Преподобен авва Доротеј

1. Бог, по Својата добрина, ни дал заповеди, кои нѐ очистуваат, за, ако посакаме, да можеме, преку извршувањето на Неговите заповеди, да се очистиме не само од гревовите, туку и од самите страсти. Зашто едно се страстите, а друго - гревовите. Страстите се: гневот, суетата, сластољубието, омразата, лошата похот и друго слично. А гревовите се самите дејства на страстите, кога биваат тие приведувани во дело, кога биваат тие извршувани со нашето тело, кое бива поттикнувано од страстите да ги извршува, зашто е можно да ги имаме страстите и да не дејствуваме според нив.

2. Стариот закон имал за цел да нѐ научи; да не го правиме она, од што не сакаме ние да пострадаме; затоа тој и нѐ задржувал само да не правиме зло. А сега, во Новиот завет, од нас се бара да ја изгониме самата страст од себеси, која нѐ поттикнува да го правиме она што е зло: омразата, славољубието и сите други страсти.

3. Слушајте што вели Самиот Господ: "Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за вашите души" (Матеј 11,29). Овде Он ни ги покажал самиот корен и причината на сите зла, како и лекарството од нив, - причината на секое добро. Имено, се покажало дека гордоста нѐ турнала и дека помилувањето не можеме да го добиеме, освен преку смирението. - Зошто сме биле подложени на сите маки и страдања? Зарем не поради гордоста? Човекот бил создаден за да живее во секакви наслади во рајот. Но нему му било заповедано да не прави само една работа, и тој ја направил. Ја гледаш ли гордоста? - Тогаш Бог рекол: "Човекот не умее да се насладува само со радоста; ако не доживее страдања, тој ќе отиде уште подалеку во злото и сосема ќе загине; ако не дознае што е труд и мака, нема да дознае ни што е радост и спокој". И затоа го истерал од рајот. - Тогаш им бил предаден на своето сопствено самољубие и на својата лична волја, така што тие да му ги скршат неговите коски и преку тоа да се научи да не ја следи својата лична волја, да не прави што сака, туку да ги извршува Божјите заповеди, така што самото страдање да го научи на блаженството од послушноста, како што рекол пророкот: "Ќе те казни (научи) тебе отстапувањето твое" (Jерем. 2,19). - A, еве, сега Божјата добрина извикува: "Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам" (Матеј 11,28) и: "Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши" (Матеј 11, 29). Па, како што се трудевте и што страдавте, како што го претрпевте злото поради вашата непослушност, дојдете сега и обратете cе; одново оживејте преку смирението, место со гордоста, со која се умртвивте. Затоа Спасителот вели: "Поуечете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши" (Матеј 11,29).

4. Авва Марко рекол: "Без скрушеноста на срцето е неможно да се ослободиме од злото и да ја придобиеме добродетелта." - Преку скрушеноста на срцето човекот им станува послушен на заповедите, се ослободува од злото и ја придобива добродетелта, и потоа се издигнува во својот мир.

5. Некои богољубиви луѓе, по светото крштение го прекратиле дејството на страстите и станале бестрасни, какви што биле свети Антониј, свети Пахомиј, и другите богоносни оци. Тие се зафатиле со добрата намера: да се очистат од секаква скверност на телото и на духот (сп. 2. Кор. 7,1). Но, знејќи дека, наоѓајќи се во светот, не можат лесно да го постигнат ова, тие измислиле свој сопствен начин на живеење, особено начин на дејствување, односно, одделено од светот и осамено живеење, па затоа почнале да бегаат од светот и да живеат во пустините, се подвизувале во пости и бдеења; спиеле на гола земја, и поднесувале секакви други лишувања, одрекувајќи се потполно од татковината, од роднините, од имотот и од збогатувањето.

6. Тие не само што ги исполниле заповедите, туку Му принеле и дарови на Господа. Заповедите им се дадени на сите христијани и секој христијанин е должен да ги извршува. Тоа е она што е во светот данокот, кој треба да му се плаќа на царот. Но како што во светот има големи и познати луѓе, кои не само што му го плаќаат данокот на царот, туку му даваат и дарови, за што биваат удостојувани со особена чест, со награди и со високи чинови, така и нашите свети оци не само што Му го плаќале данокот на Бога, исполнувајќи ги Неговите заповеди, туку Му принесувале и дарови - девство и потполна сиромаштија, кои не се одредени со заповедите, туку се дело на доброволноста, зашто со право е речено: "Koj може да прими, нека прими" (Матеј 19, 12), како и за второто: "Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси" (Матеј 19,21).

7. Тие го распнале за себеси светот, а потоа се труделе и тие да се распнат за светот, подражавајќи му на апостолот, кој вели: "За мене светот е распнат, а и јас за светот" (Гал. 6,14). Зашто кога човек се одрекува од светот и станува монах, - ги остава своите родители, имотот, сите свои работи и грижи, тогаш тој го распнува светот на себеси. А кога потоа, откако се ослободи од надворешните работи, се подвизува и против самите наслади, или против самото посакување на работите, како и против своите желби, и ги умртвува своите страсти, тогаш и тој самиот му се распнува на светот, па затоа смело може да каже заедно со апостолот: "За мене светот е распнат, а и јас за светот" (Гал. 6,14).

8. Нашите оци кои го распнале светот на себеси, а и себеси му се распнале на светот, предавајќи им се на подвизите. И ние, иако навидум сме го распнале светот на себеси, оставајќи го светот, сме дошле во манастир, но не сакаме себеси да му се распнеме на светот, бидејќи уште ги сакаме неговите наслади, уште сме приврзани за него, уште имаме сочувство за неговата слава, кон јадењата, кон облеката и кон другите суетности. Но не треба да постапуваме вака, бидејќи како што сме се откажале од светот и од неговите работи, така треба да се откажеме и од самата приврзаност кон неговите работи.

9. Ние сме го оставиле светот, да ја оставиме и приврзаноста кон него, зашто оваа отстрастеност пак нѐ приврзува кон светот и нѐ соединува со него, макар тоа се однесувало на малку важни, обични и ништожни работи. Но, ако сакаме потполно да се измениме и да се ослободиме од оваа приврзаност, ако сакаме да се научиме да ја отстрануваме нашата волја, и да се ослободиме од страстите, треба да се научиме да ги победуваме нашите желби, па макар на колку незнатни работи да се однесуваат. Зашто ништо друго не им придонесува за користа на луѓето, како отсекувањето на нашата волја; и навистина од ова човек успева повеќе од секоја друга добродетел. Меѓутоа, ова отсекување на нашата волја и на нашите желби не може да се постигне во еден миг. Да претпоставиме дека некој доаѓа, а помислата ни вели, да бидеме внимателни и да гледаме на сите страни, но ние ја отсекуваме нашата желба и не сакаме да гледаме. Да претпоставиме, ќе сретнеме луѓе што разговараат и помислата наша ќе ни рече да кажеме и ние некој збор, да поразговараме со нив, но ние го отсекуваме нашето сакање - и не говориме. Тие дошле во кујната, а помислата ни говори - да појдеме и ние во кујната и да го прашаме готвачот што готви, но ние пак ја отсекуваме нашата желба, и не сакаме да прашаме и така натаму. Отсекувајќи ја на тој начин нашата волја, ние создаваме во себеси навика за вакво отстранување на нашата волја, на нашето сакање, па, почнувајќи од најмалите работи, ќе дојдеме дотаму, да можеме да го постигнуваме ова без мака и без труд, сосема спокојно, па така, најпосле, почнуваме воопшто да немаме своја волја и што и да ни се случи - да бидеме спокојни. Така со отсекување на нашата волја добиваме непристрасност, а од непристрасноста, со Божја помош се издигнуваме кон совршената бестрасност.

10. Некој од духовните старци рекол: "Пред сѐ, потребно ни е смирение" Зошто го рекол ова? Зошто не рекол дека најнапред треба да имаме воздржливост? Зашто и апостолот вели: "Секој што се бори, од сѐ се воздржува" (1. Кор. 9, 25). Или зошто не рекол, дека пред сѐ ни е потребен стравот Божји? Зашто во Светото писмо е речено: "Почеток на мудроста е стравот Господов" ( Изрек. 1,7). Исто така, зошто не рекол, дека пред сѐ е потребна милостињата или верата? Бидејќи е речено: "Со милостиња и чесност гревовите се чистат" (Изрек. 15,27), и уште: "Без вера не е можно да Му се угоди на Бога" (Евр. 11,16). Зошто тогаш тој, изоставајќи го сето тоа, што е толку потребно, ја истакнува само смиреноста? - Овој духовен старец со ова ни покажува, дека ни стравот Божји, ни милостињата, ни верата, ни воздржливоста, ни која и да е друга добродетел не може да биде совршена без смирението. Со смирениот биваат искршувани и сите стрели на противникот и на непријателот. Сите светии оделе по патот на смирението и на трудот. Псалмопеачот извикува: "Погледни ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои" И уште додава: "Бев во мака и Он ми помогна" (Псал. 24,18;114,6).

11. Истиот свет старец го рекол и ова: "Смирението не се гневи на никого и никого не прогневува. Смирението ја привлекува Божјата благодат на душата, а Божјата благодат, кога дојде, таа ја избавува душата од овие две страшни страсти. - Зашто кој грев може да биде потежок од овие два грева: да се гневиме на ближниот и да го гневиме ближниот? Но што говорам? Зарем смирението избавува само од овие две страсти? Таа ја избавува душата и од секоја друга страст и од секое искушение.

12. Кога свети Антониј ги видел раширени сите ѓаволски мрежи и, откако воздивнал, Го прашал Господа: "А кој може да избегне од нив?" Тогаш Бог му одговорил: "Смирението избегнува од нив". И она што е уште почудно, ги додал и овие зборови: "Тие дури и не се допираат до него". Ја гледаш ли силата на оваа добродетел? Навистина, ништо не е посилно од оваа добродетел, неа ништо не може да ја победи. - Ако на смирениот му се случи нешто лошо, тој веднаш се осудува себеси, смета дека го заслужил тоа; почнува да се самопрекорува и нема вината за тоа да ја фрла на друг. На ваков начин ги поднесува сите тешкотии што го снаоѓаат, без обеспокојување и со совршен мир. И затоа на никого не се гневи и никого не разгневува.

13. Има две смиренија, како што има и две гордости. Првата гордост е кога некој го прекорува својот брат, го осудува и го понижува, како да не знае ништо, а себеси се смета за погоре од него. Таквиот, ако не дојде бргу на себеси и не се поправи, постепено доаѓа до втората гордост, која се гордее и спрема Самиот Бог и си ги припишува на себеси своите подвизи и добродетели, а не на Бога, како тој самиот да ги извршил, со помошта на своето знаење и со својот ум, а не со Божјата помош. Од ова може да се види во што се состојат двете смиренија. Првото смирение се состои во тоа: да го сметаме братот за поразумен од нас и во сѐ поиздигнат од нас, или да се сметаме дека сме подолу од сите. Второто смирение се состои во тоа: сите свои подвизи да Му ги припишуваме на Бога. И тоа е совршено смирение на светиите.

14. Совршеното смирение се раѓа од извршувањето на заповедите. Кога на овошните дрва има многу плодови, тогаш самите плодови со својата тежина ги свиваат нивните гранки надолу; а гранките, на кои нема плодови, се стремат нагоре и растат право. А има и такви дрвја, како, на пример, лимунот, кои не раѓаат плод, сѐ додека нивните гранки растат нагоре; ако се земе камен и се обеси на гранката и ја сврти надолу, тогаш таа дава плодови. Така е и со душата, кога се смирува, тогаш дава плодови, колку е посмирена, толку повеќе плодови дава. Затоа и светиите, колку повеќе се приближуваат до Бога, толку и повеќе грешни се сметаат. Така и Авраам, кога Го видел Господ, се нарекол "земја и пепел" (1. Мој. 18,27); Светиот пророк Исаија, кога Го видел Бога во висините, извикал: "Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста" (Иса. 6,5).

