Свети Исак Сирски (pdf)

Свети Исак Сирски

Татковината на свети Исак била Ниневија. За неговите родители не се знае ништо. Во цветот на својата младост се оддалечил од светот и од сѐ што е световно и, заедно со својот брат, стапил во манастирот на свети Матеј и таму се замонашил.

Откако во овој манастир се усовршил во подвижништвото и во доволна мерка напреднал во добродетелите, посакал со сета своја душа да му се оддаде на безмолвништвото. Откако се оддалечил многу од киновитскиот манастирски живот, се населил во својата пустинска ќелија и почнал да живее потполно осамено, немајќи среќавања со никого; своето сецело внимание го посветувал само на себеси и на Бога. Неговиот роден брат, кој станал игумен на спомнатиот манастир, силно го убедувал и го молел да ја остави пустината и пак да се врати во манастирот, но тој толку се приврзал кон пустината и кон безмолвничкиот живот, не се согласувал да ја напушти својата ќелија ни за кратко време.

Но, она што не можела да направи ни братската љубов, направило Божјото откровение. Свети Исак, кој не сакал да го послуша својот роден брат, Му се покорил на Отецот, Кој го повикал да управува со Низабиската црква. - Тогаш ја оставил пустината и бил хиротонисан за епископ на големиот град Ниневија, зашто "светилникот" не требало да се крие под покривалото на пустината; тој бил поставен на свеќникот на пастирството и надалеку ги распрснувал светлите зраци на пресветлата добродетел. Но, ова не траело долго; само што почнала да сјае оваа светлина, набргу се скрила. Тој пак се скрил. Овој светител ја оставил својата епископска столица поради следнава причина:

Во неговиот епископски дом дошле два човека, едниот заемодавач, другиот должник. Заемодавачот од должникот барал веднаш да му го плати долгот. Должникот го признавал својот долг, само го молел својот заемодавач да го почека малку, ветувајќи му дека ќе му го исплати целиот долг. А заемодавачот му рекол на свети Исак: "Ако не ми го плати долгот сега, јас веднаш ќе го предадам на суд". Тогаш свети Исак му рекол на заемодавачот: "Ако, според евангелската заповед, не сакаш да му го простиш долгот и да не му го бараш да ти го врати, тогаш толку повеќе си должен да покажеш великодушност и да го почекаш твојот брат, кој признава дека ти е должен и ветува дека ќе ти го врати долгот набргу".

А оној немилосрден човек му одговорил: "Остави ја сега настрана евангелската заповед". И не сакал повеќе да го слуша. Тогаш Божјиот светител си рекол на себеси: "Ако тие не им се покоруваат на евангелските заповеди на Господа, тогаш зошто јас треба да бидам со нив?" Гледајќи при тоа колку врева и безредие има во светскиот живот, од кои сосема одвикнал живеејќи во пустината, решил да го остави својот владички престол и да се врати во својата сакана пустинска ќелија.

Живеејќи овде сѐ до смртта, какви подвизи имал свети Исак во борбата со демоните и со своето тело, колку напреднал во добродетелите, во својот подвижнички и соѕерзателен живот, какво духовно совршенство достигнал и со каква благодат се удостоил уште во овој живот, - за ова и не треба да се говори; за сето ова можеме да разбереме од неговите списи.

Свети Исак напишал многу и сѐ што напишал - го напишал само врз основа на своите опити. Тој го остварил во својот подвижнички живот сето она, за што подоцна пишувал и со својот подвиг ги поучувал оние што ги раководел. Тој и од пустината продолжувал да ја излива чистата, непрестајна и животворна струја, со која ги напојувал душите на своите браќа.

Списите на свети Исак дошле до нас на сирски и на арапски јазик, од кои само половината се преведени на грчки, а од грчки на руски јазик. Тие се 91-то слово.

Свети Исак се преселил во небесните живеалишта кон крајот на VI век. Неговиот спомен се празнува според месецословот на архиепископот Сергеј, на 28-ми јануари.

Свети Исак Сирски