Подвижнички слова на Свети Ефрем Сирски

1. Има воздржување на јазикот, - да не се говори многу, попусто, и да не се озборува, да не се навредува со зборови, да не се изговораат празни зборови, да не се клевети, да не се осудува, да не биваат откривани тајни и да не се интересираме за туѓи работи.

2. Има воздржување на слухот, - да владееме со него и да бидеме победени од општата врева.

3. Има воздржување на очите, - да владееме со нив и погледот свој да не го задржуваме на она што е грешно и пријатно и што е неподобно.

4. Има воздржување на раздразнителноста, - да владееме со гневот и одеднаш да не се возбудуваме.

5. Има воздржување во славата, - да не сакаме и да не бараме прославување и чест, да не се воздигнуваме, да не се подбиваме и да не мислиме високо за себеси.

6. Има воздржување на помислите, - да ги победуваме со стравот Божји, помисла лажна и возбудлива да не примаме и со неа да се не насладуваме.

7. Има воздржување во храна, - да не сакаме и да не бараме многу храна, да не бараме вкусни и скапи јадења, да не јадеме во часови, кои не се одредени за јадење, на духот чревоугоден да не му се предаваме, да не бидеме алчни кога јадеме добра храна, да не бираме храна различна.

8. Има воздржување во пиењето, - прекумерно не само вино, туку и вода да не пиеме, да не бараме со задоволство да пиеме ретки и скапи мешавини, без потреба вино да не пиеме и на гозби да не одиме.

9. Има воздржување од порочното сластољубие, - да не им попуштаме на случајно возбудените похоти, на срамни помисли да се не согласуваме волјата на телото да не ја пополнуваме и страстите наши со стравот Божји да ги зауздуваме.

10 Светите оци ни оставиле прекрасно покајничко правило за подвизите и трудовите, велејќи: "Воздржувај се не само денес, туку и утре не приготвувај вино; не само денес вода да пиеш, а утре да пиеш вино; не само денес кострет да носиш, а утре - мека и скапа облека; не само денес кроток и смирен да бидеш, а утре да се воздигаш и да се гордееш; не само денес тивок и послушен да бидеш, а утре - тврдоглав и непопустлив; не само денес да плачеш и да ридаш, а утре - да се смееш и рамнодушен да бидеш; не само денес на гола земја да спиеш, а утре во мека постела да почиваш. Возљубен брату, за себе едно правило имај , по кое да живееш и на Бога можеш да Му угодуваш и полза и на себе и на ближниот да му принесуваш".

11. По четириесет и педесет години светите оци своето правило не го менувале, правилото прекрасно и беспрекорно за воздржувањето од храна, зборување, спиење на гола земја, смирение, кротост, вера и љубов, немаштија, непрестајна молитва со плачење и скрушеност, - и на тој начин се очистувале. Затоа и Бог се вселил и се прославил во нив.

12. Ако некој се очисти од секое лошо дело, од нечистите помисли, од порочните желби, од гневот, од раздразнувањето, од зависта, од гордоста, од славољубието, од омразата, од противречењето, од осудувањето, од празното зборување. Со еден збор, од сѐ што Му е противно на Бога и, откако се оддалечи од сѐ што е лошо, треба да се држи далеку од него, инаку Бог нема да се насели во Него. Затоа, возљубени, да се очистиме од злото и од гревот, за Бог да се всели во нас и да се удостоиме да ги добиеме Неговите ветувања.

13. Сакаш ли да знаеш што имаш во твоето срце? Слушај ме внимателно. - Ако се фалиме, тоа е знак дека сме славољубиви; уживањето во храната покажува дека сме чревоугодни; неработењето покажува дека сме мрзливи; среброљубието - дека не Го сакаме Христа; зависта покажува дека - во нас нема љубов; задоволството во осудувањето на другите означува дека сме полни со омраза. На овој начин, според телесните дејства, невидливата душа станува видлива, може да се види дали е добра или лоша.

14. Како најсигурен показател за тоа што сака нашето срце и кон што е наклонето служи нашиот јазик; преку говорот се откриваат тајните на нашето срце. Кога е отворена устата, кога немаме стража покрај неа, тогаш нашите зборови излегуваат слободно и непречено и го откриваат она што го имаме во срцето. Затоа, ако сакаш да ги дознаеш помислите на твоето срце, сврти го вниманието на твојата уста; од неа ќе дознаеш какво е тоа и за што се грижи: дали за земното или за небесното, дали за телесните задоволства или за воздржливоста, дали за богатеењето или за немаштијата, дали за смиреноста или за гордоста и дали за љубовта или за омразата. Од сокровиштето на срцето душата им приготвува храна на оние што доаѓаат и тоа, со што е зафатен јазикот, покажува што е тоа што го сака срцето - дали Христа или нешто од овој земен живот.

15. Нашата душа по својата природа е добра; таа станува лоша по својата слободна волја. Страстите се неприродни; тие се развиваат од нашите лоши желби. Навиката ги прави да бидат силни како и самата природа. Природата е робување, а навиката настанува од нашата слобода. Нашата волја е слободна; таа ги калеми врз природните наклоности на нашата душа добрите и лошите навики, тие што ги посакува. Природата е како земја, која ни е дадена да ја обработуваме, а светите книги се нашите советници и учители, кои нѐ учат како да ја обработуваме земјата што ни е дадена; тие нѐ учат кои навики треба да ги искоренуваме и кои добродетели да ги садиме и да ги обработуваме.

16. Колку овој наш земјоделец да е просветен и ревносен, сепак без учењето на светите книги тој не е достатно паметен и силен. Тие му даваат и знаење и сила. Тие го учат како на своите гранки да ги накалемува добродетелите кон дрвото на животот, а тоа се: верата, надежта, љубовта, знаењето, трудот и друго слично. И ако овој наш земјоделец, поради својата гордост, намисли да ги напушти и учителот и советникот, односно да не ги чита светите книги, тој тогаш почнува погрешно да работи; тој почнува на својата природа да го накалемува она што не ѝ е својствено, односно: неверувањето, незнаењето, омразата, зависта, гордоста, празната слава, славољубието, чревоугодието, расправиите, противречењето и други слични страсти. И така, оставајќи Го својот Законодавец и тој самиот бива оставен од Него. Но, ако се покае, ако се осуди себеси, и се врати кон Законодавецот и Му рече: "Се кајам, згрешив што Те оставив!", тогаш Законодавецот, според човекољубието, кое Му е својствено, веднаш ќе го прими, и ќе му даде и разбирање и добра сила - одново да ја обработува нивата на својата природа, да ги искоренува од неа лошите навики и, место нив, да ги сади благородните добродетели. Освен тоа, го наградува со скапоцени и вечни венци и го опсипува со пофалби.

17. Монаху, зошто си се откажал од светот, ако сакаш уште да се насладуваш со насладите од овој свет? Зошто, место голотија, бараш облеки, и место да жедуваш - бараш да пиеш вино?“ Ти си повикан да војуваш, а сакаш без оружје да се бориш со непријателите твои; место да бдееш - на сонот му се предаваш; место да плачеш и да жалиш - на спиење се предаваш; место сите да ги сакаш со братска љубов - ти братот свој го мразиш. Повикан си да слушаш и да се покоруваш, а ти противречиш и не слушаш. Повикан си царството небесно да го наследиш, а ти за земните работи мислиш, а место смиреност и кротост - покажуваш дека си воздигнат и горд.

18. Браќа, ние сме духовни трговци, слични сме со трговците на овој свет. Трговецот секој ден пресметува колку спечалил и колку загубил; ако претрпил загуба, тој се труди и настојува да ја надомести. Така и ти, возљубен мој, секој ден, и навечер и наутро, внимателно размислувај за текот на твојата трговија. - Навечер, откако влезеш во домот на твоето срце, откако си ја направиш сметката, прашај се: "Дали со нешто јас Бога не Го разгневив? Дали празни зборови не зборував? Не бев ли безгрижен? Дали братот мој не го навредив? Дали некого не осудув? Кога со устата моја ги пеев псалмите, дали мислите мои не талкаа по земните работи? Не се раѓале ли во мене телесни желби и дали јас со задоволство не учествував во нив? Дали не дозволував земните грижи да ме победуваат? " - Ако во нешто си претрпел загуба, потруди се загубеното да го надоместиш, но тогаш плачи и воздивнувај, за истите грешки да не ги повторуваш. И наутро пак, занимавај се со себеси и прашувај се: "Како ми помина оваа ноќ? Придобив ли во неа нешто во трговијата моја? Бодри ли беа умот мој и телото мое? Проливав ли солзи од очите мои? Ми беше ли здодевно од коленичењата мои? Немав ли лоши помисли и не се занимавав ли со нив со пријатност? Ако си бил победен со нешто, тогаш погрижи се да се излекуваш; стави стража во твоето срце, за да не ти се случи истото. - Ако вака бидеш загрижен, тогаш во целост ќе ја запазиш твојата трговија и на тој начин ќе Му бидеш угоден на Господа и ќе имаш корист за себеси.

19. Види внимателен спрема себеси, за да не станеш мрзлив, зашто мрзливоста е почеток на пропаста. Угледај се на пчелата и погледни ја прекрасната тајна: како таа од многу цветови, расеани по земјата, го собира својот производ. Проникни со мислата своја во ова ништожно создание. Ако ги собереме сите мудреци на земјава и сите филозофи од целиот свет, и тие нема да можат да ни ја објаснат тајната на нејзината мудрост. И секој човек, гледајќи го нејзиниот труд, Го прославува Создателот Бога, вчудоневидувајќи се што во такво ситно создание има толку голема мудрост. Затоа, возљубени, и ние да бидеме како пчелата, па така трудољубиво и ревносно од Светото писмо и од другите духовни книги, да си собираме богато сокровиште, кое никој не може да ни го украде и да го испратиме на небото пред да појдеме ние таму.

20. Монахот е сличен на војник, кој појдува во борба, вооружувајќи го потполно своето тело и се бори до потполната победа, плашејќи се да не биде ненадејно нападнат од својот непријател и, ако биде невнимателен, да не биле заробен. Исто така, и монахот, ако стане мрзлив и недостатно внимателен, лесно може да биде заробен од својот непријател. Зашто и неговиот непријател му внушува лоши помисли и кои тој честопати со радост ги прима. Тоа се помислите на празната слава и гордоста, чревоугодието и ненаситниот сон, и на крајот го доведува до очајание. А, ако биде секогаш трезвен и внимателен, нему Бог ќе му ја даде Својата благодат и Он Самиот ќе го учи како да живее и како да Му угодува. Па така, гледајќи се како во огледало, бивајќи истовремено и гледач и гледан, Божјата благодат, ако најде во човекот достојно место, се вселува во него, така што, и него го прославува, а и самата се прославува преку него.

21. Без помошта на Божјата благодат, нашето срце не може да има во себе достатно сили и да се исполнува со духовна радост, па да Го исповеда Господа како што треба. Без неа, човекот е сиромав и скуден во совршенството и во него се населуваат лоши нечисти помисли, - "седи како самотна птица на покрив " (Псал. 101,7). Затоа човекот е должен да ја повикува благодатта - да дојде во него и да го просвети. Тој е должен да се очистува и да ја пази благодатта во себе за да му помага, само со благодатта тој може да успева во добродетелите, па така, просветувани од неа, ќе бидеме во состојба да ја разбереме разновидноста и убавината на благата од идниот живот. Божјата благодат за монахот е ограден ѕид и тврдина, која го окрепува од сѐ што е лошо во овој свет и го запазува за животот во идниот век.

22. Труди се да придобиеш совршена добродетел, украсена во сето она, што го сака Бог - со љубовта. Таа едноставно се нарекува добродетел и во себе ја содржи сета убавина и сета разновидност на добродетелите. Како што царската круна не може да биде достојно украсена без скапоцени камења и без одбрани бисери, така и оваа наша скапоцена добродетел не може да се замисли без убавината на различните добродетели. Таа е потполно слична на царската круна. Како што таа, ако во неа недостасува само еден скапоцен камен или еден од одбраните бисери, не може да биде достоен и достатно сјаен украс за царската глава, така и нашата скапоцена добродетел, ако во неа недостасува само една од другите добродетели, - не се нарекува совршена и скапоцена добродетел.

23. Таа е уште слична на скапоцени јадења, во кои има најскапоцени и ретки зачини, но не и без сол. Како што овие скапоцени јадења, ако во нив нема сол, не се вкусни и не се добри за јадење, така и таа општа добродетел, која е украсена со убавината на другите добродетели, ако е лишена од љубовта кон Христа и кон ближниот, ни најмалку не е привлечна.

24. Таа е уште слична на совршениот и прекрасниот состав на азбуката, во која сите одделни букви се украсени, но целата азбука станува непогодна и за ништо, ако од неа недостасува само една единствена буква. Така и овие наши добродетели, ако бидат лишени само од одна единствена добродетел, и тоа како целина станува некорисна.