15. Никој не може со својот јазик да искаже што е смирението, ниту како се раѓа во душата, ако не го познае од својот личен опит, а само од зборови никој не може да го познае. Некогаш авва Зосим говорел за смирението и за тоа дека колку е некој посвет, толку е посмирен. Тогаш некој софист го прашал: "Зарем ти не знаеш дека имаш добродетели? Ете, ти гледаш дека ги исполнуваш заповедите, па како тогаш, кога живееш свето, можеш да се сметаш грешен? " -  Старецот не нашол друг одговор, туку само му рекол: "Не знам што да ти кажам, но јас се сметам грешен". И кога софистот сѐ уште продолжувал да му биде здодевен со своите прашања, старецот само повторувал: "Не знам како, но јас навистина се сметам грешен. Не ме вознемирувај." Исто така, и кога авва Агатон се приближувал кон крајот на својот земен живот, брќата му рекле: "И ти ли се плашиш, оче?" А тој им одговорил: "Колку што можев, јас се принудував да ги исполнувам заповедите, но јас сум човек, и како можам да знам дали на Бога Му е угодно моето дело? Зашто едно е Божјиот суд, а друго е - човечкиот."

16. За тоа што доведува до смирението, некој од духовните старци рекол: "Телесните трудови се пат кон смирението, ако бидат разумно извршувани, како и тоа - да се сметаме подолу од сите и непрестајно да Му се молиме на Бога." - Телесните трудови ја доведуваат душата во смирение, затоа што душата му сочувствува на телото; сочувстува во сѐ што станува во телото. А како телесниот труд го смирува телото, тој воедно ја смирува и душата. А тоа - да се сметаме подолу од сите, е особен белег на смирението; свикнувањето на него и вежбањето во него сами по себе го вкоренуваат смирението и ја искорнуваат гордоста, онаа што ја нарековме прва гордост. Зашто како ќе може да се гордее пред некого, или да го прекорува, или да го унижува некого оној, кој се смета за подолу од сите? - Исто така, и непрестајната молитва очигледно и се противставува на втората гордост. Очигледно е дека е наклонет кон смирението оној што знае, дека не може да извршува ниедна добродетел без Божја помош, па затоа и не престанува да Му се моли на Бога - за да покаже Бог милост спрема него. Затоа оној што непрестајно се моли, ако и се удостои да направи нешто добро, не може да се погордее, зашто не може тоа да си го припише на своите сили, туку сите свои успеси Му ги препишува на Бога, секогаш Му благодари и секогаш Го повикува на помош, се моли да не биде лишен од таквата помош. Затоа, тој се моли со смирение и преку молитвата - се смирува, и што повеќе напредува во добродетелите, тоа сѐ повеќе се смирува. И колку повеќе се смирува, добива сѐ повеќе помош и сѐ повеќе преуспева во смирението.

17. Бог, откако го создал човекот, посеал во него нешто божествено, некоја помисла слична на искра, која има во себе и светлина и топлина - помисла, која го просветува неговиот ум и му покажува што е добро и што е зло. Патријарсите и сите светии Му угодиле на Бога и пред напишаниот Закон. Но кога луѓето паднале во грев, кога нивната совест станала помрачена и загубена, тогаш бил потребен напишаниот Закон, станале потребни и пророците, станало потребно и самото доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, за да ја издигне и просвети човечката совест, за да ја разбуди одново онаа искра, да ја разгори преку извршувањето на Неговите свети заповеди.

18. Сега од нас зависи дали пак ќе ја успиеме нашата совест или ќе ѝ дадеме да светлее во нас и да нѐ просветува, ако и се покоруваме. Кога нашата совест ни говори да направиме нешто, а ние го занемаруваме тоа, и кога повторно ни го наредува истото, и ние пак не го правиме, туку продолжуваме да ја отстрануваме, тогаш одново ја успиваме, и таа веќе не може да ни говори поради тежината што лежи врз неа, па, како закриено светило, почнува да ни ги покажува работите сѐ потемни и потемни. Како што во матната вода, во која има многу тиња, никој не може да си го види своето лице, така и ние, по нашите престапи и гревови, не можеме да разбереме што ни говори нашата совест, па, така ќе ни се чини, неа како воопшто да ја нема во нас.

19. Совеста се нарекува соперник, затоа што секогаш ѝ се противставува на нашата волја и ни напомнува што треба да правиме, а ние не го правиме, туку го правиме она што не треба да го правиме, па затоа нѐ осудува. Затоа Господ и ја нарекол наш соперник или противник наш и ни заповеда, велејќи: "Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него" (Матеј 5,25), односно во овој свет, како што вели свети Василиј Велики.

20. Да ја пазиме нашата совест додека сме во овој свет, да не дозволуваме да нѐ изобличува за нешто, да не ѝ се противставуваме во ништо, макар тоа било и некоја сосема мала и неважна работа. Знајте дека од занемарување на малите и незнатни работи преминуваме и кон занемарување и на поголемите и најголемите. Ако некој почне да говори: "Зарем е важно, ако го изедам ова, што е толку мало? Важно ли е ако ја погледнам оваа или онаа работа?" И токму ваквото однесување спрема работите и што не ги смета за важни, тој си создава навика и почнува постепено да ги занемарува и тие што се важни и најважни и ја навредува и ослабува својата совест. На таков начин се задржува во злото и стои пред опасност да навлезе во потполна нечувствнтелност.

21. Нашата совест треба да ја пазиме и во однос спрема Бога и во однос спрема предметите. - По однос спрема Бога совеста ја пази оној, кој не ги занемарува Божјите заповеди, па дури и во она, што не го гледаат луѓето и што никој не го бара од нас; тој ја пази својата совест спрема Бога тајно. - А запазувањето на нашата совест спрема ближниот од нас бара: да не правиме воопшто ништо што знаеме, дека може да го натажи или соблази нашиот ближен, било со дело или со збор, било со израз на нашето лице или со нашиот поглед. Запазувањето, пак, на нашата совест спрема предметите се состои во следново: да не се однесуваме лошо со некој од нив, да не дозволуваме да се расипува и да не ја фрламе без потреба. - Во сите овие односи ние сме должни да ја пазиме нашата совест чиста и неизвалкана, за да не се најдеме во онаква страшна состојба, од која сака да нѐ претпази Самиот Господ (сп. Матеј 5, 26).

22. Свети апостол и евангелист Јован вели: "Совршената љубов го пади стравот" (1. Јов. 4,18). И светиот пророк Давид вели: "Бојте се од Господа сите праведници Негови" (Псал. 33,9). Со ова се покажува дека има два страва: едниот првобитен, другиот совршен, едниот што им е својствен на почетниците во монашкиот живот, а другиот на совршените - на светиите што постигнале совршена љубов. Оној што ја извршува Божјата волја од страв од вечните маки, тој е уште од почетниците, а оној што ја извршува Божјата волја од љубов спрема Бога, него оваа љубов го воведува во совршен страв, според кој, откако ќе ја вкуси сладоста од живеењето со Бога, се плаши да не отпадне од Бога и да не се лиши од таа сладост. Ова е тој совршен страв, кој се раѓа од љубовта и кој го изгонува првобитниот страв.

23. Совршеност не може да се добие, ако пред него не се добие првобитниот страв. Премудриот Исус син Сирахов вели: "Почетокот на мудроста е стравот Божји. На мудроста венецот е стравот Господов" (Мудр. Сирах. 1,15 и 18). Првобитниот страв се нарекува почеток; по него следи стравот на светиите. Првобитниот страв ѝ е својствен на душевната состојба. Тој ја запазува душата од секакво паѓање, зашто е речено: "Стравот од Господа запазува од гревот" (Изрск. 15,27). Но оној што се отклонува од злото поради страв, тој е како роб, кој се плаши од казната на својот господар, тој постепено доаѓа кон тоа да го прави доброто доброволно. Од почетокот тој е како наемник, кој се надева дека ќе биде награден за своето добро дело. И ако на тој начин постојано бега од злото од страв, како роб, и прави добро со надеж да биде награден, како наемник; но кога живее според Божјата благодат, соединувајќи се со Бога, најпосле добива вкус за доброто, доаѓа до некаков усет за доброто, и веќе не сака да се оддалечи од него. Тогаш добива достоинство на син и почнува да го сака доброто заради самото добро, и ако има и страв, се плаши затоа што љуби. Тоа е оној голем и совршен страв.

24. Оваа постепеност ја искажува и светиот пророк Давид во следниве зборови: "Нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по Него" (Псал. 33,14). Значи, треба да престанеме да правиме зло, да го одбегнуваме злото и да бегаме од секое лошо дело, кое води кон грев. Но кога го рекол тоа, тој не се задржал на него, туку додал дека треба потоа да правиме добро. Зашто се случува некој да не прави зло, но не прави ни добро; тој на пример, не навредува, но и милостиња не прави; не мрази, ама и не љуби. Откако го рекол ова, пророкот продолжува и вели, дека треба да го бараме мирот и да одиме по него. И тоа, не само да го бараме мирот, туку усилено да се стремиме да го придобиеме. - Следете ги внимателно со својот ум овие зборови и забележете ја тенкоста изразена во нив, која ја забележува светиот пророк. - Кога некој ќе се удостои да се оддалечи од злото и потоа, со Божја помош, почнува грижливо да прави добро, веднаш против него се подигнуваат непријателски искушенија, - и тој се подвизува, се труди, се скрушува, ту плашејќи се да не се врати пак на злото, како негов роб, ту надевајќи се, како наемник, на награда. Но претрпувајќи ги нападите од непријателот, борејќи се со него и противставувајќи му се, тој поттикнуван со овие побуди, иако прави добро, го прави сето тоа со голем труд, со мака и жалост. А кога ќе добие помош од Бога и ќе придобие навика во доброто, тогаш го гледа, мирот, тогаш чувствува што значи тежината на борбата, а што - радоста и веселбата на мирот. И потоа веќе почнува да го бара мирот, усилено се стреми кон него, за да го добие, да го придобие совршенството и да го водвори во себе. И кога, најпосле, ќе стигне дотаму, го вкусува блаженството на миротворците (Матеј 5,9). И отсега што може да ја поттикне душата заради нешто друго, освен заради насладата со доброто? Токму тогаш таквиот го познава и совршениот страв.

25. Светите оци рекле, дека човекот го придобива стравот Божји ако има спомнување за смртта и за вечните маки, ако секоја вечер се испитува себеси, секоја вечер откако измине денот, и секое утро, откако изминала ноќта, - ако не биде самонадеен и, најпосле, ако се наоѓа во близок однос со човек што се плаши од Бога. - Некој брат прашал еден духовен старец: "Оче, што треба да правам за да се плашам од Бога?“ - Старецот му одговорил: " Оди и живеј со човек, кој има страв Божји, и со тоа што тој самиот има страв Божји, ќе те научи и тебе да се плашиш од Него". - Стравот Божји го одгонуваме од себеси со тоа што го правиме сето она што му е спротивно на реченото: не си спомнуваме за смртта, не мислиме за вечните маки, не внимаваме на себеси и не се самоиспитуваме, не си даваме сметка како го минуваме времето, туку живееме мрзливо и се дружиме со луѓе што немаат страв Божји и што биваме премногу одважни. А ова последното е полошо од сѐ, тоа е потполна пропаст, зашто ништо толку не го одгонува стравот Божји како ваквата одважност. Го прашале некогаш авва Агатон за неа, а тој рекол: "Ваквата одважност е слична на силен жежок ветар, од кој, кога ќе почне да дува сите бегаат; овој ветер ги расипува сите плодови на овошките". - Бог да нѐ избави од оваа уништувачка страст.

