Подвижнички слова на Свети Ефрем Сирин

1. Сите оние кои Му се посветиле на Бога, секогаш се трудат да ги дадат своите "во жртва жива, света и благоугодна на Бога“ (Рим. 12.1), потребно е, спрема светите ветувања во Евангелието и другите книги на Светото писмо, да веруваат, дека, откако му се предале на секое добро дело и откако почнале да се вежбаат во секоја добродетел, тие, потпомагани од Христовата благодат и Божјата сила, совршено избавување и очистување од срамните страсти, кои се распалуваат во душата и во телото. Она што е неможно за нас, можно е за Бога Кој ни го ветил тоа. Освен тоа, гревовните страсти навлегле во душата и телото како последица на првородниот грев на првосоздадениот човек.

2. Ние што веруваме преку светото крштевање сме ја примиле заложбата на благодатта, како талант, за многукратно умножување и преку неа да го добиеме ветеното наследство. Божествениот Дух Утешител, Кој им бил даден на апостолите, а преку нив и на едната вистинска Божја Црква, престојува од денот на крштевањето во оној што е крстен со чиста вера. Овој талант го прима секој од крстените за преумножување, обработување и зголемување, како што е речено во светото Евангелие.

3. Како што детето, кое се раѓа во овој свет, не останува засекогаш во детска возраст, туку секој ден расте, според законот на природата, сѐ додека не дојде до потполна зрела возраст, така и оној, што е роден одозгора преку водата и Светиот Дух, не треба да остане во состојба на духовно детство, туку, треба да биде во постојан подвиг, во трудови и трпение; должен е да се бори со својот духовен противник, да преуспева и да расте до полнотата на духовна возраст -"до совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4,13), како што учи апостолот.

4. Детето родено телесно, по неопходниот закон на природата, достигнува зрела возраст, зашто така уредила Божјата промисла: телесната возраст стигнува до своето совршенство не според слободната волја, туку по редот на самата природа; во другото раѓање - во духовното - во она одозгора, Бог востановил друг ред. Он направил духовното растење да зависи од нашата слободна волја од трудот на човекот, од подвизите и од одлучното трпеливо одење кон оваа цел. Нашиот Господ Исус Христос вели: "Потрудете се да влезете низ тесната врата " (Лука 13,24); да правиме усилби, зашто "царството небесно насила се зема и силните го грабат" (Матеј 11,12); и со трпение спасувајте ги душите ваши " (Лука 21,19). Така премудро уредила Божјата благодат: секој по својата сопствена расположба и со силата на својата слободна волја, со своите трудови и со својот подвиг да го постигнува своето духовно растење.

5. Во каква мерка се предава некој на телесен или на духовен подвиг, со секакво насладување со добри дела, во таква мерка Го добива Светиот Дух - за духовно растење и обновување на умот, - добивајќи ги на дар благодатните сили потребни за спасението, а според верата, љубовта и подвигот на слободната волја - напредува, така што и по благодат и по правда, станува наследник на вечниот живот. Ова не бива сецело со Божјата сила и благодат; човекот не успева и не расте без своите лични напори и без своето содејство, но без содејството и помошта на Светиот Дух - не може да дојде до Вршење на Божјата волја и постигнување душевна чистота. Зашто“Ако Господ не ја изѕида куќата , залудно ќе се трудат градителите нејзини" (Псал. 126,1)

