2 Подвижнички поуки од Свети Исак Сирски

 

151. Ако гледањето на умот не биде очистено со извршувањето на заповедите, со делата на безмолвното живеење, не ја придобие совршената светлина на љубовта и не напредува во возраста, во Христовото обновување, не може да стане вистински гледач на божественото соѕерцание. А сите оние подобија на духовното, кои ги измислува умот, - всушност се призраци, а не вистинска стварност. А тоа што умот гледа едно - место друго, произлегува од тоа што тој уште не се очистил - ова се случувало и со надворешните филозофи, кои го сметале за духовно она, за што не добиле вистинско знаење од Бога, - и не говореле за тоа со неопходно сомневање, па говореле место за Едниот Бог - за многу богови, се согласувале меѓу себеси преку помисли на подбивање, и ова свое безумно мечтаење го нарекувале природна филозофија.

152. Вистинското соѕерцание на видливата и на невидливата природа и за самата Света Троица се дава во Христовото Откровение. Самиот Христос на луѓето им укажал на Откровението и ги научил тогаш, кога првобитно со Својата Ипостас го извршил обновувањето на човечката природа, и ја вратил и ѝ ја дал првата слобода и Он Самиот ни го отворил патот со своите животворни заповеди, овозможувајќи ни да се издигнуваме кон Вистината. И нашата природа само тогаш може да стане гледач на вистинското соѕерцание и да ги одбегнува невистинските и мечтателните, тогаш, кога човек најнапред преку претрпување страдања, преку подвизи и жалости ќе го соблече од себеси стариот страстен човек, како што новородениот младенец се соблекува од облеката, која ја носел во утробата на својата мајка. Тогаш умот, откако ќе се препороди духовно, станува способен да го прими соѕерцанието на својата духовна татковина.

153. Ова соѕерцание е храна на умот сѐ додека не биде во состојба да го прими соѕерцанието, кое е повозвишено од првото соѕерцание, зашто едно соѕерцание го предава човекот на друго соѕерцание - додека умот не биде воведен во областа на совршената љубов. Љубовта е живеалиште на духовното; таа се настанува само во чистата душа. Кога умот ќе се најде во областа на љубовта, тогаш почнува да дејствува благодатта и умот го прима духовното соѕерцание и станува гледач на она што е скриено.

154. Дарбата на откровението на умното соѕерцание, како што веќе реков, се дава на два начина. Некогаш се дава благодатно за искрена и топла вера, а некогаш - за извршување на заповедите и за душевна и телесна чистота. Ова им било дадено благодатно на апостолите, кои не го очистиле својот ум преку извршувањето на заповедите, туку со својата искрена и топла вера; затоа што во својата простота поверувале во Христа и со своето воспламенето срце оделе по Него. И кога нашиот Спасител Господ Исус Христос го извршил Своето искупително и спасоносно дело, им Го испратил Духот Утешител, Кој го очистил и усовршил нивниот ум и вистински го умртвил внатре во нив стариот страстен човек и вистински го оживел внатре во нив новиот - духовниот човек. - Така и блажениот Павле бил обновен таинствено, а потоа го примил соѕерцанието на откриените тајни. Не е напишано дека Господ Исус Христос говорел со него јавно, туку е напишано она што му го рекол Ананиј: "Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати, за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети"[Дела 9,17]. И кога го крстил, тој се исполнил со Светиот Дух и ги почувстувал скриените тајни, онака како што станало тоа и со апостолите, на кои Господ Исус Христос им рекол: "Имам уште многу да ви кажувам; ама сега не можете да носите. А кога ќе дојде Он, Духот на вистината; ќе ве упати во секоја вистина; но од Себе нема да зборува, а ќе говори што чуе, и ќе ви ја каже иднината" [Јован 16, 1213].

155. И блажениот Павле токму тогаш, откако се удостоил да Го прими Светиот Дух и бил обновен од Него, се удостоил и со тајните на Откровението, почнал да се насладува со соѕерцанија, слушал неискажливи зборови, имал соѕерцанија на возвишените природи, се восхитувал со соѕерцанието на небесните сили и се насладувал со духовни радости. И да бидеме сосема далеку од она што го тврдат еретиците [евктити], дека тој ова издигнување го достигнал по своја желба. Умот воопшто не е во состојба да се издигнува таму. Напротив, светиот апостол Павле бил издигнат од духот на откровенијата, како што и тој самиот пишува во своето Второ послание до Коринтјаните: "Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, со тело ли, - не знам; без тело ли, - не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо. И знам дека тој човек, со тело ли, или без тело не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже" [2. Кор. 12,2 4], спротивно на оние суетни луѓе, кои се сметале слични на апостолите и мечтаењата на своите помисли ги нарекувале духовни соѕерцанија.

156. Во размислувањето за луѓето, кои, исполнети со страсти, влегуваат во истражување на телесните и бестелесните закони, а во тоа не се разликуваат од болните, кои даваат правила за запазување на здравјето, - еден од светите луѓе го напишал следново: "Блажениот Павле, кога дознал за некои Христијани, кои ги занемарувале заповедите и не ги победиле своите страсти, а посакувајќи го блаженството од соѕерцанието на тајните, што е можно само по очистувањето од страстите, им рекол: соблечете го најнапред од себеси стариот човек на страстите, и тогаш посакајте да се облечете во новиот човек, кој е обновен со познанието на тајните во подобие на Творецот и не посакувајте го блаженството мое и на другите апостоли, извршено со Божјата благодат, зашто Бог "кого сака, го милува; кого сака, го прави жесток" [Рим. 9,18]. Зошто кој може да е против Неговото лице или против Неговата волја? - Бог понекогаш дарува дарум, а понекогаш бара дела и очистување, а потоа го испраќа дарот; а понекогаш - и по делата и по очистувањето не го дава овде соѕерцанието, туку го запазува за да го подари на свое место.

157. Наоѓаме дека така постапува Он и во расудувањето за помалиот, во споредба со овој дар, мислејќи на простувањето на гревовите. Зашто, ете, крштевањето го дава на дар и воопшто ништо не бара, освен вера; а при покајанието за гревовите направени по крштевањето не простува дарум, туку бара трудови, страдања, жалости, скрушение, солзи и долговремен план, и дури потоа простува. Само на разбојникот му простил од крстот дарум заради неговите зборови на покајание и му го ветил царството небесно, а од жената грешница, исто така, барал вера и солзи.

158. Душата што Го љуби Бога, - само во Бога и во Него Едниот наоѓа успокојување за себеси.

Пред сѐ, разврзи го секој сојуз во себеси; тогаш можеш со твоето срце да бидеш во сојуз со Бога; на соединувањето со Бога му претходи одрекувањето од светот.

Лебот му се дава на младенецот како храна откако бил отхранет со млеко. И оној човек што има намера да преуспева во божественото, има желба пред сѐ - да се оддалечи од светот, како и младенецот што се одбива од прегратките и од градите на својата мајка.

Телесниот труд му претходи на душевниот, како што земниот прав ѝ претходел на душата, која му била вдахната на Адама. Оној што нема телесни трудови, тој не може да има ни душевен труд, зашто последното се раѓа од првото, како и класот што се раѓа од голото пченично зрно. А кој нема душевен труд, тој се лишува и од духовните дарби.

159. Како што по сеењето на солзи следуваат ракатките на радоста, така и по страдањата за Бога следува радоста.

На земјоделецот му е сладок лебот, што го заработил со пот; и на срцето му се слатки делата на правдата - кога го добило Христовото знаење.

Доброволно претрпувај ги и понижувањето и смирението, за да имаш смелост пред Бога. Оној човек, кој свесно претрпува секој лош збор, кога тој самиот претходно не му направил никаква неправда на оној што му го кажал лошиот збор, иако при тоа си става на својата глава трнов венец, сепак е блажен, затоа што бива овенчуван со венец што не овенува, кога и тој самиот не е свесен за тоа.

160. Кој свесно бега од суетната слава, тој веќе го осетил во себеси идниот живот.

Оној што бега од спокојот во сегашниот живот, неговиот ум уште за време на овој живот - го здогледал идниот. А оној што е роб на алчноста и на богатењето - тој е роб на страстите.

Не сметај дека само придобивањето на златото и на среброто е алчно собирање на богатство; тоа е сѐ она, кон што е приврзана твојата волја.

Не фали го оној што страда телесно, а при тоа им дава волја на своите чувства, односно оној, кој сака сѐ да чуе, сѐ да каже и чии очи гледаат насекаде.

161. Знај дека простувањето на оние што ни згрешиле - припаѓа кон делата на правдата. Тогаш насекаде во твојот ум ќе почувствуваш мир и ќе видиш светлина.

Ако милостивиот не е над својата правда, тогаш тој не е милостив, оној што е вистински милостив, тој не само што им дава на луѓето милостиња од она што е негово, туку доброволно претрпува од другите неправди и ги сака и милува.

Кој ја полага својата душа за својот брат, тој е вистински милостив, а не оној кој со она што го дава - само покажува милост спрема својот брат.

И оној е милостив, кој кога братот негов ќе му удри шлаканица, не е толку бесрамен да му врати со иста мерка и да го нажали неговото срце.

162. Засакај го трудот на бдеењето, за да им бидеш утеха на оние што ѝ се блиски на твојата душа.

Занимавај се со читање во твоето безмолвие, така што умот твој секогаш да биде издигнуван кон Божјите чуда.

Засакај ја сиромаштијата со сета своја трпеливост, за умот твој да биде запазен од расеаноста. Намрази го изобилното и спокојно живеење, за да не бидат твоите мисли вознемирувани. Задржувај се да не бараш многу, а грижи се само за твојата душа, за да ја запазиш - од загубувањето на твојот внатрешен мир.

163. Засакај ја чистотата на телото и на душата, за да не се посрамиш од Бога за време на твојата молитва.

Придобиј чистота во твоите дела, за душата твоја да се озарува за време на молитвата, а со спомнувањето на смртта - да се распалува радоста на твојот ум.

Не биди мрзлив во твојата работа, за да не се засрамиш кога ќе застанеш со твоите пријатели.

He врзувај ја твојата слободна волја, за да не им служиш на насладите, за да не им станеш роб на робовите.

Сакај да се облекуваш во сиромашна облека, за да ги победиш помислите што се раѓаат во тебе - од горделивото срце. Кој го бара надворешниот сјај, тој не може да има слободни мисли, зашто срцето внатре се настројува според тоа какви се нашите образи.

164. По смиреноста следи воздржливоста и самоограничување во сѐ.

Смиреноста, поради постојаното самоограничување, доаѓа до соѕерцание и ја украсува душата со чистота на телото и на душата; а суетата, поради непрестајниот метеж и вознемирување на помислите, од сѐ што среќава собира нечисти сокровишта и го осквернува срцето. Тоа со својот срамен поглед ја гледа природата на работите и умот го исполнува со срамни помисли, а духовната смиреност добива соѕерцание, а оној што го придобил него - го поттикнува кон славословие.

165. Подобро е ти самиот себеси да се ослободиш од веригите на гревот, отколку да ослободуваш робови од ропство.

Подобро ти е да се измириш со твојата душа и да имаш во себеси тројствено едномислие меѓу телото, душата и духот, отколку со своето учење да ги смируваш оние што имаат различни мислења.

Свети Григориј Велики - Богослов вели: "Убаво е да богословствуваме за Бога, но уште подобро од тоа е човекот да постане чист за Бога".

За тебе е покорисно да го подигнеш она што паднало во твојата душа од страстите со помош на тоа што ќе ги поттикнуваш твоите помисли кон божественото, отколку и мртви да воскреснуваш.

166. Во текот на сите денови од твојот живот, каде и да дојдеш, сметај се за туѓинец, за да бидеш во состојба да се избавиш од она што е штетно за тебе и што може да те натера со луѓето да се однесуваш слободно.

Секогаш благословувај со устата твоја, и никогаш нема да изговориш лоши зборови, зашто од лошите зборови се раѓаат лоши зборови, а од благословите - благослови.

Во секоја работа сметај се дека ти недостасува знаење, за да сакаш да се поучуваш, и во целиот твој живот ќе се покажуваш мудар.

Не говори му на друг за она што ти самиот не си го искусил, па кога ќе се спореди твојот живот со она што го говориш, да не биде откриена твојата лага.

167. Пази се да не ги читаш еретичките учења, зашто ова често го вооружува кон тебе духот на хулењето.

Често и не знаејќи за ситост, читај ги книгите на учителите за Божјата промисла, зашто тие го раководат умот кон согледување на редот во созданијата и во Божјите дела; тие го укрепуваат со себеси, со својата истенченост го подготвуваат кон придобивање на светли мисли и му помагаат да оди во чистота кон разбирање на Божјите чуда.

Читај го Евангелието, кое ѝ е дадено од Бога на целата вселена, за твојот ум да проникне во Божјите чуда.

Кога читаш биди во беспрекорна тишина. Биди слободен од големи грижи за телото и од животни безредија, за да го почувствуваш во твојата душа слаткиот вкус, кој е последица на слаткото разбирање, помагајќи му во чистота да оди кон разбирање на Божјите созданија и душата да го чувствува тоа откако живеала во него.

168. Чисти ја твојата душа. Ослободи се од грижите што се надвор од твојата природа. Стави ја завесата на целомудрието врз твоите поими и движења; преку тоа ќе го најдеш она што е внатре во твојата природа, зашто на смирените им биваат откривани тајните.

169. Ако имаш намера душата твоја да му ја предадеш на делото на молитвата, која го очистува умот, и на ноќни бдеења, за да добиеш светол разум, тогаш одалечувај се од погледот на светот, прекрати ги видувањата со луѓето; не примај ги во твојата ќелија твоите пријатели, дури и кога тоа треба да биде под вид на корист, освен оние со кои имаш исти мисли и ист дух. Плаши се од немирот на душевниот разговор, па, откако го прекинеш надворешниот разговор, со молитвата твоја соедини ја милостињата, и душата твоја ќе ја види светлината на вистината. Зашто во колкава мерка ќе престане да се вознемирува од надворешните работи, во толкава мерка може умот, од разбирањето на Божјите дела, да дојде до големи постигнувања и вчудоневидувања. Зашто нашата душа, само, ако се погрижиме да покажеме мала ревност, обично брзо заменува еден разговор со друг.

170. За да можеш да заменуваш еден разговор со друг суетен со душевен, занимавај се со читање на Светото писмо и со житијата на светиите. И кога ќе застанеш на молитва и на твоето молитвено правило, тогаш, место да размислуваш за она што си видел и чул во светот, ќе најдеш во себеси размислување за Светото писмо и други божествени списи, кои си ги прочитал и со ова размислување ќе го заборавиш она што си го паметел за светот. На ваков начин умот доаѓа во чистота. И токму ова значи она што го напишале оците, дека читањето ѝ помага на душата кога застанува на молитва. Исто така; речено е, дека преку молитвата душата се просветува за добро читање. Читањето, место надворешените влијанија, ѝ дава храна на разните видови молитва. Затоа душата се просветува со читањето и секогаш може да се моли ревносно и без расеаност.

171. На оние што му угодуваат на своето тело и на својот стомак не им прилега да ги испитуваат духовните работи, како што и на блудницата не и прилега да говори за целомудрието.

Болното, многу болното тело не може да поднесува мрсни храни; и умот, кој е зафатен со светските работи не може да се приближи кон испитувањето на она што е божествено.

Огнот не се распалува, ако се мокри дрвата, и божествената распаленост не се распалува во срцето на оној што го сака спокојот.

Како што оној што не го гледа сонцето со своите очи не може само од слушање да му ја опише на некого неговата светлина, така не може да говори некој за сладоста на духовните работи, ако тој самиот не ги доживеал и искусил.

172. Ако имаш нешто повеќе за храна отколку што ти е потребно за тој ден, раздај им го тоа на сиромасите; тогаш појди и смело прави ги твоите молитви и разговарај со Бога, како син со својот Отец.