26. Одважноста бива многувидна, зашто одважен или дрзок може да се биде и со зборови, и со движење и со поглед. Од оваа страст некој паѓа во говорење празни зборови, говорење за светски работи и правење смешки. Смелост е и тоа кога некој се допре до некого без потреба, пружа рака кон оној што се смее, го почукнува, му зема нешто од раката, бесрамно го гледа. Сето ова го прави безумната смелост, сето ова произлегува од неа затоа што во душата нема страв Божји. И од ова човекот постепено доаѓа до немарност. - Затоа Бог, кога ги давал заповедите на Законот, рекол: "Така пазете ги синовите Израилеви" (3. Мој. 15,31), зашто без побожност и скромна срамежливост човекот не Го почитува Бога и не пази ни една од Неговите заповеди. Затоа, нема ништо поштетно од безумната смелост, бидејќи таа им е мајка на сите страсти. Таа ја изгонува побожноста, го одгонува стравот Божји од душата и ја раѓа безгрижноста.

27. Авва Јован, ученикот на авва Варсануфиј, имаше обичај да ги повторува следниве четири реченици, некогаш една, другпат друга, кога ги испраќаше браќата што биле кај него: "Преку пазењето на својата совест по однос спрема ближниот се раѓа смирението; - никогаш не треба да ѝ даваме предност на нашата волја пред волјата на братот; - бегај од сѐ што е човечко и ќе се спасиш; и поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов" (Гал. 6,2). - Секогаш, пак, пред овие четири реченици, ги велеше и следниве зборови: "Брате, јас реков еднаш, дека светите оци кажале: ʽБог да ни ја запазува љубовтаʼ", а веднаш потоа изговараше една или повеќе од своите четири реченици.

28. При секоја работа, па дури кога е таа и многу потребна и која бара многу грижи, не треба да ја извршувате со расправии или со збунетост, туку бидете уверени, дека секоја работа што ја работите, била таа голема или мала, е осмиот дел од тоа што се бара, а да се запази својата душевна расположба, ако се случи и да не ја завршите работата, е седум осмини. Затоа, ако извршувате некоја работа и сакате совршено и потполно да ја завршите, грижете се и за тоа - работата да ја свршите, која е, како што реков, осмиот дел од тоа што се бара, и заедно со тоа да ја запазите својата внатрешна расположба, која е, како што реков, седум осмини од она што се бара од вас. Ако поради тоа што треба да го извршиме делото на нашето служење, пред нас се постави неопходност да се занесеме во работата толку и да си нанесеме штета и на себеси и на другите, расправајќи се со нив, тогаш не треба да ги загубуваме седумте осмини за да ја запазиме осмата.

29. Премудриот Соломон вели: "Каде што нема советувања народот опаѓа, спасението е во многу советници" (Изрек. 11,14). Гледаш ли на што нѐ учи Светото писмо? Тоа нѐ учи да не се надеваме на себеси, да не сметаме дека знаеме сѐ, да не веруваме дека можеме самите да управуваме со себеси, зашто, навистина, имаме потреба од помош, имаме потреба некој да нѐ води и да нѐ поучува за Бога. Нема понесреќни и поблиску до пропаста од оние луѓе, кои немаат учител, кој да ги води по Божјиот пат. Зошто, што значат зборовите: оние што немаат водач и управител - паѓаат како лисја? - Листот од почетокот секогаш е зелен, сјаен, убав, а потоа постепено бледнее, се суши, паѓа и бива изгазуван. Така е и со човекот, кој нема духовен учител, од почетокот секогаш има усрдност спрема постот, бдеењето, безмолвието, послушноста и спрема другите добродетели, а потоа неговата усрдност постепено истинува и, бидејќи нема никого, кој да ја поучува, да го поддржува и да ја разгорува неговата усрдност, - тој почнува да се суши, да паѓа и, најпосле, станува немоќен роб на своите непријатели, кои почнуваат да прават со него сѐ што сакаат.

30. За оние, кои ги откриваат своите помисли и постапки и сѐ што прават го прават по совет на својот духовен учител, премудриот Соломон вели: "Спасението е во многу советници" (Изрек. 11,14). Тој не вели: "Во советот на многумина", за да не се советуваме со секого, туку дека треба да се советуваме за сѐ и, се разбира, со оној, во кого имаме доверба; и да не кажуваме едно, а друго да премолчуваме, туку пред него сѐ да откриваме и да се советуваме за сѐ. Ваквиот ќе може да се спаси.

31. Кога не ги откриваме нашите мисли и намери и не бараме совет од опитните, тогаш се раководиме со својата волја и со она што сметаме дека е правилно. И тогаш, правејќи навидум добро, ние самите си поставуваме мрежи и загинуваме, без да сме свесни за тоа. Зашто, како можеме да ја разбереме Божјата волја и потполно да и се предадеме, ако си веруваме на себеси и ако се раководиме со својата волја? Затоа авва Пимен вели: "Нашата волја е бронзена врата меѓу човекот и Бога."

32. На оној, кој му верува на својот ум и кој ѝ се предава на својата волја, нашиот непријател, ѓаволот, му го приготвува паѓањето како што сака. Тој не може да му се приближи на оној, кој сѐ што прави - прави по совет. Затоа тој ги мрази и допрашувањата и поученијата, го мрази и самиот глас, самиот звук на тие и такви зборови. И да кажеме ли зошто го прави ова? - Затоа што знае дека неговата злоба се открива веднаш штом ќе се постави прашањето за она што е корисно. А тој од ништо не се плаши толку, колку што се плаши да не биде распознаен, зашто тој тогаш не може подмолно и лукаво да нѐ искушува, како што сака. Кога некој прашува и бара совет од некого, што е искусен, а тој му каже: "Ова прави го, а она не прави го" или: "Сега не е време за таква работа", или: "Сега е време да се направи тоа и тоа"; тогаш ѓаволот не наоѓа на кој начин да му нанесе штета и како да го турне, бидејќи тој брат секогаш се советува и од сите страни се заградува, а на овој начин на него се исполнува реченото: "Спасението е во многу советници" (Изрек.

33. Демонот ги сака оние што имаат доверба во својот разум, затоа што тие самите на тој начин си прават стапици. Јас не знам за друго паѓање на монахот, освен тоа кога тој му верува на своето срце. Некои мислат дека луѓето паѓаат во грев од повеќе причини, а јас не знам за друга причина, освен за тоа - кога човек го прави тоа што го сака, кога ја извршува својата волја. Видиш ли човек, кој паднал во грев, знај дека се раководи со својот ум и со својата волја. Од ова нема ништо поопасно и попогубно.

34. Јас секогаш ви велам, дека од најмалите попуштања на себеси доаѓаме до големите гревови. Има ли потежок грев од осудувањето на ближниот? Што друго Бог мрази толку и од што толку многу се одвратува? Сепак до ова големо зло човекот доаѓа од навидум ништожни причини и од тоа што си дозволува извесна мала непристојност спрема ближниот. Зашто кога тој си дозволува да ги занемарува своите гревови, тогаш почнува да ги забележува гревовите на својот ближен. А од создавањето на оваа навика произлегуваат озборувањата, прекорувањата и лошите зборови и, најпосле, погубното осудување. Но ништо повеќе не Го прогневува Бога и ништо толку не го лушува човекот од Божјата благодат, како лошите зборови и осудувањето на нашите ближни.

35. Едно е да зборуваме лошо за нашите ближни, а друго е да ги осудуваме. Да кажеме нешто лошо за нашите ближни значи да речеме за некого: тој излагал, направил блуд или направил некој друг грев. Тој рекол нешто пристрасно за гревовите на својот брат. А да го осудиме ближниот значи да речеме: тој е лажец, блудник и гневлив, зашто таквиот ја осудил самата расположба на неговата душа, велејќи за него дека е таков и таков, а ова е многу потежок грев.

36. Фарисејот, молејќи се и благодарејќи Му на Бога за своите добродетели, не лажел, туку ја кажувал вистината, и не бил осуден за тоа, зашто сме должни да Му благодариме на Бога кога сме удостоени да направиме некое добро, затоа што Он ни помогнал и ни содејствувал во него. Па затоа не бил тој осуден за тоа и не за тоа што рекол: 'Што не сум како другите луѓе" (Лука 18,11), туку затоа, што свртувајќи се кон митарот, рекол: "Како овој митар" (Лука 18,11). Тогаш потпаднал под осуда - затоа што го осудил ближниот, зашто го осудил самиот човек, неговата човечка личност и расположението на нејзината душа - целиот нејзин живот. Затоа митарот излегол пооправдан од него (сп. Лука 18,14).

37. Само на Бога Му припаѓа правото да оправдува и да осудува, затоа што Он ја знае и душевната расположба на секого, и неговата сила, и стремежот, и дарбата, и неговата телесна градба и способностите, па, собразно со тоа, Он секого го оправдува или осудува. Зашто кој друг може да го знае сето ова, освен Него, Кој создал сѐ и знае сѐ.  

38. Некогаш ние не само што го осудуваме, туку го и понижуваме нашиот ближен, едно е осудувањето, а друго е понижувањето. Понижувањето е не само кога осудуваме некого, туку и кога го презираме, кога се гнасиме од него, како од нешто што е одвратно. Затоа е ова полошо од осудувањето и многу погубно.

39. Оние што сакаат да се спасат не го свртуваат своето внимание на недостатоците од своите ближни, туку секогаш ги гледаат своите слабости и преуспеваат. Таков бил и оној, кој, откако видел дека неговиот брат згрешил, воздивнал и рекол: "Тешко ми мене, како што тој згреши денес, така јас ќе згрешам утре!" Гледаш ли каква е мудра оваа расположба на душата? Како тој веднаш нашол начин да го избегне осудувањето на својот брат? Зашто рекол: "Така и јас ќе згрешам утре", со тоа си внушил страв на себеси и грижа да се пази, за и тој да не згреши во блиска иднина, - и на тој начин го одбегнал осудувањето на ближниот. Но при тоа, тој не се задоволил само со тоа, туку и самиот паднал под неговите нозе и рекол: "Овој ќе се покае за своите гревови, а јас нема да се покајам како што треба, не ќе имам сили да се покајам". Гледаш ли каква е просветата на божествената душа?

40. Се случува отровот на осудувањето, кога ќе ја преполни нашата душа, бара да се излие и во душите на другите. И, ете, ние, кога ќе сретнеме некого од браќата, кој е потполно мирен и спокоен, брзаме да му се пофалиме што сме виделе и чуле, сѐ што се случило, и на тој начин му причинуваме штета, внесувајќи го и во неговата душа гревот на осудувањето. Со ова докажуваме дека не се плашиме од Оној Кој рекол: "Тешко му на оној што го дои ближниот свој со пијалок измешан со злобата своја" (Авак. 2,15) и извршуваме демонско дело. Зашто, да се спречува работата на ближниот и да му се нанесува штета, тоа е демонска работа. И, ете, ние им стануваме помошници на демоните за пропаста на нашиот ближен. Зошто го правиме ова? Затоа што немаме вистинска христијанска љубов. Светиот апостол Петар вели: "љубовта покрива многу гревови" (1. Петр. 4,8).

41. Светиите не го осудуваат оној што греши и не се одвраќаат од него, туку му сочувствуваат, тажат за него, го вразумуваат, го тешат, духовно го лекуваат, како болен член на телото Христово и прават сѐ друго, за да го спасат. - Што направил свети Амон кога дошле браќата и му рекле: "Оче, појди да видиш, кај тој и тој брат има жена во ќелијата". А каква милосрдност покажал тој? Откако се досетил дека тој монах ја скрил под кацичката, тој отишол во ќелијата и седнал врз кацичката, и им рекол на браќата да ја бараат жената по целата ќелија. А кога не ја нашле, им рекол: "Бог да ви прости!" Така ги посрамил и ги научил да не веруваат во обвинувањето на ближниот, а на тој брат не само што му помогнал, го оправдал, заради Бога, пред браќата, туку и го вразумил, кога нашол за тоа погодно време. Кога ги испратил сите да си отидат, го фатил тој брат за рака и му рекол: "Брате, помисли за твојата душа!" - И овој брат веднаш се покајал, заплакал поради својот грев и престанал да греши. Ете, така благотворно влијаеле човекољубието и сочувството на старецот.

