Блажени Диадох

1. За трите добродетели, кои како водачи треба да предводат во духовното созерцание на умот.

Браќа, во духовното созерцание да предводат верата, надежта и љубовта, а особено љубовта, зашто верата и надежта само не учат да ги презираме видливите блага, а љубовта самата душа преку добродетелите ја соединува со Бога, доживувајќи Го невидливиот со чувството на умот.

2. Кога и како човекот станува добар?

Според Својата природа само Бог е добар. Но и човекот  станува  добар преку  ревносната грижа да стане подобар, бидејќи може да се менува во она што не е според неговата природа. Преку тоа, на Оној Кој според природата е добар, душата, преку својата ревносна грижа, толку ќе Му се приближи на Бога, колку што според своите сили ќе го посака тоа, зашто е речено: „Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец“ ( Лука 6,36; Матеј 5,48).

3. Како и кога се зачнува гревот?

Во природата нема зло; нема човек што е лош по природа, зашто Бог не создал ништо лошо. Но, кога некој со похотта на своето срце внесува во себеси образ на злото, тогаш тоа, иако не е во човечката природа, се пројавува во таков вид, каков што го посакал оној што така постапува. Затоа е потребно со најголема сосредоточеност да настојуваме непрестајно да си споменуваме за Бога и да не го насочуваме нашето внимание спрема обичните повикувања кон злото; зашто доброто, коешто според својата природа e посилно од злото, коешто доаѓа во природата однадвор преку навиките; него го има само тогаш кога го правиме.

4. Кога и како го постигнуваме она што е според Божјото Подобие?

Сите луѓе сме создадени според Божјиот образ, а да се биде според Божјото подобие им припаѓа само на оние, кои што поради својата голема љубов Му ја потчиниле својата слобода на Бога. Зашто тогаш, кога не си припаѓаме на себеси, кога се самоодрекуваме, тогаш стануваме слични на Оној, Кој со Својата љубов не измирил со Себеси; ова никој не може да го постигне, ако не ја убеди својата душа да не се предава на прелестите од самозадоволното и самоугодното живеење.

5. Како можеме да успееме нашата волја да биде секогаш подготвена за доброто?

Слободата на разумната душа ни овозможува со готовност да се стремиме кон она што ќе посакаме. Ваквата слобода, да го избираме само доброто, можеме да ја имаме ако секогаш со нашите добри мисли ја унштуваме секоја лоша помисла.

6. Што е светлината на вистинското знаење и што прави во умот ползувањето со оваа светлина?

Светлината на вистинското знаење ни овозможува без грешка да го разликуваме доброто од злото. И тогаш кога ја правиме оваа разлика и кога живееме според неа, вистинскиот пат го издигнува нашиот ум кон Сонцето на вистината кон Бога, го воведува во онаа безгранична духовна просветеност, зашто тогаш смело, со вера и со надеж, најпосле ја придобиваме самата љубов. Она што е вистинско треба да го одземеме од рацете на оние што не напаѓаат и не навредуваат; зашто ревноста за богоугоден живот победува не со силата на омразата и на гневот, туку само со изобличување и убедување со љубов.

7. За тоа какао дејство има духовното  слово и за тоа како љубовта го прави разговорот за Бога и лесен и изобилен.

Духовниот разговор внесува задоволителна увереност во духовното чувство, затоа што ваквите зборови со дејство на љубовта произлегуваат од Бога. Зашто нашиот ум без напор и без тешкотија се движи по брановите на богословствувањето, бидејќи има изобилство на светли помисли. Во таквата состојба лесно се движи во обемните созерцанија колку што го посакува дејството на љубовта. Добро е за разговорот со Бога секогаш со вера да се очекува дејството на духовното просветување од љубовта, зашто за нашиот ум нема ништо потешко од тоа кога се обидува без Бога да мудрува за Бога.

8. Koгa треба да говориме за божествените работи?

Како што оној кој не е просветен духовно не треба да се предава на духовни созерцанија, така ни оној што е изобилно просветен со благодатта на Светиот Дух, не треба да започнува разговор за нив, зашто во првиот случај недостигот на светлите помисли го облекува умот во темнината на незнаењето, а во вториот, изобилството на светлите помисли не му дава да говори, зашто тогаш неговата душа, напојувајќи се со Божјата љубов, има желба молчеливо да се насладува со Божјата слава. Затоа, за Бога треба да говориме тогаш, кога забележуваме средна мерка во духовната возбуденост, бидејќи таквата мерка и дава на душата извесен вид преславни зборови, коишто точно и јасно ги сликаат невидливите духовни предмети; саканата духовна просветеност ја потхранува верата на оној што говори со вера, та оној што учи прв да вкуси од плодот на знаењето, како што е речено: „Земјоделецот што се труди, прв треба да вкуси од плодот“(2. Тим. 2, 6).

9. За дарот на знаењето и за дарот на премудроста, како тие просветуваат и како се придобиваат?

И знаењето и премудроста се дарови од Единиот Свети Дух, како и сите други божествени дарови. Сите овие дарови имаат свое особено дејство. Затоа, апостолот и сведочи: „На еден му се дава преку Духот збор на мудрост, а на друг збор на знаење, преку истиот Дух“(1. Кор. 12, 8). Знаењето опитно и свесно ја соединува душата со Бога, но не ја поттикнува да им говори на другите за ова и за други духовни работи. Затоа, некои од оние што живеат успешно отшелнички, иако биваат просветувани со духовни знаења, не говорат за божествените работи. А премудроста, ако му е дадена на некого заедно со знаењето заради стравот Божји, што бива ретко, со љубов ги открива највнатрешните дејства на знаењето, бидејќи, обично, знаењето просветува преку внатрешно дејствување, а премудроста го прави тоа преку словото. Обете се придобиваат вака: знаењето го даваат молитвата и длабокото безмолвие при една целосна безгрижност, а премудроста е резултат на смиреното изучување на зборовите на Светиот Дух и особено на Божјата благодат, на Бога Кој ни дава се.

10. Кога е душата во борба, тогаш треба да молчиме, a кога ќе биде успокоена може да говориме, но и тогаш сме должни нашиот ум да го зауздуваме со смиреност.

Кога душата со гнев се устремува против страстите, треба да знаеме дека тогаш треба да молчиме, зашто ни претстои борба. А кога ќе забележиме дека тој немир, било од молитвата или од милостињата исчезнал, тогаш треба да отстапиме пред желбата на љубовта да ги предаваме божествените зборови, но сепак, и тогаш треба да ги воздржиме крилјата на умот со веригите на смирението, зашто, ако некој не се смири себеси со сецело самопонижување, не може достојно да говори за Божјата величина.

11. Духовните зборови не водат кон гордост а кон гордост водат зборовите на световната мудрост. Од што произлегуваат u едното u другото?

Духовните зборови ја чуваат смирената душа, зашто, исполнувајќи ги сите нејзини делови со чувство на богатството на духовната светлина таа нема никаква потреба од човечка чест. Таа секогаш го запазува умот од мечтаења, проникнувајќи го со Божјата љубов, а зборовите на човечката мудрост го поттикнуваат човекот кон славољубие, затоа што тие немаат можност да му дадат на чувството да ја доживее убавината, којашто би можела да го насити срцето и, во замена на тоа, на своите питомци им подарува љубов спрема пофалбите од луѓето, бидејќи и тие самите се пронајдок на суетни луѓе. Ваквото духовно својство на Божјото слово ќе можеме и ние самите да го распознаеме со сигурност, ако часовите, во кои немаме потреба да говориме, ги поминуваме во радосно спомнување за Бога во молчење и без никаква грижа.

12. За самољубието и за боѓољубието и што му е својствено на оној што се љуби себеси и на оној што Го љуби Бога?

Оној што се сака себеси, тој не може да Го сака Бога; а кој не се сака себеси, затоа што го чувствува преизобилното богатство на Божјата љубов, само тој вистински Го сака Бога. Тој никогаш не ја бара својата слава, туку секогаш ја бара славата на Бога. Зашто, оној што е славољубив, тој ја бара само својата слава, а оној што Го љуби Бога. тој ја сака и ја бара само славата на својот Бог. На душата што Го сака Бога, која е исполнета со љубов спрема Него, својствено и е, кога ги извршува сите Негови заповеди да ја бара и да ја сака само Божјата слава, а таа самата се насладува со смирението. Зашто на Бога, поради Неговата величина, Му прилега слава, а на човекот смирение, за да може преку него да Му станува уште поблизок на Бога. Ако сакаме да го следиме примерот на свети Јован Крстител и да и се радуваме на Божјата слава, ние ќе почнеме непрестајно да говориме: „Он треба да расте, а јас да се смалувам“(Јован 3, 30)

13. Кога и од што бива - на некого да му се чини дека не Го сака Бога, колку што би сакал, но сепак да Го љуби силно?

Видов еден човек, кој се жалостеше и плачеше затоа што не Го сака Бога колку што би сакал да Го сака. Во неговата душа имаше пламена желба: Самиот Бог да се прославува во него, а тој самиот да биде сосема ништожен. Тој не беше свесен дека е токму таков и дека човечките пофалби не се никаква наслада за него. Тој во своето големо смирение не мисли за себеси и за своите особености, туку Му служи на Бога, како што им заповеда Законот на свештениците да Му служат и исполнет со силна љубов спрема Бога, не помислува за себеси и за своите особености, скривајќи го своето смирение некаде во длабочината на својата љубов спрема Бога, така што секогаш во своите мисли се гледа како некој недостоен слуга, недостоен за каква и да е награда, токму затоа што многу го сака своето смирение. И вака треба да бегаме од секоја чест и слава, за да можеме да го придобиеме преголемото богатство на љубовта спрема Господа Кој толку многу не засакал.

14. Kога нашето срце е исполнето со силна љубов сарема Бога, ние целосно се ослободуваме од љубовта спрема себеси и доаѓаме до восхитена љубов спрема Бога.

Кој Го сака Бога во своето срце, него Бог го познава. И ако некој повеќе Го сака Бога во своето срце, тогаш тој повеќе живее во Божјата љубов. Таквиот не престанува ревносно да ја посакува просветеноста на својот разум и да се стреми со таква сила кон неа, така што понекогаш чуствува наполно истоштување и на сите сили од своите коски и станува целосно несвесен за себеси; наполно се изменува и бива потполно опфатен од љубовта спрема Бога. Оној што е ваков, тој и како да е и како да не е како да не се наоѓа во овој живот, зашто се уште странствува во своето тело, со своето душевно движење и со силата на својата љубов тој непрестајно оди при Бога и се прибира како туѓинец кај Него. Бидејќи во неговото срце непрестајно гори огинот на љубовта и никогаш не изгаснува. Тој по неопходност живее прилепен со своето срце до Бога, одделувајќи се потполно од себеси, од љубовта спрема себеси, со силата на љубовта спрема Бога, како што вели апостолот: „Ако сме претерале во пофалбите свои, тоа е заради Бога; ако сме умерени тоа е поради вас“(2. Кор. 5, 13).

15. Ако некој може да да сака својот ближен, таа љубов брзо се истоштува, а духовната љубов никогаш не престанува.

Кога некој ќе почне да чувствува силна љубов спрема Бога, тогаш тој почнува духовно да го сака и својот ближен. И кога ќе почне ваквата љубов, таа никогаш не престанува. За оваа и ваква љубов говори целото Свето писмо. Телесната љубов, којашто не е поврзана со духовно чувство, штом ќе се појави и најобичен повод, многу лесно исчезнува. А духовната љубов не е таква; и кога ќе се случи да претрпи некаква тешкотија, во душата која Го љуби Бога, која се наоѓа под Божјо влијание, сојузот на љубовта не се раскинува, зашто, откако се згреала со топлината на Божјата љубов, веднаш се враќа кон својата добра расположба и со голема радост пак ја прифаќа љубовта спрема ближниот, иако можеби претходно бил малку навреден или му била причинета некаква голема штета. Со силата на Божјата благост потполно се отстранува секакво недоразбирање.

16. За Божјата љубов во човековото срце, за тоа како се придобива, како и за совршената љубов, во која го нема стравот Божји којшто очистува, u за несовршената љубов, која е соединета со стравот што очистува.

Никој не може да Го засака Бога со сето свое срце, ако пред тоа не го стопли своето срце со чувството на Божјиот страв, зашто душата навлегува во дејствена љубов по своето очистување и омекнување преку дејствувањето на стравот Божји. А никој не може да навлезе во стравот Божји и во сите посочени негови плодови, ако претходно не се ослободи од сите животни грижи; само тогаш кога ќе се успокои во потполно безмолвие и ќе се ослободи од сите грижи, тогаш стравот Божји почнува спасоносно да дејствува врз него и со својата сила да ја очистува неговата телесност, издигнувајќи го до совршена љубов спрема предобриот Бог. Стравот Божји им е својствен на праведниците, кои се уште се во состојба на очистување и коишто ја имаат средната мерка на љубовта, а совршената љубов ја имаат оние што се веќе очнстени, во кои нема страв, зашто „совршената љубов го пади стравот“(1. Јов. 4, 18). И едното и другото се случуваат само кај праведниците, кои со помошта и дејството на Светиот Дух живеат добродетелно. Затоа и во Светото писмо се вели: „Бојте се од Господа, сите праведници Негови“(сп. Псал. 33, 10) и „Сакајте Го Господа сите праведници Негови“(сп. Псал. 30, 23), давајќи ни јасно да сфатиме дека стравот Божји им е својствен само на оние праведници коишто се уште се во состојба на очистување, кои ја имаат, како што рековме, средната мерка на љубовта, а совршената љубов им е својствена на оние праведници што се очистиле. Тие веќе немаат никаква страшлива помисла; тие живеат само во едно непрестајно горење и прилепсност на својата душа до Бога, со помош на дејството од Светиот Дух, како што вели пророкот: „Кон Тебе се приближи душата моја, Твојата десница ме поддржува“(Псал. 62, 8).

17. Како започнува лекувањето на душата со дејството на стравот Божји а како Постеаено Преку дејството на љубовта стигнува до совршено здравје?

Како што телесните рани, ако не бидат добро очистени како што треба, немаат никакво подобрување од лекарствата коишто се ставаат на нив, а кога ќе бидат добро очистени, на нив се одразува доброто дејство на лекарствата и преку нив се залечуваат, така и душата, се додека е мрзлива и прикриена со лепрата на сластољубието, не може да го чувствува Божјиот страв, макар некој непрестајно да и говори и да и објаснува за Страшниот Божји суд; а кога под дејство на постојано внимание спрема себеси ќе почне да се очистува, тогаш почнува да го чувствува и стравот Божји, како спасоносен лек; тој, како некаков оган, ја обгорува, ја изобличува и на тој начин постепено ја очистува се додека не дојде до состојба на потполна чистота. И колку се зголемува во неа љубовта, толку се намалува стравот, се додека не навлезе во совршената љубов, во која, како што рековме, нема страв, туку под дејство на Божјата сила, душата навлегува во совршена бестрашност. Затоа, секогаш треба да му оддаваме достојна пофалба на стравот Божји, а потоа на љубовта, којашто е полнота на законот на совршенството во Христа.

18. Душата, која е сврзана со земни грижи, не може да Гo сака Бога, а не може на Правилно да размислува за својата состојба.

