Подвижнички слова на Свети Ефрем Сирски

1. Знај дека има осум помисли со кои настанува секое зло. Тие се: чревоугодието, среброљубието, гневот, ненавремената жалост, унинието, славољубието и гордоста. Тие водат борба со секој човек.

2. А ти, ако сакаш да го победиш чревоугодието, возљуби го воздржанието и имај страв Божји, - и ќе победиш.

3. Ако сакаш да го победиш блудот, возљуби ги бдеењето и жедта, секогаш помислувај за смртта и никогаш не разговарај со жена, - и ќе го победиш.

4. Ако сакаш да го победиш среброљубието, засакај ги немаштијата и нерасфрлањето.

5. Ако сакаш да го совладаш гневот, потруди се да придобиеш кротост и великодушност. Постојано мисли за тоа колку зла Му направиле Евреите на нашиот Господ Исус Христос, и сепак Он, како човекољубив Бог, никогаш не се гневил на нив, туку, напротив се молел за нив, велејќи: "Оче, прости им, оти не знаат што прават!" (Лука 23,34).

6. Ако сакаш да ја победиш ненавремената жалост, никогаш не жалости се поради нешто што е привремено, туку, ако те навредат со зборови, или ако те вознемират и понижат - радувај се. Жалости се само, ако згрешиш, но и во тој случај пази ја својата вера, за да не паднеш во очајание и да не загинеш.

7. Ако сакаш да го победиш унинието, зафати се со рачна работа, но не долго, или читај, или често моли се.

8. Ако сакаш да го победиш славољубието, не сакај ги пофалбите, ни почестите, ни убавата облека, ни првото место меѓу браќата, а, напротив, сакај да те понижуваат и да те бесчестат, да те озборуваат; и ти самиот прекорувај се и мисли дека си погрешен од секој грешник.

9. Ако сакаш да ја победиш гордоста, што и да правиш, не говори дека тоа го правиш со твоите лични трудови, или со твоите лични сили, туку, ако постиш, ако времето свое го минуваш во бдеење, ако спиеш на гола земја, ако пееш псалми, или ако правиш многу поклони, кажувај дека сето тоа го правиш со Божјата помош и со Божјата закрила, а не со твојата сила и со твојата грижа.

а) За борбата со чревоугодието (T.I. 130-508)

10. Монаху, не пожелувај месо и не пиј вино до опивање; инаку умот твој ќе огрубее и нема да има крај на твоите земни грижи.

11. Знаците на добриот живот на младиот монах се: смиреното воздржување од пиење вино и од многу зборување.

12. Не принудувај го твојот брат да пие вино до опивање, иако тој уште од порано пиел вино, зашто и коработ бива граден долго време, а бива разбиван и искрушуван само од еден ненадеен и силен удар.

13. Оној што сака да има телесен спокој, тој си приготвува многу опасности; ќе се спаси само долготрпеливиот.

14. Подобро е да јадеш пред Господа и да Му благодариш на Бога, отколку да не јадеш (да постиш на вода) и да ги осудуваш оние што јадат и што Му благодарат на Бога.

15. Ако седнеш на трпеза, тогаш јади и не осудувај го твојот ближен, за да не го јадеш твојот брат со твоето осудување.

16. Биди силен во верата и јади сѐ што ќе ти се даде пред Господа. Ако стават пред тебе нешто, што не сакаш да го јадеш, не вели да го тргнат од трпезата, ако другите сакаат да го јадат и да Му благодарат на Господа.

17. Ако си седнал на трпеза, тогаш јади како човек и не гледај на сите страни, како простак.

18. Некој брат рекол: "Не откажувам да јадам месо затоа што се гадам, зашто е речено: Секое творение Божјо е добро и ништо не е за отфрлување" (1. Тим. 4,4), туку затоа што е речено: "Ha безумниот не му прилега раскош" (Изрек. 19,10), неразумно е монахот да јаде месо од животни.

19. Кога ќе ти се дадат парчиња и остатоци, не гнаси се од нив, зашто Господ им рекол на Своите ученици: "Соберете ги останатите парчиња, за да не се загуби ништо!" (Јован 6,12).

20. Срамно е за човекот да се опие со вино; многумина сум видел, но мислам дека никој не е толку за прекор како пијаниот.

21. Воздржувањето го истоштува телото, а многу јадење и прејадување го огрубува умот.

22. Монаху, измачувај го и поробувај го твоето тело, за да не бидеш отфрлен.

23. Работи на своето тело и плод на Бога ќе Му принесеш.

24. Монаху, сакаш ли да придобиеш спокој меѓу своите браќа? Тогаш задоволувај се со она што ти се принесува на заедничката братска трпеза; “Тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски"(Изрек. 3,8) и душата твоја нема да претрпи никаква повреда." Не го гледај виното како се црвенее, какви се искрите во чашата, како убаво се пее; отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница" (Изрек. 23,31)

25. Лавот трчајќи по својот плен, станува и самиот плен на ловците; и чревоугодникот се понижува заради задоволувањето на својот стомак.

26. Умот огрубува од многу храна, а доброто воздржување го очистува.

27. Оној што се опива и што се раздразнува ја вознемирува душата на своите браќа, а неговиот срам е постојано со него.

28. Човекот што пие навечер, прави работи нередни и говори безумни зборови, за кои утредента се кае; но ако одново се опие, тој пак постапува како што постапувал.

29. Не пиј вино до опивање, иако те нудат да пиеш оние што се со тебе, зашто ако се опиеш, тие што те нуделе да пиеш пред сите други ќе бидат соблазнети поради тебе.

30. Чревоугодникот се труди и се измачува за да може стомакот свој да го наполни со јадење, а кога ке го наполни, тогаш се измачува додека храната што е во него се вари, а воздржувањето го придружуваат здравјето и трезвеноста.

31. Чревоугодниот монах многу се измачува, а воздржливиот е сличен на срната во полето.

32. Монаху, не грижи се за својот стомак и ќе имаш мир.

33. И сите дрвја во шумата не се доволни за наситување на огнот; така е ненаситно и телото, колку и да го задоволуваш.

34. Пастирот што е очаен нема добро да ги напасе овците што му се доверени, а сонливиот и самиот ќе стане плен на грабливите ѕверови. Зашто "она што е трнлива гранка во раката на пијаница, тоа е и зборот во устата на безумните" (Изрек. 26,9), а душата на воздржливиот копнее по Бога.

35. Воздржливоста е трнелива.

36. Не пиј вино до опивање за да им угодиш на луѓето, зашто срам голем ќе те опфати кога ќе те најдат очаен.

37. Ако си јадел леб и си се наситил, благодари Му на Бога за тоа што те наситил. А, ако сакаш твоето тело да го задоволиш со малку, прослави Го Бога, Кој ти дал сила за тоа, и не кажувај му никому за твоето воздржување од храна. Зашто, што ќе постигнеш со тоа? Дали со тоа не ги осудуваш оние што јадат и што Му благодарат на Бога?

38. Чревоугодниот монах постот го нарекува време на жалост, а воздржливиот му се радува на постот.

39. Мислам дека прекумерното воздржување не е за пофалба, а отфрлањето на воздржувањето не е корисно. Како што долговременото избегнување на неопходната храна, предизвикува раслабеност и губење на силите, кои се потребни за служење, така и прејадувањето нѐ подложува на осудување. Речено е: "Тешко вам, пренаситени сега, оти ќе огладните!” (Лука 6,25). Освен тоа, невоздржливиот поради својата неумерност паѓа во телесни страсти. Затоа треба да знаеме како разумно и богоугодно да управуваме со нашето тело.

40. Откако ќе станеш од трпеза, не оди по ќелиите, туку оди и безмолствувај во твојата ќелија, зашто ѓаволот многумина прелагал со вино. Зашто, да се биде по јадењето во туѓа келија означува - немање страв и развратност. Во таквите собири - паѓа душата, особено тогаш, кога палката на настојателот не дејствува. Оној што не сака својот ум да го зауздува со стравот Божји, нему стравот од луѓето му е потребен, за да се задржи од она што му е штетно; и слугата, кога неговиот господар е присутен, тој е целомудрен.

41. Koгa јадеш, употребувај го она што е просто и неопходно, така што умот твој да не огрубее, да не биде оптоварен со прејадување и пијанство и грижи за овој свет (сп. Лука 21 ,34). Зашто оние што се совладани од оваа страст и блудот не го сметаат за блуд и прељубата не ја сметаат за прељуба; тие не се откажуваат од сето она што го прават оние, кои не Го знаат и не Го исповедаат Бога. Сето тоа го прават без страв и по својата нечистотија по ништо не се разликуваат од свињите; не мислат ни за Законот, ни за пророците, ниту за Господа Исуса Христа, Кој се воплотил за да го уништи беззакониот грев. Не биди алчен за месо и за вино, за да не го направиш умот твој неспособен за примање на духовните дарби.

42. Не насладувај се со капењето, пиењето и со храната, за да не паднеш во несовладливи опасности и да не погрешиш во нешто важно.

43. Не слушај ги советите на самоугодниците, кои се направиле робови на стомакот и телесните страсти.

44. Јадењето и пиењето се пријатни само додека јадеме и пиеме, а потоа и идниот ден оставаат во помислата непријатност и раслабеност.

45. Монахот нема да се задржи долго на едно место и нема да најде спокојство за себеси, ако најнапред не ги засака молчењето и воздржувањето. Затоа молчењето учи на безмолвие и на постојана молитва, а воздржувањето ја прави помислата нерасеана. Најпосле, оној што ќе го придобие ова, го очекува спокојно устројство на срцето.

46. Не мами се со пренаситување на стомакот и "не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд" (Ефес. 538). Од ништо немаш корист, освен од исполнувањето на Божјата волја.

47. Знај дека, некој, сразмерно со негувањето на своето тело, ги умножува страстите во себе, така што неговата душа се оптоварува со лоши телесни навики и станува неплодна. Затоа Спасителот вели: "Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижи за овој свет" (Лука 21,34). Затоа и апостолот пишува: "Го изнурувам и го поробувам телото, да не би случајно, проповедувајќи им на другите и сам да станам негоден " (1. Kоp. 9,27). Ако некој се принудува во делото на Господа, тогаш во иста мерка и неговото тело станува силно и душата негова се просветлува. Како што борецот сето свое време го минува во телесни вежби, за да го подготви своето тело за вештината на борбата, така и подвижникот на побожноста треба да се вежба во секое добро дело, како што вели апостолот: "Обучувај се во побожност " (1 Тим. 4,7)

6) За борбата со блудната страст

        (Чч. 1,2 и 3)

48. Страстољубивиот при среќавање со жени станува весел и бива привлекуван од нивната убавина; нивната телесна убавина го лишува од умот, убавината на нивното лице го восхитува. Тој тогаш е понесен со нивната става; се топи од задоволство кога разговара со нив. Кога си спомнува потоа за сето тоа, тој има похотливи мечтаења, живо ги замислува нивните лица, нивните страсни изрази, понесните насмевки, немирниот поглед на нивните очи, раскошот на облеката, измамливите зборови и играта на нивните усни. Со мажите му е здодевно, а кога види жени - сјае од радост, притрчува околу нив и се труди да им угоди и да им услужи. Тогаш некако и гласот му се изменува и станува некако напевен, умее да каже духовит збор, да се поднасмевне и да се покаже интересен и пријатен.

49. Не дозволувај им на твоите очи да се шетаат натаму - наваму и не давај им да ја гледаат туѓата убавина, за твојот противник да не те победи преку твоите очи.

50. Недостаток на монахот е неговото око што талка. Таквото око му причинува голема штета. Ако не ги скротиш твоите очи, нема да продолжиш по правите патеки на целомудрието.

51. Ако го засакаш воздржувањето, ќе го зауздиш демонот на блудот.

52. Кој го храни своето тело, тој ги храни и своите лоши похоти; и срамните помисли нема да престанат во него.

53. Кој ги зауздува своите очи, тој станува лесен, а чиј поглед талка, тој товар си собира. Зашто е речено: "Страсното бранување го развратува незлобивиот ум " (Мудр. Сол. 4,12).

54. Ако се занесеш и на очите свои им дадеш слобода да ја гледаат суетата, веднаш скроти ги за да не паднеш во срамот на угодувањето на плотта.

55. Кога твојата плот е распалена не допирај се до неа, за да не предизвикаш поголемо распалување.

56. Види внимателен спрема себеси, инаку, биди внимателен кога се среќаваш со жени.

57. Ти бегаш од змијата, која го каса телото; бегај повеќе од жена, која ја каса душата.

58. Кој се интересира за убавината на жената, тој во душата своја ја сади желбата за убавина, а кој се задржува кај вратите на нејзиниот дом, тој е сличен на оној што оди по мраз; не далеку од него е лизгавицата.

59. Она што се двајца борачи, тоа е монахот заедно со жена. Трезвениот треба од тоа да се поучи и да не падне.

60. Кој слухот свој кон срамни зборови го свртува, тој ќе се оскверни. "Јагленот е за жар, а дрвата за оган, кавгаџијата, пак, - кавга да разгорува" (Изрек. 26,21). Така и срамниот збор е штетен за душата.

61. Ако те вознемирува духот на блудот, забрани му велејќи: "Дух нечисти, Господ да те уништи тебе, кој си полн со смрдеа." Зашто знаеме што рекол апостолот: "Телесното мудрување е непријателство против Бога " (Рим. 8,7).

62. Секој што ги сака чистотата и целомудрието станува храм Божји.

