Подвижнички слова на Свети Ефрем Сирски

1. Почетокот на монашкото одречување е стравот Божји; монахот што има страв Божји нема да се настани надвор од Божјото царство. Почетокот на добриот монашки живот е знаењето за Бога; незнаењето за Бога ја помрачува душата на монахот.

2. Добро наследство за монахот се целомудрието и светињата; монахот кој ги нема нив се лишува од наследството на оците.

3. Подвиг за монахот - е изучувањето на Светото писмо и исполнувањето на Божјите заповеди; монахот што не се занимава со нив-  не е подвижник.

4. Храна за монахот е - да ја исполнува Божјата волја; земната храна нема да го постави монахот пред Христа, зашто "што влегува во устата, минува низ стомакот и се исфрла надвор" (Матеј 15,17).

5. Нозете на монахот да ги длабат скалите на храмот, но да не преминуваат од дом - во дом, да не го прават тоа што не е добро.

6. Монахот нека се советува само со разумните; советот на неразумните да не се вселува во неговото срце.

7. Монахот, кој бдее во псалми, пеење и духовни песни - ги одгонува од себеси ноќните мечтаења; а монахот што се воздигнува со своите добри дела, тој спие и пајажина плете.

8. Храбриот монах со силата на Христовиот крст ги одбегнува ѓаволските мрежи.

9. Монахот што се определил за земното - во сѐ постапува сатански: тој им се противи на Божјите заповеди, лукав е и си угодува на себеси.

10. Мислата на монахот да биде зафатена со добрите дела. Вежбите на монахот се добрите помисли. Бодриот и трезвен монах ги скротува нечистите помисли.

11. Работата на монахот е добрата душа, која раѓа евангелски плодови. Работливиот монах прв вкусува од нејзините плодови.

12. Бесмртната сила на монахот се несреброљубието и немаштијата: среброљубието е за сите погубно, зашто им го препречува входот во царството небесно.

13. Добриот дар на монахот е девственоста, кое заедно со светиот пророк Илија ќе го издигне на небото. Силата на девството е воздржувањето во храната; монахот што не се унижува - телото свое го осквернува.

14. Солзите, проливани од очите, - дрво се на животот, кои нѐ враќаат на висината од смирената мудрост. Монахот што ги придобил - ќе набере добри плодови.

15. Монахот кој на сите им објавува за својот дар, - омраза си навлекува и ќе чуе од Господа: "Ти веќе си ја добил твојата награда" (сп. Матеј 6,2). А кој се срамува да раскажува за тоа, тој ќе ја добие наградата од Господа, Кој го знае она што е тајно.

16. Давајќи Му Го на Бога она што е Божјо, не превознесувај се, монаху, туку молејќи се, говори: "Господи, од она што е Твое - Тебе Ти го принесувам и само на Тебе Ти се молам - да ја спасиш мојата душа.

17. Монахот, кој со чисто срце ги извршува своите ноќни Молитви, Господ го слуша, а дење го осветлува и го прави како ден и секој ден го покажува сѐ посветол.

18. Во гордоста на монахот нема да се всели Господ; во неговата смирена мудрост - ќе живее Светиот Дух.

19. Облеката на монахот не е од ткаенина, туку е духовна, - таа треба во секое време да биде чиста и неопетнена. Таквиот монах вo полноќ ќе влезе во палатата на Младоженецот.

20. Монаху, запази масло за пречек на Младоженецот, зашто ако тогаш светилото твое не е полно и не гори јасно, - тогаш ти ќе останеш надвор заедно со безумните девојки.

21. Животот на монахот треба, по углед на ангелите, да биде за уништување на гревовите; тој треба да биде непрестајно раѓање на добри плодови на оние што се кајат.

22. Животот на монахот треба да го стави својот печат на умртвувањето на телото врз сите негови членови, затоа што животот на монахот треба секогаш да го има пример за себеси животот на свети Јован Претеча.

