Преподобен Исихиј, презвитер ерусалимски

1. Трезвеноста е духовна уметност, која, ако долго и со постојана усрдност биде применувана, со Божја помош, потполно го ослободува човекот од страсните помисли, лошите зборови и грешните дела; на оној, кој така се служи со оваа уметност, му дава точно познавање на недостижниот Бог, колку е тоа можно за нас луѓето, како и откривање на скриените Божји тајни. Таа ја извршува секоја заповед на Стариот и Новиот завет и е дарител на секое добро на идниот живот. - Таа е чистота на срцето, која по својата величественост и по своите високи квалитети или поправилно речено, поради нашето невнимание и поради нашата негрижа, многу е ретка сега кај монасите. Меѓутоа Христос говори за неа и ја ублажува со зборовите: "Блажени се чистите по срце, оти тие ќе го видат Бога" (Матеј 5,8). Бидејќи таква, таа се купува по висока цена. Трезвеноста, ако живее постојано во човекот, станува за него водителка на патот кон вистинскиот и богоугодниот живот. Таа е скала кон соѕерцанието. Таа нѐ учи како правилно да ги раководиме движењата на трите делови на душата: мислите, чувствата и волјата, и строго да ги пазиме чувствата и во нашиот дом постојано да ги имаме четирите главни добродетели: мудроста, храброста, воздржливоста и справедливоста.

2. Големиот законодавец Мојсиј, а повеќе Светиот Дух, ни говори колку е оваа добродетел непорочна, чиста, сеопфатна и плодотворна, и учејќи нѐ како треба да ја почнуваме и да ја завршуваме вели: "Пази се, да не влезе во срцето твое лукава мисла" (5. Мој. 15,9). Под “лукава мисла" разбираме духовна гревовна вообразба, која Му е спротивна на Бога. Светите оци велат дека ѓаволот го воведува ова во нашето срце, по кое веднаш во нашиот ум се појавуваат наши помисли и почнуваат со тоа страсно да разговараат.

3. Трезвеноста е патот на секоја добродетел и на секоја Божја заповед; таа се нарекува и безмолвие на срцето; таа е пазителка на умот, која го пази во совршен спокој.

4. Оној што се родил слеп не ја гледа сончевата светлина. Така не ја гледа светлината на благодатта, која слегува одозгора оној, кој не живее во трзвеност. Тој нема да се ослободи од лошите дела, кои Му се одвратни на Бога. Таквите по излегувањето од телото не живеат слободно; нив ќе ги пречекаат кнезовите на пеколот.

5. Вниманието е непрестајно безмолвие на срцето од секаква помисла, во кое тоа дише со Господа Исуса Христа, Божјиот Син и Бога и со Него Единиот секогаш, непрекинливо и непрестајно дише, Него Го повикува и заедно со Него храбро ги напаѓа непријателите и Нему, Кој има власт да простува гревови, Му ги исповеда своите гревови. Таквата душа, преку честото повикување, Го опфаќа Христа, Единствениот Тајнозналец на срцата, со сите сили се труди да ги скрива своите тајни да ги скрие својата сладост и својот внатрешен подвиг, за да не се случи некој лукав непријател да му овозможи на некое зло лесно да навлезе во него и да ги уништи нејзините добри дела.

6. Трезвеноста е силно вооружување на помислите на умот и неговото стоење при вратите на срцето, така што може да види како туѓите помисли се приближуваат - тие крадци и грабители. Слуша што говорат и што прават тие грабители; гледа каква слика и каков лик демоните сликаат, обидувајќи се преку нив да го вовлечат умот во мечтаења и да го измамат. Ако бидеме трудољубиви во оваа работа, таа, ако сакаме, ќе нѐ научи јасно и ќе ни ја покаже нагледно и од личен опит вештината на духовното војување и ќе ни подари опитност во неа.

7. Двојниот страв, од една страна, да не бидеме оставени од Бога, а од друга, да не бидеме оставени сами во надворешните искушенија, обично го раѓа вниманието кај човекот, кое се грижи за тоа да го затвори изворот на лошите помисли и дела. Токму затоа Бог ни ги испраќа жалосните искушенија, за да ни помогне да го исправиме нашиот живот, особено кога некој вкуси од сладоста на ова добро од вниманието и трезвеноста и стане невнимателен и мрзлив. - Од постојаното повторување на ова се раѓа навиката, а од неа се развива некаква непрекинлива трезвеност, а од неа, малку по малку, се раѓа знаењето за духовната борба, по што следи непрестајната Исусова молитва, слатката тишина на умот, без мечтаења, и некаква прекрасна состојба, која произлегува од соединувањето со Христа.

8. Умот што стои и Го повикува Христа против непријателите и кон Него прибегнува, сличен е на некаков ѕвер, кој заобиколен од многу кучиња, храбро стои против сите нив, скриен зад нешто. И умот, замислувајќи ги стапиците на своите духовни непријатели, непрестајно Му се моли против нив на Миротворецот Христа и со тоа бива неповреден од нив.

9. Ако знаеш, дека и тебе ти е дадено наутро да стоиш пред Господа, и не само да те гледаат, туку и да гледаш (сп.Псал. 5,4), тогаш ќе разбереш за што говорам.  А, ако не ме разбираш, биди трезвен и ќе добиеш вакво знаење.

10. Морето е составено од мноштво води, а составот и тврдината на трезвеноста, будноста и вдлабоченото безвмолие на душата, е како бездна на прекрасни и неискажливи соѕерцанија, разумно смирение, правина и љубов, крајна трезвеност и непрестојна и напорна молитва кон Господа Исуса Христа без помисли - со воздивнување, но без очајание и здодевност.

11. "Не секој што ми вели: 'Господи, Господи', ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен " (Матеј 7,21). А волјата на Неговиот Отец е: "Вие, кон Го сакате Господа, мразете го злото " (Псал. 96,10)! Па така, за време на нашата молитва да ги намразиме лошите помисли, и волјата Божја е исполнета.

12. Нашиот Господ и Бог, откако се воплотил, ни дал образец на секоја добродетел како пример на човечкиот род и за враќање од древното паѓање, изобразувајќи сѐ што е добродетелно во Својот телесен живот. Меѓу многуте други покажани добри примери, Он, откако по крштавањето отишол во пустината и со Својот пост навлегол во духовна борба со ѓаволот, кој Му пристапил како кон обичен човек и со начинот како го победил, односно преку смирението, постот, молитвата и трзвеноста, кои ги исполнувал, иако немал потреба од нив, како Бог и Бог на боговите, нѐ научил и нас, Своите лоши слуги, како треба правилно да се бориме против лошите духови.

13. А за тоа колку начини на трезвеност има, според моето мислење, со кое можеме малку-по-малку да го очистиме нашиот ум од страсните помисли, нема да ме мрзи да ти ги изложам на разбирлив начин, а не со висок стил. Зашто јас не сметам дека е разумно и во ваквите поуки, како што бива во раскажувањата за надворешните војни со украсни зборови да се скрива она што е корисно, особено за луѓе прости и не многу учени; јас ќе ти кажам за сѐ ова едноставно, така како што му пишува светиот апостол Павле на Тимотеја: " Занимавај се со читање" (1. Тим. 4,13), да внимава на она што ќе го чита.

14. Еден од начините на трезвеноста е: непрестајно да ги следиме нашите мечтаења и ѓаволските искушенија, зашто без мечтаењата сатаната не може да ги устројува помислите и да му ги дава на умот такви за да може да ги измами.

15. Друг од начините е: нашето срце секогаш да биде во молчење, да се воздржува од лоши помисли и да се моли.

16. Еден од начините е и овој: непрестајно со смирение да Го повикуваме на помош нашиот Господ Исус Христос.

17. Таков начин е и овој: нашата душа да го има во себе непрестајното спомнувањето за смртта.

18. Возљубени, сето ова е слично на вратар, кој им го забранува влегувањето на лошите помисли. А тоа дека треба постојано да гледаме кон небото, нашиот ум секогаш да биде зафатен со соѕерцание на небесните работи и да не го свртуваме нашето внимание кон ништо земно, и ова е еден од начините на трезвеноста; за ова, со Божја помош, на друго место ќе говорам поопширно.

19. Ако ги отсечеме причините на страстите и поводите за нивното поттикнување и се зафатиме со духовна работа, макар само за кусо време, а не останеме само со тоа за сето време, правејќи го само тоа, пак лесно се враќаме кон телесните страсти, а од тоа нема да имаме некој друг добар плод, освен крајно помрачување на нашиот ум и најдлабоко пропаѓање во она што е земно.

20. Оној што се подвизува, внатре, во себе, во секој миг треба да ги има овие четири работи: смирението, потполното внимание, протиставување и борба со помислите и молитвата. Смирението, - за додека се моли со своите непријатели - гордите демони - секогаш да ја има во раката на своето срце Христовата помош, зашто Господ им се противи на горделивите. Вниманието - за да го држиме нашето срце секогаш без никаква помисла, макар таа и да ни се чини добра, протиставување и борба со помислите - со цел да ѝ се протиставиме со гнев на секоја лоша помисла веднаш штом ќе се појави, како што е речено: "И јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат" (Псал. 118, 42) и: "Зар во Бога не се успокојува душата моја?" (Псал. 61,1). Молитвата - за да можеме веднаш по протиставувањето, од длабочината на нашето срце да повикаме кон Христа со неискажливи воздивнувања. И тогаш самиот подвижник ќе види како неговиот непријател се преплашува од Христовото име и како прав од ветар бива развеан и како чад исчезнува со сите свои мечтаења.

21. Оној што нема молитва, која е чиста од помисли, тој го нема главното оружје за борба, зашто чистата молитва дејствува непрестајно во скриените длабочини на душата. И тогаш непријателот бива бичуван со повикувањето на Господа Исуса Христа и бива оневозможуван да ја продолжи својата скришна борба.

22. Ти си должен со твојот остар и напрегнат поглед да гледаш внатре во себеси, за да гледаш (и да распознаваш) кој влегува таму, и штом ќе го забележиш непријателот, веднаш протистави му се и скрши ѝ ја главата на змијата, извикувајќи истовремено со силно возбудување кон Христа. Тогаш ќе имаш јасен опит на невидливото Божјо закрилништво. Исто така, тогаш ќе се увериш дали твоето срце дејствува правилно или во нешто постапува неправилно.

23. Како оној што држи огледало во својата рака и се гледа во него, ако тогаш е заедно и со други луѓе, тој во огледалото го гледа не само своето лице, туку и лицата на другите луѓе што гледаат во тоа огледало; истото станува и со оние, кои со внимание гледаат во своето срце: тој ја гледа сопствената состојба така како што е, но истовремено ги гледа и црните лица на своите духовни непријатели.

24. Самиот ум не може сам да го победи демонското мечтаење. Никогаш да не помислува и да не се надева дека може да го направи тоа. Зашто нашите духовни непријатели, бидејќи итри или лукави, понекогаш се претвораат како да се победени, замислувајќи да нѐ нападнат од друга страна и да нѐ победат, - со помош на нашето славољубие. А оние што го повикуваат на помош Христовото име, против нив ѓаволот не може да устои ни еден миг и не ќе смее да ги напаѓа.

25. Гледај да не почнеш да мислиш високо за себеси и да не измислуваш свои начини на духовно војување, слично на некогашните Израилци; зашто и ти ќе им бидеш предаден на твоите непријатели. Бидејќи тие, откако сесилниот Бог ги ослободил од Египјаните, потоа измислиле свој помошник, изливајќи златен идол.

26. Под излеаниот златен идол разбери го нашиот слаб разум, кој, додека Го повикува Исуса Христа против духовите на злобата, лесно ги изгонува и со вешто умеење успева да ги натера невидливите сили на непријателот да се разбегаат. И штом ќе почне неразумно да се надева на себеси, тогаш паѓа и целиот се искршува, слично на оние гулаби, кои се издигнуваат високо, па откако се завијат со своите крилја како клопче, паѓаат брзо кон земјата, па, ако не успеат навреме да ги ослободат крилјата, паѓаат на земјата со смртоносно разбивање. А, еве, што вели оној што се надева на Господа: "Господ е крепост моја и штит мој; на Него се надеваше срцето мое и Он ми помогна; затоа се зарадува срцето мое и јас ќе го прославувам со сето мое срце“ (Псал. 27,7) и: "Кој ќе се крене за мене против лукавите или кој ќе стои покрај мене против оние што вршат беззаконие?" (Псал. 93,16), Односно безбројните помисли? Оној што се надева на себеси, а не на живиот Бог, тој паѓа со ужасно паѓање.