63. Зашто "Koj го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори" (1. Кор. 3,17), вели Светото писмо. Како на песот, противејќи му се на демонот на блудот, никако не согласувај се да бидеш повлечен од таквата помисла; Од една искра станува голем пожар, а од една лоша помисла, многу желби се раѓаат. Труди се да го уништиш и самиот спомен за нив.

64. Како што пријатната миризба го весели осетот на мирисот, така и Светиот Дух се весели од чистотата и живее во човекот.

65. Како што свињата се чувствува пријатно кога се валка во калта, така им е пријатно и на демоните во душата на блудниците и нечистите.

66. Во чистотата живеат голема светлина, радост, мир и трпеливост, а во блудот се настанети жалоста, очајанието, ненаситниот сон и густата темнина.

67. Монаху, сакај ја чистотата во љубовта Христова; таа му прилега на твојот живот, како што на дрводелецот му прилега струг да има.

68. Еден монах, кој страдал од духот на блудот, му забранил на демонот велејќи "Сатано, појди во темнината! Зар не знаеш дека, иако сум недостоен, сепак сум член на телото Христово? "И веднаш искушението се прекратувало, како што светилникот изгаснува кога на него се дувнува. И тој самиот од тоа се вчудоневидувал и го прославувал Господа.

69. Зошто немаш страв и со толку голема љубов се украсуваш? Послушај што вели апостолот: "Избегнувај ги желбите нa младоста" (2. Тим. 2,22). Зар не знаеш со каков непријател се бориш, зар не знаеш колку е тешко да бидеш светлина за друга душа? Зошто не размислиш каква гниежливост и какво распаѓање ќе наследат оние што вршат такви дела? Сакам да ти објаснам дека, иако надворешниот човек е украсен, ако живеалиштето на душата негова е осквернето, и неговата надворешна убавина набргу ќе исчезне. А, ако добиеш душевна убавина, од таа убавина и од таа светлина ќе се излие нешто и на надворешниот човек; таквата убавина останува постојана!

70. Кој ја украсува облеката своја и својот стомак го наполнува, тој многу борби ќе претрпи, а трезвениот - страшен е за своите противници.

71. Ако за време на твојата работа духот на блудот те вознемирува, не биди мрзлив, туку рацете свои издигни ги на молитва; молитвата на верата ќе се застапи за тебе.

72. Задушувај ја похотта додека таа тебе не те задушила; оној што ѝ се покорува, одново во дното го одведува.

73. Сакај ги мирот и светата чистота, за да се удостоиш да го видиш лицето на Господа Бога.

74. Брату, не прави шеги, за да не станеш бесрамен. Бесрамноста е мајка на развратот.

75. Не оди во ќелијата на оној што се опива, за да не го загубиш богатството на целомудрието на душата твоја.

76. Кога похотта ќе се растопи во телото твое, помислувај на неизгасливиот оган и на црвот што не спие, и веднаш ќе угасне распаленоста во твоите членови; ако си немоќен, ќе бидеш победен и ќе се каеш, но иако се каеш, ќе свикнеш да грешиш. Во почетокот потруди се да бидеш строг кон секоја пожелба и да не бидеш победуван од неа, - и нема да свикнеш да се предаваш во борбите. Зашто навиката е втора природа. Навиката за отстапување никогаш нема да ти даде сила да придобиеш. Таа секогаш и гради и разградува, греши и се кае. Ако навикнеш да попушташ кога те напаѓаат, тогаш во списокот на твоите дела секогаш ќе се запишува дека се каеш. Кој свикнал да си прави отстапки и победа да им овозможува на пожелбите, совеста негова секогаш го изобличува. Похотта секогаш co жалост ја исполнува душата, труди се секогаш Бога да го имаш во себеси.

77. Види внимателен спрема себеси и труди се до смртта своја да ја запазуваш чистотата, за да можеш бесмртниот Младоженец смело и со радост да го пречекаш. Почитувај ја девственоста; таа ќе те воведе во небесното живеалиште. Затоа апостолот рекол: "Затоа ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица".

78. Телото свое пази го од грев, за да не излажеш пред Создателот; зашто како дар на Господа сме се предале. Ние имаме власт над телото свое и не можеме дарот назад да го земеме. Ако некој телото свое на Бога му го ветил и отпосле посака тоа да го земе, тој власт нема дарот свој, принесен пред Господа, назад да го врати. Ако посака тајно да го украде, нема да се ослободи од обвинение, како да го зел она што не му припаѓа; таквиот ќе биде накажан како крадец на светот. Оние што душата своја на Бога му ја посветиле, тие немаат власт над своето сопствено тело.

79. Пази се од лош совет. Отпаѓањето од добродетелта ги соблазува и другите; гревот на едни ги влече и другите во грев. Грешниците пријатно говорат, та оние што ги слушаат можат од целомудрието свое да отстапат и во гревови да потонат. Тие што во гревови паднале, не само што не сакаат одново да станат, туку и другите намерно во соблазна ги водат, за и тие да паднат и да пропаднат. И ѓаволот нив ги ползува како мамка на јадица. Апостолот вели: " Грлото нивно - отворен гроб, со јадиците свои мамат; устата нивна е полна со клетва и горчина. Бог ги предаде на срамни страсти" (Рим. 3,13,1,26). Пази се од нив: со меките свои зборови да не те изгорат.

80. Блажени се оние што ја пазат чистотата своја во целомудреност! Никој да не се надева дека може мир да придобие служејќи му на ѓаволот; овој мачител во ропство ги држи сите што грешат со оваа похот, макар и срамни дела да немаат. Иако тие жена не познале, тие се нечисти; тие на себе девственост си припишуваат, иако знаат дека телото нивно е исполнето со нечисти похоти. Ѓаволот ги тера да се фалат дека се слободни од тој грев, иако ги наситува со тоа што: "Грозјето им е отровно грозје, гроздовите им се горчливи'” (5.Moj.32,32).

80. Непотребно е да се говори дека е лошо опивањето со вино и минувањето на времето со жени; ова секој јасно го гледа дека е далеку од сите добродетели. И не само во ова е потребно да се пазиме од нападите ѓаволски, туку и со мажите не треба нежни разговори да водиме, зашто и тие можат срамна сласт да распалат, и душата наша во пропаст да ја вовлечат. Од гледањето со жени се откажуваме не затоа што мислиме дека тие се лукави, туку затоа што гледањето и разговорот со нив на ѓаволот му помага полесно да нѐ победи и да нѐ доведе до прекршувањето на Божјите заповеди. Затоа треба да се пазиме од нападите на лукавите духови надевајќи се на силата на Светиот Дух. Кој пред непријателот затвора една врата, а отвара две, и мисли дека е во безопасност, тој се измамува. Од сите страни треба да се пазиме и да не веруваме на ѓаволските искушенија.

82. Не биди мрзлив да ја придобиеш добродетелта на целомудрието. Труди се со сите сили да ја имаш светињата на чистотата, зашто токму поради тоа си го оставил светот. Придобиј ја девственоста, за да се всели во тебе Светиот Дух. Не внимавај на срамните желби и на суетните ласкања. Пази се чист, а ако срамниот пламен на блудот почне да се разгорува во тебе, гасни го со твоите солзи и со молитва кон Господа, кој ги сака оние што ја бараат чистотата и што Му служат. Најскапоцена придобивка е девственоста во чистите помисли. Ако ја возљубиш неа, од Господа ќе бидеш прославен и во сѐ ќе успеваш.

83. Ако се подигне телесната борба во тебе, не плаши се и не паѓај со духот. Со тоа ќе ја зголемиш смелоста на духовниот непријател во нападите против тебе; тој ќе почне да всејува во тебе нечисти помисли, внушувајќа ти и велејќи ти: "Неможно е изгаснувањето на ова разгорување, ако не ја задоволиш твојата телесна похот." Но биди силен и претрпи; Господ ќе те изведе од ровот на страстите - од нечистите помисли и од смрдеата на тињата, од срамните мечтаења; Он ќе ги постави твоите нозе врз камењата на светата чистота (сп. Псал. 39,1-3) и ќе ја видиш помошта што ќе ти дојде од Него. Само трпи, не наслабнувај ја твојата помисла, не паѓај во изнемоштеност, нацрпувајќи ја водата од својот кораб, зашто пристаништето е близу. "Тогаш ти ќе повикаш - и Господ ќе те чуе, ќе извикаш - и Он ќе рече: ʽЕве меʼ"(Иса.58,9). Он ќе те пречека и ќе го види твојот подвиг, да види дали си готов до смрт со гревот да се бориш. Затоа, не биди малодушен. Бог нема да те остави. Он го гледа твојот подвиг; твојот подвиг го гледаат и мноштво ангели и бесови. Ангелите се готови да ти го дадат победниот венец, а бесовите - победен да те покријат со срам. Биди внимателен не ожалостувај ги ангелите и не давај им радост на демоните.

84. За Божјите очи нема скришно место. Нека не те измачува противникот твој, внушувајќи ти ја помислата - дека Бог кога грешиш нема да те види. Близу до нозете Божји стоиш ти. Не заборавај го ова. Зашто е напишано: "Небото е мојот престол, а земјата подножје на Нозете Мои " (Дела 7,49).

85. Не е несреќата во тоа што нѐ напаѓаат страстите; и ние сме должни да ги напаѓаме и да се бориме со нив. Несреќата е во тоа што, ако попуштиме, пред непријателите - паѓаме. Противстави ѝ се на похотта што те гори, за да избегаш од пламенот што никогаш не изгаснува. Ако оваа страст само еднаш те победи, таа веќе нема да отстапи; постојано ќе те напаѓа. Биди внимателен спрема себеси, за да не се лишиш од славата Божја.

86. Да бегаме од пијанството колку што можеме. Да бегаме и од тоа жени да среќаваме; нивните зборови се меки и заводливи (сп. Мудр. Сол. 7,21), кон грев го водат оној што ги слуша.

87. Внимавај да не бидеш уловен со краткотрајна сласт, за да не бидеш лишен од вечниот живот. Ти си повикан да бидеш духовен трговец. Гледај скапоцените бисери да не ги загубиш и непријателот сокровиштето твое да не го искраде; корабите твои со стоки натоварени - да не ги потопи и во домот твој да се вратиш без ништо. Непријателот, знаејќи каква чест добива оној што се пази чист од нечистотијата на телото, го напаѓа силно со нечисти помисли; со нив сака да го обмота и да го лиши од идната слава. А кога ќе најде душа, која лошите помисли ги отфрла, тој поретко ја напаѓа и сосема отстапува од неа. Тој навратува почесто таму, каде што штом ќе потропа - му отвораат, ги осквернува со нечисти помисли и телото и душата на оние што не му се противат; како некаков добар советник тој им нашепнува: "Подобро ви е во светот да се вратите, отколку што вака телото свое го уништувате."Но на трезвениот ништо слично нема да му се случи. Затоа, биди внимателен спрема себеси, за да ја избегнеш оваа несреќа.

88. Памети што си Му ветил на Господа; пази ја светата чистота, за да добиеш благодат од Господа. Послушајте го она што ви е речено: "Бегајте од блудството!" (1. Кор. 6,18). Сакаш ли да знаеш колку страшен грев е блудот? Оние што не можеле змиите да ги умртват, ги умртвил блудот во земјата Мадијамска. Ако си паднал во овој грев, не останувај во него, туку стани и не отфрлај ги Божјата трпеливост и милост. "Помни дека смртта не задоцнува" (Мудр. Сирах. 14,12). Знај дека не можеш да избегаш од Божјите раце. Не биди мрзлив, туку кај се, плачи и воздивнувај поради гревот твој и знај дека си бил измамен. Бог, твојот Создател, не ги заборава делата на секој од нас.

89. Не биди мрзлив, туку бори се со непријателот твој. Загради го отворот низ кој тој влегува во тебе - за да те уништи; загради го тој отвор, за да не влегува во тебе и да не те поткрадува. А затворањето на отворот е запазување на сетивата, низ кои и доброто и злото влегува во душата. Тие се: видот, слухот, мирисот, допирот и вкусот. Да не им дозволуваме на лошите помисли да се населуваат во нас. Спомнувај си за исполините, кои ја уништиле земјата со својата сила, но и тоа како Господ нив ги уништил, избришувајќи ги во еден миг од лицето на земјата со силата на потопот; силата нивна не им помогнала. Размислувај за Содом и Гомор, за тоа како биле уништени поради нивните гревови и дека ништо не им помогнале ни раскошот ни гордоста. Да се погрижиме за нашето спасение, за крајот наш да не дојде ненадејно и да не завршиме со голема осуда.

90. Кажи му на оној што те валка со нечисти пожелби: "О, непријателу на вистината, зар да се срамувам за извршувањето на твоите желби? Појди кај оние што се слични на тебе. Ти самиот си го барал за себе стадото на свињите, еве, појди во нив и со нив заедно удави се! Јас веќе нема да бидам твој послушен роб. Измина времето кога ти бев послушен; од сега ќе се грижам само за вистината, ќе My се молам на Бога - Он да ме избави потполно од таквите дела. Он ни Го дал Светиот Дух, а јас Го разгневив. Он ми ги дал чисти и душата и телото, а јас ги извалкав. "Еве, вака говори му, возљубен мој, на оној што ти внушува блудни помисли".

91. Некој од светите рекол: "Блудот е сличен на кучето; ако го милуваш тоа ќе остане при тебе, а ако го подгониш, тоа ќе избега од тебе". Биди внимателен спрема себеси и спрема својот живот. Гледај заради некое мало задоволство да не го загубиш плодот на многу свои трудови; не загубувај ја наградата поради блудната нечистотија, не загубувај го безмолвието заради твоите нечисти дела. Гледај да не ја загубиш наградата за бдението, безмолвието, воздржанието и за другите добродетели; не биди сличен на човек, кој добиената награда ја става во продупчена торба. Со стравот Божји оградувај се!