25. Уште е слична на голем орел, кој високо лета, кој, кога види храна ставена во стапица, со сета сила се устремува и слетува врз неа, но сакајќи да го подигне својот плен, се заплеткува со ноктите во јажињата. И од таа маленкост сета негова сила бива врзана; иако сето тело негово е слободно и надвор од стапицата, сепак сета негова сила е окована во стапицата. Така, слично на ова, и оваа наша добродетел, ако е врзана со нешто земно, - изнемоштува, умира и загинува, и веќе не е во состојба да се издигнува и да лета во висините, и тоа само за тоа што е прикована кон нешто земно.

26. Како што некој се нурка во голема длабочина, за да извади оттаму некој скапоцен бисер. И, откако најде, тој испливува и така гол трча и се радува со тоа големо богатство, така и ти соблечи се од сите земни нечистотии и облечи се во оваа добродетел и, откако се украсиш со неа, биди внимателен дење и ноќе, за да не биде оваа облека соблечена од тебе. Онаа душа, која ја има оваа добродетел во себе, не може да ја поколеба никаква несреќа, ни пад, ни голотија, ни жалост, ни болест, ни немаштија, ни гонење, ниту нешто друго или некакво ѓаволско искушение. Ако биде трезвена и будна и ако преку тоа напредува уште повеќе, таа постојано ќе преуспева во Бога и ќе се просветува сѐ повеќе. Ни самата смрт нема да биде во состојба да ѝ причини некакво зло, туку напротив, по нејзиното излегување од телото, ангелите ќе ја примат весела и радосна и ќе ја одведат кон Отецот на светлините.

27. Се радуваат Отецот, Синот и Светиот Дух за неа. Отецот се радува што таа Го возљубила и што не сакале никого и ништо, освен Него. Единородниот Син Божји ѝ се радува затоа што таа имала желба само за Него и не сакала да придобие никого и ништо, освен Него. Светиот Дух ѝ се радува затоа што со Неговата помош станала свет храм и што Он се вселил во неа. На неа ѝ се радуваат небесата и небесните сили и еднодушно Го прославуваат Отецот, Синот и Светиот Дух, гледајќи ја украсена со ангелската добродетел во сета убавина на праведноста. И рајот се радува за неа, затоа што го добила за свое наследство. Слава Му на едниот, благиот и човекољубивиот Бог, Кој, по Својата добрина, ни го дарува Своето небесно царство.

28. Да се потрудиме и да бидеме трезвени во текот на ова кратко време. Наближува вечерта. Оној Кој ја дава наградата на секого да му даде според неговите дела. Бидете внимателни, та некој од вас, по постигнатите успеси, да не стане мрзлив и да не ја загуби големата награда од нашиот Спасител Господ Исус Христос. Монахот е сличен на посеана нива, која, откако ќе се покрие со богати плодови, како последица на навремените дождови, им причинува радост и веселба на сопствениците, а кога ќе дојде време за жетва тие стравуваат од ненадеен град и од диви ѕверови, кои би можеле богатиот род да го уништат. Вистинската радост на земјоделците настанува дури тогаш, кога сите тие плодови ќе ги соберат во своите житници; тогаш е нивната радост вистинска и голема. Тогаш Му благодарат и на Бога. Исто така, и монахот, додека е уште во телото, треба да се грижи за својот вечен живот, да се труди во своите подвизи до последниот ден, така што, поради својата мрзливост, целиот негов дотогашен труд не стане потполно бескорисен. И кога ќе се заврши неговиот земен живот и кога, слично на земјоделецот. и тој ги пренесе плодовите на сите свои трудови на небото, тогаш настанува ангелската радост на небото.

29. Замисли некој роб, кој стои пред својот цар, повикан од некој друг роб, да го прекине својот сладок и важен разговор co царот и да почне да разговара со својот другар, со робот. Сличен на овој неразумен роб е и оној наш брат, кој разговара за време на светата богослужба. Да сфатиме, возљубени браќа, со Кого разговараме кога се молиме. Како што ангелите стојат со голем трепет пред својот Создател и Го воспеваат, исто така треба да стоиме пред нашиот Бог кога Му се молиме и кога Го прославуваме. Да не стоиме пред Него само со нашето тело, а умот наш да мечтае за нешто друго.

30. Три вида дела го умножуваат злото, а и четвртиот не припаѓа кон добрите дела. Тоа се: кога младите не ги слушаат старите; кога старите им завидуваат на успесите на младите; кога побожните почнуваат да прават грешни работи и кога манастирскиот настојател, од незнаење, ги претоварува и измачува браќата.

31. Три вида дела го умножуваат доброто, а и четвртиот е добар пред Господа и пред луѓето. Тоа се: кога браќата се еднодушни во кротоста и во правдата; кога еден брат братот свој на страв Божји го поучува; кога младите им се покорни на старите како на свои господари и кога настојателот ги љуби своите браќа.

32. Кога видиш некого да тргува со нешто, тогаш речи си самиот на себеси: "Овој човек се измачува толку многу, за да собере што повеќе преодно богатство. Па зар ти, душо моја, ќе бидеш мрзлива при придобивањето на непреодливото богатство? "- Кога видиш луѓе што спорат помеѓу себе, речи си: "Овие луѓе толку многу се грижат и се караат околу она што ни најмалку не е корисно, а ти, душо моја, која си Му должна толку многу на Бога, не паѓаш пред Него, како што треба, за да ти го прости твојот голем долг!" - Кога видиш луѓе да го изградуваат својот дом од глина, и тогаш речи си вака: "Овие луѓе, правејќи го својот дом од глина, прават голем труд, со успех да го завршат своето дело. Па зар ти, душо моја, ќе бидеш невнимателна спрема вечните живеалишта? " Но за да не говорам вака и за други работи пооделно и одвоено и за да не ги должам моите зборови, ќе речам: што и да видиме во животот, сите наши земни мисли и животни размислувања - да ги заменуваме со духовни и тогаш, со благодатта, која ни помага, неизоставно ќе имаме корист.

33. Што е тоа монах? - Монахот е сличен на човек, кој, кога паѓа од голема височина, откако ќе сретне некое јаже што виси високо над земјата, ќе се фати за него и непрестајно ќе вика кон Господа да му помогне, знаејќи оти, ако го испушти јажето од обете свои раце, ќе падне и ќе умре.

34. Токму затоа што не сакаме да претрпиме ни најмала мака заради Господа, без да сакаме, паѓаме уште во погодеми и пострашни маки и тешки страдања. Затоа што не сакаме заради Господа да се откажеме од нашата лична волја, сами на себе си причинуваме душевна штета. Затоа што не поднесуваме да бидеме заради Господа потчинувани и унижувани, сами се лишуваме од вистинските радости. Затоа што не сакаме да ги слушаме поуките, кои ни ги даваат заради Господа, сами се правиме игралиште на бесовите. Затоа што не ги примаме казните овде на земјава, во другиот живот нѐ очекува вечна казна.

35. Лукавиот наш непријател во секого од нас влеал свои отрови и со своите искушенија на секого му приготвува стапица. Еден го запазил постот, но се предава себеси на соперништвото и зависта. Друг се запазил од срамната пожелба, а се врзал себеси со посакување на празна слава. Трет успевал во бдеењата, но се заплеткал во мрежите на осудувањето. Четврт се оддалечува од осудувањето, но е исполнет со непокорност и противречење. Петти се воздржува од храна, но потонува во гордост и високо мислење за себеси. Шести е неуморлив во своите молитви, но дозволува да биде победуван од раздразненоста и гневот. Седми успеал во нешто малку, но се воздигнува над оние што се помалку работливи од него. Гревот, на тој начин, секого го врзал и никој не го сфаќа лукавството на демоните.

36. Нашата борба не е со видливите луѓе, од кои, ако гледаме добро околу себеси, можеме да се запазиме; оние што војуваат против нас се невидливи. Токму во тоа е големата опасност за невнимателните и мрзливите, а во тоа е големата предност на нашите духовни непријатели. Во борба со нив треба да влегуваме со искуство и ќе ги победуваме. - Еве, на пример, како треба со нив да се бориме. Ако нѐ искушува демонот со чревоугодие, ние да го напаѓаме со пост; ако ја разгорува во нас похотта спрема жена, да бидеме трпеливи, да го победиме похотливото чувство, и овој наш непријател веднаш ќе избега од нас; ако нѐ нападне со гнев, да cе вооружиме со мир; ако нѐ доведува до раздразнетост, да се вооружиме со кротост; ако почне да ја разгорува во нас омразата, кон љубовта да се прилепиме; ако нѐ поттикнува да бараме почести, да докажуваме смирение; ако нѐ тера да бараме слава, да се трудиме да ја сознаваме својата ништожност; ако преку нашите мечтаења нѐ води кон висините, да ја замислиме пред нас смиреноста на Господа. - Ако на ваков начин му се противставуваме на непријателот, тој нема да устои, туку ќе избега од нас и Божјата благодат ќе се врати при нас.

37. Брату, ти што си го засакал подвижничкиот живот, биди внимателен спрема себеси и не дозволувај твоите денови да минуваат во расеаност. Не дозволувај им на лукавите помисли да се приближуваат до тебе и силата твоја да не ослабнува во борбата со твојот непријател. Секогаш во твојот ум имај Го преслаткиот Господ, за да биде твојот подвиг овенчуван со победа. Засилувај ја борбата на твојот подвиг, зашто ненадејно може да дојде денот кога оние што се трудат ќе бидат овенчани, а мрзливите ќе бидат накажани. Придобивај ја добродетелта додека има уште време; давај му побожност на твоето око, вистина - на слухот твој, зборови на вистина на јазикот твој, посетување на болни и на немоќни - на чекорите твои, Господовиот образ - на твоето срце, успех во целомудрието - на твојата душа и на твоето тело, за да се удостоиш со поголемиот дел пред ангелите и пред луѓето. И на бездушното дрво му оддаваат чест, ако во него е изобразен ликот на царот, а колку повеќе, и во овој и во идниот живот, ќе биде издигнатата душата, која во себеси Го има Господа.

38. Дојдете, пријатели мои, да коленичнме пред Господа, да ѝ даде просветување на нашата душа - да може дa ги разбира лукавствата на непријателот наш, кој мрази сѐ што е добро и на Бога угодно. Тој ни става пречки на патот наш: соблазни, опасности, животни расеаности, телесно задоволство, надеж на должината на земниот живот, страв за време на подвигог, мрзливост за време на молитвата, сонливост и телесна воздишка за време на богослужбите. Колку е тој ревносен, толку сме ние безгрижни. И колку е тој полукав и поопасен, толку сме ние побезгрижни, иако знаеме дека деновите на нашиот живот се намалуваат и дека Господ на славата брзо ќе дојде.

39. Ние сме дале завет дека ќе раѓаме плодови на животот, но за нашите плодови немаме cолзи, кои би им давале сочност и зрелост; немаме скрушеност - за да процутат од топлиот здив на солзите; немаме смирение - за да ги заштити во време на силна жештина; немаме љубов кон немаштијата - за да не бидат зафатени од нешто штетно; немаме љубов Божја - тој силен корен, кој ги држи плодовите; немаме безгрижност за земните работи; немаме бдеење, бодар ум, кој треба да е внимателен и трезен за време на молитвата. Место овие добри и прекрасни добродетели во себе ги имаме спротивните слабости: имаме распален гнев и раздразнителност, поради кои заврзаниот плод се расипува и станува годен за ништо; нас нѐ радува желбата наша за прибирање земни богатства. Сето ова нѐ доведува до големо очајание. Да ги отстраниме сите овие спротивности, кои им пречат на плодовите наши да дозреат, за да Му бидат угодни на Господа.

40. За да го следиме начинот на животот на секого, да се угледаме на добриот живот на нашите браќа, кои, вооружени со ревност, брзаат "кон наградата на горното призвание" (Фил. 3,14), да ја следиме совршената и правилна вера на едни, надежта на Бога кај други, љубовта спрема Бога и спрема ближниот - кај трети, кај четврти - како стојат на стража со страв Божји, чувајќи се од сѐ што е лошо и грешно, та да живееме и ние добро и неосудно, та нашиот живот да биде пофалуван од сите поради неговата чистота и беспрекорност.

41. Гледај како некој, напаѓан од непријателот со различни страсти, прибегнува со молитва кон Бога, па, откако во скрушеност и со љубов се прилепи до Него, добива благодатна помош и лесно се избавува од лошите помисла, - со голем плач, со солзи и воздивнувања се кае за она што го направил, со жалост ги оплакува своите гревови, се исповеда пред Бога во своите молитви и бдеења, си наложува пост, воздржување и подвизи, трудејќи се да се спаси со овие оружја. Така и ти, како вистински Христов војник, настојувај да се бориш сѐ до самата смрт, секогаш да бидеш свесен за тоа дека подвижништвото не е лесна работа и дека спасението на душата се добива само со голема ревност и со тешки трудови.