6. Што е совршената Божја волја, која треба да ја познаеме според советот на апостолот (сп. Рим. 12,2). Очистувањето и осветувањето на срцето преку Божјиот Дух станува во онаа душа, која сецело со вера и со љубов Му се предава на Бога. Господ рекол: "Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога" (Матеј 5,8). Од оние што сакаат да придобијат такво блаженство се бара потполно очистување од гревот", одлучно ослободување од страстите и водворување на возвишените добродетели во себе си. На ова укажува и пророкот, кој молејќи се, рекол: "Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене"(Псал. 50,12); и пак, кога прашуваат: "Koj може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на неговото свето место" (Псал. 23,3) и кога одговара:"Оној чии раце се невини и чие срце е чисто" (Псал. 23,4). Co ова Светиот Дух ни покажал, дека сме должни со нашите лични сили и со нашите подвизи потполно да го отсечеме гревот од себеси, гревот што го правиме со дела, зборови и помисли, стремејќи се кон совршена чистота на духот и да се надеваме дека тоа ќе го постигнеме со помошта на Светиот Дух. Еве, и апостолот, говорејќи за тоа какви треба да бидат душите, кои се оддалечуваат од телесен брак, од врските на светот и сакаат да живеат во девственост, вели: "Неомажената се грижи за Господови работи - како да Му угоди на Господа, за да стане света и со телото и со духот" (1. Кор. 7,34). Тој им говори за тоа дека душата, која треба да се ослободи од гревовноста во дела и мисли - за да биде Христова невеста, која копнее да се соедини со Небесниот Цap: дека таа треба да се ослободи од јавните и од тајните страсти според зборовите на свети Јован Богослов, кој вели: "Секој што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Он" (1. Joв. 3,3).

7. He само од јавните гревови: од блудот, кражбата, угодувањето на стомакот, празните зборови, извикувањата, смеата, среброљубието, желбата за поседување големи богатства; - таквата душа, која се оддалечила од општењето со светот и која посакала да живее во заедница и општење со Вечниот Младоженец треба да биде чиста, туку таа треба да се пази чиста особено од најсилните душевни страсти и од тајните гревови: од похотливоста, славољубието, угодувањето на луѓето, лицемерството, властољубието, зависта, самоугодувањето, самољубието, украсувањето и сите други слични страсти (сп. Рим. 1,29-32). Овие гревови за кои пишува апостолот се сметаат слични на оние, кои се пројавени во грешни дела, бидејќи и едните и другите се фиданки на еден ист корен. И светиот пророк Давид изобличува некои од нив, велејќи: "Во срцето свое кроите беззаконие" (Псал. 57,2). Toj самиот се моли за себе си и вели: "И од оние тајни очисти ме" (Псал. 18,2). Затоа колку што се трудиме да го запазиме нашиот надворешен човек - телото - од тие гревови, телото како храм Божји, исто толку треба да се трудиме и да се подвизуваме - да го запазуваме и нашиот внатрешен човек, односно душата - од секакви лукави помисли, како што е речено: "Од сѐ што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот" (Изрек. 4,23).

8. Во очистувањето на срцето ќе успееме, ако секогаш се бориме против лукавите помисли: славољубието, омразата, гордоста, лагата, похотта, властољубието и другите; со сета строгост да се испитуваме себеси и да го запазуваме нашиот ум да не се сојузува и согласува со тајните душевни страсти, туку, напротив, да правиме усилби и да се предаваме на секаков труд и подвиг и да се бориме со нашиот духовен непријател. Зашто, ако го правиме ова, тогаш и Господ гледајќи го нашиот душевен подвиг, по Своето човекољубие и со силата на Својот Свет Дух, неизоставно ќе го изврши во нас големото исцеление од тајните страсти, одмаздувајќи им се на нашите духовни непријатели.

9. Во каква духовна мерка треба да се стремиме да се издигнуваме, за ова ќе нѐ подучи светиот апостол Павле. А тој вели: "Ние го проповедаме (Христа), вразумувајќи ги сите луѓе и учејќи ги на секоја премудрост, та сите нив да ги претставиме совршени во Исуса Христа " (Кол. 1,28). Сета наша грижа треба да биде свртена кон ова. Во што се состои ова совршенство апостолот посочил во својата молитвена благоположба кон Ефесјаните, велејќи: "Да ви даде Бог, по богатството на Својата слава, крепко да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во срцата ваши, та вкоренети и утврдени во љубовта, да можете да разбирате со сите светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина" (Ефес. 3,16-18). Венецот на сѐ е љубовта. Во едно друго свое послание, уште посилно ги набројува разните Божји добра и саможртвите на човекот, додавајќи дека сето тоа и друго слично на него - е ништо, ако немаме љубов. Љубовта потоа ја претставува како уништителка на сите страсти (сп. 1. Кор. 13,18). Ете, тоа е границата на совршенството. Од ова произлегува, дека оној што се удостоил со сите дарби наброени од апостолот, но, ако уште не го примил дарот на ослободување на страстите, преку силата на совршена и дејствена љубов, дека уште се наоѓа во опасност, во борба и во страв, иако ги има другите духовни дарови.

