Свети Антониј Велики

1. За откажувањето од светот

 

                1. Кој сака успешно да го заврши подвигот на монаштвото, тој треба сосем да расчисти со светот, да ги напушти сите негови богатства и заедно со нив да ја прекине секоја приврзаност спрема светот. Оваа вистина впечатливо му ја кажува свети Антониј на еден брат, кој, откако се откажал од светот и им го разделил на сиромасите сето она што го имал, задржал кај себе некаква незначителна сума за случај на некоја неопходна потреба и отишол кај свети Антониј. Старецот го погледнал и дознал што има кај него, и му рекол: ”Ако сакаш да бидеш монах, појди во некое село, купи месо, исечи го на мали парченца, па, откако ќе си ја соблечеш облеката, обеси го на грбот и на рацете, на така дојди пак овде. Братот направил како што му рекол старецот. Откако излегол од селото и тргнал кон пустината го нападнале кучиња, птици и стршлени и со рани му го покриле целото тело. Кога најпосле стигнал кај старецот, тој го прашал дали направил сѐ како што му било заповедано, а тој, Одговарајќи, му ги покажал своите рани. Тогаш свети Антониј му рекол: ”Така бива со оној, кој, напуштајќи го светот, задржува макар и најмал дел од својот имот при себе си; демоните ќе го покријат со рани и така, измачен, ќе падне во претстојните борби“ (Дост. Сказ. 20: Patrologia Graeca, t. 40, p. 1099).

2. Ha истото прашање се однесува и следново искажување, кое е запазено кај Касијан (Coll. 24, глава 11 и 10). -Некој брат дошол кај свети Антониј, кој мислел дека нема воопшто никаква потреба да се напушта светот и почнал да му говори на старецот: ”Многу поголема вредност има оној, кој се подвизува во град или во село, кој исполнува сѐ што е потребно за придобивање духовно совршенство“. Тогаш старецот го прашал: ”А ти каде живееш и како живееш?“ А тој му одговорил: ”Живеам во домот на моите родители, кои ми даваат сѐ што ми е потребно. Ова ме ослободува од сите грижи, а jac сум непрестајно зафатен со читање и молитва, без да го расејувам мојот ум со нешто непотребно“. Тогаш свети Антониј пак го прашал: ”Кажи ми, синко мој, дали страдаш заедно со нив во нивните страдања и дали се радуваш во нивните радости?“ Тој му признал дека го прави и едното и другото. А старецот му рекол: ”Знај дека во идниот живот ќе ја делиш судбата на оние, со кои во овој живот си ги делел радоста и жалоста. И не само затоа е штетен за тебе патот и начинот на твојот земен живот, така што, поради речиси секојдневната промена на животните случајности, си принуден умот твој да го подложуваш на постојани помисли за земното, туку и затоа што се лишуваш од плодот, кој би го имал кога би се трудел сам и со своите раце би ја заработувал својата прехрана, според примерот на свети апостол Павле, кој , и покрај сите трудови околу евангелската проповед, сѐ што му било потребно за живот, за него и за оние што биле со него, го заработувал со своите раце, како што им говори тој самиот на Ефесјаните: ”Сами знаете, дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце“ (Дела 20, 34). А тој го правел тоа за да нѐ поучи и да ни даде пример, како што им пишува на Солунјаните: ”Ниту, пак, при некого јадевме леб дарум, туку работевме со труд и мака дење и ноќе, за да не му додеваме на никого од вас. Зашто кога бевме меѓу вас, ви го заповедавме ова - дека кој не сака да работи, нека и не јаде“ (2. Сол. 3, 8 и 10). Па, ете, и ние, иако имаме можност да се користиме со помошта на нашите роднини, повеќе сакаме да работиме и со пот на нашето лице, сами да го заработуваме она што ни е потребно за живот, отколку да живееме за сметка на нашите роднини. И ние би го избрале ова, кога би можеле да го сметаме за покорисно. Освен тоа, знај дека ти, кој си здрав, а живееш на туѓа сметка, им го јадеш делот на сиромасите и немоќните“.

 

2. Општи Одговори на прашањето: што да се прави?

Оној што го оставил светот навлегува во сосем нова животна област, која, иако не му е сосем непозната, сепак си ги поставува прашањата: ”Што да се прави? Како треба да се живее?“ На свети Антониј често му ги поставувале овие прашања. Еве ги неговите одговори.

3. Со вакви прашања му се обратил и авва Памво, а свети Антониј му одговорил: '”Не надевај се на својата праведност; кај се вистински за некогашните гревови; зауздувај ги јазикот, срцето и сгомакот.

4. Еве што уште му рекол на авва Пимен, Одговарајќи на едно од овие прашања: ”Најславното дело што може човек да го направи е: да ги исповеда своите гревови пред Бога и пред своите старци, да се самоосудува, да биде готов да го пречека секое искушение сѐ до своето последно издивнување“ (Patr. ib. 1084, Дост. Ск. 4).

5. Некој друг го прашал свети Антониј што треба да прави, за да Му угоди на Бога, а светиот старец му одговорил: ”Каде и да појдеш, имај Го секогаш Бога (Дост. Ск 3: Patr.ib. 1083). пред себе си пред своите духовни очи; што и да правиш, имај за тоа потврда во Светото писмо; во какво место и да живееш, не напуштај го често. Запазувај ги овие заповеди и ќе се спасиш”.

6. Ha еден друг свој ученик му го дал следниов совет: ”Имај одвратност спрема својот стомак, спрема барањата на овој свет, спрема похотта и спрема човечката чест; живеј така како да не живееш во овој свет, и ќе добиеш спокој“ (Patr. Lat. t. 78, p. 1049).

7. Свети Атанасиј Велики пишува дека свети Антониј вака ги поучувал браќата, кои доаѓале кај него: Секогаш имајте страв пред своите очи; спомнувајте си за Оној, Кој дава и смрт и живот (1. Цар. 2, 6). Намразете го светот и сѐ што е во него; намразете го секое телесно успокојување; одречете се од овој живот, за да живеете за Бога, зашто Он ќе го побара ова во судниот ден. Гладувајте, жедувајте, одете недооблечени, правете бденија, плачете, ридајте, воздивнувајте во своето срце; самоиспитувајте се дали сте достојни за Бога; презирајте го телото, за да ги спасите вашите души“ (Дост. Ск. и во неговото житие).

