Свети Ефрем Сирски

Свети Ефрем Сирски се родил некаде во првите години на четвртиот век во околината на Низибија или во самиот град. Неговите родители биле сиромашни. Тие го воспитувале во страв Божји, но годините на неговата младост го вовеле во некакви морални застранувања, од што произлегло и помрачувањето на неговата вера во Божјата промисла и почнал да мисли дека сѐ што станува во нашиот живот - станува случајно.

Од оваа душевна расположба Божјата премисла го излекувала на многу чуден начин. Бил обвинет дека украл овци и го ставиле во затвор. Со него бил затворен уште еден човек, а таму нашле и некој трет човек. Сите тие биле невини. По седум дена поминати во затворот, свети Ефрем сонувал и во сонот му било речено дека, иако не е виновен за тоа што е обвинет, но дека страда за своите други гревови, а дека и оние што се затворени страдаат за своите други гревови. Откако се разбудил, тој им го раскажал на другарите својот сон. Тогаш го разгледале сите своето минато и виделе дека во своето минато направиле многу лоши дела и дека за нив не биле казнети. Судијата го оправдал свети Ефрема, што, исто така, му било претскажано во еден друг сон.

Овој настан ја утврдил во срцето на свети Ефрем верата во Божјата промисла: дека Бог мисли за него и дека Божјото око постојано го гледа. Тоа толку повлијаело на него, така што веднаш го напуштил светот и се оддалечил во околните планини кај отшелниците и му станал ученик на свети Јаков - големиот Низибиски светител. Под негово раководство свети Ефрем се вежбал во подвизите на побожноста, го изучувал Светото писмо и под влијание на едното и на другото - потполно го изменил својот живот. Место оној гневлив и колеблив од сомненија млад човек, свети Ефрем станал смирен и скрушен жител на пустината, дење и ноќе ги оплакувал своите гревови и потполно им се предал на патиштата на Божјата промисла.

Свети Јаков, познавајќи ги ретките особини на својот ученик, кога станал епископ, ги користел неговите способности во управувањето со светата Црква, давајќи му да ја проповеда Божјата наука и да ги учи децата во училиштата, а го зел со себе и кога отишол на Првиот вселенски собор во Никеја, та кога се вратиле од таму, го направил учесник и помошник на сите свои работи и во молитвите за избавување на градот од нападот на Сапор Персиски во 337 година.

По смртта на свети Јаков во 338 година, свети Ефрем решил да ја посети татковината на својата мајка, градот Амида, кој се наоѓал исто така во Месопотамија, и останал извесно време да живее таму. Оттаму го повлекла желбата да отиде во Едеса, за да им се поклони на тамошните свстињи, бидејќи таму се наоѓал одговорот на Авгаровото послание од Господа Исуса Христа; таму бил и нерактворниот образ на Спасителот, а таму почивале и моштите на светиот апостол Тадеј, кој го просветил со вера царот, градот и сета таа земја, а околу самиот град цутел богат монашки живот.

Откако дошол во овој град, свети Ефрем останал да живее во него. Немајќи средства за живеење, тој стапил на работа кај некој човек што имал јавна бања. Таа работа не одговарала на неговата духовна расположба и на неговата цел, но тој чекал укажувања одозгора, кои и не задоцниле. Слободното време кое му останувало од молитвите и должностите што ги имал во бањата, тој го употребувал за разговори со незнабошците. За време на еден од тие разговори, него го слушал и еден старец од пустината, кој, судејќи по високото достоинство на неговата проповед, со право заклучил дека свети Ефрем не се наоѓа на своето вистинско место. Затоа, откако го дочекал крајот на неговата проповед, започнал разговор со него, па, откако дознал за неговите подвижнички стремежи, му предложил да појде во некој од Манастирите во околината, на што свети Ефрем веднаш се согласил.

Koгa се оддалечил во планините, тој го нашол таму она, по што копнеела неговата душа. Таму имало многу големи подвижници, чиј живот минувал во молитви, пеење псалми и славословија на Бога. Тие немале други засолништа, освен пештерите; не употребувале обична храна, туку се хранеле само со растенија. Гледајќи го сето тоа, свети Ефрем го прифатил таквиот начин на живеење, а кон подвижничките трудови, тој го додал само неуморното изучување на Светото писмо. Неговата душа се зближила со тие љубители на пустината, но особено се угледал на подвижникот Јулијан, кој имал исто, како него, скрушен дух и кој, исто така, со иста љубов го проучувал Светото писмо.

Занимавајќи се постојано со изучувањето на Светото писмо, свети Ефрем црпел од него духовна радост и мудрост. Но сокровиштата на неговите познавања, во голем дел, биле скриени ,од другите луѓе, можеби затоа што бил смирен, а можеби и затоа што тие биле плод на неговите лични умствени усилби, а не на некој особен учителски дар, кој не сакал да се крие, туку сакал неговото учење да се излие на сите.

Набргу и на свети Ефрем му бил испратен овој дар како што му било откриено на истиот проѕорлив старец, кој го извел од градот, кој видел свет ангел, кој му ставил на светецот некаква таинствена книга во устата. Од тоа време неговата душа, напојувана со водата на знаењето за Бога и за божествените работи почнала да се излива во незапирлив поток на умилни поуки.