42. Угледај се на оние што покажуваат потполна одреченост од светот и лесно ќе се издигнуваш кон височините на добродетелите. Кога кај некого видиш силна љубов кон немаштијата, гледајќи како тој, оставајќи сѐ, настојува својот ум да го направи слободен од секакви земни грижи, за да може без расеаност да ѝ се предава на молитвата, така што никакви помисли и никакви грижи, не ja прекинуваат неговата молитва, - тогаш и ти со сета сила со ревност следи го неговнот пример. Оној што Му се моли на Бога со чисто срце, со љубов и со солзи, тој Самиот Бог, како во огледало Го одразува во својата душа - во својот ум. А ова скапоцено богатство се придобива со сиромаштија и со притеснет живот. Самиот Господ наш Исус Христос вели: " Тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот" (Матеј 7,14).

43. Подражавај го начинот на живеење на светиите, - на некого во побожноста и стравот Божји, на друг - во смирението, на трет - во самопонижувањето и во самоосудувањето, на четврт во безмолвието, на петти - во кротоста, на шести - во добродушната трпеливост, на седмиот - во отстапувањето и мирољубивоста, на осмиот - во дружељубивоста и едномислието, на деветтиот - во трезвеноста и расудувањето, на десеттиот - во пријатното однесување, љубезноста и снисходливоста, на единаесеттиот - во простувањето на навредите, храброста и великодушноста, на дванаесеттиот - во подвизите и послушноста, на тринаесеттиот - во рачната работа и служењето на браќата, на четиринаесеттиот - во ревноста и во топлината на духот, на петнаесеттиот - во потполното оддалечување од светот и секојдневното умирање како да е распнат на крст, на шеснаесеттиот - во тврдоста на духот и вистинољубивоста и на седумнаесеттиот - во целомудреноста и девственоста. Исто така, гледај на кого можеш да cе угледаш: на оној што е милостив и кој секогаш сака да помага, на оној што е тивок и добар, кој е чувствителен и милостив, кој е беспристрасен и справедлив, кој не бара многу и кој e скромен во сѐ, кој е задоволен со малку и по сѐ е умерен, кој е едноставен и непосреден, кој има непрестајна молитва, нерасеано пеење на псалми и поток од солзи. Да кажеме со еден збор, да ги гледаме и да ги забележуваме особеностите на божествениот живот и да cе угледаме на сето тоа.

44. Да се грижиме, да гледаме и да мислиме на она што е горе, да го паметиме, кон него да се прилепуваме, да бидеме во постојано опшење со него и никако погледот наш да не го свртуваме надолу, каде што се телесните задоволства и похотите на овој лажлив и преоден свет. Прекрасно е со очите на нашето срце да гледаме во горниот свет и да ги пазиме некоја раска да не влезе во нив - некоја лоша помисла или нешто друго што не Му е угодно на Бога, та тоа да не ги помрачи нашите духовни очи.

45. Треба постојано да Му се молиме на Господа - да нѐ избавува од ѓаволските стапици. Зашто ваквите помисли не нѐ напаѓаат само тогаш кога сме во нашите ќелии, туку силно не напаѓаат и тогаш кога се собираме во Божјиот дом. Тие нѐ тераат и машките тела да ги гледаме нечисто; се трудат да нѐ измамат да паднеме и во најсрамни гревови. Тој всејува во нас по неколку лоши помисли одеднаш со цел да нѐ доведе во расеаност, за да не можеме со чист ум да внимаваме на пречистите тајни на нашиот Бог и Спасител. Но воздржливиот, кој има внимателен ум и кој внимава на своите очи, успева да ги победува гаволските искушенија - co помошта на благодатта на Светиот Дух. Затоа е потребно со голема внимателност да го пазиме своето срце и своите чувства; во текот на нашиот земен живот водиме голема и тешка борба, а нашиот непријател е многу лукав и извонредно лош.

46. Од оваа борба не треба да се откажуваме. Оној што има мир со своите страсти - како може да се бори против нив, кога тој се предал себеси да им робува на гревовните страсти и доброволно му го плаќа својот данок на мачителот? Таму каде што е непријателството, таму е и борбата, а каде е борбата, таму е победата и таму е наградата. Тој што сака да се ослободи од тешкото и мрачно робување на гревот и на ѓаволот, тој треба да стани во борба со ѓаволот. Светите Божји луѓе, откако станале победници во оваа борба, се удостоиле да ги добијат небесните блага.

47. Оние што сакаат да се ослободат од непријателското подбивање и да се избават од тешкото гревовно ропство, тие треба да се борат да водат борба со ѓаволот, со овој страшен тиранин, од љубов спрема Спасителот. Тогаш ќе покажат дека се искусни борци кога не само со својата уста, туку и со сета расположба на своето срце ќе му речат на својот духовен нспријател: "Ѓаволе, ние нема веќе да го слушаме твојот глас и нема веќе да им служиме на телесните похоти". За време на оваа борба нашиот молитвен глас треба да биде упатуван кон Бога, за да ги посрами оние што им посакуваат зло на Неговите слуги. Тогаш оние што cе трудат до крајни граници да ја разгорат фурната на похотите, попусто ќе го прават тоа, зашто тие што се надеваат на Господа набргу ќе ja видат претворена во свежа роса, а мачителот, кој пред тоа нѐ застрашувал, самиот ќе биде исплашен и далеку ќе избега.

48. Некој од светите луѓе рекол: "Мисли за она што е добро, за да не мислиш за она што е лошо, зашто нашиот ум не може да биде празен". - Затоа да го зафатиме нашиот ум со Божјите зборови, со молитва и со добри дела. Зашто зафатеноста со суетни мисли paѓa суетни дела, а зафатеноста со добри мисли - paѓa добар плод.

49. Ако и немаш видливи солзи, сепак труди се да имаш скрушеност во твоето срце, зашто и меѓу солзите има разлика. - Но блажен е оној, кој во своето срце Го соѕерцава Господа и кој, заедно се своите солзи, го излива и своето славословие пред лицето на Божјата добрина, - зашто тогаш молитвата негова ќe биде услишана.

50. Ако сакаш да бидеш избран сад, тогаш труди се да напредуваш во покорноста на својот духовен учител, како на Господа, и да бидеш смирен. Животот на светиите станал светол откако бил издигнат преку послушноста. Исус Навин, поради својата послушност спрема Мојсеја, се удостоил да биде негов преемник. Самуил, кој бил послушник кај свештеникот Илиј, се удостоил да го чуе Божјиот глас. Елисеј за послушност се удостоил да ја добие двојната благодат на својот учител. Самиот Бог - Слово, Господ наш Исус Христос живеел во смиреност и послушност, како што вели светото Евангелие: "Им беше послушен " (Лука 2,51). А апостолот вели: "Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст" (Фил. 2,8). Кога веќе си почнал доброволно и добро, стој одлучно, за да те прослави Господ заедно со сите кротки и смирени во Своето небесно царство.

51. Еден брат, кој живеал во послушност спрема своите духовни оци, кога отишол кај некој свој брат, му рекол: "Сакам да се одвојам од моите духовни оци и да живеам сам во безмолвие". Братот негов му рекол: -"Некој човек имал син и го дал кај некој мајстор да научи занает. Момчето било невнимателно спрема работата и по неколку дена се вратило кај татка си и му рекло: "Татко, земи ме од мајсторот; јас самиот од себеси подобро ќе го научам тој занает". Но татко му му одговорил: "Ако сега кога друг те учи, не можеш ништо да научиш, не напредуваш во занает во кој те раководи друг, како ќе можеш ти самиот, без помош на искусен мајстор, да го научиш овој занает? Гледам дека си бил невнимателен и лошо си се трудел и дека јас попусто се грижам за тебе. Затоа ти заповедам да се вратиш кај својот мајстор, почни внимателно да работиш и да учиш под раководство на тој добар мајстор, ако сакаш и ти да станеш добар мајстор во овој занает и да живееш добро од него". - Така и ние, брату, да не бараме да ја симнеме од нас тежината од товарот на послушноста заради Господа, за да не останеме ненаучени и неискусни во знаењето за тоа како треба да Му угодуваме на Бога и да не бидеме беспомошни кога ќе паѓаме во искушение.

52. Кога ќе ги победиме страстите и од себе ја искоренуваме секоја приврзаност кон земното, тогаш Божјата благодат, откако се настани во нас, ќе ги просвети нашите срца, како светилници наполнети со масло, за да светлеат. Но, ако сме уште заробени од страстите, ако сме потонати во нив, тогаш ќe бидеме слични на светилници во кои нема масло, и ќе бидеме во темнина. Да се приготвиме да ја примиме духовната светлина; да го придобиеме вечниот живот, за да се освети во нас и нашиот ум и нашето тело, да Го придобиеме Светиот Дух и да бидеме под Негова власт.

53. Приказна. Два човека пошле во некој град, кој не бил многу оддалечен од нивното родно место. Кога изминале извесен мал дел од патот, тие виделе покрај патот една убава сенчеста шума, низ која течеле бујни потоци и имало многу убави места. Тогаш патниците застанале, но едниот од патниците, сакајќи што понапред да го види градот, го продолжил своето патување кон него, а другиот патник останал во шумата, зашто сакал да ги разгледа нејзините убавини и да им се порадува. Вистина, и тој сакал да го продолжи својот пат кон градот, но се исплашил од жештината и останал во сенката на бујните дрвја. И кога тој се насладувал на тие убавини и не се решавал да то продолжи своето патување, излегол некој ѕвер од шумата, го грабнал и го однел во своето дувло. Меѓутоа, патникот, што не се задржал во шумата, пристигнал во градот и ја постигнал целта заради која патувал. Што значи оваа приказна? - Двата човека се оние што појдуваат по патот на побожноста и кои ги започнуваат своите подвизи. Шумата што ги пречекала на патот, тоа е овој земен свет и неговите убавини. Оној што го продолжил патувањето, тоа се оние подвижници, кои не обрнуваат внимание на ништо земно и продолжуваат да трчаат кон целта - "кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа" (Фил. 3,14). А оној што бил привлечен и задржан од убавината на месноста под шума, заборавајќи на целта на своето патување, тоа се оние што ја забораваат целта на својот живот и го одвоиле својот ум од невидливото кон видливото. Трудот за придобивање на добродетелите е тежок. А тоа што едниот патник, кој се задржал во шумата и станал плен на дивиот ѕвер, тоа означува дека оние што се задржуваат кај убавините на овој свет, од кои произлегува гревот, кој откако завладее со човекот, како некој див ѕвер, го грабнува и то изедува човекот. Светиот апостол Јаков вели: "Похотта, откако ќе се зачне, paѓa грев, а гревот, извршен, paѓa смрт" (Јак. 1,15). Затоа, да бегаме од похотите на овој свет, за да не станеме робови на гревот.

54. Избегнувај ги непотребните зборови, за да не паднеш во срамни помисли. Како што се добрите зборови корисни за душата, така лошите зборови ја расипуваат, според зборовите на апостолот: "Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи" (1. Кор. 15,33).

55. Кога ќе видиме мрзливи остарени монаси, тогаш имаме потреба да бидеме многу претпазливи и да се пазиме да не појдеме по нивниот пат и да не дозволиме да бидеме победени од злото. Треба да внимаваме на себеси и да ја запазуваме нашата душа.

56. Не му ги откривај твоите помисли на секој човек, туку само на оние, за кои ќе дознаеш дека се духовни, зашто ѓаволот има многу мрежи. Од духовните луѓе не скривај ништо, за да не најде непријателот место во тебе и да не се загнезди во тебе. Со телесни луѓe не советувај се.

57. Некорисни разговори треба да избегаваме и да не се дружиме со оние што немаат страв Божји, тие не говорат ништо корисно, ниту прават нешто за Господа. Тие не говорат ни за добродетелите, ни за побожноста, ниту за душевната чистота. Нивните зборови се мрежа смртоносна; советот нивен е бездна пеколна, а дружењето со нив - душевна пропаст.

58. Внимавај да не ја загубиш смелоста пред Бога заради честа и славата пред луѓето, или заради храната, пиењето и облеката, зашто сето тоа подлежи на гниење и распаѓање, a делата на секого од нас се запишуваат и остануваат. Апостолот ни советува и вели: "Мислете за небесното, а не за земното“ (Кол. 3,2), за да го добиеме ветеното од нашиот Отец небесен.

59. Војниците на земниот цар ја проливаат својата крв, за да му угодат на царот, но ти немаш потреба да ја поливаш твојата крв, туку само труди се да не бидеш победуван од гревот и да не раѓаш плодови на смртта (сп. Рим 7,5). Биди буден и трезен, брату, и биди постојанен во твоите трудови. Но и за незгодата што ја имаш од седењето во твојата ќелија, ќе имаш голема полза: во тебе ќе засјае светлината на вистината. Апостолот ни советува и ни вели: "Бори се со добриот подвиг на верата" (1. Тим. 6,12), за да можеме да го победиме непријателот и непосрамени да Му се поклониме на Царот на славата. Зашто Господ ги овенчува не само оние што умреле од меч, кои пострадале од мачители, туку и оние што се покажале опитни во подвижништвото и во љубовта. Како што светите маченици заради Господа претрпеле исмевање и смрт, така и подвижниците заради Господа претрпеле тежок и страдален подвижнички живот.