92. Ако разговараш со убавица што цути, окото твое запазувај го, та окото на умот твој со грешна желба да не го заматиш. Тогаш ќе почнеш зборовите твои да ги развлекуваш и да ги исполнуваш со страсни движења. Тогаш говориш и за целомудрието со половина уста, а со целата своја душа на похотта си ѝ предаден и нејзе ѝ служиш. Затоа, секогаш кога имаш ваква средба веднаш да престанеш да зборуваш и да почнеш да молчиш. Светото писмо вели: "Со многу ласкави зборови тоа го привлече " (Изрек. 7,21). Честите вакви разговори на душата ѝ причинуваат голема штета.

93. Блудникот не може да ги сака оние што се гнасат од неговата страст; расположен е само кон сличните на себеси.

94. Размислувај како да ја победиш својата сластољубивост, зашто таа зависи од твојата слободна волја.

95. Прибежиште од страстите е, прво, честата и трезвена молитва, давањето предност на умот и на чистата мисла, а изговарањето на срамни зборови, несоодветни се со побожниот дух. Внимателноста на умот и очекувањето на Страшниот суд го отстрануваат внатрешното блудно скокоткање и го спречуваат засилувањето на похотта. Во таквата душа ке се зацари тишина и ќе престанат блудните развикувања.

96. Ако си целомудрен, не превознесувај се со твојата воздржливост, туку смирено моли My се на Господа - Он до крај да те запазува. Зашто често, со ненадејното влегување на добитокот во лозјето, поради небудноста на чуварите, целиот негов плод бива уништуван.

97. Кога легнуваш да спиеш, не ставај многу постилки, зашто и тоа може да биде причина за распалувањето на блудот во твоето тело и силно распалувања на сладострасните јаглења.

98. Блажен е оној што ја пази светоста на своето тело за Господа и не ја посрамил својата душа со срамни дела, но останал послушен пред Господа. Блажен е оној што ги намразил гнасните и срамни дела и самиот себеси се принел на жртва пријатна пред Господа.

99. Блажен е оној што вистински ќе го изобличи ѓаволот - тиранинот на нашите души, кој не се исплаши од пламенот на сладострасниот, затоа душата негова ќе биде оросена со росата на Светиот Дух.

100. Ако се бориш хртабро против оние што се обидуваат со славољубиви помисли да ги украдат плодовите на твоите трудови, тогаш внимавај некој од нив да не ти се прикраде одоздола и да не ти влее блудна помисла. Држи ја во ред твојата помисла, внимавај да не ти пуштат лоши ветрови и оружјето твое да биде готово, та коработ твој да го спасиш и во пристаништето на животот да допловиш.

101. Кој е тој, кој, откако ќе насади смокви, без чувар плодот нивни да го остави? Уште повеќе треба да ги чуваме нашата чистота и целомудреноста. - И кој е тој, кој укасан од змија, се осудува кон гнездото нејзино да се приближи? Ако и по каснувањето од неа, раката своја кон гнездото ја испружи, и повторно ќе биде гризнат од неа, тогаш тој самиот ќе биде виновен за својата смрт. Разбери го ова што ти го кажувам.

102. Штетно е за монахот да биде со жена. Кон девица не приближувај се, ако имаш уште телесни помисли во себеси. Монах, кој пие вино заедно со жени, по ништо не се разликува од оној што во оган се фрла. Бегај од среќавање со него како срна од мрежа што бега.

103. Пази ја непорочноста на твоето тело. Ако ја запазиш од љубов спрема Христа, тогаш ќе можеш лесно да напредуваш во секоја добродетел. Тогаш и Светиот Дух ќе ти се радува што својот храм Божји го исполнуваш со благопријатна миризба на твојата телесна чистота и правилните желби на твоето срце и ќе ти даде сила за извршување на твоите дела. А за преуспевање во божествената чистота ги имаш овие три средства: воздржувањето на стомакот, на јазикот и на очите. Ние треба нив да ги држиме врзани. Ако ги запазиш стомакот и јазикот, а очите не ги запазиш од талкање, нема да имаш вистинска чистота. Како што искршениот водовод не пренесува вода, така и расеаните очи не ја запазуваат расејаноста на умот. "Не загледувај се во туѓа убавина" (Мудр. Сирах. 9,8), а умот да биде прикован кон стравот Божји.

104. Монахот не треба со особена грижа да ги мие своето тело и нозете. Сластољупците бараат задоволство во убавината на телото и на облеката, а подвижникот на тие работи им се противставува.

105. Не е мала борбата меѓу светата чистота на душата и на телото и нечистотата. Оние што ни го советуваат осквернувањето ваква мисла ни внушуваат: "Никој нема да те види; зошто се плашиш? " - А ангелот Божји, кој ни помага во запазувањето на чистотата, ни говори: "Бог те гледа и ангелите Негови се со тебе, како можеш да помислиш дека никој не те гледа?" Искушувачот продолжува и вели: “Каде се тие; никого овде не гледаме? "На тоа нашите закрилници го прекинуваат и му велат: "Не гледаш? Навистина, ти не гледаш, зашто е напишано: "Злобата нивна ги беше заслепила"(Мудр. Сол. 2,21) и: "Оној што го поставил окото, нема ли да види? " (Псал. 939). "Каде ќе се скриеш од Бога" (Псал. 138,112). Еве што треба да биде во твоите помисли, и гревот нема да владее со тебе. И гревовната жалост нема да биде со тебе, но радоста и мирот на Светиот Дух ќе бидат со тебе.

106. Пази ја чистотата на твоето тело во Господа како што се пази скапоцен бисер; не занесувај се со облеката; погледот твој свртувај го надолу, а душата нека гледа нагоре; со млади слободно не се однесувај, а со жени не е потребно и да се зборува; не продолжувај го разговорот со деца: не другарувај со шегаџии и со очајни, туку секогаш во страв Божји останувај, помнејќи ја заповедта на апостолот, кој вели: "Не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух " (Ефес. 5,18).

107. Понекогаш ѓаволот ни ја внушува оваа мисла: "Секој час те вознемирува блудната помисла, до кога ќе го трпиш ова вознемирување? - Задоволи го ова барање на твоето тело, па нема да имаш борба, туку ќе бидеш спокоен; а потоа ќе се покаеш. Тоа е најлесната работа. "А кој може да ми каже дека ова, ако го извалка моето тело, ќе најдам време да се покајам и дека нема да бидам одалечен заедно со беззакониците? Зашто животот наш е како сенка на земјата (сп. Јов 89). Па, ако тоа се случи, тогаш мојот грев ќе значи како да сум зел меч и самиот да се убијам. - А како ми велиш дека гревот не е некоја важна работа? Јас гледам колку високо се ценат оние што не ѝ се предаваат на оваа желба и колку се посрамени оние што на неа ѝ се предаваат. Јосиф се прославува од род в род и на небото и на земјата, a Египќанката на присмев се изложува; целомудрената Сузана се прославува, а похотливите старци во сите родови лошо име имаат. - Како ми советуваш и ми велиш: "Желбата твоја задоволи ја и потоа ќе имаш спокојство? " - А знаеш ли, ѓаволе, дека ѕверот, ако свикне месо да јаде, сѐ почесто сака страста своја да ја задоволува? А ти сакаш да ме увериш дека, ако желбата на моето тело ја задоволам, страста телесна веќе нема да ме вознемирува. Господ да ти забрани, лукав ѓаволе, што бараш душата моја како лав да ја проголташ. Горчливо е она што слатко го нарекуваш, внушението твое - длабочина е на многу зла, советите твои полни се со смрт и пропаст. Tи ми предложуваш да направам грев, кој ќе ме лиши од Божјата благодат и ќе Го натажи Светиот Дух, со Кој сме запечатени за денот на избавувањето (сп. Ефес. 4,30), а ти велиш дека гревот не е важна работа. Tи ме поучуваш членовите Христови - членови на блудница да ги направам (сп. 1. Кор. 6,15) така што, во еден миг да го изгубам бесмртното богатство, а да го загубам и осветувањето, без кое никој Бога нема да Го види. И тоа, според тебе, не е голема работа и ништо не значи? Ти ме учиш Господа да Го разгневам, а тоа значи, на страшниот ден на Неговиот суд да го слушнам Неговиот глас: "Лукав слуго, ти кој си повеќе сластољубив отколку богољубив, ти земјата ја извалка со твоите гревови и нечистотии?" - Па зар и ова не е важно? И ти самиот си ја искусил строгоста и неизменливоста на праведниот Божји суд. Тебе и твоите ангели, кои згрешиле заедно со тебе, Бог не ве поштеди, ве врза заедно со робовите на мракот и ве остави да го чекате судот на Великиот ден. А ти говориш дека гревот е неважна работа?! - Ти си лага, измама и пропаст. Со лага и измама очите им ги заслепуваш и се обидуваш, заради оваа мала наслада, да ги заборават вечниот живот и неговите наслади. Но ние што сме се предале на Господа од тебе не се плашиме. Господ е нашата сила, Он е нашето засолниште; Он е нашиот помошник и заштитник.  

108. Демонот на блудот ослабува не само кога се воздржуваме од храна, туку и кога ги врзуваме очите."Сврти ги очите мои за да не гледам суета" (Псал. 118,7). Блудот е во расеаните очи, за што сведочи и Самиот наш Спасител - Господ Исус Христос, велејќи: "Секој што ќе погледне на жена со желба за неа, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое " (Матеј 5,28). Таквата прељуба од себе ја искоренува оној што својот поглед го свртува надолу, а душата своја кон Господа ја издигнува; оној што владее над стомакот свој, тој господари и над очите свои. Расеаните очи се наши страшни предавници.

109. Борбата, поттикнувана од расеаните очи, и во присуство и во отсуство на предметот, нашата душа ја распалуваат со телесна похот. Дури и во сонот својот предмет му го претставуваат на срцето наше; бесовите го отсликуваат истиот предмет во мислата и со него го занимаваат умот, обновувајќи го на тој начин предметот на искушувањето кој бил виден пред тоа со очите на човекот. Затоа пророкот и се моли: "Сврти ги моите очи за да не ја гледаат суетата".

110. Кога ќе почне демонот во тебе да го слика предметот на искушението и во твојот ум ќе ја наслика убавината на жената, која некогаш си ја видел, тогаш воведи го стравот Божји во себеси, спомни за оние што спијат во своите гревови, како и за денот на твојата смрт, кога душата твоја ќе се одделува од телото, замоли го и оној страшен глас, кој в трепет ќе ги престраши оние што заповедите Христови не ги запазиле: "Одете од мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели" (Матеј 25,41). Замисли ги и црвот што не спие и огнот што не завршува. За ова помислувај и насладата во мислата твоја ќе исчезне, ќе се растопи како што се топи восокот пред лицето на огнот, зашто бесовите ни еден миг не можат да устојат пред стравовите Божји .

111. Кој на плотта не ѝ се противставува и на очите свои им дава слободно да талкаат, тој веќе со умот свој пред страстите се поклонил и, ако од луѓето не се срамува и телото повеќепати би го уништил. И ако не се отрезни и ако стравот Божји постојано го нема во себеси, тој нема да задоцни и телото свое да го уништи. По овој демон, кој очите ги учи да бидат расеани, доаѓа друг демон, кој прави грев во телото. Ако овој види дека првиот демон успеал душата да ја расее, тој веднаш почнува да советува да биде направен и телесен грев. На оној што бил победен преку очите тој му советува нешто слично и му вели: "Еве, згреши ти во твојата намера, во срцето свое направи прељуба; заповедта веќе ја погази и гревот веќе ти е запишан. Затоа, задоволи го сега и телото и похотта негова, зашто токму тоа и го сакаше. Најпосле, твојата желба задоволи ја. - Не верувај им на демонските помисли, според зборовите на апостолот: "Неговите замисли не ни се непознати" (2. Кор. 2,11). Зашто тој вака сака душата твоја да ја улови. - Ha овој демон, кој ти советува да го направиш овој беззаконен грев, треба да му речеш: "Иако паднав и со очите, иако извршив и прељуба во моето срце, јас своето срце прељубно го скрушувам со покајни воздивнувања и окото мое со солзи го измивам. Зашто "срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш"(Псал. 50,19).

112. Ако имаш потреба од преселување, не расејувај се во разговори со жени, инаку душата твоја ќе биде заробена. Пази се тогаш, зашто паѓањето не е далеку од тебе. Ако внимаваш на себеси, ќе бидеш како во пристаниште. Со побожност и со страв Божји бори се со искушенијата. Бесрамноста е мајка на блудот. Жените, ако видат дека со нив се однесуваш без срам и говориш за неважни работи, ќе се осмелат и кон најлошото и ќе те одведат до паѓање. Но гледај и на тоа, дека други, под вид на побожност и скрушеност, можат твојот ум со зборови да го раслабат. Некој од Светите оци рекол: "Тие продолжуваат да говорат обидувајќи се да те наведат за страст."

113. Ако забележиш дека некоја помисла те влече кон видување со момче или убава жена, знај дека се приближуваш до мрежи ѓаволски. Ако и по вразумувањето тоа да не го правиш, твојата намера не ја напушташ, тогаш знај дека си замотан во мрежите и дека не ти е лесно да го победиш сластољубието. Ако речеш: "Јас од ова не претрпувам повреда“, те прашувам: можно ли е да се чекори по жар, а нозете да останат необгорени?

