Подвижнички поуки од свети Ефрем Сирски

1. Дојдете, возљубени, да се ползуваме со купувањето и продажбата додека уште продолжува пазарот. Дојдете да го спечалиме вечниот живот и да го купиме спасението на нашите души. Да се зафатиме со оваа прекрасна мисла и да ги засакаме царството Божјо и рајот.

2. Подвизувајте се во овој "единаесетти час"; побрзајте за да не останете зад затворени врати. Вечерта се приближува и Оној Кој ги дава наградите доаѓа со голема слава до секого за да му даде според неговите дела. Браќа, да се покаеме додека има време.

3. Послушајте што вели Господ: "Радост станува и пред ангелите Божји за еден грешник што се кае " (Лука 15,10). Грешнику, зошто ѝ се предаваш на мрзливоста? Зошто си очаен? Ако на небото бива таква голема радост кога се каеш, тогаш зошто се плашиш? Ангелите се радуваат, а ти се предаваш на мрзливост? Архангелот објавува покајание, па зар треба да се плашиш? Прославуваната неразделна Троица те повикува, а ти воздивнуваш и се колебаш?

4. Да поплачеме малку овде, за да не плачеме таму и вечно да не се мачиме. Христовото доаѓање ќе биде ненадејно, како страшна молња. Во тој час секој ќе добие според своите дела; секој ќе жнее како што посеал. Сите ќе излеземе непокриени пред Христа пред Неговиот суд; секој ќе одговара за себе си. Bo тој час никој никому не ќе може да му помогне. Секој ќе стои со страв и трепет и ќе очекува да ја чуе Божјата пресуда.

5. Зошто го оставаме занемарено Светото писмо. Тоа е преполно со Божји зборови. Слушајте што вели Господ: "Словото што го кажав, тоа ќе ви суди во последниот ден" (Јован 12,48). Кое е тоа слово? Тоа е Неговото свето Евангелие и другите свети книги во Светото писмо, напишани од светите пророци и апостоли. Да не го оставаме занемарено она што е напишано во нив, зашто "небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат" (Матеј 24,35).

6. Дојдете, возљубени, да се фрлиме во морето на Божјите милости, додека уште не настанал тој страшен ден. Самиот Бог нѐ повикува, велејќи: "Дојдете при Мене сите и Јас ќе ве успокојам" (Матеј 11,28). Он ги повикува сите, зашто сака сите да се спасат. Никој нека не се колеба, зашто Он вели: "Koj доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор" (Јован 6,37). - А кој е оној што оди при Него? Оној што ги слуша Неговите зборови и што Неговите заповеди ги исполнува. Да Го чуеме и да Го послушаме, зашто е страшно да паднеме во рацете на Господа (сп. Евр. 10,31).

7. Покај се, грешнику, смело гледај го човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, Кој вели: "Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание" (Матеј 9,13). Покај се додека има време, за да не бидеш посрамен на страшниот суд, каде со страв ќе престојат илјадници илјади ангели и светии и книгите ќе се отворат и скришното ќе стане јавно. Судијата е силен и без милост е Неговиот суд; делата наши ќе бидат пред Него и огнената река. Размисли навреме за сето ова, побрзај да се спасиш.

8. Што чекаш? Што имаш во твоите мисли? Некој друг ли ќе одговара место тебе? Зар не знаеш дека секој самиот за себеси треба да му даде одговор на Бога? Секој треба да го ожнее она што го посеал и секој треба својот товар да го носи. Растовари го од себеси овој товар на твоите гревови.

9. Откажи се еднаш за секогаш, откажи се од сатаната и од сите негови дела и, во присуство на многу сведоци, стапи во сојуз со Христа. Памети за ова и не заборавај. Знај дека во истиот час ангелите ги запишуваат твоите зборови, твоите ветувања и твоите откажувања и сето тоа ќе го пазат на небото до денот на Страшниот суд. Во денот на Судот тие ќе ги донесат твоите записи, зборовите на твојата уста ќе ги претстават пред Страшниот Христов суд. И тогаш ќе ги чуеш зборовите: " Со твојата уста ќе ти судат, лукави слуго" (Лука 19,22). Биди милостив спрема себеси и поштеди ја твојата душа.

10. Гледај како другите се подвизуваат, како се грижат да се спасат; гледај какви усилби прават за секое добро дело, како се пазат од сѐ што е лошо, колку го засакале тесниот и стрмен пат, како постат, бдеат, се измачуваат и плачат; нивната уста секогаш Го воспева и славослови Младоженецот, очите нивни секогаш ја гледаат Неговата убавина и душата нивна се весели.

11. Помисли за смртта. Еве, Младоженецот се приближува. Он доаѓа да ги награди оние, кои правилно се подвизувале и што го засакале тесниот и стрмен пат. Он доаѓа да ги помилува милостивите, да ги направи блажени оние што осиромашиле и оние што ги нахраниле гладните и ги напоиле жедните заради Него, зашто е речено: "Он ќе ги изнесе на виделина тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата" (1. Kop. 4,5) и: "Секому ќе му даде според неговите дела " (Рим. 2,6).

12. Најпосле ненадејно ќе се слушне викањето: "Ете, Младоженецот иде!“ (Матеј 25,6). Се очекува радоста пофалбата на праведниците Сонцето на правдата! - "Ете, Младоженецот иде, излезете да Го пречекате!" (Матеј %,6).

13. Тогаш оние, чии светилници горат и сјаат и чија облека е чиста, ќе излезат да Го пречекаат со веселба и без страв, ќе се радуваат и ќе се надеваат, затоа што нивните светилници не изгаснале. А што ќе биде со тебе? Забележувајќи дека твојот светнлник почнува да изгаснува, опфатен од страв и ужас, ќе им се обратиш на оние што се најблиску до тебе со молба да ти дадат малку масло, ќе го чуеш тогаш гласот, кој ќе ти рече: "Подобро појди кај продавачите и купи си!" (Матеј 25 9).

14. Ке појдеш и нема да најдеш каде да го купиш, зашто пазарот на животот ќе биде веќе завршен. Тогаш опфатен од крајна збунетост и жалејќи, ќе речеш во себеси, ке појдам и ќе тропам на вратата од Христовата милосрдност, можеби милостивиот Господ ќе ми отвори: "Ке појдеш, ќе тропаш, но Младоженецот одвнатре ќе ти одговори: "Вистина, ти велам: не те познавам!“ (Матеј 25,12). Бегај од Мене ти што си правел беззаконија. Ти не си бил милостив, и нема да бидеш помилуван. Tи си го прејадувал твоето тело и облеката твоја со нечистотии си ја валкал, па како сакаш да влезеш овде и да Ми го валкаш Моето царство? Ти си ја извршувал волјата на ѓаволот, а Мојата волја си ја отфрлил; нема да имаш чест со Мене. " Оди од Мене, проколнат во вечен оган!“ (Матеј 25,41).

15. Откако ќе го чуеш ова, ќе стоиш засрамен. Истовремено до твоите уши ќе дојдат гласови на радост и на веселба; ќе го познаеш гласот на твоите пријатели. Тогаш страдално ќе воздивнеш и ќе речеш: "Тешко мене несреќниот!" Од каква слава се лишив и од каква дружба сум оддалечен поради моите лоши и срамни дела! Но Божјиот суд е навистина праведен! Навистина јас сум справедливо лишен од оваа убавина и справедливо страдам. Тие живееја воздржано, а јас барав секакви задоволства; тие пееја псалми и се молеа, а јас безгрижен лежев и се веселев; тие плачеа, а јас се смеев. Затоа тие денес се радуваат, а јас сум жалосен; тие се веселат, а јас плачам; тие ќе царуваат заедно со Христа во сета вечност, а јас со Антихриста ќе бидам фрлен во вечниот оган. Тешко мене несреќниот!

16. Вака и слично на ова ќе говориш тогаш и ќе се измачуваш, но никаква корист нема да имаш од тоа, зашто тогаш нема да имаш можност да се покаеш. Затоа, да почнеме сега да се каеме, зашто тоа е токму она што е потребно (сп. Лука 10,41).