23. Бесовската бура да бега од монасите; тишината ангелска треба постојано да биде во нив. Монаху, кога наидува бесовската бура, воздржувај ја твојата раздразнетост, затоа што животот на монахот секогаш е да ја носи облеката на кротоста и трпеливоста.

24. Монахот, кој гори со духот и е ревносен за Бога, ги прогонува бесовите, а оној монах, кој е горделив и од завист спрема братот, се подвизува, ѓаволот го привлекува кон себе.

25. Сонцето да не те зајде во твојот гнев и нездржан извик да не излезе од твоето раздразнето грло, за да не ги вознемируваш твоите браќа.

26. Не откажувај се од слушање на молитвено пеење, зашто тоа е слично на ангелското пеење, а од шумот на бесовските приредби бегај, зашто тие се ѓаволска измама.

27. На твоето чело секогаш да биде Христовиот крст, а во срцето твое - да биде стравот Божји.

28. Безмолвието со чисто срце го помажува срцето на монахот со елејот на Светиот Дух.

29. Добриот нарав раѓа братска љубов, и ги одгонува караниците.

30. Тој што се соединил со Господа не му се предава на ѓаволот, за да не биде посрамен на свадбената трпеза.

31. Непробоен штит на монахот е ангелската песна во неговата уста; за него е смрт сонот, посакан од духовното пеење.

32. Сокровиштето на монахот е неговата сиромаштија; облечен во неа - монахот е божествен. Своето сокровиште собирај го на небото, зашто немаат крај небесните наслади.

33. Умот твој секогаш да биде зафатен со Светото писмо. Вратата твоја нека биде затворена не со железни резиња, туку да биде затворена со краеаголниот камен: со трезвено изговарање на името на Господа Исуса Христа.

34. Чудно станува лицето на монахот за време на молитвата и трагите од она што станувало во него му причинува радост на мноштвото монаси.

35. Монахот, кој не се грижи за својот стомак и кој не сака да пие вино - станува рамен на ангелите.

36. Девственоста е неискажлива убавина во душата на монахот, а неговата најголема грдост се појавува по загубувањето на девството.

37. Паѓањето во грев е најлошото за еден монах; тој во него го изедува сето негово добро - како огнот што ја јаде сламата.

38. Монахот, кој го победил светот, станува вистински Христов последовател, а оној што се заплел со светски работи, тој Му станува непријател на војсководителот - Христа.

39. Несреброљубивиот монах е највистинскиот проповедник на царството небесно, а оној што боледува од среброљубието, е човек кој несреќно загинал.

40. Украсот за младиот монах е неговото целомудрие, кое владее со непомрачена девственост.

41. Послушноста е она што е најскапоцено за монахот; кој ја придобил неа, - тој од Бога ќе биде послушан.

42. Монахот треба да изговара само добри зборови и со устата своја да ги повторува зборовите на Севишниот.

43. Монахот треба да прифати доброволно да гладува, за да го смири своето земно тело и да ја издигне небесната жителка - душата.

44. Монахот треба да ги објавува зборовите на вистината, а лагата да биде прогонета од неговата уста.

45. Кога ќе слушнеш лош збор, не распалувај се, туку смири се, зашто ако станеш посредник на мирот - ќе ја примиш вечната награда за мирот и ќе се наречеш син на Севишниот.

46. Лавот е страшен за дивите магариња; таков да биде и монахот за похотните помисли.

47. Монахот, кој го разрешува постот тогаш кога не е време за тоа, - тој ја поткопува основата на кулата, во која живее.

48. Она што е виорот, кој подигнува прашина во рамнината, - тоа e и горделивиот монах, кој ги поттикнува страсните движења во манастирот.

49. Добриот монах е ангел на земјата; него не го рануваат стрелите на сластољубието.

50. Не предавај ѝ се на гордоста, за да не паднеш со паѓање страшно. Угледај се на Павловата мудрост, за да станеш и негов сонаследник.

51. Избери ја себеси за образец кротоста на Мојсеја, за да го претвори Бог твоето камено срце во езеро полноводно, па откако ќе ја доживееш неговата благотворност, - да можеш да воскликнуваш: “ме води на тихи води" Господ (Псал. 22,2).