60. Биди внимателен спрема себеси и не дозволувај зборовите на лукавиот да бидат во твоето срце. Не прифаќај ги лукавите помисли. Така пострадал некој од древните од тоа што било проколнато (еп. Ису. 7,1–26). Слично пострадал и Гиезиј, слугата на пророкот Елисеј. Тие не можеле да се скријат не само од Бога, туку не се скриле ни од лугето. Својот престап го направиле тајно, но казната ја добиле јавно. Едниот бил убиен со камења од целиот народ, а другиот бил казнет со лепра (сп. 4. Цар. 5,27). Зашто не лаже оној кој рекол: "Бог не дозволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее" (Гал. 6,7).

61. Зошто нѐ победува непријателот? Зошто страстите се умножуваат во нас? - Дали тоа не бива поради нашата непокорност? - Кога нѐ поучуваат ние не сме внимателни, кога нѐ изобличуваат и нѐ повикуваат да се поправиме, ние упорни остануваме. Од луѓето се скриваме, а за Бога не помислуваме. Страшната духовна змија нѐ учи како да ги победуваме со зборови оние, кои сакаат да нѐ поправат. Поради тоа гревот се умножува во нас и нема во нас противник против себе.

62. Почетокот на душевната развратеност кај монахот се смеата и слободното однесување. Монаху, кога овие работи ќе ги видиш во себе, тогаш знај дека си пропаднал во длабочината на злото. Не престанувај да Му се молиш на Бога да те избави од таквата смрт. Смеата и слободното однесување духовно ги умртвуваат и во страсти ги фрлаат не само младите монаси, туку и духовните старци. За слободното однесување некој од светите луѓе рекол: "Слободното однесување е слично на жежок ветар, кој ги уништува добрите плодови на монасите". А сега чуј што е речено за смеата: "Смеата го лишува човекот од блаженството, кое им е ветено на оние што плачат (сп. Матеј 5,4); таа ја растура добрата внатрешна уредба, Го натажува Светиот Дух, ѝ наштетува на душата и го раслабува телото. Смеата ги прогонува добродетелите, не си спомнува за смртта и не помислува за вечните маки".

63. Почеток на плачот е познавањето на себеси. Да не плачеме човечки, туку по Бога, Кој ги знае тајните на срцето, за од Него да добиеме утеха. Да бидат лицата наши светли и да им се радуваме на Господовите дарови преку Светиот Дух; да плачеме и да тажиме духовно, молејќи Му се на Бога да ни ги прости сите наши гревови и да нѐ запази до крајот на нашиот земен живот. Плачот изградува и запазува, плачот со солзи и ја измива душата и ја исчистува. Плачот го paѓa целомудрието, ја отсекува похотта и добродетелите ги укрепува. Плачот Го прославува Бога и од ангелите утеха добива.

64. Занимавај се со она што е духовно, за да биде запазено во тебе спомнувањето за Бога. Гнаси се од некорисните зборови, зашто е неможно заедно да бидат смрдеата и пријатната миризба.

65. Жителот на пустината е избавен од три борби: од гледањето, од слушањето и од говорењето. И внимателниот жител на манастирското општежитие е избавен од три борби: од купувањето, од продавањето и од нападот на разбојници. Но секаде, каде и да се наоѓаме, треба да внимаваме на себеси и совеста наша да ја пазиме чиста.

66. He Beли "Јас сум дошол во манастир, и носам ангелски образ". Не само на луѓето, туку и на Самиот Бог им е пријатен не само надворешниот образ, туку потребни се плодовите на добрите дела. Затоа, биди како расцутено дрво и запазувај ги плодовите на твоите добродетели, за да не ти се поткраде црвот на гордоста и да не го уништи плодот на твоето смирение, славољубието да не ја помрачи твојата побожност, гневот - твојата кротост да не ја одземе, раздразненоста - твојата благодушност да не ја уништи, караницата - мирот твој да не го наруши, непријателството - да не послужи како пречка на добрата дружба, паметењето на злото - љубовта взаемна да не ја пресече, навредата - согласноста да не ја отстрани, чревоугодувањето - на постот да не му попречи, жедта - да не ја намали воздржливоста, негрижата - да не ја прекрати ревноста, сонот - да не го успие бдеењето, унинието - да не ја намали усрдноста, мрзливоста - да не му попречи на служењето, мрморењето - да не ја намали послушноста, непослушноста - да ја не прегради вратата на послушноста, празните зборови - да го не победат пеењето на псалмите, шегите - да не го победат славословието, смеата - да не го совлада плачот, блудот - да не го уништи целомудрието, среброљубието - да не биде ставено над грижата за придобивање на немаштијата. Пази се твоите родители да не ги сакаш повеќе од Христа и со овој свет да се насладуваш повеќе отколку со небесното царство; страста кон озборувањето - да не го поттикнува твојот јазик; зависта спрема некого - да не те измачува; измама некаква - срцето твое да не го помрачи, лицемерието - да не те лиши од вистинските блага, кражбата - од царството небесно да не те одвои, неправда - влегувањето во рајот да не ти го попречи; желбата да им угодуваш на луѓето - одважноста пред Бога да не ти ја одземе, љубовта спрема земните задоволства да не ти ја одземе љубовта спрема Бога и похотта телесна - да не ја изгасне скрушеноста на срцето твое.

67. Во каква мерка некој ја отсекува и смирува својата волја, вo таква мерка тој чекори кон духовно напредување. А колку некој поупорно се раководи со својата грешна волја, дотолку повеќе штета си нанесува. Затоа, настојувај на својата волја да не ѝ робуваш; многу е подобро на Божјата волја да ѝ бидеш послушен.

68. Кога ќe излезеш од твојата ќелија, за да му послужиш на некого од браќата или за духовен разговор со некого, огради го твоето око, а срцето твое возбуди го со побожна помисла, говорејќи во себеси: "Tи не си сликар и не излегуваш да се учиш како треба да ги сликаш луѓето". Биди внимателен спрема себеси. Ако твоето внимание е зафатено со сетивните работи, како можеш да имаш чист ум и во него како во огледало да ги гледаш небесните работи - да се насладуваш и да се радуваш со спомнувањата за Бога?

69. Престани да бидеш љубопитен за туѓите гревови, за преку тоа да не ја повредиш твојата побожна помисла.

70. Биди молчалив; молчењето ќе те избави од многу нечистотии. Помислувај постојано за маките на грешниците и имaj страв, за и тебе еден ден не те снајде истото.

71. Да не бидеме самољубиви, зашто од самољубието како гранки се развиваат сите страсти. Тоа може да биде победено само од љубовта, која сите ги влече кон едномисленост и ги соединува. Љубовта е нешто големо и скапоцено. Затоа настојувај да не отпаднеш од неа.

72. Грижејќи се за нашето спасение, да се трудиме на ближните да им бидеме образец во верата, во љубовта, во трпението, во чистотата, во послушноста, во смирението, во стравот Божји, не повлекувајќи се по лошите пожелби и подвизувајќи се во духовните трудови.

73. При примањето на Божјите заповеди имај ја простотата и чистотата на гулабот, а при одбивањето на ѓаволските искушенија - итрината на змијата.

74. Види разумен и оддалечувај се од штетните среќавања, за да му дадеш добар одмор на твојот внатрешен човек.

75. Не поминувај го твоето време со лицемерните, за да не се извалкаат мислите твои, зашто нивните зборови се многу штетни. Tие ги тераат старите да се однесуваат како да се млади, и младите ги воведуваат во беззакони дела.

76. Кога плачеме, тогаш никако не грешиме; никој кога е скрушен во срцето свое не замислува некакво зло. Кога сме скрушени, тогаш ни доаѓаат солзи, а по солзите следи намалување на злото; тогаш се воздржуваме од секое зло.

77. Ако си млад, учи се да молчиш и да се трудиш. Трудот ќе ти помогне да не бидеш оптоварен, а молчењето душевната светлина - ќе ja запази неизгаслива; нема да ѝ даде да се затемни од некаква страст.

78. Косите и облеката не го прават човекот да биде од овој свет; лошото однесување и наклоноста кон земните и нечисти желби - тие ја прават душата грешна и одвратна.

79. И постригот и облеката не го прават монахот, туку небесната желба и богоугодниот живот; во нив се пројавува совршенството на животот.

80. Не превознесувај се пред искушението, зашто тоа често ги постигнува и оние, кои мислат дека цврсто стојат. Затоа треба да бидеме будни и да го пазиме умот наш од паѓање.

81. Со сѐ што правиш и што мислиш - угодувај Му на Господа; ако ја немаш оваа и ваква помисла - сите твои дела ја губат својата вредност.

82. Било да живееш во општожитие или да си оддалечен во безмолвие, оддалечувајќи се од сите, не оставај го занемарено она што се бара од тебе: чистото срце и скрушеноста на духот. Кој ги придобил овие работи, тој ќе биде прославен од Бога, а оној што ги запоставил - тој е во голема опасност.

83. Душата твоја оросувај ја со водата на Светото писмо и со светите тајни, за да процути и да донесе плодови на правдата. Hие требa да копнееме кон она што е корисно за душата така, како што животните се стремат кон зелените пасишта.

84. Кога е душата здрава, тогаш и телото има сили за добри подвизи, а ако душата се загубила во нечисти помисли, тогаш и телото по неопходност ќе биде повредено од гревовите.

85. Лукавиот демон секој ден ѝ распнува мрежи на нашата душа со цел да ја соблазни и да ја подведе на вечни маки. Овие мрежи се исполнети со сладости , за полесно да ги примамува и привлекува невнимателните души. Брату, не насладувај се со тие смртоносни наслади и не мами се со измамливите помисли. Помислата станува измамник, ако најде пристап во нашата душа, насладувајќи ја со гревовни помисли, за потоа да ја умртви со силата на гревот. Помислите се мрежата, со кои лукавиот ги лови нашите души. Но разбуди се и освести се и искини ги овие мрежи, изгонувајќи ги лошите помисли од твојата душа со силата на солзите, воздржувањето и бдеењето. -  Затоа, биди буден и ни еден миг не задржувај се на помислата што те мами. Секогаш прибегнувај со молитва, пост и солзи кон Бога - за да се ослободиш од сите демонски мрежи и од сите страсти.

86. Да бидеме будни војници и секој ден да го победуваме лукавиот во духовната борба. Да ги научиме правилата на оваа борба. Таа е невидлива и најосновното нејзино правило е - да се ослободиме од сѐ што е земно. Ако ја очекуваме нашата смрт, ако секојдневно ја имаме пред нашите духовни очи, тогаш нема да грешиме. Ако се ослободиме од сѐ што е земно, тогаш нема во оваа борба да бидеме победени. Земното влече кон земјата, а страстите ги помрачуваат нашите душевни очи; тогаш лукавиот наш непријател полесно нѐ победува.

87. Монаху, не размислувај и не вели вака: " Големи се трудовите на подвижништвото, а јас сум мал и немоќен; јас не можам да ги издржам овие тешки подвизи". - Ако имаш намера да отидеш во некоја далечна земја, се разбира, ти не можеш да појдеш таму во еден миг, не можеш толку брзо да го изминеш таквото растојание; минувај секој ден толку колку што можеш - од конак до конак, каде ќе спиеш и ќе собираш нови сили, и со текот на времето ќе стигнеш таму каде што си тргнал. Ова истото може да се каже и за царството небесно и за рајот на сладоста. Таму стигнува секој со секојдневни трудови и подвизи - со постот, воздржувањето и бдеењето. Воздржувањето, солзите, молитвата, бдеењето, љубовта - тоа се конаците, преку кои стигнуваме на небото. Минувај ги трпеливо и радувaj се. По секој конак чекорите на твојата душа ќе стануваат покрепки, - и нема да наидеш на несовладлива пречка на патот што води кон небото.

88. Оној што без многу размислување го започнал својот монашки живот бива искушуван со слободно однесување. А на оној што станал монах од побожност, духовниот непријател му внушува да преземе подвизи поголеми, кои не може да ги исполни, но оној што има вистински страв Божји, тој не бива уловуван ни од едното, ни од другото искушение. Стравот Божји го просветува неговото срце - за да оди по правиот пат.

89. Некој брат, откако се замонашил, се борел со мислата да излезе од манастирското братство. Таа честа помисла била придружена од следниот пример: "Погледни го расадот од разновидните градинарски растенија; ако градинарот не ги искорне и не ги пресади на друго место во градината, тие нема да израстат до својот потполн раст и плод нема да дадат". - На оваа помисла овој брат и одговорал вака: "Па зар градинарот го искорнува целиот расад од леите за расад? Зар и тој не остава во нив толку коренчиња колку што тие можат да ги исхранат? - Освен тоа, не ли се посигурни оние што останале неискорнети од оние што биле искорнати и пресадени?" - На овој начин, со помош на Божјата благодат, овој брат ја победил помислата што го искушувала.

90. Монахот треба да биде благоразумен, за да може да ги распознава сите замисли на непријателот, па едни од нив да ги испраќа со насмевка, други - со смирение, а трети - да победува со добро подготвени зборови.