17. И телото има потреба од грижи, но не многу; за душата треба непрестајно да се грижиме, зашто душата е поважна од сѐ. Ти си составен од душа и од тело: на душата давај и храна душевна, а на телото - телесна. Не оставај ја твојата душа да умре, туку храни ја со зборовите на Светото писмо, со псалмите, со пеењето и со духовните песни, со читањето книги корисни за спасението на душата, со пост, со бдеење, со молитви, со солзи, со надеж и со мисли за идните блага. Сето ова и тоа што е слично на него - е храна и живот за душата.

18. Во целото Свето писмо блажени се нарекуваат оние што одат по тесниот и стрмен пат, а за оние што тргнале во широкиот и рамен пат - насекаде во оваа света книга им се претскажуваат маки и страдања. Да го оставиме широкиот пат, кој води во пропаст, а да дојдеме по тесниот и стрмен пат, да се потрудиме овде на земјава, за да царуваме во Идниот вечен живот. Да се потрудиме секогаш пред очите да го имаме Господа, Кој доаѓа да им суди на живите и на мртвите; непрестајно да помислуваме за вечниот живот, за вечното Царство, за блажената радост со ангелите и за живеењето со Христа.

19. Не радувај им се на земните цвеќиња. Во твојата уста Непрестајно да бидат псалмите; самото изговарање на Божјото име Ги прогонува бесовите. Ако и со рацете твои некаква работа работиш, јазикот твој да ги изговара псалмите, а умот твој нека се моли. Самиот Господ нѐ убедува сите да се подготвуваме овде за Вечниот живот. Тоа и да го правиме, а ако згрешиме, ако се препнеме, да се покаеме, да се излекуваме со нашите солзи - додека има време за покајание. А времето за покајание е кратко, а царството небесно Нема крај.

20. Ние светиите ги нарекуваме блажени и нивните венци ги посакуваме, но подвизите нивни не сакаме да ги следиме. Или можеби мислите дека венците свои тие на дар ги примиле - без трудови и без страдања. Слушај што сѐ претрпеле светиите на земјава. Еве, што вели за ова светиот апостол Павле: "Беа мачени и не примија ослободување: поднесоа подигрување и бичување, па дури и окови и затвор; со камења беа отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во  маки, во срам, скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни " (Евр. 11,35-38).

21. Нашите свети оци, како светилници, ја осветлиле целата земја, поживеале на неа среде трње и бодила, среде еретици и безбожници, како скапоцени камења и бисери. Поради нивниот возвишен и свет живот, и нивните најголеми непријатели почнале да го следат нивниот живот. И кој не се скрушува, гледајќи го нивното смирено живеење? Тие само се подвизувале овде на земјава, а таму се радуваат. Затоа и Бог во нив бива прославуван, а луѓето од нив се поучуваат.

22. Нашиот живот, откако ќе ги оставиме широките и рамни патишта, се движи по тесни и стрмни патеки. Малку луѓе гледаме, кои заради Бога сосема се откажале од својот имот, кои заради вечниот живот - се откажале од она што е на земјата. Нема веќе ни кротки, ни смирени, ни отшелници и безмолвници. Никој не се воздржува од одмазда, никој не претрпува навреди; сите се готови на гнев, сите сакаат да противречат, сите се мрзливи и раздразнителни; сите се грижат за убава и украсна облека, сите се горделиви, славољубиви и самољубиви.

23. Слушаме дека Самиот наш Бог - Господ Исус Христус бил распнат поради нашите гревови и дека умрел за нас и за нашето спасение, - и продолжуваме да се смееме и да се веселиме. Сонцето, не можело да го поднесе исмевањето на Господа, својата светлина во темнина ја изменило, а ние не сакаме од нашата гревовна темнина да излеземе. Завесата во храмот, иако ни најмалку не згрешила, сама од себе се раскинала, а ние не сакаме срцето наше да се раскинува поради скрушеноста за нашите гревови. Браќа, време е да се покаеме, за да Го умилостивиме Бога за нашите гревови.

24. Се плашам тој ден да не нѐ најде неподготвени, да не нѐ најде необлечени, бедни и ништожни, и да не бидеме отфрлени. Зашто токму така се случило и со оние што живееле во деновите на Ное, како што се вели во светото Евангелие: "Јадеа, пиеја, се женеја, се мажеја, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, да ги потопи сите. Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа и ѕидаа така ќе биде во денот, кога ќе се јави Синот Човечки" (Лука 17,27-30).

25. Тој што сака да се спаси, тој нека биде ревносен за своето спасение; кој сака да влезе во Божјото царство - да не биде мрзлив. Тој што сака да се избави од пеколниот оган, тој треба правилно да се подвизува; кој сака да не го фрлат таму каде што е црвот што не заспива, - секогаш да биде буден и трезвен . Оној што сака да влезе на брачната гозба вечно да се весели, тој треба навреме да го подготвува својот светилник и во садот свој постојано да има масло. А оној што очекува да биде поканет на свадбена веселба, тој треба да се погрижи да има свадбена облека.

26. Градот на небесниот Цар полн е со веселба и со радост, полн е со светлина и наслада, на оние што се во него, заедно со вечниот живот, непрестајно им дава секакви задоволства. Оној што сака да живее во градот на Царот, нека го забрза своето чекорење, зашто денот се привршува и никој не знае што ќе го сретне на патот. Ако некој иако знае дека патот до таму е прилично долг, тој сепак прилегнува и спие до вечерта, а кога ќе се разбуди и ќе види дека денот привршува, и само што тргнал да патува, одеднаш времето се расипува и почнува да се истураат бури и поројни дождови, град, громови и молњи и секакви несреќи, така што не е во состојба ни преноќиште да си најде. И ние ќе го преживееме истото, ако навреме не се погрижиме да се покаеме. Во овој свет сме туѓи и придојдени. (Псал. 38,13). Да се потрудиме навреме да стигнеме во нашата татковина и во нашиот град.

27. Браќа, ние сме духовни трговци, бараме да Го најдеме и да Го купиме скапоцениот Бисер - Христа, нашиот Спасител, Кој е сокровиштето, што никој не може да Го украде. Да не бидеме мрзливи, да бараме да Го придобиеме овој Бисер. Блажен и преблажен е оној што Него Го придобил, но најнесреќен од сите е оној, кој не се потрудил да Го најде својот Создател и да биде најден од Него.

28. Зар не знаете дека сме прачка од вистинската Лоза, Која е нашиот Господ Исус Христос? Да гледаме некој од нас да не се покаже бесплоден. Нашиот Отец на Вистината, Кој го обработува Светото Лозје, со љубов се грижи за оние, кои навреме Му ги даваат своите плодови и прави сѐ за нив - та уште подобри плодови да даваат; а оние што не раѓаат плод, нив ги сече, ги фрла надвор од своето лозје и со оган ги изгорува. Бидете внимателни спрема себеси, гледајте да не бидете бесплодни, за да не бидете отсечени и на оган предадени.

29. Ние сме добро семе, кое го посеал Создателот на небото и на земјата, од Домаќинот на светот - нашиот Господ Исус Христос. Еве, веќе дојде времето за жетва, срповите им се во рацете на жетварите; тие го чекаат само знакот од Господа. Гледајте да не бидеме плевел, да не бидеме врзани во снопови и да не бидеме фрлени во оган и вечно да гориме (сп. Матеј 13,30).

30. Зар не знаете дека Царот на царевите нѐ повикал на свадба во Своето живеалиште? Зошто се предаваме на мрзливост и не се трудиме да ја придобиеме светлата облека како и светилниците што горат светло и елеј да имаме во нашите садови? Како не можете да сфатите дека таму никој не може да влезе, ако не е свадбено облечен? А, ако бидеме упорни и влеземе без свадбена облека, не знаете ли што ќе се случи тогаш? По наредба од Царот, на таквиот, ќе му ги врзат рацете и нозете, и ќе го фрлат во крајната темнина, каде "ќе биде плач и крцкање со заби" (Матеј 22,13). Се плашам нашите телесни страсти да не нѐ исфрлат од свадбената гозба.