27. А ти, возљубен, ако сакаш да се бориш како што е потребно, треба да знаеш како да се бориш и да го подготвиш твоето срце со лесната наука на безмолвието, која ти ја дава пајакот. Тој ги лови и ги умртвува мушичките. И ти, ако сакаш да ги победуваш демонските сили, како и тој, треба да седиш во скришното место на мрежата и трпелнво да безмолствуваш во својата душа; не престанувај секогаш да ги избиваш вавилонските младенци, за кое избивање Светиот Дух преку Давида ќе те нарече блажен (сп. Псал.136,9).

28. Како што не можеме Црвеното Море да го видиме на небесниот свод меѓу звездите, и како што човекот, кој оди по земјата, не може да не го диши овдешниот воздух, така и ние не можеме да го очистиме нашето срце од страсните помисли и да ги изгониме духовните непријатели од него, ако постојано не го повикуваме името на Господа Исуса Христа.

29. Ако секогаш се наоѓаш во твоето срце со смирено мудрување, ако си спомнуваш за смртта и ако се бориш со лошите помисли, повикувајќи го името на Господа Исуса Христа и ако со овие оружја одиш трезвено по духовниот пат, кој е тесен, но радосен и сладок, ќе навлезеш во светите соѕерцанија на светиите и Христос ќе те просвети со знаењето на длабоките тајни, како што вели апостолот: "Во Кого се сокриени сите сокровишта на премудроста и познавањето " (Кол. 2,3) и: "во Него телесно живее сета полнота на Божеството " (Кол. 2,9). Зашто во Исуса ќе почуствуваш дека во твојата душа слегол Самиот Свети Дух, преку Кого Бог му го просветува умот на човекот, " гледајќи ја славата Господова " (2. Кор. 3,18). 3aтoa апостолот и вели: "Никој, кој зборува преку Божјиот Дух, не може да Го нарече Господ, освен преку Светиот Дух" (1. Кор.12,3), Кој тајно го утврдува оној кој Го бара (во вистината за Него).

30. Оние што го сакаат знаењето, треба да знаат дека демоните, завидувајќи ни за тоа што имаме голема корист од борбата со нив, што стануваме помудри и што се издигнуваме сѐ повеќе кон Бога, често се кријат од нас и престануваат да нѐ напаѓаат, имајќи намера да нѐ измамат: да заборавиме на опасностите од нивните напади и да престанеме да се грижиме. Тогаш, одеднаш и ненадејно го напаѓаат нашиот ум со мечтаење и пак успеваат да нѐ направат невнимателни спрема нашето срце и мрзливи. Зашто тие имаат една единствена цел и една единствена и постојана грижа: да не ни даваат никако да бидеме внимателни спрема нашето срце, зашто знае колку големо богатство собира нашата душа преку тоа. - Но ние, токму затоа, за време на овие борби да се вооружуваме со спомнувањето на Господа Исуса Христа во нашите духовни соѕерцанија, и ќе ги победуваме демонските сили. Само треба сѐ да правиме, јас така ќе речам, во советување со Самиот Господ и со големо смирение од Наша страна.

31. Ако живееме во манастирско општожитие, ние сме должни доброволно и со целосна готовност на нашето срце да се откажуваме од нашата волја и да ја прифаќаме волјата на игуменот и на тој начин, со Божја помош, да бидеме доброволни робови. При ова, треба особено да внимаваш да не се раздразнуваме и да ги дозволуваме неразумните и неприродните движења на гневот, зашто тогаш за време на духовните борби нема да бидеме храбри. Бидејќи нашата волја, ако самата не се одрече од своето своеволие, обично се раздразнува на оние што се принудени да ни ја ограничуваат, без наша согласност. А гневот раздразнет поради ова, злобно беснее и не знае како да ја води борбата, која и со голем труд одвај можела да биде добиена. Гневот обично бива разурнувачки. Ако се усмерува против бесовските помисли, тој ги разбива и ги уништува, ако се устреми против луѓето, тој ги уништува во нас добрите помисли за нив. На тој начин, очигледно е дека гневот ги урива сите видови на помислите, и лошите и добрите. Тој ни е подарен од Бога како штит и како лак; тој е таков, ако ние не се отклониме од нашето назначување. Ако почнеме да дејствуваме несообразно со него, тогаш стануваме разурнувачи. Јас сум видел дека понекогаш и песот смело им се нафрла на волци, а ги раскинува и овците.

32. Треба да се пазиме од самоволното однесување со другите луѓе како од змијски отров и да ги одбегнуваме честите разговори како од змии и скорпии, зашто тие можат да нѐ доведат сосема брзо до тотално заборавање на внатрешната борба и да ја урне нашата душа од висините каде што се наоѓа, каде му дава чистота на срцето. Заборавањето е достојно за проклетство. Како водата што му се противставува на огнот, така тоа му се противставува на вниманието и секој ден силно се бори со него. Од заборавањето произлегува и неморалноста за исправниот духовен живот и унинието, како и сите неумесни похоти, а на тој начин пак се враќа назад, како песот што се враќа на блувотината своја (сп. 2. Петр. 2,22). Да бегаме од самоволноста како од смртоносен отров; а лошата болест на заборавањето да ја лекуваме со најстрогото пазење на умот и непрестајното повикување на нашиот Господ Исус Христос, зашто без Него не можеме да правиме ништо (сп. Јован 15,5)

33. Необично и неможно е да се дружиме со змија и да ја носиме во нашите пазуви, а неможно е и да му ласкаме, да го сакаме и да му угодуваме на нашето тело, освен што ни е дозволено да му даваме колку што му е неопходно потребно, а истовремено да се грижиме за небесните добродетели. Зашто змијата по својата природа нема да се додржи да не го касне оној што ја стоплил во своите гради, а и телото - да не се оскверни, да се запази од движењата на телесните похоти и сласти, на кои им служи. Кога телото во нешто ќе погреши, тогаш треба непоштедно да го шибаме до отварање рани, како што го тепаат робот, кој избегал во пијана состојба, за да знае дека умот е господар над него, кој секогаш е готов да го казни, за да не бара да се опива со вино и да не биде невнимателен спрема својата господарка душата, оваа незаменлива Божја слугинка. Сѐ до самата смрт немај доверба во твоето тело. Светиот апостол Павле пишува: "Телесното мудрување е непријателство против Бога, на законот Божји тоа не му се покорува, ниту пак може " (Рим. 8,7) и: "Оти телото сака противни работи на духот" (Гал. 5,17), и уште: "Оние, што живеат по телото не можат да Му угодат на Бога - Вие живеете не по тело, туку по дух" (Рим. 8,8-9).

34. Делото на благоразумноста се состои во тоа: секогаш да ја поттикнуваме раздразнителната сила на нашата душа кон судири во внатрешната борба и кон самопрекорување; делото на мудроста, мисловната наша сила да ја поттикнуваме кон најстрога и непрекинлива трезвеност и кон духовно соѕерцание; делото на справедливоста - силата на желбите да ја насочуваме кон добродетелите и кон Бога; делото на храброста - да раководи со чувствата и да ги ограничува, за тие да не го осквернуваат ни нашиот внатрешен човек, ни срцето, ни надворешниот човек, ни нашето тело.

35. "На Израилот е убавината Негова", - на умот, кој ја гледа убавината на Самиот Бог. колку што е тоа можно, "и Неговата сила е на облаците“ (Псал. 67.35), - во светлозрачните души, кои наутро погледот свој го насочуваат кон Оној Кој седи од десната страна на Отецот, Кој ги осветлува како чисти облаци со Своите зраци и ги покажува прекрасни.

36. Светото писмо вели: "Оној којшто ќе згреши, расипува многу добри работи" (Проп. 9,18). Умот што греши го уништува она што е напишано во претходната глава - таа небесна храна и тоа небесно питие.

37. Ние не сме посилни од Самсона, не сме помудри од Соломона, не сме поразумни од Давида, не го сакаме повеќе Бога отколку што Го сакал врховниот апостол Петар. Да не се надеваме на себеси, зашто Светото писмо вели, дека оној што се надева на себеси паѓа со паѓање големо и страшно.

38. Да се научиме од Христа на смирена мудрост, од Давида на смиреност, од Петра - на плач поради случајните паѓања, но да не се очајуваме слично на Самсона, на Јуда и особено на премудриот Соломон.

39. “ Ѓаволот обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта" (1. Петр. 5,8). Тој нѐ заобиколува постојано со своите војски. Затоа да не престануваат никогаш во нас вниманието на нашето срце, трезвеноста, противставувањето на лошите помисли и молитвата кон нашиот Бог - Господ Исус Христос. Зашто подобра помош од Исусовата нема да најдеш во целиот твој живот, оти Он е Бог и како Бог ги знае сите домонски стапици, заобиколување и лукавство.

40. Затоа душата твоја храбро да се надева на Христа и Него да Го повикува и од непријателите духовни да не се плаши, зашто не војува душата твоја сама; со неа е секогаш Силниот Цар -  нашиот Господ Исус Христос, Создателот на сѐ што постои, телесно и бестелесно, видливо и невидливо.

41. Како што дождот, колку повеќе паѓа на земјата, толку повеќе ја омекнува, така и светото име Христово, ако го изговориме без лоши помисли, колку почесто Го повикуваме, толку повеќе го омекнува нашето срце, преисполнувајќи го со радост и со веселба.

42. Неопитните треба да знаат и тоа, дека ние нахранетите и приврзаните за земјата кои мудруваме телесно, дека нашите безтелесни и невидливи непријатели, кои го сакаат нашето зло и кои се мудри и знаат како да ни го претставуваат, кои се брзи и лесни, искусни во духовната борба против нас, која ја водат од Адама до сега, немаме некоја друга можност да ги победиме, освен само преку непрестајната трезвеност на умот и со повикувањето на помош на Господа Исуса Христа, нашиот Бог и Создател. Нека Исусовата молитва ни биде поттик и раководство во самоиспитувањето и познавањето на доброто, а за опитните најдобриот учител во доброто е дејствувањето - дознавањето на дело и вкусувањето на доброто.

43. Како што детето, кое е мало и наивно, кога ќе види како некој изведува некои трикови, се задоволува со тоа и поради својата наивност почнува и самото да се обидува да го прави тоа. Така и душата, бидејќи едноставна и добра, зашто таква е создадена од својот Господ, се насладува со демонските наслади и, измамена преку нив, прибегнува кон него, како кон добар, како и птицата кон оној кој ги поставува своите мрежи за да ги улови нејзините малечки, мешајќи ги на тој начин своите помисли со тие на бесовите. Ако тоа биде лицето на некоја убава жена или нешто друго што е потполно забрането од Христовите заповеди, тогаш замислува како да го оствари тоа на дело, поттикнуван од надворешната убавина на тие работи. А потоа, откако ќе се согласи со тие помисли, душата, преку телото, веќе го остварува на дело она што го има во своите мисли, за своја осуда.

44. Такво е лукавството на демоните и со такви стрели ја трујат својата жртва. Затоа не е безопасно, пред нашиот ум да добие поголема опитност во духовната борба, да им дозволиме да влегуваат во нашето срце, особено во почетокот, кога нашата душа има уште сочувство спрема демонските помисли, се насладува со нив, туку должни сме, штом ќе ги забележиме, веднаш во истиот миг да ги отсечеме. А кога нашиот ум, откако подолго време ја врши оваа прекрасна работа и свикне со овој подвиг, па може да распознава сѐ во него, кога ќе придобие навика за тоа како трба да се бори со демонските сили, така што ќе може правилно да ги распознава демонските помисли и, како што вели пророкот, да биде во состојба лесно да ги лови "лисичињата " (Песна над песните 2,15), тогаш ќе може вешто да влегуваат и внатре и да се бори со нив, потпомаган од Христа, и да ги изобличува и исфрлува:

45. Како што е неможно по еден канал заедно да минуваат огинот и водата, така е неможно и гревот да влезе во срцето, ако тој најнапред не почука на вратата од срцето преку мечтаењата на ѓаволското искушение.

46. Прво доаѓа нападот, а потоа следи соединувањето кога се мешаат нашите помисли со помислите на лукавите демони. Потоа доаѓа кога двата вида помисли се договараат како да го направат злото, а најпосле следи извршеното дело - гревот. Затоа, ако духот е трезен, ако внимава на себеси и со помошта на противставувањата и на повикувањата на Господа Исуса Христа, го прогонува ѓаволското искушение уште во самиот почеток, тогаш ништо од она што обично следи по него - не бива. Зашто ѓаволот, бидејќи бестелесен ум, не може да нѐ измамува поинаку, освен преку мечтаења и помисли. За ова и светиот пророк Давид вели: “Од рани зори ги убивав сите грешници на земјата " (Псал. 100,8), а големиот Божји угодник Мојсеј за согласувањето вели: "Не мешај се со нив и со боговите нивни да не сврзуваш завет " (Иса. 23,32).