114. Ако сакаш да бидеш целомудрен, пази го воздржанието и прекини ги штетните среќавања. Доколку се приближуваме до нешто што станува соблазнително, во срцето не можеш да бидеш без збрканост, без лоши помисли и распалување на лукави помисли, зашто виденото лице и чуените зборови нашите страсти ги возбудуваат. Како што сунѓерот, доближен до нешто што е влажно, ја собира влагата во себе, така и човекот, кој во помислите не е утврден, ако се зближи и долго разговара со оние што телесно размислуваат, во себе собира штета. Опиен од ова, и без вино се опиваш, со тоа што штетно се исполнуваш и духовни зборови не примаш.

115. Оној што сака да се поправи и во чистотата да се утврди, потребно е силно да се зафати со целомудрени помисли, телото свое со добри подвизи да го истоштува, а мислата своја да ја очистува од сѐ што е лошо и срамно - со помислување за Бога. Преку ова умот наш се исполнува со благодат; а кога благодата живее во нас, таа им го спречува пристапот на лошите сили, кога тие се обидуваат да влезат во нас.

116. Кога ќе видиш благоразумна жена, која сјае со убавина и има сјаен поглед, румени образи и некаков пријатен израз на лицето, и ако таа ја распали твојата помисла и твоите желби ги засили, тогаш размисли и сфати дека таа што те доведува во восхит е само земја и дека она што те разгорува е пепел. И душата твоја ќе престане да лудува. Проникни со твојата помисла во кожата на нејзиното лице, и тогаш ќе ја видиш малата цена на нејзината занесна убавина, зашто таму нема да најдеш ништо освен коски, жили и смрдеа. Исто така, замисли ја како старее, како се изменува, станува грда, умира и целата нејзина убавина исчезнува. Размисли и види со што се восхитуваш и засрами се, а кога ќе се засрамиш, покај се.

117. Блажен е оној човек кој се труди да Му угодува на Бога и телото свое го запазува чисто, за да биде свет храм на Царот Христос. Човеку, не стана ли ти доброволно храм Божји? Биди внимателен спрема себеси и дење и ноќе, за да не го извалкаш овој скапоцен свет храм на Господа.

Ако го запазиш чист и пријатен за Господа, Светиот Дух ќе живее во тебе и ќе те осветува сѐ повеќе и повеќе.

118. Препаши се со вера, надеж и љубов, и така засилен застани на стража, запазувај го Божјиот храм од сите нечисти помисли. Стани целиот око, набљудувај непрестајно и гледај да не ти се приближи лукавиот грабител. Овие грабители штом видат дека некој од нас е заслабен и расеан, веднаш жестоко го напаѓаат, за да го урнат и осквернат неговиот телесен храм, за да не Му биде веќе пријатен на Господа. Затоа биди внимателен спрема себеси, за да не се покаже дека ти самиот ги примаш овие лукави грабители - нечистите помисли и одвратните желби.

119. Коренот на похотта нема срам. Ако го сечеш секој ден, тој секој час одново ќе расне. Искорни го сосема од твоето срце, та да не може одново да расте секој ден и секој час. Ако го пресечеш и илјадапати, тој двапати повеќе ќе се обновува и ќе се засилува сѐ додека не се решиш потполно да го ископаш и отстраниш од твоето срце.

120. Биди внимателен спрема себеси, та, место да е во тебе светиот и пречист Господ , во твојот свет храм - да не се всели твојот нечист непријател, оној што го мрази доброто. Тој нема срам и безочно сака да ја оствари својата намера; ти многупати со прекор го прогонуваш, a тој пак настојува без срам да ти се приближи и да влезе во тебе. Ако го воведеш во твојот храм, тогаш ќе бидеш оставен од Бога. И храмот твој ќе се исполни со секоја нечистота, смрдеа и темнина.

в) За борбата со среброљубието (Чч. 1,2и3)

121. Не барај придобивка, во која има штета за душата, зашто што е поскапо од душата?

122. Сиромашниот монах, кој смирено безмолствува, подобар е од монахот - исполнет со гордост и надуеност.

123. Koj го сака златото, тој нема да биде оправдан, а кој Го љуби Господа - тој благословен ќе биде. Кој на златото свое се надева, тој паѓа, а кој на Господа се надева, тој се спасува.

124. Ако го засакаш среброљубието, без ништо ќе си појдеш оттука; ако ја засакаш немаштијата, од царството небесно нема да се лишиш.

125. Ако ја засакаш сиромаштијата, во бегство ќе го натераш демонот на блудот.

126. Кој во ќелијата своја злато сокрива, во себе страстите на надуеноста и непокорувањето ги собира. А кој во сокровиштето свое молитва и милостиња собира, тој богатее во Бога. Другите пари натрупуваат, а ти, монаху, молитва и милостиња натрупувај.

127. Да го бараме само она што ги задоволува нашите потреби; излишното само нѐ расејува, а не ни донесува полза.

128. Монахот што бара наследство од телесните родители, паѓа во искушенија, а кој Господа Го бара - се спасува.

129. Не вели: "Со што ќе се прехранам, ако остареам"? Зашто ние не треба да се грижиме за утрешниот ден, а ти, ете, и за староста твоја се грижиш. Да го бараме "најнапред царството на Бога и Неговата правда", а сѐ друго ќе ни се придаде (сп. Матеј 6,33). А, ако него не го бараме, тогаш ќе биде јасно дека за него не се грижиме. Па затоа: "Пренеси ја на Господа маката своја и Он ќе те поткрепи" (Псал. 54,22).

130. Монахот кој се грижи за богатство - тој е палма неплодна, а оној што сака немаштија, - тој е палма поткастрена, што расте на височина.

131. Монахот кој е приврзан кон земни богатства, - личи на јастреб со подврзани крилја; каде и да е, тој е неспособен за лет; оној што не е приврзан кон богатство, тој е како патник без тежок товар на себе.

132. Златото не дава трпение, а верата на тврди основи го поставува оној што ја има неа.

133. Зошто непотребните грижи не ги фрламе од себе и не се олеснуваме од товарите земни? Не знаеме ли дека вратата е ниска и тесна и дека богатиот низ неа не може да влезе? Бог сиромасите ги сака, оние што заради Христа доброволно се откажале од сѐ земно и живеат во маки, подвизи и бдеења.

134. Раката твоја да не биде пружена за земање; подобро е да се пружа за давање.

135. Од сите страсти најтешка е страста на среброљубието: " Коренот на сите зла е среброљубието" (1. Тим. 6,10). Сакаш ли да знаеш со што се искорнува? - Со ова: со сето срце и со сета душа да имаме надеж во Бога.

136. Лукавиот дух на некој брат му дава усрдност кон рачна работа повеќе отколку што е потребно. Од тоа се раѓа страста на среброљубието. Душата ранета од среброљубието, од овој корен на сите зла, го гони монахот рано да станува и на работа да седнува и навечер подоцна да ја завршува. Тој веќе нема грижа за молитвата и за службата; среброљубието го гони да биде зафатен само со работа. На службата Божја тој оди после сите браќа и бара причина пред сите да ја напушти. - Внимавај, да не бидеш лишен и од монаштвото, ти си ги преминал сите граници на дозволеното. Непријателот твој на ова нема да се задржи. Откако нашол пристап, тој многумина од патот Божји ги оддалечил, внушувајќи им: "Се трудиш, се мачиш, а уште ништо немаш; пронајди работа што ќе ти дава поголеми приходи". - Оние што нема да ја сфатат лукавата мисла, барајќи таква работа, во светот се враќаат и засекогаш таму остануваат. Затоа, биди внимателен и пази се.

137. Целомудрието не е само во тоа - да се воздржуваме од блудот и од телесните задоволства, туку да бидеме слободни и од другите страсти. И користољубивиот, и среброљубивиот и ненаситниот - целомудрени не се и не можат да бидат. Како што еден бива заробуван од телесна убавина, така другиот го заробуваат парите. Ваквиот е понецеломудрен и од првиот, зашто тој кон тоа не бива гонет од својата природа, како што бива гонет блудниот. Страста кон парите не е природна; побудите кон неа не се наоѓаат во нашата природа, туку во нашата искривена слободна волја. Кој доброволно греши, - нему не му се простува.

г. За борбата со гневот

(Чч. 1,2 и 3)

138. Кој од себеси ги прогонува гневот и раздразнувањето, тој далеку е од војна и метеж; духот негов секогаш е спокоен, лицето му е весело и умот здрав; тој е живеалиште на Светиот Дух.

139. Кроткиот се радува и кога е навреден; благодари кога е понижен; разгневените - со љубовта своја ги скротува; прима удари, и не се срди; кога го потчинуваат - се весели; туѓата гордост не го повредува; во унижувањата се радува; за заслугите свои не се воздигнува; со сите е во мир; на началниците свои тој им е послушен; за работа е приготвен; далеку е од лукавството и не ја познава зависта.

140. Незавидливиот чест не бара, со радосните се радува, на тие што успеваат и својата помош им ја дава, со задоволство ги гледа оние што одат по добриот пат, пофалбата своја им ја даваат на оние што живеат добро; тој никому не му завидува и на успесите од своите браќа од срце им се радува.

141. Беден е оној што завидува и што успехот на другите го измачува; таквиот соучесник му е на ѓаволот, - "поради завист од ѓаволот смртта влезе во овој свет“. (Мудр. Сол. 2, 24). Срцето негово секогаш од жалост се измачува; телото негово бледило го јаде и силите негови биваат истоштени. Зависта и соперништвото се страшен отров; од нив се раѓаат клеветата, омразата и убиството.

142. Кој својот јазик не го наранил со лоши зборови, тој ги запазил чисти срцето и совеста. Кој останал неуловен од духот на лошите зборови, тој вистински познал дека и самиот е телесен човек и од злопаметење се запазил. А кој не е со злоречивите - тој со ангелите ќе живее. Кој уште и јазикот свој со лоши зборови не го затровал, тој е исполнет со лекарствата на љубовта. Кој устата своја со лоши зборови не ја извалкал, устата негова е исполнета со благоухана миризба од плодовите на Светиот Дух.

143. Кој против другиот зборува, себе се осудува. Во лошите зборови има клеветништво, омраза и озборување; со право тој се смета за братоубиец.

144. Омразата и зависта под покривот на побожноста - cѐ исто како горчлива вода во златни садови. Дрвото на животот стави го во неа и таа ќе биде слатка. Крстот на Спасителот ги уништил сите напади на лукавиот демон.

145. Духовните очи љубовта ги просветува; кој сака непријателство и караница, тој раката своја во змиско гнездо ja става.

146. Ако во срцето свое злопаметењето го скриваш, - ќе бидеш живеалиште на лутината и незнаењето; жалоста ќе биде, вгнездена во тебе и изгледот на лицето твое ќе се измени. Зашто е речено: "По патот на правдата има живот и во нејзината патека нема смрт" (Изрек. 12,28).

147. Koj во своето срце скрива злопаметење, тој е како оној што во своите пазуви одгледува змија.

148. Гневливиот ја вознемирува душата на браќата свои, а долготрпеливиот во љубовта своја се плаши од Бога.

149. Северниот ветер морето го бранува; гневливоста мислите ги заматува. Великодушноста гневот го изгонува; без раздразнетост и гневот се прекратува.

150. Незауздениот коњ јавачот свој на непријателите им го предава; разгневениот во несреќи паѓа.

151. Монаху, не слушај ја зависта; не прави му стапици на твојот брат и со имиња лоши не нарекувај го. Сакајќи да го прогониш од местото негово и копајќи му дупка, гледај ти самиот да не паднеш во неа. Слушај што е напишано во Светото писмо: "Кој копа јама (на ближниот) сам ќе падне во неа" (Проп. 10,8) и: " Грешниците нека паднат во своите мрежи " (Псал. 140,1О).

152. Не измислувај причини и не говори: "Тој брат лошо му прави на нашето братство". И така да е, ти на другиот не прави му зло и не здружувај се со оние што прават зло, зашто Бог "ги испитува срцата и утробите праведно" (Псал. 7,10).

153. Кој го нашол патот на долготрпеливоста и незлобивоста, тој патот на животот го нашол.

154. Кој завидува на успесите на братот свој, тој од вечниот живот се одделува; кој на братот свој во доброто му помага, - во вечниот живот со него ќе биде. Ако судот ги накажува оние што зло прават и оние што во злото им помагаат, тогаш Господ ќе ги награди и оние што на ближните свои им помагаат Неговата волја да ја извршуваат.

155. Подобро е гневот со насмевка да го пречекуваме, отколку нескротливо на гневот со гнев да враќаме.

156. Димот пчелите ги прогонува, а злопаметењето знаењето од срцето го отстранува.

157. Моли Му се на Господа и солзи пролевај пред добрината Негова и злопаметењето нема да се настани во тебе и молитвата твоја ќе биде "како темјан" пред Него (Псал. 140,2).

158. Оној што сака да живее мирно на секое место, тој нека не го бара својот спокој, туку на другите спокојот во Господа, - тој само на тој начин ќе најде спокој на својата душа. А лошиот и нетрпеливиот - никаде спокој не може да најде.

159. Ако некогаш браќата се скараат, тој прв што ќе се покае ќе добие победнички венец, но и другиот ќе биде овенчан, ако го прими неговото покајание и ако направи сѐ што е потребно за мирот меѓу нив.

160. Лутината е јама отворена пред нас; кој ќе ја победи лутината во себе - тој преминал преку јамата.

161. Во едномислието на браќата обитава Господ, а кавгата ѓаволот го вселува.