Душата, која што не се ослободила од земните грижи, не може искрено да Го сака Бога, а не може ни ѓаволот да го намрази така како што треба. Нејзината грижа за овој живот лежи врз неа како тешка покривка и нејзиниот ум не е во состојба да создаде јасна слика за неа, ниту може да го слушне непогрешниот суд на својата сопствена совест. Ете, токму затоа е потребно потполно оддалечување од светот.

19. Што и е својствено на чистата душа?

На чистата душа и се својствени независните зборови, незлобива огненост и непрестајно ревнување за Божјата слава. Тогаш, кога е душата чиста, и умот точно расудува, одмерува и останува трезвен во се што размислува и просудува, како да се наоѓа пред вистински и непоткуплив суд.

20. Неопходно е кон верата да се Присоеданат дела, а со делата и вера.

Верата не е можна без дела, ниту делата се можни без вера. Оној што верува, за да ја докаже својата вера, должен е да Му принесува дела на Господа. И верата на нашиот отец Авраам не би му била примена како правда, ако не ги принесол нејзините плодови ако не бил решен својот син да Му го принесе за жртва на Бога.

21. Каква е верата без дела и каква е онаа што дејствува Преку љубовта?

Оној што Го сака Бога, тој и искрено верува и извршува праведни дела според својата вера. Оној што само верува и не живее во љубовта, тој ја нема ни самата вера, која се чини како да ја има. Тој верува со некаква умствена леснотија, но не дејствува според силата на преславната љубов. Зашто „верата дејствува преку љубовта“(Гал. 5, 6); љубовта е главната сила на добродетелите.

22. Не треба со љубопитност да ја истражуваме длабочината на верата.

Оној што ја испитува љубопитно длабочината на верата бива брануван на брановите од своите помисли, а оној што ја созерцава со простосрдечна расположба се насладува со убавината на внатрешната тишина. Длабочината на верата, како вода на заборавањето, не поднесува да ја гледаат, да ја набљудуваат со љубопитни помисли. Затоа, да пливаме со простотата на нашиот ум во овие води, за да можеме на тој начин да пристигнеме до пристаништето на Божјата волја.

23. Кога душата не може да ја почуствува или да ја доживее миризбата на небесните блага, иако силно го посакува тоа?

Никој не може искрено ни да сака, ни да верува на друг начин, освен, ако не се осудува самиот себеси. Зашто, кога нашата совест не измачува со своите изобличувања, тогаш на нашиот ум не му се дава да ги почувствува сладостите на другиот свет и тој тогаш е веднаш раздвоен од сомневање: со силата на претходните опити и со верата тој се устремува кон небесните блага со силна желба, но не може да ги прими во своето срце со љубов, поради тоа, како што рековме, што често го измачува неговата совест. Впрочем, ако се очистиме со најтопла молитва и со внимание, пак ќе го имаме ова сакано богатство и ќе се насладуваме со него со уште поголема близина со Бога.

24. За телесното и за духовното чувство u како треба да го поттикнуваме духовното чувство кон насладување со небесното?

Како што кон видливите богатства силно не влечат нашите телесни чувства, така и кон невидливите богатства обично не води нашето умствено или духовно чувство кога ќе вкуси од божествената благост се тежнее кон она што што му е сродно. Душата како бестелесна, тежнее кон небесните блага, а телото, како земја и од земја се стреми кон земните сласти. Затоа, ќе бидеме во состојба вистински да им се насладуваме на духовните блага, ако со духовен напор успееме да го совладаме нашето земно тело.

25. Единствено душевната чувство, во своето дејствување, било во состојба на невиност; тоа се раздвоило по паѓањето во гревот, а благодатта на Светиот Дух пак го издигнува во простотата на единството.

Дека природното чувство е едно, не учи самото свето знаење, коешто е просветено од облагодатениот разум. Со паѓањето на Адама во грев, тоа се раздвоило, но со дејствувањето на Светиот Дух тоа станува пак единствено И просто. Но, ова никој не може да го види во себеси, освен оние кои, во очекувањето на идните блага, доброволно се оддалечуваат од богатствата на овој живот и со воздржување ја исушуваат секоја желба на телесните чувства. Зашто само умот на таквите, заради нивната целосна безгрижност, вршејќи ги исправно и будно сите свои движења, со своите чувства може неискажливо да се насладува со божествените убавини, а истовремено, сообразно со мерката на своето совршенство, да му ги соопштува своите радости и на телото, искажувајќи ја својата радост изразена со љубов и со силни зборови, велејќи: „На Него се надеваше срцето мое и Он ми помогна; затоа се зарадува срцето мое и јас ќе Го прославувам со сето мое срце“(Псал. 27, 7). Ваквата радост, која се доживува при оваа состојба во душата и во телото, е сигурно напомнување на вечниот живот.

26. Умот наш треба да го пазиме спокоен за да можеме точно да знаеме: дали нашите Помисли се од Бога или од ѓаволот.

Оној што се подвизува треба секогаш својата мисла да ја запазува спокојна, за да може точно да ги распознава своите мисли и да прави разлика меѓу нив, на добрите и испратените од Бога да ги става во сокровиштето на своето паметење, а лошите и демонските да ги исфрла од себеси. И морето, кога е мирно, тоа е бистро и им овозможува на рибарите да можат да видат се што има во неговите длабочини и не се скриени од него живите суштества, кои се движат во него. А кога ќе го разбрануваат силни ветрови, тогаш матежот ги скрива сите работи, коишто можеле да бидат видени се додека морската вода била мирна и неразбранувана се додека била бистра. Разбрануваното и заматено море е причина за неуспехот на рибарите. Се случува слично нешто да претрпи и созерцателниот ум, особено тогаш кога длабочината на душата е разбранувана од неправеден гнев. „

27. Зошто се малкумина оние што потполно ѓи знаат сите свои паѓања и што е Потребно за да го дознаеме ова?

Малкумина се оние што точно ги знаат сите свои паѓања, оние чиј што ум никогаш не се оддалечува од споменувањето за Бога. Како што нашите очи, кога се здрави, можат се убаво да видат, па дури и комарците и најмалите мушички, што летаат во воздухот, а кога се напрашени или се покриени со нешто што е влажно, тогаш не го гледаат она што е големо и што постојано го среќаваат, макар и нејасно, а она што е мало, тоа сосема не го забележуваат, така и душата, која со своето внимание спрема себеси го прогонува мракот, што ја напаѓа и ја запокрива поради нејзината љубов спрема светот, тогаш и своите мали паѓања ги смета за многу големи и пролева солзи со голема благодарност, смирувајќи се заради тоа, како што е речено: „Праведниците ќе Го исповедаат името Твое“(Псал, 139, 13), А кога е опфатена со љубов спрема светот, тогаш, дури и ако извршат убиство и нешто друго што заслужува голема казна, тие не ја чувствуваат тежината на своите престапи, па дури и не ги забележуваат, а понекогаш ги сметаат и за добродетели и не се срамат смело да ги бранат.

28. Како Светиот Дух ја очистува душата и што сме должни да правиме ние за тоа?

Очистувањето на умот е дело само на Светиот Дух. Зашто, ако Овој Силниот, ако не дојде, не го фати крадецот (сп. Лука 11, 22), тогаш она што го украл тој никој не може да го врати. Затоа сме должни со сите добродетели да Го успокојуваме Светиот Дух во нас самите, за да го имаме во себеси и светилникот на разумот секогаш запален. Зашто додека тој непрестајно светлее во длабочините на нашата душа, тогаш не само што се видливи дури и најмалите темни ѓаволски напади, туку таквите ќе бидат само за миг и без лоши последици, зашто веднаш ќе бидат откриени од преславната светлина на Светиот Дух. Затоа апостолот вели: „Не гаснете Го Духот!“ (1.Сол. 5, 19), односно „не Го оскрбувајте“(Ефес. 4, 30), не намалувајте ја силата на благодатта на Светиот Дух со вашите лоши дела и помисли, за да не бидете лишени од светлината на овај силен светилник. Зашто Светиот Дух, Кој е насекаде и Кој дава живот, не угаснува, туку тоа што Го „оскрбуваме“ станува причина да го напушти нашиот ум и тој потоа станува ожесточен и лишен од светлината на знаењето.

29. За единството на душевното чувство пред гревот и за неговата разделеност како последаца на гревот, како и за тоа кога неразумната желба се соединува и се усогласува со разумното.

Едно е, како што реков, природното чувство во душата (познати се петте телесни сетива; тие им служат на телесните потреби, како што не учи сесветиот и човекољубив Дух Божји); но со пројавувањата на душевните движења тоа се разделува на две, поради паѓањето во грев и поради последиците од него што се одразуваат и на умот. Тоа е поврзано со страсниот дел на душата, поради што дејствува пред страсниот дел на душата и им се радуваме на земните блага. Кога сме целомудрени нашиот ум се устремува кон небесните убавини. Затоа, ако стекнеме навика да ги презираме, тогаш, најпосле, ќе можеме да успееме и земните желби на душата да ги усогласиме со нејзината разумна расположба со силата на општењето со Светиот Дух, Којшто го средува ова во нас. Зашто, ако Неговото Божество не ги озари скриените длабочини на нашето срце, тогаш ние не ќе можеме со неразделено чувство, односно со целосна расположба на душата да ги вкусиме небесните блага.

31. За лажното утешување од сатаната кој ни се доближува кога ќе се успокоиме во сонот и за тоа како умот, преку повикувањето на Христовото име, u самиот сатана го натерува да бега.

Кога умот ќе почне да ја чувствува благодатната утеха од Светиот Дух, тогаш и сатаната во неговата душа вложува утеха во форма на некакво пријатно чувство во текот на ноќното успокојување, кога лесно спие или само што ќе заспие. Ако во тоа време умот се наоѓа во состојба на искрено и силно обраќање кон името на Господа Исуса Христа и го повика како сигурно оружје против сатанската прелест, тогаш лукавиот искушувач веднаш се оддалечува, за потоа да се разгори и да ја нападне душата и лично, а не само преку помислите. И така, умот почнува точно да ги распознава измамлпвите прелести на лукавиот, и се повеќе да напредува во разликувањето на духовните работи.

32. За добрата утеха на душата во будна состојба или насоне и како сатаната се обидува додека спиеме да ја прелести душата со лажна утеха.

Добрата утеха се случува или кога е телото будно или кога спие но кога со љубов си спомнува за Бога кога со љубов е прилепено за Бога; а лажната и измамливата утеха, како што реков, секогаш бива тогаш, кога подвижникот е во дремеж или кога е расеан и не си спомнува живо за Бога. Добрата утеха е од Бога и ја влече душата на подвижниците на побожноста кон Божјата љубов во силно пројавување на душевннте чувства, а лажната надеж, пак, обично ја одвејува душата со некој ветер на измамлива прелест и се обидува да го зароби чувството со вкусување на нешто пријатно, иако умот, во извесна мерка, е закрепнат во спомнувањето за Бога. Затоа, како што реков, ако умот во тоа време си спомнува за Господа Исуса Христа, тогаш тој го одвејува измамливото и наводно пријатно дишење на духовниот непријател и радосно започнува борба против неговото оружје, со силата на Божјата благодат и со својата напредната духовна опитност.

33. Како се распознава радоста од Светиот Дух од лажната демонска радост и кога ѓаволот пристапува да не измамува со лажна утеха?

Кога душата ќе се распали со силна и непоколеблива љубов спрема Бога, повлекувајќи го на некој начин во длабочината на оваа неискажлива љубов и самото тело, било да е во будна состојба или, како што реков, во состојба на сонливост и спиење, кога душата на подвижникот е потоната во божествената благодат, кога не помислува за ништо друго, освен за она што ја возбудило, тогаш треба да знаеме дека тоа е дејство на Светиот Дух. Бидејќи исполнета со пријатни чувства од таа неискажлива божествена сладост, таа тогаш и не може да помислува на нешто друго, туку чувствува само некаква неисцрпна радост. А, ако умот при ваквата возбуденост почне да се колеба со некакво сомневање или е нападнат од некоја лоша помисла, но, ако при ова се служи со светото име на Господа за да го одбегне злото, а не со својата љубов спрема Бога, тогаш треба да знае дека таа утеха е од измамникот и дека е само призрак на вистинската радост. Таквата радост се дава однадвор и не е израз на постојаната состојба на душата. Очигледно е дека со ова ѓаволот сака да ја измами душата. Гледајќи дека умот почнува да ја пројавува опитноста на своето чувство, самиот се обидува со некакви пријатни радости да ја утеши душата. Притоа, очекува душата, расејувана со таа привидна лажна сладост, да не го распознае и да не го забележи своето зближување со него измамникот. Светиот апостол Јован Богослов вели дека според овис белези можеме да го познаеме: „По тоа Го распознаваме Духот на вистината и духот на заблудата“ (сп.1. Јов. 4,6). Впрочем, никој не може со чувство да ја вкуси божествената добрина, ниту може да ја доживее бесовската горчина, ако не се увери во тоа дека Божјата благодат си направила живеалиште во него, а дека лошите духови се гнездат околу неговото срце. Демоните никако не сакаат луѓето да го знаат ова и да бидат уверени во тоа, та нивниот ум, знаејќи го тоа да не се вооружува против нив со непрестајното спомнување за Бога.

34. За природната u за духовната или благодатна љубов и за нивните својства.

Во душата има природна љубов, а има и љубов од Светиот Дух, која и ја влева Бог. Ако посакаме, соодветно со нашата волја таа доаѓа во движење, но штом престанеме со нашите духовни усилби да ја задржуваме во себеси, бива разграбувана од лошите духови. А таа на тој начин така ја распалува душата со љубов спрема Бога, така што сите делови на душата се прилепуваат кон неискажливата радост од божествената љубов во една бескрајна и едноставна расположба, зашто тогаш умот бива исполнет со благодатно дејство и од него истекува некаков изобилен поток на љубов и радост.

35. За Божјата благодат и за тоа како таа ѓи смирува бранувањата на душата.

Како што разбрануваното море, кога ќе се истури масло во него се смирува, бива победувана силата на разбеснетата бура, така и нашата душа, кога ќе се замасти со благодатта на Светиот Дух, се исполнува со пријатна тишина, затоа што тогаш, според зборовите на пророкот: „Во Бога е моето спасение и мојата слава; Он е Бог Кој ми помага и надежта моја е во Бога“ (Псал.61,6). За нејзина радост, престанува бранувањето при што отстапува пред присутната благодат на Светиот Дух и пред бестрасноста што доаѓа од Него. Затоа, какви потреси и да се обидуваат бесовите да и причинат на душата, таа останува целосно спокојна и исполнета со секаква радост. Но, никој не може да дојде во ваква состојба, ниту може да се задржи во неа, ако не биде непрестајно трезвен и прибран, ако не ја насладува својата душа со стравот Божји, зашто стравот Божји на подвижниците им донесува своевидна непорочност и чистота. Светиот пророк вели: „Стравот Господов е чист пребива довека; судовите Господови се вистината сите се праведни“(Псал. 18, 9).