42. Замислете еден круг: замислете го неговиот центар, и замислете ги зраците што од центарот одат кон линијата на кругот. Тие зраци, колку се подалеку од центарот, толку повеќе се оддалечуваат еден од друг. Напротив, колку се поблиску до центарот, толку се поблиски и еден до друг. - Сега замислете дека тој круг е светов, а самиот центар, средината на кругот - Бог, а зраците - правите линии или зраците, кои од центарот на кругот одат кон неговата периферија или од периферијата - кон центарот, дека тоа се живите луѓе. Истото е и со луѓето и со нивниот однос спрема Бога. Доколку светите луѓе се наоѓаат внатре во кругот, во неговата средина, копнеејќи да бидат што поблиску до Бога, тие се поблиску и еден до друг, а колку се приближуваат и еден до друг, тие се приближуваат уште повеќе и кон Бога. - Така разберете го ова и во смисла на оддалечувањето еден од друг, кое е истовремено и оддалечување од Бога. Кога луѓето се оддалечуваат од Бога и се свртуваат кон надворешното, тогаш е очигледно, дека тие, еднакво се оддалечуваат и еден од друг и од Бога, Кој е центарот на сѐ што постои, на сѐ видливо и невидливо, колку се оддалечуваат од Бога, толку се оддалечуваат и еден од друг, и колку се оддалечуваат еден од друг, толку се оддалечуваат и од Бога. Такво е и својството на љубовта: доколку се наоѓаме далеку од Бога и не Го сакаме, дотолку секој од нас е оддалечен и од ближниот свој. А, ако Го засакаме Бога, тогаш колку со нашата љубов спрема Бога се доближуваме до Него, дотолку со љубов се соединуваме и со нашите ближни; и колку со чиста и братска љубов се соединуваме со нашите ближни, дотолку се соединуваме и со Бога.

43. Од каде произлегува тоа што некогаш некој, штом слушне навредлив збор не свртува на него никакво внимание, туку го поднесува без вознемирување, како воопшто да не слушнал ништо, a некогаш, штом ќе слушне навредлив збор, веднаш се возбудува и се налутува. Зошто ова бива вака? Еве зошто. - Затоа што кога некој, по својата молитва и за време на својата добра душевна состојба, добрата духовна расположба, има снисходливост кон својот брат и не го налутува неговиот навредлив збор. Исто така, ова може да се објасни и со следново: тој да има особена љубов спрема братот што го навредува и затоа без огорченост ги прифаќа неговите навредливи зборови и лесно ги поднесува. Но може да има и ваква причина за неговото ненавредување: тој да го презира оној што сака да го навреди, па и не обрнува никакво внимание на неговиот обид за да го навреди. - Оние што се налутуваат во ваквиот случај го прават тоа или затоа што не се во добра душевна расположба или затоа што имаат лоша расположба токму против оној што ги навредува или од некоја друга причина. - Но главната причина за навредувањето и налутувањето во ваквите случаи е тоа - што не се самопрекоруваме.

44. Авва Пимен рекол: "Каде и да појде оној што се самопрекорува, што и да му се случи, каква и да е навреда или понижување, какво и да е страдање, тој нема да се вознемири и да се збуни, зашто веќе однапред се смета достоен за сѐ што е непријатно. Па има ли побезгрижна состојба од оваа?

45. Некој ќе рече: "Ако мојот брат ме навреди и јас, откако се самоиспитам и најдам, дека не сум му дал никаков повод да ме навредува како ќе можам да се самопрекорувам?" - Навистина, ако некој се испита себеси со страв Божји, тој ќе види дека и тој дал повод за тоа, или со дело, или со зборови или со своето однесување. Ако добро се испитува, тој ќе види, ако не тогаш, во тој временски период, дека некогаш во минатото дал некој таков повод, дека го навредил или за тоа или за нешто други, или можеби навредил некој друг брат и дека треба да ја претрпи оваа навреда токму поради навредата, која тој им ја нанел на други или за некој друг негов грев. Затоа и велам, ако човек добро се испита себеси со страв Божји, ако искрено ја праша својата совест, тогаш неизоставно ќе најде дека е виновен и ќе се прекори себеси.

46. Се случува: некој да седи сам, да биде во безмолвие, а истовремено да живее во светот. И, ете, доаѓа при него некој брат и во текот во разговорот му рекол нешто непријатно, и тој веднаш да се вознемири, а потоа да вели: "Ако тој не дојдеше, при мене, јас немаше да се вознемирам и немаше да згрешам". - Колку смешно размислување! Зарем оној што му го кажал таквиот збор, зарем тој му ја вложил страста во неговото срце? Тој со својот збор само ја предизвикал неговата страст, која и пред тоа била во него. И затоа не треба да му се лути на својот брат, туку треба да се кае и да се самопрекорува. Таквиот човек е сличен на мувлосан леб, кој однадвор е добар, но внатре е плесносан, па кога ќе се прекрши, тогаш се покажува неговата мувла. Или е сличен на однадвор чист сад кој е одвнатре полн со нечистотија и смрдеа, па кога ќе се отвори, веднаш се чувствува неговата смрдеа. Така и овој брат мислел дека живее во мир, без да забележува дека страста била во него; братот негов му кажал само еден единствен збор и се открила неговата внатрешна гниежливост, која била скриена во него. Затоа, ако сака да биде помилуван, тој треба да се покае и да се прекори себеси. Само на овој начин може да дојде до чистота и да напредува во доброто, а на тој брат треба уште и да му благодари затоа што бил корисен за него.

47. Душата, кога прави грев, ослабнува од него; зашто гревот го ослабнува и изнемоштува оној што му се предава; секој што му се присоединува бива оптоваруван со злото. А кога човекот напредува во доброто, колку повеќе напредува, толку повеќе му станува полесно она што му претставувало тешкотија.

48. Во секој случај треба да гледаме нагоре. Дали некој ни прави добро или претрпуваме од него зло, ние сме должни да гледаме нагоре и да му благодариме на Бога за сѐ што ни се случува, секогаш да се самопрекоруваме и да велиме, кога ни се случува добро, дека тоа е дело на промислата од милостивиот Бог за нас, а кога ни се случува зло, - дека тоа е казна за нашите гревови.

49. Колку сме несреќни ние кои грешиме секој ден и кога им угодуваме на нашите страсти! Сме го оставиле правиот пат, што ни го покажале нашите оци, патот на самопрекорувањето, и одиме по кривиот пат на прекорувањето на ближниот. - Секој од нас настојува за секоја лоша работа вината да ја префрли на својот брат, врз него да ја стави сета тежина; секој од нас е мрзлив и не запазува ни една единствена заповед, а од ближниот наш бараме да ги исполнува сите заповеди.

50. Каде е оној старец, кој, кога го прашале: "Оче, што е она што е главно според тебе, кое си го нашол на овој твој пат", - Тој одговорил: "Тоа дека треба за се да се прекоруваме себеси". -Така рекол и авва Пимен со офкање: "Сите добродетели влегле во овој дом, но без една добродетел човекот тешко ќе може да устои". Тогаш пак го прашале: "А која е оваа добродетел?" - Тој им одговорил: "Таа добродетел е постојаното себепрекорување". И свети Антониј рекол: "Голема работа е пред лицето на Бога да ги товараме сите наши гревови врз себеси, - и до последното издивнување да очекуваме искушенија". И насекаде наоѓаме оти нашите оци добивале спокојство од тоа што, откако Му оставиле сѐ на Бога, дури и најмалите свои грижи, го запазувале секогаш ова правило - за сѐ да се прекоруваат себеси.

51. Оците кажале, дека монасите не треба да се гневат, и не треба никого да навредуваат. Тие го рекле и ова: "Koj ја победил раздразнителноста тој ги победил демоните, а кој бива победуван од оваа страст, тој воопшто му е туѓ на монашкиот живот". - А што треба да кажеме за себеси ние, кои не само што биваме победувани од раздразнителноста и гневот, туку живееме постојано во злопамтењето? - Што треба да правиме кога не ја оплакуваме нашата ваква жална и нечовечка состојба? - Сепак, браќа, да бидеме внимателни и да се потрудиме со Божја помош да се избавиме од горчината на оваа смртоносна страст.

52. Меѓу браќата често стануваат недоверства и возбудувања, но тие обично брзаат да ги смируваат тие разидувања и се смируваат. Но, секогаш има понекој меѓу нив, кој и по измирувањето продолжува да се лути на својот брат и да има во себеси лоши мисли против него. Тоа е злопамтењето. Ние сме должни со многу внимание да се пазиме да не го задржуваме во себеси за да не загинеме. Кој се измирил веднаш по раздразнувањето, тој го излекувал гневот, но против злопамтењето не направил ништо; затоа тој продолжува да има лоши мисли против својот брат. Зашто едно е злопамтењето, друго е гневот, друго -  раздразнителноста, а сосема друго збунетоста. За да го разберете ова подобро, ќе ви кажам еден прим ер. Оној што распалува оган, тој зема најнапред мало јагленче; тоа е зборот на братот што нанесува навреда. Ако ја претрпиш таа навреда, ти ќе го изгасиш тоа јагленче. А, ако почнеш да мислиш: "Зошто тој ми го рече тоа? Добро, кога е така, и јас ќе му речам така и така; ако не сакал да ме навреди, тогаш немаше да ми го рече тоа. Тогаш неизоставно и јас ќе го навредам ". - Ете, на овој начин потпалуваш боринки, слично на оној што потпалува оган и зачадува, кој е всушност слика на неспокојството. А неспокојството е она раздвижување, кое го раздразнува срцето; раздразнувањето, пак, е она одмазничко станување против оној што нѐ навредил, кое се претвора во безумна смелост, како што рекол блажениот авва Марко: "Злобата, која се храни со помисли, го раздразнува срцето, а молитвата ја убива". Само кога би го претрпил малку твојот брат, тогаш би го изгасил тоа мало јагленче пред да може тоа да ја предизвика вознемиреноста. - Сепак и неа, само, ако сакаш, можеш лесно да ја изгасиш, додека е уште нова - со молчење, со молитва и само со еден поклон од срце. - А, ако продолжиш да зачадуваш, односно, ако продолжиш да го раздразнуваш и да возбудуваш твоето срце со помислата: "Зошто тој ми направи така, зошто ми го рече тоа... така и јас нему ќе му речам, од тоа се распалува твоето срце и од него ќе се разгори раздразнителност во твојата душа. - Ако сакаш, и неа можеш да ја изгаснеш пред да го предизвика гневот. Ако продолжиш да се раздразнуваш и да се лутиш, ќе бидеш сличен на човек кој става дрва на распален оган, а тоа е гневот. А гневот, ако се задржи подолго во нашата душа, се претвора во злопамтење, од кое нема да се ослободиме, ако не ја пролиеме својата крв, - ако не се потиме и не се трудиме над себеси.

53. Ете, чувте што е првобитната збунетост, што е раздразнетоста, што е гневот и што е злопамтењето. Гледате ли како од еден единствен збор доаѓа до толку големо зло? Зашто кога би се прекорил во почетокот, кога трпеливо би го поднел зборот на твојот брат, кога не би посакал да се одмаздиш и за еден збор да сакаш да кажеш два или пет, да вратиш зло за зло, ти би се избавил од сето ова зло. Затоа и ви говорам да ги отсекувате страстите додека сѐ уште млади, пред да се вкоренат, зашто кога ќе се вкоренат во нас, тие ќе нѐ измачуваат. Тогаш ќе претрпиме големи маки од нив. Една работа е да искорнеме едно мало и младо растение, а сосема друга да искорнеме големо и старо дрво.