Ништо не може така да ја приближи душата до Бога, како милостињата; и ништо не создава таква тишина во душата како немаштијата.

Кога продаваш, продавај со великодушност, со љубезност на твоето лице, и дај повеќе отколку што се бара од тебе.

Не грижи се да го препознаеш достојниот од недостојниот; сите луѓе нека ти бидат еднакви за добро дело. Зашто на овој начин можеш и недостојните да ги привлечеш кон доброто дело, зашто душата преку телото брзо cе привлекува кон страв Божји.

173. Очисти ја твојата ќелија од непотребни работи, зашто тие ќе те поведат кон невоздржливост, макар ти и да не сакаш.

Скудноста во сѐ го учи човекот на воздржливост.

Оние што победиле во надворешната борба, односно во борбата, што се крева против душата преку слухот, видот и преку другите усети, - можат да немаат страв и во внатрешната борба.

Кога човек ја затвори градската порта, односно усетите, тогаш војува внатре и не се плаши од оние што се надвор од градот и што му се закануваат.

Блажен е оној што го знае ова и не се грижи за многу работи, туку сите свои телесни подвизи ги управил кон молитвениот труд.

174. Тогаш кога Бог внатре во тебе ти дарува духовна радост, ти прави непрестајни поклони и коленичења.

Не дозволувај му на твоето срце да се грижи за нешто, а ако демоните тогаш почнат да те убедуваат да се зафатиш со некоја друга работа, и тогаш гледај и вчудоневидувај се што станува со тебе од сето тоа.

Во подвижничките борби ништо не е толку важно и тешко и не поттикнува толку силна завист кај демоните, како тоа кога подвижникот паѓа пред Христовиот крст, молејќи се дење и ноќе и станува како да му се рацете врзани одназад.

Ако сакаш да не оладиш во твојата жива ревност, да не пресекнат изворите на твоите солзи, прави го ова и блажен ќе бидеш ако за ова се грижиш дење и ноќе и не се обидуваш да правиш нешто друго.

Ако не се подвизуваш, нема да добиеш, и ако со постојанство не удираш на вратата, ако непрестајно не стоиш пред неа, нема да те слушнат.

175. Сѐ додека надворешиот човек не умре за сѐ што е земно, не само за гревот, туку и за секое друго дејствување, како и внатрешниот човек за лошите мисли; сѐ додека не изнемошти природното движење на телото дотаму што да не биде во срцето возбудувана гревовната сладост, сѐ дотогаш нема да биде возбудена ни сладоста на Божјиот Дух во човекот, сѐ дотогаш во неговата душа божествените мисли нема да бидат доживеани и почувствувани и видени. И сѐ додека човекот во своето срце не ја умртви грижата за земниот живот, освен она што ѝ е неопходно на нашата природа и не Му ја остави грижата за ова на Самиот Бог, сѐ дотогаш во него нема да се разбуди желбата за духовното.

176. Оној што со увереност и со чувство постојано го има во својот ум она, што води кон крајот на сѐ, нему, за тоа дека треба да се одрече од сѐ - не му е потребен друг Учител.

Оној што доброволно не се оддалечи од причините на страстите, тој неизоставно се повлекува кон гревот. А причините на гревовите се овие: виното, жените, богатството и телесното здравје, но не затоа што се тие грешни по својата природа, туку затоа што човечката природа лесно се поведува преку нив кон гревовните страсти. Затоа човек треба највнимателно да се пази од нив.

На луѓето им е гнасна сиромаштијата, а на Бога многу погнасни Му се душата горделива и умот што високо се издигнува. Луѓето го ценат богатството, а Бог ја сака смирената душа.

177. Ако сакаш да направиш почеток за подобар живот, приготви се најнапред за искушенија што ќе те напаѓаат. Зашто нашиот духовен непријател, штом види некој со силна вера да почнал добар живот, го напаѓа со разни страшни искушенија, за да го заплаши, да ја попречи неговата добра намера и да ја загуби својата решеност и одлучност да Му се приближи на Бога со своите богоугодни дела. Затоа, приготви се најнапред да ги пречекаш искушенијата, кои биваат испраќани од лукавиот на оние што одлучиле да живеат добродетелно и потоа почни да ја остваруваш твојата добра намера.

178. Божјите заповеди се поскапоцени од сите сокровишта на светот. Оној што ги придобил, - Бога во себе Го наоѓа.

Кој секогаш се успокојува во Божјата грижа за себеси, тој Го добил Бога за управител на својот дом.

Кој посакал да ја исполнува волјата Божја, тој ќе ги има ангелите за водачи на својот пат. - Кој се плаши од гревовите, тој без пречки ќе измине страшен пат и за време на темнина пред себе и во себе светлина ќе најде. Стапките на оној што се плаши од гревовите Господ ги запазува и кога се препнува, - милоста Божја го пази.

Кој прегрешенијата свои ги смета мали, тој паѓа во положба полоша од првата и претрпува казна седумпати поголема.

179. Во смиреноста своја сеј милостиња; ќе ожнееш милост на судот.

Она со што си го загубил доброто, со тоа одново ќе го добиеш. Ако си ја загубил чистотата на телото и на душата, Бог нема да ја прими милостињата од тебе, ако продолжиш да живееш во блудот; ја бара светињата на твоето тело.

Секоја болест се лекува со лекарства соодветни на неа. Ако си победен од зависта, зошто се бориш против сонот, а не против зависта?

180. Додека престапот твој е уште мал и не узреал, уништи го пред да пушти гранки во широчина и да почне да зрее. Не биди безгрижен додека недостатокот твој се чини мал, зашто потоа во него ќе најдеш нечовечен тиранин и ќе бегаш од него, како роб и пленик. А оној што се бори против страста, тој набргу ќе ја победи и ќе господари над неа.

181. Кој може со радост навреда да поднесе, особено кога има во рацете со што да се одмазди, тој ја примил утехата од Бога според верата во него. И кој со смиреност ги трпи навредите нафрлени на него, тој дошол до совршенството, нему светите ангели му се восхитуваат. Зашто никаква друга добродетел не може да биде толку висока и толку тешка за извршување.

182. Не верувај во себеси дека си силен додека не бидеш искушан, и ќе покажеш дека си неизменлив.

Не надевај се во твојата сила за да не биде допуштено да паднеш поради својата немоќ; тогаш од твоето сопствено паѓање ќе ја дознаеш својата немоќ.

Не надевај се на своето знаење, за да не бидеш уловен од итрината на ѓаволот.

Никогаш не фали се со зборови за своите дела, за да не бидеш посрамен.

Во сѐ со што човекот се фали, Бог дозволува да се измени, за да се посрами и да се научи на смиреност.

183. Окото свое непрестајно кон Бога издигнувај го, зашто покровот и промислата Божја ги опфаќа сите луѓе; Он е невидлив, а им се открива само на оние што се очистиле од гревовите свои и кои секогаш мислат за Бога, како за свој единствен Создател и Промислител. Божјата промисла им се открива особено тогаш кога заради Бога паѓаат во искушение. Зашто тогаш ја чувствуваат тие Божјата промисла, како да Го гледаат Бога со своите телесни очи, сообразно со мерката и причината на искушението, што го постигнува секого од нив, за да ги поттикне кон храброст, како што било со патријархот Јаков, со Исус Навин, со трите момчиња во Вавилон, со светиот апостол Петар, и со другите светии, на кои Божјата промисла им се јавувала во некаков човечки вид, охрабрувајќи ги и утврдувајќи ги во побожноста.

184. Потребно ли е да говориме за подвижниците, отуѓени од светот и за отшелниците? Тие пустината ја претвориле во град, од неа направиле населба и живеалиште на ангели. Кон нив секогаш доаѓале ангели, за да го средат нивниот живот и како борци Господови одвреме - навреме војувале заедно со нив. Тие во целиот свој живот ја сакале пустината, и од љубов спрема Бога имале живеалишта во шумите, пештерите и во земните бездни. Оставајќи го она што е земно, го засакале небесното угледувајки се на ангелите, така што и самите свети ангели не се скривале од нив, ја исполнувале секоја нивна желба и својата помош им ја давале во сѐ.

185. Кој еднаш засекогаш Му се посветил на Бога, тој својот живот го минува со спокоен ум.

Без љубов кон немаштијата душата не може да се ослободи од метежот на помислите и, ако не ги смири своите чувства, нема да го почувствува мирот на своите мисли.

Ако некој не навлезе во искушенија, тој никогаш нема да добие духовна мудрост.

Без редовно и внимателно читање нема да ја сфатиш истенченоста на помислите.

Без тишина на помислите умот не навлегува во скриените тајни.

Без надеж, заснована на верата, душата не може да се бори смело против искушенијата.

Без јавно да ја доживее и испита Божјата закрила, срцето не ќе може да се надева на Бога.

Ако душата со знаење не ги вкуси Христовите страдања, не може да има општење со Христа.

186. Кој му помага на сиромавиот, за него Бог се грижи, а кој осиромаши заради Бога, тој ќе добие големи сокровишта. Бог нема потреба од ништо, но се весели кога ќе види дека некој го пази Неговиот лик и дека го почитува заради Него. Кога некој ти го бара она што го имаш, не говори во твоето срце: "Ова ќе го оставам за мене, за да му се радува моето срце, а на овој ќе му го даде Бог она што му е потребно од друго место." Вакви мисли им се својствени на несправедливите луѓе и на оние што не Го познаваат Бога. Справедливиот човек постапува поинаку; тој не дозволува времето на благодатта да измине без дела. Бог го снабдува сиромавиот; Он се грижи за него; зашто Бог никого не остава. А ти, кога го бркаш сиромавиот, се оддалечуваш од честа, што ти ја дава Бог ја оддалечуваш од себеси Неговата благодат. Затоа, весели се кога даваш и вели: "Боже мој, Ти благодарам, што ми даде благодат и чест да осиромашам заради Твоето име и што ме удостои да вкусам страдања, ставени на патот од Твоите заповеди, што си ми дал болести и сиромаштија, како што си им давал на Твоите светии, кои оделе по овој пат".

187. Нашата природа станала лесно приемлива за страстите. Во светот има многу искушенија; злото не е далеку од тебе, тоа навлегува во тебе и се наоѓа под твоите нозе. Како што се блиски вековите помеѓу себе, така се блиски и искушенијата до луѓето, а Бог го направил ова премудро за твоја полза, за постојано да чукаш на Неговата врата, така што со стравот од жалосното да си спомнуваш за Него во твојот ум, за да Му се приближуваш во молитвите и срцето твое да се осветува со непрестајното спомнување за Него. Бог не те создал недостапен за маките и жалостите, за да не посакаш да бидеш Бог; за да не го наследиш она што го наследил оној, кој бил прв меѓу ангелите, а потоа, поради својата гордост, станал сатана. Бог не те создал неразнишлив и неподвижен, за да не станеш по природа сличен на бездушните созданија.

188. Непрестајно очистувај се пред Бога, имајќи го во твоето срце спомнувањето за Него, за да не, ако останеш долго без спомнување за Него, да не бидеш лишен од смелост кога ќе приоѓаш кон Него, зашто смслоста пред Бога е последица на честиот разговор со Него и на постојаната молитва.

Односот со луѓето бива преку телото, а односот со Бога преку спомнувањето за Него и духовното поврзување со Него, вниманието спрема Него за време на молитвата и сецело предавање себеси на Божјата волја.

Како последица на долговремено спомнување за Бога душата наша се восхитува и вчудоневидува. "Нека се весели срцето на оние, кои Го бараат Господа. Барајте Го Господа и утврдувајте се, барајте Го секогаш лицето Негово" [Псал. 104, 3-4], - освететe се со светоста на Неговото лице и очистете се од вашите гревови.

189. Кога искушението доаѓа на неправедниот, тој нема надеж, за да Му се обрати на Бога и да очекува спасение од Него, затоа што во деновите на своето спокојство се оддалечувал од Неговата волја.

Пред да дојде жалоста твоја, моли Му се на Бога, и во деновите на страдањето - лесно ќе Го најдеш и Он ќе те послуша. Ковчегот на Ное бил приготвен за време додека било сѐ спокојно и дрвата за него биле приготвувани во текот на сто години, а кога настанал гневот Божји и пропаста на неправедните, - ковчегот му станал покрив на праведникот.

190. Оние, во кои светот е мртов - навредите ги претрпуваат со радост, а оние, во кои светот е жив, тие не можат навреди да трпат; исполнети со гордост, тие или се гневат или се збркуваат и биваат опфаќани од жалост и очајание.

Оној што сака да преуспева во добродетелта - претрпување на навреди и великодушност, тој треба да се оддалечи од своите роднини и блиски, а тоа можат да го направат само оние, во кои умрел овој свет, затоа што преуспевање во добродетелите е неможно меѓу своите во овој свет.

Само вистински големите и силните можат да поднесуваат такви страдања меѓу своите роднини и блиски, а тоа можат навистина само оние, во кои умрел овој свет, затоа што тие не ја очекуваат својата најголема радост во овој свет.

191. Како благодатта што е блиска до смирението, така и тешките настани ѝ се блиски на гордоста.

Очите на Господа се свртени кон смирените, за да ги развеселува; лицето Негово е против горделивите, за да ги смирува. Биди смирен во својата величина, и не очајувај кога си понижен и навреден.

Кој ја бара честа, тој не ја достигнува; таа бега од него и сѐ повеќе се оддалечува, а кој бега од почестите, тие трчаат по него, го гонат одзади.

Кој е гладен и жеден за Бога, - него Бог го напојува со Своите добрини.

Кој трпи недооблеченост заради Господа, - Него Бог го облекува во облека вечна и славна.

Кој осиромашува заради Господа, - тој бива утешуван со Неговото вистинско богатство.

Во целиот твој живот признавај дека си грешник, за да бидеш секогаш оправдуван.

Другарувај со смирените, за да станеш и ти таков.

Труди се секогаш со сите да бидеш љубезен и со почитување.

192. Бог дозволил заради твоја корист душата твоја да биде достапна до страстите; сметал дека не е корисно за тебе да бидеш над нив пред да се родиш за идниот живот. - А корисно е да бидеш достапен до страстите заради наранување на твојата совест, а да живееш во страста е и срамно и опасно.

Како што од чревоугодието се раѓа безредието и мешаницата на помислите, така и од многуте зборови и неразумните разговори се раѓаат неразумноста и оддалечување од својот ум.

Грижата за земните работи ја збунува душата, а збунетоста го лишува умот од неговата тишина.

Монахот, кој се посветил на трудови за придобивање на небесните богатства, секогаш треба да биде оддалечен од земните грижи, за да се вдлабочува во себеси и да не го бара она што може да го даде овој живот. А кога ќе се испразни од сето тоа, тогаш, ослободен од тоа, може и дење и ноќе да се поучува во законот на Господа.

193. Телесните трудови, без чистотата на умот, се исто што и бесплодната утроба и исушените гради, затоа што не можат да се приближат кон знаењето за Бога. Тие го прават телото поистоштено, но не се грижат за искоренувањсто на страстите од умот, а затоа никаков плод не жнеат.

Како што не може ништо да ожнее оној што сее во трње, така и оној што им се предава на злопаметењето и алчноста за богатеење во ништо духовно не успева; тој офка на својата постела поради грижите за своите работи, кои го измачуваат.

194. Ако душата се просветила од тоа што си спомнувала за Бога и од бдеењето и дење и ноќе, Господ внатре во неа ја огради со облак, кој ќе ѝ дава дење сенка, а ноќе светлина, која во темнината ќе ѝ cjae.

195. Како што облаците ја покриваат светлината на месечината, така и испарувањата на пренаполнетиот стомак ја изгонуваат Божјата премудрост од душата.

Она што е пламенот во сувите дрва, тоа е и телото со полн стомак.

Како што едно запалено дрво, придружено кон друго, го зголемува пламенот, така и разновидната храна ја зголемува телесната похот.