162. Кој молчи, кога за порокот негов - бива изобличуван, тој во срцето свое - страшна злоба крие, a кој кротко се брани и вината ја признава, тој нема злоба во себе.

163. Раздразнетиот и разгневениот изобилува со клетви, а разумен е тој што премолчува.

164. Што е раздразнетост? - Toa е страст брза и бесрамна, по која следи раскајување, а жалоста срцето го јаде - ако човек во неа пропадне.

165. Кој сака кавги - ненадејно загинува и пропаѓа; тој се радува во она што Господ го мрази. Кој сака мир - мир ќе добие; кротоста ја победува раздразнетоста.

166. Она што е на змијата отровот, - тоа се раздразливоста и злопамтењето, зашто тие лицето го менуваат, мислата ја вознемируваат, жилите ги раслабуваат и предизвикуваат недостиг на сили за завршување на своето дело; кротоста и љубовта сето тоа го прогонуваат.

167. Cо што бива победувано злопамтењето? - Cо стравот Божји во душата и со спомнување за денот на смртта. "Спомнувај си за крајот твој и престани да мразиш" (Мудр. Сирах. 28,6). Спомнувај си за својата смрт и не воздигнувај се, зашто уште малку ти остана, - набргу ќе лежиш в гроб. Каква ти е ползата од лошите дела?

168. Миротворец биди, за да се удостоиш, да бидеш наречен син Божји.

169. Храна за огнот се дрвата, а за раздразнетоста – гордоста.

170. Сакаш ли раздразнетоста да ја победиш? - Труди се смирен да бидеш и оди по патот на кротките и смирените.

171. Ако браќата се во голема огорченост еден против друг, блажен е миротворецот; а кој огнот меѓу нив го разгорува - накажан ќе биде.

172. Во човекот почива кроток и смирен дух на премудрост; оние што во премудрост одат - Господ ги љуби.

173. Монахот кроток и молчалив - живот вечен ќе наследи.

174. Кроткиот монах е стражар; тој ги демне страстите.

175. Прости му на братот, ако нешто ти згреши, - Господ ќе ти ги прости прегрешенијата твои.

176. Претекни го братот твој што те навредил, од сѐ срце покај се пред него, според зборовите на Спасителот, Кој ни заповеда не само да простуваме, туку седумдесетпати по седум - да простуваме.

177. Примај го покајанието од братот твој, како од Бога да е испратен, за да не Го унижиш Оној Кој го пратил и гневот Негов против себе да не го подигнеш.

178. Не напаѓај го братот во денот на жалоста негова; не додавај жалост врз жалоста негова.

179. Не памети го злото од братот твој, зашто е напишано: "По патот на правдата има живот и во нејзините патеки нема смрт " (Изрек. 12,28).

180. Ако не можеш навредите да ги поднесуваш, тогаш молчи и ќе се успокојуваш.

181. Биди внимателен спрема себеси, не давај да те надвладеат лутината, раздразнетоста и злопаметењето; од тоа животот ќе ти биде немирен и тежок. Великодушноста, кротоста и незлобивоста придобиј ги; тие на христијанинот му прилегаат и му помагаат да живее мирно и спокојно.

182. Омраза кон никого немај во срцето и зло за зло не враќај, но Божјата љубов придобиј ја; неа Светото писмо над сите добродетели ја поставува и ја споредува со Самиот Создател на сѐ, зашто таму е речено: "Бог ѐ љубов " (1. Јон. 4,8).

183. Паднатиот, но кој во себе нема омраза и завист, Господ нема да го остави паднат; рака ќе му подаде да стане, затоа што љубовта не ја отфрлил. А оној што навидум сигурно стои, но со гордост се воздигнува, и омраза во себе носи, тој е во голема опасност; мракот на омразата му ги заслепил очите и тој не гледа каде оди.

184. Настојувај да не бидеш гневлив, за да не се опиеш без вино, оптоварувајќи се со страста на гневот.

185. Да се радуваме и да се веселиме на успехот од нашиот ближен, - тоа е белег на совршенството, а да жалиме и да се измачуваме кога братот наш напредува во доброто, - знак е на лошотија и демонска расположба.

186. Неможно е добродетелта да биде утврдена, ако не биде зајакната со љубовта (сп. 1. Kop. 13,2). Без љубовта ќе бидеме далеку од вистинскиот пат кој води кон вратата небесна. Да пролеваме солзи, за да се ослободиме од веригите на омразата, зависта, гордоста и од секоја демонска нечистотија. Демонско дело е жалостењето поради напредувањето во доброто на братот наш. Во бесовите омразата живее; повеќе од сѐ тие посакуваат сите потполно да загинат. А светиите, подражавајќи Му на Господа, сакаат "сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината" (1. Тим. 2,4) - преисполнети со љубов, тие и ближните ги сакаат како себеси.

187. Биди долготрпелив, за да бидеш силен и во благоразумноста. Не распалувај се со гнев, но со скромност со насмевка на лицето; раздразнетоста замени ја со мир. Насмевката наша распалува поголем гнев кај разгневениот. Најнапред смири го срцето свое, а потоа зборувај му насмевнат. Оган со оган не се изгаснува. Со љубов и добродушност смири го гневот на разгневениот. Ако братот наш со ова не го смириме, да се потрудиме да најдеме други средства и начини за ова и да го излекуваме, та жртвата наша да Му биде пријатна на Бога (сп. Матеј 5,23-24). Да го следиме примерот на нашиот Господ и Спасител, Кој "кога Го хулеа, Он не им одвратуваше со хули" (1. Петр. 2,23) и примерот на Давида да го подржаваме, кој, кога Семеј го навредувал, рекол: "Оставете го, нека зборува лошо, зашто Господ му заповедал; можеби, Господ ќе погледне милостиво кон унижувањето мое" (2. Цар. 16,11-12).

189. Сонцето да не нѐ зајде во гневот наш, но на сите да им проштаваме и љубовта да ја зајакнуваме, затоа што таа покрива многу гревови. Оној што братот свој го мрази и мисли на Бога жртва да Му принесе, тој ќе биде од Бога примен така, како на жртва да Му принесува пес или од Него ќе добие цена на блудница. Кој братот свој го мрази, а мисли дека Христа Го љуби, тој е измамник и себеси се мами.

190. Ако имаш нешто против братот твој или тој против тебе, побрзај да се измириш. Ако тоа не го направиш, на Бога друго што и да Му принесеш, твојот дар нема да биде примен (сп. Марко 11,25; Матеј 5,23-24). Ако оваа Господова заповед ја извршиш, тогаш смело моли Му се вака: Прости ми ги долговите мои, како и јас што им простувам на моите должници (сп. Матеј 6,12). А Човекољубивиот Бог ќе ти одговори и ќе ти рече: "Ако си простил, и Јас ќе ти простам ".

д) За борбата со жалоста

 (Ч. 1,2 и 3).

191. Кој трпеливо ги поднесува навредите сличен е на лав затворен во кафез, а кој на навредата со навреда одговара, - тој е сличен на оној, кој самиот си го одзема животот.

192. Малодушни да не биваме, зашто нема во овој свет да бидеме.

193. Срцето наше да не го жалостиме, зашто "скрбта по Бога предизвикува неопходно покајување за спасение, а световната мака доведува до смрт" (2. Кор. 7,10).

194. Монахот кој е подготвен храбро сѐ да претрпи, - само понекогаш ќе има жалост.

195. Не давај му жалост на срцето свое; утеха барај само во Господа.

196. Ако бидеш наклеветен, а подоцна се открие чистотата на твојата совест, не воздигнувај се; на Господа, Кој те спасил од клеветата, во смиреноста служи Му, за да не претрпиш големо паѓање.

197. Лукавата душа, кога ѝ ласкаат, се превознесува, а кога ја навредуваат, - се разбеснува, а добриот човек - на ласкањата не им се радува и навредите - не го разбеснуваат.

198. Трпеливоста нема мерка, - ако е со љубов исполнета.

199. Во денот на жалоста истрпи Го Господа, а Он ќе те закрили во денот на гневот.

200. Не подбивај се со разгневениот, не радувај се кога гледаш развратник, за да не се разгневи Господ на тебе и да не останеш без закрила во денот на жалоста.

201. Не мисли дека страдаш повеќе од сите. Како што живите на земјава не можат да избегаат од воздухот, така и човекот што живее на земјава не може да ги избегне маките и страдањата. Оние што се зафатени со земното - од земното маки имаат, а оние што се стремат кон духовното - за духовните работи страдаат. Но овие ќе бидат блажени, зашто нивниот плод е изобилен во Господа.

202. Ако сме робови на Бога и на Спасителот, тогаш од веригите на маките што ги носиме - да не се срамуваме, туку со радост да ги претрпуваме, чекајќи го доаѓањето на Господа од небото, кога и нас кон светиите Свои ќе нѐ приброи; оние што страдале заедно со Него, ќе бидат учесници и во утехата со Него (сп. 2. Кор. 1,7).

203. Сега има два вида жалости со кои е окружен секој човек под сонцето. Тоа се жалостите по Бога и жалостите од овој свет. Не е можно да се измине овој живот без некоја од нив - од жалостите по Бога и тие од овој свет. Жалоста и страдањето од овој свет се тешки и не ветуваат награда, а страдањата по Бога самите во себе носат утеха, а уште повеќе нѐ веселат со ветувањето на вечниот живот. Првите маки и страдања претворај ги во маки и страдања за Бога; со тоа ќе ја прогонуваш жалоста од срцето свое.

204. Ако работиш дело Божјо со смиреност и побожност, a ѓаволот, со намера да ти попречи во добриот живот, подигне мрзливи луѓе против тебе, не плаши се и не трепери и од правиот пат не отстапувај. "Надевај се на Господа'" (Псал. 26,14), избранику Божји, Така што тие што те измачуваат на твоето славно спасение да се вчудоневидуваат, како што е напишано: "Праведникот и рано да умре, ќе биде во мир" (Мудр. Сол. 4,7).

205. Како што огнот во печката златото и среброто ги проверува, така и душите на смртните во маките се испитуваат, имајќи го за помошник Самиот Господ.

206. Од искушенија страв да немаме, кон почестите од Христа смело да гледаме; сите што Го љубат Бог ги овенчува.

207. Koj сака монах да биде, a маки, унижувања и страдања не поднесува, тој не може да биде монах.

208. Навредите великодушно поднесувај ги; примај и добро и лошо со благодарност кон Бога. Секогаш зборовите на апостолот треба да си ги спомнуваш: "Слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде кроток кон сите, поучлив и незлобив" (2. Тим. 2, 24).

209. Ако се случи да се разболиш, не барај помош од луѓето; подобро е трпение да имаме и од Бога милост да чекаме; понекогаш и телото има потреба од вразумување. Секогаш на Бога да Му благодариме, “зашто Он се грижи за нас" (1. Петр. 5,7). Кога човек е болен, тогаш и самата душа безмерно го бара Господа. Затоа вразумувањето од болеста е добро, ако вразумениот Му благодари на Бога: "Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме? Нека е благословено името Господово" (Јов 2,10; 1, 21).

210. За време на искушенијата не биди малодушен! Биди трезвен во молитвите и во добрите дела, угледувајќи се на морепловците кои кога се подигнува бура, на сѐ внимателно гледаат и Бога на помош Го повикуваат. Господ не ги презира оние што вистински Го повикуваат. Затоа и ние кога сме во маки и страдање, кон Господа да пребегнуваме и да Му велиме: " Господи, во беда те бараме" (Иса. 26,16). Морето не секогаш е мирно; земниот живот не е можно да се преплива без искушенија. Но, ако за верата во Господа се држиме како за кормило, тоа во животното пристаниште ќе нѐ одведе; тогаш од трудовите ќе бидеме ослободени и во нов живот ќе се облечеме.

211. Ако мака нѐ посетила, приближување на радоста да чекаме од Бога. За пример морепловците да ги имаме. Кога дувнува силен ветар и морето се разбеснува, тие се борат со брановите чекајќи го смирувањето. Кога настанува тишината нови бури чекаат. Затоа секогаш се претпазливи - ненадејно да не дојде силен ветер и да не ги најде неподготвени, да не ги издави во морето. Вака треба да дејствуваме и ние кога ќе нѐ постигнат маки и страдања, и тогаш помош да чекаме само од Бога. Мислата за смртта далеку да ја одгонуваме; надежта за спасението да нѐ поткрепува. Исто така, и кога сме радосни страдањата да ги чекаме и во изобилството на радоста, солзите да не ги заборавиме.

212. Биди силен во искушенијата и во страдањата и противставувај му се на распаленото сладострастие; да не се распаднеш како недопечена цигла од дождот; та тврдоста што мислиш дека ја имаш да не се претвори во ништо.

213. Откако си решил на Бога да Му угодуваш, биди долготрпелив. Спомни си ги древните родови и ќе видиш дека сите светии ветеното го добиле низ постојана и долга трпеливост. Секој ден да се трудиме, та и ние царството небесно да го наследиме. Трпеливоста од нас бега поради нашата слаба вера. Ревноста твоја за Господа зголемувај ја; биди храбар во верата своја, за од големите маки - душевните сили да не ги загубиш. Замислувај ги оние што биле прогонувани, заробувани и што работеле тешки работи во рудниците и полињата, и кога страдаш на Бога биди Му послушен.