8. И свети Касијан приведува еден ваков поопширен совет, што му го дал свети Антониј на еден монах: ”Монахот треба да се насочува кон духовното совршенство, не треба да се угледа само на еден од светите оци, кои успеале во тоа, зашто во никого не можат да се најдат сите добродетели во совршенство. Еден е украсен, со знаење, друг со здраво размислување, трет со непоколеблива трпеливост, четврт се одликува со смирение, петти со воздржување, шести со благодатна едноставност на срцето, седмиот ги надминува другите со својата великодушност, осмиот со милосрдноста, деветтиот со своите бдеења, десеттиот со своето молчење и трудољубие. Затоа монахот што сака своите садови да ги наполни со духовен мед, треба да биде сличен на мудрата пчела и да ја зема секоја добродетел од оние, кои најдобро ја усвоиле и ја сместиле во садот на своето срце, без да го свртуваат своето внимание на тоа што го нема кај некого, туку да ја забележат кај секого онаа добродетел, со која тој се одликува и да се трудат токму неа да ја усвојат“ (Instructiones c. V, I, 4).

 

3. Силата што се движи кон подвизи и што дава поткрепа во нив

Ако собереме сѐ на што е укажано, ќе видиме колку многу подвизи се потребни. Сега се поставува прашањето: која и каква сила движи кон подвизи и ги поддржува подвижниците во нивните трудови? Таа сила е: ревноста за спасението на својата душа, ревноста за Божјата слава и готовноста за сѐ. Ако ја има оваа ревност, кај монахот сите подвизи дејствуваат добро. Ако ја нема ревноста, тогаш престанува сѐ.

9. Затоа некој брат, кога му недостасувала оваа ревност отишол кај свети Антониј и го замолил да се помоли за него, а светиот старец му рекол: ”Ни јас, ни Самиот Бог нема да се сожали над тебе, ако ти самиот не се грижиш за себе си и не Му се молиш на Бога (Дост. Ск. 16).

10. Поради тоа тој им советувал на сите постојано да бидат свесни за Божјата присутност и да бидат бодри. Тој смета дека е голема добродетел, достојна за секаква пофалба, ако постојано работиме за Господа и ако до самата смрт стоиме на стража против ѓаволските искушенија (Patr. Graec. t. 40, p. 1083).

11. Затоа ги убедувал своите ученици да бидат постојани во својата ревност и со трпение да го запазуваат нејзиниот дух, велејќи: ”Оној монах, кој се подвизува неколку дена, а потоа ги напушта своите подвизи, а потоа пак се подвизува и пак престанува со своите подвизи, таквиот монах всушност како да не работи ништо и таквиот никогаш нема да постигне совршенство во својот живот, затоа што нема постојанство во ревноста и трпеливоста (Patr. Lat. t. 73,p. 1049).

12. Затоа свети Антониј оној монах, кој бара олеснувања го нарекува незнајко, дека не ја знае целта на својот монашки живот и дека целиот неуспех доаѓа од тоа што нема достатно ревност и усрдност кон подвижништвото, дека не знае што е целта на монаштвото и дека сака да добие добродетели без труд. Па затоа штом му дојде искушение на едно место, тој преминува оттаму на друго место, мислејќи дека таму нема ѓаволи. Но, оној кој сфатил што е духовната борба, тој не престанува да војува, туку, ја продолжува духовната борба со Божја помош (Patr. Graec. t. 40, p. 1093).

13. Забележителна е поуката на свети Антониј, која им ја дава на оние што едно не сакаат, а друго не можат. Еднаш дошле монаси кај свети Антониј и му рекле: ”Поучи не како да се спасиме“. А светиот старец им кажал: ”Зар не го знаете Светото писмо? Тоа е сосем достатно за вас“. Но, тие му рекле: ”Оче, ние сакаме да чуеме нешто од тебе“. Тогаш светиот старец им кажал: ”Во Светото Евантелие е речено: ”Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот“ (Матеј 5, 39). Тие му рекле: ”Ние не можеме да го направиме тоа“. А свети Антониј тогаш рекол: ”Ако не можете да го направите тоа, потрудете се барем да го претрпнте ударот од едната страна.“ Тие рекле: ”И тоа не можеме“. Кога го слушнал тоа светиот старец се свртел кон својот ученик и му рекол: ”Приготви им малку јадење; тие се болни; па обраќајќи им се на дојдените монаси, им рекол: ”Ако едно не можете, а друго не сакате, тогаш што можам јас да направам за вас? Вие треба да се молите, а и други да се молат за вас, за да се разбуди во вас духот на ревноста - моралната енергија“ (Дост. Ск. 19).

 

4. Раководители на ревноста

 

Ревноста понекогаш може да биде слепа и да поприми правец несообразен со целите на започнатиот живот. Затоа треба да биде оградена од страна на раководители. Кои се тие раководители? Свети Антониј укажува на двајца раководители: на сопственото размислување и на советот од другите.

 

a) Сопственото размислување

14. Се собрале некогаш монаси кај свети Антониј, за да ги поучи и да им каже која е најсовршената добродетел и што може да го запази монахот од сите непријателски мрежи. Секој од нив го кажал она, што го сметал како најправилно. Едни од нив го пофалиле постот и бдеењето, зашто тие ги средуваат помислите, го разбиструваат умот и му олеснуваат на човекот да Му се приближи на Бога. Други повеќе ја одобрувале сиромаштијата и презирот спрема земните работи, со што се олеснува приближувањето кон Бога. Трети сакале да ѝ дадат предност на милосрдноста, затоа што Господ ќе им рече на милостивите: ”Елате, благословени од Мојот отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25, 34). А други од нив, исто така, истакнувале други добродетели како посовршени и најсовршени. Најпосле свети Антониј рекол: ”Сите добродетели, што ги спомнавте многу се спасоносни и крајно потребни за оние што Го бараат Бога и горат од силна желба да Му се приближат. Но, ние сме виделе многумина, кои го истоштувале своето тело со најстрог пост, со бдеења, оддалечување во пустините, биле извонредно ревносни во трудот, ја сакале сиромаштијата, ги презирале светските удобности, така што не оставале кај себе ни толку, колку што им било потребно само за еден ден, а сѐ што имале им го раздавале на сиромасите, но се случувало, и по сето тоа, да го одберат злото и да паднат, лишувајќи се на тој начин од плодот на сите тие добродетели и станувале достојни за осудување. А причината за тоа е само во тоа што немале здраво и добро размислување, што не можеле да се користат со него. Бидејќи токму оваа добродетел е онаа, која го учи човекот и го упатува како да оди по правиот пат и да не се отклонува од него. Ако одиме по царскиот пат, никогаш нема да ги послушаме нашите духовни непријатели и нема да се предадеме на преголема воздржливост, нити пак да бидеме безгрижни и мрзливи. Размислувањето е видот на душата, како што му е окото светилник на телото, како што говори Самиот наш Спасител Господ Исус Христос: ”Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ (Матеј 6, 22-23). Со размислувањето човекот ги разбира своите желби, зборови и дела и отстапува од сѐ што го оддалечува од Бога. Со своето размислување и расудување човекот ги осуетува и уништува сите напади и искушенија од ѓаволот и може точно да прави разлика меѓу она што е добро и што е лошо“ (Patr. Graec. T. 40, стр. 1096; Дост. Ск. 8).