54. Да се враќа зло за зло можно е не само со дело, туку и со зборови и со однесување. Некој мисли дека тој со дело не враќа зло за зло, но се покажува дека всушност го прави тоа - кога враќа со зборови, со однесување, со движење и со поглед. Зашто и со сето ова може да го натажи својот брат, па затоа и тоа е враќање зло за зло. Друг се труди да не се одмаздува ни со дело, ни со збор, ни со однесување, ни со поглед. но во своето срце има незадоволство од својот брат и има нешто против него. Друг, пак, иако се труди да нема ништо против него, но штом слушне дека некој го навредил тој брат, или го нападнал и навредил и понизил, - тој се радува на ова, па затоа и тој на своевиден начин му враќа на својот ближен зло за зло во своето срце. А некој друг нема злоба во своето срце против својот брат и не се радува кога некој го навредил, но не се радува ни на неговото напредување, кога ќе види, на пример, како го прославуваат и му угодуваат, тој тогаш жали и тажи; и тоа е еден вид злопамтење, иако, се разбира, полесно.

55. Некој друг, ако се случи некој да го навреди, и веднаш се поклонат еден на друг и се измират меѓу себе и живее во мир со него и нема никаква лоша мисла во своето срце против него, но ако се случи оној што веќе го навредил пак да каже за него некој навредлив збор, тогаш тој почнува да си спомнува и за оној од минатото и се вознемирува не само од оној што го слушнал тогаш, но и од оној некогашниот. - Овој е сличен на човек, кој има рана и кој ставил на неа мелем и ја преврзал, па, иако таа рана веќе зараснала и се излекувала, но тоа место уште чувствува болка. И ако некој му фрли камен на тоа место и го удри, тоа место се повредува повеќе од кој и да е друг дел на телото и веднаш почнува да крвари. Ова истото го доживува и оној човек кој задобил духовна рана, кој бил навреден, кој ѝ ставил мелем на таа духовна рана, ја преврзал, - направил поклон, се измирил, се излекувал од гневот; почнал да се труди да го искорени од себеси злопамтењето, настојувајќи да нема ниедна лоша мисла во своето срце. Ова значи дека таа рана зараснала, но таа не е сосема излекувана, во душата уште живее злопамтењето, од кое лесно може духовната рана одново да заживее, ако човекот добие макар и сосема лесен удар на истото место.

56. Потребно е да се трудиме потполно да го очистиме внатрешниот гној, за да може тоа болно место сосема да зарасне, така што да не се познава ништо од раната што сме ја имале. Како можеме ова да го постигнеме? - Ова можеме да го постигнеме, ако се молиме за оној што нѐ навредил и ако говориме вака: "Боже, помогни ни на мојот брат и на мене поради неговите молитви!" - Молејќи се вака за својот брат, тој пројавува сочувство и љубов, а со тоа што се моли да му помогне Бог, поради молитвите на неговиот брат, тој пројавува смирение. А таму каде има сочувство, љубов и смирение, таму не можат да успеат ни разразнителноста, ни злопамтењето, ниту која и да е друга страст. - И авва Зосим рекол: "Ако ѓаволот ги употреби сите итрини на својата злоба, со сите свои демони, сите негови лукавства и сета негова злоба ќе пропаднат и ќе бидат уништени од смирението, според Господовата заповед". И еден друг старец рекол: "Оној што се моли за својот непријател не може да биде злобен, не може да има злопамтење".

57. Советите на старците извршувајте ги на дело, и тогаш ќе разберете што ви говорат; ако не ги извршувате, никогаш не ќе можете само со зборови да го научите подвижништвото. Човек, кој сака да научи некоја уметност, го постигнува тоа само од зборовите? Не, туку од самиот почеток почнува и самиот да работи и работи и греши, па го уништува она што го направил погрешно и неточно. И така малку помалку, со труд и со трпеливост, со Божја помош, тој ја изучува таа гранка на уметноста. Бог го гледа нашиот труд, а ја знае и нашата добра волја. А ниe сакаме уметноста на уметностите да ја научиме само со зборови, без да почнеме да се трудиме и да работиме. Дали е ова можно? - Да внимавамe на себеси и внимателно да се трудиме, додека има уште време.

58. Особено треба да внимаваме да не бидеме измамени, зашто лажливецот не се соединува со Бога. Лагата Му е туѓа на Бога. Во Светото писмо е речено: "ѓаволот е лажец и татко на лагата" (Јован 8,44). Ѓаволот се нарекува татко на лагата , а Бог е вистина. Зашто и Самиот Господ вели: "Јас сум патот, вистината и животот " (Јован 14,6). Ете, гледате дека лагата нѐ одделува од Бога и нѐ соединува со ѓаволот! - Затоа, ако навистина сакаме да се спасиме, тогаш сме должни со сета наша сила и со сета наша усрдност да ја сакаме вистината и да се пазиме од секоја лага, за таа да не нѐ одвои од вистината и од животот.

59. Има три вида лага: еден лаже со својата мисла, друг лаже со зборови, а трет лаже со самиот свој живот. - Со мисла лаже оној што своите претпоставки ги прима за вистина, односно своите сомневања за својот ближен; кога, на пример, ќе види дека некој говори со својот брат, и почне да си прави претпоставки и си мисли, дека тие говорат за него. Или нешто друго слично на ова. - Ете, ваквиот лаже со својата мисла, зашто тој не говори ништо вистинско, туку говори само врз основа на својата претпоставка, а од ова произлегуваат: озборувањето, осудувањето и непријателството. - Со еден збор, лаже оној, кој бил мрзлив да стане за бдение, но не вели: "Простете, мене ме мрзеше да станам", туку вели: "Имав температур ". Бев болен, а измислува уште многу други зборови, - и сето тоа го прави затоа што не сака да направи еден поклон и да се смири. Исто така, ако има некаква желба, тој нема отворено да каже: "Јас го сакам тоа и тоа , туку ги обрнува сите свои зборови, укажувајќи на тоа, ту дека е болен, ту дека има потреба, сѐ додека не ја задоволи својата желба. На таквиот, најпосле, престануваат да му веруваат и тогаш кога говори вистина. - Со својот живот лаже оној, кој, бидејќи блудник, се прикажува како човек што се воздржува, или бидејќи користољубив, - се прави дека е милостив, или, бидејќи горделив, се преправа и се прикажува како смирен.

60. Да се грижиме за себеси. Кој ќе ни го даде пак ова време, што го имаме сега? Кој ќе ни го даде, ако попусто го загубиме? Навистина, ќе дојде време кога ќе ги бараме овие денови, кои ги имаме сега и нема да ги најдеме. Авва Арсениј секогаш си велел на себеси: "Арсениј, зошто излезе од светот и дојде во оваа пустина?"

61. Кога би сакале да се потрудиме малку и да се подвизуваме, не би имале ни жалости ни тешкотии. Зашто, ако некој се принудува себеси на подвизи, тој, продолжувајќи да се подвизува, ќе почне постепено да успева, а потоа ќе почне спокојно да напредува и во добродетелите, зашто Бог, гледајќи го дека се труди, му ја дава Својата помош. Да се принудуваме себеси, зашто, иако уште не сме достигнале совршенство, но ако продолжиме да се трудиме и да се подвизуваме, ќе ја добиеме Божјата помош, а со неа ќе ги придобиеме сите добродетели. Затоа и некој од оците рекол: "Дај крв и прими дух ", односно труди се во подвизите и ќе добиеш навика за добродетелите.

62. Како што оној што сака да се занимава со дрводелство, не се занимава со друг занает, така и оние, кои сакаат да се занимаваат со духовни работи и да се научат како да ги прават, не се должни да се грижат за нешто друго, туку дење и ноќе го проучуваат тоа, за да можат да го овладеат и да го научат. Ho за сѐ треба да има мерка. Некој од старците рекол: "Одете по царскиот пат, и пресметувајте колку километри сте изминале". Зашто добродетелите се средината меѓу изобилството и недостатокот. Затоа и е речено во Светото писмо: да не свртуваме ни десно ни лево, туку да одиме по царскиот пат (сп.5. Мој. 5,32; 18,11).

63. Злото само по себе е ништо, зашто нема никаква суштина, нити има своја содржина. Ho душата, кога ќе се отклони од добродетелите, станува страсна и раѓа грев, и потоа се измачува, не наоѓајќи мир во ништо што е природно. И дрвото зарем по природа има црви внатре во себе? Туку во него настанува извесно гниење и во тој гнилеж се зародува црвот во него; овој црв потоа почнува да го нагризува и да го јаде дрвото. Така и душата самата го произведува злото, а потоа пак самата се измачува од злото, како што рекол свети Григориј Богослов: "Огнот е пород на материјата, тој ја јаде материјата, како што и злото ги јаде лошите".

64. Ова истото го гледаме и во телесната болест: кога некој живее неуредно и не го пази своето здравје, тогаш во телото настанува извесно изобилство или недостаток на нешто и од тоа човекот се разболува, пред тоа таа болест во неговото тело воопшто не постоела и таа никогаш не била нешто. А кога телото бива излекувано, таа болест веќе не постои во него. Токму вакво зло е и злото во душата, која се лишила од она што ѝ е својствено по природа, од здравјето, кое ѝ припаѓа по природа, а тоа е добродетелта.

65. Во човекот има три состојби: тој или дејствува според страста, или ѝ се противставува или ја искоренува. Според страста дејствува оној, кој ја извршува на дело - кој ја задоволува. Нејзе ѝ се противставува оној, кој не дејствува според неа и кој ја пресекува, разумно минува покрај неа, како да ја нема, но таа е сепак во него. А ја искорнува оној, кој се труди, извршува подвизи и дејствува против страста.

66. Оној кој дејствува според силата на својата страст сличен е на човек, кој, откако бил ранет од својот непријател, ги собира тие исти стрели и со своите сопствени раце ги забива во своето срце. А оној што ѝ се противставува на страста сличен е на оној, кој е опсипуван со стрелите на својот непријател, но кој е облечен во оклоп, и затоа не придобива рани. А оној што ја искоренува страста сличен е на оној , кој е опсипуван со стрелите на својот непријател, веднаш ги крши или ги фрла назад право во срцето на својот непријател, како што е напишано во еден псалм: "Оружјето нивно да навлезе во нивното срце, а лаковите нивни - да се скршат!"

67. Еден брат имаше седум дена висока температура и еве, оттогаш изминаа четириесет дена, и тој е уште немоќен и незакрепнат. Седум дена беше тешко болен, а еве, оттогаш измина многу време, а тој е уште истоштен. Така бива и со нашата душа: некој ќе згреши малку, а многу време ќе се измачува, ќе се труди и ќе си пати - додека да се поправи.

68. Гледаме како нашите браќа си одат од нашата средина, а ние остануваме невнимателни, иако знаеме дека и ние, малку по малку, се повеќе се приближуваме до нашата смрт. Да внимаваме на себеси и додека сѐ уште имаме време, - да не го губиме попусто. Како не сакаме добро да ги запаметиме зборовите на оној старец, кој рекол: "Ако некој загуби злато или сребро, тој, место загубеното, може да најде друго злато и друго сребро, но ако го загуби своето скапоцено време, живеејќи мрзливо и без подвизи, тој веќе никогаш не може да најде друго време место загубеното". Навистина, тогаш ќе бараме макар еден единствен час од времето на нашиот земен живот, но не ќе можеме да го најдеме.