47. Ум со ум се судруваат во борба, - демонскиот ум со нашиот. Затоа треба во секој миг да извикуваме кон Христа - Он да го одгонува демонскиог ум и како Човекољубец - да ни помогне да го победуваме.

48. Духовното огледало да го држиш и со безмолвие во своето срце внимателно да гледаш во него, и тогаш ќе видиш како духовно во тебе се запишува cѐ: и доброто и лошото.

49. Внимавај секогаш - никогаш да немаш во твоето срце никаква помисла - ни лоша ни добра, за да можеш на тој начин полесно да ги распознаваш духовните непријатели и нивните напади.

50. Колку е добра, пријатна, слатка, прекрасна, радосна и мила добродетелта на трезвеноста! Христе Боже, таа бива раководена од Тебе и прифаќања од човечкиот ум со големо смиренне! Таа ги раширува своите гранки до морето и до слатките реки на Твоите Божествени тајни -  своите фиданки (сп. Псал. 79,12), го наводнува умот, кој уште од најстарите времиња бил изгоруван со богооставништво и соленоста на лукавите демонски помисли и со ненаситното телесно мудрување, во кое е смртта.

51. Трезвеноста е слична на скалата Јаковова, на чиј врв се наоѓа Самиот Бог и по која светите ангели слегуваат и се качуваат. Трезвеноста го изгонува секое зло од нас, го пресекува многуглаголанието, озборувањето, клеветењето и сите телесни страсти, не можејќи ни за миг да биде лишена од својата сопствена сладост.

52. Браќа мои, да бидеме сесрдно зафатени со ова. Да се издигаме високо со чиста мисла во Исуса Христа и со Неговото знаење, да ги гледаме нашите гревови и нашиот некогашен живот, за со спомнувањето на нашите гревови да се смируваме и во нашите духовни борби да ја имаме секогаш присутна помошта на Исуса Христа, нашиот Бог. Зашто, штом, поради гордоста, или славољубието, или самољубието, се лишиме од помошта на нашиот Господ Исус Христос, тогаш истовремено ќе бидеме лишени и од чистотата на нашето срце, преку која му се дава на човекот да Го познае Бога, зашто, според ветувањето - дека "чистите по срце... ќе го видат Бога " (Матеј 5,8) - чистотата на срцето е причина и услов за богопознанието.

53. Умот, ако се труди и грижи за оваа своја скриена работа, тој заедно со другите добрини, кои доаѓаат од постојаното стражарење и пазење на душата, го добива и тоа, што петте негови сетива нема да им бидат помошници на гревовните искушенија, кои доаѓаат однадвор. Внимавајки сецело на оваа своја добродетел - на трезвеноста и на добрите помисли, со кои сака секогаш да се насладува, тој не ги пропушта низ своите пет сетива лошите помисли, земните и суетни помисли, но знаејќи какви измами се случуваат преку нив, со силни напори им се противставува и ги зауздува одвнатре.

54. Тој што секогаш внимава на својот ум, тој нема да биде измачуван од гревовните искушенија. Да се бориме против нив и да сме готови да претрпуваме сѐ.

55. Како за оние што го загубиле апетитот и што чувствуваат одвратност спрема храната имаат потреба од корисниот горчлив пелин, така и за оние што живеат грешен живот - се потребни страдањата.

56. Ако не сакаш да страдаш, тогаш не сакај да правиш зло, зашто страдањата секогаш следат по злото и по гревовите. Што сееме, тоа и жнееме. Затоа, кога доброволно сееме зло, тогаш, без и да сакаме, ќе пожнееме страдања. Колку е голема и богата Божјата премудрост!

57. Умот бива ослепуван од овие три страсти: од среброљубието, славољубието и сластољубието.

58. Верата и знаењето, кои ја облагородуваат нашата природа, ослабуваат само од овие страсти.

59. Лутината и гневот, борбите и убиствата и сите други страсти се утврдуваат силно во луѓето само преку нив.

60. Оној што не ја знае вистината тој и не може вистински да верува, зашто знаењето природно му претходи на верувањето. Она што е кажано во Светото писмо, не е кажано само затоа да го знаеме, туку и затоа да го правиме - да го извршуваме. 61. Да почнеме со извршувањето. И така, напредувајќи полека, ќе увидиме, дека надежта на Бога, тврдата вера, внатрешното знаење, избавувањето од искушенијата, благодатните дарови, срдечната исповед, изобилните солзи, дека сето тоа им се дава на верните преку молитвата. И не само тоа, туку и претрпувањето на страдањата што нѐ снаоѓаат, и искреното простување на братот, и разбирањето на духовниот закон, и добивањето на Божјата правда и на наитието на Светиот Дух и давањето на духовните дарови и сѐ што им ветил Бог на верните во сегашниот и во идниот живот. Со еден збор, душата не може да се пројави дека има образ Божји, освен со Божјата благодат и преку верата на човекот, која живее во срцето, во длабокото смирение и во нерасеаната молитва.

62. Навистина, ние сме примиле големо добро од самиот опит, што сме сознале дека, ако сакаме да го очистиме нашето срце, дека треба непрестајно да ја бараме Божјата благодат. И гледај, како ова што ти го кажувам се согласува со сведоштвата на Светото писмо. Свети пророк Амос вели: "Приготви се да Го дочекаш твојот Бог, Израиле“ (Амос 4,12). Апостолот вели: "Молете се непрестајно! " (1. Сол. 5,17). A самиот Господ Исус Христос ни вели: "Без мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се исуши; и ќе ги соберат и во оган ќе ги фрлат и ќе изгорат" (Јован 15,5-6). Молитвата е голем дар, која ги содржи во себе сите блага, зашто таа го очистува срцето, во кое верните Го гледаат Бога.

63. Бидејќи сокровиштето на смиреномудрието е скапоцено и Му е мило на Бога, а има сила да го уништува злото во нас и сѐ она што Бог не го сака, тоа тешко се придобива. Можеби во некој човек ќе најдеме некои дела на многу добродетели, но ако во него ја побараме пријатната миризба на смирението, одвај ли ќе можеме да ја најдеме. Затоа е потребно многу усилби и многу работа за да го придобиеме ова сокровиште. Светото писмо ѓаволот го нарекува нечист затоа што од самиот почеток го отфрлил ова прекрасно сокровиште на смирената мудрост и ја засакал гордоста. И само за тоа во целото Свето писмо тој се нарекува нечист дух. Зашто која телесна нечистотија може да го направи бестелесното духовно суштество потполно нечисто - за да може да се нарече нечисто? Очигледно е дека токму поради гордоста тој, иако пред тоа чист и пресвет ангел е наречен извалкан и нечист. За него се вели: "Секој горделив по срце е одвратен пред Господа" (Изрек. 16,5). Според Писмото прв грев е "гордоста" (Мудр.Сирах. 10,15). И египетскиот фараон велел: "Не го познавам Господа, ниту ќе го пуштам Израилот " (2. Мој. 5,2), - тоа го велел затоа што бил превознесен и горд.

64. Има многу дејства на умот, кои можат да ни помогнат да го добиеме прекрасниот дар на смирената мудрост, ако се трудиме за своето спасение: ако си ги спомнуваме своите гревови со зборови, дела и помисли и сѐ друго што помага да се скрушиме и да се смириме. Кон смирението нѐ води и тоа, ако непрестојно ги спомнуваме добродетелите на нашите ближни и ако ги пофалуваме и нивните други природни предности, споредувајќи ги со нашите. Гледајќи ја на тој начин јасно во својот ум својата лошотија и тоа колку изостанува зад совршенството на другите, тогаш човекот сосема природно ќе почне да се смета - за земја и за пепел, дури не за човек, туку како некој пес, затоа што заостанува зад сите разумни суштества на земјава и што е од сите нив и поскуден и поништожен.

65. Устата Христова, столбот на Црквата, великиот отец наш Василиј, вели: " Големо помошно средство за тоа да не грешиме и веднаш идниот ден пак да не грешиме, да не паѓаме во истите гревови, - потребно e пo завршувањето на денот да се подложиме на судот на нашата совест, себеси и сѐ што е наше, за да видиме во што сме погрешиле и во што сме постапиле правилно. Така постапувал Јов и кон себеси, и спрема своите деца. Ваквото секојдневно проверување го осветлува и она што бива во нас и секој час, односно како треба да дејствуваме секој час.

66. А еден друг наш учител, кој е исто така еден од мудрите во божествените работи, рекол: "'Почетокот на плодноста е цветот, а почетокот на побожниот живот воздржувањето". Да ја прифатиме воздржливоста и тоа според мерката и тежината, како што учат светите оци и целиот ден да го минувамо, во текот на сите дваесет и четири часа во запазување на умот. Дејствувајќи така, со силата на самопринудувањето, и ние ќе можеме да го изгасиме и да го намалиме злото во себе си. Зашто преку самопринудувањето се придобива добродетелниот живот, за кој се дарува царството небесно.

67. Патот кон знаењето е бестрасноста и смиреноста, без кои никој нема да Го види Бога.

68. Оној што непрестајно живее во својата внатрешност и таму секогаш се враќа тој живее целомудрено, но не само тоа; тој соѕерцава, богословствува и се моли. А ова е токму она, за што вели апостолот кога пишува: "Живејте по духот, и желбите на телото ваше нема да ги извршувате" (Гал. 5,16).

69. Oнoj што не умее да оди пo духовниот пат, тој не води грижа за страсните помисли: не ги прогонува од себе, туку секогаш е зафатен само со своето тело - или му угодува на својот стомак и живее неуредно, или со жалости, се гневи и си спомнува за злото што му го направиле, а преку тоа го помрачува својот ум или презема прекумерен подвиг и го растројува своето срце.

70. Оној што се откажал од грижите за овој свет: од жена, од имот и од сѐ друго во овој свет, тој само пo надворешниот свој човек станал монах, но не и пo внатрешниот. Но кој се откажал од страстните помисли при сето тоа, тој го направил монах и својот внатрешен човек, а тоа е неговиот ум. Таквиот е вистински монах. Лесно е надворешниот човек да го направиме монах, ако посакаме, но не мал труд се бара од нас, ако сакаме внатрешниот наш човек да го направиме монах.

71. Кој е тој што во овој свет се ослободил од страстните помисли и кој се удостоил со непрестајната молитва, која е чиста и неземна - што е и карактеристичната особеност на внатрешниот човек?

72. Многу страсти се скриени во нашите души, но тие се откриваат само тогаш, кога им се укажуваат причини и поводи.

73. Не сите се занимаваат со телесни вежби, но оној што му определил на своето тело труд и подвиг според своите сили, со целиот ум треба да биде свртен на она што е внатрешно, како што пишува апостолот: "Телесното обучување е малку корисно, а побожноста е полезна за сѐ" (1. Кор. 4,8).

74. Кога не дејствуваат страстите само затоа што или причините и поводите се уклонети или затоа што демоните лукаво отстапиле, - тогаш се појавува гордоста.

75. Смирението и страдањата (телесните лишувања на подвижникот) - го ослободуваат човекот од секој грев; смиреноста ги отсекува душевните страсти, а страдањето - телесните. Затоа нашиот Господ Исус Христос вели: "Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога" (Матеј 5,8), - ќе Го видат Него Самиот и сокровиштата што се во Него, кога со љубов и воздржливост ќе се очистат себеси, и дотолку повеќе, доколку ќе го зголемуваат своето очистување.

76. Опсерваторијата на секоја добродетел е запазувањето на умот, како што некогаш Давидовиот стражар го означувал обрезанието на срцето (сп. 2. Цар. 18,24).

77. Како што е штетно да се гледа она што е штетно за сетивата, тоа истото бива и по однос на она што е умствено.

78. Како што кога ќе ја повредиме срцевината на секое растение целото растение набргу се исушува, така станува и со човечкото срце. Потребно е секој миг да внимаваме на него, зашто духовните крадци никогаш не дремат.

79. Господ, сакајќи да ни покаже дека секоја заповед е задолжителна и дека посиновувањето е дар, кој е заслужен само со Неговата крв, вели: "Кога ќе исполните од:, што ви е заповедано речете: "Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме'" (Лука 17,10). Затоа царството не е награда за нашите добри дела, туку добар дар од Господа, приготвен за Неговите слуги. Слугата и робот не ја бараат слободата како награда, но кога ќе ја добијат, тие благодарат така како што благодари должникот, а кога уште не ја добиле, не ја очекуваат како милост.