91. Сѐ додека душата мечтае за земното, таа бива раслабувана од разни пожелби на овој свет и од суетни задоволства, кои ги има во своите помисли. Од нив има голема штета монахот и кога седи во својата ќелија. Кога некој потполно се откаже од овој свет и потполно го намрази и него и сите негови измами, пa cо сето свое срце и со сета своја душа потпопно Му се предаде на Господа, тогаш мрзливоста нема да земе власт над него и ќе може слободно да му се предаде на свосто дело. Нему ќе му претстои само борбата со помислата нa славољубието, но и оваа помисла слугата Бижји ќе ja одгони од себе, расудувајќи за тоа дека е немоќен и знае дека сѐ што има е дар од Бога, зашто немаме ништо што не сме добиле (сп. 1. Кор. 4,7). Тој брат има борба и со немоќта на своето тело, но нема да се исплаши од тоа и нема да се одвои од Божјата љубов, според она што го вели апостолот: "Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја: тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли или голотија, опасност ли или меч? Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите... ниту, пак, некоја друга сила ќе може да нѐ одвои од љубовта Божја во Исуса Христа, нашиот Господ" (Рим. 8,35–39). По сите други страсти следи духот на блудот, но бегај од срамните зборови, и ќе ги одбегнеш нечистите помисли.

92. Мудрите старци ја помагаат и ја закрепуваат душата на младите монаси.

93. Ако си се откажал од светот, тогаш зафати се за работата што си ја почнал - за да го најдеш бисерот што го бараш. Некои, откако се откажале од светот, се оддалечиле од светскиот начин на живеење: едни од нив ја оставиле воената служба, а други го раздале своето богатство, но сепак, бидејќи биле водени и раководени само со својата волја, паднале, затоа што не живееле според Божјата волја. Тие давале вид дека низ главната врата се оддалечуваат од сѐ што е земно, но пак се вратиле кон светското преку една друга скришна врата.

94. Во тоа се состои пријатната миризба на знаењето во човекот - што човекот, ако се обвинува себеси за нешто кога се работи за слична грешка кај друг, тој не го обвинува другиот за истата грешка.

95. Кај кого е срцето помрачено од бура на помисли и кој е победен од страстите, таквиот и од луѓето не се срамува и од Бога не се плаши. Ако е човек што има власт и сила, тој без страв прави секакво зло, а ако е немоќен и сиромав, тој, предавајќи ѝ се на грубоста на својата природа, и тој, исто така, постапува многу лошо.

96. Борбата на војниците е кратковремена, a кaj оние што со ревност се борат за своето спасение, тие продолжуваат сѐ до одењето при Господа. Затоа оваа борба да ја водиме внимателно, усилено и трпеливо. Ако имаш намера да убиеш лав, тогаш треба да се бориш упорно и храбро, за тој тебе да не ти ги искрши коските. Ако се фрлиш во море, не загубувај ја твојата храборост, биди трезвен сѐ додека не излезеш на суво, за да не пропаднеш како камен во длабочината на морето. Ако навлезеш во борба, исто така, биди трезвен, за да не те победи твојот непријател и да не се израдува, а ти, место да добиеш венец, да бидеш подложен на страшно ропство.

97. Оној што сака да биде монах, тој треба да биде подготвен за храбра трпеливост, така што, по напуштањето на монаштвото, да не рече: "Јас не знаев, дека тоа ќе се случи со мене". И затоа, ете, за ова биваш известуван. Прибери се, среди ги твоите мисли и вооружи се со трпеливост, па сега, кога те замонашуваат, изговарајќи ги зборовите: " Сѐ ќе трпам", да не се случи утре да го нарушиш овој твој завет и да го погазиш и со зборови и со дело. Светите Божји ангели стојат и те слушаат сѐ што говориш - што излегува од твојата уста. Гледај да не излажеш, зашто Господ ќе ги погуби сите што говорат лага (еп. Псал. 5,7).

98. Оној што пристапува да Му служи на Господа бива окружуван од разни искушенија. Но само оној победува во сѐ што со сето срце се предава да биде управуван од Божјата воја. Бог бара од нас само одлучност, а Он Самиот ни дава сили и победа. Така вели и псалмопеачот Давид: "Он е заштитник на сите, кои се надеваат на Него" (Псал. 17,30).

99. He гледај ги мрзливите; гледај се себеси; имај Го пред твоите очи Бога, како што е нанишано: "Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Он е мојата десна страна, за да не се поколебам" (Псал. 15,8).

100. Никого да не осудуваме, зашто не знаеме како живее тој во својата ќелија и како се труди пред Бога; да не го осудуваме оној што се смее и што разговара, зашто не ги знаеме неговите расположби кога е во својата ќелија. Секој од нас треба да биде внимателен спрема себеси, зашто секој од нас ќе одговара пред Бога.

101. Сакаш ли да не бидеш победен од твоето искушение? Потруди се на секој начин да се откажеш од твојата волја. Ако некоја работа тебе ти се чини добра, а твојот игумен смета дека е лоша, покори му се како на Господа. Желбата наша да спориме и решеноста да сакаме да го правиме она што го намераваме веќе е белег на скршнување од Божјиот пат. Секој треба да ги слушне следниве зборови на светиот пророк Давид: "Служете Му на Господа со страв и радувајте се со трепет. Почитувајте Го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои на Него cе надеваат" (Псал. 2,11–12).

102. Да не водиме таков живот, ако сакаме да бидеме воздржливи и кротки постојано, а не еден ден воздржливи и кротки, а следниот ден невоздржливи и горди; денес да бидеме безмолвни, будни, смирени, а утре - задоволства и ненаситен cон; денес одрекување од светот и од сѐ што е во него, одрекување од татковината, од родителите и роднините, од пријателите, заради Господа, а утре - да имаме желба да ги видиме роднините и блиските, да бараме наследство, кои не потонуваат во мноштво зла. Да не забораваме и секогаш да си спомнуваме дека Лотовата жена се претворила во столб од сол затоа што се свртела назад. А и нашиот Господ Исус Христос нѐ поучува и ни вели: “Никој, што ја става раката своја на ралото и погледнува назад, не е достатен за царството Божје" (Лука 9,62).

103. Секогаш имај го во умот оној ден кога си се одрекол од сѐ, кога си го оставил светот заради Господа, кога си горел со страв Божји и кога духот твој горел во Господа. Оваа расположба пази ја до крајот на твојот земен живот, зашто во светото Евангелие е речено: "Koj претрпи до крај; ќе биде спасен " (Матеј 10,22).

104. Не ослабнувај од помислите што ти доаѓаат, зашто тоа е почетокот на борбата. Поучи се од собирањето на дождовницата: кога да се собере во садовите, таа е матна, а потоа како што минува времето таа станува cѐ почиста и побистра. Потрпи: и твоите помисли ќе се слегнат и ќе ти дадат мир.

105. Ислушај ја оваа приказна за помислите. - Koгa грозјето узрее и се набере од лозниците, тоа бива ставано во садови, бива газено и гмечено, за да даде вино. Тогаш во почетокот тоа врие, како да го грее најсилен оган, така што и најздравите садови прснуваат од силниот напон на вриежот. Така бива и со човечките помисли кога некој човек преминува од суетниот свет и неговите грижи преминуваат кон небесното. Демоните не можат да ја поднесат таа и таква ревност и се трудат со најразлични средства да го вознемируваат неговиот ум со намера да создадат матење во неговата душа (сп. Авак. 2,15). И ако најдат некоја душа, која има недостатоци, душа што има слаба вера и исполнета со сомневање, тие ја разурнуваат. Бесовите, како волци грабливи, одат по ќелиите на монасите, бараат отворена врата, па кога ја најдат, влегуваат и ја разурнуваат расколебливата душа. А, ако ја најдат затворена вратата на душата, која е утврдена во верата, тие се враќаат со наведнато лице и посрамени.

106. Во сите твои работи држи се за смирението, кое е мајка на послушноста. Ослободи се од двоумењето и во сѐ облечи се со вера, та Господ, гледајќи ја ревноста на твојата душа, да те укрепи во богоугодното живеење. Имај во себе силна омраза спрема мрзливоста, кон натпреварувањето, кон лошото и кон зависта, зашто ти си оставил сѐ заради Господа. Знај дека, ако во почетокот ги прифатиш лошите помисли, дека потоа ќе претрпиш многу труд и многу штета.

107. Ако не ѝ дозволуваш на нечистотијата да се натрупува однадвор врз твоето тело, тогаш не давај им ни на лошите помисли и телесни желби да навлегуваат во тебе.

108. Кој оди по широкиот пат го среќаваат: лошите помисли, расејаноста, чревоугодието, пијанството, попустото трошење, неисправноста, несогласувањата, раздразнителноста, надуеноста, непостојаноста и друго слично, а по овие следат: неверувањето, непослушноста, непокорноста, а последното од овие зла е очајанието. А кој оди по тесниот и стрмен пат, него го среќаваат: безмолвието, воздржливоста, целомудрието, љубовта, трпеливоста, радоста, мирот, смирената мудрост и сѐ друго што е слично на ова. А по нив следи бесмртниот живот.

109. Особено пази се од слободното однесување, за да не бидеш заробен од многу зборување и од бесрамноста, да не им станеш радост на бесовите, па најпосле - да се одвоиш од самото манастирско братство. Дивите магариња не ги опустошуваат толку многу житните полиња, колку што слободното однесување ги опустошува трудовите на монасите.

110. Да ги замислиме оние што стојат пред земниот цар и што служат околу неговиот преоден престол, и ќе видиме со какво големо внимание и со каков трепетен страв тие стојат и служат пред својот цар. Не треба ли многу повеќе со страв и трепет и со поголемо внимание да Му служиме на нашнот Небесен Цар? Затоа не е добро без страв и трепет и без срам да ги гледаме Светите Тајни, Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос, кои се пред нас. За да нѐ увери во ова, Светото писмо ни говори: "Mojcеj се стресе и не можеше да погледне" (Дела 7,32).

111. Според моето размислување, има три вида дремења, кои го смутуваат ноќе човекот. Првото го имаме кога лукавиот сака да нѐ испита кога почнуваме да го извршуваме нашето молитвено правило и да ги пееме псалмите. Ако не сме мрзливи, оваа дремка нема никаква сила; оваа дремка посилно нѐ измачува, ако сме оптоварени со повеќе храна и течност. Втората дремка нѐ напаѓа за време на светите богослужби. Таа нѐ напаѓа поради нашата мрзливост, кога не правиме вистински усилби до крајот на богослужбите и посакуваме да ги оставиме браќата и да појдеме да спиеме. Третата дремка ни се случува според барањето на самата наша природа, по завршувањето на нашето молитвено правило. - Да не бидеме мрзливи. Зар не си слушнал како пророкот Самуил, кога бил трипати повикан од Бога, не бил мрзлив веднаш да станува, иако бил уште момче? Кога стоиш на молитва, среде браќата или сам, за да Го славословиш нашиот Господ Исус Христос, па почне да те вознемирува првиот вид дремка, штом ја забележиш - противстави и се, за да не бидеш заради твојата мрзливост лишен од плодовите, кои ги дава служењето на Бога; биди трпелив, па макар очите твои да се затворат еднаш или двапати. Не напуштај го твоето место и ќе имаш голема корист. Желбата за ненаситно спиење е слична на чревоугодието. Ако некој свикнал да јадем ногу, тогаш и неговата природа бара многу, а ако свикнал да се воздржува од многу јадење, тогаш и неговата природа не го бара тоа. Угледај се на рибарите; тие цела ноќ не спијат и продолжуваат да работат многу напорно. Ако некој од нас, совладан од сонот, предаваји ѝ се за својата мрзливост, заспие, ќе види дека погрешил што не се борел одлучно со дремката, која можел да ја совлада, и ќе почне да се прекорува затоа што бил мрзлив. Истото ќе биде и со тебе, ако им се предадеш на дремката и на сонот, како што вели и пророкот: "Заспаа богатите луѓе и ништо не најдоа во рацете од богатствата свои" (Псал. 75,6).

112. Како што коработ, кој плови по морската шир, ако се појави на него некоја мала пукнатина и ако морнарите не се потрудат веднаш да ја затворат, таа за кусо време се проширува и станува причина бродот да потоне во морските води, истото станува и со душата, која ги дозволува ѓаволскте искушенија во себе, ако не се вознемири и не ја побара помошта на својот Создател. Затоа, брату, и јас и ти имаме голема потреба од духовна трезвеност и од смирение. Сите ѓаволски искушенија се немоќни кога искрено Му се обраќаме на Бога за помош.

113. Се случува некој да земе сад и да појде за да го наполни со вода, но го испушта и го скршува. Сличен на него е и оној, кој оди во манастир и станува монах, за да го придобие христијанското совршенство, да ја добие Божјата благодат, но пак се враќа на световниот живот.

114. Верата е мајка на сѐ што е добро и со неа човекот се исполнува со ветувањата, кои ни се дадени од нашиот Спасител Господ Исус Христос, како што е напишано во Светото писмо: "Без вера не e можно да Му се угоди на Бога" (Евр. 11,6). Неверувањето e ѓаволски пронајдок; тоа е мајка на секое лукаво дело. Од него се радува неодлучноста, која е исто што и колебливоста. Светиот апостол Јаков вели: “Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан" (Јак. 1,8).