15. На ова прашање се однесува и следнава изрека: ”Како што ковачот, откако земе парче железо, најнапред размислува што треба да направи од него: коса, меч или чекан, исто така, и ние најнапред треба да размислиме кон која добродетел треба да пристапиме, за да не се трудиме напразно“ (Дост. Ск. 35).

Се разбира, би било добро во сѐ да се служиме со нашето размислување, кога би можеле сите и секогаш да го имаат. Но, бидејќи ова e неможно, тогаш најсигурното и најбезопасно раководство е:

 

6) Советот на искусните

16. Во оваа смисла говори и свети Антониј: ”Јас познавам монаси, кои паднале по многу трудови и се предале на безумност, затоа што се надевале на своите сили, а ги презреле заповедите на Оној, Кој рекол: ”Прашај го татка си, и тој ќе ти каже“ (5. Мој. 32, 7), (Дост. Сказ. 37).

17. Во Светото писмо уште читаме: ”Каде што нема советување, народот отпаѓа“ (Изрек. 11, 14). Таму е заповедано да не правиме ништо без да се посоветуваме, така што не се дозволува дури и духовното пиење, кое го весели срцето на човекот, не се дозволува да се пие без совет, зашто премудриот Исус син Сихаров вели: ”Без совет не прави ништо“ (32, 21). ”Пиј вино, ако ти е даден совет за тоа. Оној човек што живее и работи без советување бива сличен на разграден град, во кој влегува секој што ќе посака и ќе ги ограби сите негови сокровишта“ (Patr. Graec. t. 40, р. 1098).

18. Допрашувањето и барање совет од другите светии Антониј го сметал за толку спасоносна работа, така што и тој самиот, кој им бил учител на сите, често се допрашувал кај еден од своите напреднати ученици, и што ќе му кажел тој, така постапувал. Се раскажува кога свети Антониј добил од царот Константин писмена покана - да го посети Цариград, тој се обратил до препростиот Павле со прашањето: ”Дали треба да појдам или не?“ Тој му одговорил: ”Ако појдеш ќе бидеш Антониј, а ако не појдеш тогаш ќе бидеш авва Антониј“. Свети Антониј сфатил дека не му е одобрено да појде на тоа патување и спокојно останал на своето место (Дост. Ск. 32).

19. Вака им советувал свети Антониј и на сите други, велејќи: ”Монахот треба, ако е тоа можно, треба да ги прашува старците за секој чекор што го прави во својата ќелија и за секоја капка вода што ја испива. Јас познавам некои монаси, кои паднале затоа што мислеле дека сами, без ничија помош, ќе можат да Му угодат на Бога“ (Patr. Graec. t. 40,p. 1082; Достоп. Сказ. 32).

20. На овој начин свети Антониј не ја одобрувал секогаш довербата во личното расудување. И токму затоа со пофалба се однесувал кон авва Јосиф, кој одговорил на едно прашање од Светото писмо: ”Не знам“, со што, освен својата скромност, ја искажал и недовербата кон својот ум. Еве како било тоа. Еднаш дошле повеќемина старци кај свети Антониј, а со нив бил и авва Јосиф. Светиот старец, сакајќи да ги провери, им кажал еден стих од Светото писмо, па, почнувајќи од најмладите, почнал да ги прашува за неговото значење. Секој одговарал според своите сили, а свети Антониј не се согласувал со нивното мислење. Најпосле, кога му дошол редот на авва Јосиф, го прашал и него, велејќи: ”А ти, авва Јосифе, што ќе кажеш за значењето на овој стих?“ Авва Јосиф одговорил: ”Јас не знам: Тогаш свети Антониј рекол: ”Авва Ј осиф го најде вистинскиот пат со ова што го рече“ (Достоп. Сказ. 17).

21. Впрочем, тој ги советувал да не им се доверуваат на сите без разлика. Најнапред е потребно да се има потполна увереност дека тие на кои им се доверуваме имаат здраво расудување и дека се искусни, па тогаш да имаме доверба во она што ни го советуваат. Белегот за ова распознавање треба да биде: согласноста на Неговите зборови со словото Божјо. ”Треба да се гледа“, говорел тој,- ”на тоа што ни заповедаат. Ако некој ти каже нешто што е согласно со заповедите на нашиот Господ, прими го тоа со послушност и потруди се да го исполниш, за да се исполнат зборовите на апостолот и во нас.: ”Покорувајте му се еден на друг во страв Божји“ (Ефес. 5, 21; Гал. 5, 13). А, ако некои те посоветуваат да правиш нешто што им е спротивно на Божјите заповеди, тогаш кажи им ги овие зборови. ”Дали е справедливо пред Бога вас да ве слушаме повеќе отколку Бога?“ (Дела 4, 19) ”Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5, 29). Да си спомнуваме и за зборовите на нашиот Господ Исус Христос: ”Овците одат по Него, бидејќи му го познаваат гласот Негов“ (Јован 10, 4). И блажениот апстол Павле ни го говори истото, велејќи: ”Дури и ние, или ангел од небото да ви благовестеше нешто друго од она, што ви го благовестевме ние, нека биде анатема!... Оној што ви благовестува нешто поинаку од она што го примивте нека биде анатема!“ (Гал. 1, 8-9) (Patr. Graeca , t.40 p. 1083).

Повод за вакво ограничување давале аријанците, кои ги привлекувале луѓето кон себе со привидна побожност, а потоа ги напојувале со отровот на своето лажно учење. А можеби повод за ова бил и тоа, што имало и такви, кои им станувале учители на другите, а и тие самите не биле достатно просветени. Во вакви случаи свети Антониј имал обичај да говори: ”Древните оци оделе во пустина и таму со многу трудови, откако ќе ја излекувале својата душа, добивале знаење како можат да ги лекуваат другите. Па така, враќајќи се од таму, им станувале лекари на другите. Ако се случи некој од нас да отиде во пустина и пред да оздравее тој самиот, почне да се грижи за другите, од тоа им се одново враќа некогашната болест и немоќ, па последното бива полошо од првото. Поради тоа на нас се однесуваат зборовите од Светото Евангелие: ”Лекаре, излекувај се сам!“ (Лука 4, 23) (Patr. Lat. t. 73,p. 1053).