31. Нашиот Отец е многу сострадален. Како е овој наш Отец толку милостив? Каков е нашиот Отец што толку многу нѐ сака? Каков е овој наш Господ, Кој вака силно ја пројавува Својата љубов спрема нас Своите слуги? Сѐ ни дава, со сѐ нѐ снабдува во изобилство; Он ги лекува нашите душевни рани, долго нѐ трпи нас што Го оставаме и сака сите да станеме наследници на Неговото царство, Он му ги простува гревовите на секој грешник, го поттикнува кон усрдност, брзо му помага на немоќниот, за да не очајува. Он би можел и на сила да нѐ направи добри, но не сака нашата слободна волја да биде лишена од пофалбата Негова. Па зар смееме да бидеме невнимателни спрема Него и да не Му угодуваме, кога Он толку многу нѐ сака и нѐ милува? Он ги искупил и ги просветил очите на нашиот ум; Он ни подарил знаење за Него, ни дал да ја почувствуваме Неговата сладост, за да може потполно да Го најдеме. Блажен е оној што Го вкусил и почувствувал; со тоа си подготвил и можност непрестајно да Го вкусува.

32. Кој нема да Го засака ваквиот Господ? Кој нема да Го исповеда и кој нема да се поклони на Неговата добрина? Што ќе Му речеме? Дали ќе Му речеме дека не сме чуле, не сме знаеле и дека не сме биле научени? Но гласот за Него се пренесе по целиот свет. Што требало да се направи за нас, а Он да не го направил? Не слегнал ли Он заради нас од Својата безмерна височина - од благословените прегратки на својот Отец? Он невидливиот - не станал ли видлив заради нас? Oн, бесмртниот, нели се воплотил заради нас? Он, бесмртниот не станал ли видлив заради нас? Он, бесмртниот Оган, не примил ли човечко тело заради нас? Он, бесмртниот, не умрел ли заради нас - нас да не оживотвори? Не бил ли погребан, за нас да нѐ воскресе заедно со Себе си? Он нѐ ослободил од нашиот непријател, го врзал и ни дал сила да го напаѓаме и да го победуваме. Кога сме Го повикувале, а Он Да не нѐ слушнал и да не ни помогнал? Ако некогаш и задоцнува тоа да го направи, тоа го прави само зато да ја зголеми нашата награда. Помислувај на сето ова, оној што ќе биде мрзлив и безгрижен, тој со тоа ќе Го навреди Својот Господ.

33. Брату, еве за што треба да мислиш! Оние браќа, со кои си разговарал вчера, денес ги нема веќе меѓу нас; тие се повикани кај Својот и наш Господ; секој од нив ќе треба да даде одговор за својот земен живот. Гледаш ли како било вчера и како е денес? Вчерашниот ден изминал како и вчерашниот цвет, така ќе измине и денешниот ден, слично на вчерашната сенка. Размисли каков е твојот живот и дали си го живеел според Божјата волја. Нашите денови брзо минуваат. Блажен е оној, кој што со секој ден сѐ повеќе богатее и собира за вечниот живот. Возљубени, а ти зошто не работиш и не се трудиш? Зошто си мрзлив? Зошто си очаен и загубен, како со вино да си се опил?

34. Замисли двајца патници. И едниот и другиот се враќаат дома. Тие се сретнале еден со друг на патот кога се стемнувало. Се задржале во една гостилница и кога се зазорил новиот ден се разделиле еден од друг. Секој од нив знае што има во својот дом, дали има богатство или немаштија, дали спокој или мака и страдање. Истото бива и со нас во овој живот, зашто и земниот живот е сличен на гостилница, каде се разделуваме, секој оди по својот пат и знае што е пред него. Зашто секој знае што испратил пред себе на небото: молитва со солзи, често бдеење, скрушено пеење псалми, воздржување и смирение, одрекување од сѐ што е земно, нелицемерна љубов и приврзаност за Христа. Ако сето ова си го испратил пред себе си, тогаш не плаши се затоа што одиш во спокој.

35. Тебе ти се дава време за покајание, а ти не се грижиш за него. Можеш ли на смртта да ѝ кажеш: "Почекај, дај ми време да се покајам!" Отрезни се, возљубен! Како во мрежа ќе се најдеш во последниот час и тогаш во ужас ќе почнеш да извикуваш: "Тешко мене, во расејаност изминаа моите денови: со погрешни мисли го проживеав времето на моето живеење! " Но каква е користа од тоа, ако така помислуваш во часот на твојата смрт, кога веќе не ти се дозволува и понатаму да останеш во овој живот? Затоа е подобро сега, додека си уште жив, да ја сфатиш смислата на твоите зборови и соодветно на нив животот твој да го уредиш.

36. Кој нема да се расплаче и кој нема да се ожалости, кој нема да се исплаши од тоа - што Господарот на вселената, и Он Самиот и преку Своите слуги, преку пророците и апостолите, проповеда и извикува, но нема кој да Го чуе и да Го послуша. Господ вели: "Ете, приготвив јадење сѐ е готово; дојдете на свадбата“ (Матеј 22,4). Младоженецот во целата Своја слава и величественост седи на свадбената трпеза и со радост ги прима оние што доаѓаат: вратата е отворена и слугите ги примаат со најголема љубезност. Брзајте додека вратата не е затворена; побрзајте навреме да влезете, инаку ќе останете надвор и никој не ќе може да ве воведе. - И сепак никој не може да ја сфати оваа и ваква положба и никој не се грижи; мрзливоста и грижите на овој свет го врзале како со вериги нашиот ум. Зборовите на Светото писмо правилно ги пишуваме и правилно ги читаме, но не сакаме правилно да ги чуеме и да ги послушаме затоа што не сакаме да го исполниме она, што ни се заповеда со нив.

37. Како што понекогаш, среде ноќ, кога луѓето се наоѓаат во длабок сон, одеднаш од небото слушаме страшни грмотевици, гледаме ужасни секавици и чувствуваме потресен земјотрес, се будиме престрашени од сон, така ќе биде и во оној час, слично на брза молња, која ја престрашува сета земја, така ненадејно ќе затруби небесната труба и ќе ги разбуди оние што спијат, а умрените ќе ги воскресне и "силите небески ќе се расклатат" (Матеј 24,29), сета земја ќе се поколеба како водата во морето пред лицето на Божјата слава, зашто страшен оган ќе оди пред Неговото лице, чистејќи ја земјата од беззаконијата што ја осквернуваат; пеколот ќе ги отвори своите вечни врати, смртта ќе биде уништена, а изгниениот прав на човечката природа ќе го чуе трубниот глас и ќе воскресне - ќе оживее. Тогаш праведниците ќе се зарадуваат и преподобните ќе се развеселат; совршените подвижници ќе бидат утешени за своите трудови; мачениците, апостолите и пророците ќе бидат овенчани. Блажен е оној што во тој час ќе се удостои да биде грабнат на облаци, за да се сретне со Господа во воздухот и секогаш да биде со Господа (сп. 1. Сол. 4,17). Како што оној што добил овде духовни крила со кои ќе може да се издигне во горниот свет; како што оној што го очистил својот ум - ќе може таму да ја види славата Негова; со каква мерка Го возљубил некој Бога во овој свет, со таква љубов ќе се издигне кон Него таму.

38. Си спомнав јас за тој час и целиот се потресов; помислив за тој страшен ден - за Страшниот суд дојден во ужас; помислив за веселбата во рајот и почнав да воздивнувам и да плачам. И плачев сѐ додека не останаа во мене сили и додека не можев повеќе да плачам. Плачев затоа што во мрзливост и расејаност ги проживеав сите мои денови, што во нечистотија изминаа сите мои години, и што не сфатив и не почувствував како изминаа и како одлетаа; се намалија моиве денови, а се умножија моите беззаконија. Тешко ми мене! Што ќе правам во оној час кога ќе бидам заобиколен од моите познати, кои, кога ќе ме видат во таква лоша состојба, ќе се разбегаат од мене; тие ме сметале за блажен, зашто не гледале дека сум преполн со беззаконија и нечистотија и не знаеле дека сум Го заборавил Господа, Кој ги испитувал срцата и утробата. - Таму е вистинскиот и жален срам; него ќе го почувствува оној што таму ќе се посрами, - Ти се молам и Те преколнувам, Човекољубив и Благ Господи, биди милостив спрема мене, не ставај ме од Твојата лева страна со козите, кои премногу Те огорчувале и немој да ми речеш дека не ме познаваш, но, по Твојата преголема милост, подај ми непрестајни солзи, дај му скрушеност и смиреност на моето срце и очисти го, за да стане храм на Твојата благодат.

