Свети Јован Касијан (pdf)

Свети Јован Касијан Римјанин

Преглед на духовната борба

5. Има три вида одрекувања од светот: првото е кога телесно ги оставаме сите богатства и сите придобивки на светот; второто е кога го напуштаме стариот начин на живеење, пороците и страстите, како душевните, така и телесните; третото е кога го одделуваме нашиот ум од сѐ земно и видливо, а го соѕерцаваме само идното и го посакуваме само она што е невидливо. Сите овие три одрекувања Господ му наредува на Авраама да ги направи велејќи му "Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата, што ќе ти ја покажам Јас!" (1. Мој.12,1): да се откаже од својата земја, односно да се откаже од земното богатство и од земните придобивки; од својот род, односно од некогашниот начин на живеење, од некогашните обичаи и пороци, кои се присоединиле со нас од самото наше раѓање; од нашите блиски роднини, кои ни се еднокрвни; од домот на својот татко, односно од секое спомнување за светот и од сѐ што е во него, од сѐ со што се среќаваат нашите погледи во него. Ова бива кога, откако ќе умреме со Христа за стихиите на овој свет, според зборовите на светиот апостол Павле, да не гледаме веќе на тоа што е видливо, туку на невидливото: "Бидејќи видливото е времено, а невидливото - вечно" (2.Кор.4,18), па, откако ќе излеземе со нашето срце од овој привремен и видлив дом, нашиот ум и нашите очи да ги свртиме кон оној дом, во кој ќе живееме вечно; зашто иако во тело одиме, телесно не се бориме во Господа (2.Кор.10,3), објавувајќи ги овие зборови на блажениот апостол и со нашиот живот и со нашите дела, зашто нашето живеалиште е на небесата(Фил. 3,20).

6. Нема да имаме голема корист, ако првото одрекување го направиме со топла вера, а ако не го направиме со таква ревност и со таква топлина и второто, така што, откако ќе успееме на таков начин да го придобиеме него, да можеме да го придобиеме и третото, во кое, откако ќе излеземе од домот што му припаѓал на нашиот земен татко според стариот човек, потполно да го насочиме погледот на нашиот ум кон небесниот ум. Затоа, ако сакаме да дојдеме до вистинско совршенство, треба да се стремиме кон тоа: како што сме ги оставиле нашите телесни родители, татковината, богатството и земните задоволства, да го оставиме сето тоа и со нашето срце и веќе никогаш со похотта да не се враќаме кон ова што сме го отфрлиле со презир, слично на Израилците, кои биле изведени од Египет и кои, и по вкусувањето на небесната мана, ги посакувале нечистите и скверни египетски јадења, велејќи: "O, да бевме умреле од раката Господова во земјата Египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Hѐ изведовте овде во оваа пустина, за да го умрете целово ова множество со глад (2.Мој. 16,3; 3. Мој. 11,5). И секој оној, кој по одрекувањето од светот, се враќа кон некогашните грижи, се занесува со некогашните желби, со своите дела и со својата мисла го кажува тоа истото: дека му било добро во светот. Ако го оставиме светот само со нашето тело и само по место се преселиме од него, никаква полза нема да имаме од тоа, ако не успееме да го направиме тоа и со нашето срце, што е повозвишено и покорисно. За одрекувањето, кое го нарековме телесно, еве, што вели апостолот: "И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, - штом љубов немам, ништо не ми користи" (1.Кор.13,3). Односно, ако се одречам така што ништо да не оставам за себеси, пa кон тоа раздавање да се присоединам и со мачеништво и изгорување на моето тело, така што целото мое тело да го продадам за Христа, a бидам: нетрпелив, гневлив, завидлив и горделив, ако ме разбеснуваат навредите на луѓето или, ако го барам своето, ако помислувам за тоа што е лошо или, ако сѐ што ми прават луѓето не го поднесувам трпеливо и доброволно, колку и да ми e тоа тешко, - тогаш моето одрекување од светот и изгорувањето на мојот надворешен човек - напразно е, кога внатрешниот мој човек уште бива владеан со некогашните страси.

7. Затоа треба со сите наши сили да настојуваме да го отфрлиме она што е грешно и во нашиот внатрешен човек, да се откажеме од сѐ што тој насобрал во изминатиот живот - богатството на страстите, кои се прилепиле за телото и за душата; тие се наши, ако додека сме уште во своето тело, не ги отсечеме и отфрлиме, тие, и по исходот на нашата душа, нема да престанат да нѐ придружуваат. Зашто, како што добродетелите, или самата љубов, која е нивни извор, бидејќи придобиени во овој живот, и по завршувањето на овој живот го прават оној што ги сакал прекрасен и светлозарен, така и пороците, откако ја покриле душата со одвратни красти, биваат придружувани од својата нечистотија и кон своето вечно живеалиште. Убавината или одвратноста на душата настанува од тоа какви се нашите добродетели или пороци, од кои се извлекува секоја боја што ја прави или прекрасна и светлозарна, така што се удостојува да ги слушне зборовите на светиот пророк Давид: "Зашто Царот ја посака твојата убавина, оти Он е твој Господар и поклони Му се тогаш ти " (Псал.44,11), или, пак, крајно црна, одвратна, смрдлива и грда, така што таа самата, искажувајќи ја смрдеата на својата нечистотија, ќе рече: "Смрдат и гнијат раните мои поради безумието мое" (Псал.37,5). Затоа, токму тие, добродетелите, или страстите, се нашето вистинско богатство кое е нераздвојно од нашата душа, и кое ни еден цар не може да ни го даде и ни еден крадец не може да ни го одземе. Тие се наше лично богатство, кое ни самата смрт не е толку силна, за да може да ни го одземе.

(Да го расфрламе лошото богатство, значи да ги умртвуваме пороците и страстите, а тоа не можеме да го постигнеме без борба со нив. Затоа, откако сме се откажале од светот, неизбежно ни претстои борба со страстите. Оваа работа треба да биде прва и најважна уште од самиот почеток на монашкиот живот. Кај свети Касијан има и негови лични општи размислувања за оваа борба во неговите разговори, во неговиот четврти разговор - за борбата на телото и на духот, и во петтиот - за осумте главни страсти, во кои ни дава подробен опис на борбата со секоја од осумте главни страсти во книгите за манастирските правила. Оттаму го земаме она што е најсуштествено).

Свети Јован Касијан Римјанин