69. Некој старец, минувајќи со своите ученици низ некоја месност, каде имало многу големи и мали кипариси, му рекол на еден од своите ученици: "Искорни го овој кипарис". - Кипарисот бил млад и мал, и тој брат без никаква мака го искорнал веднаш, само со една рака. А потоа, старецот покажал еден друг кипарис, поголем од првиот, и му рекол на истиот брат: "Искорни го и овој кипарис". Тогаш братот го фатил со обете свои раце, го разнишал и успеал и него да го искорне. Старецот му покажал и еден трет кипарис, кој бил уште поголем од претходниот. Тој брат се зафатил веднаш и се обидувал и него да го искорне; го нишал на сите страни, се трудел многу и се потел и, најпосле, по многу труд и голема мака, успеал и тој кипарис да го искорне. Најпосле старецот му посочил еден уште поголем кипарис, но братот, иако многу се трудел и се потел, не успеал да го искорне. Старецот, пак, гледајќи дека тој сам не може да го направи тоа, му рекол и на еден друг брат да му помогне. И тие двајцата, по многу труд, успеале да го искорнат. Тогаш старецот им рекол на своите ученици: "Еве, такви се и страстите; додека се мали, само, ако посакаме, лесно можеме да ги искорнеме од нашата душа; но, ако ги занемариме додека се мали, тие ќе зајакнат, и колку повеќе се зголемуваат и зајакнуваат, од нас се бара повеќе труд, за да можеме да ги совладаме. А кога повеќе се вкоренат во нас и кога измине многу време, тогаш дури и со тежок труд и со најголеми напори не можеме да ги и скорениме од себеси, ако не добиеме помош од некои светии, кои ни помагаат со името на Бога".

70. Пророкот, на вавилонската ќерка ѝ вели: "Блажен е оној што ќе ги зграби и ќе ги разбие од камен децата твои" (Псал. 136,9). Вавилонската ќерка е слика на сѐ што е гревовно и богопротивно. Нејзини рожби се страсните помисли и дела. Блажен е оној што не ги прифаќа лошите помисли што се раѓаат во него и не им дава место и можност да растат во него и да го приведуваат злото во дело, туку додека се тие уште мали, и, пред да се вкоренат во него и да се засилат, се труди да ги разбива врз каменот на непоколебливата одлучност и да ги уништува со името на Господа Исуса Христа.

71. Оците ни покажале како човек може постепено да се чисти: секоја вечер тој е должен да се самоиспитува за тоа како го поминал денот, и пак наутро - како ја поминал ноќта, да се кае пред Бога за сѐ што згрешил. Бидејќи толку многу грешиме, поради нашата заборавеност, ние имаме потреба да се самоиспитуваме и по секои шест часови - за тоа како сме го изминале тоа време и во што сме згрешиле.

72. Koj почне на ваков начин да се самоиспитува, веднаш ќе почне злото постепено да се намалува во него, па ако прави девет престапи, тие ќе бидат во почетокот на самоиспитувањето - осум. И така, успевајќи постепено, со Божја помош, не им дозволува на страстите да се засилуваат во него. Голема несреќа е да се придобие навика на некоја страст.

73. Не се нарекува гневлив оној, што се разгневнл еднаш. И не се нарекува блудник оној, кој паднал во блуд еднаш. И милостив не се нарекува оној, кој еднаш направил милост. Туку, како во добродетелите, така и во пороците, од нивното често повторување душата добива навика, и потоа оваа навика или ја измачува или ја успокојува. Добродетелта нѐ успокојува. И колку повеќе правиме добро, колку повеќе ја придобиваме навиката за некоја добродетел, преку тоа, си го враќаме нашето првобитно здравје. - Порокот нѐ измачува затоа што преку него придобиваме навика, која ѝ е туѓа и непријателска на нашата природа, и ја разрушува.

74. Орелот, ако и целиот биде надвор од мрежата, а само еден свој нокт е заплеткан во мрежата, само преку таа маленкост - цела негова сила бива победувана, - и ловецот, само ако посака, може да го улови. Така бива и со душата, ако придобие и само единствена страсна навика, и тогаш нејзиниот непријател, кога и да посака, ја победува, затоа што токму поради таа единствена страст - таа се наоѓа во неговите раце. Затоа не дозволувајте некоја од страстите да ви премине во навика, туку трудете се и молете Му се на Бога дење и ноќе - за да не паднете во искушение. Но ако, како луѓе, и бидеме победени, и паднеме во грев, да се потрудиме веднаш да станеме, да се покаеме, да заплачеме пред Божјата добрина, да бидеме храбри и да се бориме против злото во нас. И Бог гледајќи ги нашата искрена желба, нашето смирение и нашата скрушеност, ќе ни ја даде Својата помош и ќе покаже милост спрема нас.

75. Сѐ што ни се случува во животот нѐ води кон Бога и ни говори, дека ништо не бива без Божјата волја; знае Бог што е за нас и добро и корисно, па затоа тоа и ни се случува. Од сѐ што прави Бог, нема ништо што не е добро, туку "е многу добро сѐ". (1. Moj. 1,31). Затоа, никој не треба да жали за она што му се случува во животот, туку да знае дека тоа му доаѓа од Бога и да биде спокоен. Има луѓе кои толку се бунтуваат против она што им се случува, така што се откажуваат и од самиот живот и ја сметаат слатка и самата смрт - само да се избават од своите маки и жалости, но ова е последица на нивната малодушност и на нивната голема неразумност. Тие не ја знаат онаа голема мака, со која се среќава човечката душа по своето излегување од телото.

76. Еден извонреден брат прашал некој старец: "Зошто мојата душа ја посакува смртта? - Старецот му одговорил: "Затоа што не сакаш да ги претрпуваш маките што те снаоѓаат, не знаејќи дека идната мака е многу потешка од сегашната". - И некој друг го прашал истиот старец: "Зошто паѓам во безгрижност кога сум во мојата ќелија?" - Старецот му одговорил: "Затоа што уште не си дознал ништо ни за спокојот што те чека, нити за идните маки. Зашто, кога би го знаел ова, тогаш твојата ќелија и да биде полна со црви, така што да стоиш и до самата шија во нив, ти би го поднесувал ова и не би очајувал". Но сакаме да се спасиме спиејќи, па затоа не можеме да ги претрпиме животнитс маки, а треба да Му бидеме благодарни на Бога и да се сметаме блажени што сме се удостоиле да пострадаме овде, за таму да добиеме вечен мир.

77. Авва Евагриј велел: "Оној што им се предава на страстите и Му се моли на Бога побргу да умре, тој е сличен на болен, кој го моли дрводелецот побргу да му го направи неговиот мртовечки ковчег, надевајќи се дека, сепак, во него ќе добие некаква утеха и олеснение од страстите. Зашто, наоѓајќи се уште во телото, душата добива извесно олеснение од страстите и некаква утеха, зашто овде, додека е уште на земјава, човекот јаде, пие, спие, разговара, се дружи со своите пријатели. А кога душата ќе излезе од телото, тогаш ќе остане само со своите страсти и затоа секогаш ќе биде измачувана од нив; опфатена од нив, таа бива обгорувана од нив и измачувана толку многу, што и за Бога не ќе може да си спомнува. Ова спомнување за Бога би можело да ја утеши душата, како што се вели во Светото писмо: "Го спомна Бога и се развеселив" (Псал. 76,3), но таму нема тоа да ѝ го овозможуваат нејзините страсти.

78. Според овдешните страдања донекаде можете да ги сфатите тамошните маки. На пример, кога некој има температура и гори од неа, што е тоа што го гори? Каков оган го предизвикува ова горење? Така и страсната душа ќе се измачува од своите сопствени навики, имајќи ги горчливите спомени и страшното чувство од страстите кои го горат и го разгоруваат.

79. Кој при тоа може без трепет и ужас да си спомнува за страшните места на маките: за огнот, за темнината, за свирепите слуги на мачителите и за другите маки, за кои се говори во Светото писмо за заедничкиот живот со демоните и за тамошниот подготвен оган? (сп. Матеј 25,41). Па и самиот срам од осуда е страшен и убиствен. Свети Јован Златоуст вели: "Ако таму и не би течела огнената река, ако и не би претстоеле страшните демони, но самото тоа што сите луѓе се повикани на суд и единствено од нив добиваат пофалба, - се прославуваат, а другите посрамени биваат испраќани, за да не Го гледаат Бога, ни Неговата слава, тогаш и самата казна со овој срам, со онаа униженост и жалост што биваат лишени од толку многу блага, зар сето тоа не би било пострашно и од секој пекол?"

80. Затоа да се потрудиме да се очистиме, за да се избавиме од таквите страдања. Се разбира, потребен е труд; да се потрудиме, за да бидеме помилувани. Кога некој има нива и ја занемари, ја остави необработена, зарем таа ќе му роди нешто? - И доколку таа се исполни со трње и со лоши треви, тој човек уште повеќе ќе ја занемари. И кога потоа посака да ја очисти својата нива од сите лоши треви, кои во текот на многу години пуштиле, длабоки корења поради неговата мрзливост, нема ли тогаш тој да вложи голем труд и нема ли да ги раскрвави своите раце? - Зашто, тогаш тој ќе треба не само да ја потсече тревата, туку да ја извади од корен; зашто колку и да ја потсечува, таа пак ќе израсте. - Така бива и со нашата душа. Кога не се грижиме за неа, таа зараснува во лошите треви на нашите страсти, а кога потоа, откако се свестиме и си дојдеме на себеси, па почнеме да ја чистиме, тогаш ни претстои неизбежен тежок труд, зашто ни треба не само да отстапиме од нашите страсни дела, туку сме должни да ги искорнеме и самите страсни навики. Нема ништо пострашно од страсната навика! Свети Василиј Велики вели: "Потребно е голем подвиг за да ја победиме лошата навика, зашто навиката, вкоренувана во текот на долго време, често ја добива силата и на самата природа."

81. Потребно е не само да бидат отсечени страстите, туку да бидат отстранети и нивните причини, а потоа должни сме да го подобриме начинот на нашето живеење со силата на покајанието и плачот, па дури тогаш да почнеме да сееме добро семе, односно да правиме добри дела. Зашто, како што бива со нивата, ако по очистувањето од лошите треви, не бидат на неа посеани добри семиња, тогаш одново никнува лошата трева, и наоѓајќи ја земјата добро иситнета и мека, се вкоренува уште подлабоко во неа. Така бива и со човекот, кога, откако ќе се покае за своите лоши дела, а не почне да се грижи да добие добродетели, тогаш со него бива она што е речено во Светото Евангелие за враќањето на нечистиот дух во своето некогашно живеалиште, кое било добро очистено и подредено, со уште седум други духови, од што на тој човек му бива полошо отколку што му било некогаш (сп. Матеј 12,44).

82. Секој, што сака да се спаси, должен е не само да не прави зло, туку треба да прави и добро, како што е речено во Светото писмо: "Нека се клони од зло и нека прави добро" (Псал. 33, 14). Ha пример, ако некој бил гневлив, должен о не само да не се гнсви, туку и да стане кроток; ако некој бил горд, должен е не само да не се гордее, туку и да стане смирен. Зашто секоја страст има своја соодветна добродетел: гордоста - смиреност, скржавштината - милосрдност, блудот - целомудреност (душевна и телесна чистота), малодушноста - трпеливост, гневот - кротост, омразата - љубов.

83. Како што некогаш ги изгонивме од себеси добродетелите и, место нив, ги прифативме страстите, така и сега сме должни не само да ги изгониме страстите, туку место нив, да ги вселиме во нас добродетелите. Ние природно ги имаме во себеси добродетелите, кои ни се дадени од Бога. Зашто Бог при самото создавање на човекот, ги всеал во него добродетелите, велејќи: "Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие" (1. Мој. 1,26). Речено е: "по образот", зашто Бог ја создал душата бесмртна и слободна, а "по подобието", затоа што ова се однесува на добродетелите, како што пишува светиот апостол Петар, велејќи: "Бидете свети, бидејќи Јас сум свет" (1. Петр. 1, 16; 1. Мој. 19,2). Значи, добродетелите ни се природни, а страстите не ѝ припаѓаат на нашата душа; тие отпосле ѝ се придодаваат, тогаш кога душата му се предава на самоугодувањето, кога се оддалечува од добродетелите и кога ги вселува страстите во себеси.