214. Ако бидеш огорчен, претрпи, зашто и поголеми маки те чекаат. Ако те навредуваат кога ти не си присутен и друг некој дојде и ти каже, не огорчувај се на братот твој, знаејќи од кого тоа доаѓа. На оној што ќе те извести речи му: " Иако ме навредувал, тој е мој брат, јас тоа го заслужувам, но непријателот наш тоа го устројува, за да посее омраза меѓу нас. На лукавиот мислите Господ да ги уништи , на братот мој да му се смилува, а нас да нѐ остави". - И ако и в лице те навредат, не обеспокојувај се и умот свој не губи го. А, ако нѐ бесчестат за лошо дело што сме го направиле, тогаш да не се лутиме, туку грешката наша да ја поправиме.

215. Ако оној што го утешува страдалникот е човек духовен, тој му приоѓа не за штета, туку за голема полза. А оној што телесно мисли, тој нема да му донесе полза; тој место да го утеши, повеќе го растројува.

216. Си слушнал збор непријатен и се измачуваш. Ако е точно она што ти го рекле, радувај се што за вразумување тоа ти го направиле и погрижи се по паѓањето одново да станеш. А, ако неправично си навреден, ќе добиеш голема награда, ако трпеливо поднесеш. И апостолите како злочинци среде градови биле тепани, но никогаш не се гневеле, не се срделе, туку се радувале што се “удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса" (Дела 5,41). И ти радувај се што си удостоен да бидеш бесчестен за името Негово.

217. Можеби некој од мрзливите ќе рече: "Жалам што сето ова ми се случи по толку многу трудови од моја страна?" Слуго на Господа, зошто жалиш? Не е ли тоа подобро за тебе што сознаваш дека и по толку годишен труд, страстите твои останале уште непобедени и откако го сознаеш ова, да почнеш да ги победуваш? Светиот апостол пишува: "Оној, кој сам себе се смета за нешто, а е ништо, тој се мами самиот себе" (Гал. 3,3). Вештината на кормиларот се пројавува за време на бура. Ако некој се фали со тоа што многу години поминал во монашки живот, а делата негови тоа не го потврдуваат, тој ги има кај себе орудијата за таквиот живот, со кој не научил да ракува. - Ти се случила некаква мака, а ти веднаш си го напуштил монашкиот живот - како да си се откажал од него. Во еден миг си го загубил плодот од долгогодишниот труд. - Не, брате, грбот свој не свртувај им го на непријателите твои, туку храбро стој, бори се и тие ќе избегаат од тебе. Стави го штитот на верата, стави го на себе шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо (Ефес. 6,17), продолжи да се бориш и на храброста твоја да ѝ се израдува Светиот Дух, Кој живее во тебе.

218. Ако не поднесуваш мало искушение, како ќе го поднесеш големото? Ако не можеш да победиш едно момченце, како ќе можеш возрасен и силен маж? Ако не можеш да поднесеш да претрпиш непријатен и навредлив збор, како ќе претрпиш удар? Ако не можеш да претрпиш удари и шлаканици, како тогаш ќе го претрпиш крсното страдање? А, ако крстот не го прстрпиш, како ќе ја наследиш славата на небесата заедно со оние, кои велат: "'Заради Тебе умираме секој ден, нѐ сметаат како овци определени за клање" (Псал. 43,22)? Брате мој, зар јас и ти сме заборавиле што претрпел за нас нашиот Господ и Спасител? - Heгo Го исмевале и понижувале, Му велеле дека бес има во Него, а Он не се гневил. Го нарекувале лажец, Му удирале шлаканици, го тепале и на крст Го распнале; вкусил оцет со жолчка и со копје Го прободеле. И сето тоа го претрпел заради нас и заради нашето спасение. А ние, тешко ни нам, не можеме да претрпиме и најмала навреда, не сакаме да поднесеме ништо заради Него, Кој претрпел толку маки и страдања за нас.

219. Кој сака да Му угоди на Бога и да стане наследник Божји по вера, за да се нарече син Божји, роден од Светиот Дух, тој е должен, пред сѐ:, откако ќе се облече во добродушност и трпеливост, храбро да ги среќава и поднесува сите маки и страдања, и телесни, и навреди од луѓето и разни демонски искушенија, кои ни ги испраќа лукавиот со намера да нѐ раслаби, очае и да нѐ направи нетрпеливи, за да ни попречи да влеземе во вечниот блажен живот. Сето ова станува според Божјата промисла, која дозволува секоја душа да биде искушувана со разни маки и страдања, за да се покажат оние што Го љубат Бога со сета своја душа, кои претрпуваат сѐ, без да ја загубат својата надеж на Бога, исполнети со благодат, вера и трпение, го претрпуваат секое искушение и на тој начин се покажуваат достојни за царството небесно.

220. Онаа душа што не е храбра и што со трпеливост не ги поднесува сите искушенија и страдања, туку се очајува, жали и се бунтува, се вознемирува и не се грижи за своите подвизи, загубувајќи ја и самата надеж на своето спасение; ја загубува сигурната надеж, која со несомнена надеж ја очекува Божјата милост и co која, се разбира, не може да се удостои, затоа што не го следела примерот на сите светии и не одела по стапките на Господа. Гледај и набљудувај како некогаш оците, патријарсите, пророците, апостолите и мачениците, минувајќи го овој пат на искушенија и страдања, успеале да Му угодат на Бога и да се удостојат со големи награди.

221. Бог не дозволува онаа душа, која се надева на Него и која е трпелива, да биде прекумерно искушувана, за да се очае, да падне во такви искушенија и страдања, што нема да може да ги истрпи (сп. 1. Кор. 10,13). И лукавиот наш непријател не ја искушува и не ја измачува душата толку колку што посакува, туку толку, колку што му е дозволено од Бога. Нашата душа е должна сѐ да поднесува храбро, да се надева на Бога и да ја очекува Неговата помош. И тогаш не е можно да биде оставена. Напротив, колку душата повеќе се подвизува, прибегнувајќи со вера и надеж кон Бога, толку побргу Он ја избавува од секоја мака, во која се наоѓа. Зашто Он знае колку душата треба и може да страда. Ако грнчарот не ги стави направените садови во печката, за да се стврднат, тие не би биле погодни за својата намена, но ако ги остави во печката повеќе отколку што е потребно, тие ќе прегорат и ќе испрскаат, и нема да бидат за никаква употреба. Па, ако луѓето за обичните работи имаат толку разумност и знаење, тогаш колку повеќе Бог знае колку потреба има душата од искушенија и страдања, за да може оној што сака да Му угоди и да го добие вечниот живот.

222. Како што каделата бива погодна од неа да се напреде тенка и мазна преѓа откако многупати ја чистеле и влачеле, така и богољубивата душа, подложувајќи се на многу искушенија и страдања и претрпувајќи ги храбро, станува сѐ почиста и попогодна за духовни подвизи и за духовен живот и, најпосле, се удостојува да го наследи небесното царство. - Маките и искушенијата ја прават душата искусна и силна, ако се што ѝ се случува непријатно го поднесува храбро, доброволно и со надеж на Бога и со непоколеблива вера очекува од Бога да добие избавување и голема милост.

223 Душата што е предадена на страдања заради испитување и бива најразлично измачувана од лошите духови, со внатрешна тешкотија од лукави помисли, како и со телесни маки и страдања, ако ги претрпува храбро, ако се надева на Господа и ако ја очекува наградата од Него, - ќе биде удостоена со венци на славата и на правдата и во денот на Страшниот суд ќе добие од Бога еднаква награда заедно со светите маченици. Зашто маките и страдањата што ги претрпуваат, носејќи го својот животен крст, се еднакви со другите измачувања од нечистите духови, кои ги напаѓаат.

224. Непријателот, ако не може да нѐ натера да направиме нешто лошо и да нѐ собори со лоши и лукави мисли, тогаш нѐ напаѓа со жалости и страдања, за да го помрачи нашиот разум и потоа да сее во него сѐ што ќе посака. Ако ни на овој начин не може да ја постигне својата пакосна цел, тој тогаш ни овозможува да ги имаме сите удобства во животот, ни ласка и нѐ воздигнува, нѐ наведува на секаква измама, што е всушност нешто пострашно и од сите страсти, зашто тоа нѐ прави горделиви, нѐ повлекува кон длабочината на сластољубието, го изгонува од нас спомнувањето за Бога, за нашата немоќ и за смртниот час. Најпосле создава во нас расположение да се бориме против секој човек и се што е добро.

225. Сѐ е од Бога - и доброто и жалоста, но едни работи биваат затоа што доброволно се согласуваме со нив, други биваат според Божјата промисла и трети - затоа што Бог се согласува со нив и ги допушта. Доброволни се оние - кога живееме добродетелно, зашто тие работи Му се угодни на Бога, за да живееме добродетелно и да се украсиме со венци за нашата трпеливост; според Божјата промисла - кога паѓаме во гревови и биваме вразумувани и, најпосле, кога Бог се согласува и ги допушта искушенијата, затоа што, иако биваме вразумувани, не се поправаме и не се обраќаме. - Бог нѐ накажува по Својата промисла тогаш кога грешиме, за да не бидеме осудени заедно со светот, како што вели апостолот: " Судејќи нѐ, Господ нѐ накажа, за да не бидеме осудени заедно со светот " (1. Кор. 11,32), a светиот пророк Амос вели: "Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Господ? " (Амос 3,6), а такви се: гладот, раните, болестите, неуспесите, борбите, зашто сите тие служат за нашето очистување од гревовите. - Бог го допушта сето ова и потполно ги остава оние, кои не сакаат да живеат без да грешат, кога не сакаат да се обратат, туку и понатаму продолжуваат да грешат. Тогаш Бог ги предава на изопачен ум - да го прават она што не прилега (сп. Рим. 1,28).

226. Оној што мрмори не е способен за никаква работа и нема расположба за неа. Тој е мрзлив и секогаш има готов одговор зошто не сака нешто да направи. Тој и другите ги одвратува и им говори: "А зошто ќе ви е тоа? И каква е користа и од ова што го правите?"

227. Мрзливиот, кога го викаат на богослужба - се лути, изговарајќи се дека го боли стомакот и главата. Кога сакаат да го посоветуваат и да го поучат, тој им вели: "Себе научете се", а ако се обидат да го научат на нешто, тој извикува: "Не учете ме; и јас го знам тоа!"

228. Оној што може да работи, не е убаво да јаде туѓ леб. И светиот апостол Павле вели: "Се пазев и ќе се пазам, да не ви бидам товар" (2. Кор. 11,9).

229. Монахот што постојано мрмори претрпува голема штета, а оној што трпеливо поднесува сѐ, тој ќе наследи радост.

230. Ако те нападне духот на унинието, не напуштај го своето живеалиште, туку противстави му се на овој дух со трпение. Не предавај ѝ се на помислата дека треба да се преселуваш од едно место на друго. Ако ѝ попуштиш на оваа помисла, тогаш веќе никогаш нема да имаш трпение.

231. Монаху, никогаш не вели: "Овде имам борба и тешкотии, a таму, каде што ќе отидам ќе имам спокоен и убав живот". Зашто знаеш ли кој е оној што нѐ напаѓа и со кого се бориме? Ѓаволот е нашиот непријател, "a тој: оди по земјата и ја обиколува (Jов 2,2). Каде и да појдеш, тој секаде ќе биде близу до тебе. Затоа е подобро да останеш каде што си и да не го напуштиш своето живеалиште. Светиот апостол Јаков нѐ поучува: "Противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас! Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас" (Јак. 4,7-8).

232. Мрзливиот монах вели: “Денес живеам овде, а утре ќе појдам на друго место; па зошто тогаш да работам и да се трудам?"

233. За многу работи размислува мрзливиот монах и најпосле сонлив паѓа во многу беди.

234. Koj постојано преминува од една ќелија во друга, тој придобива суетни мисли, а тој што живее постојано на едно место, - тој на безмолвие се предава.

235. Монахот кој талкал лесно претрпува рани, ако не биде трезвен, а ако живее на едно исто место, како што е и повикан, тој ќе најде спокој.

236. Тебе ти е пријатно неработењето, но горчлив е неговиот крај; вистина, од работата ќе се измориш, но потоа ќе се развеселиш.

237. Мрзливиот и самољубивиот монах се крие кога работата почнува, а кога е време за јадење, - тој е таму меѓу првите.

238. Спомнувањето за смртта и за вечните казни е меч против бесот на унинието.

239. Од сите товари најтежок е товарот на унинието, особено, ако му е содружник неверувањето; плодовите негови полни се со смртоносен отров.

240. Монаху, ти си ја оставил твојата ќелија и по светот талкаш. Зар не се плашиш од “насилството и расправиите во градот"

241. Има ли помрзлив од оној, што е жеден и седи близу до извор, а не пружа рака да си нацрпи вода и да се напие? И кој е понезаинтересиран од оној што има книга, а не сака да чита?

242. Потруди се и описмени го неписмениот, за да може да се запознае со чудните Божји дела и да го благословува Неговото пречудно име. За ова Бог ќе те награди.

243. Монахот кога е во униние бива напаѓан од мрзливост, а кога е трпелив - гордост го напаѓа, а оној што вистински Го љуби Господа, ќе биде запазен од едното и од другото.

244. Мрзпивиот монах многу загуби претрпува; а трезвениот не загубува ни еден единствен час.

245. Не сакај да преминуваш од едно место на друго; со трпение извлекувај полза од неудобствата, кои ги имаш таму каде што живееш. Како можеме да сакаме да го поминеме целиот свет, кога знаеме дека не смееме да ја напуштиме нашата ќелија, ако сакаме да се спасиме? Ако немаме трпение да останеме во општежитието, а за осаменост безмолвие не наоѓаме во нас, тогаш каде ли ќе биде нашето живеалиште? Тогаш и ние можеме да кажеме: "И топлината сончева не можам да ја поднесувам, а и сенката ми е неподнослива". Се плашам дека еден ден ќе се најдеме во неизгасливиот оган.