36. Како и кога човечката душа може да ја почувствува Божјата слава u за лажливоста на ѓаволот, кој понекогаш покажува светлина или нешто слично на светлината. Никој, кога слуша за чувството на умот, да не замислува дека Божјата слава му се јавува видливо. Ние велиме дека душата, кога е чиста, чувствува на некој неискажлив начин боженствена утеха, но ова не се случува на некој видлив начин, зашто, како што пишува светиот апостол Павле: „Според верата живееме, а не според гледањето“(2. Кор. 5, 7). Затоа, кога на некого од подвижниците ќе му се јави светлина или некој огнен зрак, тој никако не смее таквата појава да ја прими како вистинска. Зашто очигледно е дека тоа е ѓаволска измама и многумина, на кои им се случило ова, застранувале од патот на вистината. Ние знаеме дека се додека живееме како туѓинци во овој преоден свет, живееме во смртно тело и се стремиме кон Бога, како што пишува светиот апостол Павле: „Знаеме дека, додека живееме во телото, ние се оддалечуваме од Господа “ (2.Kop. 5, 6), односно дека немаме можност ни да Го видиме Него, ниту Неговите наднебесни работи.

37. За соновите што ги испраќа Бог и за оние што се од ѓаволот а за разликата меѓ у нив.

Соновите кои и се јавуват на душата од Бога се сигурни знаци за душевното здравје. Тие не се менуваат од вид во друг, не нè плашат и не нè тераат да се смееме или одеднаш да се натажиме, туку и пристапуваат на душата сосема тивко и ја исполнуваат со духовна радост; затоа душата и по разбудувањето на телото, со голема желба ја бара радоста што ја доживеала во сонот. Со ѓаволските мечтаења е се поинаку: тие не се задржуваат во еден ист вид; тие бргу се менуваат, бидејќи она што го немаат во својата слободна волја, го позајмуваат само од својата лажливост, па затоа не можат долго време да бидат задоволни. Тие, притоа многу говорат и многу ветуваат, a уште повеќе застрашуваат со заканувања, често, покажувајќи се како војници, а понекогаш и пеат нешто на душата или и извикуваат лажно со силен глас. Умот, кога е чист, бргу го распознава сето ова и понекогаш со посебен напор го разбудува телото, а понекогаш останува во истата положба, радувајќи се што можел да ги распознае нивните лукавства и што можел да ги разобличи дури и во самиот сон, и со тоа ги поттикнува на силен гнев против себеси. Впрочем, има и добри сонови што понекогаш на душата не и донесуваат радост, туку и причинуваат слатка жалост и безболни солзи. Ова се случува со оние што веќе напреднале во вистинската смиреност.

38. За добродетелта да не се верува во никакви сонови.

Ние кажавме како да ги разликуваме добрите од лошите сонови, служејќи се со она што сме го научиле од искусните старци, сепак, да го знаеме најважното правило: да не веруваме во никакви мечтаења на соновите. Зашто соновите, главно, се само како идоли на помислите, игра на вообразбата или, како што веќе реков, ѓаволско подбивање и забава со нас. Ако, раководејќи се со ова правило, понекогаш не го примиме ни оној сон што ни е испратен од Бога, треба да знаеме дека заради тоа нема да ни се налути нашиот богат со љубов Господ Исус Христос, Кој знае дека се осмелуваме да го правиме тоа само од претпазливост да не бидеме измамени од демоните. Зашто, иако посоченото правило за правење разлика меѓу соновите е точно, сепак се случува, понекогаш, душата понесена од ѓаволска нечувствителност, и без да сака бива осквернувана, а мислам дека ретко кој може да остане неизмамен: станува неспособен да прави разлика меѓу соновите, па верува во лошите сонови како да се добри.

39. Пример за тоа дека Бог никого не го обвинува за тоа што не верува во оние сонови што се испратени од Него.

За доказ на ова нека ни послужи следниов пример. Некој господар по долго отсуство, се вратил, застанал пред портата на својот дом и почнал да го вика својот слуга да му отвори. Слугата, не можејќи точно да распознае дали е тоа токму неговиот господар, не му отворил, плашејќи се да не биде измамен со сличноста на гласот и на тој начин да не стане предавник на имотот што му бил оставен на чување од неговиот господар. Кога се разденило, неговиот господар не само што не му се налутил, туку, напротив, многу го пофалил за тоа што и неговиот глас го сметал за измама, и не му отворил, плашејќи се да не загуби нешто од неговиот имот.

40. За видението на духовната светлина во себеси, за демонските светлина u за тоа: како можеме да живееме во светот и да бидеме туѓи за светот.

Не треба да се сомневаме во тоа дека кога во нашиот ум ќе почне забележително да дејствува божествената светлина, тогаш и самиот јасно ја гледа светлината што е во него. Вака бива секогаш, откако душата ќе започне да господари силно над страстите. Но, се случува во умот да се појави нешто слично од ѓаволските искушенија, така што и ѓаволот може да ни се покажува како оган и како светлина, како што вели светиот апостол Павле: „Бидејќи самиот сатана се преобразува во ангел на светлината“(2.Кор. 11, 14). Затоа подвижниците не треба да бидат лесноверни во однос на духовната светлина, за да не станат плен на ѓаволската прелест. Потребно е да имаме само една цел: да имаме љубов спрема Бога, како што вели нашиот Спасител Господ Исус Христос: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, се сета своја душа и со сите свои помисли“ (Лука 10, 27). Оној во кого станува ова со силата на Божјата благодат, тој живее во светот, а му е туѓ на светот.

41. За Послушноста како најголема од сите добродетели, врата на љубовта u предводничка на сите добродетели.

Како што е познато, послушноста е првата од воведните добродетели, зашто таа ја победува гордоста и го раѓа смирението. Затоа, таа е влезната врата на љубовта спрема Христа Бога за оние што со сето срце се држат за него. Откако ја оставил неа, Адам паднал во длабочината на адот. А нашиот Спасител Господ Христос, во делото на нашето спасение, Му бил послушен на Својот Отец дури и до самиот крст и смртта (сп. Филип. 2, 8) и тоа тогаш кога во ништо не бил помал од Него, та со Својата послушност ја избрише вината на човечката непослушност, па затоа оние што ќе живеат во послушност ќе ги издигне во блажениот вечен живот. Па затоа, оние што ќе почнат да се борат со ѓаволската гордост, пред се, треба да бидат ревносни во оваа добродетел и таа, одејќи напред, потоа без погрешка ќе им ги посочи сите патеки на добродетелите.

42. Воздржувањето треба да се пројави во cè u да не се трудиме да ѓи придобиваме само телесните добродетели, туку и оние што го очистуваат и внатрешниот човек.

Воздржувањето им е својствено на сите добродетели, зашто е речено: „Секој што се бори, од се сè воздржува“ (1. Кор. 9, 25). Кога ќе му се одземе и некој најмал член на човечкото тело, целото тело станува грдо, па и колку и да е незначајно она што му недостига. Слично е и кога ќе занемариме и само една единствена добродетел, зашто со тоа се растројува сета убавина на воздржувањето, макар и да не го забележуваме тоа. Затоа не треба да се трудиме само за придобивање на телесните добродетели, туку и за оние што поседуваат сила внатрешно да го очистуваат човекот. Зашто каква е ползата од тоа телото да го запазуваме девствено, кога нашата душа блудствува со демонот на непослушноста. Или како ќе биде овенчан за победник оној што се пази од угодувањето на својот стомак и од секоја друга телесна похот, а не се грижи за победата над својата гордост и над своето славољубие, кој не е подготвен да претрпи ни најмала навреда. Треба да знаеме дека добрите дела ќе бидат наградени, само ако се извршени во духот на смирението.

43. За ползата и начинот на воздржувањето од храна.

Подвижниците треба да ги намразат сите неразумни похоти, така што нивната омраза треба да им стане навика. Воздржувањето од храната не треба да биде такво, така што да сметаме дека некое јадење е одвратно. Ова е всушност демонска работа и блиску е до проклетството, бидејќи не се воздржуваме од некои јадења затоа што тие според својата природа се лоши и дека затоа треба да се воздржуваме од нив. Тоа никако! Ние сме должни, да се воздржуваме од храната, воопшто, и да јадеме толку, колку што ни е потребно за задоволување на нашите вистински телесни потреби. На тој начин храната што не сме ја употребиле да послужи за задоволување на насушните потреби на сиромасите, што, всушност, е израз на нашата искрена љубов.

44. Што треба да Правиме за да можеме лесно да се откажуваме од власта на храната и од другите задоволства?

Од се што ни се дава за јадење и зa пиење треба да јадеме и да пиеме, доколку тоа не е спротивно со законот на знаењето, зашто се што создал Бог е многу добро (сп. 1. Мој. 1, 31). Но, многу е разумно и премудро е да се воздржуваме од прејадување и од јадење на она што ни е вкусно. Но, ние не можеме да издржиме во откажувањето само со силата на нашата волја, ако на дело и со личен опит не ја вкусиме божествената сладост со сето наше чувство.

45. За избегнувањето на непотребното воздржување, за телото да биде силно за духовни подвизи.

Како што со мноштвото јадења нашето тело се оптоварува и од тоа нашиот ум станува безгрижен и неподвижен, така и прекумерното воздржување го ослабува созерцателниот дел на душата и способноста за размислување. Начинот на исхраната на телото треба да биде соодветно со состојбата на силите и крепоста на телото; кога е здраво треба да го ограничуваме и притеснуваме, колку што е потребно, а кога е болно и немоќно потребно е умерено да го поткрепуваме. Подвижникот не треба да го заслабува своето тело, туку е должен да ја одржува неговата крепост толку, колку што е потребно за подвизите, за да може преку телесните трудови соодветно да се очистува и душата, како што треба.

46. За намалување на обичната строгост на воздржувањето кога ќе ве посетат некои од браќата и други намерници.

Кога ќе не посети некој од браќата или некој намерник, тогаш нашата суета, ползувајќи ја можноста, ќе почне да дејствува и да не поттикнува да не го нарушуваме нашиот востановен ред во исхраната. Токму тогаш сме должни да ја ублажиме нашата вообичаена мерка на јадењето. На овај начин и демонот ќе го изгониме од себеси, кој ќе се оплакува што не успеал да нè искуша. Воедно, разумно ќе го исполниме законот на љубовта и ќе ја задржиме неоткриена тајната на нашето воздржување.

47. За Постот и за другите телесни добродетели и за тоа дека тиe сами, без духовно воздржување, немаат вредност пред Бога.

Постот, иако како оружје, им помага на оние што сакаат да ја придобијат целомудреноста, има извесна вредност воопшто, но не и пред Бога. Затоа подвижниците на побожноста, не треба да имаат високо мислење за него, туку се должни постигнувањето на својата цел да ја очекуваат само од верата во Бога. И мајсторите во некоја уметничка гранка, во степенот на своето уметничко совршенство не уверуваат не со добрите алатки, со коишто се служат во својата работа, туку со трпеливоста при изработувањето на своите уметнички дела. Тие самите сведочат за тоа колку постигнале во своето уметничко творештво.

48. За ползата од умереноста во пиењето u за духовната плодноста на душата.

Како што земјата, што ја наводнуваме умерено, дава богат и добар плод од семето што е посеано во неа, а онаа што е наводнета со преизобилни дождови раѓа само трње и лоши треви, така и земјата на срцето, кога пиеме вино со мерка, своите природни семиња ги пројавува чисти, а и оние што ги сее во неа Светиот Дух прави да израснат бујни и со богат плод. Кога, пак, ја наводниме прекумерно со многу пиење и препивање, тогаш ни раѓа само лоши плодови, лоши мисли и лоши дела.

49. За неумереното пиење и за срамните похоти (сладострастија), што ги Предизвикува.

Кога нашиот ум плива по брановите од прекумерното пиење, тогаш не само што страсно гледа ликови што ѓаволот му ги претставува во сон, туку и тој самиот создава слика за некои прекрасни лица и во своите мечтаења ги замислува како живи суштества со кои се насладува и го распалуваат. Зашто кога похотливите делови на телото се распалуваат од топлината на виното, тогаш некаква сила го тера умот сластољубиво да си ги замислува таквите страсни сенки. Затоа треба да ја запазуваме умереноста, да бегаме од секаква неумереност и од прејадување и препивање. Тогаш умот ќе ги нема оние сили што го тераат образно да ги замислува гревовните сласти, далеку е од секакви грешни мечтаења и, што е уште подобро, нема да им се предаде на грешните сласти.

50. За тоа дека треба да ги одбегнуваме пијалоците, кои се вешто подготвени за да го зголемуваат апетитот.

Оние што сакаат да го скротат своето тело не треба да се допираат до вешто приготвени пијалоци, кои се вешто приготвени од луѓе, а предизвикуваат голем апетит, така што оние што ги пијат можат обилно да изедат многу храна. И не само вкусноста на храната им нанесува голема штета на телата од подвижниците, туку и самата обемност на храната силно ја повредува нивната совест, која го загубува чувството на стравот Божји . Виното што го пиеме треба да биде разблажено за да му биде намалена силата.

51. Што сакал да не научи нашиот Господ кога примил на крстот оцет од сунѓерот што бил закачен на трска?

Нашиот Господ Исус Христос, Кој е учител и на подвижннчкиот живот, бил напоен со оцет за време на Своите страдања од оние, што ги слушале ѓаволските повелби, за да ни остави јасен пример, како мене што ми се чини, со каква расположба треба да ги правиме светите подвизи. Со ова како да ни рекол: Оние што се борат против гревовите што се подвизуваат, не треба да употребуваат вкусни јадења и пијалоци, туку се должни трпеливо да ги поднесуваат горштините на духовната борба. Кон сунѓерот треба да го додадеме и исопот, така што и преку него да добиеме целосна слика на нашето очистување. Тој, како жестока материја, го претставува својството на нашите подвизи; тој се употребува при измивањето и ни напомнува за потполното совршество на очистувањето.

52. Духовните луѓе не треба да одат на бања u зошто?

Никој не смета дека е грешно и неразумно да се оди на бања, но јас велам дека е и храбро и целомудрено ако се оддалечуваме и од неа поради воздржувањето. Зашто, во ваквиот случај, ни телото се разнежнува со тоа пријатно измивање, ниту во душата си споменуваме за срамната оголеност на Адама, за да не се грижиме, како него, да бараме лист за скривање на телесниот срам. Ова е особено неопходно за нас кои од неодамна сме се ослободиле од измамливестите на овој живот; ние неизоставно сме должни да живееме во неразделно единство со убавината на целомудрието и со непорочната чистота на своето тело.

53. Зошто e потребно во манастирските братства да бидат повикувани лекари за лекување на болните, и што треба да прават кога ќе се разболат оние што живеат осамено во пустинита?

Не е погрешно да се бара лекарска помош за време на боледување. Бог предвидел дека ќе има потреба од лекарска вештина и благоволил тоа да биде поставено врз основа на човековите искуства. Затоа им дал лековита сила на низа од Своите творби. Впрочем, не треба да се надеваме на нивната лековита сила, туку на нашиот вистински лекар и Спасител Господ Исус Христос. Ова им го говорам на оние, коишто својот подвижнички живот го поминуваат во манастирските братства или во градовите, поради тоа што тие, судејќи според околностите во коишто живеат, не можат секогаш да го имаат непрестајното дејство на верата и затоа што се опкружени со љубов, а и затоа, за да не паѓаат во славољубие и во ѓаволски искушенија, така што многумина од нив говорат дека немаат потреба од лекари. А, ако некој живее подвижнички во пустина со двајца или тројца едномислени браќа, од каква болест и да се разболи, тој треба да му се предаде само на Единиот Господ Кој е исцелител на секоја наша болест и немоќ. Во осамената пустина тој има доволно утеха и помош во Господа. Неговата вера никогаш не се намалува и нема можност да ја покаже својата добродетел на трпението затоа што е покриен со дебелата и непровидна завеса на пустината. Поради тоа Господ „Бог им дава домови на осамените, ги ослободува од окови затворениците“... (Псал. 67, 7).