Во сластољубивото тело не живее знаењето за Бога; кој го љуби своето тело, тој нема да ја прими Божјата благодат.

Како што во родилните болки доаѓа нов плод во овој живот, кој ја радува родилката, така и при измачувањето на телото со глад и со жед во душата се раѓа знаењето на Божјите тајни.

Како што таткото се грижи за своите деца, така и Господ Исус Христос се грижи за она тело, кое се измачува заради Него; Он секогаш е близок до Неговата уста.

196. Оној е отшелник, кој со својата мисла се оддалечил од сѐ што е во овој свет.

Монах е оној што живее далеку од светот и што секогаш Му се моли на Бога - да ги добие идните блага.

Богатството на монахот е утехата, што ја наоѓа во плачот, а радоста му е од верата, која сјае во длабочината на неговиот ум.

Девственик е оној, кој не само што го запазил телото неосквернето од телесен грев, туку се срамува и од најмалото напомнување за него.

Ако го сакаш целомудрието, одгонувај ги срамните помисли со помош на читање и продолжителни молитви; тогаш ќе имаш оружје против природните побуди за тоа, а без ова е неможно да се види чистотата во душата.

197 . Ако си вистински милосрден, тогаш ако ти го ограбиле она што е твое, не жали по него, и не говори им на другите за својата загуба.

Нека загубата што ти е причинета биде проголтана од твојата милосрдност, како што јачината на виното се разблажува со многу вода.

Докажи ја твојата милосрдност со доброто што им го правиш на оние што те навредиле, како што постапил и блажениот пророк Елисеј со своите непријатели, кои имале намера да го одведат во плен [4. Цар. 6,13-23].

198. Оној што е вистински целомудрен, откако ќе биде онеправдан, не се срди и не говори ништо во своја заштита, туку ги прима клеветите, како да се вистина и не се труди да ги увери луѓето дека е оклеветен, туку моли да му биде простено. Има и такви, кои доброволно примиле да ги сметаат за најдолни, иако не биле такви. Некои дозволувале да ги нарекуваат блудници и прељубници и дека се виновни за грев, што не го извршиле и со своите солзи сведочеле дека се грешници; со плач барале простување од она што ги клеветеле за беззаконие, што не го направиле, тогаш кога нивната душа била овенчана со секаква чистота и со непорочност. А други, за да не бидат прославувани поради возвишените правила, кои ги пазеле во својот таен живот, се правеле јуродиви, бивајќи осолени со божествената сол и непоколебливи во својата душевна тишина, бидејќи биле украсени со ангелско совршенство.

199. Спасителот ги нарекол како многу живеалишта во домот на Својот Отец различните состојби на оние што се населуваат во задгробниот живот, односно различните дарби на нивниот ум; не поради различноста на местата, туку според степенот на дарбите ги нарекол нашиот Спасител Господ Исус Христос овие многу живеалишта. Како што со видливото сонце секој се насладува сообразно со чистотата и здравјето на своите очи, и како што од еден светилник во една и иста просторија светлината бива различна, иако светлината од него не се разделува на повеќе светлини, така и во идниот живот сите праведници ќе се настанат на едно место, но секој според мерката на своето духовно совршенство ќе биде различно осветлуван од духовното Сонце и спрема своето достоинство привлекува кон себеси различен степен на радост и веселба, како од еден воздух, од едно место, еден престол, од едно зрелиште и од еден образ. - И никој нема да ја гледа мерката на својот пријател, нема да го гледа како повисок или понизок, така што, согледувајќи ја поголемата благодат на својот пријател и своето лишување од неа, - да не биде тоа за него причина за жалост и тага. Таму секој, според дадената му благодат, ќе се весели внатрешно според степенот на своето духовно совршенство. Таму има само една глетка и една земја, таму има два степена - горен и долен, - а разликата е само во разновидноста на наградите.

200. Кога ѓаволот ќе посака да го оскверни умот со блудни помисли и спомени, тогаш најнапред ја испитува нашата трпеливост со љубовта спрема суетата, а самиот почеток на оваа помисла не бива претставувана како страст. Така тој обично постапува со оние, кои го пазат својот ум и во кои не може брзо да вложи таква неприлична мисла. А кога ќе успее да го извлече човекот од неговата тврдина, кога ќе почне тој да води разговор со првата помисла и да се оддалечува од својата тврдина, тогаш се среќава со нешто, што му напомнува за блудот и успева да го сврти неговиот ум на лоши и срамни работи. Од почетокот умот се збркува од ненадејноста на овој напад, а потоа се мири со него, а понатаму - од мислите минува на дела. Но, ако умот отстапи и му се противстави на првиот напад од ваквите помисли, тогаш, со помошта на Бога, може да ја победи оваа страст.

201. Подобро е да се бориме против страстите со добродетелите, отколку да им се противставуваме на некој друг начин, зашто страстите, кога нѐ напаѓаат, тие во нашиот ум ги отпечатуваат својот образ и своето подобие. Оваа борба добива голема власт над умот, бранувајќи ги силно помислите и приведувајќи ги во пометеност. А, ако постапиме според правилото што го посочивме, тогаш во нашиот ум нема да останат никакви траги од страстите пo нивното одгонување.

202. Сѐ додека човекот не Го прими Утешителот, тој има потреба од Светото писмо и од други богоугодни списи, за да може спомнувањето на доброто да се напечати во неговите мисли и преку непрестајното читање да се обновува во него устремот кон доброто и да ја запазува душата од истенченоста на гревовните патишта, затоа што уште не ја придобил силата на Светиот Дух, која ја оддалечува заблудата и ги задржува помислите - корисни за душата. Кога силата на Светиот Дух ќе слегне во човековата душа и ќе почне да дејствува во неа, - тогаш место законот на Светото писмо, - во него ќе се вкоренат заповедите на Светиот Дух во неговото срце. Тогаш тој таинствено ќе учи од Светиот Дух и нема потреба помошни видливи средства, зашто додека срцето се учи од материјална природа, тогаш непосредно пo учењето - следи заблуда или заборавање, а кога учењето бива предавано од Светиот Дух, тогаш спомнувањето останува неповредено.

203. Умот што при покајанието излегол неодамна од патиштата на страстите и кој за време на молитвата се обидува да се издигне над земјата, не ќе може да успее во тоа, туку, напротив, уште се влече на лицето на земјата, нема сили да лета. Но сепак, со помошта на читањето, подвизите, стравот - Божји и грижата за придобивање на добродетелите, тој успева да ги собира заедно своите помисли, зашто не е во состојба да знае нешто друго освен тоа. И ова за кратко време го запазува умот од осквернување, но потоа доаѓаат помисли и тие го вознемируваат и осквернуваат срцето, бидејќи човекот уште не го почувствувал во себеси спокојниот воздух на слободата, во кој само пo долго време, преку заборавањето за сѐ што е земно, го воведува својот ум, зашто придобил само телесни крила, односно добродетелите, кои биваат извршувани само надворешно, но уште не ги видел соѕерцателните добродетели и не се удостоил да ги почувствува, а тие се оние крила на умот, носен врз кои човекот се приближува кон небесното и се оддалечува од земното.

204. Сѐ додека човекот Му служи на Бога со нешто сетивно, дотогаш сликите на сетивното се отпечатуваат во неговите помисли, а и она што е божествено, тој го замислува на телесен начин. А тогаш кога ќе придобие внатрешно чувствување, тогаш, соодветно на она што го чувствува, и неговиот ум одвреме - навреме ќе се издигнува над земните образи.

205. Кога твојата душа се приближи да излезе од темнината, тогаш ќе ги имаш овие белези: твоето срце ќе гори и како оган ќе се распалува дење и ноќе. Затоа целиот свет ќе почнеш да го сметаш за светилиште и пепел; нема да ја сакаш дури ни храната, поради новите пламени помисли, кои се појавуваат непрестајно во твојата душа. Одеднаш ти се дава извор на солзи, како поток што тече без присилување и се соединува со секоја твоја работа: за време додека читаш, кога се молиш и кога размислуваш, кога јадеш и пиеш и за време на секоја твоја работа. И кога ќе видиш дека сето ова е во твојата душа, исполни се со силна надеж и со радост од сознанието дека си го препливал морето; биди внимателен во сите твои работи, исполнувај го твоето молитвено правило и сите твои подвизи, за благодатта Божја да се умножува во тебе дење и ноќе. И сѐ додека не го истребиш злото од себеси, уште не си го доодил твојот пат и не си навлегол на гората Божја. А, ако, по наоѓањето и добивањето на благодатта на солзите, тие пресекнат и твојата духовна топлина истине без да настанат некои други промени, без некоја телесна немоќ, тогаш тешко ти тебе! Што си загубил тогаш затоа што си паднал во сомневање, или во намалување на твоите подвизи или во мрзливост?! Но за тоа што следи по солзите, ќе напишеме понатаму.

206. Ако немаш дела, тогаш не говори за добродетелите.

Пред Бога се поскапоцени жалостите за Бога од сите молитви и од сите жртви; најскапоцена е пред Него пријатно миризливата пот заради нив.

Секоја добродетел, која се извршува без телесен труд, сметај ја за предвремен и неодушевен плод на стомакот.

Приносите на праведниците се солзите на нивните очи; пријатна на Бога Му е нивната жртва на воздивнувањата нивни за време на бдеењата.

Ќе повикаат кон Господа праведниците и измачуваните од тежината на телото; кога се болни - молитвите свои ќе ги упатат кон Бога. На извикувањето од нивниот глас ќе им дојдат на помош светите ангелски чинови - за да ги охрабрат и утешат со надеж; зашто Божјите ангели по својата близина до светите мажи - земаат учество во нивните страдања и жалости.

207. Виното го стоплува телото, а Божјите зборови - умот.

Оние што се разгорени со духовен жар биваат восхитувани со размислување за она во што се надеваат и мислата своја ја подготвуваат за идниот живот.

Опиениот од вино никакви пречки не гледа пред себеси, така и оние што се опиени со божествената надеж - не знаат ни за жалости, нити за што и да е од овој свет.

Блажени се оние кои ја препашале својата половина со простата и безгранична вера и ги поднесуваат трпеливо безбројните жалости и страдања заради Бога.

Оние што тргнале со надеж по нерамниот пат, не се враќаат назад и не отстапуваат од него, за да се впуштат во испитувања за него. Но кога ќе го препливаат морето, тогаш, гледајќи ги тешкотиите на изминатиот пат, Му принесуваат благодарност на Бога што ги избавил од сите тешкотии и опасности на опасниот пат, зашто тие тогаш и не биле свесни за сето тоа.

Надежта, пуштајќи се да плива, препливува со голема одлучност, не гржејќи се ни најмалку за телото и не размислувајќи ни најмалку за тоа дали ќе има или ќе нема успех во трудот што го започнала.

Кога сакаш да ставиш почеток на Божјото дело, пред сѐ, направи завет како човек, кој веќе не намерава да живее во овој свет, како оној што се приготвува да умре, како оној што се очајал во сегашниот живот и кој дошол до неговиот крај.

Кон секое добро дело пристапувај со храброст; не пристапувај со двоумење кон богоугодните работи и не колебај се во твојата надеж на Бога, така што трудот твој да не биде некорисен и дејноста твоја да не ти биде оптоварување.

208. Делата на оние што живеат според Божјата волја се следниве:

Еден, цел ден ја удира својата глава на земја; тоа го прави место служење на Бога и место своето молитвено правило и часовите во текот на денот;

Друг, со постојани коленопреклони го соединува бројот на своите молитви;

Трет, со многу свои солзи ги заменува сите Божји служби и е задоволен со нив;

Четврт, настојува да навлегува во смислата на она што го чита и кон тоа додава свое извесно правило;

Петти, со глад ја измачува својата душа, така што не е во состојба да ги извршува Божјите служби;

Шести, останува во одушевено поучување во псалмите, непрестајно ја извршува својата служба;

Седми, времето свое го минува во читање и со тоа го стоплува своето срце;

Осми, се предава на ропство, барајќи ја божествената смисла на Светото писмо;

Деветти, вчудоневидувајќи се и избезумувајќи се на Божјите чуда, со кои се среќава во своите четива, се воздржува од обичното читање и се предава на молчење;

Десетти, откако го вкуси сето тоа и откако се насити, пак се враќа на некогашниот свој начин на живеење и се предава на мрзливост;

Единаестти, откако вкуси нешто малку од овие духовни убавини, се погордува и паѓа во заблуда;

Дванаесетти, попречен од тешка болест и немоќ, не може да го извршува своето молитвено правило;

Тринаесетти, совладан од некаква навика или од некаква желба, или од властољубие, или од суета, или од желба за богатење или страсна приврзаност кон нешто, почнува да собира земни работи;

Четиринаестти се препнувал и паѓал, но пак станувал и продолжил да се труди, сѐ додека да го најде скапоцениот бисер.

209. Почетокот на сѐ што е добро пред Бога е намерата и решеноста да го правиме она што Му е угодно на Бога.

Потоа, по оддалечувањето од земните дела, следуваат: гладувањето, читањето, сеноќното и трезвено бдеење, - според мерката и силите на секого, - како и мноштвото поклони, кои се корисни да се прават дење, а често и ноќе.

Нека најмалиот број на поклони за тебе биде триесет, а најпосле направи поклон и на чесниот крст и со него заврши.

Ho има и такви, кои според мерката на своите сили го зголемуваат овој број на поклони. Некои само во една молитва се задржуваат три часа, имајќи трезвен ум по паѓањето ничкум на земја, без да се принудуваат и без да имаат расеани мисли. Значи, едни се молат често, но кратко, а други застануваат еднаш на молитва, но се молат долго.

210. Нашиот противник ѓаволот има древен обичај на најразновидни начини да се бори против оние што почнале да се подвизуваат за спасението на својата душа. Употребувајќи против нив разни оружја и сообразувајќи се со нивните намери, го менува тој начинот на своето војување спрема секого од нив.

Првиот начин на непријателската борба. - Оние кои се мрзливи, кои имаат слаба волја и немоќни помисли, тој ги напаѓа од самиот почеток многу силно, ги става пред извонредно силни искушенија, така што уште со првиот подвиг да ги престраши, да им го претстави нивниот нов пат тежок; опасен и кој не е лесно да биде изминат, за тие да си речат: "Ако самиот почеток на овој пат е вака тежок и опасен, може ли некој да го изоди до самиот негов крај и да ги претрпи и издржи сите борби на него?"

И ѓаволот, со ваквите не се бори долго; тој брзо ги натерува да се разбегаат. Тоа е затоа што ја започнале својата борба со сомневање, што почнале неодлучно да се подвизуваат за Господа. А Бог ни заповеда овој подвиг да го започнуваме со готовност и да умреме за да Му угодиме, ветувајќи дека неуморниот и верен трудбеник чесно ќе го награди и прослави.

Ако човек се стреми кон Бога со силата на својата слободна волја, Бог му помага и му ја покажува Својата промисла за него. Тогаш ѓаволот не може да се приближи до него, не може да го искушува, ако човекот остане одлучен и ревносен, ѓаволот може да го искушува, само, ако Бог му дозволи.

211. Вториот начин на непријателска борба. - Кога ѓаволот ќе ги види оние, кои храбро излегуваат на борба и на подвиг, без да се плашат и од самата смрт, вршејќи го делото Божјо со голема ревност, со ваквите тој не cе среќава веднаш, да навлегува во борба со нив при првиот нивни устрел, знаејќи дека ревносните борци не можат лесно да бидат победени.

Затоа, штом ги види такви, ѓаволот не се осмелува да се доближи до нив сѐ дотогаш, додека не види дека нивната ревност ослабнала и дека оружјето, што го имале го фрлиле настрана со тоа што не им останале верни на Божјите зборови и што престанале да размислуваат за нив, зашто токму тоа ги крепело и им помагало во борбата со него.