84. Добро рекол авва Пимен: "Напредувањето на монахот се пројавува во искушенијата, зашто монахот е оној, кој искрено "пристапува да работи за Господа" и дека е должен да ја приготвува својата душа за искушение" (Мудр= Сирах. 2,1), така што никогаш да не се вчудоневидува и збунува од она што станува со него, да верува дека тоа што станува со него, не станува без Божјата промисла. А во што е Божјата промисла, што е по Божјата волја, тоа е потполно добро и ѝ служи на душата за секоја корист, зашто сѐ што прави Бог, го прави за наша корист затоа што нѐ сака и што нѐ милува. А ние сме должни, како што вели апостолот: "Благодарете за сѐ, оти таква е волјата Божја" (1. Сол. 5,18; Ефес.5,20), треба да ѝ благодариме на Божјата добрина и никогаш да не жалиме и да не бидеме малодушни во врска со она што ни се случува и во сѐ што бива со него; сѐ треба да прифаќаме со смиреност и без збунетост, со надеж на Бога, верувајќи дека сѐ што и да прави со нас, го прави според Својата безгранична добрина - од љубов спрема нас и за наше добро.

85. Ако некој има пријател и е уверен, дека тој искрено го сака, тогаш и ако претрпи од него нешто, па дури и многу тешко, тој е уверен оти тоа тој го направил од љубов спрема него и никогаш нема да помисли, дека тој сакал да му нанесе штета. Толку повеќе вака треба да мислиме и за Бога, Кој нѐ создал, сѐ вовел од небитие во битие, се воплотил и умрел заради нас и за нашето спасение и сѐ прави за нас според Својата голема милост - затоа што нѐ сака. За некој наш пријател можеме да помислиме дека вистински нѐ сака и дека е секогаш готов да направи сѐ што може за наше добро, но сепак тој нема таква мудрост, за да го направи за нас секогаш токму она што ни е најпотребно и најкорисно, па затоа се случува тој и без да сака, да направи нешто, што бива штетно за нас. За Бога ова не можеме да го кажеме, зашто Он е изворот на премудроста, знае што е корисно за нас и соодветно со тоа прави за нас сѐ, па дури и најситните и најмалку важни работи, така што тие да бидат корисни и спасоносни за нас. За нашиот пријател можеме да кажеме, дека, иако нѐ сака, иако ни го сака доброто, иако е достатно разумен, за да направи за нас сѐ што е добро и корисно, но тој секогаш ги нема за тоа потребните сили и можности. Но за Бога не можеме да го кажеме ова, зашто за Него сѐ е можно и нема ништо неможно. - Затоа, имајќи го предвид сето ова, треба сѐ што се случува со нас во нашиот живот - да го примаме со благодарност, затоа што сето тоа доаѓа од Бога, нашиот Добротвор и предобар Господ, макар тоа да биде и тажно и жално.

86. Ако некој ги поднесува искушенијата со трпение и смиреност, тие тогаш ќе минат без штета за него; ако, пак, биде малодушен, ако се збркува, ако ги обвинува сите околу себе, тој се оптоварува себеси и нема никаква корист од своите искушенија, туку, напротив, само си штети, зашто искушенијата му донесуваат голема корист на човекот - само, ако ги поднесува со трпеливост.

87. Не треба да се вознемируваме ни тогаш кога нѐ вознемируваат и страстите. А и зошто треба да се чудиш и да се вознемируваш ти, кој си страсен, кога те вознемирува твојата страст? Ти самиот си ја создал во себе, доброволно ја имаш во себе, а се вознемируваш од неа! - Си ја прифатил и ѝ угодуваш, а се прашуваш: зошто ме вознемирува? - Подобро е да трпиш и да Му се молиш на Бога да ти помогне. Неможно е да немаме тешки напори од страна на нашите стасти, ако ги извршуваме нивните барања. Нивните садови, како што рекол авва Сисој, се наоѓаат внатре во нас; откажи се од нив, и тие ќе си отидат од тебе. Бидејќи сме ги засакале и сме ги ставиле во дејство, па затоа е и неможно да не биваме заробувани од страсните помисли, кои нѐ приморуваат, и против нашата волја, да ги извршуваме повелбите на нашите страсти, затоа што доброволно сме се предале во нивните раце.

88. Оној кого страсните помисли го напаѓаат пред да почне да дејствува по заповедите на некоја страст, тој е уште во својот град, уште е слободен и за помошник Го има Самиот Бог. Зашто, штом само се смири при ова пред Бога и донекаде ѝ се противстави на страста, се јавува веднаш Божјата помош и го ослободува од нападот на страста. Ако некој не почне да се бори и, ако се опушти, предавајќи и се на насладата, помошта Божја отстапува од него и страста го вовлекува во страсно дело и по ова следува неговото принудно служење на таа страст.

89. Се раскажува за еден ученик на некој голем старец, дека кога го нападнала телесната страст, и старецот, гледајќи ги неговите трудови, му рекол: "Сакаш ли да Му се помолам на Бога, за да ти ја олесни борбата?" Тогаш ученикот му одговорил: "Оче, иако ми е тешко и мачно, сепак го гледам плодот на мојот труд; затоа ти се молам, помоли Му се на Бога да ми даде трпение". На овие негови зборови старецот му рекол: "Сега гледам дека напредуваш во духовниот живот и дека веќе ме надминуваш". Такви се оние што вистински сакаат да се спасат! Еве, ова е она што се вели: со трпение да се носи товарот на искушеннето!

90. Кога Бог го испратил Мојсеја да го изведе израилскиот народ од Египет и од фараоновото ропство, тогаш фараонот им дал на Израилците уште потешка работа. Така и ѓаволот, кога ќе види дека Бог се смилувал над душата, дека е готов да ја помилува и да ѝ го олесни товарот на страстите, тогаш уште повеќе ја оптоварува со страстите и уште посилно ја напаѓа. Но оците, знаејќи го ова, го крепат човекот со своето учење и не му даваат да му се предаде на стравот. Затоа псалмопеачот Давид вели: "Вие сите бидете силни и нека се крепне срцето ваше што се надевате на Господа!" (Псал. 30,24).

91. Стравот Божји ја поттикнува душата да ги исполнува заповедите и преку заповедите да го изградува домот на душата. Да имаме страв од Бога и да си изградуваме домови, за да имаме засолниште во текот на зимата, дождовите, молњите и грмотевиците, зашто најголеми маки има зиме - ако немаме свој дом.

92. За тоа како треба да го градиме домот на душата, можеме да се поучиме од начинот како биваат изградувани нашите домови за живеење. Градителите на ваквиот дом прават ѕидови од сите негови четири страни; не смеат да занемарат ни една негова страна; инаку попусто ќе биде целиот нивни труд. Така е и со оној човек, кој сака да си изгради дом за својата душа; и тој треба да се грижи за сите четири страни на својата зграда - треба да ги изгради добро и соодветно да ги издигне. Токму ова значење го имаат и зборовите на авва Јован: "Јас барам од вас секој ден да придобивате нешто од секоја добродетел", а не да постапуваме како што постапуваат некои, кои се зафатени само со една добродетел, во неа и со неа живеат, неа ја извршуваат, а за другите и не се грижат.

93. На тој начин душевниот дом се изградува подеднакво и стројно од сите страни. Најнапред треба да го стави темелот; тоа е верата, зашто "без верата не е можно да Му се угоди на Бога" (Евр. 11,6). А потоа врз темелот ја изградуваме зградата рамномерно, а имено: ако ти е наложено послушание, треба да го ставиш и да го вградиш каменот на послушанието; ако те сретне извесна непријатност од страна на твојот брат, тогаш треба да го вградиш каменот на долготрпеливоста; имаш ли случај да ја пројавиш твојата воздржливост, токму тогаш треба да го вградиш каменот на воздржливоста. На тој начин треба да се вградува во оваа духовна зграда камен по камен од секоја добродетел, кога за тоа се пружа прилика, да се изградува рамномерно на сите негови страни, вградувајќи му камен на сочувство,ту камен на одрекување од својата волја, ту камен на кротост и т.н. Но при сето тоа, потребно е да се погрижиме за вашето трпение и за вашата храброст, зашто тие се краеаголни камења; со нив се врзува целата зграда и ѕид со ѕид; тие не им даваат да се одделуваат еден од друг и ја пазат целата зграда од искривување. Без трпението и храброста не може да биде завршена зградата на душевниот дом. Затоа и е речено во Светото Евангелие: "Со трпение спасувајте ги душите" (Лука 21, 19).

94. Ѕидарот врз секој камен става малтер; ако стави камен врз камен без малтер, камењата ќе се распаѓаат и домот ќе се разруши. Во духовната градба малтерот е смирението, затоа што и варта и песокот се земаат од земјата и на сите им се наоѓаат под нозете. А секоја добродетел, која се извршува без смирение, не е добродетел. За ова е речено и од сите: "Како што кораб не може да се направи без клинци, така и не можеме да се спасиме без смирението". Секој дом има свој покрив. Покривот на душевниот дом е љубовта, која е совршенство на сите добродетели, како и покривот што е завршниот дел на домот. Околу рамниот покрив на домот се става ограда, како што се вели и во Светото писмо (сп.5. Мој. 22,8), за да не паѓаат децата одозгора. Оградата на душевната зграда се: трезвеноста, вниманието и молитвата, а децата - помислите, кои се во душата, кои биваат пазени од трезвеноста и од молитвата.

95. Но во делото на оваа изградба е потребно само уште едно, имено, градителот да биде искусен. Зашто, ако тој не е искусен, ѕидовите можат да се искриват, и домот некогаш да се урне. А духовниот градител е искусен тогаш - кога разумно ги извршува добродетелите, зашто се случува некој од нив и да има добродетелни трудови, но поради тоа што тој труд не е разумен, па од тоа губи и тој самиот, а и неговото дело претрпува штета, и на тој начин зградата не ја гради до крај, или, пак, таа се урива веднаш по завршувањето.

96. Еве еден од повеќето примери. Ако некој пости од суета или затоа што мисли дека со тоа извршува некоја особена добродетел, тогаш тој пости неразумно и затоа почнува потоа да го прекорува својот брат, сметајќи се себеси за некаква величина. И со ова се покажува дека тој, откако ставил еден камен, извадил од ѕидот два. И не само тоа, туку се наоѓа и во опасност преку осудувањето на ближниот да урне еден цел ѕид. А оној што пости разумно, тој не мисли дека со тоа извршува некоја особена добродетел, и не сака другите да го фалат како испосник; тој мисли преку воздржувањето да придобие целомудрие и преку него да дојде до смирение, како што говореле оците: "Патот кон смирението се разумно извршуваните телесни трудови" - Само таквиот се покажува дека е искусен градител, кој може добро да го изгради својот дом.

97. Не мисли дека добродетелта ги надминува твоите сили и дека ти не можеш да ја постигнеш, туку, воодушевувајќи се од верата, постави го смело почетокот, пројави пред Бога добра волја и грижа, - и ќе ја видиш помошта, која Он ќе ти ја даде за извршување на добродетелта. - Замисли две скали, - едната од нив се издигнува на небо, а другата - води кон пеколот, ти, пак, стоиш на земјата меѓу едната и другата скала. Не мисли и не вели: "Како можам да полетам од земјата и одеднаш да се најдам во небесните височини, односно на врвот на скалата?" - Ти треба само да се пазиш да не се пуштиш надолу, правејќи лошо, а труди се да се издигнуваш нагоре постепено, правејќи добро што ќе се наоѓа пред тебе. Секое од овие добри дела ќе биде чекор нагоре. Па така, искачувајќи се со Божја помош стапалник по стапалник, најпосле ќе дојдеш до врвот на скалата што води кон небото.