80. Господ Исус Христос, според Светото писмо, умрел за нашите гревови, за Своите слуги што Му работеле добро и им дарувал слобода, зашто вели: "Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам: влези во радоста на својот господар " (Матеј 25,21). Ho верен слуга не бива тој, кој се потпира на своето голо знаење, на својот долг на слуга, туку оној кој покажува верност со својата послушност спрема Христа, Кој ги дал заповедите.

81. Оној што го почитува својот господар - тој извршува cé што му наредува, а ако погреши нешто и не го послуша, тој е готов да претрпи секаква казна. Ако си љубопитен, биди и трудољубив, односно исполнувај ги заповедите, зашто самото голо знаење го прави човекот горделив.

82. Искушенијата што ни се случуваат ненадејно нѐ учат да бидеме трудољубиви.

83. На ѕвездата и припаѓа светлината што е околу неа, на побожниот му припаѓаат сиромаштијата и смирението, зашто ништо друго не им било ставено како белег за распознавање на Христовите ученици, освен смирената мудрост и скромниот изглед. За ова насекаде зборуваат четирите Евангелија. Оној што не е таков, не живее така, тој се лишува од честа на Оној Кој се смирил дури до крстот и до смртта и Кој е евангелскиот законодавец на божествените заповеди, Кој ни покажал дека тие заповеди се задолжителни и за нас. И ние сме должни со нашите дела и со нашиот живот да го изобразуваме светото Христово Евангелие.

84. Светиот пророк Исаиј вели: "Вие кои жедувате, дојдете сите при водите" (Иса. 55,1). Вие кои сте жедни за Бога, одете во чистота на умот и на срцето. Впрочем, тој, кој добил таква чистота и се издигнал толку високо, трба да погледнува и долу кон земјата кон својата сиромаштија. Никој не е издигнат повисоко од оној што е смирен. Таму, каде што нема светлина, таму е се мрачно. А таму, каде што нема смирение, сите наши славољубиви трудови се суетни и бесплодни.

85. "А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги Неговите заповеди“ (Проп. 12,13). И духовно и видливо. Ако се принудуваш да го правиш она што е духовно, ретко ќе имаш потреба да се трудиш за видливите работи. Светиот пророк Давид вели: “Одлучив да ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; и Твојот закон е во срцето мое" (Псал. 39,9).

86. Ако човекот не ја исполни Божјата волја и Неговиот закон среде својата утроба, односно во своето срце, тогаш и надворешно не може да ги исполнува. Оној што не е трезвен и ревносен, тој како да Му вели на Бога: " Отстрани се од Нас, не сакаме да знаеме за Твоите патишта! " (Јов 21,14), - се разбира, поради недостигот на Божјото просветување, а оној што ја има таа светлина, што со својата увереност го држи Божјиот закон во своето срце, бива и достатно силен да живее според Божјиот закон.

87. Како што земната сол ги прави вкусни и лебот и сите јадења, го запазува месото од расипување подолго време, така разбирај го и запазувањето на духовната сладост и прекрасниот труд на срцето. Зашто тоа божествено го засладува и внатрешниот и надворешниот човек, ја одгонува смрдеата на лошите помисли и нѐ запазува постојано во доброто.

88. Од ѓаволското искушение настануваат мноштво лоши помисли, а од нив лошо дело. Оној што со Исусовата молива веднаш ќе ги изгаси лошите помисли, тој го одбегнува и лошото дело, ќе се збогати со слаткото божествено знаење, во кое насекаде ќе Го гледа присутен Бога и, ставајќи го спрема Него огледалото на својот ум, ќе биде осветлуван од Него, слично на чистото огледало кое е поставено спрема видливото сонце. Тогаш, најпосле, умот ќе дојде до последната граница на своите желби и ќе си почине од секое друго соѕерцание во себеси.

89. Бидејќи секоја помисла влегува во срцето преку вообразување на нешто видливо (видливото, пак, му пречи на духовното), божествената светлина веќе почнува да го осветлува умот - кога тој ќе се испразни од сѐ и ќе се направи сосема невидлив, да нема во себе никакви слики на она што е видливо. Зашто Божјата светлина веќе се пројавува во чистиот ум, под услов во него да исчезнат сите лоши помисли.

90. Толку, колку будно внимаваш на својот ум, со толку потопла желба ќе Му се молиш на Исуса; а доколку невнимателно го надгледуваш својот ум, толку ќе се оддалечуваш од Христа Исуса. И како што првото го осветлува воздухот на умот, така последното, - отклонувањето на слаткото повикување на Исуса - обично потполно го помрачува. Природно е ова да биде така, како што рековме, и поинаку никогаш не бива. Ова ќе го разбереш од својот опит, тогаш кога ти лично ќе го доживееш. Зашто добродетелта, а особено ваквото сладосно светлоносно дејствување не се научува поинаку, освен преку личен опит.

91. Непрестојното повикување на Исуса со некаква топла желба, полна со сладост и радост, прави воздухот на срцето поради силното внимание да се исполнува со чудно пријатна тишина. За потполното очистување на срцето само Христос бива причина и Извршител. Зашто Самиот Бог вели: "Јас Господ... правам мир"„ (Иса. 45,7).

92. Душата, откако била обдарена и насладена од Христа, со радост и љубов, Му благодари на својот Добротвор и со веселба Го повикува Оној што ѝ го дарувал тој мир, бидејќи внатре во себе духовно гледа дека Он ги растерува мечтаењата на лошите духови.

93. Псалмопеачот Давид вели: "И окото мое ги погледа непријателите мои, и увото мое ќе чуе за побунетите против мене беззаконици " (Псал.91,12) и: "само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш отплатата на грешниците" (Псал. 9О,8), платата на оние што грешаваат пред Бога сум ја гледал јас и во себеси. Кога нема никакви мечтаења во срцето, тогаш умот се наоѓа во својата природна состојба, секогаш готов да се издигне за секое радосно соѕерцание, духовно и исполнето со љубов спрема Бога.

94. На тој начин, како што реков, трезвеноста и молитвата Исусова навлегуваат взаемно една во друга: силното внимание навлегува во составот на непрестојната молитва, а молитвата во - составот на трезвеноста и вниманието на умот.

95. Добар педагог и за телото и за душата е незаборавното спомнување за смртта, така што неа да ја имаме секогаш пред себеси: постојано да се наоѓаме меѓу мигот во кој сме и самиот смртен час: самата постела, на која треба да спиеме, да ја замислуваме како место, на која треба да се разделиме со нашето тело.

96. Браќа, оној што сака да остане неранет, не треба да му се предава на сонот. Една од двете работи е неизбежна: или да паднеме и да загинеме, откако се лишиме од добродетелите, или секогаш да стоиме на стража со нашиот вооружен ум, зашто и самиот наш непријател е секогаш вооружен против нас и готов е да нѐ нападне.

97. Bo нашиот ум се раѓа некаква божествена состојба од непрестојното спомнување за Господа Исуса Христа и од повикувањето кон Него, ако не бидеме мрзливи секогаш да Му се молиме во нашиот ум, ако има непрекинлива трезвеност и сознание за тоа што станува во нас и за нападите од страна на лошите сили, на она што е добро - да го примаме, а она што доаѓа од демоните - да го одгонуваме. Но нашата работа треба да биде секогаш една и иста: да Го повикуваме Господа Исуса Христа, со топло срце да викаме кон Него - да ни даде да се причестиме со Неговото пречисто име и тоа да се настани во нашето срце. Зашто честото повторување е мајка на навиките, како по однос на добродетелите, така и во однос на пороците, а навиката потоа владее како и самата природа. Откако ќе дојде во таква состојба, тогаш самиот ум ги бара противниците, како ловџиското куче што ги бара зајаците во грмушките; но тој ги бара, за да ги изеде, а овој ги бара - за да ги победи и да ги разгони.

98. Затоа, секојпат, кога ќе ни се случи во нас да се умножат лошите помисли веднаш да го фрлиме меѓу нив повикувањето на нашиот Господ Исус Христос, и веднаш ќе видиме како се разбегуваат како чад во воздухот, како што нѐ учи нашиот опит. Кога потоа нашиот ум ќе остане сам, без лошите помисли што го вознемирувале, пак одново да почнеме да внимаваме и да Го повикуваме Господа. Така треба да постапуваме секој час кога треба да се бориме со искушенијата.

99. Како што не може голото тело да појде во војна, или, како што не може да го преплива големото море во облека, или, како што не можеме да живееме, ако не дишеме, така е неможно без смирението и без непрестојната молитва кон Христа - да научиме како се води духовната и скриена борба, како да влегуваме во неа, како да се бориме и како да ги победуваме нашите духовни непријатели.

100. Оној што бил најопитен во овие работи, големиот Давид, My вели на Господа: "Силата моја во Тебе ја чувам" (Псал. 58,9), односно обраќајќи Ти се Тебе за помош. Така и во запознавањето на силата на срцето и на духовното безмолвие и спокојство, од кои се раѓаат сите добродетели, биваат во нас по содејство од Господа, Кој ни ги дал заповедите и Кој го одгонува од нас непотребното заборавање, кога непрестајно Го повикуваме на помош, зашто заборавањето повеќе од сѐ друго го уништува безмолвието во срцето, како што водата го изгаснува огнот. Затоа, монаху, не предавај му се на сонот на мрзливоста - за да не умреш духовно, туку со името Исусово бичувај ги непријателите, и ова преслатко име, како што рекол еден од мудрите, да се присоедини со твоето дишење, и тогаш ќе ја разбереш ползата од безмолвието.

101. Кога ние недостојните ќе се удостоиме со страв и трепет да се причестиме со страшните и животворни Тајни на Христа - нашиот Цар и Бог, тогаш треба да покажеме најголема трезвеност, пазење на умот и најбудно внимание, така што овој божествен оган, односно Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос - да ги уништи нашите гревови и малите и големите нечистотии. Зашто влегувајќи во нас, тие веднаш ги прогонуваат духовите на злобата од нашето срце и нѐ ослободуваат од гревовите што сме ги направиле некогаш; нашиот ум тогаш бива оставен слободен од вознемирувањата на здодевните лукави помисли. А, ако потоа, стоејќи при вратите на нашиот ум, тогаш, кога пак ќе бидеме удостоени да ги примиме Светите тајни, тие сѐ повеќе и повеќе ќе го просветуваат нашиот ум и ќе го прават сјаен како звезда.

102. Заборавањето обично го ослабнува чувањето на умот, како водата што го изгаснува огнот. Но непрестајната молитва Исусова со будната трезвеност најпосле го изгаснува од срцето. Молитвата има потреба од трзвеноста, како што малото кандило има потреба од светлината на големата свеќа.

103. Треба постојано да се грижиме да го запазиме она што е скапоцено, а за нас скапоцено е само тоа, што нѐ запазува од секое зло, - од видливото и од невидливото. А тоа е запазувањето на умот со повикување напомош на името на Господа Исуса Христа, та секогаш да гледаме во длабочината на нашето срце и непрестано со мислата наша да бидеме во безмолвие, дури ќе речам дека треба да се пазиме и од оние помисли кои ни се чинат како добри, да се трудиме да немаме никакви помисли, за да не бидат зад нив скриени крадци. Но, и да ни е мачно, треба со трпеливост да бдееме во нашето срце, но впрочем и утехата е близу.

104. Ова срце, кое е постојано пазено, кое не дозволува да влезат во него никакви слики и мечтаења од лукавите духови, тоа обично раѓа од себе светли помисли. Зашто, како што дрвениот јаглен раѓа пламен, така многу повеќе светлее во нас Бог, Кој се наоѓа во нас од светото крштевање, - ако го најде чист воздухот во нашето срце од ветриштата на злобата и ако биде запазувано од стражата на умот, тогаш Он ќе ја распали нашата духовна сила за соѕерцание, како што се распалува пламенот на восочната свеќа.

105. Името на нашиот Господ Исус Христос треба секогаш да го враќаме во пространството на нашето срце, како што се враќа молњата во воздушниот простор пред да почне да паѓа дожд. Ова го знаат добро оние што се искусни во духовната внатрешна борба. Оваа духовна борба треба да ја водиме вака: првата работа треба да ни биде вниманието; потоа, кога ќе забележиме дека ни се приближила ѓаволската помисла, веднаш да ги нафрлиме врз него со гнев зборовите на клетва од нашето срце; а трето - да Му се помолиме на Господа Исуса Христа да нѐ запази од нашиот духовен непријател, веднаш да исчезне тој демонски призрак, за да не појде нашиот ум по тие мечтаења, како некое дете по некои вешти трикови.

