Преподобен Исихиј, презвитер ерусалимски

Преподобен Исихиј бил роден во Ерусалим. Во младите години му бил ученик на свети Григориј Богослов. По смртта на својот голем учител живеел подвижнички во една од палестинските пустини, каде продолжил да го проучува духот на христијанството и од книгите и од усните поука, што ги слушал од тогашните подвижници на Палестина, како и со искуство од својот личен живот и со своите истражувања. Во 412 год. ерусалимскиот архиепископ го ракоположил овој учен подвижник за свештеник.

Свети Исихиј е еден од познатите црковни учители во историјата на христијанската црква. Неговиот ученик Кирил Скитополски пишува за него во житието на свети Евтимиј: "Свети Евтимиј многу се израдувал, што ерусалимскиот архиепископ Јувеналиј во 429 год. го посетил неговиот манастир за осветувањето на новиот храм и што со себе го донел просветениот Исихиј, познатиот презвитер и учител на Светата Црква".

Хроничарот Теофан смета дека свети Исихиј починал во 26-та година од царувањето на Теодосиј Младиот, а тоа одговара на 432 или 433 година. Во месецословот на императорот Василиј неговиот спомен се празнува на 28-ми март. Во Руската црква, како и на целиот Исток, тој се празнува заедно со сите преподобни во Сиропусната сабота. Во канонот од свети Теодор Студит за тој ден свети Исихиј е поставен во бројот на великите учители на Светата Црква, заедно со Василиј Велики, Григориј Богослов, Јован Златоуст, Атанасиј Велики, Кирил Ерусалимски, Кирил Александриски, Епифаниј и Григориј Ниски. Тој се именува како втор богослов, се разбира, пo Григориј Богослов.

По своите учени трудови, преподобен Исихиј бил достоен ученик на свети Григориј Богослов. Во месецословот на императорот Василиј, каде се вели за него дека бил проповедник и толкувач на Светото писмо, се вели и ова: ”"Тој го протолкувал целото Свето писмо со голема јасност и го дал на општо користење, за што бил многу славен и почитуван".

Од големиот број негови творби, следејќи го примерот на грчкото Добротољубие, земаме во нашиот зборник еден дел од словото од Теодул, кое има 203 глави, како нешто најважно за оние што сакаат да свикнат со трезвеност, внимание и со запознавање на срцето. Свети Фотиј цариградскиот патријарх во својата Филокалија со 188 четива пишува за овој спис вака: " Овој спис е попогоден од секој друг за оние што живеат подвижнички заради добивање на небесното царство. Тој во свето изложување е јасен и по сѐ таков, какво што им е потребен на оние, кои не се занимаваат со длабоки проучувања, туку целиот свој труд и сите свои грижи ги посветуваат на подвизите во практичниот духовен живот".

(При преведувањето, грчкиот текст на Добротољубието беше дополнуван на некои места според Patrologiae Graecae, Migne t. том 93). -..".

Преподобен Исихиј, презвитер ерусалимски