 

5. Co што треба да се подгрева ревноста?

Во човекот ништо не стои еднакво, туку или се засилува или слабее. И ревноста, исто така, или пламнее или изгаснува. Кога почне да гасни, треба да ја подгреваме, за да не изгасне потполно. Како и со што можеме да ја подгреваме ревноста? Пред сѐ, и спомнувањето за смртта. Не еднаш свети Антониј им го впечатувал во умот и срцето на сите сознанието и чувството дека денешниот ден е последниот ден од нашиот живот, што можевме да го видиме во точка петта од поуките и точка сто педесет и втора од правилата.

22. Потоа тој го свртува нашето внимание кон она што ќе биде со нас по телесната смрт. За да ја запечати оваа мисла кај своите ученици, тој раскажувал за она што му било откриено на него самиот, а што ни го предава светиот Атанасиј Велики во житието на светецот. Еднаш, пред да земе храна, околу девет часот, откако станал да се помоли, почувствувал како неговиот ум се издигнува и што било уште почудно, се видел како некој го издигнува во воздухот. Видел како во воздухот се наоѓаат некакви мрачни и страшни лица, кои се обидуваат да му го попречат патот на неговото издигнување. Неговите придружници им се противставувале, но тие биле упорни и барале сметка: сакале да видат дали Антониј не се наоѓа во нешто под нивна власт, така што морале да попуштат, а тие се готвеле да го изведат проверувањето. А кога тие сакале да го започнат проверувањето од самиот почеток, од раното детство, неговите придружници им се противставиле на мрачните сили, велејќи им, дека сѐ што направил грешно, почнувајќи од детството до замонашувањето, сите гревови му се простени и избришани, па затоа, дека тие треба да бараат од оваа душа сметка од времето кога ги дала своите монашки завети пред Бога. Мрачните сили барале, но не можеле да најдат ништо во неговиот монашки живот, со што би можеле да го обвинат, па затоа отстапиле, па така патот кон небесните висини за свети Антониј пак бил отворен и слободен. Потоа Антониј почнал да чувствува како одново почнува да влегува во себе си и по малку време станал потполно таков како што бил и пред тоа. Но, тој тогаш сосем заборавил да јаде, па остатокот од денот и целата ноќ ги поминал во воздивнувања и молитви, исчудувајќи се со колку многубројни духовни непријатели ни претстои да се бориме и со колкави маки треба човекот да минува кон небото. Тогаш му паднале на памет зборовите на свети апостол Павле за ”кнезот на воздухот“ (Ефес. 2, 2). Зашто духовниот непријател има власт да навлегува во борба со оние што минуваат низ воздухот, настојувајќи да им го попречи патот. Токму затоа и светиот апостол советува: ”Примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, па, откако ќе победите, да се одржите“ (Ефес. 6, 13) и да се посрами нашиот духовен непријател, ”бидејќи не ќе има да рече ништо лошо за нас“ (2. Тит 2, 8).

23. Ова што го раскажува свети Атанасиј, иако потоа никаде не е забележано светиот старец да им говори на другите за тоа, но не треба да се сомневаме, затоа ова негово видение било потребно не само за него; тоа било уште попотребно за другите. Во врска со нешто друго Од ова видение, забележано е дека тој им раскажувал и на други. Свети Атанасиј пишува: ”Свети Антониј еднаш водел разговор со браќата што дошле кај него за состојбата на душата по смртта и за тоа каде ќе биде местото на нејзиното престојување. Идната ноќ потоа слушнал глас одозгора, кој му говорел: ”Стани види и разгледај!“ Свети Антониј веднаш излегол, зашто знаел кој го вика, па го издигнал својот поглед и видел некое големо и страшно чудовиште, кое со својата глава допирало до облаците, а од земјата се издигале некакви суштества со перја; на некои од кои страшилиштето им го преградувало патот, а другите минувале преку неговата глава и, откако го поминувале, безбедно го продолжувале својот пат кон небото. Кон нив тоа чкртало со своите заби, а на другите им се радувало. Тогаш оној глас од невидливиот весник му рекол на светиот старец: ”Антонија, сфати го ова што го гледаш!“ Тогаш му се отворил умот, и сфатил дека тоа е преминувањето на душите од земјата кон небото и дека тоа големо чудовиште е нашиот исконски непријател, кој ги задржува мрзливите души и кои се покоруваат на неговите совети; им забранува да одат понатаму, а не може да ги задржи ревносните, оние што не ги слушаат неговите совети и тие поминуваат високо над него. Ова видение свети Антониј го примил како важна поука и почнал да се грижи уште повеќе за успех во своите подвизи и противставувањето свое кон сѐ што доаѓа од духовните непријателски сили. Со ваква цел: да ја поттикне што повеќе ревноста кон чистотата на душата, тој им раскажувал на своите слушатели и за ова свое видение.

Авва Крониј говори дека еднаш свети Антониј раскажувал за ова свое видение пред големи собири. При тоа, тој го дополнувал својот расказ за она што го видел, велејќи, дека цела една година, пред да го има ова видение, се молел да му биде откриено што станува со душата по смртта на праведниците и грешниците; дека рацете на огромниот и страшен џин биле раширени по небото и дека под него се наоѓало езеро големо како море, во кое паѓале птици, кои тој ги удирал со своите раце (сп. Лавсаик. гл. 24). Во Латинскиот Отечник, во расказот за ова видение, се вели дека пернатите (крилатите) суштества биле удирани од страшниот џин и паѓале во езерото само тогаш кога се наоѓале во воздухот под неговите раце, немајќи сили да се издигнат повисоко над неговите раце, а оние што имале сила да се издигнат над неговите раце и над неговата глава, тој кон нив само чкртал со своите заби, гледајќи ги како потоа летаат кон небото и биваат примани од ангелите (Patr. Graec. t. 73, p. 1044).