54. Што покажуваат малодушноста и храброста во болестите?

Кога се измачуваме за време на телесното боледување; треба да знаеме оти уште сме заробени од љубовта спрема нашето тело. Тоа уште ги сака земните наслади, не сака да се откаже од земните блага и затоа смета дека болестите му пречат да се ползува со пријатностите на телесниот живот. А, доколку со благодарност ги поднесува тешкотиите од болестите, тоа е знак дека не е далеку од бестрасноста. Тогаш, со радост ја очекува и самата смрт како врата низ којашто се влегува во вистинскиот живот.

55. Што е потребно душата да не сака да се насатува со благата на овој свет, а да сака да се оддели од телото?

Душата нема да посака да се оддели од телото ако не станала веќе рамнодушна кон се што е земно и што му припаѓа на овој свет. Сите телесни чувства и се противставуваат на верата, зашто тие го бараат само тукашното и земното, а верата го ветува богатството на идните блага. Затоа подвижникот никогаш не треба да мисли ни за разгранетите и бујни сенчести дрвја, ни за бистрите и полноводни извори, ни за цветните ливади, ни за раскошните домови, ни за пријатните разговори со роднините, ниту за богатите и преполни трпези. Тој треба неизоставно да Му благодари на Бога за се и овој живот да го смета како патување на бездомник без никакви телесни удобства. Бидејќи, ако само на ваков начин ја ограничиме нашата мисла, ќе можеме да ја насочиме по патеката што води во вечниот живот.

56. Како неумереното ползување на телесните сетива го отежнува спомнувањето за Бога и за Неговите заповеда u како да го одбегнеме ова зло?

Тоа дека гледањето, вкусот и другите телесни сетива го расејуваат човековиот ум, ако ги користиме прекумерно: за ова нè поучува најнапред Ева. Зашто се додека таа сластољубиво не го погледнала забранетото дрво, се дотогаш добро си ја спомнувала Божјата заповед, како да била покривана со крилјата на Божјата љубов. Таа и дури не знаела оти нејзиното тело е голо, а кога го погледнала тоа дрво, со сластољубива желба, тогаш веднаш посакала да го наслади своето тело, и како разоткриена, се соединила со таа страст, сета своја желба ја предала на барањето да се насити со земните блага и, под дејство на видливата привлечност на плодот, кон својата паднатост го привлекла и Адама. Заради тоа на човечкиот ум му станало тешко да си спомнува за Бога и за Неговите заповеди. А ние, опфатени со непрестајно спомнување за Бога, да бидеме во длабочината на нашето срце и да бидеме слепи за убавината на земниот живот. На духовната мудрост и е својствено да не запазува од убавините и од привлечностите на овај свет. На овој начин не учи и многустрадалниот Јов, велејќи: „Ако стапките мои се отстранувале од патот, ако срцето мое ги следело очите мои, и ако нешто нечисто се залепило за рацете мои, јас нека сејам, а друг да јаде, и потомците мои искоренети да бидат“(Јов 31, 7-8). Ваквото однесување е знак на крајна воздржливост.

57. Оној што оди според духот, тој не знае за телесни желба и ѓаволот попусто ја искушува неговата чистота?

Оној што секогаш живее во своето срце, тој е оддалечен од сите убавини на земниот живот; ако одиме според духот, нема да знаеме за телесните похоти. Бидејќи таквите се оградени со добродетели, самите тие добродетели, како стражари, ја пазат оградата на нивната чистота; сите напади на демоните остануваат неуспешни, иако понекогаш нивните стрели стигнуваат дури и до прозорците на нашата телесна природа.

58. За унинието, кое понекогаш напаѓа по одгонувањето на телесните похоти; какво е а како можеме да го изгонуваме?

Кога душата ќе почне веќе да нема похот спрема убавите земни работи, тогаш тајно и се приближува духот не унинието, кој не ни дава ревносно да се трудиме ни во читање, ни во слушање на словото Божјо, ниту ни дава решително да ги посакуваме небесните блага, а овој привремен живот ни го претставува како наполно непотребен, а на добродетелите не им признава никаква вредност, не му придава никакво значење ни на духовното значење. Од оваа топло студена страст, што не прави мрзливи, можеме да избегаме, ако нашата мисла ја ставиме во многу тесни граници, внимавајќи само на тоа да си споменуваме за Бога. Само на ваков начин нашиот дух, откако ќе се разгори со својата топлина, може да ја изгони од себеси оваа неразумна мрзливост.

59. Колку е голема помошта во духовниот подвиг од непрестајното чувствително спомнување на Исусовото име во длабочината на срцето?

Кога со мислата за Бога ќе му ги затвориме сите излези на нашиот ум, тогаш тој има потреба да му биде дадена некоја обврска, задолжителна за него, за задоволување на неговата постојана подвижност. Нему треба да му го дадеме само светото име на Господа Исуса, со Кого ја задоволува сецело својата ревност за достигнување на поставената цел. Но, треба да се знае дека, како што говори светиот апостол: „Никој, кој зборува преку Божјиот Дух... не може да Го нарече Исуса Господ, освен преку Светиот Дух“(1. Кор. 12, 3). Од наша страна, потребно е непрестајно да ги изговараме во нашиот ум зборовите: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“, така што, при тоа да не се отклонуваме во некакви странични мечтаења. Оние што ова свето и преславно Име духовно го поседуваат во своето срце, тие можат да ја видат и светлината на својот ум, јасноста на мислите и одреденото сознание на сите внатрешни движења. Освен тоа, ова прекрасно Име, бидејќи со напрегната грижа се задржува со мислата, осетно ја изгорува секоја нечистотија, што се појавува во душата. Зашто нашиот Бог, како што пишува апостолот, е „оган, што изгорува“ секое зло (Евр. 12, 29). Така, најпосле, Господ ја доведува душата до состојба да ја засака премногу Неговата слава, зашто ова преславно и многусакано Име, кое се задржува преку споменувањето во умот и во топлината на срцето, во нас создава навика да ја сакаме Неговата убавина без пречки, а тогаш веќе нема никаква пречка за ова. Ова е токму оној скапоцен бисер што се стекнува откако ќе го продадеме целиот имот и со неискажлива радост Го добиваме Него.

60. За двојната радост, почетната u совршената, и за солзите помеѓy нив.

Една е радоста на почетниците, а друга е завршната радост; првата им е достапна до мечтаењата, а втората е силна во смиреноста. Меѓу нив се богољубивата жалост и безболниот план. „Зашто при големата мудрост големо е и страдањето, и кој умножува знаења, умножува и мака“(Проп. 1, 18). Затоа е потребно најнапред да ја повикаме душата кон почетната радост, а потоа да му ја предадеме на Светиот Дух да биде изобличена и искушана со вистината, како за поранешните гревови, така и за оние што се направени за време на самозаборавањето. „Преку казни за беззаконијата си го воспитал човекот и душата негова си ја расточил како пајажина“(Псал. 38, 11). Па, откако ќе го искуси Божјото изобличување, како во оган, да ја прими радоста без мечтаења во топло споменување на Божјото име.

61. За заборавањето на Бога и за повторното спомнувиње за Бога; за причините на првото и за средствата кон постигнувањето на второто и за неговите повисоки пројавувања.

Кога душата бива разбранувана од гневот или е оптоварена од прејадување или бива помрачена од силна жалост, тогаш умот не може да си спомнува за Бога, макар и да се трудиме да го натераме некако да го направи тоа. Зашто, човекот откако е помрачен од овие страшни страсти, тој наполно го загубува своето сопствено чувство; неговиот ум огрубува заради грубоста на страстите и не може да му се предаде на богомислието. А, откако душата ќе биде ослободена од ваквите вознемирувања, тогаш, ако понекогаш заборавањето успее за миг да ја украде мислата за возљубениот Господ, умот, кој повторно ги добил животот и силата, веднаш почнува огнено да го извршува својот спасоносен лов. Тогаш и самата благодат и обогомислената душа почнуваат да ги изговараат зборовите: „Господи Исусе Христе“; како што мајката го учи детето свое, повторувајќи го повеќепати, заедно со неа, името на Отецот, се додека не создаде во него навика, место некој друг збор, јасно да го изговара името на Отецот, дури и во сонот. Затоа апостолот вели: „Духот не поткрепува во нашите немоќи, бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам се моли за нас со неискажано воздишување“(Рит»1. 8, 26): бидејки и ние сме како деца пред совршенството на оваа молитвена добродетел, бездруго имаме потреба од Неговата помош. И тогаш Неговата неискажлива слава со сладост ќе ги опфати и ќе ги исполни сите наши помисли и ние со сета наша расположба ќе почнеме да си спомнуваме за Бога, нашиот Отец и да Го љубиме. Затоа, пак, како што говори прекрасниот Павле: „Преку него викаме: ,Ава, Оче!“ “ (Рим. 8, 15) кога биваме вдахновени од Него и Го повикуваме Бога Отецот.

62. За гневот кога и како можеме да го допуштиме?

Гневот повеќе од сите други страсти ја вознемирува и збркува душата; но има случаи кога е тој и корисен. Тоа е тогаш, кога спокојно се гневиме на непобожните и на неверниците и сме исполнети, со силна желба да се спасат или барем да се засрамат. Ова ја скротува нашата душа, зашто во ваквите случаи им помагаме на целите на Божјата правда и добрина. Исто така, кога во нашата душа се пројавуваат чувства на љубов спрема жена, тогаш, откако силно ќе се разгневиме на овој грев, често ја оттргнуваме нашата душа и и даваме голема сила да се бори против овој грев. Кога се наоѓаме во крајно душевно растројство, ако му забраниме со гнев и на самиот дух што не растројува, можеме духовно да се издигнуваме дури и над самите ужаси, со кои ни се заканува да не предаде на смрт. Во ова не треба да се сомневаме. И Самиот Господ, сакајќи да не увери во ова, при воскресението на Лазара, му забранил најнапред во духот на пеколот и Самиот се ободрил, а потоа, со непречена волја, како што правел се што правел, му ја вратил на мртвото тело душата на Лазара. Затоа, јас мислам нашиот Создател целомудрениот гнев на нашата природа и го подарил како оружје на правдата. И Ева, ако беше се користела со овој гнев против змијата, таа не би потпаднала под погубното дејство на онаа страшна похот. Затоа мислам оти оној што целомудрено се ползува со гневот од ревносност спрема побожноста, ќе биде пооправдан пред Страшниот и праведен суд, од оној кој, поради неподвижноста на својот ум, никогаш не се гневен; неговите мисли и чувства остануваат непросветени, а оние што се искачиле на коњите од добродетелите, тие се постојано во борба, постојано се среде демонските сили, непрестајно учејќи ја четирикоњската запрега на стравот Божји, која Светото писмо ја нарекува „Кола на Израилот“. Овој израз го среќаваме во описот при земањето на божествениот Илија на небо (сп. 4. Цар. 2, 12). Бог на разни начини ги учел првите Јудејци на четирите добродетели; затоа, таквиот питомец на мудроста, храброста, правдата и воздржливоста и бил земен на небо. Кога го зел духот во огнените повеви, тој ги поседувал четирите добродетели како свои коњи.

63. Совршениот во духовниот живот не треба да бара суд.

Оној што со светото знаење се удостоил и ја вкусил Божјата сладост не треба да бара правда од никого и да не обвинува никого, макар да му ја соблечат и облеката, во која е облечен, зашто правдата на овој свет е подолу од Божјата правда, таа е пониска од Божјата правда; каква што е разликата меѓу децата Божји и децата на овој свет, така и правдата на Божјите деца не може според својата возвишеност да биде споредувана со таа на децата од овој свет, таа што се вика човечка правда, а не Божја правда. Така и нашиот Господ, „кога над Него хулеа, Он не им одговараше со хули; кога страдаше, не заплашуваше“(1. Петр. 2, 23), тукy, напротив, не само што не рекол ништо кога му ги соблекле алиштата, туку сторил и нешто многу повеќе, Он Му се молел на својот небесен Отец за спасенито на оние што Го распнале и што го измачувале. Луѓето на овој свет не престануваат да се судат се додека од своите должници не ја добијат и последната пара со лихва; бараат да добијат многу повеќе отколку што дале, така што нивната правда често бива почеток на една голема неправда.

64. Подобро е неправдата што ја трпиме да ја предадеме на Божјиот суд, да се молиме со внимание и да го пазиме нашето срце, отколку да се судиме.

Сум слушал како некои побожни луѓе говорат дека не треба да дозволуваме да ни го ограбуваат она што го имаме, за да им служи на нашите потреби и за помагање на сиромасите; кога го прифаќаме ова зло, ние стануваме виновни за гревот на оние што не навредуваат, особено тогаш. кога го претрпуваме ова од христијани. Hо, ако поставуваме вака, изгледа како повеќе да сакаме да го спасиме она што е наше, отколку да се спасиме себеси. Зашто, ако јас ги оставам мојата молитва и вниманито кон моето срце, да почнам да одам по судови и да ги обвннувам оние што ми сториле неправда, јасно е дека ќе го барам она што е мое, а не она што е многу поскапоцено за мене моето лично спасение. Бидејќи сум последовател на евангелската заповед: „Секому, кој ти бара, подај; а од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати“(Лука 6, 30); и ако, според зборовите на апостолот, не започнеме „со радост да позволуваме да се разграбува нашиот имот“(Евр. 10, 34), тогаш оној што со помош на земните судови го прима пак она што му било одземено, тој прави грев на натрупување непотребно богатство. Земните судови не можат да го заменат праведниот Божји Суд. Нашето добро дело претрпува насилство од оние што сакаат да ни направат неправда; ние сме должни да се молиме за нив, да се молиме да се покајат, а не за да ни го вратат она што ни го зеле; да се молиме да им бидат простени гревовите. Правдата Божја од нас бара да се молиме за оние што не онеправдале, да ги примиме ослободени од гревот преку покајание.

65. Смиренито нè учи да продадеме cé што имаме и да им ѓо раздадеме на сиромаси.

Многу е добро и спасоносно за нашата душа, веднаш штом ќе го познаеме вистинскиот пат на побожноста, да распродадеме се што имаме и парите да им ги разделиме на сиромасите, според Господовата заповед; и да не си позволуваме, под вид на желба секогаш да имаме можност да ја извршуваме заповедта за помагањето на сиромасите, да чуваме богатство и поради тоа, и да не ја исполнуваме заповедта на Спасителот за раздавање на се што имаме. Пред се, треба да придобиеме безгрижност и по неа ќе следи сиромаштијата, која ќе мисли само за идните блага и на другите нема да им дава повод да бараат кај нас нешто што го немаме, нешто со што би можеле да ја предизвикаме нивната алчност. Тогаш ќе не згрее повеќе од сите други добродетели, добродетелта на смирението и ќе не успокои во своите прегратки како да сме необлечени, исто како што мајката, кога го земе своето дете, го смирува и го стоплува во своите прегратки, кога тоа, според својата детска наивност, се соблекува и ги отфрла алиштата од себеси, мислејќи дека му е подобро да биде голо, отколку да ја носи убавата шарена облека. Зашто е речено: „Господ ги пази слабите: бев во мака и Он ми помогна“(Псал. 114, 6).