115. Сакаш ли да ги избегнеш соблазните и озборувањата? - Toгаш стави ѝ врата на твојата уста заради Господа, како што вели псалмопеачот: “Сврти ги очите мои за да не гледам суета " (Псал. 118,37) - И ќе ги избегнеме и едното и другото: озборувањата со молчењето, а соблазните - преку пазењето на очите. Ако не ги победиме овие зла во себе, тогаш каде и да одиме, и нив ќe ги носиме во себе. Победи ги, и ќе имаш мир, каде и да живееш.

116. Прекрасни се молитвата и постот, но нив ги зајакнува милостињата, зашто е речено: " Оти Јас сакам повеќе милост, а не жртви" (Ос. 6,6). А Спасителот наш Господ Исус Христос ја нагласува милостињата, велејќи: "Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани" (Матеј 5,7). А ангелот Божји му рекол на Корнилиј: "Бог cи спомна за молитвите твои и милостињите твои" (Дела 10,4). Значи, не само за молитвите, туку и за милостињите.

117. Не занемарувај ги црковните богослужби поради каква и да е работа. Како дождот што му помога на семето да расте, така црковните богослужби ја зајакнуваат душата во добродетелите.

118. Не прави така што денес да бидеш во безмолвие и внимание, а утре - да одиш од ќелија во ќелија или, што е уште полото, од една монашка населба во друга. Постојано безмолствувај, имајќи на ум дека во каква мерка ќе безмолствуваш, во таква мерка ќе cе очистуваш од нечистите помисли, и, по каква мерка некој се оддалечува од безмолвието, во таква мерка огрубува неговиот ум.

119. Стравот Божји е утврдена кула пред лицето на непријателите. Оној кој ја запазува оваа кула неразурната, тој нема да биде заробен. Приближи се кај Човекољубецот и заедно со пророкот извикувај кон Неговата добрина; "На Тебе, Господи, се надевам, за да не се посрамам довека; поради правдата Своја спаси ме и очисти ме" (Псал. 30, 1). Тогаш и Господ ќе ти рече: "Како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам и ниту ќе те презрам. Биди цврст и храбар" (Ису. 1,5-6).

120. Да бидеме великодушни и да ги носиме тешкотиите еден на друг, да им помагаме да станат на оние што паднале и да им помагаме да се ослободат на оние што се заробени од духовните непријатели. Има ли добар војник, кој, кога види дека неговиот соборец бил заробен од непријателот, нема да се бори уште поусилено, за да го ослободи својот заробен другар од рацете на непријателите? А кога нема сили да го ослободи, тогаш тој, спомнувајќи си за својот другар, плаче и жали. Не сме ли ние уште повеќе должни да ги полагаме нашите души еден за друг? Затоа нашиот Господ и Спасител Исус Христос рекол: "Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели" (Јован 15,13).

121. Оној што деновите свои ги живее во мрзливост, тој самиот себе се измамува и воопшто не помислува за убавините, кои им ги ветил Господ на праведниците и за казните, кои се приготвени за грешниците, па без секаков страв им се предава на светските уживања. Лукавиот демон таквиот го насочува да се стреми кон телесните задоволства и похоти, а тој не е во состојба да го забележи тоа, како што не ја забележуваат портата оние што влегуваат и излегуваат низ неа. Кога похотата cе всели во умот, таа ги помрачува неговите духовни очи.

122. Бегај од слободното однесување и од смеата. Со воздржување зауздувај го чревоугодието, среброљубието - со љубов спрема немаштијата, зборувањето - co молчењето, неподнесувањето да се седи на едно место - со седењето во својата ќелија, мрзливоста - co спомнувањето на идните убавини, непослушноста - со смирената мудрост; најмногу бегај од слободното однесување, кое е, според моето мислење, почетокот на сите зла. Ако не го зауздаш, тоа ќе те направи бесрамен, а ако го зауздаш - ќе бидеш блажен, зашто е речено: "Блажен е оној човек, кој секогаш cе плаши" (Изрек. 28,14).

123. Биди внимателен спрема себеси, за да не го загубиш своето време во неработење и расејаност. Ако си насадил лозје, огради го со ограда. Ако си придобил овоштарник, чувај ги неговите плодови, за да можеш конечно да им се радуваш. Не пуштај ги твоите свињи во твоите обработени ниви, за да не запустеат. Каква е користа од тоа што ќе градиме во текот на еден ден, ако во текот на наредните два дена разурнуваме? Ако дејствуваме вака, како ќе можеме да го завршиме она што сме почнале да то градиме?

124. Bo целото човештво се расеани разновидни гревовни мамки, за човекот непрестајно да се бори со својот ум. Еден се бори, а друг се занесува по мамката и паѓa. Паѓаат луѓето еден по друг соодветно на својата духовна расположба. Ова не бива без учество на непријателот, но тој се сообразува спрема нашата расположба. Тој, кога ќе посака некого да го врзе со некоја гревовна пожелба, го врзува со она со што тој се насладува, така што, радувајќи им се на своите вериги, да не посака некако да се разврзе. Итар е тој што нѐ врзува и знае со што и како кого да врзе; знае оти, ако го врзе со некои вериги што не ги сака, разумот негов веднаш ќе ги разврзе и ќе се ослободи. Затоа, секого го врзува со она со што се насладува. И тоа е причината што, кога сме врзани, не жалиме, туку се радуваме; и кога сме уловени на овој начин - се воздигаме; се воздигаме, на пример, што сме врзани со веригата на зависта. А оној, пак, што е врзан со веригата на прељубодејството - смета воопшто не е врзан; и оној што е врзан со славољубието и со очигледннте неправди - смета дека е сосема слободен од секакви вериги. Секој од врзаните не ги знае и не ги гледа своите вериги и не ги чувствува мрежите во кои се обмотал. Сите тие страдаат со несвесноста и замагленото сознание на пијаните. Врзаниот опиен човек не знае дека е врзан. Во своето пијанство тој ги заборава веригите и не ги гледа врз себеси.

125. Знај дека секоја гревовна страст го расипува и уништува секое добро: се уништува правдата кога кон неа се примешува некоја долна подмолност; се валка непорочноста, ако до неа се допре похотливоста; исчезнува верата - ако нашето внимание го свртуваме кон навредите што ни ги нанеле; добротворството ја загубува својата вредност - ако го правиме од гордост; постот бива осрамотуван, ако е придружен од осудување. Внимавај на себеси и не дозволувај вакви мешања, кои го уништуваат доброто.

126. Должен си секој член на приличен начин да го пазиш од она што е штетно. Ако твоето тело е чисто од блуд, пази ја твојата уста од осудувањето на твоите ближни. Устата не може да прељубодејствува, но таа може да лаже и да клевети. Ако еден од твоите членови е невин, а друг е виновен, тогаш со осудувањето на твојот виновен член - целиот ќе бидеш осуден. Не потценувај го осудувањето и не сметај дека е тоа нешто мало и безначајно. Од примерот на оние, кои стануваат плен на ловците, научи се да не ги занемаруваш и најмалите ситници. Се случува некоја огромна птица да биде задржана во мрежата на ловците само со еден мал нокт и токму со него бива врзана за мрежата, бива задржувана и смирувана во неа и на тој начин бива совладувана огромната сила на нејзините крила. Иако таа птица е потполно надвор од мрежата, сепак преку само едниот единствен нејзин нокт, заплетен во мрежата, таа бива уловувана и станува плен на ловците.

127. Да бегаме од лошата помисла, зашто таа се суди еднакво со делата. Да пристапуваме кон добрите помисли, зашто тие добиваат еднаква награда со делата од Оној Кој ги испитува срцата. Нашата намера е веќе дело, зашто и во намерата , која прави сѐ, се содржат основите на нашата слободна волја.

128. Милостивиот Господ нѐ снабдил со орудија против секакви гревовни напади. Само не треба да бидеме мрзливи и да не сакаме да се служиме со нив. Ако непријателот пристапи кон нас со своите распалени стрели, тогаш ние го имаме за одбрана непробојниот штит - молитвата; ако намерава да нѐ нападне со неправдата - да прибегнеме кон правдата, и ќе се спасиме; ако посака да нѐ рани со омразата спрема луѓето, - да го пречекуваме со силната љубов спрема луѓето; ако нѐ нападне со гордост, - да му се противставиме со смирената мудрост; ако ја поттикнува во нас телесната похот, - што побргу да то ставиме на нас оклопот на целомудрието; ако нѐ нападне со алчност и ненаситност, - да се послужиме со крилата на постот. - Ете, имаат стрели нашите непријатели, но имаме стрели и ние немоќните. Нашиот пораз во борбата со демоните не доаѓа како последица на тоа што немаме оружје за успешна борба против нив, туку затоа што не сме достатно внимателни и што не сакаме да се служиме со оружјето, кое ни е дадено на располагање.

129. Каква е ползата од тоа, ако некој има сѐ, но ја нема љубовта што спасува? Ако некој се потруди да направи гозба и ги покани и царот и неговите кнезови и се приготви богато, настојувајќи ништо да недостасува, но тој нема само сол, може ли тогаш приготвената гозба да биде вкусна? - Се разбира не може. Така е и со нас монасите. Ако некој придобил девство, ако пости, ако прави бдеење, ако се моли, ако им дава дарови на сиромаси, ако прави добрини и дела на милосрдие, ако изградува цркви и ако прави нешто друго, тој треба да знае дека сето тоа ништо нема да му помогне пред Бога, ако нема љубов (сп. 1. Кор. 13,1–4).

130. Да се потрудиме да ги добиеме ветените вечни блага. Да се грижиме за нив додека има уште време, додека не се привршил денот и додека не се стемнило, додека не свршил пазарот; да си направиме пријатели од сиромасите за тамошниот живот. Кај нив да си го купиме потребното масло за нашите светилници и да го испратиме таму пред да појдеме ние таму. За тамошните наши светилници маслото го продаваат: вдовиците, сиромасите, немоќните, хромите, слепите сите оние што седат пред вратите на црквите.

131. Кога ќе застанеш на молитва пред Бога, внимавај прекрасната харфа со која Го прославуваш Бога, односно твоите помисли, да не бидат разграбани од твоите непријатели. Тогаш како и со што ке Му служиш на Бога, ако ти ја грабнат оваа харфа - ако ти ги заробат твоите помисли. Служењето на Бога бара од нас - сите наши помисли, сета сила на нашата душа и целиот наш ум сецело и неразделно да бидат устремени кон Бога. Кон своето злато не замешувај бакар или олово, односно - во твојата душа не пуштај да навлезат многу нечисти помисли. Како што девојка, која е свршена биде измамена од други, станува одвратна во очите на својот свршеник, така е и со душата, која се предава на многу и лоши помисли и се согласува со нив, Му станува одвратна на својот Небесен Свршеник - Спасител Господ Исус Христос. Душата е должна на секој начин да ја избегнува врската со овие помисли и да не се насладува со согласноста со нив, така што Господ да ја види нејзината љубов спрема Себеси, да ја засака уште повеќе и, откако дојде, во неа да ги победи сите нејзини непријатели, кои cе обидуваат да ги одвратат нејзините мисли од Heгo. Зашто штом Господ види дека душата силно настојува да биде собрана во себеси, барајќи Го непрестајно Господа, ја бара Неговата помош и вика кон Него дење и Hoќe, тогаш Господ нема да се бави и нема да задоцни да ја одбрани и да ја очисти од порокот, кој сѐ уште се наоѓа во неа и да ја прими како Своја невеста, која нема никаква нечистотија.

132. Отвори го твоето срце и одлучи се да Го посакуваш Господа во сите денови на твојот живот. Да Го посакуваме Бога - тоа е постојана наслада и просвета - постојана душевна радост. Ако секогаш Го посакуваш, Он секогаш ќе живее во тебе. Oн живее во онаа душа што се плаши од Него и ја исполнува волјата на оние кои Го возљубиле.

133. Сакаш ли да бидеш свет и непорочен храм Божји? Тогаш имај го во твоето срце Неговиот образ. Под Божји образ не треба да ја разбираш Неговата икона, која е направена со бои, туку оној Негов образ, кој бива сликан во нашата душа со нашите добри дела, постот, бдеењето, успесите во доброто, воздржувањето и молитвите, а боите за оваа небесна икона на нашиот Господ и Спасител се: чистите помисли, кои се далеку од сѐ што е земно и нашиот постојанен чист живот.

134. И во светскиот и во монашкиот живот никоj не бива овенчуван без борба; без борба никој не може да добие неувенлив венец и вечен живот. Зашто вистинскиот живот секогаш е сличен на бојно поле. Сакаш ли во борбата да cе покажеш совршен? - Тогаш секогаш биди вооружен со добродетелите, како со оружје, а дали си облечен во добродетелите? Ако се тие во тебе и врз тебе, ако си облечен во нив тогаш постојано прави усилби да не бидеш лишен од нив.

135. Настојувај да cе угледаш на животот и на добродетелите на светите преподобни оци. Оди по патот на нивниот живот и подвизувај се како и тие: подвизувај се духовно, подвизувај се и телесно, биди подвижник и во твојата облека, и во твојата храна, и во твоето зборување, и во твоето гледање, и во твоите помисли, така што во сѐ да се покажеш совршен.