98. Ако бараме ќе најдеме и ако сакаме ќе ни се даде, зашто и Светото Евангелие вели: "Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори " (Матеј 7,7). Речено е: "Сакајте", за во молитвата наша да бараме помош од Бога; а "барајте" е речено затоа, за да видиме како се придобиваат добродетелите и што ги принесува; а зборовите "чукајте и ќе ви се отвори" значат исполнување на заповедите, зашто секој што чука, тој чука со своите раце, а тоа значи работење. Па така, ние сме должни не само да сакаме, туку и да бараме и да дејствуваме, да се трудиме, според зборовите на апостолот: "Да биде Божјиот “човек совршен и годен за секое добро дело" (2. Тим. 3,17; 2. Kop. 3,17).

99. Апостолот заповедал: "Да можете да ја познавате која е благата, угодна и совршена волја Божја" ( Рим.12,2), за да можеме потоа и да дејствуваме според неа. Што е благата и на Бога угодна волја? - Тоа - да се сакаме еден со друг, да бидеме сочувствителни, да правиме милостиња и сѐ што е добро. Ете, тоа е добрата Божја волја. - А каква е угодната и совршена Божја волја? - Не секој што прави нешто добро го прави тоа така, за да Му биде угодно на Бога. Се случува, на пример, некој да најде некоја убава сиромашна девојка и да му се допадне поради својата убавина, па тој ја зема и се грижи за нејзиното воспитување, иако под изговор како сиромашна, но повеќе - како убавица. А добрата и угодна волја на Бога е некој да прави добро и милостиво дело, не поради некоја човечка побуда, туку заради Господа, Кој заповедал да се прави добро заради Бога и заради самото добро само од сочувство. Таквото добро дело Му е угодно на Бога. А "совршената Божја волја" значи - кога некој го прави милосрдното дело не со скржавштина, не со мрзливост, туку со сета своја сила и со сета своја волја, милоста да ја прави така, како тој самиот да ја прима, да прави добрина така, како тој самиот да ја прима. Ете, тогаш се врши совршената волја Божја. Вака ја извршува човекот благата, угодна и совршена волја Божја.

100. Има два вида чревоугодие: првиот, кога човек бара вкусна и пријатна храна; кој не сака секогаш да јаде многу, туку сака храната негова да биде особено вкусна; вториот, кога човек бара голема количина храна, кога јаде многу; тој не бара убава и вкусна храна, туку сака да јаде, многу да јаде, без да води сметка каков е вкусот на тоа што го јаде; тој води сметка само за тоа добро да го наполни, да го преполни својот стомак. Првиот вид чревоугодие се нарекува "бес на грлото", а вториот "бес на стомакот". Кој сака да пости со цел да ги очисти своите гревови, тој треба да ги избегнува обата вида чревоугодие, зашто со нив не се задоволуваат потребите на телото, туку страста, а ако некој им се предава на нив, тоа му се смета за грев.

101. И кога постиме, не треба да го запазуваме само ова овде спомнато правило, туку должни сме да се запазуваме и од секој друг вид, така што кога постиме со стомакот, да постиме и со јазикот, да се воздржуваме од клеветење, од лага, од празни зборови, од понижување на браќата, од гнев, како и од секој друг грев, кој го правиме со нашиот јазик. Исто така, треба да постиме и со нашите очи, односно да не ги гледаме суетните работи, да не им даваме слобода на очите - никого да не го гледаме срамно и без страв. И со рацете и со нозете наши треба да се воздржуваме од секое лошо дело.

102. Каква цел треба да имаме кога се посетуваме еден со друг? Пред сѐ, тоа треба да го правиме од љубов. Освен тоа, заради слушањето на Божјото слово; кога еден нешто не знае, тоа го знае друг, па оној што не знае го прашува оној што знае и го научува она што не го знаел. И, најпосле, и заради тоа: да ја познаеме нашата душевна состојба, да се угледаме на добрите примери, како што правел свети Антониј Велики: од еден позајмувал кротост; од друг - смирение, од трет - безмолвие. На тој начин ги собирал во себеси добродетелите на сите што ги посетувал.

103. Особено треба да ја одбегнуваме сомнителноста, од која произлегува погубното осудување на другите. Имам мноштво опити, кои ја потврдуваат оваа вистина, дека секој суди за другите спрема тоа каков е тој. Ќе наведам еден пример. Да замислиме дека некој стоел во текот на ноќта на некое место и видел дека покрај него поминуваат тројца луѓе. Едниот од нив, откако го видел тој човек, помислил: тој чека некого за да појдат да извршат блуд; другиот помислил: тој е, секако, некој кадец; а третиот помислил: тој се договорил со некого од најблиските домови, за да појдат на молитва и, ете, него го чека. Значи, тројцата што го виделе тој човек на едно исто место, сепак, немале за него едно и исто мислење: едниот од нив мислел за него едно, другиот - друго, а третиот - трето. Очигледно е, дека секој од нив мислел за него спрема тоа каков бил тој самиот, соодветно со својата душевна состојба. Како што отровните животни, без оглед на тоа каква храна примаат, ја претвораат во отров, макар таа да е и најдобра и најкорисна, така и душата, која е лоша и која има лошо однесување, има штета од сѐ, макар и работите што ги среќава да се сосема добри и корисни. А оние што имаат добри тела, тела со добри сокови, па ако се случи да изедат нешто штетно и отровно, тоа не им нанесува штета, зашто и тоа се претвора во добро и корисно. Така и ние, ако имаме добра душа, ако се наоѓаме во добра душевна состојба, и ние можеме од секоја работа да имаме корист, па макар таа работа и да не е добра и корисна сама по себе.

104. Слушнав јас за еден брат, кој кога доаѓал на посета кај некои од браќата, па кога би видел кај некого од нив ќелијата да не му е изметена и суредена, велел: "Среќен е овој брат, кој ги занемарил сите грижи за земното и целиот свој ум го устремил кон небото, така што не наоѓа време и својата ќелија да си ја очисти и суреди". А кога би посетил друг некој брат, чија ќелија била добро изметена, чиста и суредена, тој во ваков случај, велел: "Како што му е чиста душата на овој брат, така е чиста и неговата ќелија, состојбата на неговата ќелија е соодветна со состојбата на неговата душа". Тој никогаш за никого не велел: "Овој е мрзлив и горд", туку, согласно со својата душевна состојба и расположба, сите ги гледал добри и од сите имал полза. Добриот Бог и на нас да ни подари таква добра состојба и расположба, за да можеме и ние од секого да имаме корист и никогаш да не ги забележуваме недостатоците и пороците на другите браќа - на нашите ближни.

105. Поуки за монаштвото. Ако имаш некое послушание, никогаш не верувај му на своето срце, зашто тоа бива заслепувано со некогашните твои страсни приврзаности. Во ништо не раководи се спрема твоето размислување; без да побараш совет и поука, не преземај ништо. Не мисли и не претпоставувај дека си во нешто подобар и поправеден од својот учител и не иследувај ги неговите дела. Постапувај вака и ќе бидеш послушен, ќе можеш спокојно и без опасност да одиш по патот на нашите оци.

Не сакај сѐ да бива како ти што сакаш, туку посакувај сѐ да биде така како што е; на тој начин ќе бидеш во мир со сите. И верувај дека сѐ бива според Божјата промисла, дури и во најмалите работи, и тогаш што и да ти се случи ќе поднесуваш без тешкотија.

Приморувај се во сѐ и откажувај се од твојата волја и со помошта на Христовата благодат, преку проучување, ќе стекнеш навика да се откажеш од твојата волја, а потоа ќе го правиш тоа без самопринудување и без мака: тогаш ќе биде во тебе и со тебе сѐ како што сакаш.

Верувај дека унижувањето и прекорите се лекарства, кои ја лекуваат гордоста на твојата душа и моли се за оние што те прекоруваат, како за вистински лекари на твојата душа, бидејќи уверен, оти тој што го мрази унижувањето, го мрази смирението, и оној што ги одбегнува оние што го жалостат, тој одбегнува од својата кротост.

Не сакај да ги знаеш пороците на твојот ближен, не прифаќај да се сомневаш во твојот ближен, кое ти го внушуваат твоите непријатели; настојувај сомневањата да ги претвораш во добри помисли.

Благодари за сѐ и труди се да придобиеш добрина и света љубов.

Најмногу да ја пазиме нашата совест во сѐ: во односот наш спрема Бога, кон ближниот и спрема предметите; пред да кажеме или да направиме нешто, да испитуваме дали е тоа согласно со Божјата волја, па тогаш, откако ќе се помолиме, да го кажеме и да го направиме тоа, изнесувајќи ја нашата немоќ пред Бога и молејќи Му се да ни помогне.

106. Ако сакаш светите помисли според верата - тогаш кога ти е тоа потребно, да го покажат своето смирувачко дејство во твоите лоши движења, мисли и чувства - почесто поучувај се во нив, минувајќи со твоите мисли низ нив, со вера во Бога - дека ќе добиеш мир. Молитвата твоја да биде проникнувана со поука. Настојувај да свикнеш и тогаш кога имаш телесни и духовни тешкотии - да ги поднесуваш без жалост, без здодевност и со трпеливост.

107. Кога ќе слушнеш дека си направил нешто што всушност не си направил, не вчудоневидувај се и не лути се, туку поклони му се веднаш на оној што ти го кажал тоа и речи му: "Прости ми и помоли се за мене"; и потоа молчи, како што рекле оците. А кога тој ќе те праша: "Дали е тоа вистина или не е? " - тогаш поклони му се со смирение и кажи му како што било, па, откако му ја кажеш вистината, поклони му се пак со смирение и речи му: "Прости ми и помоли се за мене".

108. Ако при среќавањето со браќата и при судрувањето со нив не можеш да ја запазиш потполно спокојната расположба на твојот дух, тогаш барем настојувај да не се соблазнуваш, никого да не осудуваш, да не зборуваш за никого лошо и да не ги забележуваш лошите зборови, дела и движења на твојот брат, зашто од тоа нема да имаш никаква полза, туку најдобро е за тебе да се трудиш од сето тоа да извлекуваш поука за себеси.

109. Знај дека оној што бива напаѓан со некоја лоша помисла или ако е тажен поради неа, а не го исповеда тоа пред својот старец, тој самиот ја зајакнува против себеси, односно ѝ овозможува на таа помисла, давајќи ѝ поголема сила, повеќе да го напаѓа и да го измачува; ако, пак, ја исповеда и почне да се бори против неа и да ѝ се противставува, да го прави токму спротивното, тогаш страста ќе ослабее и ќе нема сила да го напаѓа и да го ожалостува. А потоа, постепено, подвизувајќи се и добивајќи помош од Бога, тој ќе ја победи и самата страст.

110. Авва Пимен рекол: "Да се плашиме од Бога, да Му се молиме на Бога и да му правиме добро на нашиот ближен, - се трите главни добродетели". - Стравот Божји го поставил на прво место затоа што тој ѝ претходи на секоја добродетел, зашто и псалмопеачот Давид вели: "Почеток на мудроста е стравот од Господа " (Псал. 11О,1О), а премудриот Соломон додава: "А стравот од Господа запазува од гревот" (Изрек. 15,27). Потоа рекол да Му се молиме на Бога затоа што самиот човек, сам само со своите сили, не може да направи никакво добро, ниту може да придобие некоја добродетел, зашто за сѐ му е потребна Божјата помош, заедно со неговите лични настојувања, поттикнувани со стравот Божји. Правењето добро на ближниот го кажал на крајот, затоа што е тоа дело на љубовта, која е врвот на христијанското совршенство (сп. Рим. 13,1О).

111. Кога е душата нечувствителна корисно е честото читање на Светото писмо и умилнителните зборови на богоносните оци, спомнувањето на Божјиот суд, одделувањето и излегувањето на душата од телото, како и за маките што ќе ја пречекаат - маките од страшните темни сили, со кои заедно го правела злото во овој кратковремен и страдален земен живот.

Преподобен авва Доротеј