52. Познај колку е прекрасно смирението, и избери го за себе, зашто тоа издигнува и води на небото. Добра награда ти е ветена за смирението - царството небесно; не занемарувај ја оваа награда.

53. Младиот монах да го презира славољубието и да се утврдува во целомудрието. Монахот што со целомудрие се напојува е нов насад благословен од Бога.

54. Постот е узда за монахот; кој ја симнува оваа узда од себеси, тој станува: “Како угоен коњ, кој 'ржи на жената на ближниот свој“ (Јерем. 5,8). Младиот монах, кој стомакот свој не го зауздува, од гревот телесен нема да се воздржи.

55. Бодриот монах и дење и ноќе треба во молитва да пребива; тој в гради се удира и солзи пролива и елеј од небото симнува за себе.

56. Монахот што не им е предаден на страстите е дрво на животот на земјава; тој прифатил живот ангелски.

57. Најостриот меч против ѓаволот, - тоа се псалмите во устата на монахот.

58. Сувото дрво на Елисеја извлекло железо од водата; a телото на монахот, од пост и подвиг исушено, душата ја извлекува од длабочина на страстите. Постот на монахот соковите на сластољубието ги исушува. Крај на постот за монасите е смртта; пред смртта своја тој постот свој да не го напушта.

59. Бодроста на монахот во молитвите е меч против страстите. Границата за молитвите на монахот не е одредена; во секое време и секој час тој Господа Го прославува.

60. Монахот, ако јазикот во денот на гневот не го воздржи, ни страстите свои лесно нема да ги совлада. Монах што се гневи - душата своја ја убива, а ближниот свој со остри стрели го ранува.

61. Вооружувај се пред искушението; тоа ќе ти помогне во искушенијата опитен да се покажуваш.

62. Не придобивај богатство и на телото не угодувај му; тесниот и стрмен пат бара да отфрлиме сѐ што на него не ни користи. Да се угледаме на апостолот, кој вели: "Се сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа" (Фил. 3,8). Богатството и негуваното тело нема да бидат пропуштени низ вратата небесна. Затоа, засакај ги немаштијата и воздржувањето; и надвор од вратите на царството небесно нема да останеш.

63. Сластољубието е оган што гори во монахот, кој од пиењето вино уште повеќе се разгорува. Христос е извор полноводен, што секогаш истечува; од него црпи и гасни ја смрадната клада.

64. Не изговарај лоши зборови, инаку ќе бидеш лозје, во кое расте трње. Во разговорот употребувај ги најпријатните зборови; подржавај ја пчелата, која секогаш носи мед, во кој никогаш нема никаква горчина.

65. Лекомислениот монах се колеба од бура на помисли; оној што владее со себеси со евангелските зборови се поткрепува. Мрзливиот монах бива задушуван од лошите помисли, како пченицата од трње.

66. Не задржувај лош збор во срцето свое против братот твој, за да можеш во молитвата твоја да ги изговараш зборовите: "Прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници" (Матеј 6,12).

67. Мирот и светињата за монахот се венец на пофалба; кој него го придобил, тој Господа ќе Го види (Евр. 12,14).

68. Ha монахот мудроста не е во знаењето какви трудови да има, туку во нивното разумно извршување. Таквиот со зборови не поучува, туку со своите дела.

69. Мудриот монах, кога војува со полковите демонски, од нивните стрели не бива ранет; укрепувајќи се со Христовиот крст, главата на змијата тој ја скршува.

70. Девството е најскапоценото богатство на монахот, осветлувано со светлината на милостињата. Кој го придобил ова богатство и го запазува, несомнено е дека тој ќе влезе на свадбената вечера.

71. Запази ги заповедите на Севишниот, извршувај ги и правилата на оците; тогаш ќе бидеш наследник на царството Божјо.

72. Монахот што нема страв Божји во искушение паѓа и во мрежата ѓаволска се заплеткува; а кроткнот - мир ќе го сретне и венец на светињата.