24. Со каков возбудлив страв се исполнувале душите, слушајќи за сето тоа! Ова охрабрувачко видение силно ја оживува ревноста со надеж за посветла состојба на душата. Тоа е видението за свети Амон, кој му бил не само ученик на свети Антониј, туку и негов пријател и соговорник. Свети Атанасиј пишува дека свети Антониј, седејќи еднаш на гората, погледнал кон небото и видел огнен појас што се издигнува и вознесува во воздухот кон небото и како одозгора му доаѓаат мноштво радосни ангели. Тој се вџашил и почнал да Му се моли на Бога да му открие значењето на тоа што го видел. И слушнал глас: ”Тоа е душата на Амон, монахот од Нитријската пустина“. Овој Амон проживеал во строго подвижништво до својата старост. Тој го посетувал свети Антонија, а и свети Антониј го посетувал него. Од Нитријската пустина до гората на свети Антонија има повеќе стотици километри. Кога браќата, кои биле со него за време на ова видение, го прашале, од што е толку вчудоневиден, тој им раскажал какво видение имал и што чул. Кога, по триесет дена дошле браќа од Нитријската пустина, тие се распрашале за авва Амон. Тогаш разбрале дека тој умрел во истиот ден и во истиот час кога светиот старец ја видел неговата душа како се вознесува кон небото.

25. Не помалку ја гони мрзливоста и ја поттикнува ревноста и следново видение, за кое раскажува самиот свети Антониј. Тој вели: ”Му се молев на Бога да ми каже каков покров го закрилува монахот. И видов монах опкружен со големи огнови и мноштво ангели што го окружуваат, пазејќи го како што се пази црнката на окото, оградувајќи го со своите мечеви. Тогаш воздивнав и реков: еве, сега знам што го закрилува монахот! Но, сепак, ѓаволот, и покрај големата заштита, продолжуваше да го напаѓа, и најпосле монахот падна. И ми дојде глас од милостивиот Господ и ми рече: ”Никој не можел да го победи ѓаволот, но тој сега, откако се овоплотив Јас и ја примив човечката природа и ја скршив неговата власт, тој веќе ја нема силата што ја имаше. Но, човекот паѓа самиот од себе си, кога станува мрзлив и почнува да им угодува на своите похоти и страсти“. Тогаш јас прашав: ”А дали на секој монах му се дава ваква закрила?“ Тогаш ми беше покажано мноштво монаси, оградени со таква закрила, а јас извикав: ”Блажен е родот човечки, а особено монашкото воинство, кои Го имаат Господа, Кој е толку милостив и човекољубив! Да бидеме ревносни за нашето спасение. Да се ослободиме од мрзливоста и усрдно да ги извршуваме нашите трудови, та да се удостоиме да го добиеме царството небесно, со помошта на благодата на нашиот Господ Исус Христос! (Patr. Graec. t. 40,p.1083).

26. Другпат свети Антониј им открил на своите ученици како од намалување на ревноста се намалува и се помрачува славата на монаштвото. Некои од неговите ученици, гледајќи го безбројното мноштво монаси во пустината, украсени со големи добродетели и со силна ревност за напредување во светиот монашки живот, го прашале светиот старец и свој духовен учител: ”Оче, кажи ни дали долго ќе потрае оваа силна ревност и оваа љубов кон осамениот монашки живот, кон сиромаштијата, кон смирението, воздржливоста и кон сите други добродетели, за кои сега сите монаси се трудат. Овој Божји човек, откако воздивнал, со солзи им одговорил: ”ќе дојде време, драги мои чеда, кога монасите ќе ја остават пустината и ќе се населат во богати градови, каде, место овие пештери и тесни ќелии, ќе издигнат раскошни згради, кои ќе можат да се натпреваруваат со царски палати; место љубовта кон сиромаштијата, кај нив ќе се разгори желбата за собирање на богатства, смирението ќе биде заменето со гордоста; многумина од нив ќе се гордеат со своите знаења, со голи и туѓи добри дела; љубовта ќе олади; место воздржливост кај нив ќе се засили угодувањето на стомакот и многумина од нив ќе се грижат да имаат што повкусни и раскошни јадења, не помалку и од самите мирјани, од кои монасите нема да се разликуваат со ништо, освен со својата монашка облека. И покрај тоа што ќе живеат среде светот, тие и понатаму ќе се нарекуваат монаси, односно дека живеат сами и одвоени од светот. Освен тоа, тие ќе се гордеат и ќе говорат: Јас сум Павлов, јас сум Аполосов, јас сум на Кифа и јас сум на Христа (1. Кор. 1, 12) како сета сила на нивното монаштво да се состои во достоинството на нивните претходници; тие ќе се гордеат со своите оди, како и Јудејците што се гордееле со својот татко Авраам. Но, тогаш ќе има и такви монаси, кои ќе бидат и подобри и посовршени од нас, зашто е поблажен оној кој можел да падне, а не паднал; да ги престапи заповедите, а не ги погазил и зло не направил (сп. Мудр. Сир. 31, 11), отколку оној кој бил влечен кон она што е добро од мноштвото сегашни ревнители. Токму затоа и со право се прославени во Светото писмо Ное, Авраам и Лот, затоа што живееле ревносно и праведно среде лоши и грешни луѓе“ (Patr. Graec. t. 40p. 1095).

27. Освен овие напомнувања за смртта и за тоа што бива по смртта, и стравот Божји е третиот загревувач на ревноста. Свети Антониј ги повикувал своите ученици и слушатели, како што веќе видовме во своите многубројни изреки: ”Секогаш имајте страв Божји; плашете се од Оној Кој дава живот и Кој умртвува ( сп. точка 7). Во една друга кратка изрека тој укажува на Божјиот страв како на извор за готовност и погодност за сите добродетели. Тој вели: ”Стравот Божји е почеток на сите добродетели и почеток на мудроста. Како што светлината, кога влезе во некоја темна просторија, ја разгонува во неа темнината и ја осветлува, така и стравот Божји, кога ќе влезе во човековото срце, ја изгонува од него темнината и ја распалува во него ревноста кон сите добродетели“ (Patr. Graec. t. 40, p. 1084).

28. Затоа свети Антониј предупредувал да не биде загубен стравот Божји. Тој им говорел на монасите: ”Не излегувај од твојата ќелија, зашто можеш да го загубиш стравот Божји. Зашто, како што риба, која се извлече од вода, умира, така умира и стравот Божји во срцето на монахот, ако излегува од својата ќелија и талка надвор од неа (Patr. Спасе. t. 40, р. 1084).