246. Да имаме силно срце; слабоста на срцето им е спротивна на добродетелите. Ако од униние бидеме нападнати, да не бидеме малодушни; должни сме да правиме напори, слично на добриот патник. Патннкот, кога ќе се замори, не се откажува од целта на патувањето и од натамошното патување, туку себеси се утешува со овие зборови: "Само уште малку, па преноќиште ќе најдам и ќе се одморам". - А Господ, гледајќи како се самопринудуваме, ќе ни даде сила и тешкотиите ќе ни ги олесни.

247. За да се прехраниме, треба да работиме, надевајќи се на Господа. Не плаши се од трудот; многумина ништо не работеле и неработењето им тежело: За да не просиш, учи се да работиш. Не биди незаинтересиран за работата. "Господ е близу!" (Фил. 4,5).

248. Седејќи во својата ќелија, да не очајуваме, спомнувајќи си, дека светите маченици, по многу измачувања, биле врзувани со железни вериги. Затоа, да не бегаме од неудобностите на ќелијата, работата да не ни биде здодевна, знаејќи дека многумина поради Господа во рудници биле испраќани. Кога би живеале во тие времиња, зар заради маките животот наш би го измениле? Дали би се откажале од нашата вера поради извонредно тешките околности?

249. Задржи се на местото, каде што си сега; бори се против мрзливоста. Зашто не со промената и оддалеченоста на местото можеш твоите страсти да ги скротиш, туку само со внимателноста на твојот ум. Од трпеливост имаме потреба. Апостолот вели: "Најнапред ни е потребно трпение, па, откако ќе ја исполниме волјата Божја" - да го добиеме ветеното (Евр. 1О,36). Очајниот е далеку од трпеливоста, како болниот што е далеку од здравјето. Добродетелта се распознава по трпеливоста, а не по очајанието. Трпението се обновува и зајакнува кога умот со соѕерцание е зафатен и со божествени поуки. Зајакнуван од ова, умот придобива сили, како што зајакнува телото од здрава храна. Ако умот отстапи од оваа благодат и од ова достоинство, тој ќе стане беден и немоќен. Затоа, од приврзаноста кон земното ослободи се и умот свој впрегни го да работи за Господа. И не ќе имаш потреба телото свое по светот да го пренесуваш од место на место и без причина по патиштата да го измачуваш, зашто Спасителот наш вели: "Царството Божјо е во вас внатре" (Лука 17,21).

250. Koгa ќе забележиш дека читањето на Светото писмо ти станува здодевно и дека без волја ги слушаш духовните поуки, тогаш знај дека душата се разболела од оваа тешка болест. Зашто тоа е почетокот на злоумието и умствената извртеност, од која оние што боледувале придобиле духовна смрт.

251. Блажен е оној, кој секој ден во себе ги обработува прекрасните и добри мисли и со надеж ја убил лукавата страст на унинието, со кое се борат Божјите подвижници.

252. Блажен е оној кој во делото Господово станал како храбар борец, кој мрзливите ги поттикнува и малодушните ги охрабрува на патот кон Господа.

253. Блажен е оној, што страста на унинието, не го победила, како немоќен, туку придобил трпеливост, со која сите светии спечалиле венци.

254. Кога те вознемирува духот на унинието, со помислите не врзувај се за него; живеј на местото, на кое те поставил Бог, размислувајќи за тоа колку голема љубов за Бога си имал кога си дошол пред манастирските врати. За оваа љубов да размислуваме и до крајот на нашиот живот да трпиме за Господа, слично на војник, кој со трпеливост му задава удари на оној, кој се бори против него. Спасителот вели: "Koj претрпи до крај, ќе биде спасен " (Матеј 10,22).

255. Ha некој брат, пред бдеењето помислата му внушувала и му велела: " Денес дај си одмор и не станувај да се молиш". А тој на таа помисла и одговорил вака: "Кој знae, утре можеби и воопшто нема да станам; подобро е да станам денес, сега". А кога седел и бил зафатен со својата рачна работа, помислата му внушувала: "Дај си одмор денес, а утре работи". Тој пак ѝ одговорил: "Не, не, денеска ќе поработам, а Господ ќе се погрижи за утрешниот ден".

256. Ако унинието те измачува, не паѓај со духот; на Господа помоли Му се, и Он ќе ти даде трпение. Откако ќе се помолиш, седни, па, откако ќе ги собереш своите мисли, утеши ја твојата душа со овие боговдухновени зборови: "Зошто тагуваш, душо моја, и зошто толку ме вознемируваш? Надевај се на Бога, бидејќи јас на Него се надевам, мојот Бог е мое спасение" (Псал. 41,,6). Исто така, кажи ги и овие зборови: "Душо моја, зошто си толку раслабена? Па нема засекогаш да живееме во овој свет". Слушај што вели псалмопеачот Давид: "Туѓ сум во тебе и придојден, како сите мои татковци" (Псал. 38,12). И ние ќе се преселиме таму тогаш, кога ќе Му биде угодно на Бога. Животот на праведниците почнува по завршувањето на нивниот земен живот. Затоа и светиот пророк, пожелувајќи го вечниот живот вели: "Како што кошутата жеднее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе! Душата моја жедува за силниот и живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо?" (Псал. 41,1-2). Светите луѓе овој живот го сметале за затвор. Затоа еден од нив со радост извикал: "Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико " (Лука 2,29), a друг изјавил, дека сака да умре и да биде со Христа (сп. Фил. 1,23).

257. Koгa се зазорува монахот станува и, откако се помолува, ја почнува својата рачна работа. Тогаш оној што го мрази доброто, демонот, го напаѓа со помислата на унинието.

258. Ако овој брат, нападнат од унинието, продолжи да работи и да се труди, тогаш, со помошта на Божјата благодат, духот на унинието ќе го одгони од себеси. А, ако тој, кога ќе дојде на него унинието, не го одгонува со трпение, тој бива победуван и како роб му се предава. На својата помислата ѝ дава слобода, и почнува со себеси вака да говори: "Денес се чувствувам растроен, а утре ќе работам и ќе изработам како за два дена работа". И така, братот тој ден не работи, надевајќи се дека следниот ден ќе го надополни пропуштеното. Но следниот ден демонот, непријателот на секое добро, и со уште потешко униние го натоварува, и братот, победен од демонската помисла, станува и рачната своја работа ја остава, па или сосема ја занемарува или без волја ја работи. А демонот често успева и од ќелијата негова да го протера и од него да направи скитник.

259. A понекогаш, не можејќи да нѐ оддели од нашата работа, демонот почнува да ни вели: "Гледаш ли колку се трудиш за земното и привременото? Зошто не почнеш да се трудиш за вечното? " - Ти тогаш за сведок имај ја твојата свест и биди свесен за тоа, дека сѐ што работиш го правиш по Божја волја, и од демонското униние ќе се спасиш.

е) За борбата со славољубието

(Ч. I. 150-600)

260. Разбери ме, монаху, што ти зборувам: мојата и твојата побожност да не биде само надвор од нашата ќелија, а внатре во ќелијата да живееме во безгрижна распуштеност, за да не бидеме слични на варосани гробови (сп. Матеј 23,27). Зашто на секое место е Единиот и ист Бог, на Кого нека Му е слава во сите векови и во целата вечност.

261. Монахот, кој се фали со својата сила, е вистински безумец; срам и прекор заслужува секој кој се фали со силата своја. Апостолот пишува: "Koj се фали, во Господа да се фали" (1. Кор. 1,31).

262. Сакаш ли да придобиеш добро име? Послушај го овој премудар совет: "Синко, со кротост врши ги твоите работи, и од богоугоден човек ќе бидеш сакан" (Мудр. Сирах. 3,17).

263. Уште не е добродетел - да те понижат и тоа да не го чувствуваш; добродетел е - тоа да го претрпуваш заради побожноста. Зашто е речено: " Мрзливиот од укори не се срамува" (Изрек. 20,4).

264. Славољубието е душевна болест  -лукава страст.

265. Напишано е: "Нека те фали друг, а не устата твоја, - туѓ, а не јазикот твој" (Изрек. 27,2). И уште: "Она што е топилницата за среброто и печката за златото, тоа се за човекот устите, што го фалат" (Изрек 27 21).

266. Заради Христа на сите чест одавај им, без да бараш чест за себе, и ќе добиеш благодат од Бога.

267. Никогаш не восхитувај се со човекољубието на оној, кој сака на многумина да им угоди, но не заради Господа.

268. Возљубен мој, тајно извршувај ги Божјите заповеди и Бог јавно ке те награди.

269. Ако видиш човек што нa земјата достигнал големо достоинство, не вчудовидувај се, туку восхитувај се со оној што ја намразил сета земна суета.

270. Внимавај, барајќи непотребна чест, да не си навлечеш бесчестие. Вистинска смисла на честа човекова е да го прави она што Му е угодно на Господа. Најголемата нечесност е - престапувањето на Божјите заповеди.

271. Не труди се да покажуваш сѐ, за да не паднеш во славољубие, кое води кон гордост, гнев и жалост. Повеќе од сѐ труди се да бидеш едноставен и еднаков со сите.

272. Не фали се, не величај се красноречиво, туку подобро е да го објавуваш учењето стекнато од опит на луѓе прости и неучени, за да станеш ученик на Христовите апостоли; на нас, Христијаните, ни е забрането да се фалиме со надворешна мудрост. Апостолот вели: "Кој се фали, со Господа да се фали" (1. Kop. 10,17).

273. Оние што cе вежбаат во добродетелите од човекољубие, основата на нивното спасение е поставено на песок, а не на камен, зашто кога ќе дувнат ветрови, ќе паѓаат дождови и реки ќе дотечат, тие паѓаат од своите помисли. Ако не паѓаат, а живеат како што треба, со гордост голема се креваат, а кога паѓаат - се предаваат на големо очајание.

274. "Не оној, што се фали сам, е достоен" (2. Кор. 10,18). А ти најнапред делата твои испитај ги и дали животот си го живеал како што треба, како што се фалиш, - дали си ја победил желбата, дали си ја засакал немаштијата, дали си ги намразил осудувањата, дали си ја надминал љубовта кон празната слава, дали си ја намразил похотта, дали си се згнасил од сластољубието, дали навистина зло никому не си му направил, дали страстите твои си ги победил, дали не си се гневел кога те навредувале и не си се воздигал кога те фалеле, и дали Господа со сета сила си Го сакал и ближниот твој како себеси? - Ако сето ова не сме го запазиле, зошто тогаш толку многу за себеси говориме и се фалиме? Пред добрината на Господа - за ова треба да плачеме, за да го излекува нашето скаменето срце и да ни помогне да имаме достоен живот.

275. Ништо не требада правиме, за да се покажеме пред луѓето, туку треба во сѐ со чисто срце да постапувавме; Бог го знае скриеното и тајното; да се надеваме само од Него да добиеме награда.

276. Славољубивиот, кој нема богатство и царско име, ако придобие, тој уште нема да биде цар, така и монахот уште не е подвижник, ако јаде тајно, а на братската трпеза - се покажува испосник и воздржаник. Тој платно од пајажина ткае; по патот на светиите не оди, а оди по патот на човекоугодниците.

ж) За борбата со гордоста

(Чч. 1,2 и 3)

277. Гордиот не трпи некој во нешто над него да биде и кога го среќава - или му завидува или се натпреварува. Натпреварувањето и зависта заедно одат; во кого има една од овие две страсти, и обете се во него.

278. A оној што и двете ги има, него успехот на другите го измачува; а во кого ги нема -  живее во спокој. Овој е спокоен кога на другите им се дава чест; тој од тоа не се измачува, зашто на сите им дава предност и ги става над себеси.

279. Без смиреност секој подвиг е попуст: и воздржувањето, и послушноста, и љубовта спрема немаштијата и љубовта кон знаењето.

280. Нечистиот дух на гордоста е многувиден и непостојан. За да владее над сите - тој прави големи напори: мудриот со мудрост го лови, силниот - со силата, богатиот - со богатството, личниот - со личотата и уметникот - со уметноста негова.

281. Кон оние што живеат духовно тој не пристапува така; нив поинаку ги искушува. На оној што се откажал од светот - мрежите свои му ги поставува како на оној што го намразил светот; на оној што се воздржува - како на воздржаник; на безмолвникот - во неговото безмолвие, на оној што ја засакал немаштијата - како на бесребреник; на молитвеникот - во молитвата негова. Тој се труди во сите да ги посее своите плевели.

282. Како лек против гордоста прочитај ги следниве места од Светото писмо, како и други слични на овие, кои се вперени против неа: "Кога исполните сѐ, што ви е заповедано, речете: 'Ние сме слуги негодниʼ” (Лука 17,1О); "Оној кој што сам себе се смета за нешто, а е ништо, тој се мами самиот себе" (Гал. 6,3); "Она што е за луѓето високо, пред Бога е мерзост" (Лука 16,15); "Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши" (Матеј 11,29). "Господ се сеќава на нас во нашата смиреност, зашто е вечна милоста Негова; и нѐ избави од непријателите наши" (Псал. 135, 23); "Милостив е Господ и праведен, и милосрден е нашиот Бог" (Псал. 114,5). "Секој годелив по срце е одвратен пред Господа" (Изрек. 16,5).

283. Ако телото твое е здраво, не превознесувај се, туку плаши се.

284. Кој самиот се издигнува, тој за посрамување се подготвува; а кој на ближниот во смиреност му слугува, тој ќе биде прославен.