10. Ова го рекол апостолот за оние, кои имаат желба вистински да се издигнуваат кон христијанското совршенство, така што, кога ќе се случи некој од нив да добие некоја дарба, да не помисли, дека и при непотполното дејство на благодатта, веќе го постигнал совршенството и да не почне да мисли дека веќе од ништо нема потреба, па да се задоволи само со пониските дарби и да заостане зад оние што го постигнале вистинското совршенство. Укажувајќи на ваквата цел на совршенство, апостолот учи дека секој, признавајќи дека е сиромав пред таквото богатство на љубовта, - непрестајно да се подвизува со добар подвиг, да ја води својата духовна борба сѐ додека не дојде до целта, според она што е речено: "Па така трчајте и вие, за да добиете награда " ( 1. Кор. 9,24).

11. Ете, јас доста го продолжив моето размислување за целта на подвижништвото со желба: тие што сакаат да го прифатат со вера, да ја утврдат својата мисла за тоа - каква е нашата надеж и каква борба ни претстои, та секој и секоја, кои Му се посветиле на Бога, имајќи ја за своја раководителка оваа мисла, постојано да бидат свесни за тоа каде сме повикани и до какво совршенство треба да се издигнеме, на сите можни начини и со сите сили, со сите наши настојувања, со себеси и со сѐ што имаме во овој свет, секогаш со усрдност да го посветуваме за добро, да не си дозволуваме да мислиме високо за себе - дека сме нешто, туку дека сме навистина ништо во споредба со превосходното совршенство на нашата повиканост и неискажливото богатство на Христовата љубов. Апостолот пишува: "Co трпеливост да побрзаме кон престојната борба, имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата - Исуса'" (Ефес. 12,1-2), - заборавајќи го она што е зад нас и да се стремиме кон она што е пред нас (сп. Фил. 3,13).

12. Како браќата треба да живеат и како треба да се однесуваат еден кон друг? Со какви трудови, напори и подвизи љубителите на вистината можат да ја постигнат погоре насочената цел? - Оној што се стреми кон оваа цел, тој се оддалечува од светот и од светските задоволства. Тој треба потполно да му се предаде на своето братство. Така заповедал нашиот Спасител Господ Исус Христос кога набројал сѐ што треба да остави оној, кој сака да оди по Него, додавајќи го кон сето тоа и ова: "Па дури и душата своја" (Лука 14,26). A што значи човекот да се одрече од својата душа? Тоа значи сецело и безусловно да му се предадеме на нашето братство - никако да не ја извршуваме нашата волја и да немаме ништо под наша власт и наше поседување, освен нашата облека што ја носиме, за да можеме за ништо да не се грижиме и со радост да го правиме само она што ни е заповедано. Оној што се откажал и од својата душа, тој треба сите свои браќа, а особено старешината на манастирот, да ги почитува како свои господари, на сите да им служи "не со слугување за очи како човечки угодници, туку како Христови слуги, извршувајќи ја Божјата волја од срце" (Ефес. 6,6). Оној што Му се предал на Господа, треба да оди по овој тесен и стрмен пат, по патот на послушноста, и со радост и доброволност да го носи Христовиот јарем и да има несомнена вера, дека сето ова му го подготвува неговото големо спасение.