 66. Раздавањвто на се е патот кон смирението.

Господ ќе побара сметка од нас за тоа дали сме давале милостина. Светиот апостол пишува: „Ако некој има добра волја, мил е по она што го има, а не по она што го нема“(2. Кор. 8, 12), Затоа. ако јас, исполнет со страв Божји, починувајќи и се на Божјата заповед, така што, она што би имал да го раздадам во тек на многу години, да го раздадам во кусо време, и зошто би бил прекоруван кога веќе немам ништо? Но, некој ќе рече: „Ако раздадеме се, тогаш од каде сиромасите ќе добиваат милостина, коишто сега се хранат од нашата помош?“ Нему можеме да му одговориме и да го поучиме, Велејќи му: „Не осмелувај се да помислуваш нешто прекорно за Бога, за да ја прикриеш твојата алчност. Кај Бога нема да се скратат начините за грижа околу Своето создание; Он се грижи за секого уште од самиот почеток. Без оглед на тоа како сме ние расположени за милостина спрема сиромасите, Он не ги остава сиромасите ни без Храна, ни без облека. Затоа биди уверен, дека е многу подобро веднаш, по познавањето на вистината, целиот наш имот да им го раздадеме на сиромасите, да им се противиме и на внатрешната приврзаност кон богатството и на нашето неразумно мудрување и на нашата горделивост. Да ги намразиме нашите похоти, да ја намразиме нашата душа и да немаме веќе повод да и се радуваме на нашата сопствена самопофалба дека постојано можеме да делиме милостина, па да се унижуваме затоа што не правиме никакво добро. Зашто, се додека имаме богатство, ние си се восхитуваме оти им правиме од него милостиња на сиромасите и некако со радост ја извршуваме Божјата повелба. А доколку се што поседуваме го дадеме одеднаш. тогаш биваме исполнети со смиреност и со скрушени чувства дека не правиме ништо што е праведно. Во тој случај нашата душа со смиреност ќе се врати во себеси, на она што не ќе може да го добие од секојдневното раздавање на милостината, ќе биде удостоена со постојана молитва, со трпеливост и со смиреност, како што е речено: ,Сиромавиот и бедниот ќе го прославуваат Твоето име“ (Псал. 73, 21). Бог им го дава дарот за богословствување само на оние, коишто еднаш за секогаш се откажале од се што имале заради славата на Божјото Евангелие, за да можат во благоугодна сиромаштија да проповедаат за богатството на Божјото царство. Ова ни помага да го сфатиме оној што рекол: ,Својата добрина, Боже, Ти си ја спремил, за сиромасите“ и уште, додавајќи кон ова: ,Господ ќе им даде збор на гласниците со голема сила “ (Псал. 67, 10-11).

67. За дарот на богословсисвувањето и за тоа колку и какви дарови произлегуваат од него.

Сите Божји дарови се добри и полезни, но ни еден од нив не го воспламенува и издигнува срцето кон љубовта на Божјата добрина, како што го прави тоа дарот за богословствување, зашто тоа, бидејќи е првородено од Божјата добрина и првите дарови и ги дава на душата. Најнапред тоа ни помага со радост да ги презираме сите земни утехи, така што богословствувањето ги содржи, наместо преодните утехи, неискажливото богатство на Божјите зборови. Потоа, со некаква огнена промена го озарува нашиот ум, преку што го прави учесник во делото на службените духови. Затоа, возљубени, достојно да се подготвиме, да побрзаме кон оваа добродетел, која е прекрасна, која гледа се, која ја отсекува секоја земна грижа и која се храни во озарена светлина со Божјите зборови и, за да не се говори многу, таа ја храни разумната душа преку неразделно општење со Бога Слово. Кое дејствувало и преку пророците, во душите на луѓето. O, преголемо чудо, тоа испеа богогласни песни и силно го прославува Бога.

68. Зошто нашиот ум не е така брз во молитва, колку што е брз во богословско созерцание u колку е неодходна молитвата за преуспевањето во таквото созерцание?

Нашиот ум обично малку бива расположен за молитва, поради тоа што молитвата притеснува и ограничува; многу полесно тој му се предава на богословствувањето, затоа што божествените созерцанија се пошироки и понеограничени. Затоа, за да не му дозволуваме толку многу да навлегува во зборливост и да не ја задоволуваме неговата желба да им се предава на опасните издигнувања, подобро е да им се предаваме на молитвата, на псалмопеењето и на читањето на Светото писмо, не однесувајќи се при тоа со презир ни кон толкувањата од богомудрите оци, чиишто зборови се преполни со вистинско знаење за верата. Постапувајќи вака, не само што нема да му овозможиме на умот своите зборови да ги меша со благодатните искажувања, туку и нема да му попуштиме, понесени од суетата, да се расејуваме со неговото високо лебдеење под дејство на самопофалба и самоволие. Да се научиме, за време на созерцанието, без мечтаења да ги запазуваме и скоро сите негови помисли да ги направиме солзливи. Кога се успокојуваме во часовите на безмолвието, најмногу да се напојуваме со сладостите на молитвата, и да не се ослободуваме со посочените страсни движења. Обновувајќи се, лесно добиваме сили за да се задржуваме во божествените созерцанија и воедно да преуспеваме во јасното размислување во практичната мудрост со големо смирение. Впрочем, треба да знаеме оти молитвата е над секоја широчина на созерцанието, но таа им е својствена само на оние, коишто во сите чувства и мисли се преисполнети со светата благодат.

69. Во почетокот благодатта силно дејствува врз душата, а потоа го ограничува своето дејство, па дури и го скратува.

Ова е благотворно за душата. Обично, во почетокот благодатта ја озарува душата особено силно, а тогаш кога успесите во духовно христијанскиот живот ќе напреднат, тогаш таа, во голем дел непознато за богољубивата душа, во неа извршува тајни, така што потоа, по смирувањето на душата, не воведува во радост низ патеката на созерцанијата, како да сме повикани од незнаење во знаење, среде нашите подвизи за смирување на нашата душа од страстите и за запазување на нашата помисла од славољубие. Но, потребно е да ни бидат испраќани и жалости, да бидеме напуштени од благодатта, за да се смириме и да се научиме да им се покоруваме на Божјите определби за нас. Потоа, во свое време, пак да влегуваме во радост, да биваме закрилувани со блага надеж, зашто како што прекумерната жалост ја воведува душата во очајание и во безнадежност, така и прекумерната радост ја доведува до високо мислење за себеси и до гордост. Јас говорам за оние, коишто, се уште се како младенци според својот живот и разум. Помеѓу просветувањето со благодатта и напуштањето, во средина се наоѓа искушението, а помеѓу жалоста и радоста надежта. Зашто е речено: „Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене и ја чу молитвата моја“(Псал. 39, 1), и уште: „Кога се намножуваа тешкотиите и во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја“(Псал. 93, 19).

70. Колку е штетно многусловието и колку е корисно молчењето?

Како што кога вратите на бањата, ако често се отвораат, ја пропуштаат внатрешната топлина надвор, исто така, и кога некој говори многу, па, иако говори добро, ја загубува својата внатрешна духовна сила низ духовната врата. На овој начин умот се лишува од своите најчисти помисли и, по напливот на помешани и несредени мисли, говори за се и сешто. Во таквата духовна состојба умот го нема Светиот Дух, Којшто ја запазува нашата мисла од мечтаења: зашто Он бега од неуредноста и од мечтаењата, бега од многусловието. Напротив, молчењето е благотворно затоа што ги запазува нашите добри мисли.

71. Како треба богољубивата душа да управува со чувството на правдата?

Самиот збор „знаење“ не поучува, дека во почетокот богољубивата душа, којашто тргнала по Божјиот пат, ја напаѓаат многу страсти, особено гневот и омразата. Таа бива изложувана на овие напади не толку под дејство на лошите духови, колку поради тоа што веќе започнала да напредува во духовниот живот. Зашто душата додека се раководи со мудроста на овој свет, се дотогаш, иако го гледа неисправниот живот на другите луѓе, се однесува кон тоа рамнодушно, затоа што е зафатена со своите сопствени похоти и не се грижи за Божјата правда. Кога, пак, ќе почне да се издигнува над своите страсти и похоти, откако ќе се ослободи од работите на овој свет и ќе се приврзе со љубов спрема Бога, таа веќе не може дури и во сон да ја види правдата Божја напуштена, туку почнува да се гневи на оние што прават зло се додека не ги види и нив самите да ја бранат Божјата правда, откако под дејство на добрите помисли дошле во страв Божји и во покајание. На тој начин, таа со љубов ги сака праведните. Кога нејзината завеса телото бива се попродуховено, како последица на крајно воздржување, окото на душата не го гледа она што не е добро и праведно. Впрочем, многу е подобро да ja оплакуваме нечувствителноста на неправедните, отколку да ги мразиме, иако се достојни за омраза. Но, христијанската вистина не ни дозволува нашата богољубива душа да биде вознемирувана од омразата, зашто кога омразата е во душата вистинското знаење не може да дејствува.

72. Умот што богословствува и умот што бара знаење?

Умот што богословствува се насладува со Божјите зборови и се распалува во душата, достигнувајќи ги своите мерки на бестрасноста во достатна широчина, зашто, како што вели пророкот: „Зборовите на Господа се зборови чисти, сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено“(Псал. 11, 6). А умот што бара знаење, утврдувајќи се во испитувањето со благодатното дејствување се издигнува над страстите. И оној што бара знаење вкусува од опитот на знаењето, ако ги водвори во себе смирените расположби, и тој се соединува во извесна мерка кон созерцателната добродетел, ако не греши разумниот дел на неговата душа. Овие дарби никој ги нема во совршенство, на тогаш секој што има само една од нив, да им се восхитува на оние што го надминуваат, за да може да напредува во смиреноста и во ревноста за посовршен живот. Затоа апостолот пишува: „На еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг збор на знаење, преку истиот Дух“(1. Kop. 12, 8).

73. За гласната молитва u за онаа тивката, во срцето.

Кога душата изобилува со своите природни плодови, тогаш гласно ги пее псалмите и е расположена да се моли гласно, а кога врз неа дејствува Светиот Дух, тогаш таа со радост и со сладост пее и се моли само во своето срце. По првата расположба следува мечтателна радост со самозадоволство, а по втората духовни солзи. По нив, пак. извесна молчалива радост и љубов, зашто. задржувајќи го гласот, во срцето доживува длабоки солзни помисли. Навистина, во ова можат да се видат семињата на молитвата, коишто со радост се сеат во срцето и со надеж се очекува богата жетва (сп. Псал. 125, 5). Впрочем, кога сме зафатени од силна жалост, тогаш треба погласно да ги пееме псалмите и со радосна надеж да ги задушуваме тажните офкања на нашата душа се додека темниот облак на жалоста не биде развеан од ветерот на мелодијата од псалмите.

74. За природната u благодатната љубов спрема Бога.

Кога душата ќе дојде до познавање на себеси, тогаш таа произнесува од себеси некаква топла и срамежлива богољубивост; Бидејќи не бива вознемирувана од животните грижи, таа изразува некаква љубов од себеси спрема Бога во мир, барајќи Го Бога на мирот; но ова набргу бива загубувано или затоа што чувствителните впечатоци го крадат или, пак, затоа што природата, поради својата скудост набргу го потрошува своето сопствено добро. Затоа, грчките мудреци, она што сакале да го достигнат преку воздржување не успевале да го имаат како што треба, бидејќи на нивниот ум не дејствувала вечната и вистинска премудрост. Богољубивата топлина, која Светиот Дух му ја дава на срцето е, пред се, мирна и непрестајна. Потоа, таа ги повикува сите делови на душата да Го засакаат Бога и не се пројавува надвор од срцето, туку го развеселува човекот со своевидна љубов и радост, коишто како да се над времето. Оние што ја познале треба да се трудат да ја придобијат. Зашто природната љубов покажува дека природата е здрава преку воздржувањето, но таа не може да го издигне умот до бестрасност, како што успева духовната благодатна љубов.

75. За светлосната дејство на благодатта врз душата и за нејзининото помрачување под дејство на темните сили.

Кога дува северниот ветар, заради неговото својство што освежува. воздухот што не опкружува е чист, а кога дува јужниот ветар, воздухот станува погуст, потежок и маглив. Така и душата, кога го прима во себеси вистинското веење на Светиот Дух, тогаш наполно е оддалечена од демонската помраченост. А кога бива силно изложена на веењето од духот на прелеста, тогаш е покривана од гревовни облаци. Затоа, секогаш треба да се стремиме кон очистувачкото и животворното веење на Светиот Дух, Кого светиот пророк Језекиил во светлината на своето видение Го видел како доаѓа од север (сп. Језек. 1, 4), за да биде секогаш чист созерцателниот дел на нашата душа, та да можеме непрелестени да влегуваме во божествените виденија. Тоа е вистинската светлина.

76. Како Светиот Дух дејствува во душата и како духот на прелеста пред крштевањето и по крштевањето?

Некои мислеле дека благодатта и гревот, односно Духот на вистината и духот на прелеста, заедно се кријат во умот на крстените. Затоа велат дека еден човек го свртува својот ум кон доброто, a другиот кон злото. А јас од Светото писмо и од она што го знам од личен опит, сум дошол до сознание, дека пред крштевањето благодатта ја насочува душата кон доброто однадвор, а сатаната се загнездува во нејзините длабочини, обидувајќи се на умот да му ги препречи сите правилни излези. Од оној миг, кога се преродуваме во светото крштение Божјата благодат бива внатре во душата, а демонот надвор од неа. Затоа и заклучувам: како што пред крштението прелеста владеела во душата, така потоа, во неа владее вистината. Сатаната и по светото крштевање дејствува врз душата, како што дејствувал и пред тоа, а честопати и посилно, но никогаш не успева да опстои кога благодатта е во душата; тој може само да задимува пред нашиот ум, преку слабостите на нашето тело и преку пријатностите на неразумните сласти. Ова бива со Божјо допуштање, за да дојде човекот до насладување со доброто не инаку, освен преку бура, оган и искушение. Зашто е речено: „Минавме низ оган и вода, но нè изведе да здивнеме“(Псал. 65, 12).

77. Како и на кој начин дејствува Божјата благодат во душата.

Благодатта, како што реков, од примањето на самото крштевање. започнува скриено да живее во самата длабочина на духот, скривајќи го своето присуство и од самото негово чувство. Тогаш, кога некој ќе почне да Го сака Бога доброволно, со срце, тогаш таа на неискажлив начин разговара со душата преку чувството на умот, предавајќи му дел од сите духовни богатства, и затоа, кој сака да ги добие овие блага, тој засекогаш посакува радосно да се откаже од сите земни блага, за да може да ја купи за себе таа нива, во која го нашол скриено сокровиштето на животот (сп, Матеј. 13, 14). Зашто кога некој ќе се откаже од сето земно богатство, тогаш го добива во себеси она место, во кое се скрила Божјата благодат. Според мерката на успехот на душата, на умот му се открива и дел од божествениот благодатен дар. Бог им допушта и на демоните да ја обеспокојуваат душата, за да ја научи да го разликува доброто од злото и да ја направи посмирена. Затоа, кога некој има такви искушенија, тој бива исполнуван со голем срам од демонските помисли.