29. Ho, сите овие поттикнувања на ревноста дејствуваат принудно, влечат однадвор, иако се изградуваат внатре. Треба да се добие внатрешна возбудувачка ревност, така што таа сама да излегува од срцето - како вруток на вода. До ова го доведуваат срцето: 1) чувствувањето на сладоста на животот според Бога. Сѐ додека не се создаде ова чувство, сѐ до тогаш нашата ревност е безнадежна. Затоа, кога некој брат го прашал свети Антониј: ”Зошто душата, кога Бог, преку Своето Свето писмо ѝ ветува небесни блага, не бива постојано решителна во нивното барање, туку се враќа кон претходниот начин на живеење, кој е земен и нечист?“ Светиот отец одговорил: ”Оној што уште не ја вкусил небесната сладост, тој уште не се прилепил кон Бога со сето свое срце; токму затоа се враќа кон стариот начин на живеење. Но, додека да се дојде до ваквото совршенство, треба да Му се служи на Бога од послушност на Неговата волја, така што да може заедно со пророкот да каже: ”Јас поразен и не разбрав ништо; како добиче бев пред Тебе“ (Псал. 72, 22), односно Ти работев како добиток во јарем“ (Patr. Lat.t. 73,p. 1055).

30. Поради тоа, љубовта спрема Бога е уште посилен поттик на ревноста. Свети Антониј и самиот знаел многу добро, дека љубовта е посилна од стравот, па затоа вели: ”Јас веќе не се плашам од Бога, јас Го сакам; не од страв живеам спрема Неговата волја, туку од љубов спрема Него, зашто ”во љубовта страв нема, а совршената љубов го пади стравот“ (1. Ј ов. 4, 18) (Дост. Сказ. 32).

31. Затоа тој и другите ги убедувал да ја изградуваат во себе си љубовта спрема Бога, како непобедлива и неослаблива сила. И кога еднаш го прашале браќата: ”Co што најмногу можеме да Му угодиме на Бога?“, тој им одговорил: ”Најугодното дело на Бога Му е делото на љубовта. Него го извршува оној , Кој непрестајно Го прославува Бога во своите чисти помисли, поттикнуван од спомнувањето за Бога, за ветените блага и за сѐ што Он посакал да направи за нас. Од спомнувањето за сето тоа се раѓа потполната љубов, како што е речено уште во Стариот завет: ”Сакај Го Господа, твојот Бога, од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили свои“ (5. Матеј. 6, 5) и исто така: ”Како што кошутата жеднее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе!“ (Псал. 41, 2). Ете, тоа е делото, со кое треба да Му угодуваме на Бога, така што и во нас да се исполнат зборовите на апостолот: ”Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја: тага ли, невола ли, или гонење, глад ли или голотија, опасност ли или меч?... Ништо не може да нѐ одвои од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ (Рим. 8, 35 и 39) (Patr. Graec. t. 40, p. 1094).

32. Значаен поттикнувач на ревноста е и 3) радоста од извршувањето на добродетелите и живеењето според Божјиот закон. На ова се однесува следново искажување на свети Антониј, кого еднаш го прашале: ”Што е радоста во Господа?“ А тој одговорил: ”Да извршуваме некоја од заповедите со радост, во слава Божја, ете, тоа е радоста во Господа. Зашто, кога ги извршуваме Божјите заповеди, треба да ги извршуваме со радост, а кога не ги извршуваме, тогаш треба да жалиме. Затоа, да се трудиме да ги извршуваме Божјите заповеди со радост на нашето срце, така што взаемно да се утешуваме во Господа, но при тоа треба на секој начин да се пазиме, радувајќи се, да не се погордееме, туку сета наша надеж да ја имаме во Господа“ (Патр. Граец. т. 40, стр. 1095). Слична мисла има и кај свети Василиј Велики во неговите ”Кратки правила“ (прашања 193).

 

6. Одделни подвизи и добри дела

Па така, ревноста која бива раководена и поттикнувана, се изразува во телесни и душевни подвизи и во секое добро дело.

33. Колку треба да го истоштуваме нашето тело, тоа го покажал свети Антониј во општата поука за подвизите (сп. точка 7) и во набројувањето на причините за раздвижување на похотите (сп. точка 18), меѓу кои се наоѓа и претерано исхранување на телото, укажувајќи на истоштувањето на телото со пост како на средство за смирување на телото (Дост. Сказ. 22). Свети Антониј ни заповеда да бидеме многу строги спрема него (сп. точка 7) и го осудувал секое попуштање пред неговите барања. Затоа не се искажувал добро за оние што одат во заеднички бањи. ”Тој велел: ”Нашите оци никогаш не го измивале ни своето лице, а некои од нас одат во бањите на мирјаните (Алфавитен патерик, стр. 4).

34. По скротувањето на телото, свети Антониј му придавал големо значење на зауздувањето на јазикот. Овој подвиг го поистоветувал со отшелничеството, велејќи: ”Нашето оддалечување од луѓето се состои во тоа - устата наша да ја држиме затворена (Алфавитен патрик, стр. 4).

35. Оние што говорат сѐ што ќе им падне на памет, слични се на двор без ограда и без врата, во кој влегува секој што ќе посака, влегува во шталата и го одврзува магарето. Оваа мисла, иако не била искажана од свети Антониј, но кога други ја кажале во негово присуство, тој ја одобрил (Дост. Сказ. 18).

36. Уште поголемо значење му придавал на седењето в ќелија. Тој вели: ”Како што рибите, откако останат подолго време надвор од водата, умираат, така и монасите, ако се подолго време надвор од своите ќелии или ако живеат заедно со мирјани во светот, ја загубуваат својата љубов кон молчењето. Па затоа, како што рибата се обидува што поскоро да се врати во вода, така и ние треба да брзаме кон својата ќелија, за да не, останувајќи надвор од неа, заборавиме за нашето внатрешно бдеење“ (Дост. Сказ. 10).

37. Свети Антониј советувал воопшто строг живот во ќелијата, така што монашката ќелија за монахот да биде на вавилонската печка, која ќе го изгорува во него сѐ што е нечисто (Patr. Graec. t. 40, р. 1086).