39. Возљубени мои браќа, ве молам, имајте ги и вие овие и вакви мои мисли. Потрудете се да Му угодувате на Бога додека има време; плачете пред Него дење и ноќе во молитва и пеење на псалми, за да нѐ избави од плачот што не престанува, од чкртањето со заби, од пеколниот оган и од црвот што не заспива, но да нѐ исполни со радост во Своето царство, во вечниот живот од каде избегале и жалоста, и болката и воздивнувањето, каде има секогаш радост и веселба, и восхит и трпеза преполна со духовни јадења, приготвена од Бога за оние што Го љубат. Блажен е оној што ќе се удостои со оваа трпеза, а достоен за жалење е оној што ќе се лиши од неа.

40.4 "Кога богат говори, сите молкнуваат; зборовите негови до небо ги фалат " (Мудр. Сирах. 13,28). A нас ни зборува Господ во Светото писмо, а ние не сакаме да замолчиме и да слушаме, туку токму тогаш некој зборува, некој дреме, а некој со своите мисли талка некаде. А што вели Светото писмо? Тоа ни вели: "Koj го отстранува увото свое да не го слуша Законот, на таквиот и молитвата му е одвратна " (Изрек. 28,9).

41. Труди се за вечниот живот, во кој си повикан, пред многу сведоци исповедај и вели: "Уште малку, сосема малку и Оној што иде ќе дојде и нема да се забави" (Eвp. 10,37).

42. Плаши се од Господа со сета твоја сила и не прави срамни и нечесни дела, зашто огнот пеколен не изгаснува и црвот не заспива (сп. Марко 9,44).

43. Не верувај му на лукавиот, кој ти внушува измамливи помисли, велејќи ти: "'Уште си млад, ќе живееш уште многу години, затоа сега весели се и не ожалостувај си ја душата; кога ќе остариш, тогаш ќе треба да се покаеш ". - Брату, толку ли си неразумен и не знаеш, дека лукавиот сака со ова да те измами? Ако не се каеш во младоста и во својата зрела возраст, кога си во состојба да го поднесуваш трудот и да го издржиш подвигот, нема ли во староста твоја да се оправдуваш со слабостите на староста? А, ако уште додека си млад бидеш земен оттука, што ќе правиш тогаш? Затоа остави го демонскиот пат и послушај го гласот на Господа Кој вели: "Бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки" (Матеј 25,13).

44. Ќе дојде, ќе дојде тој страшен час и нема да задоцни, кога ќе бидеме испрашувани и не ќе знаеме како да се оправдаме. Зашто, што ќе можеме да Му одговориме на Господа? Уште што требало да направи за нас, а не го направил? Не Го видовме ли Бога - Словото, смирен во вид на слуга, за и ние да станеме смирени? Не го видовме ли Неговото божествено лице исплукано, та и ние кога ќе бидеме навредувани - да не се ожесточуваме? Не видовме ли како Неговиот грб бил предаден на бичување, за и ние покорно да го носиме товарот на послушноста? Или зар не видовме како Го удираат со шлаканици, за и ние, кога нѐ понижуваат - да не се разбеснуваме? Или зар не чувме кога велеше: "Поучете се од мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце " (Матеј 11,29), за и ние да станеме кротки и смирени, да не си завидуваме еден на друг, да не се навредуваме и да не се јадеме еден со друг? - Каков одговор и какво оправдание ќе Му дадеме на Господа?

45. Јас знам дека Бог помилувал многу грешници, но поголемиот број од нив грешеле од незнаење. Знам дека Бог им простил на многумина, но тие имале пред Бога многу закрилници. Читам за Датан и за Кореј и се ужасувам кога гледам како тие биле накажани поради Мојсеја. Размислувам и за тоа што е напишано за Марија, сестрата негова, како и таа, за еден збор што му го рекла на Мојсеја - целата со губа се покрила. Целиот треперам од страв. Ако таква казна некого го постигнала за еден свет човек, каква ли казна ќе нѐ постигне нас затоа што сме Го измачувале Бога? Каин, откако го убил својот брат, бил подложен на долговремена казна, а што ли ќе биде со оние што Го навредиле вечниот Бог? Строга била казната за време на потопот, - се плашам и јас да не бидам казнет како и оние што пострадале тогаш. Бог се разгневил на оние што ја граделе вавилонската кула, која не можела да биде завршена, а што ли ќе ни направи нам поради нашето паѓање? Јас се покајав, но не знам дали Бог се сожалил над мене и ми простил. Јас им се молам и на светиите, но можеби Бог не ги прима нивните молитви за мене, зашто го слуша пророкот Језикиил, кој вели: "Тоа Ное, Данаил и Јов... не би ги спасиле ни синовите ни ќерките; со својата праведност тие би ги спасиле само своите души" (Језек. 14,2О).

46. Господ Исус Христос, Кој слегнал од прегратките на Отецот, станал за нас пат на спасение, Он со Својот божествен глас ни вели и нѐ повикува на покајание, велејќи: "Не сум дошол да ги повикам праведннците, туку грешниците на покајание " (Матеј 9,13). - Кога ова би го говорел јас, ти можеш и да не ме послушаш, но кога знаеш дека ова ти го говори Господ, тогаш зошто го занемаруваш и зошто не се грижиш за својот живот? Ако сознаваш дека во твојата внатрешност, во твоите мисли и во твоите дела, има рани, тогаш зошто ги скриваш и занемаруваш овие твои рани? Дали се плашиш од лекарот?! Но Он е полн со добрина и милосрдност. Он излегол од прегратките на Својот Отец и дошол при тебе. Се овоплотил заради тебе, за да можеш да Му пристапуваш без страв; станал човек - за да ги исцели твоите тешки рани. - И Он Самиот те повикува при Себе со голема љубов и со нежна добрина.

47. Вратата на покајанието е отворена, грешнику, потруди се да влезеш низ неа, додека не биде затворена. Таа нема тебе да те чека кога ќе дојде времето да биде затворена, Оној што ќе дојде, ќе те најде безгрижен и без работа. Зошто, човеку, својот живот го мразиш? Има ли нешто друго што ти е толку важно? Што ти е поважно од твојата душа? Но, ете, грешнику, ти токму неа ја занемаруваш. Возљубен, не знаеш во кој час ќе дојде Небесниот Лекар и кога ќе заповеда да се затвори вратата на духовната болница. Он сака со твоето покајание да ги израдува небесните војски. Сонцето е веќе близу до својот залез; се задржува, тебе те очекува - и ти да стигнеш до својот дом.

48. Уште долго ли ќе го трпиш твојот непријател и без срам ќе ја извршуваш неговата волја? Тој сака да те фрли во вечниот оган. Ете, во тоа се состојат сите негови грижи! Таков е неговиот дар за сите што го сакаат и што го слушаат! Тој секогаш војува со сите луѓе, и ги напаѓа со лоши и нечисти желби. Тој, нечистиот, оние што му се потчиниле ги води кон очајание, го ожесточува нивното срце, ги пресушува нивните солзи тогаш, кога има време солзите да бидат примени, а сето тоа го прави за да му попречи на грешникот да дојде во скрушеност. Настојувај, човеку, на сите можни начини да се оддалечуваш од него и да го мразиш, та да се одвраќаш од сето она што тој го сака.

49. Браќа, да почнеме да се молиме додека уште има време за ова. Cѐ додека сме овде, во овој живот, сѐ уште има време да го умилостивиме Бога. Не е тешко да добиеме простување, ако чукаме на вратата од Божјата милосрдност. Да проливаме солзи додека има уште време за нивното примање за да не би, откако отидеме во тамошниот свет, - бескорисно да плачеме; зашто тогаш нашите солзи ништо не ќе вредат.

50. Зошто не се грижиме за нашето спасение? Зошто не сакаме да бидеме излекувани додека имаме уште време? Заради малкуте солзи, пролиени во сегашниот живот, заради покајанието, Бог ни ги проштева сите наши гревови - Бог ни простува сѐ. Затоа, поплачи малку додека си уште во овој живот, за да не плачеш таму во вечни векови во крајната темнина. Покај се додека си овде, за да не бидеш фрлен во огнот што вечно гори.