78. Светиот Дух Преку крштевањето се вселува во срцето, а лошиот дух бива исфрлан од таму, но со тоа уште не се завршени обидите за герешење.

Со нашата душа ние сме образ Божји, а телото и е како дом. Но, бидејќи преку гревот на Адама биле осквернети не само карактеристичните белези на нашата душа, туку и телото наше потпаднало под распаѓање, затоа се воплотипо Словото Божјо и, како Бог, преку Своето крштевање, ни ја дарувал водата на првродувањето, зашто во водата се преродуваме преку дејството на Светиот и Животворен Дух, од што веднаш биваат очистувани и душата и телото, ако приоѓаме при Бога со сецела искреност. Притоа Светиот Дух се вселува во нас, а гревот и таткото на гревот ги изгонува, зашто е неможно, при единство и едноставност, коишто а се својствени на душата, да живеат во неа и доброто и лошото, како што мислеле многумина. Кога божествената благодат, преку светото крштение, ги соединува во некаква неискажлива љубов со особеностите на Божјиот образ како заложба на подобност, тогаш каде е можно да се смести лукавиот, бидејќи не може да има никакво општење меѓу светлината и темнината?(сп. 2.Кор. 6, 14). Пa затоа, ние што го минуваме патот на божествените подвизи, веруваме дека „преку бањата на преродувањето“(Тит 3, 5). сквернообразната змија бива исфрлена од длабочината на умот. Но, при сето тоа, не се чудиме што и по крштевањето, заедно со добрите имаме и лоши помисли. Зашто бањата на осветувањето, иако ја отстранува нечистотијата на гревот, не ја уништува двојственоста на нашите желби и не им забранува на демоните да војуваат против нас и да ни говорат соблазителни зборови. Од нив не би можеле да се одбраниме кога би ги имале само нашите природни сили, ако не би биле вооружени со оружјето на правдата.

79. Благодатта дејствува преку умот, a сатаната преку телото и телесните желби.

Сатаната, како што реков, со светото крштение бива исфрлен од душата, но на умот му се дозволува, поради посочените причини да дејствува на неа преку телото. Зашто, како што е речено, „сета слава на царската ќерка е внатре“(Псал. 44, 14); таа е невидлива за бесовите. Затоа, кога топло ќе си спомнеме за Бога, чувствуваме дека божествената љубов истекува како поток од самата длабочина на нашето срце. Лошите духови ги напаѓаат нашите телесни чувства и се загнездуваат во нив, дејствувајќи лесно преку телото, кое им подлегнува, кај оние што се уште се младенци во духовниот живот. На тој начин, нашиот ум, e во согласност со законот на Духот, како што вели божествениот Павле: „Јас веќе не го правам тоа, туку гревот што живее во мене. Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили“(Рим. 7, 17-18). Тоа се сластољубивите склоности на нашето тело. Оние што ревносно преуспеваат во знањето ја доживуваат благодатта, преку чувствата на умот и самото нивно тело се радува со неискажлива радост; а кога одиме мрзливо и без внимание, а одиме по патот на побожноста, тогаш демоните, кога ќе не најдат такви, ја заробуваат нашата душа преку телесните чувства и насилно, како убијци, ја влечат кон она што таа не го сака.

80. Против оние што говорат дека благодатта и гревот живеат заедно во срцата на крстените.

Оние што велат, дека Духот на благодатта и духот на гревот живеат заедно во срцата на верните, ги наведуваат за потврди на своето мислење евангелските зборови:„Светлината во темнина свети, и мракот не ја опфати“(Јован 1, 5) и тврдат дека божествената светлина никако не се осквернува од заедничкото живеење со лукавиот, иако некако се приближува до демонската темнина. Но, таквите биваат изобличувани од истите евангелски зборови и покажуваат дека тие мудруваат несогласно со Светото писмо, зашто Бог Словото, оваа вистинска Светлина, му се јавила на светот во телото Свое и од преголема љубов спрема нас ја запалила во нас светлината на Своето свето знаење, но мудроста на овој свет не ја опфатила, не ја познала оваа Божја светлина, зашто „телесното мудрување е непријателство против Бога“(Рим. 8, 7). Па затоа и свети Јован Богослов ги кажал тие зборови, а потоа, откако изрекол уште неколку зборови, овој прекрасен Божји човек вели: „Постоеше вистинска Светлина. Која го осветлуваше секој човек, што доаѓа во светов. Во светот беше и светот преку Него стана, но светот не Го позна. Дојде при Своите и Своите не Го примија. А сите што Го примија на сите што веруваа во Него, им даде можност да станат синови Божји“(Јован 1, 9-12). И премудриот Павле, објаснувајќи ги зборовите „примија“ и „познаа“, вели: „Не затоа што веќе постигнав, или дека постигнав совршенство, туку се стремам не би ли го достигнал она за кое Христос ме достигна мене““(Филип. 3, 12). И така, светиот евангелист не говори за сатаната, дека тој не ја познал вистинската светлина, зашто тој уште од почетокот и бил туѓ на неа, туку со овие зборови, со право ги напаѓа луѓето, кои, откако чуле за чудата и силите Божји, сепак не сакаат да пристапат кон светлината на Неговото знаење, затоа што им се помрачени срцата.

81. Има два вида лоши духови; оние попрефинетите, коишто војуваат против душата, и оние грубите, кон повеќе дејствуваат на телото.

Зборовите на знаењето не учат. дека има два вида лоши духови. Едните од нив се попрефинети, а другите се погруби и поземни. Оние попрефинетите ја напаѓаат душата, а оние грубите, обично ги заробуваат човечките души преку некои срамни телесни слабости и движења. Затоа лошите духови секогаш се противставуваат едни на други, оние што ја напаѓаат душата и оние што го напаѓаат телото, иако нивната заедничка ревност е во тоа да им нанесуваат зло на луѓето. Кога Божјата благодат не престојува во човекот, лошите духови се како змии, се гнездат во длабочината на срцето, пречејќи а на душата да го согледа саканото добро. А кога благодатта скриено живее во умот, тогаш лошите духови, како некои темни облаци, бргу прелетуваат низ чистите срца, преправајќи се како грешни страсти и призраци на разновидни мечтаења, за да го расеат умот и да го оттргнат од неговиот разговор со Бога. Затоа, лошите духови кога ќе ги забележиме да ја напаѓаат нашата душа, со тоа што ги распалуваат нашите страсти, а особено преку мајката на секое зло сомневањето и гордоста, тогаш треба да си го замислиме распаѓањето на нашето тело и тоа ќе ни помогне да се засрамиме од оваа падната наша состојба на самољубиво самофалство. Истото треба да го сториме и тогаш, кога демоните го напаѓаат нашето тело, подготвувајќи го да се распали со срамни сладострастија, зашто и самото спомнување за тоа силно ќе им попречи на сите демонски обиди околу нивното настојување да ни оневозможат да си споменуваме за Бога. А, ако тие во оваа пригода, кога мислиме за минливоста и распаѓањето на нашето тело, започнат да ни ја подвлекуваат мислата за крајната ништожност на човечката природа, дека таа нема никаква вредност затоа што се распаѓа (тие сакаат да го прават тоа кога некој почне да ги измачува со таквите мисли), ние ќе ги потсетиме за честа и славата на царството небесно, не заборавајќи при тоа да помислуваме и на стравотиите на Страшниот суд. Со тоа го спречуваме нашето малодушно очајание, исполнувајќи го нашето срце, коешто е лесно и брзо кон сладострастија со тврдост и одлучност. Во исто време го осилуваме да може да им се противставува на демонските напади.

82. Во срцето на оние коишто се во благодатта, не може да биде ѓаволот; тој војува против нив преку телото.

Господ во Своето Свето евангелие не учи, дека сатаната кога ќе го најде човекот изметен и празен, кога ќе го најде срцето неплодно, тогаш зема со себеси уште седум други духови, полоши од себеси, и влегува и се вгнездува во него, правејќи ја на тој начин последната состојба на тој човек полоша од првата (сп. Лука 11, 25). Од ова треба да сфатиме дека се додека Светиот Дух живее во нас, се дотогаш, сатаната не може да влезе во длабочината на душата и да живее таму. Но, и божествениот Павле учи вака за разбирање на оваа вистина. Сознавајќи го ова од искуството во животот, тој вели: „Со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“(Рим. 7, 22-23). А за оние што преуспеваат во духовниот живот, апостолот понатаму вели: „Сега нема никакво осудување за оние кои се во Исуса Христа и кои живеат не по телото, а по Духот, бидејќи законот на духот, кој дава живот во Христа Исуса, не ослободи од законот на гревот и на смртта“(Рим. 8, 1-2). И на друго место пак, за да покаже дека сатаната војува против душата, која станува учесник во Светиот Дух, вели: „И така, стојте откако ќе се опашете со вистина и се облечете во оклопот на правдата, и нозете да ви бидат обуени во приправност, за да благовестите мир, а над се земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угасите сите стрели на лукавиот; земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо“(Ефес. 6, 14-17). Но, заробувањето е едно, а борбата нешто сосема друго; заробувањето значи некакво насилно грабнување и потчинување под своја власт, а борбата е укажување на рамноправно противставување во взаемната борба. Затоа апостолот и вели оти ѓаволот ја напаѓа душата со огнени стрели кај оние души што Го носат во себеси Господа Исуса Христа. Зашто и обично бива така: ако нашиот противник не можеме да го дофатиме со нашите раце, тогаш против него употребуваме стрели, оддалеку да го раниме со стрелата што лета. Така и сатаната, бидејќи не може да се вгнезди во умот на подвижниците, затоа што во нив е присутна Божјата благодат, тој го напаѓа земното тело, така што и умот, подложен на телесните похоти може да го фати во стапиците на сладострасноста и да го собори. Од самите зборови на апостолот лесно можеме да се увериме, дека умот на подвижниците е под дејство на божествената светлина, поради што му робува на Божјиот закон и се насладува со него. Телото, пак, поради својата паднатост, е подложно на злото, им cе потчинува на лошите духови; затоа и им робува на лошите внушенија. Од ова јасно се гледа дека умот не е заедничко живеалиште и за Бога и за ѓаволот. Инаку, како јас со својот ум би робувал на Божјиот закон, а со телото на законот гревовен, ако умот мој со сета своја слобода не би им се противставувал на демоните, покорувајќи му се на доброто дејство на Божјата благодат врз него, а тогаш телото бива привлекувано со миризба на неразумните страсти поради тоа, како што реков, што дозволило во него да се вгнездуваат лошите духови . Затоа, апостолот вели: „Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто“(Рим. 7, 8). На тој начин, оние кои преку своите подвизи му се противставуваат на гревот, зашто апостолот не го говори ова за себеси, демоните се борат со умот, а се трудат телото да го разнежнат и да го вовлечат во похоти. Според праведниот Божји суд, на демонот му се дозволува да се крие во длабочината на телото и кај оние, коишто силно се борат против гревот, затоа што слободата на човечкото мудрување непрестајно е изложена на искушенија. Ако некој уште во овој живот, преку своите подвижнички трудови може да умре, тој најпосле целиот станува дом на Светиот Дух, зашто таквиот ќе воскресне уште пред смртта, каков што бил и самиот апостол Павле и какви што биле и какви што се сите оние што се подвизувале и што се подвизуваат против гревот.

83. Зошто и помислите, што ги сее сатаната, се сметаат дека излегуваат од срцето?

Самото срце изнесува од себеси и добри и лоши помисли. Впрочем, своите лоши помисли тоа не ги создава од својата природа, туку едни од ваквите помисли ги има затоа што спомнувањето за она што не е добро станало во него навика поради некои претходни прелести. Поголемиот број од нив тоа ги придобива од злосторствата на демоните. А ние чувствуваме дека сите помисли како да излегуваат од срцето. И токму затоа многумина мислеле дека во нашето срце заедно се наоѓаат и благодатта и гревот, наведувајќи ги како потврда на своето мислење и зборовите на Господа Исуса Христа: „Она што излегува од устата, иде од срцето и тоа е она што го осквернува човекот; оти од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот“(Матеј 15, 18-20). А не знаат оти нашиот ум, под дејство на некое истенчено чувство, И оние лоши помисли, што биваат вложувани во него од лошите духови, станува нивни сопственик. Под дејство на телото, коешто е наклонето на угодувања, на некој начин што ни е непознат, ја занесува душата и се соединува со неа, зашто телото многу ги сака прелестите. Заради тоа и помислите, што демоните ги сеат во нашата душа, чиниме дека излегуваат од нашето срце. Нив ги присвојуваме, кога сакаме да им се насладуваме. Ние, пак, како да го прекоруваме Божјото слово, односно наведените евангелски зборови. Зашто кога некој се насладува со оние помисли, што лукавиот сатана ги сее во неговата душа и споменот за нив како да го испишува во своето срце, не е ли очигледно дека тој потоа одново ги создава од својата сопствена мисла?

84. Пример од Светото Писмо, со којшто се објаснува дека благодатта и ѓаволот не можат да живеат заедно во срцето.

Нашиот Господ и Спасител во Евангелието ни говори дека силниот не може да биде исфрлен од својот дом, ако оној што е посилен од него не го врзе и не му украде се што има и не го исфрли надвор од неговиот дом (Матеј 12, 29). Тогаш како ќе може, по таквото посрамување. пак да влезе во својот дом и да го најде својот спокој во него, да живее таму со новиот господар, кој живее во неговиот некогашен дом како што сака? И има ли цар, кој го победил непријателот што се дигнал против него, за да му дозволи пак да се врати во својот дворец? Нема ли да го убие или да го фати и да им го предаде на своите војници да го измачуваат и на најжесток начин да му го одземат животот.

85. Доказ за истото од опишаните во духовниот живот или за тоа: како благодатта и гревот дејствуваат кај оние што напредуваат во него.