Стоплувани со живи чувства и вдахнувани од полнотата на неговото срце, кое било осветено со благодатта на Светиот Дух, неговите поучителни слова биле исполнети со духовно помазание. Чудно се умножувале во неговата уста најубедливи поуки, трогателни изобличувања и за себе и за другите, мудри правила и совети, и одеднаш со ненадеен полет неговата побожна мисла се издигнувала кон Бога, за да ја искаже славата на Неговата безгранична љубов и да Му се моли за простувањето на гревовите. Примери и мисли од Светото писмо, богато искуство од подвижничкиот живот, приказни и споредби од природата, сѐ било готово и се јавувало само од себе во неговите едноставни, непосредни и пригодни поуки.

И не само морално - духовните и подвижничките поуки биле предмет на неговите поуки; тој се потрудил многу и на толкувањата на Светото писмо, како и на изложувањето на догматското учење, пред cѐ, и главно за она против што грешеле тогашните и поранешните еретици.

Во тие и такви трудови изминал целиот негов живот и веќе се приближувал неговиот живот, кога се појавила кај него желба да ги види египетските подвижници и да го посети големиот Кападокиски археипископ Василиј Велики. Откако зел со себе и еден од своите ученици, кој знаел грчки, дошол до Средоземното Море и се качил на еден кораб. Молитвата и надежта на Бога го избавиле него, а и тие што пловеле заедно со него - биле избавени од бродоломот и давење во морето. Нитриската Гора го примила како сакан гостин и му пружила радост да се види со великиот Паисиј, со кого останал во разговор шест дена. Разговарал тој и со свети Јован Колов и со други свети старци и духовни учители. Освен Нитриската пустина, тој посетил и други такви места, посетил вселенски подвижници и секаде зад себе оставил срдечни спомени како за побожен маж, просветен од Бога, а и тој самиот понел од таму духовни поуки за животот и правилата на живите и упокоените египетски монаси.

Враќајќи се од Египт свети Ефрем посакал да ја посети Кесарија Кападокиска, за да го види свети Василиј Велики. Нивното прво видување било во светиот храм. Свети Ефрем влегол во храмот кога свети Василиј ја изговарал својата проповед и тогаш добил уверување дека свети Василиј се наоѓал во извонредно голема благодатна состојба. Свети Василиј бил известен од Светиот Дух за присуството на свети Ефрем и го повикал при себе во светиот олтар. По краткиот поздрав и запознавањето, нивниот разговор продолжил во домот на свети Василиј. Разговарале за многу и различни работи. Кесарискиот архиепископ сакал свети Ефрема да го ракоположн за свештеник, но смирениот Едески монах не се согласил на тоа, па така свети Василиј можел да го ракоположи само за ѓакон, а неговиот ученик го ракоположил за свештеник. Подоцна свети Василиј испратил во Едеса двајца од своите ученици, да го повика свети Ефрема да го хиротониса за епископ, но овој свет човек се преправал дека е луд и на тој начин ја отклонил од себе оваа голема чест, според своето смирение сметајќи дека не е достоен за неа.

Откако се вратил во својата Едеска пустина, свети Ефрем посакал остатокот на својот живот да го помине во осаменост. Но Божјата прамисла пак го повикала да им служи на своите ближни. Жителите на градот Едеса во тоа време страдале од глад. Свети Ефрем со своите силни зборови ги орасположувал богатите да им ги олеснуваат страдањата на сиромасите, преземајќи врз себе труд да раководи со доброволните подароци за оние што се измачуваат. Тоа бил неговиот последен подвиг за Црквата. По враќањето од градот во планината, свети Ефрем набргу се разболел и, откако го напишал својот тестамент, мирно се упокоил во Господа во 372 или 373 година. Својот земен живот го завршил на рацете од своите ученици и на членовите на Едеската црква, кои бескрајно го сакале. Во присуство на многуброен народ, свештенослужители и пустинослужители, телото неговоѝи било предадено на земјата, но по извесно време неговите негниежни остатоци биле пренесени во светиот храм.

Во грчкото Добротољубие нема ништо од списите на свети Ефрем. Ние сметавме дека е несправедливо да го пишиме овој зборник од сокровиштето на неговото учење при што се решаваме да го избереме она што е најпоучно од неговите списи под следниве наслови:

1) Совети за покајание и подготвување за спасение;

2) Поуки за покајанието;

3) Општ опис на животот на оние, кои Му се посветиле не Бога и кои се трудат за своето спасение;

4) За добродетелите и за страстите;

5) Општо за борбата со осумте главни страсти;

6) Општи поуки за подвижничкиот живот и

7) Кон сето ова се додава, како кратка содржина на сите негови поуки, 5О-то слово, кое содржи поуки и совети за подвижниците, со додаток на слични поуки и совети од неговото 55-то слово.

(Изборот е направен по изданието на списите на свети Ефрем, во серијата "Творби на светите оци ". Цитатите на секој оддел се дадени под самиот негов наслов).

Свети Ефрем Сирски