51. Многу светии и праведници се ослободиле од овој свет и од неговите дела со силата на својата слободна волја и со добрата надеж на Божјите заповеди, уверени дека ќе се насладуваат со Божјите убавини во рајот на сладостите. Откако Го засакале Христа, тие Го претпоставиле Него над сѐ што е во овој свет, зашто тој што секогаш се радува во Бога, се просветува во Христа, непрестајно радувајќи се секојдневно во Светиот Дух. Света Троица се весели заради нив, се веселат ангелите и архангелите, се весели и рајот на убавината.

52. А некои од луѓето потонале во овој расипан и гниежлив свет, станале слични на неразумните животни. - Зошто постапуваш така човеку? Зошто живееш грешно? Бог те создал разумен; не бивај сличен со неразумните животни. Отрезни се и дојди на себеси. Севишниот Бог заради тебе слегнал од небото, за да те издигне од земјата на небото. Ти си повикан на свадбена гозба кај Небесниот Младоженец. Зошто си незагрижен и невнимателен? Зошто доцниш? Кажи ми како ќе појдеш таму без соодветна свадбена облека? Ако влезеш таму без неа, веднаш ќе ги слушнеш зборовите: "Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена облека? " (Матеј 22,12). На слугите тогаш ќе им биде заповедано да те врзат и да те фрлат во пеколниот оган. Зар не се плашиш од ова? Зар не трепериш од помислата дека набргу ќе се појави Младоженецот во сета Своја слава? - Зар не знаеш дека сѐ е подготвено и дека небесната труба го очекува својот миг? - И што ќе правиш во тој час? Што ќе правиш тогаш, ако сега не се подготвуваш и ако не бидеш подготвен за него?

53. Во смртниот час грешникот е исполнет со голем страв. Часот на разделбата со телото е час на радост за светиите, за праведниците и за сите подвижници, но тој час ги ожалостува мрзливите и невнимателните, зашто им напомнува за сѐ што пропуштиле да направат. Тогаш покајното чувство страшно ги измачува грешниците, зашто сѐ до тогаш тие не се грижеле за своето спасение. Овој страв е пострашен и од стравот од самата смрт и од одделувањето на душата од телото. Напротив, праведниците, светиите и подвижниците се веселат во часот на својата телесна смрт, кога душата се оддалечува од телото гледајќи ги со своите духовни очи својот голем подвижнички труд, бдеењата, молитвите, постовите, солзите, лежењето на гола земја и лошата и бедна своја облека; нивната душа се радува затоа што по одделувањето на телото ќе влезе во вечниот покој. Но смртта е страшна појава за грешниците и за слабите луѓе, затоа што не се грижеле за чистотата на својот живот во овој суетен свет. Многу, многу e тажен смртниот час за грешникот; тој не може да каже ништо за свое оправдание, а заповедта за неговиот земен крај е строга и неодменлива.

54. Часот на ова одделување не го ожалостува оној, кој се ослободил од сѐ што е земно; тој ги ожалостува само сластољубивите: грешниците, мрзливите - кои биле мрзливи да Му угодуваат на Бога; ги ожалостува среброљубивите, кои ја врзале својата душа со грижите за овој свет; ги ожалостува богатите, затоа што не доброволно ги одделува со нивното богатство; ги ожалостува оние што го сакале овој свет, затоа што смртта ги одделува од него. Сите тие се ожалостени на својот смртен час затоа што се врзани со грижите за овој свет. Но за што ќе жали во тој час онаа душа, која се ослободила од светот и од сите грижи за него? Таа копнеела по вистинската слобода, и ја добила и храбро чекорела по патот Божји, трудејќи се со готовност да Му угодува на Бога. - И ти, ако со сета своја душа се прилепиш за Бога, и ти нема да се исплашиш од смртта и од смртниот час; часот на одделувањето на твојата душа - ќе биде час на голема радост.

55. Добриот Бог ни подарил просвета на вистинското знаење, а ние од ден на ден го занемаруваме и отфрламе. Ако ја извршуваме Божјата волја, ќе бидеме посреќни во денот на Страшниот Суд заедно со сите оние, кои Му биле послушни на Бога. Но, бидејќи не сме ја извршувале, нема да бидеме оправдани, затоа што знаеме што треба да правиме, а не го правиме. Сите ја знаеме Божјата промисла. Ги знаеме и Божјите дарови. Неговата благодат често ги посетува нашите срца. И ако најде за себе чисто и спокојно место во нас, таа останува постојано во нашата душа; а, ако не најде,таа се оддалечува од нас. Но милостивиот Бог пак ни ја испраќа да нѐ посети нас грешните; ние сме изменливи поради нашата слободна волја, а не и по нашата природа. Секогаш сме немоќни, завидливи и лукави. Често мислиме лошо еден за друг, се занимаваме со лоши помисли; нашите помисли секогаш се потонати како во некоја страшна тиња. И кога Божјата благодат доаѓа да го посети нашето срце, таа таму наоѓа смрдеа од нашите нечисти помисли и веднаш отстапува и го напушта; не може да остане во него, не може да се радува и да се весели во него, како што посакува. Но со својата сладост му дава на човекот да почувствува, дека бил посетен од благодатта, но не можела да најде достојно место за себеси и да го наслади со озарувањето на својата наслада и да го поттикне на тој начин да ја бара и да се подготвува достојно да ја прими. Впрочем, самата Божја благодат не може потполно да отстапи од нас, зашто таа нѐ поттикнува да ги сакаме сите луѓе. Гледаш ли колку е голема Божјата милост? Гледаш ли дека Бог секогаш нѐ сака и дека сака да се спасиме? Блажен е оној човек што секогаш се грижи да го подготви своето срце за Божјата благодат, така што, кога ќе дојде, да ги најде во нас добро миризливите добродетели и светоста на душата, и да живее во неа и за време на нашиот живот и во целата блажена вечност.

56. Блажени се оние што, откако паднале во мрежите на непријателот, успеале да ги раскинат и, бегајќи од него, како риба што успеала да избега од рибарската мрежа, се скрила и си го запазила животот. Рибата додека е уште во водата, и откако ќе биде зафатена со рибарска мрежа, може да се спровре низ мрежата, да се скрие во длабочината и да се спаси, а кога ќе ја извлечат веќе на суво, за неа нема спасение. Така е и со нас луѓето, додека сме уште во овој живот имаме од Бога власт да ги раскинуваме од себе врските на ѓаволската волја и преку покајанието - да го симнеме од себе гревовниот товар и да се спасиме во Царството небесно. А, ако нѐ стигне страшната Божја повелба пред да се покаеме, и душата наша излезе, телото ѝ биде предадено на земјата, во тој случај, нема да бидеме во состојба да си помогнеме како и рибата, која е веќе извлечена од водата и кога веќе не може да си помогне.

57. Да не чекаме да настапи смртниот час и тогаш да помислуваме на тоа како да се спасиме од срамот при воскресението од мртвите, тогаш кога светиите ќе бидат облечени во светла облека, исткаена од нивните добри дела. Ако тогаш се видиме не само лишени од таа светла слава, туку и исцрнети и засмрдени, со каков ли срам тогаш ќе бидеме опфатени? Да се погрижиме да не нѐ постигне таа опасност; да го почнеме навреме подвигот на покајанието и очистувањето од нашите страсти.

58. Гревот е темнина, а добродетелта светлина. Гревот ги оцрнува оние што го сакаат и што го прават, а добродетелта, кога ја извршуваме - нѐ очистува од нечистотијата и смрдеата на страстите.

59. Да создадеме плод достоен да Му биде угоден на Бога пред да биде издадена страшната повелба за земање на душата од нашето тело. Тогаш, тешко му на оној кој Го повредил Господа Бога и не се покајал! Ќе почне тогаш да го бара времето што го загубил во мрзливост, но нема да го најде. Да заплачеме пред нашиот Господ, за да најдеме милост кај Него. Додека имаме време, да се погрижиме да ја добиеме помошта од Господа и Неговиот благослов. Нашата грижа не е за парите; ако некој биде лишен од нив, може други да спечали. Душата наша е во опасност; ако неа ја загубиме, не можеме веќе да ја вратиме (сп. Матеј 16,26-27).