Ако некој, врз основа на она што истовременото помислување и за доброто и за лошото, изведе заклучок, дека и Светиот Дух и ѓаволот заедно живеат во неговиот ум, тој треба да знае оти тоа се случува со нас затоа што уште не сме вкусиле и не сме виделе колку е благ Господ (сп. Псал. 33, 9). Зашто, во почетокот, како што веќе реков, благодатта го скрива своето присуство во душата на оние што се крстени, очекувајќи ги нејзината слобода и доброволност. Кога човекот целосно ќе се обрати кон Бога, тогаш таа на некој неискажлив начин, преку некое чудно чувство му го открива своето присуство во срцето. И повторно го очекува слободното движење на душата, допуштајќи им сепак на демонските стрели да допрат дури до самата длабочина на нејзините чувства, чека нашата душа слободно и со смирена расположба да Го бара Бога. Ако, како последица на ова, почне човекот, со тврда одлучност, да напредува во своите подвизи, да ги извршува заповедите и непрестајно да Го повикува Господа Исуса Христа, тогаш огнот на светата благодат се проширува и на надворешните чувства на срцето, значително уништувајќи го трњето на човечката земја. Од тоа и демонските совети и искушенија се задржуваат некаде далеку оттаму, каде што е срцето со благодатта, потресувајќи го лесно само страсниот дел на душата. Кога човекот преку подвизнте ќе се облече во добродетели, особено во немање желба за богатење; тогаш благодатта ја озарува сета негова природа и со некакво длабоко чувство загрева најтопла љубов спрема Бога. Тогаш и демонските стрели изгаснуваат уште додека се надвор од телесното чувство, зашто веењето на Светиот Дух го исполнува срцето со длабок мир, па затоа и огнените бесовски стрели се гаснат уште додека летаат во воздухот. Впрочем, и оној што стигнал до ваквото совршенство понекогаш Бог го предава на лошото демонско дејство, оставајќи го тогаш неговиот ум непросветен, така што нашата слободна волја да не биде наполно врзана со вернгите на благодатта, не само затоа што гревот треба да биде победен со нашите подвизи, туку и затоа што човекот се уште треба да напредува во духовната опитност. Зашто она што се смета совршено од страна на ученикот, тоа е несовршено во споредба со богатството на Бога Кој подучува на ревносна напредната љубов, дури и тогаш кога некој се труди за своето усовршување и издигнување и се издигнал на самиот врв од Јакововата скала.

86. Божјо поучно допуштање и Божјо одвраќање како казна.

Самиот наш Спасител и Господ вели: „Го видов сатаната како падна од небото“(Лука 10, 18), 3a да не ги гледа веќе живеалиштата на светите ангели. Па како може да живее заедно со Бога во умот на човекот? Ако речат некои дека тоа бива по Божјо допуштање, со тоа не докажуваат ништо сигурно, бидејќи поучното допуштање никако не ја пишува душата од божествената светлина, туку се случува само она, за што веќе зборував, благодатта го крие своето присуство од умот со цел, со ѓаволската лутина да ја поттикне душата со страв и со голема смиреност да ја бара Божјата помош, доживувајќи го во себеси лошото демонско дејство. Така и мајката, детето свое кое одбива да биде надоено како што треба, го оттргнува од своите прегратки за кратко време, со цел тоа, откако ќе се исплаши од присуството на туѓи и непознати луѓе или од некакви животни, веднаш пројавува силна желба да се врати во прегратките на својата мајка. Исто така, и Бог ја напушта душата којашто не сака да Го има во себеси, и им ја продава на демоните како врзана. Но, ние не сме незаконски Божји деца, туку сме Негови вистински чеда по благодатта. Да се ползуваме со овие ретки Божји допуштања и со неговите чести милувања, доени од Неговата благодат. Под дејство на таквата Негова милост, да стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји „до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство“(Ефес 4, 13).

87. За дејството на душата од Божјото поучно допуштање и неговото напуштање како казна и за тоа како треба да се однесуваме во едниот и во другиот случај.

Поучното допуштање на почетокот ја поразува душата со голема тага, со чувство на унизеност и со извесна бес, за да го задуши во неа славољубието и да ја приведе во смирение. И веднаш потоа во срцето се вселува благ страв Божји и исповед со солзи, како и голема желба за спокојно молчание. А напуштањето што се јавува, по одвратноста од страна на Бога, ја остава душата сама на себеси, а таа се исполнува со очајание и со неверство, со гордост и со гнев. Затоа треба да ги знаеме, и допуштањето и оставањето, бидејќи сме повикани да му се приближуваме на Бога сообразно со својствата на едното и на другото; треба да Му принесуваме благодарност и завети на Бога, како на милостив Отец Кој милостиво не казнил заради нашата невоздржливост со лишување од утеха, за да не научи татковски, добро да го разликуваме доборото од лошото. Во тој случај неопходно се потребни исповедта на гревовите, непрестајните солзи и сецело осамување, за да можеме и со дополнителни напори да измолиме од Бога да ни прости и да погледне, во нашите срца, како порано. Впрочем, треба да знаеме дека тогаш настанува борба и доаѓа до судрување лице в лице меѓу душата и сатаната. Благодатта, иако сокриена, на некаков таинствен начин и помага на душата, за да им покаже на нејзините непријатели, дека победата над нив единствено е дело на самата душа.

88. Со пример се покажува за односот меѓy доброто и злото при благодатта и кој се удостојува да мисли само за духовното.

Кога во текот на зимата стоиме некаде на отворено место и во зората се свртиме со лицето кон исток, нашите гради биваат огреани од сонцето, а грбот останува недопрен од сончевата топлина, затоа што сонцето не свети над нашата глава. Слично бива и со оние што се наоѓаат на почетокот од својот духовен подвиг. Нивното срце понекогаш делумно бива стоплувано од светата благодат, поради што тогаш и нивниот ум почнува да раѓа плодови на духовно мудрување. Но, надворешните делови на срцето и понатаму продолжуваат да мудруваат според телото, затоа што уште не сите делови на срцето во своето длабоко чувствување биваат огревани со светлината на светата благодат. Многумина не ја сфатиле оваа вистина, па помислиле дека во умот на подвижниците се наоѓаат и Божјата благодат и сатаната, и се борат взаемно. Ете, од тоа што се случува душата во едно исто време да помислува и лошо и добро, слично на она што го покажавме со дадениот пример: во исто време да чувствуваме и топлина и студ. Бидејќи нашиот ум уште оттогаш, откако паднал во двојствено знаење, има своевидна потреба, макар и да не сака, во едно исто време да помислува и добро и лошо. Ова се случува особено кај оние коишто стигнуваат до истенченост во размислувањето. Затоа, колку и да настојуваат да мислат само за она што е добро, веднаш помислуваат и за она што е лошо, зашто човековиот ум, од Адамовото паѓање во грев, некако се разделил на двојно мислење. Но, ако почнеме со силна желба да ги извршуваме Божјите заповеди, тогаш благодатта, осветувајќи ги сите наши чувства за длабока чувствителност, ќе ги изгорува сите наши гревовни спомнувања, насладувајќи го нашето срце со некаков мир на непрестајна љубов и ќе не учи на тоа да мислиме за духовното, а не за телесното. Ова се случува многу често со оние што се приближуваат кон совршенството, кои во своето срце имаат непрестајно спомнување за Бога.

89. Преку крштевањето благодатта го востановува Божјиот образ, a подобието го изобразува потоа со трудовите на човекот во придобивањето на добродетелите, на кои врвот е љубовта, која e највозвишената особеност на богоподобието.

Светата благодат, преку крштевањето коешто не преродува, ни дава две блага. Едното благо безмерно го надминува другото. Едното го дава веднаш: уште во самата вода ги обновува сите особености на душата, тие што го составуваат Божјиот образ; не просветува, измивајќи ја од нас гревовната нечистотија; а другото, чека да го направи во нас заедно со нас самите. Тоа е Божјото подобие во нас. Кога умот ќе почне со сетилно чувство да ги вкусува благата на Светиот Дух, тогаш треба да знаеме дека благодатта почнува да ги живоопишува особеностите на богоподобноста на Божјиот образ во нас. Зашто, како што иконографите во почетокот го сликаат човековиот лик во една боја, а потоа малку по малку, додаваат други бои, го предаваат ликот на насликаниот човек, кој му соодветствува на него дури и на бојата на неговата коса, така и светата Божја благодат во почетокот, преку светото крштение, во човекот ги востановува општите црти на Божјиот образ, поставувајќи го во онаа положба, во која се наоѓал кога бил создаден. Кога ќе види дека ние со сета наша слободна волја ја сакаме убавината на Божјото подобие, стоејќи необлечени и без страв во нејзиното уметничко студио, кога добродетелите една по друга расцутуваат во нашата душа и кога нашиот лик се усовршува и се издигнува од слава во слава, и ги додава цртите на Божјото подобие. Како во нас се одразуваат цртите на богоподобието ни покажува нашето чувство, а совршенството на богоподобнето ќе го дознаеме од самата благодатна просветеност, умот, издигнувајќи се во некаква соразмерност и хармонија, со чувство ќе ги прифати сите добродетели; но духовната љубов никој не може да ја придобие, ако не биде просветен од Светиот Дух осетно во сета полнота. Зашто, ако умот не прими од божествената светлина на совршеното богоподобие, тој може и сите други добродетели да ги придобие, но се уште не може да се допре до совршената љубов; само тогаш кога човекот наполно ќе се уподоби на Бога, (говорам за богоподобноста што е достапна за човекот), тогаш може да го придобива и подобието на божествената љубов. Кога му прават портрет на некого, тогаш најпријатната од сите бои и најпотребната црта од сите други црти се ставаат на насликаниот лик, и го прават токму таков каков што е оној што бива сликан ce до самата насмевка. Така и кога Божјата благодат го слика богоподобието во некого, кога на овој портрет ќе ја стави светлозрачната црта на љубовта се покажува дека оваа црта сецело ја постигнува убавината на богоподобието. И бестрасноста (очистувањето и слободата од страстите) ни една добродетел не може да и ја даде на душата, освен единствено љубовта, зашто „љубовта не му прави зло на ближниот; и така, љубовта е исполнување на законот“(Рим. 13, 10). Иако нашиот внатрешен човек секојдневно се обновува со вкусување од љубовта, сепак, до својата зрела возраст израснува само заедно со целосното совршенството на љубовта.

90. Во почетокот се дава надолна да се вкуси од благодатната утеха, а потоа таа се скрива. Ова бива, прво, за да се одржува ревноста кон подвизите, а, второ, оној што ce подвизува да се смирува. Целосното пројавување на благодатите: е во љубовта... како се случува ова?

Светиот Дух помага во почетокот на духовното напредување, ако човекот искрено ја засака Божјата добродетел, ако и дава на својата душа со наполно чувство и со силна вера да вкуси од Божјата сладост, умот ќе може точно и одредено да познае колку е голем плодот на богољубивите трудови. Но, Он потоа долго време го скрива богатството на овој животворен дар, така што ние, макар и да успеваме во сите добродетели, да мислиме за себеси дека сме ништо, затоа што уште не сме во состојба да видиме дека светата љубов станала неразделен дел од нашата природа. Зашто тогаш демонот на омразата, противникот на љубовта, понекогаш со таква сила ги напаѓа душите на подвижниците, така што тие почнуваат студено да се однесуваат дури и спрема оние што ги љубат нив, и така се однесуваат спрема нив дури и тогаш кога се поздравуваат. Од ова душата силно страда и многу тажи. Иако во душата ја имаат духовната љубов, и сознаваат дека се должни да сакаат, но не можат да го имаат ова возвишено чувство, поради тоа што, како што им се чини, затоа што немаат совршени трудови. Затоа сме должни насила да се принудуваме да ги извршуваме делата на љубовта, така што на тој начин да се удостоиме да вкусиме од неа и со потполно чувство да се увериме во тоа. Никој од живите во тело не може да ја придобие љубовта во совршенство, освен оние светии, кои стигнале до мачеништво и до совршено исповедништво. Оние што достигнале до тоа, тие се изменуваат целосно, па дури и кон храната не пристапуваат со желба; зашто оној што се храни со божествената љубов кон какво земно благо може со желба да посегне? Затоа премудриот Павле, благовестувајќи ни за идните награди на праведниците, тој, за таа голема ризница на големи и таинствени знаења, врз основа на лично искуство и тврда увереност, ни говори: „Царството Божјо не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух“(Рим. 14. 17), коишто се плод на совршената љубов. На тој начин, од дејството на љубовта овде често можат да вкусуваат оние што преуспеваат во духовниот живот, но во целосно совршенство никој не може да ја добие, ако во него пред тоа не биде она што го пишува апостолот: „Ние кои се наоѓаме во овој шатор, воздишуваме обременети; бидејќи не сакаме да се соблечеме, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното“(2.Кор. 5,4).

91. За дејството на благодатната љубов кон Бога.

Еден брат, којшто силно Го љубеше Бога, ми раскажуваше: „Кога посакав да ја почувствувам и вистински да ја познаам Божјата љубов, благиот Господ ја послуша и ја задоволи мојата желба и јас толку силно го почувствував нејзиното дејство, така што тогаш мојата душа посака со некаква неискажлива радост и силен стремеж да излезе од телото и да отиде при Господа. Тогаш сосема заборавив за овој привремен живот“. И секој што го доживува дејството на ваквата љубов, макар да претрпи и илјадници навреди и лишувања од некого, не се разгневува на него, туку останува душевно приврзан кон оној што го натажува и навредува; тој се распалува со ревност само против оние, коишто ги напаѓаат сиромасите или кои говорат невистини против Бога, како што се вели во Светото писмо (сп. Псал. 73, 6), како и против оние што живеат лошо. Зашто оној што Го љуби Бога, тој воопшто не се сака себеси, туку Го сака само Бога; тој не бара чест и почитување за себеси, а бара само едно: да биде почитуван само Оној Кој го удостоил со вечна чест. И тој го посакува сето ова не со некакво обично и скоро преодно сакање, туку го сака со неизменлива сила, затоа што тој самиот наполно ја почувствувал и ја вкусил љубовта спрема Бога. Затоа треба да знаеме оти оној кого Бог го поттикнува и распалува за ваква љубов е и над самата вера за време додека во него дејствува ваквата љубов, зашто тој тогаш целосно Го има во своето срце и со љубов Го доживува Оној Кого што Го почитува. На ова јасно укажува и светиот апостол Павле кога пишува: „Сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“(1.Кор. 13, 13). Зашто, како што реков, кој Го има Бога во богатството на љубовта, тој тогаш бива многу повеќе над својата вера, зашто целиот се наоѓа во љубовта.

92. Колку е потребно за успехот во богословствувањето да се востановува нарушениот мир со другите.

Дејството на светото знаење, со своето својство, не тера да жалиме многу кога, поради некаква раздразнителност, ќе му станеме на некого здодевен и ќе го поттикнеме да ни стане непријател. Тогаш, нашата совест не престанува да не прекорува се додека преку објаснување и извинување не успееме да го смириме нашиот брат и да го востановиме нашето пријателство. Ова се пројавува со особена сила тогаш кога некој од луѓето на овај свет се прогневи на нас без причина. Ова крајно не оптоварува и не загрижува затоа што сме му станале соблазна и препка. Заради ова тогаш и нашиот ум станува неспособен за богословствување, затоа што знаењето, според својата суштина, бидејќи е сецело љубов, не и дозволува на нашата мисла да се раширува во создавање божествени созерцанија, ако најнапред одново не ја придобиеме љубовта и на оние што неправедно се разгневиле на нас. Ако тој не сака да се измири или да се пресели на друго место, тогаш сме должни да си го замислиме неговото лице и со добра расположба да ја искажеме својата љубов спрема него, така што во длабината на нашето срце да го исполниме законот на љубовта. Зашто оние што сакаат да имаат знаење за Бога се должни да си ги замислуваат и лицата на оние, што без причина се гневат против нив и да ги гледаат во својот ум со безгневна помисла. Во тој случај ќе бидат непогрешни не само во областа на богословието, туку и во делото на љубовта ќе се издигнуваат со потполна смелост, издигнувајќи се на погорниот степен.

93. На почетокот патот на добродетелта е тежок u горчлив, а потоа станува лесен u пријатен.