285. Смири ја помислата додека гордоста не те смирила. Победи ја помислата на високоумието додека таа не те соборила. Уништи ја похотта пред да те уништи таа тебе.

286. Братот твој не осудувај го за непостојанство, та и ти самиот да не паднеш во оваа немоќ.

287. Почетникот во монаштвото, кој уште нема смирение; тој уште не придобил орудие за борба. Таквиот ќе претрпи голем пораз.

288. Монахот нека се смета за последен од последните; таквиот надеж ќе придобие. Зашто Господ вели: "Koj се понижува, ќе биде воздигнат" (Лука 18,14).

289. Лошиот прекор за монахот се: гордоста, безобѕирноста, бесчувствителноста, неразумноста, избувливоста и безумноста.

290. Ако ја засакаш гордоста, ти ќе им бидеш дел на бесовите; а, ако го засакаш смирението, на Господа Исуса Христа ќе Му припаѓаш.

291. Горделнвиот човек многу жалости претрпува, а смирениот секогаш во Господа се весели.

292. Гордоста не секогаш до чест стигнува, а смирениот и во чест кога е - не се превознесува; тој наградата своја од Господ ја очекува.

293. Превознесувањето умствените очи ги заслепува, а смиреноста со љубов ги просветува, зашто Господ “ги учи кротките на Своите патишта" (Псал. 24,9).

294. Онасно е човекот да се надева на себе си; кој на Господа се надева - се спасува.

295. Koj облеката своја ја украсува - cе погордува; горделивиот монах е како орел без перја.

296. Смирениот монах - е лесен брзоодец и добар стрелец.

297. Како железото сѐ што покорува, така и смирението по Бога ги совладува демонските искушенија.

298. Она што е копјето за ловецот и оружјето за војникот, тоа е смиреноста за монахот.

299. Гордоста, во каков и да е вид, опасна е за монахот. Не сакај ја гордоста; од неа немаш полза. Секоја болест може да се излекува, а гордоста е немоќ, која тешко се лекува. Таа лекарствата ги отфрла и отров смртоносен измислува. Христовите слуги неа нека ја немаат.

300. Сакаш ли да бидеш голем? - Биди помал од сите (си. Марко 9,35).

301. Ако братот го напушти манастирот, не превознесувај се над него; во очите твои тој да не биде без чест, "зашто не знаеш што ќе роди утрешниот ден" (Изрек..3,28).

302. Послушај го апостолот што вели: "Koj мисли дека стои, нека гледа да не падне" (1. Кор. 10,12) и: "Не оној што се фали сам, е достоен, туку оној кого што Господ го фали" (2. Kop. 10, 18). Многумина мислеле дека победиле и дека над другите владеат, но набргу од последните попоследни станале, а последните - се издигнале. Зашто "Бог се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат“ (Јак. 4,6).

303. Ако видиш човек непослушен, горедлив и кој мисли дека е мудар, коренот негов веќе е полумртов; тој не ја добива силата, која се добива од стравот Божји. А, ако видиш човек молчалив и смирен, знај дека коренот негов е здрав; тој со страв Божји се напојува.

304. На смирението големи се и славата и успехот; кај нив нема паѓање. Белегот на смирените е: со обете раце да му ги задоволуваме потребите на братот: со тоа и ние биваме помагани.

305. Човекот горд и непокорен ќе види тешки денови; смирениот и трпеливиот секогаш во Господа се весели.

306. Големо нешто е да се најде човек смирен и трпелив; добрината негова нема мерка.

307. Koj над братот свој cе превознесува, со исто бесовите се подбиваат.

308. Дождот ги умножува плевелите, а дружењето со светски луѓе страста на гордоста ја создава. Кој од Бога страв има - не се превознесува.

309. Ако добиеш некој дар, не превознесувај се, зашто ништо во себе немаш, што од Бога не си го примил (сп. 1. Кор. 4,7); a, ако не живееш според Неговите заповеди и Неговата волја не ја исполнуваш, и она што ти го дал - ќе ти го земе и на друг ќе му го даде. Тогаш ќе личиш на човек, на кого му го земаат перото кое туку што било натопено во мастило.

310. Колку и да се воздигнува човекот со својата гордост, тој земјата ја гази и во неа ќе појде; смирените Господ ги воздигнува.

311. Високоумноста соборува, а смиреномудрието небесната награда ја прима.

312. Ако пред браќата свои и како злато се покажеш чист, и тогаш ти сметај се како непотребен сад.

313. Ако братот твој го видиш да греши, и идниот ден се видиш со него, не презирај го, сметајќи го грешен во мислите свои, зашто не знаеш: можеби, кога ти си се оддалечил од него, тој направил нешто добро и Бог се смилостивил поради неговите воздивнувања и солзи горчливи.

314. Пази се и од осудување на други. Секој од нас треба да се смирува, изговарајќи ги во себе следниве зборови од Светото писмо: "Беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа " (Псал. 37,4).

315. Господи, Владико на сите, не давај ми такво срце, кое што мрази покорност и татковско вразумување; горделивите помисли оддалечи ги од мене, зашто Ти, Господи си "им се заканил на годеливите" (Псал. 118,21).

316. Не само погледот да биде надолу, но и срцето твое да не се превознесува над другите.

317. Ако двајца почетници живеат со еден старец духовник, кој од нив двајцата ќе биде поголем пред Господа? - Оној што ќе се смирува пред братот свој во страв Божји. Зашто не лаже Оној Кој рекол: "Кој се понизува, ќе биде воздигнат“ (Лука 18,14).

318. Toj што сака камен да подигне, лостот одозгора не го става, туку одоздола; тогаш лесно го подигнува. - Ова е образец за смиреноста.

319. Горделивоста им е одвратна и на Бога и на луѓето; Господ ги воздигнува оние што ја сакаат смиреноста.

320. Не достоинството, не почестите, не големината во царството Божјо воведуваат; таму нѐ водат смиреноста, послушноста, љубовта, трпеливоста и добродушноста. Тоа е она што го спасува човекот. Зар не сте чуле, дска ѓаволот поради гордоста паднал од небото? Зар не сте чуле од каква голема слава се лишил тој поради престапот свој?

321. Смирениот не бара празна слава, не се гордее, на Господа Му служи со страв пред Него. Тој не ја бара својата лична волја; не ѝ се противи на вистината, а на вистината ѝ се покорува. Смирениот не му завидува на својот ближен кога напредува, на неговото паѓање не се радува; со радосните се радува и плаче со уплаканите. Кога е во немаштија не се унижува; во благосостојба и слава - не се воздигнува, тој е непрестајно смирен. Смирениот сите ги почитува; тој никогаш не се раздразнува, никого не навредува и со никого и никогаш не се скарува. Не се противставува и не е мрзлив; и во полноќ да го повикаат - тој за работа секогаш е подготвен. Тој секогаш им е послушен на заповедите Господови; за здодевност и за лукавство не знае, - во простота Му служи на Господа и со сите живее во мир. И кога го караат, не мрмори никогаш; ако и шлаканица му удрат, тој останува со својата трпеливост. Тој е ученик на најголемиот Страдалник, Кој ги истрпип и крсните маки. Самољубивоста тој не ја сака; затоа не сака првенство. Во овој свет смирениот е сличен како на привремен патник во кораб.

322. Ако и целото Свето писмо напамет го научиш, пази се со тоа горделив да не станеш, целото Свето писмо на смиреност нѐ учи. А кој мисли и дејствува противно на ова, тој самиот покажува дека е престапник.

323. Ако те вознемирува духот на гордоста, желбата да бидеш секогаш и секаде прв, или кон богатство копнееш, освести се и храбро против нив сврти се, бори се против лукавите и лажливите духови. Замисли ги старите згради, нагризените од вековите слики, железните столбови од 'рѓа изедени. Размисли и прашај се: каде се тие што ги правеле и што ги украсувале, но ти на Господа угодувај Му, та со царството небесно да се удостоиш, "зашто телото е како трева, и секоја човечка слава, како цвет од трева" (1. Петр. 1,24). Има ли нешто повозвишено и пославно од царското достоинство? Но и царевите и славата нивна брзо изминуваат. А оние што со царството небесно се удостојат - на небото со ангелите во радост живеат, без болести, без жалости и без воздивнувања; во веселба и радост Господа Го прославуваат, Царот на небото и на земјата Го возвеличуваат Господарот на небото и на земјата.

324. Ако на служба Божја дојдеш пред сите и ако до крајот стоиш, да не почнеш во мислите да се воздигаш, зашто воздигнувањето и високото мислење за себеси е слично на змијско гнездо; оној што му приоѓа - го умртвува.

325. Да не се превознесуваме; подобро е да се смируваме. А и каква сила имаме, за да се превознесуваме? Нас и најмала тешкотија на земја не кутнува. Затоа, да го засакаме смирението, за да не се одврати Господ од нас.

326. На секое место и во секоја работа смирението да биде со тебе. Зашто како што нашето тело има потреба од облека, било да е топло или студено, така и душата наша има потреба од смирение, како од своја облека. Повеќе сакај да одиш гол и бос, отколку да бидеш необлечен во смирение; смирените Господ ги закрилува.

327. Имај смирение во твоите мисли, зашто, ако сам високо се издигнуваш, можеш страшно да се искршиш во паѓање.

328. Послушноста е почеток на смиреноста. Смиреноста нека ти биде основа и облека за одговорот; зборовите твои нека бидат прости и проникнати со љубов Божја. Горделивоста е непокорна, непослушна и прави што сака, а смирението е послушно, покорно, скромно, и на сите, и на големи и на мали, им оддава чест.

329. Откако си го избрал овој прекрасен начин на живеење, биди секогаш трезен и буден, за да не се случи лукавиот, под вид на побожност, туѓи помисли - да не ти навее - помисли на гордост и славољубие, па да почнеш да не сакаш да се подвизуваш заедно со браќата. Работи сѐ, како и браќата твои, и побожноста твоја пази ја.

330. Ако помислата на сомневање те вознемирува, кажи му на лукавиот што те вознемирува и на помислата негова: "Бегајте од мене, лукави". Што сум направил јас и во која добродетел сум напреднал, та слични помисли ми внушуваш? Светите луѓе "со камења беа отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч" (Евр. 11,37). Самиот Господ на сѐ, претрпе крст, откако го презре срамот (сп. Евр. 12,2). A jac, во целиот мој живот за гревовите мои не се грижев, каков одговор ќе дадам јас во денот на судот? " - Со ова горделивите мисли ќе ги одгониш од себе.

331. Еден брат рекол: "Барав јас од Господа помисла на смирение, така што кога братот мој нешто ќе ми заповеда да направам, на помислата моја да ѝ речам: "Тоа е господарот твој, слушај го "; а, ако друг некој брат нешто ми заповеди, јас пак да велам: "Тој му е брат на господарот твој ". И, ако момченце некое нешто ми заповеда, и тогаш да велам: "Слушај го синот на господарот свој". На таков начин, тој противејќи им се на туѓите помисли, со помошта на Божјата благодат, непречено ја свршувал својата работа.

332. Претераната смелост раѓа гордост, а гордоста е мајка на непослушноста. А оној што ги има смиреноста и кротоста тој бива приковуван кон стравот Божји како за столб, утврден во Божјиот храм.

333. Пази се од бесот на надуеноста, за да не паднеш во духот на гордоста и непослушноста и да не си причиниш голема штета. Не е срамно за тебе на Господа да Му се покоруваш и со рацете твои добро да правиш. Оваа неголема фурна и маката што за Господа ја поднесуваш - радост вечна ќе ти дадат. Замисли како кога некој за драхма многу илјади таланти разменува, нешто слично е и маката монашка во споредба со идните пеколни маки, во кои ќе се измачуваат оние што прават зло. Ти отстапуваш малку, а многу ти се дава. Затоа, одрекувај се од гордоста, - и Господ ќе биде твој дел.

334. Белезите и признаците на човекот, кој има вистинско смирение, се следниве: да се смета поголем грешник од сите грешници, да мисли дека ништо добро пред Бога не направил, себеси непрестајно да се прекорува - секогаш и секаде, никого да не хули, да не наоѓа човек на земјата, кој би бил погрешен и помрзлив од нeгo, никогаш никого да не осудува, никого да не клевети, постојано да молчи, без заповед и крајна потреба - никогаш да не говори; кога нешто ќе го прашаат и кога има потреба да зборува, тогаш зборува тивко, спокојно, ретко, како под принуда и со страв; во ништо за пример себе не се поставува, со никого не спори за верата и за што да е друго; за она што другите говорат суд свој не дава; тој сака потчинет да биде и од волјата своја се гнаси, како од нешто опасно; погледот негов секогаш е надолу; пред очите ја гледа својата смрт; никогаш зборови празни да не зборува, да не лаже и на претпоставениот свој, збор да не му враќа; со радост да поднесува навреди, понижувања и загуби; одморот да го мрази и трудот да го сака; никого да не огорчува и совест ничија да не наранува. Ова се белезите на вистинското смирение и блажен е оној што го има нив; таквиот уште овде станува дом и храм на живиот Бог, Бог се вселува во него и тој станува наследник на царството Божјо.

335. Смирение не е кога грешникот за грешник се смета; вистински е смирен оној, кој во себе нешто големо сознава, но сепак себеси за голем не се смета. Смирен е оној, кој е сличен на Павла, но кој за себеси вели: "Јас и самиот не судам за себеси" ( 1. Кор. 4,3) и: "Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас" (1. Тим. 1,15). Па така, да се биде по заслуги голем, а себеси да се понижува и да се смирува, тоа е вистинското смирение!

Свети Ефрем Сирски