13. Браќата треба да живеат меѓу себе во едноставност, чистота, еднодушност, мир и срдечна искреност. Никој да се неиздигнува над другиот, да не мисли дека е подобар од другиот и во нешто погоре од него, туку напротив, секој, како Христов ученик, да се смета полош од сите луѓе. Секој со љубов, простота, без славољубие и самољубие, со взаемно самопочитување, да му ce покорува на својот ближен - во страв Божји, за да може во братството да биде запазен сојузот на мирот, така што тоа да биде еден дух и едно тело во Исуса Христа.

14. Имајќи намера да се раководи според овие правила, пред сѐ, секој треба да се грижи со сите свои сили да ги има во своето срце светата љубов и стравот Божји. Непрестајно треба да ги испросува од Бога и непрестајно да си спомнува за Господа и за небесната љубов. На секој начин да се труди, со помош на Божјата благодат, да ги има сите овие работи секој ден со себе.

15. По сето ова, лесно ќе можеме да напредуваме во љубовта спрема ближниот. Она што е прво, постави го на прво место, а второто на второ, веднаш по првото, и тогаш ќе има ред. А ако некој не се грижи за првата голема заповед - за љубовта спрема Бога, која се развива во нас со Божја помош - со нашата добра расположба, со добрата совест и исправните мисли за Бога, тогаш треба да почнеме да се грижиме и за извршувањето на втората заповед, која е слична на неа и од неа ќе произлезе надворешното служење на браќата, но тој никогаш нема да биде во состојба да го исполни ова служење чисто и задоволително, зашто искушенијата на злобата, наоѓајќи дека неговиот ум е далеку од спомнувањата за Бога, од љубовта и стремежот кон Него, или ќе предизвикуваат во неговата душа мрморења и жалења затоа што им служи на браќата, доживувајќи го тоа како тешко и здодевно, или ќе почнат да го тераат да мисли високо за себеси, како за голем и дека прави многу во полза на сите. Кога човек е далеку од спомнувањето за Бога и за стравот Божји, тогаш тој неизоставно бара слава од луѓето, бара да добие пофалби од сите, на кои им служи. А кога самиот ум и душевна расположба секогаш се зафатени со помислувањето на Бога и со стремежот кон Него, тогаш сообразно со Божјата љубов, човекот сѐ што прави - го прави за Божја слава и се збогатува со чисти и на Бога угодни дела на љубов спрема браќата. Тогаш тој има успех во својот труд, кој ќе биде овечан со награда од Бога.

16. Секој наш преземен труд за унапредување на добродетелите треба да се извршува во славата Божја; никако да не го правиме тоа за наша лична слава. Секое извршување на заповедите бива свето само тогаш, кога станува со спомнување за Бога, со страв Божји и од љубов спрема Бога. Со ваквата наша расположба непријателот бива одгонуван далеку од нас. Тој секогаш се обидува да го оскверни нашето извршување на заповедите, а кога го одгониме него, тогаш ни станува лесно секое вршење на Божјите заповеди. Непријателот се труди на секој начин да го одвлече нашиот ум од спомнувањето за Бога, од стравот Божји и од љубовта кон Господа со разни земни мамки, така што потоа со некакви пристојни причини да го одврати нашето срце кон невистинските блага од вистинските, односно од љубовта спрема Бога. И сѐ добро што го прави човекот лукавиот настојува да го помрачи и да го оскверни, примешувајќи ги кон исполнувањето на заповедите и своите семиња на суетната слава, или сомневањата, или мрморењето, или со нешто слично, така што доброто што го правиме да не биде вистинско добро, кое е вистинско добро само тогаш - кога го правиме со смирение и со усрдност за Бога. Затоа секој има потреба од големо знаење и од расудување, за да може умот да ги распознава стапиците и лукавствата на непријателот и од своите дела да го отстранува сѐ она што е гревовно. Зашто и доброто дело може да биде направено намерно или со нечиста намера, од што тоа нема да Му биде угодно на Бога; тоа Му е угодно на Бога само тогаш, кога го правиме така што ѝ e угодно на Божјата волја - внимателно и трезвено.