Штом почнат да се отклонуваат од своите први помисли и сами од себе почнат да измислуваат како можат да ги победат, па се истоштуваат себеси со ласкање на своите мудрувања, и сами почнат да ја копаат јамата за пропаста на својата душа со мрзливоста, која произлегува од расеаноста на помислите, од кои се зацарува студенина во мислите и во срцето, - дури тогаш тој ќе ги нападне свирепо и непоштедно.

Ѓаволот се задржува и не ги напаѓа сѐ дотогаш затоа што ги окружува некаква сила сите оние, кои се стремат кон Бога со пламена ревност, на Него се надеваат и во Него веруваат. Поради оваа причина Бог ја одбива од нив ѓаволската злоба и таа не може да се приближи до нив. Врагот се додржува, гледајќи Го Пазителот, Кој секогаш ги запазува. Зашто сѐ додека тие не ги отфрлат од себе причините: молитвата, трудовите на смиреноста, дотогаш Застапникот и Помошникот не се оддалечува од нив.

212. Ти што појдуваш по Бога, за сето време на твојот подвиг, имај секогаш на ум каков бил твојот почеток и каква била твојата ревност кога си тргнал по тој пат. Спомнувај си и за тие пламени помисли кога си излегол првпат од твојот дом и си се наредил во војничките редови. Испитувај се секој ден, за да не олади топлината на твоето оружје; ревноста твоја да биде постојана, да биде таква каква што била во почетокот на твојот подвиг. Издигај го непрестајно твојот глас сред борбениот логор, охрабрувај ги борците од десната страна; посочувај кон непријателот и покажувај дека си внимателен и подготвен за борба. Истовремено повикувај Го и Бога за помошник и поткрепител; плачи пред Неговата добрина, пролевај солзи и труди се и не очајувај, - чекај сѐ додека Он не ти испрати помошник и поткрепител. И тогаш нема да бидеш победен.

213. Третиот начин на непријателската борба. Ѓаволот кога ќе ја види силата, што човекот ја прима од Бога поради својата ревност и за повикувањето на Бога со вера, тогаш се грижи да најде некој начин за тоа како да го оддалечи од него ангелот што му помага; се труди да ги поттикне во него горделивите помисли: да почне да мисли дека сета негова сила зависи од него и од неговата волја и дека со својата сила се брани и се запазува од својот противник и убиец. Кој ќе поверува во ваквите демонски помисли, кои тој ги всејува во нашиот ум, од него се оддалечува Божјата помош и тој паѓа во демонските раце. А оној што не ги прифаќа овие и вакви внушувања, но силно си спомнува за својот Помошник и Поткрепител и не престанува окото на своето срце да го устремува кон небото, тој останува силен и непобеден. Но ѓаволот не мирува и се труди да пронајде нови начини како да го напаѓа.

214. Четврти начин на непријателска борба. - Овој начин се состои во тоа што ѓаволот почнува да го измачува човекот со неговите природни потреби, особено со потребата да има жена и со неопходноста од животни потреби.

Потребата од жена. - Иако ѓаволот не може да го натера монахот да направи нешто на дело, затоа што тој е ограден со безмолвие и неговото живеалиште е далеку од поводите и причините за гревот, но сепак настојува умот на подвижниците да го види тоа во призрак и се труди да образува во нив, под маска на вистина, лажни мечтаења. При тоа, за да ги доведе до тоа да го посакаат она за што мечтаат, создава во нив скокоткања и ги поттикнува да се задржуваат на извесни срамни помисли, да се согласуваат со нив и да станат виновни за нив. Зашто знае непријателот, дека победата на подвижникот и неговата одбрана стануваат со неговата помисла само во еден кус миг, - тогаш кога помислата само ќе се мрдне од своето место, и тој тогаш од својата височина паѓа на земја; ја покажува согласноста на својата волја само во еден миг, - како и што се случило тоа со многумина при мечтателното замислување на женската убавина. Ако тие се приближиле кон светот, непријателот често прибегнувал кон тоа вистински да приведе кај нив жени. На ваков и на сличен начин непријателот одржувал победа над безгрижните и на оние што не внимавале на своето срце. Но други се покажувале посилни од овие искушенија и, потпомагани од Божјата благодат, го победувале непријателот и неговите мечтаења.

За животните потреби. - Честопати непријателот прави подвижниците да гледаат привидно злато, скапоцени венци и богати сокровишта, а понекогаш им го покажувал сето тоа на вистински начин со надеж, дека можеби ќе успее да спречи некого од нив во неговото напредување и да го фати во некоја од своите распнати мрежи. Сето ова Бог го дозволува за да се дознае дали тие навистина, при својата оддалеченост од овие работи, во своето отшелништво, при својата лишеност и немаштија, имаат вистинска љубов спрема Бога, па, откако се сретнат со овие работи, настојуваат, од љубов спрема Бога, - да ги презрат, да не дозволат да бидат измамени од нив, да не дозволат да бидат победени од нив, сметајќи ги за ништо во споредба со љубовта Божја. Вистинските подвижници не се предаваат; по ваквите искушенија и испитувања, тие се покажуваат очистени, како злато во вжештена печка, а мрзливите и слабите, и во случаите на малите тешкотии, биваат победувани и паѓаат, одрекувајќи се од својот подвиг.

215. Штом некој ја сознае и почувствува својата немоќ, тој е должен веднаш да ја издигне својата душа од нејзината раслабеност и да се огради со внимателност. Но никој не може да ја почувствува својата немоќ, ако Бог не дозволи да биде нападнат барем од некое мало искушение - телесно или духовно, и ако не му биде помогнато да се избави од него. Зашто само тогаш ќе може да ја види бесплодноста на своите сопствени сили и усилби, ќе види дека неговата внимателност, неговата воздржливост и оградувањето на својата душа, во кои се надевал да ја најде својата безопасност, не му биле од никаква корист и дека неговото спасение дошло од друга страна - од Бога. Врз основа на овој свој личен опит, сознава дека тој самиот и сите негови сили - e ништо и дека може да се спаси само со Божја помош.

А оној што познал дека има потреба од Божјата помош, тој прави многу молитви. И колку повеќе ги умножува, толку повеќе се смирува неговото срце. Зашто секој што се моли и што проси - не може да не се смири. Светиот пророк Давид вели: "Срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш" [Псал. 50, 17].

Штом ќе се смири човекот, веднаш потоа го окружува Божјата милост. И тогаш срцето ја чувствува Божјата помош и наоѓа во себеси некаква сила што го поттикнува кон посилна вера во Бога. А кога човекот почувствува дека Бог вистински помага, неговото срце вистински се исполнува со силна вера.

Од ова тој ќе разбере, дека молитвата е прибежиште на оние што бараат помош, дека е таа извор на спасението, сокровиште на надежта, пристаниште што спасува од разбеснети бури, покров за време на искушенијата, штит што избавува во борба, изострена стрела против непријателите. Нему му бива откриено дека сето мноштво на духовни блага преку молитвата стануваат достапни. Оттогаш тој почнува да се насладува со молитвата на верата; тој тогаш не се моли веќе со мака и со замор, но со радост во своето срце; со радост голема тој непрестајно се моли, придружувајќи ја својата молитва со соодветни телесни движења-коленопоклонувања.

216. Имајќи голема желба да ја добие Божјата помош, човекот се приближува кон Бога и непрестајно се моли. И колку ова негово приближување до Бога е посилно и поголемо, толку и Бог се приближува до него со Своите дарови и ја умножува Својата благодат заради неговото големо смирение.

Сепак, понекогаш милосрдниот и дарежливиот Бог го лишува од даровите на Својата благодат со цел - тоа да му послужи како поттик - уште повеќе да се приближува до Него, така што, свесен за оваа голема потреба од Бога, да биде постојано пред Него, Кој е секогаш готов да им дава на оние што Му служат сѐ што им служи за корист.

Некои прозби Бог ги исполнува брзо, односно оние, без кои никој не може да се спаси, а други наши прозби не брза веднаш да ги исполни. Во едни околности ги одгонува од нас демоните и ја уништува нивната сила, а во други - дозволува да паѓаме во искушенија, така што тоа да му служи како причина за приближување кон Бога и за да се научи на опитност од искушенијата, а имајќи ја пред своите очи увереноста за својата немоќ, - да се утврдува сѐ повеќе во своето смирение.

Кај оној праведник, кој не ја познал својата немоќ, неговите дела се наоѓаат како на острицата од мечот; тој не е далеку од гревовното паѓање и од крвожедннот лав на гордоста. Оној што не ја знае својата немоќ, нему му недостасува смирение, а на кого му недостасува смирение, тоа е знак дека не стигнал до совршенството, а кој не дошол до соврешенството, тој секогаш живее во страв, за тоа што градот негов не е утврден на железни столбови и на бронзени прагови. Без смирение не може да има совршено човечко дело и на ракописот од неговата слобода уште не е ставен печат на Духот, сѐ дотогаш тој сѐ уште е роб и делото негово не е слободно од страв.

217. Затоа Господ им дава на Своите светии причини за смирение и за скрушеност на нивните срца, та тие што Го сакаат да ја засилуваат својата молитва - да се приближуваат кон Него преку своето смирение. А често ги заплашува со страстите на нивната природа и со нивните срамни и нечисти помисли, а не ретко и со прекори, навреди и удари од луѓето, а понекогаш и со телесни слабости и болести, а другпат - со сиромаштија и недостиг на нејнеопходните потреби за живот, како и со измачување од голем страв, со напуштање, со ѓаволски напади и со разни страшни настани. А сето тоа Бог го дозволува - само затоа да имаат причини за смирување и да не паднат во поспаност и мрзливост.

218. Кога ќе ти се случи твојата душа да се исполни со темнина: како кога сончевите зраци, од облаци и магли, се скриваат за земјата, така и човековата душа за извесно време бива лишувана од духовна утеха. Тогаш светлината на благодатта се помрачува во душата поради облакот на страстите, што се во неа и што е намалена во нив силата на радоста и што е умот помрачен од некаква необична магла. Твојата мисла тогаш да не биде збркана, туку трпи и читај ги книгите на духовните учители. Принудувај се на молитва и чекај ја помошта од Бога. Таа ќе дојде набргу и ти ќе ја препознаеш. Зашто, како што лицето на земјата се открива со сончевите зраци од воздушната темнина што ја покрива, така и молитвата може да ги разгонува облаците на страстите од човековата душа и да ја озарува со светлината на духовната радост и утеха.

219. Додека уште не си навлегол во областа на солзите, сѐ дотогаш твојот внатрешен човек му служи на светот, ти го живееш уште животот на светот, а Божјото дело уште го правиш со твојот надворешен човек, а твојот внатрешен човек е бесплоден; неговиот плод почнува со солзите.

Кога ќе дојдеш до солзите, тогаш знај дека твојот ум излегол од темницата на овој свет и ја ставил својата нога на патеката на новиот живот и почнал да ја чувствува миризбата на чудниот нов воздух. Солзите почнале да течат затоа што се приближило раѓањето на духовниот младенец. Заедничката мајка на сите, благодатта, таинствено посакува на светлината на идниот живот да создаде нов образ. Ho овие солзи не се тие што одвреме-навреме ги има кај безмолвниците; некогаш за време на соѕерцанијата, некогаш за време на читањето или за време на молитвата. Јас говорам за оние солзи што течат непрекинливо дење и ноќе. Очите на оној што дошол до ваква духовна состојба се слични на извор, кој извира во текот на две или три години, а потоа настанува кај него период кога помислите негови се смируваат.

А по смирувањето на помислите, доколку го дозволува тоа природата, тој влегува во оној спокој за што зборува и светиот апостол Павле, велејќи: "А ние, кои поверуваме, влегуваме во Неговиот покој " [Евр. 4,3].

А по ова успокојување умот почнува да соѕерцава тајни. Тогаш Светиот Дух почнува да му го открива она што е на небото; во него се вселува Бог и го воскренува во него плодот на Духот. Но чуј го и ова: кога влегуваш во областа на смирувањето, и ќе ти биде одземено мноштвото солзи и ќе ти дојдат умерени солзи, солзи по мерка, и во време кога е потребно.

220. Има три состојби од духовно преуспевање на човекот. Тоа е состојбата на почетниците, состојбата на средните и состојбата нa совршените.

Оној што се наоѓа во првата состојба, иако неговите мисли се наклонети кон доброто, сепак нсговиот ум е уште во страстите.

Втората состојба е нешто средно меѓу страсноста и бестрасноста; тогаш во човекот подеднакво ги има и добрите и лошите помисли и не престанува од него да истечува и светлина и темнина.

Затоа, ако го прекрати за извесно време честото читање на Светото писмо и вообразовањето во умот на божествените умствени претстави, со внимателност спрема надворешното, од што се раѓа и внатрешното запазување, тогаш човекот почнува да се поведува по страстите.

A, ако својата топлина спрема духовното ја запазува според спомнатиот начин, преку читањето на Светото писмо, да ги запазува добрите помисли и да ги запазува да не се отклонат налево, запазувајќи ја со љубов својата душа и прилепувајќи се кон Бога со трпение во неуморна молитва, тогаш Бог конечно му ја отвора својата врата, особено поради неговото смирение, зашто на смирените им биваат откривани тајните Божји. Сето ова станува за време на третата состојба.

221. Ha надежта во Бога ѝ претходат трудот за Бога и потта пролиена за време на овој труд.

Ако веруваш во Бога, добро правиш, но верата бара и дела, а надежта во Бога се пројавува во големите страдања за добродетелите.

Веруваш ли дека Бог, Кој промислува за Своите созданија, е сесилен? Твојата вера треба да ја придружуваат твоите добри дела; тогаш ќе те услиши Бог. Не настојувај да го задржиш ветерот во твојата дланка, односно твојата вера без дела.

Често некој, без да знае, оди по пат на кој има див ѕвер и убијци или некоја друга опасност. И, ете, Божјата промисла, го спасува од некоја од овие опасности, или со тоа што на некој начин го успори чекорењето на патникот додека не се оддалечи дивиот ѕвер или некоја од спомнатите опасности или не го оддалечи самиот патник поради некое среќавање.

Некогаш некоја опасна змија лежи невидлива на патот, но Бог, не сакајќи да го предаде човекот на таа опасност, змијата почнува да сʼска, се тргнува од своето место и почнува брзо да се движи пред патникот и да се оддалечува од него, кој ја согледува, го следи нејзиното движење, презема мерки за одбрана и се спасува.

Се случува често да падне ѕид, или куќа или камен, а таму да се наоѓа човек, и Бог човекољубиво му заповеда на Својот ангел да го задржи паѓањето додека тој човек не отиде оттаму или некој не го повика, на кога тој ќе се тргне од тоа место, веднаш да се случи спомнатото паѓање.

Сето ова и друго слично на ова е дело на општата Божја промисла; а праведникот е удостоен со посебна грижа на Божјата промисла.

На другите луѓе Бог им заповеда разумно да ги раководат своите работи, а при Божјата промисла да се ползуваат и со своето знаење; праведникот, пак, место знаење, придобил вера, која му помага од ништо да не се плаши, зашто "праведникот е смел како лав" [Изрек. 28,1].

И бидејќи постојаната грижа на праведникот Му е посветена на Бога, затоа и Бог за него вели: "ќе повика кон Мене и ќе го чујам; со него сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам, ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене" [Псал. 90,15-16].

Оној што е мрзлив и немоќен во својата работа не може да има таква надеж. Но оној што во сѐ се наоѓа со Бога, кон Него се приближува со своите добри дела, устремувајќи го постојано својот поглед кон Божјата благодат, тој може да го рече за себеси она, што го рекол божествениот Давид: "Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, надевајќи се на мојот Бог" [Псал. 68,3].

222. Кога ќе успееме да избегаме од светот, тогаш ништо не нѐ оддалечува од него, ништо не ги умртвува страстите во нас и не нѐ оживотворува толку многу за духовното, - како што го прави тоа плачот со смиреното и покајно размислување. Но, исто така, ништо толку не нѐ доближува до светот и не нѐ оддалечува толку многу од сокровиштето на Божјата премудрост и познавањето на Божјите тајни како што го прават тоа несериозноста, смеата и засмејувањето на другите, слободното однесување спрема другите луѓе и расеаноста на нашите мисли. - И ова е дело на бесот на блудот.