106. Да се потрудиме, слично на Давида, да викаме кон Бога; да викаме: Господи Исусе Христе, помагај ни! Но да не викаме со глас од грлото наше, туку со очите на умот наш да се устремуваме нагоре со надеж и да не престанеме да Му се обраќаме на нашиот Бог (сп. Псал. 68,4).

107. Спомнувајќи си ја секогаш приказната за неправедниот судија, која ја раскажал нашиот Господ за наша поука, треба секогаш да Му се молиме и да не очајуваме, па дејствувајќи според неа, да добиеме и корист и да му се одмаздиме на непријателот.

108. Како што не е можно за оној што го гледа сонцето, неговите зраци да не му светлеат, така не е можно да не му биде светло на оној кој се наоѓа во преосветлениот од Бога воздух на срцето.

109. Како што не можеме во овој наш земен живот да живееме без храна и пиење, така не можеме без запазувањето на умот и чистотата на срцето - да добиеме нешто духовно и угодно на Бога или да се избавиме од духовниот грев, ако не се запазуваме со помош на стравот од маките и на тој начин принудно да се пазиме од гревот.

110. Впрочем и оние кои на тој начин, принудно се запазуваат од гревот со дела, блажени се пред Бога, пред ангелите и пред луѓето, зашто "царството небесно насила се зема и силните го грабаат““ (Матеј 11,12)

111. Еве што е прекрасно за умот од безмолвието: гревовите, кои во почетокот чукаат на умот само со помислите со цел, ако бидат примени како мисли, потоа да станат и груби, видливи гревовни дела; сите тие мисловни гревови биваат отсекувани во нашиот внатрешен човек со трезвеноста, која не им дозволува да навлегуваат во душата и потоа да се претвораат во грешни дела. Ова го прави со силата и застапништвото на нашиот Господ Исус Христос.

112. Слика на надворешните и телесните подвизи е Стариот завет, а Светото Евангелие, Новиот завет, е слика на вниманието и на чистотата на срцето. И бидејќи Стариот завет не доведувал до совршенство, не го задоволувал внатрешниот човек во делото на богоугодниот живот, зашто, како што велел апостолот: "законот ништо не доведува до совршенство" (Евр. 7,19), а само ги сопирал грубите гревови, и не можел да ги спречува помислите на срцето и порочните желби, не можел да ја запазува чистотата на срцето, затоа евангелската заповед е многу повеќе од она што го бара законот, како на пример, она: око за око и заб за заб. Така треба да го разбереш и она за телесната праведност и за телесната чистота: говорам, за постот, за воздржувањето, спиењето на гола земја, стоењето, бдеењето и друго, кои се преземаат обично поради телото и кои го скротуваат страсниот дел на телото, успокојувајќи го од гревовните движења. Се разбира, добро е и сето тоа, како што е речено за Стариот завет, дека Законот е добар, зашто ни служи за тоа да го учи нашиот надворешен човек и да го запазува од страсни дела. Но сите тие подвизи не нѐ запазуваат од духовните гревови, ниту можат да ги победуваат; не се силни да нѐ избавуваат од зависта, гневот и од другите духовни страсти.

113. А чистотата на срцето, односно запазувањето на умот, на што е слика Новиот завет, ако го пазиме како што треба, ги отсекува сите страсти и секое зло од нашето срце и ги искоренува од него, и место нив - ги насадува таму радоста, добрата надеж, скрушеноста, плачот, солзите, познавањето на себеси и на своите гревови, спомнувањето за смртта, вистинското смирение за безмерната љубов кон Бога и кон луѓето и за божествената срдечна ревност.

114. Како што оној кој оди по земјата не може да не го расекува воздухот, така е неможно човечкото срце да не биде непрестајно напаѓано од демоните и да не биде подложено на скриени воздејствија од нивна страна, макар и да прави соодветни телесни подвизи.

115. Ако сакаш да бидеш пред Господа вистински монах, а не само навидум; да бидеш добар, благ и секогаш соединет со Господа и ако сакаш секогаш да бидеш таков, тогаш постојано грижи се да ја имаш жива добродетелта на вниманието, која се состои во пазењето и запазувањето на умот и постојаното сладосно безмолвие на срцето - слободно од мечтаење. Оваа состојба нема да ја најдеме кај многумина.

116. Добродетелта на вниманието се нарекува љубов спрема духовната мудрост. Минувај низ неа со голема трпеливост и со топла усрдност - со Исусовата молитва, со смиреност и со непрекинливост, со молчењето на твојата телесна и духовна уста, со воздржливост во јадење и во пиење и со оддалечување од сѐ што е грешно, чекорејќи по духовниот пат со расудување, и тоа, со Божја помош, ќе ти го открие она што не си го очекувал, ќе ти даде знаење, ќе те просвети, ќе те умудри и ќе те научи на нешто за што и не си помислувал дека имаш способности тогаш кога си чекорел во темнината на страстите и темните дела, бидејќи си бил потонат во заборавност и збрканост на помислите.

117. Како што плодните ниви раѓаат богат пченичен плод, оваа добродетел ќе ти даде изобилен плод на сакое добро во твоето срце или, подобро е да се каже, нашиот Господ Исус Христос и Бог на сѐ ќе ти го даде сето тоа, без Кого не можеме да направиме ништо. Отпрвин таа ќе ти биде како скала, а потоа ќе ти биде како книга, од која ќе читаш и ќе преуспеваш сѐ повеќе и повеќе и, најпосле, ќе ја видиш како град, како небесниот Ерусалим, како Христа Израилев, Царот на силите; навистина ќе гледаш со твојот ум и заедно со умот на Единосушниот Божји Син и со Светиот Дух, Кој се прославува заедно со Отецот и Синот.

118. Бесовите нѐ воведуваат во грев секогаш преку лажни мечтаења. Така тие преку мечтаењето за збогатување го настроиле Јуда да Го предаде Господа и Бога на сѐ. Со лажни мечтаења и преку телесни задоволства, кои се ништожни сами по себе; со мечтаења за богатство и за слава тие го вовлекле во богоубиство, а потоа го одвеле и во самоубиство со бесење во вечна смрт, кои биле сосема спротивни на оние претстави што му ги давале кога го искушувале.

119. Ете, гледај со какви лажни мечтаења и празни ветувања нѐ водат кон паѓање непријателите на нашето спасение. И самиот сатана на тој начин, откако почнал да мечтае дека е еднаков со Бога, паднал во пеколот како молња од небесните височини. Така, потоа тој ги одделил и Адама од Бога, внушувајќи му некакво божествено сознание. Така, овој лажлив и злобен непријател на човечкиот род обично ги мами и сите што грешат.

120. Нашето срце се исполнува со отровна горчевина од овие лажни мечтаења и празни ветувања, кога поради заборавањето, почнуваме да се оддалечуваме од вниманието и од Исусовата молитва. Но кога, поради Божјата љубов, ќе почнеме со силна усрдност во духовната работилница - во нашето срце - да внимаваме и да се молиме, односно духовно да работиме, нашето срце пак се исполнува со чувство на божествена сладост и радост. И тогаш конечно се одлучуваме секогаш да живееме со безмолвие во нашето срце, и тоа не заради нешто друго, туку заради пријатната сладост и големата радост, што ги чуствуваме во нашите души.

121. Наука на науките и уметностите е да знаеме да владееме со лошите помисли. Најдоброто средство против нив и најдобрата вештина е: да набљудуваме, со Божја помош, како се појавуваат тие и нашата мисла секогаш да ја пазиме чиста, како што ги пазиме нашите телесни очи, грижејќи се ништо штетно да не допре до нив и да не влезе во нив, за да не ги повреди.

122. Како што од снегот што не се раѓа пламен, како што од водата не настанува оган и како што на трнот не се раѓаат смокви, така и човечкото срце нема да се ослободи од демонските мисли, зборови и дела, ако не биде очистен нашиот внатрешен човек, ако не бидат соединети трезвеноста и Исусовата молитва, ако не придобиеме смирение и душевно безмолвие, ако сето ова не го правиме со усрдност, ако не напредуваме и не го очекуваме идното совршенство. Онаа душа, која не внимава на себеси, бива неизбежно бесплодна за добрите и совршени помисли, слична на бесплодната мазга; затоа што и таа нема разбирање за духовната мудрост. Навистина, повикувањето на Христовото име и уништувањето на страсните помисли е слатка работа, која внесува мир во нашите души.

123. Кога душата и телото се согласат и направат лош сојуз, тогаш тие заеднички изградуваат град на славољубието и кула на гордоста, а за живеење во неа ги раѓаат нечистите помисли. Но Господ со стравот од пеколот го растура нивниот сојуз и ги одделува, терајќи ја господарката - душата да мудрува и да говори она што е спротивно на робинката - на телото. Од овој страв и од ова одвојување меѓу нив произлегува, како што вели апостолот: "Телесното мудрување е непријателството против Бога; на законот Божји тоа не му се покорува, ниту, пак, може" (Рим. 8,7).

 124. Секојдневните наши дела треба да ги измеруваме секој час, да внимаваме на нив, а навечер нивниот товар треба да го олеснуваме со искрено покајание, колку што имаме сили за тоа и, со помошта на нашиот Господ Исус Христос, да го победуваме злото во себеси. Исто така, треба да гледаме дали според Бога, дали пред лицето на Бога и дали само заради Него ги правиме сите наши видливи дела, за да не бидеме поткрадени при овие недобри чувства поради нашата неразумност.

125. Бидејќи со Божја помош секој ден добиваме сѐ што ни е потребно преку нашата трезвеност, не е потребно без проверување да стапуваме во однос со другите луѓе, за да не претрпиме никаква штета од некакви соблазнителни разговори, туку сме должни да презираме сѐ што е суетно заради убавината и добротворноста на добродетелта трезвеност, која е многу сакана и преслатка.

126. Ha трите сили на душата треба да им даваме правилно движење, сообразно со нивната природа и согласно со намерата на Бога, Кој ги создал. Имено: силата на раздразнителноста треба да ја насочуваме против нашиот надворешен човек и против змијата сатаната. Речено е: "Не грешете, гневејќи се" (Псал. 4,4). А тоа значи: гневете се на гревот, односно на ѓаволот и на себеси, за да не згрешите на Бога. Силата на желбите треба да ја устремиме кон Бога и кон добродетелите, а мисловната да ја поставиме за господарка над обете, за да управува со мудроста над нив и да ги раководи, како царот што управува со своите поданици. И тогаш, разумот што го имаме во нас ќе управува со нив, ќе господари над нив, а нема да му се покорува. Иако страстите стануваат против разумот, но ние нема да престанеме да им заповедаме и ќе настојуваме разумот да им заповеда. зашто Јаќов братот Господен заповеда: "Сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го победи и целото тело " (Јак 3,2). Вистина ви велам, секое беззаконие и секој грев биваат извршувани од овие три сили, а и секоја добродетел и секоја правда пак од овие исти сили биваат извршувани.

127. Умот се помрачува или, пак станува бесплоден тогаш, кога монахот поразговара со некого за световни работи или тој самиот почнал да говори за нив или кога неговото тело и неговиот ум си позајмат нешто телесно или кога тој воопшто ѝ се предава на суетата. Зашто во таквиот случај тој веднаш и непосредно потоа ги загубува топлината, скрушеноста, смелоста пред Бога и значењето, а заборава за Бога и за она што уредил Бог. И така, кога внимаваме со умот, ние се просветуваме, а кога не внимаваме - се помрачуваме.

128. Koj секој ден се стреми кон мирот и кон безмолвието на умот и усрдно го бара него, тој лесно презира сѐ што е земно, за да не се труди попусто. А, ако со некакви лажни мудрувања ја измами својата совест: дека не е лошо човек да се занимава и со светските работи, тој ќе заспие со страшна смрт на заборавањето, за што се моли Давид да биде поштеден од неа, велејќи: "Погледај, чуј ме, Господи, Боже мој! Просвети ги очите мои, за да не заспијат некако со сон смртен" (Псал. 12,13), а апостолот вели: "Грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави " (Јак. 4,17).

129. Умот, пак, може да се врати од мрзливоста кон трезвеноста, која му е својствена, ако веднаш, штом ќе го сознае своето истинување, одново се распали со ревност и со топла усрдност и пак ќе ги обнови обичните дејства на умот: трезвеноста и молитвата.

