Свети Јован Касијан Римјанин

Преглед на духовната борба

1. Сите науки и уметности имаат своја цел и свој крај, - имајќи го предвид, ревносниот љубител на уметноста, тој доброволно ги поднесува сите трудови и издатоци. Така и земјоделецот, поднесувајќи ту жештина, ту студ, неуморно ја ора и ја копа својата земја, со цел да ја исчисти од штетните плевели и да ја направи поплодородна. Тој е убеден дека може да ја постигне својата цел, да добие богата жетва и да го зголеми својот имот. Така и нашето подвижништво има своја цел и своја смисла, заради кои неуморно и со задоволство ги поднесуваме сите тешкотии и трудови, поради што не ни е тешко да ја поднесуваме и оскудноста на нашата испосничка храна, премаленоста од бдеењето нѐ весели, никогаш не сме наситени со читањето на светите книги и од размислувањето за она што го читаме, не се плашиме од постојаниот труд, ниту од лишувањето од сѐ, ниту од ужасите на оваа безгранична пустина.

2. Крајот и смислата на нашиот подвижнички живот е Царството Божјо, а целта - чистотата на срцето, без која не може да биде постигнат крајот. Откако ќе го зацврстиме нашиот поглед на поставената цел, ние сме должни правилно да се движиме кон неа, како по права линија, а ако нашата помисла и малку се отклони од неа, треба да ја поправиме, враќајќи се кон нејзиното соѕерцание.

3. Така учи светиот апостол Павле, кога им говори на оние што го примиле Христовиот товар, велејќи; "Сега, кога се ослободивте од гревот и Му станавте служители на Бога, вашиот плод е светост, а крајот - животот вечен " (Рим.6, 22). Со овие свои зборови тој како да ни рекол: "Ваша цел е чистотата на срцата, а крајната смисла на сите ваши трудови - вечниот живот". Тогаш, што може да нѐ упати кон оваа цел - кон чистотата на срцето? Ние сме должни со сите наши сили да го следиме тоа, а од сѐ што нѐ оддалечува од неа да бегаме, како од штетно и погубно. Зашто за постигнувањето на оваа цел преземаме и правиме сѐ: ги оставаме нашите родители, нашата татковина, позициите, богатството, радостите, и сите задоволства, за да ја задржиме постојаната чистота на срцето. Ако однапред ја имаме оваа цел под внимание, тогаш сѐ што мислиме и што правиме ќе биде насочено кон нејзиното постигнување. Ако, пак, оваа цел не биде постојано пред нашите очи, тогаш сите наши трудови и сили, бидејќи не се насочени кон единствената цел, ќе бидат попусти.

4. Затоа, ние сме должни за оваа чистота да правиме сѐ што можеме; за неа треба да појдеме во пустина, да постиме, да бдееме, да се трудиме да ја поднесуваме немаштијата, да читаме и да ги правиме другите добродетели, да го направиме срцето отпорно против сите страсни болести и да го запазиме здраво. Постите, бдеењето, отшелништвото, поучувањето од Светото писмо и од другите поучни книги, сето ова го правиме и треба да го правиме заради чистотата на нашето срце. Заради ова треба да ги поднесуваме сите маки и тешкотии. Не треба да дозволиме со нешто да биде повредена оваа наша добродетел. Зашто кога оваа наша главна добродетел ќе биде запазена неповредена, тогаш не ќе имаме никаква неволја, дури и ако ни се случи некој од спомнатите подвизи по некоја неопходност и да попушти. А, ако сите ги запазиме, а само неа ја нарушиме, тогаш од сите нив нема да имаме никаква корист, зашто сѐ што правиме - треба да го правиме за неа. Подвизите не се совршенството; тие се само средства за постигнување на совршенството. Затоа попусто ќе се труди оној, кој ќе се задоволи само со подвизите, како врвно добро, ако кон нив го сврти стремежот на своето срце, а не се труди да ја постигне главната цел - вистинскиот стремеж на своето срце, заради кој сето друго е само пожелно. 

Свети Јован Касијан Римјанин