Со љубов те молам да се пазиш од злобата на непријателот, за со својата лудост да не се посрами во твојата душа љубовта спрема Христа, Кој заради тебе вкусил жолчка на крсното дрво, и твојот непријател, место твојата слатка смелост пред Бога, за време на твоите стоења пред Бога и твоите прозбени молења не почне да ја исполнува твојата душа со многу грешни мечтаења, а во време на твојот сон да те заробува со срамни вообразби, чија смрдеа ангелите не можат да ја поднесуваат.

Принудувај се да се угледаш на Христовото смирение, за да се разгори во тебе огнот, кој го ставил Он во тебе, со кој се искорнуваат сите движења на светот, кои го убиваат новиот човек и биваат осквернувани светилиштата на светиот и сесилниот Господ. Се осмелувам, заедно со светиот апостол Павле, да речам, дека ние сме "храм Божји" [1. Кор. 3,16]. 3aтoa, како што е чист Самиот Бог, така да го очистиме и Неговиот храм, за да посака Он да се всели во Него. И како што е Самиот Он свет, така да го осветлиме и овој Негов храм; да го украсиме со секакви добри дела, да го исполниме со пријатната миризба на спокојот, што доаѓа од Неговата волја со нашата чиста и срдечна молитва. Тогаш облакот на Неговата слава ќе ја осени нашата душа и светлината на Неговата величественост ќе засјае во нашето срце.

223. Човекот што се грижи многу и за многу работи не може да биде спокоен и безмолвен, затоа што мноштвото на неговите работи ги одгонуваат неговиот мир и неговото безмолвие, дури и ако не би го сакал тоа.

Монахот треба да стои пред лицето на Бога и неговите очи секогаш да бидат издигнати кон Него, ако сака вистински да го запази својот ум, да ги отстранува туѓите движења, кои се прикрадуваат во него, за да може во тишината на своите помисли да прави разлика меѓу сѐ што влегува и што излегува од него.

Без ослободувањето од непотребните грижи не ја барај Божјата светлина во твојата душа; ниту ги барај тишината и безмолвието, ако не се скротени твоите чувства. Без непрестојна молитва не можеш да Му се приближиш на Бога. Ако по твојот молитвен труд додадеш кон твојот ум и најмали грижи, тоа ќе ги расее твоите мисли.

Солзите, удирањето в гради за време на твојата молитва и пламената ревност за продолжување на молитвата, ја разбудува во срцето топлината на сладоста од солзите. Тогаш срцето во восхит и пофалби се издигнува кон Бога, воскликнувајќи: "Душата моја жеднува за силниот и живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо?" [Псал. 41,2]. - Оној што пиел од ова духовно вино и потоа се лишил од него, само тој знае во каква жална состојба е оставен и што му било одземено поради неговата раслабеност.

224. Колку се штетни среќавањата со луѓето и разговорите со нив за оние што живеат во безмолвие!. - Како што силниот град што одеднаш ќе падне на овошни градини и потполно ќе ги уништи нивните плодови, така и среќавањата со луѓето, макар и кратковремени, ги уништуваат цветовите на нивните добродетели, кои само што расцутеле и раскошно го украсиле дрвото на нашата душа, засадено покрај изворските води на покајанието [сп. Псал. 1,3].

Како што силната слана, која кога ќе го покрие штотуку никнатото и зазеленото жито, го изгорува и потполно го уништува, така и видувањето со луѓето го изгорува коренот на умот, кој штотуку почнал да го покажува стебленцето на добродетелите.

Како што благородниот и чесен човек, кога ќе се опие го заборава своето благородство и станува предмет на подбивање на туѓите помисли, кои произлегуваат од виното, така и целомудрието на душата се разбеснува од среќавањето со луѓето и од разговорот со нив. Оној што ја заборава својата претпазливост, во неговите мисли се губи намерата на неговата волја и се искорнува за добриот начин на живеење.

225. Човеку, не мисли дека во целиот монашки живот има нешто поважно од ноќното бдеење. Преку него, ако кај подвижникот нема расејување со неговите телесни дела и грижа за она што е преодно, неговиот ум за кусо време се издигнува кон висините, како на крила и се извишува до насладување со Бога. Ако монахот разумно престојува во бдеење на својот ум, тој ќе стане како бестелесен. Неможно е оние, кои во текот на целиот свој живот се зафатени со овој подвиг, да бидат оставени од Бога без големи дарби, како награди за нивната трезвеност, бодрост на срцето и грижливата устременост на нивните помисли кон Него. Душата, која се труди да престојува во бдеење, ќе има херувимски очи, за да може непрестајно да го издигнува својот поглед кон небесната глетка.

226. Оној што го избрал овој труд треба да се пази од немирт на среќавањата со други луѓе и од грижата за земни работи; инаку трудот на воздржување од спиење ќе го поднесува, но никаков плод од него нема да добие, зашто во таквиот случај умот не може да учествува, како што треба, во пеењето на псалмите и во молитвата. Но кога некој, место со земни грижи, во текот на денот се занимава со читање на Светото писмо, кое го закрепнува умот, тоа служи како оросување на молитвата и му помага на бдеењето, кое е тесно поврзано со молитвата. Тогаш во ова читање наоѓа водач на вистинскиот пат, го наоѓа она, во што е семето на сѐ што го храни молитвеното соѕерцание, што ги задржува мислите и не им дава да се расејуваат, и непрестајно сее во неговата душа спомнување за Бога.

227. Постојаното безмолвие заедно со читањето, умереното јадење и бдеењето брзо ја поттикнуваат мислата да се издигнува, ако нема некоја причина за нарушување на безмолвието. Мислите што настануваат кај оние што живеат безмолвно, сами по себе, без некакви намерни усилби, прават очите негови да пролеваат солзи, кои со својата изобилност течат по образите и стануваат слични со купелот за крштевање.

228. Додека некој не ги намрази причините за гревот, со правда и од срце, тој не може да се ослободи од насладата, која произлегува од дејството на гревот. Тоа е најтешката борба, - борбата со насладата од грешењето, - која не отстапува лесно од човекот. Во неа се искушува неговата слобода во единството со неговата исклучителна љубов спрема добродетелта.

Во оваа борба со силата на гревот, за време на која непријателот обично ја напаѓа душата на целомудрените со збрканост, ги принудува да го испитаат она што никогаш не го примале во себеси. Тоа е време на невиден подвиг, кој бива извонредно тежок, кога борбата добива голема сила од придобиената навика кај оние, кои сами и доброволно им се предавале на своите сопствени лоши помисли.

229. Пазете се од незафатеност со никаква работа, зашто во тоа се скрива сигурната смрт; без ова не е можно да им се падне во рацете на оние што се трудат да ја заробат. Во оној ден Бог нема да нѐ суди за неиспеаните псалми, ниту за молитвите, што сме ги изоставиле, туку поради тоа што преку тоа опуштање им се дава на бесовите да влезат во нас. А кога тие, откако најдат за себеси место во нас, влезат во нас и ги затворат вратите на нашите очи, тогаш нѐ исполнуваат со тоа, за што ќе бидеме подложени на Божја осуда и најстрашна казна.

Извршувањето на ова молитвено правило, на пеење псалми и читање молитви, во нашата ќелија е востановено од нашите мудри оци, според духот на откровението, за запазување на нашиот живот, а немудрите го пропуштаат и изоставуваат, сметајќи го за неважно и малку важно. Но, бидејќи овие последните, не ја земаат во предвид штетата што произлегува од ова, почетокот и средината на нивниот пат е безумна слобода, која е мајка на страстите.

230. Ние не можеме да направиме ништо за да нема во нас причини за страстите. Затоа и биваме искушувани и без да сакаме. Ние не сакаме да грешиме, но причините што нѐ водат кон гревовите ги примаме со задоволство. И тогаш овие последните стануваат причина за дејството на страстите. Кој ги сака поводите за страстите, тој станува свесно роб на страстите.

Кој ги мрази своите гревови, тој ќе престане да греши. И кој ги исповеда, тој добива простување. Човекот не може да ја остави својата гревовна навика, ако претходно не стане непријател на гревот, а и не може да се добие простување на гревовите, пред да ги исповедаме.

231. Сѐ додека човекот го носи во себеси отровот на опивањето со своите сопствени гревови, тој смета дека сѐ што прави е добро и прилично. И со ова тој се оддалечува од својата природа, без разлика дали се опива со вино или со своите похоти, зашто и едното и другото го оддалечуваат од состојбата, во која треба да биде - и со едното и со другото подеднакво се распалува телото. Иако се средствата различни, но резултатите се исти.

232. Ако живееш сам во твојата ќелија и уште не си придобил сили за вистинското соѕерцание, тогаш занимавај се со читање на тропари и катизми, а истовремено мисли за смртта и имај надеж за идниот живот.

Сето тоа го собира умот заедно и не му дава да талка додека не дојде вистинското соѕерцание, зашто силата на духот е помоќна од страстите.

Во надежта за идниот живот занимавај се со спомнувањето за Бога, труди се добро да ја разбираш смислата на тропарите, а пази се од сѐ што е надворешно, што поттикнува во тебе желби, а истовремено биди внимателен спрема сѐ, и спрема најмалите работи што се случуваат со тебе во твојата ќелија.

Испитувај ги твоите помисли и моли се - во сѐ што правиш да имаш отворени очи; од ова ќе почне да се источува за тебе радоста. И тогаш ќе наидеш на извесни жалости, кои се послатки и од мед.

233. Никој не може да ги победи страстите со ништо, освен со видливи и вистински добродетели; а и талкањето на умот никој не може да го спречи со ништо, освен со изучувањето на духовното знаење.

Нашиот ум е лесен и, ако не е врзан со размислување, не ги прекратува талкањата. А без усовршување во спомнатите добродстели неможно е да се придобие ова запазување; ако не ги победиме нашите непријатели, не можеме да имаме мир.

Страстите служат како прегради за скриените добродетели на душата; и ако тие не бидат најнапред победени со јавни добродетели, тогаш нема да бидат видени ни внатрешните добродетели.

234. Љубовта спрема Бога по својата природа е топла, и кога ќе го нападне некого прекумерно, ја прави душата восхитена. Кај оние што ја почувствувале оваа љубов се забележува необична промена: неговото лице станува огнено и радосно, телото негово се стоплува, стравот и срамот отстапуваат од него; страшната смрт ја смета за радост; соѕерцанието на неговиот ум не дозволува никакво прекинување на помислата за небесното; тој не ги чувствува усетите што ги прават видливите предмети, бидејќи неговиот ум е издигнат и високо лета во соѕерцанијата и мислата негова како секогаш да разговара со некого.

Со ова духовно пиење некогаш се опивале светите апостоли и мачениците. И, едните го заобиколиле светот, трудејќи се и претрпувајќи навреди, а другите претрпеле ужасни страдања и не очајувале, туку сѐ храбро претрпеле. Други скитале во пустини, шуми и пештери и во тешки околности живееле среќни и задоволни; ги сметале за безумни, а тие биле помудри и од најмудрите.

235. Подвижништвото е мајка на светоста; од него произлегува првото знаење и чувство на Христовите тајни, она што се нарекува прв степен на духовното познавање.

Осквернетата душа не влегува во чистото царство и не се присоединува со духовите на светиите.

Убавината на твоето човекољубие украси ја со солзи, пост и со осамено безмолвие.

Малата жалост заради Бога подобра е од големо дело, кое се прави без жалост. Она што се прави без труд, односно правдата на луѓето во светот, кои прават милостиња со надворешното, - не придобиваат ништо за себеси. Но ти подвизувај се самиот во себеси, страдај заедно со Христа, за да се удостоиш од Неговата слава. Умот нема да се прослави заедно со Христа, ако телото не страда со Христа.

236. Има два начина за издигнување на крстот: едниот е - распнување на телото, а другиот - издигнување во соѕерцанието. Првиот начин е последица на ослободувањето од страстите, а вториот е последица на дејственоста на делата на духот.

Умот не се покорува, ако нему не му се покори телото. Царство на умот е распнување на телото; и умот не Му се покорува на Бога, ако слободата не му е покорна на разумот. Кој Му се покорува на Бога, тој е близок до тоа - нему да му се покорува сѐ.

237. Основа на сѐ што е добро е враќањето на душата од непријателското ропство; тоа е патот што води кон светлината и кон животот. Сето тоа се содржи во следниве две работи: да се усредсредуваме и секогаш да постиме, односно премудро и благоразумно да си го поставиме следново правило: да го воздржуваме нашиот стомак, постојано да живееме на едно место и постојано да бидеме зафатени со богомислие.

Оттука произлегуваат: покорноста на чувствата, трезвеноста на умот, смирувањето на жестоките страсти, кои беснеат во телото, светлите движења на мислите, ревноста во делата на добродетелите, солзите и спомнувањето за смртта, чистотата на телото и на душата, оддалечувањето од секакви мечтаења, кои ја искушаваат мислата. Накусо речено, оттука настанува слободата на вистинскиот човек, духовната радост и воскресението со Христа во царството.

Оној што нема да се потруди во овие две работи, треба да знае дека не само ќе си нанесе штета во сѐ, што е кажано за ова, туку дека ќе ја растресе и самата основа на сите добродетели и ќе дојде до овие два спротивни порока: до телесно талкање и бескрајно угодување на стомакот. Овие начела се спротивни на она што го кажавме и тие и им прават место во душата на сите страсти.

238. Непријателот, знаејќи го времето на нашите природни потреби, кои ја поттикнуваат природата да ги задоволува, знаејќи дека од талкањето на очите и задоволувањето на телото умот станува расеан, се труди токму во тоа време да нѐ поттикнува да ги зголемуваме нашите природни потреби и да сее во нас слики и лукави помисли, така што страстите во една засилена борба да ја победат природата и човекот да потоне во своите гревови. Затоа, како што непријателот води сметка за тоа време, така сме должни и ние токму во тоа време да се трудиме да бидеме мудри и да не си дозволуваме непромислено да им ја исполнуваме волјата на демонските помисли, да не ѝ даваме ни алчноста да нѐ победува; особено треба да настојуваме да не го оставаме местото на нашето безмолвие и да не талкаме таму-ваму, зашто тоа ќе ни стане удобно, и преку тоа, со време ќе ни се наметне предлогот - сосема да ја напуштиме пустината.

239. Непријателот дење и ноќе стои пред нашите очи; тој забележува, чека и демне - низ кој отвор на нашите усети и чувства да влезе во нас. И кога ќе си дозволиме извесна немарност во нешто, тогаш тој истиот, лукавиот и бесрамниот ги пушта своите стрели против нас.

Понекогаш самата наша природа ги посакува покојот, слободата, смеата, летање на мислите, мрзливоста и станува извор на страстите и морска шир на бранувањата, а понекогаш самиот демон ѝ го внушува сето ова на душата.

Пази се да си правиш отстапки во мали работи, за да не дојдеш до правење на поголеми и најголеми отстапки, а преку нив да дојдеш и до големи паѓања. И малата непретпазливост, како што рекол некој, води кон големи опасности. Мудрост е - да бидеме трезвени и внимателни и во малите и во големите работи.

240. Не очајувај кога се работи за она, од што зависи твојот вечен блажен живот; не биди мрзлив за тоа и да умреш. Малодушноста е признак на очајанието, а немарноста - мајка на едното и на другото.

Страшливиот човек со својот страв покажува, дека страда од две болести: од љубовта спрема животот и од маловерноста.

Љубовта спрема животот е знак на немање вера, а оној што е готов да го занемарува и жртвува својот живот - тој докажува дека верува во Бога и дека го очекува идниот живот.