130. Воденичкото магаре не може да оди напред, одејќи околу воденичкиот чекрек, бидејќи врзан за него, оди сѐ по истата патека наоколу сѐ додека не го сопрат тркалото; ни умот нема да се движи напред кон усовршувањето на добродетелта - кон трезвеноста која води кон совршенството, ако не ја среди својата внатрешност, ако не го сопре кружењето на своите помисли. Таквиот секогаш е слеп со своите внатрешни очи и нема можност да ја види и оваа добродетел ниту светлозрачниот Исус.

131. Добриот и силен коњ весело скока, а умот ќе се развесели со веселба во светлината на Господа, кога наутре ќе застане пред Него слободен од сите лоши помисли (сп. Псал. 5,4). Разгорувајќи се себеси тој ќе појде со силата на љубовта спрема мудроста на умот во прекрасната сила на соѕерцанието и неискажливите тајни и добродетели. А тогаш, најпосле, ќе ја прими во себе, во своето срце, сета неизмерлива длабина на возвишените божествени помисли, тогаш ќе му се јави " Бог на боговите " толку, колку што е можно тоа за него (сп. Псал. 83,8). Победен од ова, умот тогаш со љубов го прославува Бога, Кој гледа и бива гледан, Кој заради тоа го спасува и го устремува кон Него погледот на својот ум.

132. Голема длабочина ќе види безмолвието кое разумно го држи својот поглед и увото ќе го слушне умот, кој чудно безмолствува.

133. Патникот, кој решил да појде на тежок далечен пат, плашејќи се дека на враќање може да се загуби, става знаци по патот, кои би му помогнале лесно да се врати во својот дом. И човекот што оди по патот на трезвеноста нека го прави истото, и тој нека ги става своите зборови, како белези, зборовите што ги чул од Отецот, плашејќи се исто така да не се загуби на својот пат назад.

134. За патникот што се враќа таму, од каде што пошол, претставува радост, а за духовниот човек, воден од трезвеноста, враќањето назад е загубување на неговата разумна душа и знак на отстапување од богоугодните дела, зборови и помисли. И ќе има тој, за време на својот смртоносен животен сон помисли, кои како бодила ќе го разбудуваат од неговиот сон, напомнувајќи му во каква помраченост и разслабеност паднал поради својата мрзливост.

135. Кога ќе нѐ зафатат страдања, кога ќе бидеме очајни и безнадежни, кога мислиме дека сме во безизлезна положба и за нас веќе нема надеж, тогаш треба да го правиме она, што го правел Давид, - да го изливаме срцето свое и молитвата своја пред Бога и нашата мака и жалост да Му ја кажуваме на Господа (сп. Псал. 141,3). Зашто на Бога Му се исповедаме, Нему Му кажуваме сѐ, затоа што Он може сѐ премудро да уреди - сѐ што се однесува на нас, на нашата мака, ако е тоа корисно за нас, да најде лесен излез од сите наши маки и страдања и да нѐ избави од сѐ што нѐ измачува.

136. Гневот против луѓето, кој не е според нашата природа, жалоста што не Му е угодна на Бога и очајанието, - секако се погубни за добрите и разумни помисли; но Господ, уништувајќи ги, поради нашето исповедање, нѐ исполнува со радост.

137. Помислите, кои навлегле во нашето срце против нашата волја и стојат во него, обично ја отстрануваат од нас Исусовата молитва заедно со трезвеноста - од длабочините на помислите на нашето срце.

138. Олеснение и радост во страдањата од мноштвото на нашите неразумни помисли ќе најдеме тогаш, кога искрено и непристрасно ќе се прекориме или ако Му кажеме сѐ на Господа, како на човек што е во нас. На овие два начина секако ќе најдеме успокојување од сѐ што нѐ измачува.

139. Светите оци законодавецот Мојсеј го признаваат за образец на ум - него, кој Го видел Бога во капината, бил прославен од Него и му бил поставен за бог на фараонот - од Бога на боговите; потоа, со казни го поразил Египет, го ослободил Израилот од египетското ропство и му дал Закон. Сето ова, сфатено алегориски, во духовна смисла, ги изобразува дејствата и предимствата на умот.

140. А како образец на надворешниот човек служи Арон, братот на законодавецот Мојсеј, Затоа, и ние со гнев ќе го обвиниме него, односно надворешниот човек и ние ќе му говориме така, како што му говорел Мојсеј нему тогаш, кога погрешил: “Co што те онеправда тебе Израилот (умот што Го гледа Бога), што побрза ти да го направиш отстапник од Бога Господа -  Живиот Седржител и со своите помисли си го оддалечил од соѕерцанието на Бога во трезвеност?“ (сп. 2. Мој. 32,21).

141. Меѓу бројот на многу други добри примери, Господ, пристапувајќи кон воскреснувањето на Лазар од мртвите, со тоа што му "забранил на духот", ни покажал дека и ние сме должни со забрана да ја зауздуваме душата, кога таа, слично на жена, ѝ се предава на чувствителноста, која насладува и воопшто да се грижиме да создадеме во себе цврст карактер, под што го разбираме самопрекорувањето, кое може и умее да ја избавува душата од самоугодувањето, славољубието и од гордоста.

142. Како без голем брод што не можеме да ја преполовиме морската шир, така без повикувањето на Исуса Христа не можеме да ги изгониме од нас лошите помисли на лукавиот.

143. Противставувањето обично го спречува навлегувањето на лошите помисли во нас, а повикувањето на Христовото име ги изгонува од нашето срце. Штом во нашата душа се појавува напад од некоја претстава на нешто видливо, на пример, на човек што нѐ навредил, или женска убавина, или сребро или злато, кај нас веднаш се јавува соодветно мечтаење на нашиот дух: - желба за одмазда, блуд и среброљубие. Ако е нашиот ум опитен, научен и свикнат да се пази од напади и јасно да ги гледа, како на дневна светлина, измамничките мечтаења и лукавите демонски измами, тој веднаш им се противставува и со Исусовата молитва лесно ги изгаснува распалените стрели на ѓаволот, не дозволувајќи им на страсните мечтаења да ги повлечат нашите помисли и тие да се согласат со нив, по што, како по некоја неопходност, да почнеме да правиме лоши дела и дење и ноќе.

144. Ако нашиот ум не е опитен во бодрата трезвеност, тогаш веднаш се согласува со демонското искушение, какво и да е тоа и почнува со нив да разговара, добивајќи несоодветни и лоши прашања и давајќи такви одговори. Тогаш нашите помисли се мешаат со демонските мечтаења, кои, како последица на тоа, уште повеќе се засилуваат и размножуваат, за да му се покажат на искушуваниот попријатни, поубави и попривлечни. Тогаш во нашиот ум станува нешто слично на следново: во една прекрасна ливада пасат многу незлобни јагниња и одеднаш се појавува некој пес, и јагнињата, веднаш по неговото појавување, потрчуваат кон него, како кон своја мајка, иако од него не добиваат ништо корисно, освен нечистотија и смрдеа. Исто така, на ист начин и нашите помисли од неопитност прибегнуваат кон демонските мечтаења и, како што реков, се помешуваат со нив и одржуваат заедничко советување за тоа како да го приведат во дело она што им се покажало убаво, слатко и привлечно под дејство на демонската измама. Ете, така станува внатрешното паѓање на душата, а потоа, како по некоја неопходност, се изнесува и надвор она, што созреало таму внатре во срцето.

145. Нашиот ум е нешто лесно подвижно и незлобно, нешто што лесно им се предава на мечтаењата и незадржливо е податлив и наклонет и готов да падне под силата на гревовните помисли, ако ја нема во себе онаа помисла, која, како на самодржец, ќе му даде сила да им се противставува и да ги зауздува.

146. Соѕерцанието и знаењето биваат патеводители и причина за строгиот духовен живот, преку што нашето срце се издигнува и почнува да ги презира земните задоволства и сите земни и животни сласти, како што говори Божјиот пророк Исаија, велејќи: "А оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја, ќе кренат крилја како орли" (Иса. 4О,31)

148. На луѓето им се чини дека е многу строго и тешко да безмолствуваат во својата душа од секаква помисла. И навистина ова е и тешко и мачно, зашто ова е тешко не само за оние што не се посветени во тајните на духовната борба - до болка е тешко бестелесното да го имаме заклучено во телесното, во нашиот телесен дом; ова е тешко и за оние кои имаат искуство во тајните на духовната борба. Но, оној што непрестајно ја има во своите гради молитвата на Господа Исуса Христа, тој, според зборовите на пророкот: '"Јас не брзав да станам пастир при Тебе и не го сакав бедниот ден" (Јерем.17,16), поради убавината, пријатноста и сладоста на Исуса Христа, а од нашите непријатели, - нeчистите демони, кои се околу нас, нема да се посрами, но ќе им се обрати строго уште кај вратите на срцето и ќе ги прогони од себеси (сп. Псал.126,5) со името на Господа Исуса Христа.

149. Душата, кога ќе полета по смртта на телото по воздушните простори кон небесните врати и таму нема да се посрами од демоните, од своите непријатели, имајќи Го во себе Господа Исуса Христа, но и тогаш како и сега смело ке им проговори при вратите. Ho, потребно е и до самиот исход на нашата душа да не тажиме дење и ноќе, туку постојано да викаме кон Господа Исуса Христа, Божјиот Син, и Он ќе се одмазди за нас, според Своето нелажливо ветување, кое го искажал во Својата парабола за неправедниот судија, велејќи: "Ви велам, ке ги заштити набргу " (Лука18,8). Он нѐ брани и нѐ заштитува и во сегашниот живот и по излегувањето од телото.

150. Пловејќи по духовното море, надевај се на Господа Исуса Христа, зашто Он Самиот е во тебе, во твоето срце и таинствено повикува кон тебе: "Не плаши се, црву Јакове, малуброен Израиле, зашто Јас сум Господ, Бог твој; те држам за твојата десна рака " (Иса.41,13-14), а светиот апостол Павле вели: "Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? " (Рим. 8,31). Што ни можат лукавите демони? Бог е со нас, Он кој ги нарекува блажени оние што имаат чисто срце и ветил дека Он - преслаткиот, Кој е единствено чист и пречист, дека ќе влезе во тие што имаат чисто срце и ке живее во нив. Затоа, да не престануваме - да го обучуваме нашиот ум во побожноста (сп.]. Тим. 4,7).

151. Според зборовите на пророкот Давид, со вистински мир ќе се насладуваат (Псал. 36,11) оние што не гледаат на човечко лице, што не пресудуваат неправда во своето срце, односно кои нема да бидат како лукавите духови и нема, како нив, да смислуваат гревови, туку ќе судат правично и строго во земјата на своето срце, давајќи му го на гревот, она што го заслужува. Великите и мудри оци во некои свои списи и демоните ги нарекуваат луѓе, поради нивната разумност. А така говори Господ, и во Евангелието: "Човек непријател го направи тоа" (Матеј 13,28), посеал меѓу пченицата и какол, а тоа е ѓаволот. Ние бидејќи не им се противставуваме на демонските сили, затоа биваме победувани од нивните нечисти помисли.

152. Ако, откако почнеме да живееме со внимание на нашиот ум и со трезвеноста го соединиме смирението, а со противставувањето - молитвата, тогаш ќе чекориме добро по духовниот пат, ќе одиме во светлината, поклонувајќи Му се на светото име на Господа Исуса Христа, чистејќи го од гревот и украсувајќи го домот на нашето срце. Но, ако се надеваме само на својата трезвеност и на своето внимание, набргу ќе бидеме нападнати од непријателските демонски сили и ќе бидеме победени. И тогаш тие страстни наши непријатели ќе нѐ победуваат во сѐ, а ние ќе почнеме сѐ повеќе да се заплеткуваме во лоши желби како во мрежи или сосема ќе бидеме уништени од нив, зашто веќе го немаме кај себе победоносниот меч името на Господа Исуса Христа. Зашто само овој свет меч кој дејствува само во срцето, кое е очистено од демонските помисли, може да ги прогонува демонските сили и да ги поразува, да ги пали и да ги изгорува како слама.

153. Делото на непријатната трезвеност, кое е корисно и многу плодно за душата, се состои во тоа: веднаш да ги забележува мечтателните помисли што се образуваат во умот. Делото, пак, на протиставувањето ги изобличува и ги посочува помислите, кои се обидуваат да навлезат во нашиот ум преку претставата за некој видлив предмет. А тоа што веднаш ја уништува секоја замисла на нашите противници: секој збор, секоја мечтателност, секој идол и секоја кула на злобата - е повикувањето на Господа Исуса Христа. И ние самите можеме да го видиме силниот пораз што им го нанесува нашиот Господ, нашиот велик Бог, Кој се бори за нас смирените, кутрите и за ништо непотребните.

