човечките срца. Но како земјоделецот што жали кога неговата нива не му родила добро, така и Господ жали кога нашето срце не дава добар плод (32, 11).
64. Како што земниот цар, кога најде лошо облечен и болен човек, не се срамува да почне да ги лекува неговите рани, да го однесе во својот дворец, да го облече во царска облека и да му стави круна на главата, да го направи свој сотрпезник, исто така, и Небесниот Цар, Христос, откако дошол кај болниот човек, го исцелил и го поставил на Својата царска трпеза. Притоа, Он не ја принудувал Неговата волја, туку на неа влијаел само со советување и ја издигнал до таква голема чест (15, 28).
65. Bo Евангелието се вели дека Господ ги испратил своите слуги да ги покани оние што сакаат и да им јават: “Cѐ е готово; дојдете на свадба!” (Матеј 22, 4), но поканетите откажувале да појдат и говореле: “Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!”... Си купив пет чифта волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!... Се оженив и затоа не можам да дојдам” (Лука 14, 19-20). Гледаш ли, Оној што повикува е подготвен; а поканетите откажале да појдат и тие самите се виновни за тоа. Ете, Господ ни подготвил царство, не повикува да појдеме при Него, во Неговото Царство, но ние не сакаме.(15, 29).
66. Господ непрестајно чука на вратата од нашите срца, за да Му отвориме, за да влезе и да живее во нив, да направи во нас Свое живеалиште. Он говори: “Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене” (Откр. 3, 20). Затоа Он посакал многу да пострада, да го предаде Своето тело на смрт, за да нѐ искупи од ропството, да дојде во нашата душа и да направи во неа Свое живеалиште. Зашто и храната Негова, и пиењето, и облеката, и покровот и Неговиот спокој се во нашите души. Затоа непрестајно чука на вратата од нашата душа и сака да влезе при нас. Да Го примиме и да Го воведеме во нас. А Он е за нас и храна, и питие и живот вечен. Секоја душа, која не Го примила во себе си и не Го успокоила и подобро речено, не се успокоила во Него, - нема наследство заедно со светите во небесното царство и не може да влезе во небесниот град. Господи Исусе Христе, воведи нѐ таму и нас! (30, 9).
Свети Макариј Велики