Храброста на срцето и занемарувањето и потценување на животните опасности бива поради овие две причини: или од голема вера во Бога или од нечувствителност. По нечувствителноста и жестокоста на срцето следи гордоста, а по верата - смирението на срцето.

241. Човекот не може да придобие надеж во Бога, ако пред тоа, според своите сили, не ја исполни Божјата волја. Зашто надежта на Бога и храброста на срцето се раѓаат од сведоштвото на совеста, и само според вистинското сведоштво на нашиот ум, - можеме да имаме надеж на Бога.

Сведоштвото, пак, на умот се состои во тоа - човекот да не биде ни најмалку осудуван од својата совест - да не го занемарил она што бил должен, според своите сили, да го изврши. Ако не нѐ осудува нашето срце, како што вели светиот апостол и евангелист Јован: "Тогаш ние имаме слобода пред Бога" [1. Јов. 3,21]. Според тоа, храброста е последица на преуспевањето во добродетелите и на добрата совест.

242. Непрестајното молчење и запазувањето на безмолвието кај човекот биваат поради овие две причини: или заради слава пред луѓето, или поради силна ревност спрема добродетелта или, пак, заради тоа што има некаков божествен разговор и неговиот ум е повлечен кон него.

Добродетелта не е откривање на многу и различни добри дела, кои ги извршуваме телесно, туку самото срце - мудро во надежта, зашто правилната цел го приврзува кон Бога.

Умот и без телесни дела може да прави добро; а телото без мудроста на срцето, ако и прави нешто, не може да има никаква полза од тоа.

Впрочем, Божјиот човек, кога има можност да напрви некое добро дело, не може да не го направи, за да ја докаже својата љубов спрема Бога - со трудот на своето дело.

243. Во борбата со нападите на телесната похот знај дека е за тебе силно оружје - оддалечувањето од лицето на жената, зашто нашиот непријател не може да го направи во нас она, што е во состојба да го направи природата со својата сила. Не заборавај, дека природата го знае она што е всеано во неа од Бога заради раѓање на деца и кај оние што се оддале на подвижништво. Оддалечувањето, пак, од предметот на желбите ја оддалечува похотта во телесните членови, ја заборава оваа желба и ја победува.

Предметите, кога не ги гледаме, предизвикуваат лесно и едвај забележливо движење, а кога ги гледаме, тие предизвикуваат со својата блискост во нас страсти, ги хранат, како што маслото го храни горењето на светилникот, и страста, која е веќе умртвена и изгасната - одново ја распламенува.

Природното движење, без додавање на нешто отстрана, не може да ја разбранува чистотата на нашата слободна волја и да го загрози целомудрието; затоа што Бог не ѝ дал на природата сили да може да ги победува добрите сакања на слободната волја, кога се тие устремени кон Него.

Ако понекогаш биваме повлекувани со земното и се предаваме на јадење и пиење повеќе отколку што ни е потребно, или се доближуваме со жени, ги гледаме и разговараме со нив, од што се разгорува и брзо се шири огнот на телесната похот, тогаш кроткото телесно движење се изменува и станува свирепо и нескротливо, - токму поради овие додатоци на нашата природа - со поттикнување на нашата слободна волја.

Сѐ што создал Господ, сѐ е создадено прекрасно и соодветно. И сѐ додека правилно ја запазуваме мерката - соодветна на природата, движењата на природата не можат да нѐ примораат да се уклониме од патот; во телото се јавуваат стројни движења, кои само ни даваат да знаеме, дека во нас има природна страст, но која сепак не прави во нас силни скокоткања и бранувања, кои можат да го загрозат целомудрието.

244. Понекогаш има извесни похотни раздвижувања во членовите на нашето тело; кои се со Божјо допуштање за наша поука. За оваа борба знаеме, дека кога долго време биваме внимателни спрема себеси и кога добро се трудиме дури и почнеме да сметаме оти добро напредуваме, Бог допушта на нас вакви напади, за да се учиме на смирение.

А некои други борби произлегуваат од нашата мрзливост и од прекумерната грижа за нашето тело, кога се оддалечуваме од сѐ што е непријатно и тешко во нашиот живот - особено кога го прекинеме постојаното останување во нашата ќелија и почнеме почесто да излегуваме и кога сами си ја олеснуваме тешкотијата на телесниот труд. Непријатностите, и тешкотиите на животот ја умртвуваат сладострасноста, а леснотијата, задоволувањето и спокојот на телото ги разврзуваат, ги хранат и одново ги враќаат страстите.

Бог и ангелите се радуваат кога сме во маки, а ѓаволот се радува кога сме спокојни. Маките и тешкотиите ни помагаат да ги извршуваме Божјите заповеди, а спокојот ни оневозможува да го правиме она што Му е угодно на Бога.

Кога е телото на мака, помислите не можат да се предаваат на расеаност и талкање. Кога со радост ги поднесуваме нашите трудови и тешкотии, тогаш лесно можеме да ги зауздуваме нашите лоши помисли, зашто преку трудовите тие ослабуваат.

Кога човек, спомнувајќи си за своите гревови, се накажува, тогаш Бог со љубов се грижи за него. Бог се радува кога за нашите гревови се самонакажуваме, што е знак на нашето покајание. И колку повеќе ја принудуваме својата душа, толку поголема е љубовта Божја спрема нас.

Секоја радост, која не е причина на некоја добродетел, кај оној што ја придобил набргу поттикнува похотливи движења.

245. Сите добродетели настануваат една по друга, така што патот на добродетелите не е тежок и тешко преоден; тоа е така за да можеме да преуспеваме во нив по ред како што произлегуваат тие и во тоа да наоѓаме извесно олеснување, а на тој начин самите тешкотии, што ги имаме заради добродетелите, да ни биваат драги, како нешто добро.

Така, на пример, никој не може да ја придобие добродетелта на немање желба за богатеење, ако претходно не се приготви со радост да ги поднесува искушенијата.

И никој не може да ги поднесува искушенијата, освен оној што се уверил дека за маките и жалостите, за учеството во нив за што се приготвил, може да добие нешто што е многу повозвишено од телесниот покој.

Оној што се лишил од земните блага, а не ги скротил сетивата на видот и слухот, тој си приготвил многу жалост, и многу ќе претрпи зло и ќе страда. Зашто, ако мисловните претстави сами, без самите предмети, причинуваат во човекот чувство на болка, што ќе речеме за ова, кога е до нас близу и самиот предмет? - Во овој случај, од усетот што го предизвикува самиот предмет, човекот го претрпува истото што пред тоа го претрпувал од извршувањето на делото, зашто спомнувањето за навиката не излегува од неговата мисла.

Колку е прекрасно во овој однос отшелништвото! Во него остануваат искушувачи само помислите, но тоа дејствува многу силно и во скротувањето на помислите.

246. Не труди се да побараш совети од човек, кој не живее на еднаков начин со тебе, макар тој бил и многу мудар. Доверувај му ги твоите мисли подобро на неучен човек, но кој од опит ги знае работите, отколку филозоф, кој размислува врз основа на своите испитувања, без да го испитал вистинскиот живот на дело.

Да се добие искуство значи - без човек да пријде кон некакви работи и да ги набљудува, без да примил во себеси знаење за нив, но кој, по долго работење со нив, од опит ја почувствувал користа и штетата од нив.

Честопати некоја работа надворешено се чини штетна, но внатре во себеси таа cе покажува полна со корист. И обратно, често некоја работа се чини корисна, но внатре е полна со штета.

Затоа користи таков соговорник, кој испитал самиот сѐ, кој умее трпеливо да размислува, кој сака да размисли и за твојата работа, и кој може точно да ти укаже на тоа што е корисно за тебе.

Кога на твојот пат наоѓаш непроменлив мир плаши се, зашто се наоѓаш далеку од вистинската патека, која е изгазена од изморените стапала на светиите.

247. Додека си уште на патот кон градот на небесното царство, белег за тоа дека се приближуваш до Божјиот град нека ти биде следново: тебе те среќаваат силни искушенија; - и што повеќе се приближуваш до него и што повеќе напредуваш во духовниот живот искушенијата се повеќе се умножуваат.

Затоа, штом на овој свет пат почувствуваш во својата душа најголеми и најсилни искушенија, знај дека тогаш твојата душа навистина таинствено навлегла во нов и повисок степен и дека благодатта нејзина е преумножена во новата состојба, во која е поставена, зашто е својствено на величината на благодатта - да ја воведува душата во соодветни големи искушенија.

Ако е душата немоќна и нема во себе доволно сили за поднесување на големи искушенија, и затоа Му се моли на Бога, да не навлегува во нив, Бог ја послушува, тогаш треба да знаеш дека во каква мерка душата нема доволно сили за истрпување на големите искушенија, во иста толкава мерка таа ги нема тие сили и за истрпување и на малите искушенија; доколку им биде забранет пристапот на големите искушенија до неа, нејзе ќе ѝ бидат забранети и ускратени големите дарби. Затоа што Бог не дава голема дарба без големо искушение; соодветно со искушенијата Бог ги одредува и дарбите, според Неговата премудрост, која Неговите созданија не можат да ја сфатат.

248. Искушенијата при навлегувањето во добриот живот и при неговото издигнување се разликуваат од искушенијата, кои Бог ги допушта заради вразумување на гордите срца.

Искушенијата што ги има душата од духовната палка заради нејзино преуспевање и растење, со кои таа бива поучувана, испитувана и воведувана во подвиг, се следниве: мрзливоста, тежината на телото, раслабеноста на членовите, очајанието, побрканоста на мислите, сомневањето за истоштеноста на телото, привременото губење на надежта, помрачувањето на помислите, недостатокот од човечка помош, недостатокот на она што е потребно за телото и друго слично на ова.

Од овие искушенија во душата се јавува чувство на осамотеност и незаштитеност, помраченост на срцето и смиреност. Промислителот ги дозволува искушенијата соодветно со силите и потребите на оние што ги примаат. Во нив се пројавуваат и утехата и поразот, светлината и темнината, борбите и помошта, накусо речено тешкотиите и леснотиите. Ова служи како знак за тоа дека човекот успева со Божја помош.

249. Искушенијата, кои ги снаоѓаат луѓето по Божјо попуштање, кои се превознесуваат пред Божјата добрина и кои во својата гордост Го навредуваат Бога, се следниве: одземање на силата на мудроста, која ја имаат луѓето, блудната помисла, која не дава спокој и која Бог ја допушта на нив за да ги смири во нивната гордост, брзото раздразнување, желбата да биде сѐ според нивната волја, расправањето со зборови, правењето забелешки, срце кое омаловажува сѐ, потполната заблуда на умот, хулата на Божјото име, безумните и достојни за потсмев мисли, омаловажувањето на луѓето, неценењето на нивната чест, нанесувањето на срам и подбивање од бесовите и, на крајот, желбата да се близу до светот и да општат со него, непрестајно да говорат и да изговараат неразумни зборови, секогаш да шират новости, па дури и лажни пророштва, како и да ветуваат повеќе отколку што можат да направат. И ова се духовни искушенија.

Во бројот на телесните искушенија спаѓаат: болникави, многусложни, продолжителни и тешко излечиви слабости, постојани среќавања со лоши и безбожни луѓе, паѓање во раце на подбивачи, ненадејни препнувања и опасни паѓања како и разорни случаи за нив и за нивните блиски.

Сето ова што го изложивме овде припаѓа во бројот на искушенијата поради гордост. Почетокот на овие се пројавува во човекот кога тој ќе почне во своите сопствени очи да се смета мудар. Сите овие тешкотии ги минува сообразно со усвојувањето на ваквите горди помисли. Колку имаш повеќе вакви искушенија, тоа покажува колку гордоста проникнала длабоко во тебе.

250. Има и еден друг вид искушенија. Тоа се искушенијата поради малодушност и недостиг на трпеливост. Секоја тешка положба и секоја жалост, ако немаме трпеливост, водат кон двојно измачување, бидејќи трпеливоста во човекот ги одбива страдањата, а малодушноста е мајка на измачувањето. Трпеливоста е мајка на утехата и сила која му дава широчина на срцето. Тешко може да најде човек ваква сила во своите страдања, без Божјата дарбина, која се придобива со постојана молитва и проливање на солзи.

Кога на Бога Му е угодно да го стави човекот во големи страдања, тогаш тој допушта човекот да падне во рацете на малодушноста. И тоа ја раѓа силата на очајанието, кое ја победува неговата сила. Тој тогаш чувствува дека неговата душа бива задушувана; ова е вкусување на пеколот, зашто од него потекнуваат илјада искушенија: збрканост, раздразнетост, хула, жалење на својата сопствена судба, лоши мисли, преселување од една земја во друга и друго слично на ова.

Причина за сето ова е твојата мрзливост. Ти самиот не си се погрижил да се излекуваш од ова. Лекарството од сето ова е смиреното срце.

Без него никој не може да ја урне преградата на овие зла. Сообразно со смиреноста се дава трпеливоста во страданијата; сообразно со трпеливоста се олеснува тежината на жалоста и се дава утеха; сообразно со утехата се зголемува љубовта спрема Бога; а сообразно со љубовта, се зголемува радоста во Светиот Дух. Бог не ги одзема искушенијата од своите слуги, туку им дава трпеливост во искушенијата, заради нивната вера и преданоста на Божјата волја.

251. Телесното живеење според Божјата волја го сочинуваат телесните дела, - телесните подвизи за очистување на телото од страстите, во делата на добродетелите.

Умното живеење е дело на срцето, кое постојано продолжува да мисли за Страшниот суд, како и непрестајната молитва на срцето, мислата за Божјата промисла и грижа, како поодделна, така и општа, која е очигледна во целиот свет, и запазувањето од тајните страсти, така што во нас да не остане ништо страсно скриено во нашата душа.

252. На луѓето им е дадена особена благодат при крштевањето за покајание; покајаннето е второ раѓање од Бога.

Покајанието е врата на милоста; низ оваа врата се влегува во Божјата милост и освен низ овој влез - од никаде милост не можеш да добиеш.

Покајанието е втората благодат; таа се раѓа од верата и од стравот. Стравот е татковска палка, која управува со нас додека не дојдеме до духовниот рај на добрините; потоа помислата се оддалечува од нас.

Рајот е Божја љубов, во која се насладуваме со сите блаженства. Дрвото на животот е Божјата љубов од која отпаднал Адам; оттогаш него не го сретнала веќе никаква радост, работел и се трудел на трнливата земја.

Лишените од Божјата љубов, ако одат по Божјата правина, го јадат истиот леб на потта во делата свои, што Бог му заповедал на паднатиот Адам да го јаде.

Оној што живее во љубовта во живеењето свое принесува плодови од Бога и уште во овој свет ја има пријатната миризба на воздухот од воскресението. Љубовта е царство; за неа Господ таинствено им ветил на апостолите, дека ќе ја вкусат во Неговото царство, велејќи: "Да јадете и да пиете на трпезата Моја и во царството Мое" [Лука 22,30]. Што друго можат да значат овие зборови, ако не љубов? Еве, ова е виното, кое го весели срцето на човекот! [сп. Псап. 103,15]. Блажен е оној што ќе пие од ова вино!

253. Како што е неможно да се преплива големото море без кораб, така никој не може без стравот Божји да дојде до љубовта.

Смрдливото море кое е меѓу нас и духовниот рај, можеме да го препловиме само во коработ на покајанието, во кој се наоѓаат веслачите на стравот. Но, ако веслачите на стравот Божји не управуваат со коработ на покајанието, на кој по морето на овој свет преминуваме кон Бога, ќе се удавиме во ова смрдливо море.

Покајанието е коработ, стравот Божји е кормиларот, а Божјата љубов е божественото пристаниште. Стравот нѐ воведува во коработ на покајанието, нѐ пренесува преку смрдливото море на животот, нѐ води кон божественото пристаниште, кое е љубовта.

