Преподобен авва Доротеј

Авва Доротеј живеел кон крајот на шестиот и во почетокот на седмиот век. Својата рана младост ја поминал во изучувањето на светските науки и бил многу работлив. По завршувањето на своето образование извесно време живеел во својата татковина, недалеку од манастирот на авва Серида, можеби во Аскалон и во Газа. Бил во добра имотна состојба. Набргу потоа им се доближил на двајцата големи старци Варсануфиј и Јован, чии поучувања го расположиле да остави сѐ, да биде замонашен во манастирот на авва Серида, каде живееле и тие двајцата. Под нивно раководство го поминал своето монашко воспитување. Впрочем, тоа било главно под духовно водство на старецот Јован, извршувајќи ги истовремено и послушанијата, кои му биле возложувани од самиот игумен на манастирот, кој во почетокот му дал задолжение да се грижи за странците и гостите, односно за одделението, каде привремено престојувале многубројни посетители на манастирот; по ова послушание, бил задолжен со тоа да ја води манастирската болница и да се грижи за лекувањето на болните монаси. По смртта на авва Серида и на духовниот старец авва Јован, нивниот заеднички учител, великиот Варсануфиј, потполно се затворил во својата ќелија. Тогаш и преподобниот Доротеј се оддалечил од општежитието на авва Серида и станал игумен на еден друг манастир. Веројатно од тоа време потекнуваат неговите поученија, кои ги изговарал пред своите ученици. Од него се запазиле до денес дваесет и едно поучение и неколку посланија. Тоа е сѐ што ни останало во наследство од списите на овој духовен отец, светлината на чие учење се раширила не само во манастирите и меѓу монасите, туку и меѓу христијаните насекаде во светот. Се претпоставува дека се упокоил во Господа околу 620 година. Неговиот спомен се празнува на петти јуни.

Преподобен авва Доротеј