154. А тоа дека нашите мисли не се ништо друго, освен мечтателни и земни слики, тоа многумина не го знаат. А кога ќе бидеме подолго во трезвена молитва, тогаш молитвата го ослободува нашиот ум од сите земни слики на лукавите помисли и му дава да ги распознава зборовите на непријателите, односно какво е воопшто значењето на помислите, да знаеме што се тие, да ги сознаваме непријателските планови кога ги сеат своите помисли во нас. Тогаш ја чувствуваме ползата од молитвата и трезвеноста. Тогаш можеме да ја разбереме смислата на зборовите на псалмопеачот Давид: "Само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш отплатата на грешниците" (Псал. 9О,8).

155. Затоа, доколку ни е тоа можно, непрестајно да си спомнуваме за смртта, зашто од ова спомнување во нас се раѓа решеноста да се ослободиме од сите грижи и суети, да ги пазиме својот ум и непрестојната молитва, да не му робуваме на телото и да бидеме мртви за своето тело и, ако сакаме да ја кажеме вистината, од тоа зависат и од тоа произлегуваат сите живи добродетели. Затоа, ако е тоа можно, ова да го правиме непрестајно, како непрестајно што дишиме.

156. Нашето срце, откако потполно ќе се ослободи од мечтаењата, ќе почне да раѓа божествени и таинствени помисли, кои играат во него, како што играат рибите и како што скокаат делфините во мирните морски води. Морето лесно се бранува од слабиот ветрец, а бездната на нашето срце - со дејството на Светиот Дух. Апостолот пишува: "Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши Кој вика: Ава, Оче! " (Гал. 4,6).

157. Секој монах ќе се посомнева и ќе се поколеба да се зафати со духовна работа, ако пред тоа неговиот ум не се отрезнил, затоа што уште не ја познал убавината на трезвеноста, или, пак, затоа што, откако ја познал, е немоќен да се одлучи да се зафати со неа поради немање ревност. Таа колебливост неизоставно ќе исчезне штом ќе почне да го пази својот ум, што се именува како духовна љубов спрема мудроста или дејствување на љубовта на умот спрема мудроста. Зашто тогаш ќе Го најде Патот, Кој рекол: "Јас сум патот, вистината и животот" (Јован 14,6).

158. Монахот, пак, ќе се поколеба, гледајќи ја бездната на помислите и толпата на младенците вавилонски, но и таа колебливост ја расејува Христос, ако основата на неговиот ум непрестајно се утврдува во Него и ги отфрла вавилонските младенци, разбивајќи ги на камен (Псал. 136,9), исполнувајќи ја својата одвратност спрема нив. Зашто, како што вели прсмудриот Соломон: "“Кој пази заповед, тој не доживува никакво зло'" (Проп. 8,5). И нашиот Господ Исус Христос вели: "'Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15,5).

159. Вистински монах е оној, кој има трезвеност; вистински монах e оној, кој ги има во своето срце и трезвеноста и Бога.

160. Човечкиот живот продолжува во текот на годините, месеците, седмиците, деновите и ноќите, часовите и минутите. Заедно со нив, со нивното минување, сѐ до самата смрт, и ние би требало да се усовршуваме во добродетелите: трезвеноста, молитвата, сладоста на срцето и постојаното безмолвие.

161. Најпосле ќе дојде и за нас смртниот час; ќе дојде и од него не можеме да избегаме. O, кoгa би можел тогаш кнезот на овој свет, кога ќе ни се приближи, да ги најде нашите беззаконија мали и ништожни, за да не може справедливо да нѐ изобличи! - Инаку тогаш кога е некорисно ќе заплачеме. Зашто и нашиот Господ Исус Христос вели: "Оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен" (Лука 12,47).

162. Тешко им на оние што ќе го загубат своето срце! И што ќе направат тие кога ќе ги посети Господ (Мудр. Сирах. 2,14). Браќа, да се потрудиме, да покажеме ревност во работата за очистување на нашето срце.

163. По едноставните и страсни помисли следат страсните, како што сознаваме од нашиот долгогодишен опит и од нашите набљудувања; првите им служат како влез на последните, бестрасните - на страсните.

164. Навистина, човекот треба да ги расече своите желби на две половини. Неговата мудрост треба да му помогне никогаш да не се примирува со ѓаволот, никогаш да не стои на негова страна. Каква расположба имаме спрема оној човек, кој ни направил најголемо зло и кој нѐ навредил, таква, а и уште полоша, треба да имаме спрема себеси, ако сакаме да ја исполниме најголемата и првата заповед - заповедта за смирението - да бидеме Христово живеалиште и овоплотен живот на Бога. Затоа, апостолот и пишува: "Кој ќе нѐ избави од телото на оваа смрт?" (Рим. 7,24), и: "На законот Божји тоа не му се покорува" (Рим. 8,7). Ова ни покажува, дека покорувањето на телото на Божјата волја е една од работите, која треба да ја извршиме, како што рекол апостолот, велејќи: "Ако бевме се испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме осудени. Но судејќи нѐ, Господ нѐ накажа, за да бидеме осудени заедно со светот" (1. Kop. 11,31-32).

165. Почеток на плодноста е цветот, а почеток на трезвеноста на умот е воздржувањето во јадењето и пиењето, отфрлање и отсекување на сите помисли и срдечно молчание.

166. Кога со Христа Исуса ќе почнеме да се зацврстуваме во трезвеноста, тогаш веднаш во нашиот ум ќе се појави - како некоја светилка, која ја држиме во раката на нашиот ум, која нѐ води по духовните патеки, а потоа - како месечината кога е во целиот свој сјај, која кружи по небото на нашето срце и, најпосле, и како сонцето Исус, сјајното Сонце на правдата, покажувајќи се Самиот Себеси и Своите сесветли светлини на соѕерцанието.

167. Ова му го открива Он на умот, кој непрестајно со ревност ја запазува Неговата заповед, која вели:" Обрежете ја вашата жестокосрдечност и не ожесточувајте никого" (5. Мој. 10,16). Како што веќе рековме, ревносната трезвеност го учи човекот на прекрасни вистини. Бог не е лицемерен и не гледа кој е кој. Затоа Господ и вели: " Кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи; а кој нема, ќе му се земе и она што го има " (Матеј 13,13). А апостолот додава: "Ha оние што го љубат Бога и се призвани по негова волја, сѐ им врви добро " (Рим. 8,28). Зар нема уште повеќе да им послужат и да им помогнат и овие две добродетели - трезвеноста и молитвата?

168. Коработ нема да појде напред без вода; ни запазувањето на умот нема да преуспее без трезвеноста, смиреноста и без Исусовата молитва.

169. Основата на домот се камења, а основата и покривот на добродетелта: запазување на умот со повикувањето на името на нашиот Господ Исус Христос. Брзо и лесно ќе претрпи бродолом оној кормилар кој неразумно ги распуштил морнарите, веслата и едрата ги фрлил в море, а тој самиот легнал да спие. Но уште побрзо ќе биде потопена онаа душа, која, изложена на ѓаволските искушенија, ги занемарила трезвеноста и повикувањето на името нa Господа Исуса Христа.

170. Ние она што не го знаеме го предаваме според она што сме сметале, а она што сме го виделе, одејќи низ животот, за тоа им сведочиме на оние што сакаат да нѐ слушаат, ако сакаат да нѐ слушаат. Ете, и Самиот наш Господ Исус Христос рекол: "Јас сум лозата, а вие прачките, и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да правите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се исуши; а таквите ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе ги изгорат" (Јован 15,5-6). Како што не може сонцето да сјае без светлина, така ни срцето може да се очисти од нечистотата на помислите без молитвата на Христовото име. А, ако е ова вистина, како што гледам јас во својот личен опит, тогаш да го повикуваме ова Име толку често - колку што дишиме. Зашто тоа е светло, а демонските помисли се нечисти и мрачни. Исуса, Кого Го повикуваме е Бог и Господ, а тие лошите мисли - се демонски слуги.

171. Запазувањето на умот е прилично и достојно да го именуваме светлосно, како молња, извор на светлина и на оган. Зашто навистина само тоа е над сите телесни добродетели, колку и да ги има. Затоа и треба оваа добродетел да ја нарекуваме со највозвишени имиња, заради светлините што се раѓаат од неа. Оние што ја засакале неа, тие од најголеми грешници, нечисти, непросветени, неразумни и неправедни - стануваат со силата на Господа Исуса Христа  - праведни, добри, чисти, свети и разумни. И не само тоа, туку почнуваат и да ги соѕерцаваат тајните Божји и да богословствуваат. Откако почнале да соѕерцаваат, тие се преселиле при пречистата и безгранична Светлина и се допираат до Него со неискажливи допири, со Него живеат и дејствуваат, зашто вкусиле "колку е благ Господ", зашто на овие првоангели јасно се исполнуваат зборовите на божествениот Давид: "Праведниците ќе го исповедаат името Твое, а непорочните ќе се населат пред лицето Твое" (Псал. 139,14). Навистина, само тие единствени вистински Го призоваваат Бога и Му се исповедуваат и, љубејќи Го, секогаш сакаат со Него да разговараат.

172. Тешко му на внатрешниот човек од надворешниот, зашто внатрешниот многу претрпува од надворешниот - од надворешните сетива. Но, откако претрпи нешто, тој е должен да ги употреби против нив соодветните камшици. Откако ќе го направи тоа што е напишано, тој ќе го разбере и тоа што треба да се направи и според натамошното умување.

173. Ако е трезен нашиот внатрешен човек, тогаш, според зборовите на оците, тој е силен да го запази и надворешниот. Според нивните зборови ние и нашите непријатели – демоните -  заеднички ги правиме гревовите; тие во помислите и во живописните слики само пред умот го претставуваат гревот, а ние сме тие што грешиме и со внатрешните помисли и со своите надворешни демони. Демоните, кои немаат земни тела, - и на себе си и на нас маките ни ги подготвуваат само со помисли, измами и искушенија. Но, ако не беа лишени од земни тела, и тие непрестајно би грешеле и со дела, задржувајќи ја во себе својата грешна волја, која е секогаш готова да греши.

174. Затоа, внатрешната молитва во срцето упатувана кон Господа ги разбива и во пепел ги претвара нивните измами, бидејќи Исус Христос, Бог и Син Божји, Кого ние непрестајно и будно Го повикуваме, никако не го дозволува ни зачнувањето на гревот, не ги допушта ни гревовните слики, ниту поканите за грешење, да бидат одразени во огледалото на нашата душа - во нашите мисли и нашите срца. А, ако ни една од тие слики не проникне во срцето, тогаш тоа ќе биде празно и од грешните помисли, зашто демоните обично преку помислите скриено разговараат со душата и ја учат како да ги прави злото и гревот.

175. Па така, од непрестајната духовна молитва душевниот воздух во нас се прочистува од темните облаци и од ветриштата на злобните духови. А кога е воздухот на срцето чист, тогаш веќе нема во него никаква пречка да ја сееме во него Христовата божествена сеидба, ако не се возгордиме со славољубие и не посакаме да го постигнеме недостижливото, па заради тоа бидеме лишени од помошта на нашиот Господ Исус Христос, зашто Он ја мрази гордоста, оти Он Самиот е образец на смирение.

176. Да се држиме за молитвата и за смирението, за овие две оружја, со кои и со трезвеноста, како со огнен меч, појдуваат духовните борци против демоните. Ако живееме така, тогаш секој ден и секој час можеме да ги имаме како таинствени празници во нашето срце.

177. Има осум главни духовни помисли, кои ја опфаќаат целата духовна област на таквите помисли, од кои сите тие cе раѓаат. Сите тие доаѓаат до вратата на срцето, и, ако го најдат да не биде вардено од умот, една по друга влегуваат во него, секоја во свое време. Кога некоја од овие осум помисли успее да влезе во срцето, таа ги воведува во него и сите други нечисти помисли и, откако на тој начин ги помрачи и умот и срцето, го раздразнува и телото и го повлекува да извршува срамни дела.

178. Но кој внимава на главата на змијата, на ѓаволското искушение, тој со гневно протиставување, со пробрани гневни зборови го удира непријателот по лицето, така што тој го прекинува својот напад и бега. Скршувајќи му ја главата, тој се запазил и од порочните мисли и од порочните дела. Потоа, неговата мисла останува невознемирена во него, затоа што Бог го прима неговото стражарење над помислите и како награда за тоа им подарува знаење како треба да ги победуваат непријателите и како треба да го чистат своето срце од помислите, кои го осквернуваат внатрешниот човек, за што и Самиот наш Господ Исус Христос вели: "Од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства...; тоа го осквернува човекот" (Матеј 15,19-2О).