60. Нашите денови бегаат и крајот ни се приближува. Да заплачеме пред нашиот Господ Бог додека не сме заклучени во крајната темнина. Тогаш и со најизобилни солзи не ќе можеме да ги вратиме овие наши денови, ако ги минуваме во мрзливост и не се ползуваме со нив за своето спасение. Светиот апостол Павле пишува: "Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението (2. Кор. 6,2). Блажени се оние што се трезвени, зашто ќе ја добијат вечната радост. Во светото Евангелие читаме: "Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат " (Матеј 5,4), заедно со Божјите избраници! Блажени се оние што се трудат за Господа, зашто нив ги очекува рајска наслада.

61. Ние нема да се оправдаме со делата на другите - другите нема да бидат осудени за нашите дела. Кога ќе застанеме необлечени пред Судијата да одговараме за она што сме го направиле, тогаш нема да бидат осудени едни за други: " Секој ќе го понесе своето бреме“ (Гал. 6,5).

62. Ако на земните судии им се поднесе обвинителен акт за некакво злосторство, обвинетиот може да се спаси од казна со бегање на друго место, но каде ќе побегнеме од лицето на Господа? Во Светото писмо читаме . ″Каде да отидам од Твојот Дух, и од лицето Твое каде да побегнам? Ако излезам на небото - Ти си таму; ќе слезам ли во пеколот, Ти си тука. Ако ги земам крилјата рано взори и се преселам на крајот на морето, - и таму ќе ме води Твојата рака. Твојата десница ќе ме држи” (Псал. 138,7-10).

63. Да појдеме по стрмниот и тесен пат, за да ја сакаме скрушеноста, непрестајно да мислиме за смртта, ако сакаме да се ослободиме од вечната осуда, зашто е речено: "Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете!" (Лука 6,25) и: "Блажени се оние што плачат оти ќе се утешат." (Матеј 5,4). Да погледнеме во гробовите, таму ќе ја видиме тајната на нашата природа: коски една над друга, череп, коски оголени и мртви, гледајќи ги, ќе се видиме себеси. Каде е убавината на телото и каде се румените образи? Размислувајќи за ова, ќе се откажеме од телесните желби за да не бидеме посрамени во денот на воскресението.

64. Секој ден чекај го твоето излегување од телото и подготвувај се за далечен пат; во кој час не очекуваш, ќе дојде страшната пресуда. Тешко му на неподготвениот! Прекрасно нешто е скрушеното и смирено срце; тоа ги лекува човечките души.

65. Како што е неможно оние што пловат по море засекогаш да останат во корабите, како што е неможно и патниците засекогаш да се задржат во гостилниците, така и ние не можеме постојано да се задржиме во овој живот. Ние сме патници и придојдени - да го согледаме ова со нашите дуговни очи и да се подготвуваме за вечниот живот.

66. Ако си се трудел, ако си Му угодувал на Бога, не тажи кога ќе се приближи твоето преселување во другиот живот. Оној што се враќа во домот свој со насобрано богатство - никогаш не бива тажен.

67. Бог го создал човекот слободен; затоа му се одредени и почести и казни: оние што прават добро - ги очекуваат почести и награди, а престапниците и мрзливите - казни и маки. Има грев што е за смрт (сп. 1. Јов. 5,16); смрт за себе подготвува оној, кој живее во грев и кој не поминува од забранетите дела кон подобар живот.

68. Голем е стравот во смртниот час кога душата се разделува со телото; во тој час на разделба пред душата излегуваат нејзините дела, и добрите и лошите, сѐ што правела и дење и ноќе. Опфатена од трепет и гледајќи ги своите дела таа говори: "Бегајте од мене, пуштете ме да излезам! " А делата нејзини во еден глас ѝ одговараат: "Ти си нѐ направила, твои сме, и ние со тебе ќе појдеме на суд пред Бога?"

69. Никој не го знае ни денот ни часот на својата смрт. И тогаш кога безгрижно одиме по земјата и се всселиме, тогаш може да пристигне Божјата повелба - душата наша да биде земена од телото. И појдува грешникот по тој пат, по кој не се надевал и за кој не помислувал; душата негова, полна со гревови патува кон Судијата и оправдание нема.

70. Не мисли, брату, дека ќе живееш уште многу години на земјава; не биди безгрижен и не насладувај се со твоите грешни помисли и дела. Повелбата Господова доаѓа ненадејно и го наоѓа грешниот неподготвен и тој нема време да се покае, за да му бидат простени гревовите. - Што ќе ѝ кажеме, брату, на смртта во часот на нашето одделување од телото?!

71. Непрестајно чекај ја твојата смрт; чекај го одделувањето на душата од телото и застанувањето пред лицето на Господа. Биди ревносен и мудар во подготвувањето за спасението на твојата душа. Приготви го својот светилник и непрестајно гледај во него со солзи и со молитва.

72. Денот се приближува кон вечерта; времето наше привршува, а ние уште не веруваме и не мислиме дека тој токму сега почнува. Се приближува времето за жетва: свршува овој живот; ангелите ги држат срповите и го чекаат знакот. Да се исплашиме, возљубени! Последниот час отчукува, крај е на нашиот живот и пат далечен нѐ чека. Да се погрижиме за добро патување. Да се разбудиме и да се отрезниме од длабокиот сон.

73. Вели си сам на себеси: "Надвор браќата наши работат, а ние времето наше во мрзливост го минуваме; - тие го слушаат Светото писмо, се напојуваат од него како жедната земја со дожд, а ние, во затвор се наоѓаме и талкаме со нашите помисли; тие се бодри и трезвени, а ние сме мрзливи; тие бдеат во молитви, а ние сме врзани од спиење и мрзливост; тие го добиле венецот, а ние остануваме во нашата мрзливост; тие му се пријатни на Господа, а ние пријатноста наша во светот ја бараме; зошто не се освестиме, та и ние таква награда да добиеме?

74. Еве, минуваат денови, месеци и години како сон и како вечерна сенка и набргу ќе дојде страшното и големо Христово пришествие. Навистина, страшен е тој ден за грешниците, за оние кои не сакаат да ја извршуваат волјата Божја и да cе спасат. Време е најпосле да се ослободиме од грижите за земното и да почнеме да се подготвуваме за пречек на тој час.

75. Cѐ минува, сѐ исчезнува; ништо нема да ни користи во тој час, освен нашите добри дела, ако ги имаме. Секој од нас тогаш ќе ги понесе со себе и своите дела и своите зборови и ќе ги однесе пред праведниот Суд. Срцето наше ќе затрепери и внатрешноста наша ќе се измени кога делата наши ќе се откријат, кога помислите и зборовите наши ќе бидат познати. Кој нема да затрепери, кој нема да заплаче, кој нема солзи да пролее кога таму ќе се раскријат сите наши дела што сме ги направиле тајно и во темнина?

76. Како пример за појаснување на сето ова земете ги овошните дрвја, кои во свое време заедно со лисјата и плодовите свои ги даваат. Тие не биваат облекувани од надвор со сета своја убавина, но од внатре секое дрво и плодот свој го дава. Така и во оној страшен ден сите тела човечки ќе го откријат од себе сето она добро или лошо што го направиле; секој пред престолот на страшниот Судија ќе ги изнесе своите дела како плодови, и своите зборови како лисја. Светиите ќе ги изнесат плодовите на своите добродетели прекрасни и скапоцени, мачениците - својата пофална трпеливост во измачувањето; подвижниците своите трудови на воздржливост, бдеење и молитви. А грешните луѓе непобожните и осквернетите, со срам, плач и жалост, ќе принесат таму плодови на нечистотијата и неправдата, кои ќе бидат храна за црвецот што не заспива, и огнот што гори и не догорува.

77. Зошто сме мрзливи? Не знаеме ли што нѐ очекува. А, ако знаеме, зошто не плачеме дење и ноќе, молејќи Му се на Бога да ни даде покајание за да се избавиме од оној срам и од вечната темнина? Таму ќе се затвори нашата грешна уста, таму ќе затрепери секоја твар, таму ќе затреперат и самите свети ангели од славата и страотијата на Господовото пришестие. Што ќе My кажеме во тој ден на нашиот Господ, ако времето што ни е дадено во мрзливост го поминеме? Он е долготрпелив, сите нѐ повикува кон покајание и сака милостиво да нѐ прими во Своето царство. Таму ќе побара сметка и судот Негов без милост ќе биде над мрзливите и наградата Негова пребогата за оние што ги извршувале Неговите заповеди.