136. Биди внимателен спрема себеси, за во време на твојата молитва да не бидеш расеан. Кога ќе застанеш на молитва пред Бога, стој пред Него со страв и со трепет. Насекаде околу твоето срце отсечи ги сите помисли и сите грижи за земното. За време на твојот молитвен час биди потполно како небесен ангел и настојувај твојата молитва да биде света, чиста и неосквернета, така што, кога небесните ангели и архангели ќе ја видат како се издигнува кон небото, веднаш да ги отворат небесните врати пред неа и да ја пречекаат со веселба и да ја пренесат пред светиот и превозвишен престол на Господа. Еве, во секој твој молитвен час секогаш паѓaj пред Бога - како Херувим и Серафим.

137. Твојата борба, која ја водиш со твоите духовни непријатели, не е некаква обична и неважна борба; напротив, таа е многу важна, зашто и ангелите и Самиот Бог те гледаат сето време каков си и како се бориш со твоите непријатели. Па, кога ќе го победиш овој твој непријател, тогаш и Бог и ангелите ти ракоплескаат; ангелите се радуваат и Го прославуваат Бога, Кој ти подарил сила да можеш да го победуваш лукавиот. Затоа оваа борба станува сѐ посилна, за да можеш ти да стануваш cѐ поискусен борец, Бог да биде прославуван и луѓето околу тебе - да се огледаат на тебе.

138. Не станувај мрзлив затоа што си се истоштил, туку имај надеж во Господа. Зашто таму каде што се подвизите, таму е и наградата, а таму каде што има борба - таму има венци и одликувања, таму има и почести. Затоа непрестајно, биди заедно со светиите и вели: ”Надевај се на Господа, биди мажествен; нека е цврсто срцето твое; надевај се на Господа” (Псал. 26,14).

139. Приготвувај се за смртниот час, за излегувањето на твојата душа од телото. Доведи сѐ во ред во твојата нива, а твојата нива, тоа е твојот земен живот. Земи го добриот дикел, а тоа е Новиот завет; твојот имот огради го со трња и со други бодливи растенија - од постот, молитвата и учењето. Ако имаш околу себе ваква ограда тогаш нема да влезе ѕверот, односно ѓаволот. Обработувај ја твојата душа како што добриот вреден лозар го обработува лозјето и како што чуварите на позјата тропаат и извикуваат и со тоа ги отстрануваат оние, кои имале намера да крадат. Така прави и ти, издигнувај го твојот глас кога ги пееш псалмите; на тој начин ќе ги одгониш ѕверот и лисицата - ѓаволот. Непрестајно внимавај на ѓаволот тогаш кога се устремуваш кон нешто непристојно и грешно. Ако во твојата душа почне да те напаѓа со нечисти зборови, противстави му го штитот - верата, и стави го на себеси шлемот на надежта. Извлечи го "духовниот меч, кој е словото Божјо" (Ефес 6,17). И, вооружувајќи се вака против непријателот, трпи и не бивај невнимателен за време на оваа борба, туку, напротив, биди трезвен во сѐ и вели: "Ги знаеме ние неговите замисли!"

140. Кога ќе ти дојде некоја лоша помисла, извлечи го во твоето срце Божјиот страв и ќе ја исечеш сета непријателска сила. Место војничката труба, употребувај го Светото писмо. Како што трубата со својот звук ги собира војниците, така и Божјото Свето писмо, повикувајќи нѐ, ги собира нашите добри помисли и ги постројува со силата на стравот Божји, од нив создава цел полк за борба против непријателите на Царот. Освен тоа како што трубниот глас за време на борбата ги возбудува младите борци и ги подготвува за борба со непријателите, така и Светото писмо ја возбудува и поттикнува нашата ревност кон доброто и нѐ поткрепува во борбата против страстите.

141. Принудувај се колку што можеш повеќе и почесто да го читаш Светото писмо, за да може тоа да ги собира твоите помисли, кои непријателот пакосно ги расејува, вложувајќи во тебе лукави мисли, нанесувајќи ти или страдања или успеси и животни удобности. Сето ова тој го прави по својата завист и пакост - со намера да го оддалечи човекот од Бога.

142. Биди трезвен и труди се секогаш да се занимаваш со читање, за да бидеш научен од него како да ги избегнуваш мрежите на непријателот и да го добиеш вечниот живот.

143. Читањето на Светото писмо го доведува нашиот ум кој талка во состојба на собраност и му подарува знаење за Бога, зашто е напишано: "Застанете и разберете дска Јас сум Бог" (Псал. 45,10). Ете, слушаш дека знаење за Бога добива оној, кој се занимава со читањето на Светото божествено писмо. Затоа не биди мрзлив и занимавај се со ова читање и во молитвите, за да се просвети твојот ум и "за да бидеш совршен и целосен, без никаков недостаток" (Јак. 1,4).

144. Некои се фалат со тоа што разговарале со големци, кнезови и цареви, а ти фали се со тоа дека разговараш со Бога кога го читаш Светото писмо, дека разговараш со Светиот Дух, зашто преку Светото писмо зборува Светиот Дух.

152. Безмолвието е мајка на скрушеноста, огледало на гревовите, извор на незадржливи солзи, училиште за надзор над помислите и на расудувањето со нив, утврдување на постот, преграда на чревоугодието, место за вежбање во молитвата и читањето, смирување на помислите, тивко пристанише од загриженост, благ и лесен јарем, кој ги успокојува оние што го носат, родителка на побожноста, врзување на страстите, узда за очите, јазикот и слухот, причина за љубовта кон немаштијата, плодоносна Христова нива, која раѓа добри плодови.

153. Придобиј го за себеси овој добар дел, што го избрала Марија, која, откако седела кај нозете на Господа и се приврзала кон Него, станала образец на безмолвието. За ова ја пофалил и Господ и рекол: "Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе" (Лука 1О,42). Гледаш ли какво е безмолвието! Самиот Господ го пофалува оној што го придобил. Придобиј го и ти и ќе се насладиш на Господа (сп. Псал. 36,4), седи при Неговите нозе и прилепи се само за Него, така што да можеш смело да кажеш: "Кон Тебе се приближи душата моја, Твојата десница ме подржува" (Псал. б2,8).

154. Болсетите не стануваат одеднаш неизлечиви, но откако добијат лош почеток од незагриженоста, преминуваат во фаза на неотстранливи повреди. И страстите се појавуваат во душата од мала причина, но ако бидат занемарени, ако не биваат отстранувани, тие причинуваат прекумерно растројство во душата. Страста станува многу опасна, ако ја занемариме. Ако не ја очистиш 'рѓата, нема да можеш да го отстраниш петното; ако телото не го истоштиш, нема да успееш страста да ја отстраниш од него. 'Рѓата тесно се соединува со бакарот, така и страстите лесно се вкоренуваат во нашата природа. Оној што ќе го чисти бакарот додека не зарѓавел, тој потоа ќе нема грижи за него; оној што ке ја облече својата душа со добродетелта, тој нема да биде во опасност; тој нема да претрпи ни скриено прилепување на злото. Бакарот кога се чисти станува сјаен; а ако исчистениот бакар уште не е оштетен од 'рѓата, садот што е направен од него може да биде долго употребуван. Во спротивен случај, неговиот сјај е краткотраен и бргу се губи. И душата, која е веќе расипана, пристапува кон добродетелта, таа се колеба и од колебањето - пропаѓа.

155. Како што душата од соединувањето со нечисто тело станува телесна, така и телото, во своето соединување со чистата душа - станува духовно. И свети апостол Павле разликува луѓе духовни и луѓе телесни. Тој знаел дека и телесните луѓе имаат душа и дека духовите имаат тело, но поради што во човекот превладува едното повеќе отколку другото, тоа што превладува му се препишува на целиот човек. Ако во некој човек телото превладува над душата, тој човек е телесен, а ако во друг превладува душата - тој е душевен или духовен. И на друго место, сакајќи да ни го објасни ова, тој вели: "Телото сака спротивни работи на духот, духот - спротивни на телото; тие се еден против друг" (Гал. 5,17). А Светото Евангелие вели: "Царството небесно насила се зема и силните го грабат" (Матеј 11,12). Духот прави напори да ја издигне природата кон божественото, зашто природата од телото бива влечена кон земјата. Оваа усилба на духот над природата е борба и таа станува на двоен начин: кај почетниците - за да не влезат во единство со телото, и кај совршените - самото тело да го направат духовно.

156. Ако душата е она што е главно кај човекот, тогаш нема неправда кај Бога што го направил човекот негниежлив; Бог не ја принудува сложената човечка природа, туку само ја поттикнува со силата на духот - доброволно да го привлекува телото кон негниежливост, како роб, кое е развратено преку гревот. Како што во огнената печка и бакарот добива вид на оган, така и телото се одухотворува, ако стане негниежливо. Тој ист бакар, ако го закопаме в земја, станува 'рѓа и се претвора во прав; тоа истото станува и со телото, ако е потонато во страстите.

157. Како се однесуваат светиите кон телото? Природата на телото бара спокој, па затоа светиите повеќе се трудат да го ослабнат и да го истоштат. Нашата природа е повредена и телесна; таа ја бара славата и се насладува со неа, а светиите се утешуваат кога ги хулат и ги скриваат своите дела. Природата на телото бара храна, а тие ја истоштуваат со пост и подвизи. Природата има склоност кон брачен живот, а тие ја зауздуваат со воздржување и ги отстрануваат сите причини за возбудување на похотта. Природата се стреми кон удобствата на животот, а светиите кога ги навредуваат - трпат, кога ги крадат - поднесуваат великодушно. Тие потполно се ослободуваат од телесниот живот, според зборовите на Господа: "Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене" (Матеј 16,24). Ha истото нѐ поучува и апостолот, велејќи: "Умртвете ги своите земни членови" (Кол. 3,5). И Божјото создание Он не го осудува да биде заклано; но сака да го оживотвори плотското, откако го умртви неприродното во него со усилбите на духот. Он не рекол: "Умртвете ги телесните членови", туку: "Умртвете ги своите земни членови". А кои се тие? - Блудот, нечистотата, лошата похот, желбата за богатеење и сѐ друго слично на ова. Со сето тоа се насладува телесниот човек, кој е унижен и раслабен со гревот. Гревот прави насилство над природата. И кога природата, место да се задоволи со тоа што ѝ е неопходно, се предава на ненаситност, место жедта да ја задоволи со пиење - се предава на пијанство, место да се задоволи со бракот - се предава на блуд, место правда бара неправда, и место љубов - омраза. Сето тоа не ѝ е својствено на природата и затоа апостолот нѐ учи да го умртвуваме, подложувајќи ја на принудување нашата повредена природа, така што, ставена под управа на духот, таа да ги надмине своите граници. И Спасителот, кога рекол, дека за подвижникот е подобро хром или сиромав да влезе во царството небесно (сп. Матеј 18,8), - не барал отсекување на членовите, Он заповедал - тие да го прават она што им заповедал, а не да стануваат орудија на гревот.

158. Оној што сака да се подвизува заради Христа треба да добие такво вооружување, кое ќе му овозможи да биде во состојба да му се противставува на ѓаволот и да му угодува на нашиот Спасител.

159. Место борба, прими ја верата, која би била слична макар на синаповото зрно, во единосушната и нераздела Света Троица. Како што е синаповото зрно совршено тркалесто и како самоподвижно, така самоподвижна да биде и твојата вера. Движењето на верата, - тоа се добродетелите. Некои имаат вера, но немаат добродетели, немаат дела; тоа не е вистинска вера, затоа што е мртва, како што е речено: "Верата без дела е мртва" (Јак. 2,20). Koj има вера и прави дела на верата, кај него е верата како самоподвижното синапово зрно. Неа придобиј ја и биди силен и неповредлив во верата, горејќи со желба да ги исполнуваш заповедите на нашиот Спасител, за да можеш да ги слушнеш Неговите зборови: "Убаво, добри и верни слуго! Влези во радоста на својот господар " (Матеј 25,23). Господ го нарекол "добар" - поради неговите дела, а "верен" поради неговата вера.

160. Место шлем прими ја надежта на идните блага, како што вели апостолот: "Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат" (1. Кор. 2,9; 1. Петр. 1,12). Оваа и ваква надеж ќе ти даде силна утеха во маките и страдањата и спомнувањето за тоа ќе те развесели. На ова мислеле блажените Христови маченици, кои, наоѓајќи се во најстрашни маки и страдања и измачувања, среде распалени огнови, оваа сакана надеж ја имале пред своите очи, и затоа доброволно и благодарно претрпувале сѐ, само да можат да го добијат она на што се надевале. Оваа надеж имај ја непрестајно пред своите духовни очи, така што желбата за она што го очекуваме - да не ти дозволува да мислиш на нешто непостојано, а, освен тоа, - да ја поттикнува во тебе готовноста кон секое добро дело.