38. Но, сепак, свети Антониј дозволувал и извесно спуштања во подвизите, што може да се види од еден негов совет упатен до еден ревнител. Се раскажува дека некој ловец на диви зверови во пустината го видел еднаш светиот старец како се шегува со браќата монаси и се соблазнил. А тој, сакајќи да го увери дека е потребно да им се даде на браќата извесно олеснување, му рекол: ”Стави ја стрелата на лакот и затегни го“. Тој го направил тоа. Старецот потоа пак му рекол: ”Затегни го лакот уште повеќе!“ Ова му го повторил неколку пати, а ловецот најпосле му одговорил: ”Ако го затегнам мојот лак прекумерно, тој ќе се скрши“. А светиот старец рекол: ”Така е и во Божјото дело: ако прекумерно ги напрегнуваме силите на монасите, тие набргу ќе се истоштат. Затоа е потребно одвреме навреме да им пружаме некакви попуштања“. Ловецот, откако ги слушнал овие зборови на светиот старец, се израдувал духовно и си отишол со оваа голема поука. А и браќата поткрепени од ова што го слушнале, се вратиле сите во своите места (Дост. Сказ. 13).

Запазени се повеќе изреки и искажувања, во кои свети Антониј укажува на извесни душевни подвизи и расположби на срцето, кои го условуваат успехот во духовниот живот. Еве некои од нив:

39. Трпението. Тоа му е толку потребно на подвижникот, така што, штом него го нема, тогаш и тој самиот нема никаква вредност. Еднаш браќата го фалеле пред свети Антониј некој монах, и тој посакал да провери дали тој ќе претрпи навреда, па, откако видел дека не може, му рекол: ”Ти си сличен на село, кое е убаво од својата предна страна, а од својата задна страна е ограбено од разбојници“ (Достоп. Сказ. 15).

40. Трпението ни е потребно затоа што искушенијата се нужни за нас. Свети Антониј говорел: ”Без искушенија никој не може да влезе во царството небесно; ако нема искушенија, никој не би можел да се спаси (Достоп. Сказ. 5).

41. Молитва. На молитва свети Антониј учел со својот пример, зашто сите знаеле колку долго се моли. Неговите ученици говореле: ”Ние знаеме дека блажениот старец понекогаш толку се вдлабочува во својата молитва, така што престојувал цела ноќ, и кога сонцето изгревало, тоа ја прекинувало неговата пламена умствена молитва. Тогаш слушавме како му се обраќа на сонцето и му вели: ”Сонце, зошто ми пречиш. Ти како да изгреваш само затоа да ме одвлекуваш од божествената духовна светлина (Patr. Lat. t. 73, p. 848).

42. Солзи. Кога некој од браќата го прашал светиот старец: ”Што да правам со моите гревови?“, тој му одговорил: ”Оној што сака да се ослободи од своите гревови, тоа може да го постигне само со плач и офкање; кој сака да се подготви за добродетелен живот, тоа може да го направи само преку плачење со солзи. Само пеењето на псалмите е вистинскиот плач. Спомени си го примерот на јудејскиот цар Језекииј, за кого се вели, дека за својот плач добил не само излекување од својата болест, туку се удостоил да му бидат придадени и петнаесет години на неговиот живот. А, освен тоа, силата Божја ја поразила непријателската војска, која броела 185 илјади души. А сето тоа станало поради пролиените солзи. Свети апостол Петар со плач добил простување на својот грев против Христа кога се одрекол од Него. И Марија, заради своите солзи, со кои ги оросувала нозете на Спасителот, се удостоила да слушне, дека за неа ќе се говори насекаде, каде ќе се проповеда Евангелието (Patr. Lat. t. 73, p. 1056).

43. Свети Антониј мислел дека за смеата нема место во животот на монахот, па кога монасите го прашале: ”Можеме ли понекогаш да се смееме?“ Тој им одговорил: ”Нашиот Господ ги осудува оние што се смеат со тоа што вели: ”Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете!“ (Лука 6, 25). Па така, вистинскиот монах не треба да се смее. Ние треба да плачеме и да се молиме за оние што го хулат Божјото име, што го газат Божјиот закон и што во текот на целиот свој живот се валкаат со своите гревови. Ние треба да ридаме и да плачеме и непрестајно да Му се молиме на Бога да не им дозволи да се ожесточат во своите гревови, молејќи Му се на Бога смртта да не ги најде непокајани (Patr. Graec. t. 40, p. 1096; слична мисла има и во 31 кратко правило од свети Василиј Велики).

44. Смирението ја привлекува закрилата одозгора и не запазува од сите паѓања. Свети Антониј говори: ”Еднаш ги видов сите ѓаволски мрежи, раширени по целата земја, и со воздивнување реков: кој може да избега од нив? И тогаш слушнав глас, кој ми велеше: Смшреноста“ (Дост. Сказ. 7).

45. Затоа потоа советувал: ”Ако нашите подвизи се добри, ние сме должни да бидеме потполно смирени пред Бога; та Он, Кој ја знае нашата немоќ, да нѐ закрилува со Својата десница и да нѐ брани од ѓаволските итрини, Зашто, ако почнеме да се гордееме, Он ќе нѐ лиши од Својата закрила и ние ќе загинеме“. (Patr. Graec. t. 40,p. 1090).

46. A другпат тој рекол: ”Како што гордоста и вознесувањето на умот го турнале ѓаволот од небесните височини во бездната, така смирението и кротоста го издигнуваат човекот од земјата на небото“ (Patr. Graec. t. 40, p. 1081).

47. Па затоа, подвигот на молчењето за да не доведе до гордост, свети Антониј советувал на овој подвиг да му се дава самоунижувачко значење. Тој вели: ”Ако некој си го наложи подвигот на молчењето, тој не треба да мисли дека прави некоја добродетел, туку треба да мисли дека молчи затоа што не е достоен да говори“ (Patr.Lat. t. 78, p. 1051).

48. Исто така, свети Антониј говорел и за тоа, дека Самиот Господ така нѐ води: што го скрива од нас нашето добро, за да ги запази во нас нашите смирени чувства за себе си. Тој вели: ”Ако воденичарот не му ги врзува очите на животното што го врти чаркот, тогаш неговата работа нема да биде успешна. Тоа животно тогаш би имало вртоглавица и не би можело да си ја врши работата. Исто така, по Божја промисла, и ние сме под некое покривало, за да не ги гледаме нашите добри дела и да не почнеме да мислиме високо за себе, на да ги загубиме плодовите на сите свои трудови. А тоа се случува кога сме напаѓани од лоши помисли, па не сме во состојба спокојно и првилно да размислуваме за себе си. Тогаш не можеме да мислиме добро за себе си и да не се осудуваме. Нашето мало добро не се забележува од тие нечисти мисли“ (Парафразирано, таму стр. 1037).