78. Еве, од едната страна на Царството и животот се подготвени спокојот и радоста, а од другата вечните маки во крајната темнина. - Оди каде што сакаш; тебе ти е дадена слобода за сѐ. - Ако си мрзлив, ако не сакаш да cѐ спасиш, ако не одиш по правите Божји патишта, и не сакаш да ги исполнуваш Неговите заповеди самиот се погубуваш, ти самиот од царството Божјо се прогонуваш. Самиот Бог Единородниот Син Свој не го поштедил заради тебе, а ти самиот себе се погубуваш, самиот себе не се сакаш. - Време е, крајно време е да се отрезниш! Разбуди се од твојот гревовен сон.

79. Искачи се на височина, и ќе видиш дека сѐ што е долу - е ништожно; а, ако слегнеш од височината ќе се восхитуваш и на обелена куќичка.

80. Да се погрижиме за нашето спасение! Да се погрижиме за нашиот смртен час! Тешко нам! Колку е страшен смртниот час кога душата се разделува од телото! Тогаш таткото нема да појде пo синот, ни мајката пo својата ќерка, ни жената по мажот, ни братот по братот свој; само делата на секого ќе одат по него. Сите дела негови - и добрите и лошите. Да ги испратиме нашите добри дела пред нас, та кога ќе појдеме таму, тие да нѐ пречекаат во градот Божји.

81. Ако сакаш царството да го наследиш додека си уште овде, со Царот другарувај: колку ти Него овде ќе го почитуваш, на таква височина Он тебе ќе те издигне; колку ти Нему ќе му послужиш, толкава почит Он ќе ти даде таму. Зашто е напишано: "Јас ќе ги прославам оние кои Мене Ме прославуваат, а оние, што Ме обеславуваат, ќе бидат посрамени" (1. Цар. 2,30). Почитувај Го со сета своја душа, та и Он да те удостои со честа на светиите. - ќе прашаш: " Како можам љубовта Божја да ја добијам? " - Принеси му злато и сребро преку помошта што на сиромасите ќе им ја дадеш, ако можеш тоа да го направиш. Ако злато и сребро немаш, други дарови принеси Му: вера, љубов, воздржување, трпеливост, великодушност, смиреност; од осудување воздржувај се, пази го погледот на очите твои - суетата да не ја гледаш: пази ги рацете свои, - не давај им неправда да прават: нозете твои оддалечи ги од лошиот пат; утешувај ги малодушните, сочувствителен биди кон немоќните, чаша студена вода подај му на жедниот, парче леб пружи му на гладниот; тоа што имаш, тоа Он што ти го дал, тоа дај Му го, зашто и двете лепти од вдовицата Христос не ги отфрлил.

82. Често да си спомнуваме за маките што го очекуваат грешниот, кои ќе нѐ поттикнуваат на покајание и изменување на грешниот живот. - Има ли нешто помало од комарецот? Но, ние и неговото каснување не можеме да го истрпиме. А како ќе ни биде таму, кога отровниот црв кој што не спие, непрестајно ќе нѐ каса? - Кога вечерта настанува, светилникот го запалуваме, затоа што е темно. Темнината тогаш бива изгонувана од светлината. А што ќе правиме таму во темнината што никогаш нема да престане? Кога овде сончевите зраци силно печат, во сенка бегаме. Што ќе правиме таму во неизгасливиот пеколен оган?

83. Испитај ја силата на пламенот. Испитај каква болка тој причинува. Запали свеќа и стави го крајот од прстот во пламенот болката од тоа не можеш да ја истрпиш. - А како таму ќе го трпиш каснувањето од црвецот што никогаш не заспива. Во пеколот целото твое тело ќе престојува во огнот што вечно не изгаснува; што ќе правиш тогаш и како тие маки ќе ги истрпуваш?

84. Во овој живот сме туѓинци и придојдени и не знаеме кога од него ќе бидеме грабнати. Многумина што наутро се разбудуваат, вечерта не ја дочекуваат, а други навечер заспиваат, а наутро не се разбудуваат. "Човекот е како здив; дните негови одминуваат како сенка " (Псал. 143,4). И кој знае, дали не настанало времето на нашата телесна смрт? Да не бидеме безгрижни за нашето спасение.

85. Блажен е оној што во смртниот час ќе биде жртва пријатна пред Господа; кој со радост голема ќе се оддели од телото свое и од животната суета. Ангелите Божји на небото кога ќе го видат, како рамен на себеси ќе го прослават, како искусен во Господа.

86. "Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии" (Псал. 115,6) "Но зла смрт го снаоѓа грешникот" (Псал. 33,22), ќе дојде тој ден, неизоставно, ќе дојде нема да нѐ одмине денот кога ќе ги оставиме сите и сѐ и ќе појдеме сами, од сите оставени, голи и беспомошни, без закрилник и сопатник, неподготвени и без одговор, ако овој ден нѐ најде безгрижни и мрзливи - во ден кога не очекуваме и во час што не го знаеме (сп. Матеј 24,50) - тогаш кога се веселиме, кога богатство собираме, кога во раскош живееме и во наслади се предаваме, - Ненадејно ќе дојде тој час и тогаш крајот е на сѐ. И тогаш ќе настане длабока страдална ноќ, тогаш како затвореник што водат, и нас ќе нѐ поведат. Човеку, тогаш ќе имаш потреба од многу помошници и од многумина што ќе се молат за тебе во тој час - кога душата твоја ќе се разделува од телото. При преминувањето во другиот свет, голем страв ја опфаќа нашата душа и голем трепет. Голема промена настанува тогаш. Тоа е нашиот час - час страшен и неизбежен. Таков е крајот за сите нас, страшен за сите. Тежок е тој пат, но сите пo него мораат да одат; тесен и стрмен, но сите ќе чекорат по него. Тоа е таа горчлива и страшна чаша, но сите ќе ја испиеме. Со страв и ужас е исполнето сѐ, што тогаш душата го доживува, но никој од луѓето не го знае тоа, освен оние што пред нас по него минувале - оние што од личниот свој опит го дознале.

87. Не ги гледаш ли тие што умираат? Не гледаш ли колку е тоа страшно? Не гледаш колку се побркани и како со очите свои гледаат на сите страни? И како понекогаш чкртаат со забите? Тогаш го гледаат она што никогаш не го виделе, го слушаат она што никогаш не го слушале и го претрпуваат она што никогаш не го трпеле; бараат како да се спасат, но нема кој да им помогне.

88. Некој од тие што умираат велат: "Проштевајте, браќа, проштевајте. На далек пат појдувам, на пат, по кој никогаш не сум чекорел: одам во нова за мене земја, од која никој никогаш не се вратил, во земја непозната и не знам кој таму ќе ме пречека. Еве појдувам, и никогаш кај вас нема да cе вратам. Тежок е за мене овој час, зашто за него не сум подготвен. Страшна е оваа ноќ за мене; ме сечат како дрво неплодно. Тежок е овој пат за мене, зашто немам добар придружник. Сега гледам колку страшно сум се самоизмамувал кога сум велел: "Млад сум јас, ќе му се насладувам на животот; таму ќе се покајам. Бог е човекољубив, ќе ми прости. Така размислував секој ден, и лошо го живеев животот мој. Ме учеа, но јас не слушав и се подбивав. Го слушав Светото писмо, а еве умирам како да не сум го слушал; слушав за Страшниот суд, и шеги си правев, за смртта слушав и живеев како да сум бесмртен. И еве, сега сосема неподготвен појдувам и помошник немам. Ќе ме нападнат бесовите мене непокајаниот и не ќе имам кој да ми помогне и да ме избави. Колкупати одлучував да се покајам, и пак продолжував; да го правам лошото? Колкупати се приближував до Бога, и пак отстапував од Него? Колкупати Својата милост ми ја покажувал, и јас од Него се оддалечував и продолжував да Го огорчувам! А сега во безнадежна состојба појдувам. Воздивнете, браќа, и помолете се за мене. Заплачете и пролејте солзи за мене!" - Ете, вака оние што умираат со нас разговараат, и јазикот нивни одеднаш им се врзува, очите нивни се изменуваат, гласот пресекнува и устата занемува.