Во ова пристаниште пристигнуваат оние што се трудат и што се обременети. И кога сме дошле до љубовта, тогаш сме стигнале и до Бога. Тогаш нашиот пат е завршен; тогаш сме стигнале на островот на другиот свет, каде се Отецот, Синот и Светиот Дух.

254. Има знаење што ѝ претходи на верата, а има и знаење што се раѓа од верата. Знаењето што ѝ претходи на верата - е природно знаење, а знаењето што се раѓа од верата - е знаење духовно.

Природното знаење го разликува доброто од злото; тоа се нарекува природно расудување, со чија помош, без посебна ученост, го распознаваме доброто од злото.

Ова расудување Бог го вложил во нашата разумна природа; со помошта на науката оваа способност добива надополнување и зголемување.

Нема човек што ја нема оваа способност. Тоа е силата на природното знаење во разумната душа, која бива непрестајно приведувана во дејствување.

Честа на разумната природа е во нејзиното расудување, кое го разликува доброто од злото, а оние што ја загубиле, боговдахновениот пророк со право ги споредува со неразумните животни [сп. Псал. 48,13].

255. Природното знаење, кое ѝ претходи на верата, е пат кон верата и кон Бога. Бидејќи вложено од Бога во нашата природа, тоа самото нѐ уверува дека треба да веруваме во Бога, Кој на сѐ му дал битие.

Оваа вера во нас создава страв; а стравот нѐ тера да се каеме и да дејствуваме, а за дејствувањето на човекот му се дава духовно знаење или чувствување на тајните што ја раѓа верата на вистинското соѕерцание.

Не само од голата вера се раѓа духовното знаење, туку верата го раѓа стравот Божји, а при стравот Божји, кога ќе почнеме да дејствуваме во него, од дејствувањето на овој страв се раѓа стравот Божји, како што рекол свети Јован Златоуст:

"Кога некој ја добие волјата соодветна на стравот Божји и на правилниот начин на мислење, тогаш набргу ќе го прими тој и знаењето за она што e скриено." Тој го нарекува духовното - откривање на скриеното.

256. Но стравот Божји не го раѓа ова духовно знаење, туку тоа бива давано како дар за дејствувањето на стравот Божји. Делото на стравот Божји е покајанието, а покајанието, откако ќе го измине целиот свој тек и се заврши, доаѓа таму, каде што се дава духовното знаење.

Духовното знаење е чувствување на скриеното. И кога некој го почувствува ова невидливо, тогаш во ова негово чувствување се раѓа друга вера, која не е спротивна на првата вера, туку која ја зајакнува првата. Некои оваа вера ја нарекуваат соѕерцателна. Тогаш бил слухот, а оттогаш почнува да дејствува соѕерцанието, а соѕерцанието е понесомнено од слухот.

257. Сето ова се раѓа од природното знаење, кое го разликува доброто од злото. Тоа е доброто семе на добродетелта.

По ова природно знаење во човекот следуваат постојаното одгласување на совеста, непрестајното спомнување за смртта и некаква измачувачка загриженост, која продолжува сѐ до самата смрт на човекот, а потоа: - жалоста, тагата, стравот Божји, природната срамежливост, жалењето за некогашните свои гревови, вистинската ревност, спомнувањето за патот што ја очекува секоја човечка душа по излегувањето од телото, грижата околу подготувањето за тоа патување, солзната прозба кон Бога за добро влегување во таа врата низ која треба да помине секоја човечка душа и, на крајот, занемарувањето на сѐ земно и силната борба за придобивање на добродетелите.

Сето ова се придобива со природното знаење, - а со тоа секој нека ги споредува своите дела.

А кога ќе се покаже дека човекот го придобил сето тоа, тогаш тоа значи дека тој оди по природниот пат, а кога ќе го измине тој пат и ќе навлезе во љубовта, тогаш се издигнува над самата природа; тогаш за него се завршуваат: борбата, стравот, трудот и заморувањето од сето тоа.

Ете, такви се последиците од природното знаење. И ова го наоѓаме во себеси кога ова знаење не го помрачуваме со нашата сластољубива волја. - На овој степен остануваме сѐ додека не дојдеме на степенот на љубовта, која нѐ ослободува од сето тоа.

Нека секој, врз основа на ова што го кажавме, да се испитува и да се споредува себеси, и да гледа до каде стигнало неговото чекорење: дали е таму, каде што е противприродното, дали е во текот на природното или е веќе во областа на натприродното.

258. Добрата мисла навлегува само по дејството на Божјата благодат; лошата мисла му се приближува на човекот само за да го искуша и да го испита.

Божјите дарови го привлекуваат срцето и го поттикнуваат кон непрестајна благодарност.

Господ ги поднесува сите човечки недостатоци, но не го поднесува оној човек што постојано мрмори и не го остава без вразумување.

На благодатта ѝ претходи смирението, а казната му претходи на високото мислење за себеси.

На горделивиот му се допушта да паѓа во хула; на оној што се превознесува со својата извршена добродетел - му се допушта да паѓа во блуд, а на оној што се превознесува со својата мудрост - му се допушта да се заплетува во темните мрежи на незнаењето.

259. Оној што, при спомнувањето за Бога, го почитува секој човек, тој по Божјо дејство, бива помаган од секој човек.

Оној што го заштитува навредениот, тој го има Бога за свој заштитник; кој раката своја ја пружа - на сиромавиот да му помогне, тој на помош секогаш ја има Божјата десница.

Кој братот свој за порок го обвинува, тој во Бога наоѓа обвинител за себеси.

Кој братот свој во ќелијата го исправа, тој порокот свој го исцелува, а кој братот свој пред собир братски го обвинува, тој болката на своите рани ја зголемува.

Пријател што тајно изобличува - лекар е премудар, а кој пред очите на другите го лекува - тој со него се подбива.

260. Бог со љубов вразумува и никако не се одмаздува. Ова никако! Он само бара образот свој да го излекува; гнев против никого нема.

Кој прави добро за награда - тој брзо се изменува.

Колку и да се усовршува човекот во овој живот, колку и да се стреми кон Бога, тој сепак зад Него чекори; во идниот живот Бог лицето свое ќе му го покаже, но не и тоа - што е Он по суштина.

Праведниците за време на овој живот колку и да навлегуваат во соѕерцанието на Бога, го соѕерцаваат само Неговиот образ како во огледало; таму, во другиот живот, ќе ја видат вистината откриена.

261. Оган што во суви дрва се распалил - со голем труд се изгаснува; ако во срцето што се откажало од светот навлезе Божјата топлина, пламенот негов со ништо не се изгаснува, - тој е посилен од секој оган.

Кога силата на виното навлезе во телото, умот човечки ја заборава строгоста во сѐ; кога спомнувањето за Бога овладее со душата, тоа го отстранува од неа спомнувањето за се што е видливо.

Насетувањето на идниот живот додека сме во овој свет слично е на мал остров во морето; оној што се приближува до него веќе не се измачува во брановите од виденијата во овој свет.

Монахот, гледајќи дека уште има потреба од време, за да може да се поправи, жали што се разделува од телото; а кога ќе почувствува дека добро го исползувал времето и ја примил својата заложба, го посакува идниот живот.

Додека е трговецот на море, тој чувствува страв да не се подигнат бранови и да не ја потонат надежта на неговиот труд; и монахот додека е во овој свет, со страв е исполнет неговиот живот, - за да не се појави во него одново бура и да не го уништи неговото дело, за кое се трудел од својата младост се до староста.

262. Морнарот, додека плови по морето, ги гледа ѕвездите и по нив управува со својот кораб сѐ додека не пристигне во саканото пристаниште; монахот ја гледа молитвата, зашто таа му помага да го наоѓа својот вистински пат, кој го води кон неговото пристаниште, кон кое е устремен неговиот живот во неговата непрестајна молитва. Нуркачот без облека се нурка во морето, барајќи скапоцен бисер; и монахот, откако се ослободил од сѐ, чекори низ животот и бара да го најде својот најскапоцен бисер, - Господа Исуса Христа, а кога ќе Го најде, тој не бара веќе ништо од вредните работи во овој свет.

263. За девојката е штетно да биде во големи сенародни собири и меѓу луѓе; и за умот на монахот е штетен разговорот со многу луѓе.

Птицата, каде и да се наоѓа, кон гнездото свое се стреми и за одгледување на своите пиленца се труди; и разумниот монах кон својата ќелија брза, за таму да ги создаде плодовите на својот живот.

Облаците го скриваат сонцето. И многуте зборови ја потемнуваат душата, која почнала да се просветува со молитвеното соѕерцание.

Се раскажува за една птица, која се именува сирена, дека секој, кој ќе го слушне нејзиниот прекрасен глас, толку се восхитува од нејзиното пеење, така што појдува по неа во пустината, заборавајќи и на својот живот, и најпосле, потполно истоштен од глад, жед и умор, паѓа и умира. Нешто слично бива и со душата. Кога ќе се исполни со небесна сладост, тогаш донесена од прекрасната звучност на Божјите зборови, заедно со чувството што е отпечатено во умот, душата се устремува по нив, и потполно го заборава својот телесен живот. На тој начин телото бива лишувано од сите свои желби, а душата лесно се издигнува од овој живот кон Бога.

264. Дрвото, ако не ги фрли претходните листови, не дава нови гранки; и монахот, сѐ додека не ги исфрли од своето срце сите спомени за своите некогашни грешни дела, не раѓа нови плодови и не пушта нови гранки според својот живот во Исуса Христа.

Во школката, во која се зародува бисерот, велат дека молњата создава нешто слично на искра, и од воздухот таа прима некоја материја, а дотогаш останува обично тело; и срцето на монахот сѐ додека во себе не ја прими небесната работа, неговото дело е нешто обично и во својата школка нема плодови на утеха.

Кучето, лижејќи ја својата сопствена крв од своите повредени ноздри, поради вкусноста на својата крв, не ја чувствува повредата; монахот, пак, кој е наклонет со суета да се опива, го пие својот сопствен живот и, од привремената сладост, не ја чувствува повредата што си ја нанесува.

265. Кон таинствените зборови, кои се заклучени во Светото писмо, не пристапувај без молитва и без прозба кон Бога, туку моли се вака: "Господи, дај ми да ја примам силата што е заклучена во нив". Оваа молитва сметај ја како клуч кон вистинската смисла на сѐ што е напишано во Светото писмо.

Кога сакаш со срцето свое да се приближиш до Бога, докажи Му ја најнапред твојата љубов со твоите телесни трудови. Во нив се става почетокот на живеењето. - И Господ ги ставил во основата на совршенството.

Мрзливоста сметај ја за почеток на помрачувањето на твојата душа, а вистинскиот мрак се наоѓа во собирите за празни разговори. Ако и корисните зборови, кога се прекумерни, предизвикуваат помрачување, колку повеќе со право ова може да се каже за празните и суетни зборови? Душата се истоштува од мноштвото продолжителни разговори.

266. Мерката и правилата во животот го просветуваат умот и ја одгонуваат збунетоста.

Збунетоста на умот, од немање постојани правила, предизвикува помрачување во душата, а од помрачувањето збунетоста се зголемува.

Душевниот мир е последица на уредноста, а од мирот се раѓа светлината; од светлината, пак, и од мирот во умот сјае чист духовен воздух.

267. Користољубивата душа се лишува од премудроста, а милосрдната душа Светиот Дух ќе ја умудри.

Клучот за божествените дарби му се дава на срцето за љубовта спрема ближниот, и, сообразно со неговото ослободување од телесните врски, - пред него се отвора вратата на небесните знаења.

Колку е прекрасна и достојна за пофалба љубовта спрема ближниот, само ако грижата за неа не нѐ одвлекува од љубовта спрема Бога!

268. Колку е пријатен разговорот со нашите духовни браќа; само, ако можеме при тоа да го запазиме и разговорот наш со Бога!

Убаво е да имаме духовни разговори со нашите браќа сѐ додека можеме во ова да ја запазуваме потребната мерка, додека можеме, правејќи го тоа, да не ги загубиме внатрешниот наш живот и непрестајниот наш молитвен разговор со Бога.

Штетен станува и духовниот разговор со браќата, ако е прекумерен; а и самото погледнување оддалеку на светските луѓе е штетно. Дури и кога не ги гледаме, самиот нивни глас внесува немир во спокојот на нашето срце.

269. Како што е душата подобра од телото, така и душевното дело е подобро од телесното.

Како што првобитно создавањето на телото претходело на вдахнувањето на животот во него, така и телесните дела им претходат на душевните.

И не е долгиот возвишен живот голема сила; и немоќната капка, ако постојано паѓа, и камен продупчува.

Кога ќе се приближи времето за воскреснување на твојот внатрешен човек, тогаш се стоплува радоста во твојата душа. Тогаш и помислите твои се заклучени внатре во тебе со истата сладост, што ја има и во твоето срце. А штом светот одново ќе се обиде да се настани во тебе, тогаш настанува расејаност на твоите мисли. Свет ги нарекувам страстите, кои се раѓаат од расеаноста на мислите. Кога тие ќе се родат и ќе достигнат зрелост, - стануваат гревови и го умртвуваат човекот.

Како што детето не се раѓа без мајка, така и страстите не се раѓаат без расеаноста на мислите, а извршувањето на гревот не бива без водење разговори со страстите.

270. Ако трпението се зголемува во нашите души, тоа е знак дека таинствено сме ја примиле благодатта на утехата. Кога е душата опиена со радоста на својата надеж и Божјата веселба, тогаш телото не ги чувствува своите маки, иако е немоќно. Тогаш е тоа во состојба да поднесе двојна тежина, не пројавувајќи го недостигот на своите сили. Така бива тогаш кога душата влегува во својата духовна радост. Ако го запазнш твојот јазик, тогаш од Бога ќе ти биде дадена благодат на духовна радост во твоето срце, за да ја видиш во неа твојата душа, та и таа да влезе во духовната радост.

Co каква ревност влегол некој во подвиг заради Бога, со таква сила и неговото срце ќе добие смелост во својата молитва; и колку е некој расеан со многу грижи, во таква мерка бива лишуван од Божјата помош.

271. Првата мисла, која од љубов Божја влегува во човекот и ја раководи неговата душа кон животот, тоа е мислата што навлегува во човековото срце за излегувањето од оваа природа. По оваа мисла природно следи занемарувањето на светот. И со тоа во човекот почнува секое добро движење, кое води кон вечниот живот. А и Божјата сила, која му помага на човекот, ја става основата и сака да го засили во него новиот живот. И ако човекот оваа спомната мисла не ја изгаси во себеси со своите животни грижи и со своите суетни разговори, туку ќе ја носи во себеси во својот безмолвен живот, ќе се задржува на неа во своите соѕерцанија, ќе ја задржува во себеси, тогаш таа ќе го одведе во длабината на соѕерцанието, кое никој не е во состојба да го искаже со зборови. Сатаната ја мрази оваа помисла и ја напаѓа со сите свои сили, за да ја уништи во човекот. И ако би било можно, тој би му го дал царството на целиот свет, само да може со расеаност да ја избрише оваа мисла во умот на човекот. Зашто знае тој, лукавиот, што ќе биде, ако оваа мисла остане во човековиот ум, знае дека тој веќе нема да биде под неговата измама и дека неговите лукави напади нема да се приближуваат до него.

272. По ова бива дејствувањето, кога човек добро живее и се приближува кон вкусувањето на соѕерцанието и кога одозгора ја прима благодатта да вкусува од сладоста на духовното знаење.

Почетокот на ова дејствување се состои во следново: човекот претходно се уверува во Божјата промисла за луѓето, се просветува со својата љубов спрема Творецот и се восхитува од големата Божја грижа за разумните суштества.

Со ова почнува во него божествената сладост и се разгорува љубовта спрема Бога, која се распалува во неговото срце и ги изгорува душевните и телесните страсти во него.

Оваа љубов, при силна ревност и добра совест, почнува потоа одеднаш да се распламнува и човекот се опива со неа, како со вино, и срцето бива водено во ропство кај Бога. Потоа, во каква мерка човекот пројавува грижи за својот добар живот, доколку се пази од злото и се труди времето свое да го минува во читање и молитва, во таква мерка се утврдува и зајакнува оваа сила во него.