Патот на добродетелта за почетниците во богоутоден живот им се чини тежок и мачен, не затоа што е таков, туку затоа што човечката природа од самото раѓање свикнува да живее неограничувана и во задоволство. За оние, пак, што успеале да го изодат овој пат до средршата, тој е и добар и лесен. Зашто кога нашите лоши стремежи биваат совладувани од добрите навики, тогаш заедно со нив исчезнува и самиот спомен за неразумните задоволства, па така душата со леснотија и со задоволство оди по сите патеки на добродетелите. Затоа Господ, изведувајќи не на патот на спасението, ни вели: „Тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат“(Матеј 7, 14). A Ha оние што со сета своја душа пристапуваат да ги извршуваат Неговите заповеди им вели: „Јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11, 30). Затоа треба во почетокот на нашиот подвиг да се приморуваме да ги извршуваме Божјите заповеди, така што благиот Бог, гледајќи ја нашата добра намера и нашиот труд, да ни подари готовност и добра волја со задоволство и доброволно да и се покоруваме на Неговата преславна волја, зашто „ќе добие благодат од Господа“(Изрек. 8, 35). Потоа веќе ќе почнеме со радост да го извршуваме она што е добро. И тогаш, навистина ќе почувствуваме дека: „Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата блага волја“(Филип, 2, 13).

94. Надворешните и внатрешните искушенија подвижниците ги прават способни да ги одразат во себеси божествените убавини.

Како што незагреаниот и неразмекнатиот восок не може, добро да го отпечати врз себе печатот што го ставаме врз него, така и човекот, ако не биде искушан со напори и слабости, не може да ги прими на себеси печатите на Божјите добродетели. Затоа Господ Му говори на божествениот Павле: „Доста ти е Мојата благодат“ (2. Кор. 12, 9). A самиот апостол вака се фали, велејќи: „Затоа со многу поголема радост ќе се пофалам со моите немоќи, за да се всели во мене силата Христова“(2. Kop. 12, 9). Исто така и во Книгата Соломонови изреки е напишано: ,Кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој што го љуби“ (Изрек.3,12). Апостолот ги нарекува „слабости“ непријателите на Крстот и нивните напади, што често се случувале со него и со сите светии, за да не се превознесуваат, како што вели тој , со многуте откровенија (сп. 2. Kop. 12, 7), туку да живеат преку смирение во вид на совршенство, запазувајќи го достојно божествениот мир преку честите унижувања. А ние немоќи ги нарекуваме лошите помисли и телесните измачувања, зашто тогаш телата на светите што се подвизуваат против гревот, предавани на смртоносни рани и разни други измачувања, биле многу издигнати над страстите, коишто преку гревот навлегле во човечката природа. А сега кога, со помош Божја, се умножува мирот на Светата Црква, неопходно е телото на подвижниците да се искушува преку доброволно наложени тешкотии и со душата своја непрестајно да се борат против гревовните искушенија, за да не паднат во гордост и суета, туку постојано да се смируваат, и да ја запечатуваат во себеси божествената убавина, како што вели светиот пророк: „Покажи ни ја светлината на лицето Свое, Господи!“ (Псал. 4, 6). Затоа, треба трпеливо да ја поднесуваме ваквата волја Божја за нас; зашто болестите и борбата со демонските помисли ни се сметаат за мачеништво. Тогаш богоборните владетели им говореле на светите маченици: „Откажете се од Христа и засакајте ја славата на земниот живот.“ И сега демонските сили ги искушуваат Божјите слуги, испраќајќи им разни страдања на исповедниците на побожноста, ги унижуваат и навредуваат, особено кога тие, заради Божјата слава, со голема сила им помагаат на измачуваните сиромаси. Затоа сме должни внимателно и со трпеливост да изградуваме во себеси такво сведоштво на нашата совест пред Бога, според зборовите на пророкот: „Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене“(Псал. 39, 2).

95. За смирението на средните и за смирението на совршените.

Смирението не се придобива лесно; колку е повозвишено, толку се потребни повеќе напори за неговото придобивање. Кај оние што имаат свето знаење, смирението доаѓа на два начина: кога подвижникот се наоѓа во средината на духовното напредување. Тогаш неговото смирено мудрување се одржува во него или заради неговота телесна немоќ или заради непријатностите што ги има од страна на оние што се однесуваат непријателски против ревнителите на праведниот живот или заради лошите помисли. А кога умот е во својата сеопфатна сила и се осветлува достатно со светата благодат, тогаш душата почнува да го има своето смирение преку својата природна расположба. Зашто, бидејќи напојувана и наситувана од Божествената благодат според Божјата добрина, таа веќе не може да бара славољубие, па дури и тогаш кога непрестајно ќе ги извршува Божјите заповеди, туку смета дека е подолу од сите; таа станува таква според Божјата милост. Смирението главно бива придружувано со жалост и со духовна пониженост, a кaj премудрите, тоа е придружувано со радост и со срамење. Првото доаѓа, како што реков, на оние коишто се наоѓаат на средината од своите подвизи, а второто им се дава на оние што веќе се приближуваат кон совршенството. Првите можат некако и да бидат поколебани од искушенијата, а вторите, макар да им бидат ветени и сите царства на овој свет, не се двоумат и не се колебаат. Тие и од самите гревовни стрели не само што не се плашат, туку и воопшто не ги чувствуваат; бидејќи веќе се сосема продуховени. Тие немаат никакво чувство за надворешната слава. Ваквото смирение подвижникот го добива откако ќе го измине првиот дел од патот на подвижништвото. Ако најнапред не се претрпат искушенијата и не бидат победени страстите, не може да се добие ваквото благодатно смирение.

96. Запазувањето од лошите помисли и зборови.

Љубителите на задоволствата од овој свет, лошите помисли ги водат кон гревовните паѓања. Носени од неразумни мечтаења, сите свои страсни замисли тие ги изразуваат со желба или во неподобни зборови или во срамни и грешни дела. Оние што се одлучуваат да го изменат својот живот, да се ослободат од своите лоши дела, страсти, мисли и зборови, најнапред успеваат да се ослободат од лошите дела, но дури потоа се ослободуваат од лошите мисли и зборови. И демоните, ако ги забележат почетниците во подвижничкиот живот, како ги озборуваат и осудуваат другите луѓе, да водат празни и неумесни разговори, безумно да се смеат или прекумерно да се гневат, веднаш ги напаѓаат со цела толпа. Тие, користејќи го нивното славољубие, во нив влегуваат преку него, како низ некоја темна врата, разграбувајќи ја и опустошувајќи ја нивната душа. Затоа, оние што му се предаваат на подвигот за придобивање добродетели не треба да бараат ни празни ни непотребни работи, ни чести излегувања и прошетки, ни некого да озборуваат или да навредуваат, па дури и тогаш кога некој го заслужува тоа; не треба да зборуваат многу, дури ни тогаш кога е добро тоа што го говорат, зашто долгите разговори многу го расејуваат умот и не само што го прават неспособен за духовни дејности, туку, освен тоа, го предаваат на бесот на унинието, кој постепено го раслабува и му го предава потоа на бесот на прекумерната жалост, за најпосле да падне под власта на бесот на гневот. Затоа умот наш треба непрестајно да го вежбаме во извршувањето на Божјите заповеди и да се предаваме на длабоко размислување за славата Божја, Зашто, како што вели Светото писмо: „Кој пази заповед, тој не доживува никакво зло“ (Проп. 8, 5) a да се отклонуваме од лоши мисли и зборови.

97. Непрестано споменување на Господа и постојаната молитва, заедно со пазењето на умот единствено средство за очистувањето на срцето.

Кога срцето ги прима демонските стрели со болка што пече, така што човекот чувствува и мисли дека стрелите ги носи во себеси, тоа е знак дека неговата душа искрено почнала да ги мрази страстите. Тоа е почетокот на очистувањето. Зашто, ако не ги претрпи болките, големите болки од бесрамноста на гревот, душата не ќе може потоа да се израдува силно за благотворноста на правдата. Според тоа, оној што сака да се очисти од страстите, да го исчисти своето срце од гревовите, треба да ја загрева со непрестај на молитва и постојано спомнување за Господа Исуса Христа тоа да и биде предмет на размислувањето за Бога и непрестајно духовно дејствување. Оној што сака да го отфрли од себеси товарот на гревовите треба да се моли непрестајно; не може еднаш да се моли, а другпат не. Треба при молитвата да го пази бодар својот ум, макар да живее и многу далеку од молитвените домови. Зашто како оној што се зафатил со чистење на злато, ако само на кратко ја остави печката без оган, и она што било очiстено пак се стврднува; така и оној што понекогаш само си спомнува за Бога, а понекогаш не го прави тоа, она што го придобива со молитвата, го губи кога престанува да се моли. Но, оној што вистински ја засакал добродетелта постојано размислува за Бога и со тоа го одуховува своето земно срце, па така, на тој начин при постепеното испарување на она што е лошо под дејство на огинот на доброто паметење, душата со целосна слава се издигнува кон својата природна пресветла озраченост.

98. Во што се состои бестрасноста или чистотата на срцето?

Бестрасноста не е состојба на немање напади од демоните и борба со нив, зашто во таквиот случај, според зборовите на апостолот, би требало да сме излезени од светот (сп. 1. Кор. 5, 10). Ние сме должни да се бориме, но не треба да биваме победувани, Војниците што носат оклоп на себеси, за време на борбите биваат изложувани на стрели од непријателите, го слушаат звукот на стрелите што летаат, упатени врз нив, но остануваат неповредени оклопот ги заштитува. Нив ги заштитува железниот непробосн оклоп, а ние преку правењето добри дела сме облечени во сеоружјето на светата светлина и го имаме шлемот на спасението. Да се трудиме да ги разгонуваме фалангите на темните демонски сили. Не нè прави чисти тоа што нема веќе да правиме зло, туку сме должни да се бориме за доброто и конечно да го победиме злото во себеси.

99. За двата демони, коишто се борат подолго време од сите други; за бесот на прекумерната ревност и за бесат на телесната похот, и како да се бориме против нив?

Кога Божјиот човек ќе ги победи речиси сите страсти, во него се уште остануваат два беса, коишто продолжуваат да се борат против него. Едниот ја измачува неговата душа, поттикнувајќи ја кон се поголема љубов спрема Бога со неразумна ревност, така што не сака да дозволи некој друг повеќе да Му угоди на Бога од него, а другиот бес е оној што распалува огнени похоти во неговото тело. Ова се случува со нашето тело главно затоа што таквата телесна сласт и е својствена на нашата природа, како да е маѓепсана со неа, па затоа толку тешко се бориме против неа и толку тешко ја победуваме. Освен тоа. ова бива и со Божјо допуштање. Зашто кога ќе забележи дека некој подвижник многу бргу напредува во добродетелите, тогаш му дозволува да го нападне овој нечист бес, штом ќе почне да се смета за најлош од сите живи луѓе. Напаѓањето од оваа страст понекогаш бива по извршувањето на многу добри дела. Овој напад ја прави душата да се чувствува подолна од сите во светот, без оглед на тоа дали ги направила тие срамни дела. Против првиот бес, против бесот на претераната ревност, треба да се бориме со удвојување на смирението и на љубовта, а против вториот, против бесот на телесната похот со воздржување, со негневливост и со засилено спомнување за смртта, така што, чувствувајќи го во себеси непрестајното дејство на Светиот Дух, да успееме, со Божја помош, да се издигнеме над овие страсти.

100. Треба да ги исповедаме пред Бога и сите наши неволни и незнајни ѓревови; без тоа тешко ќе ни биде во смртниот час.

Ние, коишто сме станале учесници на светото знаење, секако ќе треба да дадеме одговор и за неволните гревови на нашиот ум, како што вели многустрадалннот Јов: „А сега ги броиш стапките мои и го демнеш секој мој грев; во свиок го запечати беззаконието мое, и секоја вина моја ја запиша“ (Јов 14, 16-17). Ова е точно. Зашто, ако некој секогаш е зафатен со спомнувањето за Бога и ако секогаш се грижи за извршувањето на Неговите свети заповеди, тој тогаш не паѓа ни во неволни гревови. Потребно е веднаш да се исповедаме и за нашите неволни гревови пред нашиот Господ и Спасител, соединувајќи ја оваа исповед со нашето секојдневно молитвено правило. Бидејќи човекот не може да избегне да прави вакви гревови, треба да се исповедаме и за нив пред Господа, се додека совеста во солзите на љубовта не се увери дека ни се простени, зашто, како што говори Свети Јован Богослов: „Ако ги исповедуваме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да не очисти од секаква неправда“ (1. Јов. 1, 9). Затоа, секогаш и непрестајно треба да внимаваме на чувството за скрушено исповедање, та совеста наша да не не измамува за да помислиме дека доволно сме се каеле и исповедале пред Бога. Судот Божји е многу построг од судот на нашата совест; некој може да биде виновен за одредени гревови, без да го знае тоа, како што учи премудриот Павле, говорејќи: „За мене сосема малку значи што мислите вие за мене, или што мислат другите луѓе; јас и самиот не расудувам за себеси, зашто во ништо не се чувствувам виновен; но со тоа не се оправдувам: судија ми е Господ“ (1. Кор. 4, 3-4). Ако не се исповедаме како што треба и за овие неволни и незнајни гревови и ако не се каеме за нив, тогаш во нашиот смртен час ќе затекнеме во себеси некој неодреден страв. Ние што Го љубиме Господа треба да сакаме и да се молиме навреме да се ослободиме од каков и да е страв. Зашто оној што тогаш ќе се наоѓа во страв, тој не ќе може да помине покрај пеколните кнезови, зашто тој страв тие ќе го сметаат како знак за нашето соучество во нивното зло, што го имаат и тие самите во себеси. Душата, израдувана Од Божјата љубов, во часот на разделувањето од телото, придружувана од светите ангели, се издигнува над мноштвото пеколни сили, зашто таквата душа бива окрилувана од духовната љубов, имајќи го во неа, без никаков недостаток, целосното исполнување на Божјиот закон, Оние што излегуваат од своите тела со ваква смелост, и при Второто Христово пришествие ќе бидат издигнати заедно со светиите. Оние коишто за време на умирањето биваат исплашувани, тогаш ќе бидат оставени во толпата со сите други луѓе, како под некој сад, за да бидат испитани со оганот на судот; тие ќе мораат од Бога да добијат според своите дела, од нашиот Цар Господ Исус Христос да го добијат она што го заслужиле. Зашто Он е Бог на правдата; Он е Бог и на нас коишто го сакаме богатството на Неговото царство и сега, и секогаш, и во вечни векови и во целата вечност. Амин.

Толкување на свети Максим на зборовите од стотата глава; „за да бицат испитани со оганот на судот“...

„Оние што придобиле совршена љубов спрема Бога и што преку постење ги направиле крилјата на својата душа лесно полетни, тие, според апостолот, биваат издигнувани на облаци и не излегуваат на суд; а оние што не достигнале такво совршенство, коишто покрај добрите дела имаат и гревови, тие се јавуваат пред судот. Таму, преку испитувањето на нивните добри и лоши дела, биваат проверувани како со оган, па ако тасот со добрите дела натежне, тие се избавуваат од казната.“

Блажени Диадох