17. Оние што потполно Му се предале на Бога, тие се должни, според своите сили, да ги извршуваат сите Божји заповеди, зашто едно е целта на побожноста: со нашата вера и ревноста за добродетелите да се удостоиме да се исполниме со Светиот Дух и да добиеме потполно ослободување од страстите, односно да добиеме чисто срце, кое се извршува во душата на верните и побожни луѓе преку Светиот Дух Кој просветува и осветува. Затоа, секој треба да се посветува на доброто спрема големината на љубовта на неговата душевна љубов спрема Бога. И најпосле, ако некој сака да се моли, тој треба да биде во постојана молитва. Ова се однесува на оние кои го извршуваат подвигот на доброволното затвореништво.

18. И така, ако некој од браќата сака да го извршува молитвениот подвиг од љубов спрема небесните блага, нему треба да му се дозволи да го прави тоа - и за ова тој со право е достоен зa пофалби и пред Бога и пред луѓето. Со еднодушна согласност и co радост браќата треба на таквиот да му дозволат да ѝ се предаде сецело на молитвата, така што и тие да добијат награда од Бога зa својата готовност на братот да му ја дадат својата согласност и својата доброволна помош. Само оној што се решава на ова треба да се реши затоа што чувствува силна желба да биде само со Господа и во овој подвиг да биде непрестајно исполнет со стремеж кон Господа, противставувајќи им се на сите излишни помисли, така што, на овој начин, плодовите на неговиот подвиг да бидат очигледни за сите браќа и да им бидат за поука на сите секој ден. Оној што има љубов спрема Господа, па макар уште да нема во него силна Божествена љубов и молитвен жар за време на молитвата, но, ако прави усилби, ако се подвизува и се принудува на овој труд, предавајќи ѝ се безусловно на небесната љубов, трудејќи се па придобие вистинска духовна молитва, на таквиот, со радост треба да му се дозволи од страна на другите браќа да го продолжува овој молитвен подвиг и да му помагаат, како вистински помошници, сметајќи го напредувањето на својот брат во совршенство како своја лична придобивка. Тие не треба никако да го оттргнуваат овој подвиг, дејствувајќи од завист или соперништво и на тој начин да не го попречуваат почетокот на овој прекрасен подвиг, да не го прекинуваат овој убав стремеж кон Бога. И Бог, гледајќи ја жештината на взаемната љубов, ќе ги исполни прозбите на сите, задоволувајќи го секого за добрите чувства и искрените взаемни добри желби.

19. Оној што го започнал молитвениот подвиг, тој примил на себеси најголемо дело, тој треба да прими врз себе и тешка и многувидна борба, зашто на овој подвиг на непрестајната молитва има многу пречки: поспаноста, унинието, телесната опаднатост, скитањето на помислите, нетрпеливоста, заслабеноста, а освен сето ова, и нападите на лукавите духови, кои водат борба со душата, која непрестајно Го бара Бога; тие ја напаѓаат и ѝ пречат да Му се приближи. Затоа тој треба постојано да има трезвено внимание кон сето она што станува внатре во него - кон борбата, трпението и плачот, па постојано и силно да се противи и да не дозволува да му се приближи нешто што ѝ е спротивно на неговата молитва.

20. Ако нашата молитва не ја украсуваат смирението, љубовта, простотата и добрината, таа нема да ни донесе никаква полза. Таа и нема да биде вистинска молитва. Впрочем, ова не може да се каже само за молитвата, туку и за секој подвиг: за девственоста, за постот, за бдеењето, за пеењето на псалмите, за служењето и за секој друг труд, кој се извршува заради добродетелта. Ако во нив не ги наоѓаме плодовите на љубовта, мирот, радоста, кротоста, смирението, простотата и искреноста, трпението, незавидувањето и сѐ друго слично, тогаш сите тие трудови и подвизи се попусто. Впрочем, поради таквите плодови тие биваат и преземани - но кога во нас нема такви плодови, тогаш сите наши трудови и подвизи се попусто. Оние што ги немаат овие плодови во денот на Страшниот суд ќе се покажат еднакви со неразумните девојки.