161. Место со појас, препаши се со совршена љубов спрема Бога и спрема ближниот; љубовта ќе ти помогне и да ги пречекаш и да ги победиш сите тешкотии. Препашаниот лесно и без пречки ги преминува сите опасности; особено оној што е препашан со љубовта, - тој минува насекаде, зашто, како што е речено: "љубовта сѐ претрпува" (1. Кор. 13,7). Исполнет со неа, светиот апостол Павле пишува: "Koj ослаби, и јас да не ослабам? Кој се соблазни, и јас да не се распалам? (2. Kop. 11,29). Ja гледаш ли сострадателноста и силата на љубовта!

162. Место во обувки, обуј се во смирена мудрост: како што обувките се газат од нозете, а така и смирениот смета дека кога го газат, дека тоа не е ништо необично. Затоа и ти, брату, придобиј смирение. Тоа е обувка не телесна, туку духовна; таа те запазува: "да не ја сопнеш од камен ногата Своја" (Псал. 90,12). Блажениот Давид, откако придобил смирение, рекол: "Јас сум црв, а не човек" (Псал. 21,6). Гледај колку Бог го сака смирението и колку многу му се приближува на оној што го има и секогаш гледа на него. Зашто е напишано: "Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој живее во висините, и кој со смиреност гледа на небото и на земјата " (Псал. 112,5 и 6). "Грешниот го дразни Господа и очите негови демнат бедни" (Псал. 9,24,28). Кога ќе слушнеш за сиромав, разбери дека не станува збор за оној што загубил имот, зашто многумина цареви Му угодиле на Бога, а многумина сиромаси загинале. Сиромав се нарекува бедниот по дух, како што е речено: "Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно" (Матеј 5,3).

163. Место со штит, оградувај се со крсниот знак, запечатувајќи ги со него сите свои членови и срцето. И не само со својата рака да го правиш крсниот знак, туку и во мислите запечатувај го со него сето она што го работиш, твоето влегување и излегување, јадењето и станувањето, и постелата твоја, и службата што ја имаш, а, пред сѐ, благословувај се со овој свет знак во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух. Ова орудие е мошне силно, и никој и никогаш не може да ти направи никакво зло - кога го носиме на себеси ваквиот печат на великиот небесен Цар. Брату, со ова оружје дејствувај што почесто, зашто тоа силно му се противставува на непријателот и на неговите стрели. Никогаш не заборавај да се оградуваш со крсниот знак; тогаш ќе ги искинуваш мрежите, кои непријателот ги раширува околу тебе и ги крие од тебе, зашто е напишано: "На патот, пo кој одев, тие скришно примки ми поставија" (Псал. 141, 3). Знаменувај се и запечатувај се со крсниот знак, и злото нема да се допре до твојот дух.

164. Место лак - пружи ги рацете твои за молитва, како што е напишано: "И мускулите мои ги прави да затегнуваат бакарен лак" (Псал. 17,34). Зашто навистина лакот бакарен, тоа се рацете, пружени во молитва, која принесува во знаење; тоа е стрелата, која е вешто исфрлена од лакот. Ако ѝ дозволиш на твојата помисла да талка, тогаш ќе бидеш сличен на човек што држи лак и не умее да пушти стрела против својот непријател, а ја истрелува во градот. Дали тој и таков удар го плаши непријателот? Никако. Само кога некој се моли со знаење, кога не им дозволува на своите помисли да талкаат, кога е свесен за тоа кој е тој и пред Кого стои и со Кого разговара, тогаш неговата молитва се приближува до Бога и непријателот страда многу и бега - како што бега правот пред лицето на ветерот - гонет од Божјите ангели. Ете, затоа го мачи непријателот оној што се моли со знаење и што храбро се подвизува, запленувајќи ја својата помисла.

165. Моли се со знаење за тоа на Кого Му се молиш и за што Му се молиш. И ако за време на молитвата нешто или преку очите или поради некоја друга причина - го расее твојот ум, знај дека е тоа дело на непријателот, и не брзај да ја завршиш твојата молитва, туку да се осудиш себеси, па одново собери го твојот ум, па тогаш почни пак да се молиш со знаење, за да знаеш што да просиш од Бога и да не говориш попусто ништо што е непотребно и да не употребуваш многу зборови. - И тоа е дело на непријателот, кој ја устремува помислата на човекот кон она што не му е потребно, а не кон она што му е најпотребно. Тој знае дека, ако човекот ја продолжи својата молитва, Создателот негов ќе го послуша, па макар и илјадапати да згрешил. Затоа непријателот наведува на него многу мисли, така што неговите мисли да летаат како стрели пуштени врз некој град, без одредена цел. И се случува - рацете на човекот да бидат пружени за молитва, а јазикот да говори едно, а умот да мисли и вообразува друго. И тоа станува со подбивање на непријателот. Затоа, брату мој, секогаш проси од Господа за она што ти е особено потребно; Моли се спрема чувството на таа потреба. Погледни ги двајцата ерихонски слепци. Тие викале кон Господа: "Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов!" Матеј 2О,32-33). Тие не Му рекле: "Дај ни тоа и тоа", зашто малку ли потреби имале тие? Туку побарале само едно, тоа што им било најпотребно. - Погледни ја Хананејката! Што вика таа кон Господа? Таа викала: "Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! ќерка ми тешко се измачува од бес" (Матеј 15,22). He рекла ништо друго, освен што ја открила болката на своето срце. Па зар и сите други не ги откривале и не Му ги кажувале болките на своето срце? Кога болниот оди кај лекар, па зар и тој не му го покажува болниот дел на своето тело? И ти, брату мој, покажи Му ја на Бога болеста на твојата душа. Гледај Го со твоите духовни очи, потпомогнат од твојата вера, според она што е напишано, за да Го видиш "седнат на престолот висок и издигнат " (Иса. 6,1) и небесните војски што стојат пред Него - ангелите и архангелите, па падни пред добрината Божја, искажи ја пред Него својата прозба. Исповедај ги најнапред своите гревови, а потоа кажи ги пред Него своите маки и болки, моли Му се да биде милостив спрема тебе и да ја излие врз тебе Својата милост. И тогаш да ти рече: "O душо, голема е твојата вера; нека ти биде според желбата твоја!" (Матеј 15, 28).

166. Оние што имаат просветени и секогаш отворени духовни очи, тие точно знаат дека не со својата сила, туку дека со силата Божја се избавуваат од соблазните на лукавиот. Слободата, што ја има човекот, се состои само во тоа да се биде одлучен или неодлучен да му се противставува на ѓаволот; а при можноста на таквото противставување, тој нема никаква власт над страстите. Кога човечката природа би можела без помошта на Светиот Дух да им се противставува на ѓаволските искушенија, тогаш Господ не би ни заповедал да говориме кога се молиме: "Не нѐ води во искушение, но избави нѐ од лукавиот" (Матеј 6,13). Па затоа, кој сака да се избави од разгорените стрели на лукавиот, да се удостои со бестрасност и да стане учесник на Божествената слава, тој треба со сето свое срце и со сета своја сила да ја бара помошта одозгора, та со нејзината помош да ги победува страстите и преку таквата неизоставна победа да отиде таму во областа на чистотата, која може да ја види само со Божјата помош и милост.

167. Грижи се да бидеш беспрекорно Божјо чедо и да влезеш во Неговиот покој, "каде што Исус за нас влезе најнапред, откако стана вечен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков" (Евр. 6,20); труди се да бидеш запишан во небесната Црква заедно со првородените; грижи се да влезеш во горниот Ерусалим, каде е и рајот на сладоста. Но знај дека нема да се удостоиш со овие чудни убавини, ако дење и ноќе не проливаш солзи, како потоци, слични на светиот пророк, Кој вели: " Секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзите свои ја натопувам постелата моја" (Псал. 6,7). Зар не знаеш дека "оние што сеат со солзи, ќе живеат со голема радост" (Псал. 125,5). Затоа пророкот вели: "Солзите мои беа леб за мене дење и ноќе" (Псал. 41,3); "и пијалокот мој со солзи го растворав" (Псал. 101,9). Овие солзи, проливани во знаење, при голема жалост, при чиста разгореност на срцето, - се душевна храна и небесен леб, кој ја храни душата за вечниот живот.

168. Како што има видливо небо, кое се нарекува небесен свод, така има и друго небо, невидливо за телесните очи, таму каде што се небесните ангелски војски. Таму е неракотворната скинија, во која светите ангели ја извршуваат својата богослужба. Сето ова е божествено, неискажливо, светоносно и не му припаѓа на овој живот, туку на другиот, каде нема ни ноќ, ни лукави духови, ниту духовни борби. Но, на секого не му е дозволено со своето духовно око да може да ги види духовните убавини. Слично на некоја завеса, небесниот свод е пречка да ги соѕерцаваме небесните убавини; нив можат да ги гледаат само оние што имаат чисто срце и осветен ум; само тие можат да ги гледаат своите сограѓани и учесниците на истите тајни. Кога оваа завеса ќе биде дигната, тогаш праведниците ќе можат отворено да видат што ги очекува.

169. Молитвата, која се извршува подолго, со душа што се измачува, со напрегнат ум, - се издигнува кон небото. Како што водата, додека тече по рамно место и има голема широчина, не се издигнува нагоре, но кога рацете човечки и ставот преграда, го преградат нејзиниот тек, кога ја стеснат, таа, побргу и од стрела, се стреми нагоре; така и човечкиот ум, кога се разлива и расејува, тогаш кога има поголема слобода, а кога скрушеност и некаква мака на срцето го стеснува, тогаш тој во таа прекрасна притеснетост се устремува нагоре и почнува почисто и посилно да Му се моли на Бога. А тоа дека молитвата, кога е упатувана кон Бога со чувство на маки и страдања, бива слушана од Бога, за ова ни сведочи светиот пророк, кој вели: "Кон Господа повикав во маката своја, и Он ме услиши" (Псал. 119,1). Па затоа да ја разбудуваме нашата совест, да ја предизвикуваме маката на нашата душа со спомнувањето на нашите гревови, за да ја правиме достојна да бива услишувана, да биде трезвена, будна и способна со своите извикувања да стигнува дури до небесата. Ништо не ги одгонува од нас така успешно мрзливоста и неработењето, како чувствата на мака и страдање, кои го собираат умот и го враќаат кон него самиот. Кој е исполнет со ваква жалост и се моли, тој по молитвата ќе биде во состојба да се радува. Како што натрупувањето на облаците од почетокот прават воздухот да се помрачи, и кога ќе почне од нив да паѓа дожд и кога облаците постепено ќе ја загубат насобраната пареа во нив, тогаш одново воздухот станува чист и јасен, така и нашата душевна мака, додека е затворена внатре во нас, ја помрачува нашата мисла, а кога ќе се испразни во молитвените солзни зборови и излезе надвор, тогаш таа создава во душата поголема светлина, исполнувајќи го умот на оној што се моли слично на сончев зрак, со мислата за Божјата помош.

170. Сакаш ли да се молиш нерасеано? - Потруди се твојата молитва да излегува од длабочината на твојата душа. Како што дрвјата, кои ги пуштиле своите корења длабоко во земјата, макар да се ударани од многу силни ветрови, не се кршат и не можат да бидат искорнати, затоа што нивните корења се добро зацврстени во длабочината на земјата, и се издигнуваат во височините на воздухот, така и нашите молитви, ако ги испраќаме кон Бога од длабочината на нашата душа, која е добро утврдена, и вкоренета, се издигнува кон височините и никаква лукава помисла не може да ја сврти од нејзината устременост кон Бога. Пример за ваквата молитва ни дава пророкот, кој вели: "Од дното на душата повикав кон Тебе, Господи " (Псал. 129,1).

171. Сум набљудувал јас воени судири и сум видел кои оружја имаат решавачко значење за победата. - Таму имав прилика да видам многу оружја; со секое од нив може да се добие блескава победа. Најнапред го видов чистиот пост, тој меч, кој никогаш не се истапува. Потоа ги видов девственоста, чистотата и светоста, - овој лак, од кој биваат испуштани остри стрели, со кои срцето на лукавиот се прободува. Ја видов немаштијата, која со презир ги отфрлила и среброто и секој имот, - тој оклоп, кој не ги препушта до срцето острите стрели на ѓаволот. Таму ја забележав и љубовта, - тој сигурен штит; и мирот тоа тврдо и остро копје, од кое демонот трепери и бега. Го видов бдението - тој оклоп силен; и праведноста - таа лесна борна колесница. - И разгледувајќи ги сите овие оружја и, прашувајќи се кое од нив е најтврдо и најопасно, јас се задржав на смирението и најдов дека ништо не е потврдо од него, зашто ниедно непријателско оружје не може да го пробие и духовниот наш непријател не е во состојба да го совлада и со најсилен напад. Затоа, ако сакаш да бидеш победник во оваа духовна борба, која ја водиме со нашите духовни непријатели, секогаш барај добра заштита и сигурност зад оклопот на смирението; таму скривај се и не оставај ја таа закрила. Тогаш нема да те улови и да те зароби лукавиот демон; не надевај се потполно на други твои оружја, за да не бидеш победен од твојот лукав противник.

 Свети Ефрем Сирски