73. Монах што изобилно се храни во искушенија паѓа и во мечтаења ноќни; на испосникот постелата е чиста и мирен му е сонот.

74. Монахот што од Бога се плаши ништо лошо не претрпува; него Господ го пази. Во денот на неговата смрт - измирувачка жртва ќе има.

75. Покорноста на монахот не се познава во големите подвизи; во искушенијата таа се проверува. Трпеливоста на монахот во страдањата, точно исполнувана, ќе му донесе надеж непосрамна. До последниот здив неа да ја пази, зашто "кој претрпи до крај, ќе биде спасен" (Матеј 10,22). Трпи, монаху, кратко е времето на трпението, а бескрајни се вековите на насладите.

76. Духовните песни на монахот да бидат непрестајни; серафимите не престануваат да Го прославуваат Бога. Монаху, во твојата песна да биде духовната песна; таа ги олеснува товарите на твоите искушенија.

77. Послушниот монах со блага смелост ќе стои пред крстот, зашто и нашиот Господ на крстот бил послушен; послушен бил дури дo смртта - смртта на крстот.

78. Гласот на монахот во молитвената кротост искрено кон Бога да се вознесува од неподвижните негови усни.

79. Монахот е вистинската светлина на земјата; тој во јазикот свој не погрешува. Кој е таков и телото свое со гревови не го осквернил, тој е пријател на Христа.

80. Ако стравот Божји го опфатил монахот, тој тогаш е како кула несовладлива; монахот што страв Божји не придобил - лесно бива заробуван од непријателите.

81. Монахот што ништо нема - е чиста светлина на земјата, “зашто коренот на сите зла е среброљубието" (1. Тим. 6,10); таквиот плод не раѓа добри плодови.

82. Подобро е за монахот да јаде месо и вино да пие, отколку со озборување да го јаде телото на браќата свои.

83. Златото во огнени печки се испитува, а монахот во мноштвото на монаси се познава.

84. Рацете на монахот побожно кон Бога да бидат пружани - за победа над непријателите; Мојсеја подражавај го, кој со рацете свои крстот го изобразил и Амалика го победил.

85. Изобилна е благодатта на монахот распнат и секојдневно што умира; ангелите нему му се радуваат и во царството небесно го примаат.

86. Постот е узда за страстите, а молитвата и милостињата - се победнички над страстите.

87. Монахот што се издигнал над телесните страсти - побел е од снег; бидејќи само Христа Го сака, тој во денот на судот Него ќе Го види - како го увенчува.

88. Монах што озборува мноштво монаси разгонува и другари раздвојува е како сатаната кој со шепотење од рајот Ева ја изгнал. И монахот шепотник на него е сличен; душата на ближниот тој ја погубува и својата - не ја спасува.

89. Кој разумно пее во срцето свое, Бог него ќе го услиши. Со нерасеано око душата на монахот кон Бога да гледа; оној што од светот се одрекол и со Христа се соединил, - тој од сѐ во светот треба да се откажува.

90. Душата на монахот, која има благопријатна миризба, свето го заградува чулото на мирисот од миризбата на змијата, за да не бидат вселени во неа похоти нечисти. - Кој во срцето свое има страв Божји, до него сладострасната нечистотија нема да достигне.

91. Грижи се секогаш да бидеш простосрдечен и искрен; никогаш да немаш едно во срцето, а друго во устата. Тоа е лукавство.

92. Биди правдољубив, од лагата бегај; лагата е од ѓаволот.

93. Зло за зло не враќај; ако некој зло ти направи, прости му, и Бог за да ти прости тебе.

94. Ако паметењето на злото што братот твој ти го направил те измачува, за тој свој брат со душа и срце помоли се и прости му, за и Бог тебе да ти прости.

95. Внимавај, не пуштај во себе страст на завист, за да не те проголта ѓаволот жив; што побргу исповедај се и моли Му се на Бога - да те ослободи од таква опасност.

96. Ако видиш некого да греши, не разгласувај за неговиот грев и не осудувај го; не мрази го, за и тебе да не те надвладее тој грев и да не паднеш и ти во истиот грев; подобро е да речеш: "Јас сум полош од него; тој згрешил денес, а утре ќе згрешам јас".