273. Да не се вознемируваме кога се наоѓаме во помраченост. Овде мислам на онаа помраченост, во која душата понекогаш се измачува и се наоѓа како меѓу бранови; па го чита ли човек Светото писмо или го извршува своето молитвено правило и било со каква работа и да се зафати, кај него следи помраченост по помраченост.

Таквиот ја остава својата работа, а често нему не му бива давано и да се приближи до неа. Тоа време е исполнето со очајание и страв; надежта во Бога и утехата на верата во Него потполно исчезнуваат од душата, - целата бива исполнета со сомневање и со страв.

Но Бог не ја остава душата долго во таква состојба, според зборовите на светиот апостол Павле, кој вели: "Верен е Бог, Кој нема да позволи повеќе да бидете искушувани од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и исход, за да можете да трпите [1. Кор. 10,13].

А јас ќе ти дадам ваков совет: ако ти самиот немаш сили да ја совладаш оваа и ваква состојба и да паднеш ничкум на молитва, тогаш покриј се преку глава и спиј cѐ додека не измине овој твој мрачен час, но настојувај во текот на тоа време да не излегуваш од твојата ќелија.

На ова искушение се подложуваат најчесто оние што сакаат да минуваат умствен живот, а во своето чекорење ја бараат утехата на верата. Затоа, повеќе од сѐ ги измачува овој час на колебливоста на нивниот ум. По ова често следува , хулата, а понекогаш на човекот му доаѓа и сомневањето во воскресението на мртвите и нешто друго, за што ние не треба да говориме.

Оние што се занимаваат со телесни подвизи потполно се слободни од овие искушенија. На нив доаѓа друго очајание, кое му е познато на секого, кое по своето дејствување е различно од претходното и другите слични искушенија.

Блажен е оној што ќе го претрпи и нема да ја напушти својата ќелија. Но оваа борба не се свршува во еден час, а и благодатта не се враќа оддеднаш и не се вселува во душата, туку постепено. И едното се сменува со друго: во текот на извесно време - искушение и потоа - утеха. И пак така.

274. Оној човек што нема разумна ревност никогаш не добива мир на умот, а оној што нема мир, нема ни радост. Ако мирот на умот се нарекува совршено здравје, а неразумната ревност е спротивна на мирот, тоа значи од тешка болест боледува оној кој има неразумна и лоша ревност. Она срце, што е исполнето со жалост поради слабоста и немоќта во јавните телесни дела, ги заменува сите телесни дела. Телесните дела без жалоста на умот се исто што и тело без душа. Оној што тажи со своето срце и им дава слобода на своите чувства, тој е сличен на човек што страда телесно и чија уста е отворена за секаква храна што е штетна за него, или на оној, кој има син единец и кој постепено, малку по малку, го коле со своите сопствени раце.

275. Целомудрието и разговорот со жена е исто што и лавица и овца на едно место. Дела без милосрдност пред Бога се како човек кој го заколува синот во присуство на неговиот татко.

Она што е грст песок фрлен во море - тоа се и гревовите наши во споредба со Божјата промисла и Божјата милост. И како што изворот кој е изобилен со вода не се загадува со грст прашина, така и милосрдноста на Создателот не се намалува од пороците на Неговите созданија.

Да го паметиме злото што ни го направиле другите и стовремено да се молиме, тоа е исто - како да сееме в море и да се надеваме да жнееме.

Како што огнените пламења не можат да не се издигаат гope, - така и молитвата на милостивите секогаш се издигнува кон небото.

Каков што е текот на водата по удолните места, таква е силата на раздразнителноста, кога најде достап до човечкото срце.

276. Има смирение од страв Божји, има од љубов спрема Бога, и од Духовна радост.

Смирениот од страв Божји секаде е придружуван од скромност, со здржаност на своите чувства и со скрушеност на срцето.

Соборот на смирените мил Му е на Бога, како и соборот на серафимите.

Поскапоцено е пред Бога телото на целомудрениот и од чистата жртва.

Овие две добродетели - смирението и целомудрието - подготвуваат во душата за Света Троица - залог и дар на свршувачка.

277. Ограничувај го и набљудувај го твојот стомак, но повеќе води сметка за очите, зашто, без сомнение, домашната борба е полесна од надворешната.

Брате, не верувај дека внатрешните помисли можат да бидат скротени без скротување и смирување на телото.

Плаши се од навиките повеќе отколку од непријателите. Оној што ги храни навиките во себе сличен е на човек што фрла суви дрва во оган.

Ако твојата навика побара од тебе да ѝ го дадеш тоа што го сака, а ти не ѝ го дадеш, вториот пат ќе ја најдеш веќе ослабена: А, ако еднаш ѝ ја исполниш волјата, тогаш наредниот пат ќе те нападне со многу поголема сила.

278. Ако некој сака да се смее и сака да се покажува пред луѓето, не бивај му другар, зашто тој ќе те научи да им се предаваш на задоволствата и да не внимаваш на себеси. Koгa некој почне да го озборува братот свој пред тебе, ти тогаш наведни ја главата своја. Штом ќе го направиш тоа, тогаш и пред Бога и пред него ќе покажеш дека си претпазлив.

Ако му даваш на некого нешто што му е потребно, веселоста на твоето лице да излезе пред твојот дар и со добри зборови намали ја жалоста негова. Кога ќе го направиш ова, тогаш љубезноста твоја ќе му биде помила и од дарот твој, па макар тој бил и поголем од она што му е потребно. Пред сите твои дела нека одат твојата телесна целомудреност и чистотата на твојата совест, зашто без нив попусто е секое дело пред Бога.

279. Тебе нека те прогонуваат, но ти никого не гони; тебе нека те распнуваат, но ти никого не распнувај; нека те навредуваат, ти не навредувај; нека те клеветат, но ти никого не клевети.

Нема да биде судено делото на христијанскиот живот; за тоа не се ни спомнува во Христовото учење.

Весели се со оние што се веселат, и плачи со оние што плачат; тоа е белегот на чистотата.

Сочувствувај во болеста на оние што боледуваат; проливај солзи со грешните и радувај се со оние што се кајат. Здружен биди со сите луѓе, но во мислата твоја биди сам.

280. Никого не изобличувај и не навредувај, дури и оние што имаат најлош живот. Рашири ја облеката твоја над оној што паднал и покри го.

Знај дека ние не треба да излегуваме од нашите ќелии и затоа што не треба да ги гледаме лошите дела на луѓето; ако нашиот ум не ги знае нивните лоши дела, сите луѓе ќе ги сметаме за свети и добри.

Ако не можеш да се потрудиш телесно, потруди се и намачи се барем духовно.

Ако не можеш да постиш два дена, пости барем еден ден до вечерта, а ако не можеш ни тоа, потруди се барем да се не пренаситуваш.

Ако не си миротворец, тогаш барем не биди љубител на раздори и кавги.

Ако не си во состојба да му ја затвориш устата на оној што братот свој го осудува, тогаш барем потруди се да не се согласиш со него.

281. Знај дека, ако од тебе излезе оган и ги изгори другите, Бог од твоите раце ке ги бара душите на оние кои изгореле од твојот оган. А, ако огнот не го фрлаш ти, но се согласуваш со оној што го фрла и се насладуваш со него, на судот ќе бидеш суден како нивни соучесник.

На сите свои патишта, по кои одат луѓето во овој свет, не наоѓаат за себе мир, сѐ додека не се приближат до надежта во Бога.

Срцето човечко не се смирува ни од трудот ни од препнувањата сѐ додека во него не навлезе надежта; дури тогаш се смирува и се исполнува со радост. Токму оваа вистина ја искажала почитуваната уста на Спасителот со зборовите: "Дојдете при Мене сите изморени и обременсти и Јас ќс ве успокојам" [Матеј 11, 28].

Светлината на умот ја раѓа верата; верата ја раѓа утехата на надежта, а надежта го зајакнува срцето.

282. Божјиот Син претрпел крсни маки за нас; затоа ние грешниците смело го продолжуваме подвигот на покајанието.

Жалостите на умот се доволни да ги заменат сите телесни дела.

Свети Григориј Богослов вели: "Оној што е храм на Божјата благодат, тој секогаш е соединет со Бога и секогаш е загрижен со мислата за Божјиот суд."

А свети Василиј Велики рекол: "Непрестајната молитва создава јасна мисла за Бога, а внедреното во нас спомнување за Бога е вселување на Бога во нас". Ете, така стануваме храм Божји. Скрушеното срце служи како приготвување за успокојување на Бога.

283. Она што го придобиваме додека ништо добро не правиме, тоа е она што нѐ посрамува за време на нашата молитва.Трезвеноста му помага на човекот повеќе и од делата, а расеаноста на помислите му штети повеќе и од телесниот мир.

Од телесниот мир произлегуваат нашите домашни борби, кои нѐ вознемируваат, но ние имаме можност да ги прекратуваме. Зашто штом ќе се ослободиме од мирот и ќе се вратиме кон нашата работа, борбите веднаш нѐ оставаат и се оддалечуваат од нас. Но не е такво она што се раѓа од разрешувањето, колку што е страшно она што се раѓа од мирот. Додека човек за време на мирот останува во областа на својата слободна волја, сѐ уште има можност да се врати кон доброто што го напуштил и кон повторното добро правило на својот живот, затоа што се наоѓа уште во областа на својата слобода. Но, ако си даваме разрешение, ако си попуштаме по однос на мислите за насладување, ние излегуваме и се оддалечуваме од областа на слободата. Кога човек би продолжил да внимава на себеси, да се набљудува, тогаш не би бил изложуван на насилство и не би бил принудуван да се покорува на она, што му го овозможува мирот.

284. Човеку, не давај му слобода на секое твое чувство, за да не дојдеш во неможност пак да ѝ се вратиш на твојата слобода. Спокојот им штети само на младите и на здравите, а разрешувањето и попуштањето - и на старите и на младите, и на болните и на здравите. Оние што преку спокојот дошле до лоши помисли можат пак да се вратат кон внимание над себеси и утврдување на својот возвишен духовен живот. А оние што се надеваат на своите дела и немаат внимание над себеси, тие од својот возвишен живот биле одведени во ропство и се предале на лошо живеење.

285. Нема да се жалостиме само тогаш кога ќе се подлизнеме во нешто, туку уште повеќе ќе се жалостиме кога ќе останеме паднати и нема да посакаме да станеме, зашто и на совршените често им се случува да се лизнат и да паднат; задржувањето во падната состојба е потполна помраченост.

Жалоста што ја имаме и што ја чувствуваме поради нашите препнувања и паѓање ни се пресметува како благодат - место чисто дејствување.

Оној што со надеж на покајание, свесно се предава и дозволува да падне, тој се однесува лукаво спрема Бога; него ненадејно го напаѓа смртта и го нема она време, за да се покае, времето на кое се надевал, за да ги изврши делата на добродетелите.

286. Секој што им дал слобода на своите чувства, му дал слобода и на своето срце; зашто делата на срцето служат како вериги што ги врзуваат надворешните чувства.

Ако некој со разбирање се занимава со ова дејстување, тоа бива јасно по следниве три појави: тој не е врзан со надоворешните удобности, не го сака угодувањето на стомакот и никако не си дозволува да се раздразнува. А таму каде се овие три работи, таму нема вистински внатрешен мир, макар надворешното да биде сѐ во ред.

Свесното отфрлување и занемарување на сѐ што е телесно е несврзаност со ништо, занемарување на покојот и неприврзаност кон луѓето.

Ако некој со готовност и со радост ги прима загубите заради Господа, тој е внатрешно чист.

Ако некој не ја прима со пријатност честа што му се укажува и ако не негодува кога го понижуваат, тој уште во овој живот станал мртов за светот.

287. Не мрази го грешникот, зашто сите ние подлежиме на одговорност. Ако стануваш против него, тогаш плачи за него.

А и зошто да го мразиш твојот брат? Мрази го неговиот грев, а моли се за братот твој, за да бидеш сличен на Христа, Кој не се гневел на грешниците, туку се молел за нив.

Биди проповедник на Божјата добрина, затоа што Бог управува со тебе недостојниот; ти си Му многу должен на Бога, а Он ништо не бара од тебе; за малите работи што ги правиш - Он те наградува со големи.

288. Плаши се од Бога од љубов спрема Него; зашто Он не е страшен, како некои што Го замислуваат.

Кој Го наговорил во почеток нас да не создаде и во животот да нѐ повика? Кој Му се моли за нас, кога ние не си спомнуваме за Него? Кога нас уште не нѐ било, кој му дал живот на ова наше тело? Откаде мислата на знаењето во прашината на нашето битие? Каква бескрајна добрина природата наша во нас грешните одново ја издигнува и пресоздава?

Појдете, разумни, и вџашете се! Koj има мудар ум и пречуден, достојно нека се вчудоневиди на преголемата милост на својот Создател!

289. Во каква мерка ќе го занемарува човек овој свет и ќе ревнува за стравот Божји, во таква мерка Божјата промисла се приближува кон него. Тогаш тој таинствено во себе ја чувствува помошта на Промислата и за нејзиното разбирање помисли чисти му биваат дарувани. Ако некој се лишува доброволно од благата на овој свет, тогаш во колкава мерка се лишува од нив, во толкава мерка милоста Божја го придружува и Божјото човекољубие го поткрепува.

Оние души што не можат да придобијат вечен живот со добродетели - живот со откажување од сѐ, Бог ги доведува преку страдања до добродетелите, како што гледаме од животот на сиромашниот Лазар.

Бог е близок до тажното срце, ако тоа вика кон Него во тагата своја. Ако понекогаш ни праќа телесни лишувања и страдања, преку нив Бог ја пројавува Својата голема љубов; љубовта Негова е поголема сразмерно со големината на маките и страдањата.

290. Кога желбата за Христовата љубов не е толку силна во тебе, така што од радоста заради Христа да не ги чувстуваш своите маки и страдања, тогаш знај дека светот живее повеќе во тебе и во твоето тело, отколку Спасителот Господ Исус Христос.

Кога болеста, сиромаштијата, истоштеноста на твоето тело, стравот од она што е штетно за твоето тело - ја вознемират твојата мисла дотаму, така што сето тоа те оддалечува од радоста на твојата надеж и од твојата грижа да Му угодиш на Господа, тогаш знај дека во тебе живее тело, а не Христос.

Едноставно речено, каква приврзаност надвладува во тебе, таа и живее во тебе.

Ако немаш недостаток од она што ти е вистински потребно, ако телото твое е здраво и ако не се плашиш од нешто опасно, и говориш при тоа дека можеш исправно да чекориш по Христа, тогаш знај дека твојот ум е болен и дека си лишен од тоа - да ја вкусиш Божјата слава.

291. За да не речеш, дека немало човек, чиј ум совршено се издигнува над немоќта, кога телото негово трпеливо ги поднесувало искушенијата, маките и страдањата, чија љубов спрема Христа била совладувана од жалоста на умот, - ќе ти ги припомнам мачениците. Гледај како нивната трпеливост, поткрепена со силата на Христовата љубов, победувала секоја мака и секоја телесна болка.

И не пројавувале само тие таква издржливост, имало филозофи, кои биле незнабошци, кои не Го познавале вистинскиот Бог, но кои покажале чудна сила на храброст. Еден од нив си наложил да молчи и не отстапил од таа своја одлука, дури и тогаш кога му се заканувала смртна опасност. Друг од нив сосема ја победил природната похот; некои од нив лесно претрпувале озборувања, а имало и такви кои претрпувале страшни болести, а и такви што поднесувале со голема трпеливост и страдања и големи несреќи. Но, ако тие го претпувале заради празна слава и надеж, па зар не сме должни да трпиме ние, монасите, кои сме повикани да општиме со Бога?

Свети Исак Сирски