21. Вие што не сте во состојба да му се посветите на делото на молитвата со вера и со страв Божји, подготвувајте се да им служите на браќата или од послушност да извршувате некоја друга служба. И кога ќе го прифатите овој труд, извршувајте го како Божја заповед и како да извршувате некоја духовна работа. Бидете внимателни кон него како кон Божјо дело; служете со радост како слуги на Господа. Никако не дозволувајте му на злобниот непријател да го оскверни вашето дело било со угодувањето на луѓето, или со мрморењето или со гордост, или со мрзливост, или со небрежност, туку, напротив, трудете се секое ваше дело од послушност да го осветувате со побожност и љубов спрема Бога, за да Му биде тоа угодно и пријатно на Бога.

22. Бидејќи на сите браќа, кои водат ист начин на живеење им претстои, како што рековме, иста цел; секој нека се труди, според своите сили, да Му верува на Бога, дека, ако се труди добро и ги извршува добродетелите, ќе достигне до највозвишената мерка на христијанското усиновување. Простотата, искреноста, взаемната љубов, радоста и смирението во сѐ да бидат особено непоколебливи во братството, како негова основа, зашто инаку, ако се гордееме или се воздигнуваме еден над друг, или ќе почнеме да мрмориме, целиот наш труд ќе биде напразен. И оној што е во непрестајна молитва да не се превознесува над другите што се уште неспособни за неа, за да може неговото дело да напредува пред Бога и пред луѓето. И оној што се посветил на тоа да им служи на другите и на извршување на некое друго послушание, да не мрмори поради внушување од страна на злобата и да не го клевети оној што го извршува подвигот на молитвата и постите, та да може и тој да ја добие Божјата благодат и неговото дело да Му биде пријатно на Бога.

Бидејќи сме членови еден на друг, ние сме должни, едни со други да се успокојуваме. Како што членовите на телото управувани само од душата, без завист му услужуваат еден на друг, така и ние, бидејќи сме членови еден на друг, биваме управувани од Единиот Свет Дух и сме хранети од едното живо Слово на вистината, и затоа сме должни да се успокојуваме еден со друг, да се трудиме во согласност со сите во дух на љубов и едноставност, добрина и радост. Кога ќе биде од наша страна ваква взаемна расположба на еден спрема друг во едноставност, тогаш изобилството на оние што ѝ се предадени на молитвите ќе ги исполнува недостатоците во ова дело на оние што се наоѓаат во различни послушанија и обратно, изобилството од трудовите на оние што го носат товарот на послушанието ќе ги дополнува недостатоците на оние што се зафатени со молитвениот подвиг, па според зборовите на апостолот нивниот одвишок ќе биде даден за недостигот на другите, "па да има еднаквост" (2. Кор. 8,14). Потребно е само меѓу браќата да бидат утврдени едноставноста, љубовта, смирението и незавидливоста. Тогаш, во каква мерка кој верува, љуби и се труди, во таква мерка секој ден ќе успева и ќе се удостои со Божјото царство. Ете, тоа е вистински ангелски живот! Токму тоа означуваат зборовите од Господовата молитва: "Да биде Твојата волја, како на небото, така и на земјата" (Матеј 6,10). - Koгa се соединуваме еден со друг со незавидување, едноставност, љубов, мир и радост, кога успехот на нашиот ближен го сметаме за наш личен успех и за наша лична придобивка, a, исто така и слабостите, недостатоците и маките - да ги признаваме и како наши недостатоци, како што е речено: "не грижете се само за себеси, туку и за другите!" (Фил. 2,4). На тој начин, сочувствувајќи си еден на друг, особено, ако имаме сочувство спрема другите - посилните за оние што се послаби, - ќе можеме да го исполниме Христовиот закон, како што рекол светиот апостол Павле (сп. Гал. 6,2).

Свети Ефрем Сирин