97. Знај дека демоните се плашат од молчењето, од постот, од бдеењето, од воздржувањето, од смирението, од солзите и од другите добродетели на подвижниците.

98. Ако сакаш Бог да ти подари солзи, скрушеност и бестрасност, спомнувај си непрестајно за смртта и за гробот твој.

99. Ако бидеш измамен од ѓаволот и во некој грев, мал или голем, паднеш, не очајувај и на пропаст не предавај се, но кон покајание и исповед прибегни, и Бог од тебе нема да се одврати.

100. Во градови не посакувај да одиш; ако гревовното не го видиш, ти чист ќе останеш од грев.

101. Не пиј вино до опивање; инаку ќе го направиш гревот што срцето твое го посакува.

102. Не јади два пати дневно, за телото твое да не огрубее, а со него заедно - и страстите твои да не се засилат.

103. Не спиј многу, туку помошта Божја барај ја: "Спасувај се како срна од стапица и како птица од мрежа" (Изрек. 6,5).

104. Не зборувај многу, за да не паднеш во лага.

105. Не придобивај ништо повеќе од она што ти е вистински потребно; живеј умерено и ништо нема да ти недостасува.

106. Молчи и твојата работа извршувај ја.

107. Со сета своја сила задржувај ги јазикот и стомакот.

108. Имај смирена мудрост; биди како оној кој не знае и не разбира.

109. Со сите луѓе биди кроток.

110. Од зборливоста и смеата голема е штетата; благоразумниот безмолвието го запазува.

111. Својата смрт имај ја секогаш пред очите, и искушението никогаш нема да те доведе до паѓање.

112. И наутро и навечер испитувај како си го минувал времето твое; ова без труд не можеш да го правиш: постојано треба да внимаваш и срцето твое да го набљудуваш.

113. Имај страв од Бога; ти си обврзан да Му дадеш одговор за сите твои дела.

114. Секој ден прашувај се - која од твоите страсти си ја победил.

115. Оној што верува во Божјиот страшен суд, тој никого нема да го осудува; тој себеси ќе се пази и од најмалите и најневажните погрешки.

116. Кој верува дека телото негово ќе воскресне, тој ќе се грижи од секаква нечистотија да го очисти.

117. Утврдувајќи се во стравот Божји, пази и исполнувај сѐ што си должен да правиш; не ставај ѝ препки на совеста твоја; кон неа биди внимателен, та и таа стражар да ти биде и веднаш да ти кажува во какви гревови паѓаш, не оставајќи те и не дозволувајќи ти да паднеш во рацете на твоите непријатели.

118. Знај дека кога умот на монахот почне да бега од својата волја и да прибегнува кон Бога, него најнапред го напаѓа униние. А за победата над унинието, на умот твој му помагаат: молитвата и непрестајното размислување за Бога, а размислувањето бива помагано од воздржувањето, воздржувањето, пак, го зајакнува телесниот труд. Таков е тесниот пат што нѐ води во вечниот живот.

119. Ако вистински си Го засакал Бога и ако се трудиш царството Божјо да го придобиеш, ако завет си дал да се трудиш за очистување на твоите гревови, тогаш спомнувај си за Божјиот страшен суд и за вечните маки, очекувајќи го со страв излегувањето твое од телото.

120. Немај острастеност кон пари, ни кон имот, ни кон родителите, ни кон славата во овој свет, ни кон пријателите, ни кон роднините, ни кон браќата во манастирското братство, ниту кон што и да е во овој свет. Ни грижи имај за што и да e во твојот земен живот. Сите врски што за земјата те врзуваат - искини ги; отфрли ги грижите. Намрази го дури и телото свое и лиши го од сѐ; појди по Христа без жал и одлучно, секогаш кон небото гледај и само оттаму помош очекувај. Зашто смртта ненадејно доаѓа и судот e близу. Тешко му на неподготвениот.

Свети Ефрем Сирски