89. Кога последниот час ќе се приближи, Бог испраќа ангели да ја земат душата и да ја одведат пред Божјиот суд. Кога ќе ги види дека му се приближуваат, тогаш кутриот човек, било да е тој цар, или властодржец или владетел на целиот свет, се збркува и како од земјотрес се исплашува, трепери како лист од ветар нишан; се плаши како птичка во раце на ловец. Потоа се здрвува и се избезумува, гледајќи ги страшните и грозни лица на демоните. Гледа нешто што никогаш не го видел. Само тој сето тоа го гледа; кон нас своето внимание веќе не го свртува. Самиот во себе се моли колку што има сили за тоа. Од состојбата негова заклучуваме, дека гледа духовни сили, тогаш тивко еден на друг си велиме: "Молчете и не вознемирувајте го оној што на пат далечен појдува; не збркувајте го. Да молчиме, та со мир да појде душата негова и милост да најде кaj Судијата!"

90. Еве, заврши. Го нема. Го заврши својот живот, лежи неподвижен, без дишење и без глас. - Што е човекот? - Сон и сенка. Ангелите, кои ја зеле неговата душа, се издигнуваат кон небото, таму каде што се начелствата и властите управителите на нечистите духовни сили. Тие се нашите лоши обвинители; овде на земјава тие нѐ соблазнуваат и искушуваат, запишувајќи ги нашите лоши дела, а таму се наши мачители. Тие ја среќаваат душата на овој нејзин пат, ја набљудуваат и гревовите нејзини ги набројуваат - гревовите на нејзината младост и на староста, волните и неволните, оние направени со дела, зборови и помисли. О, каков страв и каков трепет преживува таму душата! Неискажлива е маката, која тогаш ја има душата од множествата на мрачните непријатели, кои тогаш ја окружуваат душата, ја клеветат и не ѝ даваат да го продолжи патот свој кон небото, не ѝ даваат да влезе во царството на животот и да се насели во светлината на живите.

91. И така, откако ангелите ја зеле душата, ја водат по патот, кој само на нив им е познат, а ние, откако ќе го исчистиме и подготвиме телото, во гробиштата го носиме и таму со нова и страшна тајна се среќаваме. Малите и големите, царевите и слугите, господарите и робовите, - сите во прав и пепел се претворуваат, во смрдеа и гниење. Тогаш сите се еднакви: и благородниците и простите, и младите и старите, и болните и здравите и силните - сите стануваат она што им е определено во почетокот - земја и пепел (сп. 1. Мој. 3,19) - Разлика никаква нема меѓу нив. - Навистина, голема и страшна тајна стои пред нас! Гледаме дека разликите на возраста таму се губат, се изменува секоја телесна убавина, убавината на лицето исчезнува, пријатната топлина на очите изгаснува, запечатени се убавите и румени усни, навитканите и сплетени коси изгниваат. Сѐ се скршило. Говориме и никој од нив не нѐ слуша; плачеме, и никој од нив за тоа ништо не знае.

92. Ако ги прашаме оние што лежат во гробовите : "Каде, дојдовте браќа наши? Каде сте сега и каде е вашето живеалиште? Проговорете! Сакаме со вас да поразговараме, како некогаш што разговаравме; гласот ваш сакаме да го чуеме! За нас би било поучно да го чуеме нивниот одговор. Еве, што тие би ни кажале: "Ние заминавме, ве оставивме вас, кои уште на земјата живеете. Нашите души се на места, какви што заслужиле. А она што го гледате пред вас, тоа е правот и смрдеата, што останале од нашето некогашно тело, кое некогаш толку многу сме го сакале. Тоа е остаток од телата на младичите и на девојките, кои некогаш толку многу сте ги сакале и во прегратките свои сте ги гушкале и бакнувале. Тие озабени дупки на черепите - вие дење и ноќе сте ги покривале со нечисти и грешни бакнежи. Овој гној и оваа одвратна влага, тоа се нашите некогашни тела, во чија прегратка на гревот му се предававте. Затоа, внимавајте и сфатете ја потресната вистина: гушкајќи ги и бакнувајќи вашите сакани, знајте дека прав и пепел гушкате и бакнувате. Знајте дека, кога делови различни на телото нивно бакнувате, смрдеа и гној бакнувате. Затоа знајте, кога со љубов кон нив се распалувате, дека предметот на вашите љубовни копнежи се: црвите, пепелта и смрдеата. Младичи и девојки, не предавајте ѝ се на заблудата. Не измамувајте се со суетната убавина на младоста; и ние, што сега пред вас лежиме, како изгниени мртовци, некогаш - тогаш кога живеевме, како и вие сега што живеете, и ние лични бевме, убаво се облекувавме, се украсувавме, со скапоцени мириси се мачкавме, сакани бевме и сакавме и на земниот живот му се радувавме, а сте, како што гледате, сето тоа стана кал, прав, пепел и смрдеа. Не измамувајте се веќе; од нас кои живеевме пред вас, а сега телата наши во гробовите ги гледате, и научете се, пазете ја вашата душевна и телесна чистота; поверувајте дека има праведен Суд и маки без крај, дека има непрониклива темнина и маки пеколни, дека црвот пеколен никогаш не спие, дека плачот и чкртањето со заби никогаш не престануваат и деќа страдањата немаат крај."

93. Ете, на ова нѐ учат браќата наши, кои пред нас во другиот свет преминале; нѐ учат не со зборови, туку со дела. Да се разбудиме од длабокиот сон. Да престанеме да се мамиме со празни надежи. Да не му дозволуваме на лукавиот непријател да се подбива со нас. Да не му веруваме кога нѐ мами дека животот наш е долг. Многумина така мислеле и не доживувале до утрешниот ден; ненадејно смртта ги грабнувала, како јастребот што ја грабнува птичката и волкот јагнето. Едни заспивале здрави навечер, никогаш не се разбудиле, а други - седејќи на трпеза, душата своја ја испуштпле; други одеднаш за време на гозби и прошетки умреле; некои во бања умреле и во неа го нашле своето погребно измивање; некои умреле на денот на својата свадба, од брачната постела биле грабнати и брачната облека им станала и погребна, а оние што на свадбата свиреле го зазеле местото на тажачите и на тажачките. Сето ова го знаеме и сепак тоа не престанува да нѐ измамува. Затоа и милост кај Бог нема да најдеме, зашто не по незнаење, туку знаеме - и во измама паѓаме. Затоа ве молам, не бивајте само слушатели на учењето што го слушате, туку бидете и негови извршители.

94. Каков страв и каква мака преживуваме кога излегуваме од овој живот, кога душата се одделува од телото? Тогаш голема и страшна тајна станува! Кај душата се присутни големо мноштво ангели; таму се и непријателските сили и кнезот на темнината. И едните и другите се борат за душата. При тоа, ако душата направила добри дела, ако живеела чесно и ако била добродетелна, тогаш нејзините добродетели ја окружуваат, како ангели, и не им дозволуваат на лошите сили да се допрат до неа; па така таа, со радост и веселба, заедно со светите ангели - се издигнува право кон Господа и Царот на Славата, Кому Му се поклонуваат заедно со сите небесни сили. И, најпосле, душата бива водена на местото на спокојот, во радост неискажлива, во вечна светлина, каде нема ни жалост, ни солзи, ни грижи, туку каде што е животот бесмртен и вечната радост во царството небесно, каде што се настанети сите оние што Му угодиле на Бога. - А, ако душата во овој свет живеела срамно, ако им се предавала на срамните страсти, ако се занесувала по телесните задоволства, таа и таква душа бива грабнувана од демоните. Тие ја окружуваат и не им дозволуваат на ангелите да се допрат до неа; таа бива грабнувана од кнезовите на темнината. И додека плаче и прелива солзи, опфатена од страв и трепет, ја водат во темни, мрачни и страшни места, каде се чуваат сите грешници до денот на Страшниот суд. По Општиот суд, таму ќе бидат испратени сите грешници, заедно со сатаната и сите негови ангели. Тоа ќе биде местото на сите маки и вечни страдања.

95. Затоа браќа, да се покаеме додека уште има време. Да се очистиме од страстите; да се бориме со себеси и да се трудиме место пороците и страстите, да ги придобиеме добродетелите во нашето срце, кои, по нашето излегување од телото, ќе бидат наши закрилници и заедно со Божјите ангели ќе застанат пред нашиот Бог и Господ и ќе испросат милост и благослов за нас.

Свети Ефрем Сирски