49. Колку е високото мислење за себе си опасно, тоа се покажува со паѓање на младиот подвижник по извршеното од него чудо. Покрај местото, каде живеел овој млад подвижник, оделе некои старци кон свети Антониј и биле сосема уморни. Тој повикал диви магариња и им заповедал да ги однесат кај свети Антониј. Кога му раскажале старците на светецот за ова, тој рекол: ”Ми се чини дека тој монах е како брод, пренаполнет со тежок товар, и не се знае дали ќе доплови до пристаништето и навистина, откако почнал да мисли високо за себе си, по некое време паднал. Ова го предвидел свети Антониј и им рекол на своите ученици: ”Во овој час падна оној млад монах. Појдете и видете“. Тие отишле и го виделе како седи на својата рогожа и го оплакува направениот грев. (Дост. Сказ. 94).

50. Но, колку е високото мислење за себе си погубно, толку е самопонижувањето спасоносно. За ова е потврда и примерот со чевларот, за кој имал свети Антониј видение и слушнал глас: ”Антониј , ти уште не си го достигнал тој и тој чевлар во Александрија.“ Тогаш тој отишол во Александрија, го нашол тој чевлар и го молел да му каже што е тоа што е особено во неговиот живот. А тој му рекол: ”Јас не знам некогаш да сум направил некое добро дело. Затоа, штом изутрина станам од постела, пред да седнам да работам, јас ги изговарам овие зборови: ”Сите луѓе од овој град, од најмали до најстари, ќе влезат во царството небесно за своите добри дела; само јас ќе бидам осуден на вечни маки поради моите грешни дела. Ова го повторувам најискрено и навечер, пред да легнам в постела“. Откако го ислушал, свети Антониј разбрал дека уште не дошол до таква вера (Patr. Lat. t. 76, p. 785).

51. И токму ова му послужило како повод често да ја повторува следнава поука: ”Потребно е сами себе си да се прекоруваме и да се обвинуваме, и тоа да го правиме искрено, зашто оној, кој самиот себе си се прекорува, него Бог го оправдува и прославува“ (Patr. Lat. t. 76,p. 785).

52. Взаемно усложнување и помагање. Браќата еднаш го прашале свети Антонија: ”Дали е добро, ако некој рече: ”Jac нема да земам ништо од браќата, но и ништо нема да им давам; мене ми е достатно она што го имам. Дали е тоа навистина добро?“ Свети Антониј им одговорил: ”Деца мои, оној што е таков, тој има жестоко срце и неговата душа е како душа на лав. Таквиот треба да се смета за оттуѓен од заедницата на сите добри луѓе. (Patr. Graeca t. 40, р. 1095).

53. А другпат пак го прашале: ” Како треба да им служиме на браќата?“ Тој им одговорил: ”Браќата што сакаат да им служат на своите браќа, нека им служат така, како што им служат слугите на своите господари и како што Господ му служел на апостолот Петар, иако бил негов Создател. Со тоа Господ покажал дека и оние што одбиваат да им се укаже помош не се без укор, но секако се достојни за секаков прекар оние, кои сметаат дека ќе се понижат, ако им послужат на своите браќа. Ако првите нема да имаат дел со Господа, како што му рекол Господ на Петра, тогаш што да кажеме за последните?“ (Patr. Graeca t. 40, p. 1095).

54. Свети Антониј често говорел: ”Од ближниот е и животот и смртта. Зашто ако го придобиваме братот, Го придобиваме Бога; а ако го соблазнуваме нашиот брат, грешиме против Господа Исуса Христа“ (Дост. Сказ. 9).

55. Сочувство и снисходпивост спрема оние што паѓаат. Во манастирот на авва Илија еден од браќата имал искушение. Него го избркале од манастирот, и тој отишол на гората при свети Антониј. Тој, откако го задржал извесно време, го вратил во манастирот, од каде што го избркале. Но, браќата на тој манастир пак го избркале. И тој пак дошол при свети Антониј и му рекол: ”Оче, браќата не сакаа да ме примат!“ Тогаш светиот старец го испратил со следниве зборови: ”Бура зафатила кораб на морето; тој го загубил својот товар и со голема мака се спасил, а вие сакате да го потопите и она што дошло спасено до самиот брег“. А браќата, кога слушнале дека нивниот брат го враќа кај нив свети Антониј, веднаш го примиле. (Дост. Сказ. 21).

56. Во некој манастир еден од браќата бил обвинет за блуд, и тој дошол при свети Антониј. Cо него дошле и браќата од тој манастир, за да го излекуваат и да го земат пак во манастирот. Тие почнале да го изобличуваат затоа што го направил тој грев, а братот почнал да се брани и да тврди дека тој таков грев не направил. Се случило да биде присутен и авва Пафнутиј Кефало. Тој им ја раскажал оваа приказна: ”На брегот на една река видов човек, кој влезе до колена во кал. Некои луѓе му пријдоа да му подадат рака, а всушност го потонаа до самиот врат“. Авва Антониј потоа рекол: ”Еве човек, кој навистина може да лекува и да спасува души!“ Монасите, трогнати од зборовите на старците, го примиле пак својот брат и се вратиле во својот манастир (Дост. Сказ. стр. 29).

57. Забележителна е мислата на свети Антониј и за тоа кој може да има вистинско братољубие. Тој говорел: ”Човекот никогаш не може да биде вистински добар, колку и да го сака тоа, ако во него не се всели Бог, зашто никој не е добар освен Самиот Бог (Patr. Lat. t. 73,p. 785).

 

7. Последната цел на сѐ и врвот на совршенството

58. Радоста во Бога и животот во Бога се последната цел на сите подвижнички трудови и врвот на совршенството. Самиот Бог му го покажал ова на свети Антониј кога го удостоил со ова видение во пустината, велејќи му: ”Во градот има еден човек што е сличен на тебе. Тој е лекар, кој сѐ што има одповеќе им го дава на сиромасите и кој секој ден ја пее ангелската песна заедно со ангелите, односно живее во совршенство на љубовта спрема Бога, живее во Бога и оди пред Бога. (Дост. Сказ. 24).

 

 

8. Совршенството на свети Антониј

и неговата слава на небото

59. Се говорело за свети Антониј дека бил прозорливец, тој одбегнувал да се зборува за тоа; на него му биле откривани и сегашнината и иднината на светот (Дост. Сказ. 30).

60. Некој духовен старец Му се молел на Бога, за да може да ја види славата на оците. И ги видел сите нив, освен свети Антониј. Тогаш го прашал оној што го разведувал и му покажувал: ”А каде е аввa Антониј?“ Му било одговорено: ”Антониј е таму каде што е Бог. (Дост. Сказ. 28).

Свети Антониј Велики