179. На тој начин душата може, со Божја помош, да ја добие својата првобитна убавина и добрина, да биде таква убава и добра, каква што ја создал Бог, како што говори и големиот Божји слуга свети Антониј: "Кога во душата умот е таков, каков што треба да биде по својата природа, тогаш таа целата бива добродетел". На друго место тој вели: " Да го очистиме нашиот ум, зашто јас верувам дека, ако тој биде сестрано очистен и дојде до својата природна состојба, може да стане проѕорлив и да види сѐ повеќе и повеќе демони, имајќи Го во себе и Господа, Кој ги дава откровенијата". Ете, така говори свети Антониј, а ова го наоѓаме запишано во неговото житие, кое е напишано од свети Атанасиј.

180. Секоја помисла создава во умот слика на некој земен предмет, бидејќи лошиот дух, кој е духовна сила, не може поинаку да нѐ измамува, освен со тоа на што сме свикнале - со нешто земно.

181. Како што не можеме ние луѓето да летаме и да ги гониме птиците во воздухот, затоа што тоа не ѝ е својствено на нашата природа, така ни е неможно и да се избавиме од нетелесните демонски помисли и слободно и внимателно да го устремуваме окото на нашиот ум кон Бога, ако немаме трезвена непрестајна молитва. Ако ги немаш тие и такви работи, тогаш ќе тежнееш само кон земните работи.

182. Ако навистина сакаш да ги посрамиш помислите, да безмолствува како што треба и без труд да го пазиш трезвено твоето срце, нека кон твоето дишење се прилепи Исусовата молитва, и по неколку дена тоа ќе го видиш на дело.

183. Како што не треба буквите да ги пишуваме на воздухот, туку треба со длето да ги врежуваме во некој тврд предмет, за да можат да бидат подолго запазени, така и со постојаната трезвеност треба да ја соединуваме и Исусовата молитва, така што прекрасната добродетел на трезвеноста заедно со Него да биде секогаш цела во нас и преку Него да се запази непрестајно во нас.

184. Остави ги, како што e речено, твоите работи на Господа и ќе добиеш благодат, за и на мене и на тебе да не се однесуваат зборовите на пророкот: "Bo устата нивна Ти си близок, но далеку си од срцето нивно " (Јерем. 12,2). Никој друг не може вистински да го смири твоето срце од страстите, освен Самиот наш Господ Исус Христос, Кој ги соединил во Себе толку одалечените - божествената и човечката природа.

185. Душата бива подеднакво помрачувана и од внатрешните духовни разговори и од надворешните разговори и празнословија. Затоа, оние што се трудат да го одгонуваат од својот ум сѐ она што e за него штетно, треба, исто така, без сожаление, да ги прогонуваат од себе и сите оние што го сакаат празнословието - значи, и помислите и луѓето, поради причини, кои се многу важни и заради Господа, та да може нашиот ум да не ослабува во трезвеноста. Зашто помрачувани поради заборавеноста од разговорите, ние го загубуваме нашиот ум, стануваме такви како воопшто да немаме ум.

186. Оној што со ревност го пази своето срце, тој ќе им стане учител и на другите во она што заповеда Христос, Кој таинствено ќе му ја објавува Својата волја. Псалмопеачот Давид вели: "ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог" (Псал. 84,8), укажувајќи на тоа. Изобразувајќи го говорот на умот со себеси за духовната борба и за закрилата Божја, пророкот Давид вели: "'И ќе рече човекот: навистина има плод за праведникот!"' (Псал. 57 ,1). А потоа, говорејќи за последиците на обостраното разгледување, вели: "Навистина има Бог, Кој суди на земјата! " - на лошите демони, кои се на земјата од нашето срце. А на друго место вели: "Па бараа неправда, вршеа испитување, испитување дури до внатрешнината на човекот, но длабоко е срцето. Но Бог ќе се прослави: нивните стрели не пролетаа!" (Псал. 63,7-8).

187. Секогаш да живееме така, како "да се здобиеме со мудро срце" (Псал. 89, 12), дишејќи непрестајно со Исуса Христа, Словото на Бога Оца и Божја Премудрост. А, ако поради некоја случајност се опуштаме, станеме мрзливи во умствената работа, идното утре треба пак добро да се стегнеме и да ја опашеме половината на нашиот ум, да се зафатиме за нашата работа, знаејќи дека ништо не може да нѐ оправда нас што знаеме да го правиме доброто, ако не го правиме така како што сме научиле дека треба да се прави.

188. Како што лошата храна, која неодамна сме ја зеле во нашето тело и кога таа предизвика тревога, штом ја почувствуваме опасноста, брзаме да ја исфрлиме од себе, остануваме неповредени од неа, исто така, кога и нашиот ум, ги проголта нечистите помисли и почувствува опасност за својата душа , треба веднаш да побрза со Исусовата молитва, која се чувствува во длабочината на душата, веднаш да ги исфрли надвор и далеку од себе да ги отфрли. Преку тоа тој ќе ја избегне штетата од нив, како што нѐ научиле другите според Божјата милост и според тоа што ни го предале опитните со својот личен опит. Ние сме должни преку нашата трезвеност да ја разбереме оваа духовна вистина.

189. Co твоето дишење соедини ги трезвеноста и повикувањето на Христовото име, како и честото помислување за смртта. Зашто ова ѝ донесува голема полза на душата.

190. Нашиот Господ Исус Христос рекол: "'Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце" (Матеј 11,29).

191. Нашиот Господ го рекол и ова: "Кој ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно'" (Матеј 18,14). Он нѐ повикува од Него да се научиме да бидеме смирени, нагласувајќи: " Секој што се воздига, ќе биде понизен” (Лука 18,14). Ете, Христос на што нѐ учи -  нѐ учи на смирение. Неговата заповед е живот вечен, таа заповед е смирението. Според тоа, оној што не е смирен, тој отпаднал од животот и се наоѓа таму, каде што не треба да биде.

192. Ако секоја добродетел бива извршувана и со душата и со телото, а душата и телото, со кои, како што реков се извршува секоја добродетел, - се создадени од Бога, тогаш не ли сме сосема безумни кога се гордееме со овие туѓи украси, кои ни се дадени - со душата и со телото? Па така, потпирајќи се на нашата гордост, како на трска, Го дигаме Бога против себеси со тоа беззаконие и безумие и го навлекуваме врз себе Неговото страшно негодување, изразено во следните библиски зборови: "Бог се противи на горделивите " (Јак. 4,6). Место да се угледаме на Господа во смирението, ние со нашето славољубие и горделиво мудрување се здружуваме со жестокиот непријател на Господа - гордиот ѓавол. Затоа апостолот и вели: " Што имаш , што не си добил?" (1. Kop. 4,7). Зар ти самиот си се создал? А, ако телото и душата, од кои, преку кои и со кои бива секоја добродетел, си ги добил од Бога, "зошто се фалиш, како да не си ги примил" (1. Кор.4,7). Сето тоа што го имаш Господ ти го дарувал.

193. Очистувањето на душата, преку што слегува на нас смирението и секое добро, што го имаме не е ништо друго, туку нашето задолжение: Никако да не им даваме пристап на демонските помисли во нашата душа.

194. Пазењето на умот, кое дејствува во нас со Божја помош и само заради Единиот Бог, откако се установило во нашата душа, му дава на нашиот ум мудрост да ги знае подвизите за Бога. Не мала способност му дава за тоа: да може заради Бога да ги извршува и своите надворешни дела и своите зборови со помош на беспрекорното расудување.

195. Особениот украсен знак за првосвештеникот во Стариот завет: златната плочка на градите, на која биле напишани зборовите "Светиња Господова " (2. Мој. 28,36), била праобраз на чистотата на срцето, која ни напомнува и нам да внимаваме на плочката на нашето срце - да се прашаме дали таа не поцрнела од нашиот грв, ако се покаже таква, да побрзаме да ја очистиме со своите солзи, со покајание и со молитва. Нашиот ум е нешто лесно и подвижно и тешко можеме да го задржиме од гревовните помисли. Впрочем, можно е да се каже, дека тој може со иста леснотија да појде да се угледа како на добрите помисли така и на лошите.

196. Блажен е навистина оној, кој така се прилепил со својата мисла до Исусовата молитва, викајќи непрестајно во своето срце кон Него така, како што му е потребен воздух на нашето тело или како што ѝ прилега пламенот на свеќата. Сонцето кога минува над земјата, го создава денот, а светото и почитуваното име на Господ Исус Христа, сјаејќи непрестајно во нашиот ум, создава безбројно мноштво сонцеобразни помисли.

197. Кога ќе се расчистат облаците, воздухот се покажува чист, а кога Сонцето на правдата, нашиот Господ Исус Христос, ги расее нашите страсни мечтаења, тогаш обично во нашето срце се раѓаат светловидни и ѕвездовидни помисли, поради просветување во воздухот од срцето со силата Христова. Зашто и премудриот Соломон вели: "Оние што се надеваат на Него, ќе ја познаат вистината, а кои Му се верни на љубовта - ќе живеат во Него" (Мудр. Сол. 3,9)

198. Некој од светите луѓе рекол: "Кога си спомнуваш на злото што ти го направиле другите, гневи се против бесовите и против твоето тело. Телото е неверен и лош пријател и кога му ги задоволуваме сите негови желби, го победува и најсилниот во духовната борба. И уште: "Непријателствувај против телото и војувај против стомакот".

199. Во претходните глави, кои се првата и втората стотица, ги опишавме трудовите на свештеното безмолвие на умот, каде се посочени плодовите не само на нашите трудови на проучувањето, но и она што го најдовме и во зборовите на богомудрите оци - во она што нѐ учат тие за чистотата на умот. А сега, откако кажавме нешто за да ја покажеме ползата од запазувањето на умот, ќе ги завршиме нашите зборови.

200. Затоа, дојди и појди по мене за да добиеш блажено запазување на умот, кој и да си ти, кој како во духот "да живееш и да видиш добри денови " (Псал. 33,20), - и јас во името на Господа ќе те научам на тоа што треба видливо да правиш и да живееш како бестелесните сили. Ангелите никогаш нема да се наситат, воспевајќи Го Создателот; ни умот наш нема да се насити, кој се натпреварува со нив во чистотата. Затоа што бестелесните - ангелите на небото - не се грижат за телесната храна, така не се грижат за неа ни земните неземници - луѓето што се трезвени на земјата, кога се издигаат на небото со безмолвието на својот ум.

201. Како што горните сили не се грижат за богатството и за богатењето, така и душевното око, кое е очистено и кое придобило навика во добродетелта на трезвеноста не се плаши од злобата на нечистите духови. И како што ангелите се одликуваат со богатството на преуспевањето во Бога, така подвижниците во трзвеноста се одликуваат со желбата и љубовта спрема Бога, со својот стремеж и со издигнувањето кон Бога. Тие, што имаат ненаситна желба да се хранат со божествената храна, која доведува до вистинската љубов, копнеејќи да се издигнуваат во висините по стапалниците на духовното совршенство, нема да застанат сѐ додека не сѐ уподобат на серафимите, - и нема да престанат со трезвеноста на својот ум и копнежот за духовно издигнување - сѐ додека не станат ангели во нашиот Господ Исус Христос.

202. Нема пострашен отров од тој на змијата и на скорпијата; нема зло поголемо од самоволието, а змиите што летаат се овие: самофалството во срцето, самоугодувањето, алчноста и ненаситноста на стомакот, блудот, славољубието, зависта и врвот на сите зла - гордоста, која не само луѓето„туку и ангелите ги турнува од небото и место со светлина - ги обвива со темнина.

203. Ова ти го напиша, Теодуле, соименикот на безмолвието – Исихиј - иако не сум безмолвник на дело. Можеби не ти напишав сѐ што се однесува на ова прашање, но ова што ти го напишав е она, што ми го даде Бог, во Отецот, Синот и Светиот Дух, Кој е прославен од сите разумни суштества од ангелите и од луѓето и од сите твари, кои се создадени од неискажливата Троица, од Единиот Бог, чие светло царство да се удостоиме да го добиеме и ние, по молитвата на Пресвета Богородица и преподобните наши оци. Нему на недостижниот наш Бог, нека Му биде вечна слава.  Амин.

Преподобен Исихиј, презвитер ерусалимски